Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Prespa in Flames and Smoke

Front Matter - Part 04

Par Коста Мундушев · Partie 4 sur 17 · Environ 21 minutes

Lire en English

МАЛА ПРЕСПА ПОД ИТАЛИЈАНСКА ОКУПАЦИЈА Италијаните во М. Преспа во с. Орово и Роби поставија финансиери, а во селата Попли, Герман и Лок карабињери. Во близината на тумбата Крина на Нивичката Планина сместија артилериска батерија. Дотогашната грчко-квислиншка жандармерија, со доаѓањето на Италијаните ја напуштија М.

Преспа и си отидоа во Лерин.

М. Преспа административно подлегна во Костур, наместо дотогаш во Лерин.

По истекот на десетина дена Италијаните кои беа информирани од германските квислиншки власти за состојбата во М. Преспа, почнаа да не викаат кај нив и од нас да бараат оружје. Тие побараа да се вратат некои предмети кои беа земени од касарната при напуштањето на грчката војска. Во касарната од Роби луѓето беа држани со денови и на груб начин малтретирани: се бараше од нив оружје. Истото го правеа во Герман, Попли, Лок и Орово. Овде ги викаа луѓето и од другите села и ги држеа исто со денови барајќи од нив оружје. За оваа цел, во Роби дојде единица од педесетина италијански војници која се смести во касарната.

Истиот ден италијанскиот офицер, кој ја предводеше единицата, сите мажи од селото ги собра и од својот бележник на македонски ги прочита зборовите: Кој има оружје веднаш да го донесе. Кој има а не го дава ќе биде стрелан. Потоа не ослободи да го донесеме оружјето, нагласувајќи дека се работи за оружјето со кое пукавме во Грците. По 1 час селаните пак бевме собрани кај офицерот, ама оружје никој не носеше.

Офицерот не виде без оружје и како да го фати бесот. Тој нареди веднаш да се построиме во редици по тројца и ние се построивме. Го зеде шмајзерот во рацете, застана на 10 м од нас и се спреми да пука. Така не држеше 2 минути, ние пребледевме од страв. И пак рече: - Уште една минута, кој има оружје нека излезе од стројот, ќе му биде простено, и погледна во часовникот на раката. Ние сите бевме неми. Одново погледна на часовникот и на војниците им нареди: Водете ги во Герман, таму ќе ги стрелам. Построени во редица по тројца, војниците не отераа во Герман и не затворија во една од училниците во училиштето.

Училницата беше мала за да не собере 150 души, колку што бевме. Три дена стоевме простум и се притискавме еден на друг. Во текот на овие 3 дена од Герман и од другите села беа доведени голем број луѓе кои ги сместија во други училници, од секое село засебно, и сите строго не чуваа. Другиот ден офицерот еден по еден не викаше кај него, со нас грубо постапуваше, не заплашуваше дека ќе не убие, а војниците со стапови и пендреци маваа по нас. На некои на главата им ставаше ќебе за да не гледаат и им велеше: - Кажувај каде ти е оружјето оти сега пукам, и со пиштолот пукаше низ прозорецот за да ги заплаши луѓето. Од кај офицерот, војниците не носеа во засебна училница, а на преостанатите војниците им велеа:

Офицерот уби некој од луѓето. Дури тие ги именуваа некои.

Оваа специјално обучена единица во М. Преспа остана 10 дена и за ова време употребија разни начини на малтретираље и мачења за да откријат оружје, ама населението не подлегна на нивните малтретирања и оружје не пријави. По селата имаше оружје, бидејќи грчката војска од М. Преспа избега набрзина и го фрли оружјето, а голем дел војници кои се вратија од италијанскиот фронт и тие со себе носеа оружје.

За времето на големата гладост во Грција во раната пролет 1942 год. во Преспа идеа луѓе дури од Епир. Многу е тешко да се искажат маките на овие луѓе кои на себе товареа предмети и правеа пат повеќе од 200 км, за во селата од Преспа да ги заменуваат со леб. Преспанските селани за себе имаа доволно храна, и оваа гладост тие не ја почувствуваа и на секој кој ќе дојдеше кај нив му даваа храна да се нахрани и да понесе со себе за своите деца. Ама многу е потешко да се искажат нивните маки, најтешко и најсрамно беше кога во рацете на карабињерите и финансиерите ќе им паднеа млади жени и девојки, кои во своите куќи оставиле стари родители и мали деца, некои и свои мажи. Италијаните ги спроведуваа кај нив и ги држеа некои помалку а некои со недели, и ги задоволуваа своите страсти. Преспанските селани се трудеа овие жени да ги кријат од Италијаните, ама некогаш не успеваа. Болот на овие луѓе Преспани го пренесуваа и кај нив, затоа што со мажите и браќата на овие жени во грчко-италијанската војна заедно крвавеа против Мусолиниевиот фашизам и кога отстапувавме од овој фронт и врвевме по селата од Епир преку Јанина до Костур. Овие луѓе излегуваа на патот, ни даваа храна и вода, не примаа и за ноќевање, и спрема овие луѓе во извесна мера имавме и обврска.

М. Преспа за Италијаните претставуваше рај. Летото 1942 год.

извршија попис на овците и говедаа и по пописот зедоа 20% од попишаната стока и неа ја однесоа во Костур. По првото земање по селата идеа секој месец, одвечер нарачуваа за наредниот ден овците и говедата да се чуваат дома, наредниот ден секој селанец беше должен своите овци и говеда да ги донесе на средсело, и по список да ги покаже на број. А тие самите го одбираа она што ќе го земеа. Селаните беа присилени да им ги однесат дури до Костур, на 60 км од Преспа. Кога жетвата беше собрана тие на населението му зедоа жито и грав и го однесоа истото во Костур.

ФОРМИРАЊЕ НА МАКЕДОНСКИ ПАРТИЗАНСКИ ГРУПИ И ОДРЕДИ Во пролетта 1943 година во планините од Преспа имаше партизани. Со нивната појава Италијаните станаа многу посурови спрема населението. Земањето говеда и овци сега уште повеќе се засили. На населението му земаа без некој ред, како што тоа го правеа порано. И за она време колку што останаа во М. Преспа повеќе од ¾ од овците и половината од говедата ги зедоа.

Македонците од Егејска Македонија кои беа обесправени од Грците тесно соработуваа со КПГ, ама сега како Македонци, имаа потреба да се поврзат и да соработуваат со Македонците, браќа од Вардарска Македонија. Во прв ред Македонците од Лерин и Леринско со другарите од Битола и Битолско, за да се спротистават на окупаторите и да се дигнат во здружено востание. Наши другари, во прв ред Илија Димовски – Гоце, идеа од Битола и обратно од Битола во Лерин и така се правеше размена на илегални материјали. Оваа соработка која започна летото 1941 год. се зацврсти и продолжи. Контактите повеќе се развија 1942 година кога извесно време во Лерин престојуваа група илегалци од Битола. Другарите од Битола придонесоа за побрз развој за слободарското движење.

Кога на раната пролет од 1943 год. излегоа првите партизани на Вичо истовремено излегоа и сите Македонци од Вардарска Македонија кои престојуваа во Лерин. Кон крајот на 1942 год.

една поголема група од одредот “Јане Сандански”, формиран во септември 1942 год. во шумата над с. Лавци по вторпат престојуваше на Леринскиот терен и тие се вклучија во Леринскиот одред формиран во раната пролет на 1943 год. и заедно дејствуваа на Леринскиот и Костурскиот терен.

Одредот “Дамјан Груев” формиран на 6 јули 1942 год. на Бигла Планина над с. Златари како Битолско-Преспански одред во април 1943 год. мина низ М. Преспа и во неколку села направи митинзи и им ја објаснуваше положбата кај нив, каде владеат Бугарите, и треба да се борат против окупаторите како и против Бугарите кои ги тероризираат и ги убиваат Македонците.

Одредот се префрли во Леринско, и воспостави врска со Леринскиот партизански одред Вичо и се договори за заедничко дејствување во Леринско и Костурско. Ова заедничко дејствување на одредите со преземените акции и митинзи по селата ја разгорува свеста на Македонците за слободарска борба. Она што може да се смета за едно од големите постигања, тоа е разоружувањето на контрашите од неколку села во Костурско.

На 22 мај 1943 год. на падините на Вичо во близина на селото Прекопана е формиран одредот “Гоце Делчев”.

Кон крајот на месец мај 1943 год. одредот “Гоце Делчев” пристигна во селата во М. Преспа, во неколку села одржа и митинзи. Од населението беше пречекуван со големо воодушевување.

Окружниот комитет на КПГ, бараше одредите да се раздвојат, и одредот составен од Македонци од Егејска Македонија да се стави под команда на ЕЛАС. Македонското партиско раководство за да се избегнат недоразбирањата се согласи, и на 1 јуни 1943 год. одредот беше раздвоен.

Одредот составен од борци од Вардарска Македонија замина за Пелистер и оттаму за Калојзана над селото Брајчино, а одредот составен од борци од Егејска Македонија замина за Вичо да дејствува во подрачјето на Вичо, Радош, Бигла и Кајмакчалан.

Одредот од Вардарска Македонија селата од М. Преспа често пати ги посетуваше, во нив правеше митинзи и им го подигнуваше моралот на Македонците, им го укажуваше правиот пат за слободата на Македонија. Овие партизани од населението од М. Преспа секогаш беа примени со воодушевување и им се даваше и неизмерна помош.

Леринскиот одред се подели на два одреда: одредот “Кајмакчалан”, а другиот по името на дејствување го доби името одред “Вичо”. По советувањето на партизанските одреди од околија Лерин со претставник на ЕЛАС, на 20 јуни 1943 година се изврши реорганизација на Леринските одреди како и промена на терените, и дотогашниот Одред “Вичо” доби ново име одред “Бигла”, со дејствување на планината Бигла и М.

Преспа. По завршувањето на ова советување одредите тргнаа на терените каде што беа одредени да дејствуваат. Одредот “Бигла” се подели на мали групи во кои вклучи и повеќе активисти од овој терен со цел да ги нападнат Италијаните во Роби, Герман, Попли и Лок. Од ова Италијаните беа исплашени и во Роби се барикадираа во касарната и се припремаа за одбрана кога ќе ги нападнат партизаните. Ноќта се затвораа во касарната. Артилеријата која беше поставена на Крина повремено ноќта исфрлаше гранати кои експлодираа околу селата. Италијаните изадоа наредба за полициски час, со што на населението му се забрануваше движењето од заоѓање до угревање на сонцето. Мажите ги задолжија ноќта да ги чуваат.

Така селани во групи по тројца со стапови во рацете, кружеа по улиците од селата во кои имаше Италијани.

Сега Италијаните станаа уште посурови спрема населението и такви населението од Преспа ги запамти.

Во селото Герман 20 селани кои од порано беа крајно разочарани од Грците во април 1943 год. од Италјаните примија пушки.

Во почетокот на јуни 1943 год. во Герман пристигна Одредот “Гоце Делчев”, со кој командуваше Коле Канински н кого овие селани пушките му ги предадоа, подоцна поголемиот дел од овие луѓе преминаа во партизани.

Во август 1943 година одредот “Бигла” со кој командуваше Димитар Тупурковски а комесар Ѓорѓо Неделковски – Македона, ноќта ја нападнаа касарната во Роби во која имаше и војска. Италијаните имаа мртви и ране ти. Беше запален еден дел од касарната. За време на борбата артилеријата од Крина исфрлаше гранати кои експлодираа околу селото, правеа голема паника и внесуваа страв. Тоа беше вистинска борба, како на фронтот.

По оваа успешна акција на партизаните, Германците од Лерин испратија моторизирана единица, за чистење на теренот од партизани кој немаше никаков успех. Пред крајот на август 1943 год. во германската планина Гарван, на бачилото беа собрани 20 души од кои имаше и партизани. Од осматрачницата на Крина луѓето ги забележија и од аеродромот од Корча полета еден авион кој на бачилото спушти неколку бомби, и го уби Андреја Петков од Герман, а уште тројца се ранети.

На 10 септември 1943 год. Италијаните ја напуштија Преспа. Со уште неколку селани од Роби со колите бевме присилно земени да ги носиме во Љубојно. Стигнавме на Рудина пред Љубојно и запревме. Тука беше и друга војска и артилеријата, која пред нас беше пристигната.

По неколку часа чекање, патот го продолживме за Љубојно.

Кога првите Италијани пристигнаа на Полена во Љубојно пред нас се појави партизан. На гушата носеше црвена шамија, во десната рака цврсто држеше шмајзер. Тој беше партизан од одредот “Гоце Делчев”, кој пред тоа во Љубојно пристигна за да ги дочека и разоружа италијанските војници. Ама во моментот една моторизирана германска единица, пристигна во Љубојно, и се разви борба со партизаните. Ми остана во сеќавање партизанот кој трчаше по патот и се пробиваше низ Италјанците кои се тргнуваа настрана, му правеа пат и викаа:

Боно партизано, Боно партизано. Тој ги имаше заробено сите Италијани кои не беа помалку од 150 војници. Беше и Лазо Секулов од Роби со колата и мене ми рече: Овие сега нека ги пуштат во блатото во Наколец да фаќаат жаби, - се насмеавме.

На враќање партизанот падна на Полена. На Полена се убија уште 2 партизани. За време на борбата ние се засолнавме во куќата на Стојана Јанкулов. На Полена во Љубојно во чест на убиените партизани љубанци подигнаа спомен-плоча.

Од есента 1943 год. М. Преспа беше слободна територија.

Населението беше организирано и зачленето во антифашистичките организации во прв ред КПГ, ЕАМ и резервна војска ЕЛАС. И во ЕПОН и од декември 1943 година македонското население беше вклучено во СНОФ, и во овој период М. Преспа одигра голема улога за развојот на отпорот против окупаторот.

Во првата половина на октомври 1943 година, Одредот “Гоце Делчев” престојува во с. Герман, Роби, Рудари, Нивици и од населението беа пречекани со големо воодушевување и им се даваше неизмерна помош. Во с. Винени на 11 ноември 1943 год. од партизанските одреди “Гоце Делчев” и “Даме Груев” е формиран баталјонот “Стив Наумов”.

Македонско-косовската бригада, спрема дневникот на Стојан Глоговац, комесар на бригадата, на 7 декември 1943 год. во 7,30 часот тргна од Дебрца на пат за Преспа. Пристигна во с.

Горица, тука добија храна и се одморија. На 8 декември бригадата преку Пустец пристигна во Зрноско, овде добија храна и преноќеваа. Наредниот ден 9 декември рано имаше покрет и пристигнаа во најблиското село Орово. По краток одмор првиот баталјон со штабот на бригадата го продолжи патот за село Граждено. Овде се одморија и беа распоредени по куќите, добија храна и се одморија. Преноќеваа, и беа пречекани пријателски и со воодушевување. На 10 декември, зашто мостот на Перово беше рушен, преку некои премини стигна во с. Герман целата бригада со штабот на чело.

Четвртиот баталјон доби наредба да се врати во с. Медово, останатата бригада со главниот штаб остана во Герман.

Баталјонот во Медово беше распореден по куќите, доби храна.

На 11 декември по наредба на командантот на бригадата баталјонот се врати во Герман. Овде е извршено стрелање на еден Црногорец дезертер од логорот во Солун кој пред тоа беше италијански полицаец, имаше убивано луѓе и заедно со други четници интерниран во Грција, во логорот во Солун и оттаму пребегнат, сега фатен во Граждено.

На населението од Герман му е одржан и говор каде е укажано значењето на нашата борба. По ручекот баталјонот пак се врати во Медово. Интересно е што Глоговац пишува дека овде се куќите многу убави, по 2 и 3 спрата. Баталјонот оваа ноќ преноќеваше во Медово и на 12 декември баталјонот пак се врати во Герман. Истиот ден главниот штаб со штабовите на баталјоните кои беа тука на одмор бригадата тргна по нагорнината на планината за селото Буф. Во Буф бригадата беше добро дочекана потоа го продолжи патот за Горно и Долно Клештино, па Крушоради за Кајмакчалан.

Тука треба да се нагласи улогата што ја изиграа македонските партизани од Вардарска Македонија, кои во Мала Преспа како во овој период па и порано, често пати навраќаа и престојуваа по селата. Тие го укажуваа правиот пат по кој Македонците треба да се борат за својата национална слобода и независност.

Тие беа добро организирани во големи формации со челична дисциплина, и решени да се борат до конечна слобода и влеваа сигурност со што го подигнуваа моралот кај населението, посебно на младите. Населението им се восхитуваше и ги сметаше за свои браќа, правеше се за да им помогне, тие се бореа за Македонија. Партизанските песни што ги пееја, се врежуваа во срцата на населението. Во овие песни се велеше:

“Слободата ти е пред тебе, земи ја пушката, бори се и ќе ја имаш, сега е време. Ако тоа сега не го сториш ќе ја изгубиш, други ќе ти ја земат и ќе останиш без неа којзнае до кога.” БУГАРИТЕ И НИВНИТЕ ЗЛОСТОРСТВА ВО ПРЕСПА Со капитулацијата на Италија на 10 септември 1943 год.

бугарските окупациони единици кои дотогаш го држеа Ресен и преминот Макази сега ги окупираа селата од Преспа до Маркова Нога, сегашна југословенско-грчка граница и на преминот Маркова Нога оддалечен 4 км од селата Роби и Герман чуваа бугарски војници. Бугарите знаеја дека во нашите села има партизани. Тие знаеа дека во борбата со партизаните е вклучено целото население од Преспа и беа желни да се налокаат крв. Со појавата на Бугарите населението од Преспа одново се вознемири бидејќи знаеше дека тие не дојдоа за добро.

17 јануари 1944 год. Овој ден не сакав да го видам, овој ден не сакаа да го видат и моите селани. Околу 9 часот наутро околу селото се слушнаа пукотници од пушки и рафали од митралези.

Малите деца кои во ова време излегуваа по дворовите и по улиците за да се играат ги слушнаа пукотниците и со викање Бугари, Бугари се испикаа по куќите. На дечињата не им беше прв пат да бегаат од Бугарите. По 10 минути пукање, пукотниците престанаа и низ улиците од селото трчаа бугарски војници и ги блокираа куќите. Се чу гласот на камбаната, што означуваше населението да излезе на средсело. Ова го правеа Бугарите секогаш кога ги напаѓаа селата. Населението го собираа на средсело и им држеа говори против партизаните и се претставуваа како ослободители на Македонија.

Додека селаните се собираа на сретсело, војниците по куќите вршеа претреси, бараа партизани и оружје. Група од неколку војници доведоа 7 младинци од 17-20 год. Во моментот кога се слушнаа првите пукотници, момчињата беа на патот од Герман за Роби, и веднаш избегаа од патот и влегоа во трапот Гушајца, кој води исто за Роби. Децата поодија по трапот и влегоа во споредниот трап за Медово, и војници кои минаа за Медово преку ридот за Медово и Роби ги пресретна момчињата и ги фатија. Ги врзаа со тељ со боцки што го зедоа од една ограда така што од рацете им течеше крв. Фетфебелот кој ги спроведуваше децата, со кундакот од пушката маваше по нив.

Едно момче изгуби рамнотежа и падна, над него се навалија и други зашто беа врзани заедно.

Мајорот што ја предводеше оваа операција, човек во години качен на коњот, нареди децата да се одведат на Маркова Нога.

Неколку постари мажи од селото го замолија мајорот децата да ги ослободи, тој беше неумолив. Така децата со мавање и туркање беа спроведени на Маркова Нога.

Еден млад офицер се појави на балконот од куќата на средселото и одржа говор. Меѓу другото рече дека тие, Бугарите се силни, имаат силен сојузник – Германците, и заедно со нив ќе бидат победници на оваа земја која ќе биде нивна.

Младите македонски момчиња кои успеаја да избегаат од ноктите на Гестапо и Германците во Лерин и во Преспа дојдоа да го спасат животот и да им се придружат на партизаните. Беа фатени од бугарските фашисти и во близина на с. Д. Дупени на свиреп начин со копачи и ножеви крвнички убиени. Овој морничар случај го потресе населението од Преспа.

Општинското собрание на Ресен, во чест на овие загинати македонски момчиња на местото каде што се убиени, во непосредна близина на грчката граница подигна спомен-плоча и задаси 7 борови.

Десетина дена по овој настан бугарските војници преку караулата на Маркова Нога навлегоа во слободната територија и дојдоа под водениците на Роби. Овој пат во Роби престојуваше македонска партизанска единица. Селаните кои беа оставени надвор од селото за да надгледуват веднаш ги известија партизаните. Партизаните не се исплашија и не избегаа. Тие на бугарските војници им го пресекоа патот и со нив поведоа борба. Убиен беше еден бугарски војник и двајца ранети. Останатите војници успеаја да избегаат низ полето и да влезат во трските од блатото, каде останаа се додека дојде помош од нивни војници. Партизаните се повлекоа од селото.

Бугарите тој ден не се осудија да дојдат во селото.

МАКЕДОНСКО-КОСОВСКАТА БРИГАДА ПО ВТОРПАТ ПРЕСТОЈУВА ВО МАЛА ПРЕСПА На 23.IV утрото по тешко патување, исто спрема дневникот на Стојан Глоговац, Мадедонско-косовската бригада пристигна во с. Лок М. Преспа. Месното население ги дочека со одушевување, ги снабди со храна и се друго што им беше потребно и во 6 часот навечер со чамци преминаа преку Малото Преспанско Езеро и пристигнаа во с. Дробитишта, потоа во с.

Граждено и на 25.IV утрото ја преминаа границата и пристигнаа на албанска територија во с. Церје, од каде заминаа за Дебрца и Караорман.

МАЛА ПРЕСПА ЈА НАПАЃААТ БАЛИСТИТЕ ОД АЛБАНИЈА Селата од М. Преспа често пати беа напаѓани и од балистите од Албанија. Тие идеа со Германци. Исто и тие вршеа претреси по куќите, бараа партизани, а од ковчезите земаа накити, ќилими, јамболии, и се убаво од покуќнината. Тие земаа кокошки, јагниња, ракија и ги напуштаа селата. Се сеќавам на еден таков напад од балистите, во селото престојуваше мала група партизани, а со нив двајца Англичани во воената мисија при ЕЛАС. Балистите беа пречекани најубаво и им се даде се што посакаа за побргу да го напуштат селото. Англичаните беа импресионирани и восхитени од овој толку успешен приод на населението.

Во април 1944 год. КПГ донесе одлука за расформирање на СНОФ. Со овој акт на македонското население му се внесе недоверба спрема КПГ.

ФОРМИРАЊЕ НА ПОГОЛЕМИ МАКЕДОНСКИ ОДРЕДИ На 2 август 1944 год. е формиран Леринско-костурскиот баталјон во с. Поздивишта – Костурско и го доби името “Гоце” по својот командант Гоце. Баталјонот “Гоце” се бореше со неизмерна сила против окупаторот нанесувајќи му голема штета.

ВО С. ГЕРМАН СЕ СПРЕМА КУРС ЗА МАКЕДОНСКИ УЧИТЕЛИ Во почетокот на август 1944 год. се извршија подготовки за отворање на училишта со македонска настава во учебната 1944/45 год. За оваа цел во Герман дојдоа неколку учители млади македонски деца кои порано имаа завршено грчко-учителска школа. Овие учители сега требаше да припремат програма за воведување македонска настава во училиштата.

Учителите ги завршија подготовките за воведување и отворање курс за македонски учители за кои беа пријавени дваесет младинци од селата кои пред тоа имаа стекнато образование во средни и други училишта. Кога се беше подготвено и курсот требаше да почне, наставниците беа повлечени со наредба на главниот штаб на ЕЛАС, беше забрането воведуваше на македонска настава по училиштата. Населението кое со големо интересирање чекаше да ги види првите македонски учители, веднаш се посомнева дека неговата борба е издадена од раководството на ЕАМ и КПГ.

ГРЧКОТО РАКОВОДСТВО НА ОТПОРОТ ГО ЛИКВИДИРА МАКЕДОНСКОТО ПАРТИЗАНСКО ДВИЖЕЊЕ Раководството на Централниот комитет на КПГ во текот на подготовките за склучување на договор во Казерта – Италија со избеганата влада на Грција, реши македонскиот баталјон да го расформира. Македонците не се соглација со ова решение, и македонското раководство за да го избегни крвопролевањето со ЕЛАС која сосила сакаше да ги растури македонските единици, реши да ги префрли во Југославија, за да ја продолжат борбата против Гермаците. Единиците од баталјонот кој на пат за Југославија минаа низ М. Преспа се задржа во Герман и Роби.

Овде тие беа дочекани со воодушевување, и кон овие единици се приклучија извесен број младинци од селата од М. Преспа.

Во Преспа пристигна единица на ЕЛАС и притвори извесен број луѓе од селата.

ДОГОВОРОТ НА ВАРКИЗА, ПОРАЗ НА ДВИЖЕЊЕТО ВО ГРЦИЈА На 12 февруари 1945 год. беше потпишан договор на Варкиза помеѓу преставници на одборот ЕАМ и КПГ, и претставници на националната влада на Папандреу. Со овој договор единиците на отпорот ЕЛАС го положија оружјето и со тоа беше означен и конечниот пораз на движењето на отпорот во Грција. Сега беше јасно дека во М. Преспа ќе дојдат пак истите Грци кои беа и порано. Беше јасно дека населението го чекаат нови маки, нова борба, безброј жртви и многу крв.

ГРАЃАНСКАТА БОЈНА ВО МАЛА ПРЕСПА ДОАЃА МОНАРХОФАШИСТИЧКА ВОЈСКА, СПРОВЕДУВА ГОЛЕМ ТЕРОР СО АПСЕЊЕ И УБИВАЊЕ НА НАСЕЛЕНИЕТО На 14 мај 1945 год. во М. Преспа пристигна грчка монархофашистичка војска и се смести по куќите во Роби.

Војската штом дојде во М. Преспа, уште веднаш по селата отпочна со терор. Истиот ден офицерот што ја предводеше војската, не собра мажите од селото и рече: - Од денес да знаете тука е Грција и уште отсега ќе се зборува по грчки и само по грчки. Кому не му се допаѓа уште сега нека бега, ене ја границата, и со рака ја покажа југословенската граница на 3 км од селото. Тогаш тој го забрани одењето од село во село и за посебни случаи војската издаваше пропусници. Истиот ден нареди полските работи да се извршуваат од угревање до заоѓање на сонцето. И на секого кој ќе се најде после ова време ќе се пука.