Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Prespa in Flames and Smoke

МАЛА ПРЕСПА ПОД ТУРСКО РОПСТВО - Part 05

Par Коста Мундушев · Partie 15 sur 17 · Environ 24 minutes

Lire en English

Динка поцрвена, дури до ушите и им баци рака првин на татка си и со ред на гостите. Тие и дадоа пари и Дојчин пак и рече:

- Ќерко, да знаеш, те давам во куќа имајлија, богата, фамилија од сој и големо име, само да ти е добра среќата. И и нареди:

- Оди сега и со мајка ти спремете џуфки и се друго што треба, оти на луѓето му се брза, патот е далечен, луѓето ќе ги фати ношјата.

Аберот што и дојде невдоапица на Динка, ја возбуди и црвенилото што го имаше зафатено лицето дури до ушите не и спаѓаше. Таа им баци рака и излезе од одајата со гостите. Пред да излезе уште еднаш се погледа во Митрета и си рече: Ако је ко брата си не јет лош, и кај мајка и отиде со плачење.

Дојчиница се обиде да ја смири ќерка си:

- Немој, ќерко, да ми плачиш, татко ти не те дава што годе. Тој те сврши во куќа иманлија, чорбаџиска, богата, со свекор, свекрва, золви, девери, јатрви, стрикој и стрини, фамилија од четириесетина души, што ми сакаш поарно. А детето било од убаво поубаво, од добро подобро. Ќе си бидиш и со сестра ти Доља заедно. Димитрија многу ни ја исфали фамилијата. Златна на мајка. – И ја подурдри по рамо. – Оди ми сега, направи џуфки, а за даројте јас ќе спремам и немој да ми плачиш, оти на луѓето му се брза. Патот му е далечен, ќе и фати ношјата, по патот има арамии. Не можам да мислам и за тоа.

Динка го засили плачењето, ги избриша солзите од очите и со плачлив глас рече:

- Се кренале преку десет села да барат невеста. Тој не чини. Ако чинеше тије не гредеја дури тука, дури на другиот крај на Преспа. Тие удриле на повеќе врати, па дојдиа дури тука. – И отсечно со повисок глас рече: Јас не одам во Роби, и него не го земам. И во Езерени има ергени. Кога ќе нема ергени во Езерени, тогаш ќе излезам оттука. Биле богати, чорбаџии и со име. Никој досега за јадење не умрел. Ене ги луѓето, седат пред портата и од татко ми чекат да им дајт да јадат. Секој си работи и сам се рани.

Се навали на ношвите и рацете ги пикна во појасот. Дојчиница дојде до неа и почна да ја смирува:

- Немој, ќерко, немој златна на мајка, немој на татка ти да му клајш таков срам, туку оди ми и напрај ги џуфките. – Динка сега почна и на глас да плачи и со нозете да тупа:

- Тамо не одам, и него не го земам. Невидено момче, да ви појчи главата, јас не земам.

Дојчиница виде дека ќерка и не попушта ни на зборот што татко и пред малку го даде не се слага, а за тоа тој зеде и капар:

- Станвај, кучко, таа подвикна, сега ќе го викнам татко ти. Јас не го дадов зборот, тој го даде, расправај се со него. Тој не го вратва зборот назат. – И се спреми да оди да го викни Дојчина.

– И мене не ми беше арно кога ме свршија за татко ти, и јас тупав и викав како ти сега, ама си останав со тупањето и викањето и си го зедов татко ти. Што да праев, тој ми бил касметот. И тебе ти ет касметот, и него ќе го земиш.

Од острите зборови на Дојчиница Динка се исплаши. Киниса да оди и на одење рече:

- Џуфки ќе направам, и дарој ќе спремам, ама во Роби не одам, ќе побегнам по друг и него не го земам. Ти реков и пак ќе ти речам, невидено момче не земам. Со него јас ќе треба да живеам, а не вие и сама ќе си изберам момче.

Динка ги направи џуфките и даровите, ги спреми и ги однесе во одајата кај гостите. Уште еднаш на гостите им баци рака и ги испрати до големата порта од дворот. Димитрија ја зеде торбата со џуфките и во неа даровите, ја обеси на коњот, и двајцата се качија на коњите. Уште еднаш го накренаја грнето со вино и се поздравија и си заминаа.

Сонцето се скри зад планината Галичица, и за малку ќе падне мрак. Од Езерени до Роби пат долг околу 30 км патниците по патот ги потераа коњите. Тие знаеја дека по овој пат ноќе е ризично, поради тоа што на патот излегуваат арамии и ги пљачкаат минувачите, а понекогаш дури убиваат. По патот тие се брзаа, ама и тоа не им помогна.

На Маркова Нога, отсекогаш тука на ова место ноќе излегуваа арамии, тие со саати чекаа да помине некој патник, и д стане нивни плен. И оваа вечер, кога двајцата патници стигнаа на Маркова Нога, на стотина метри од големите камења над брегот од Езерото, коњите застанаа, ги начулија ушите и почнаа да фрчат; ги свртија главите спрема камењата и од местото не се помрднуваа. Димитрија тогаш рече:

- Одиме напред. И да се вратиме тие ќе пукаат по нас.

Ги затегнаа уздите, со петиците ги удрија коњите по мевовите и го продолжија патот. Штом се доближија до големите камења, пред нив се исправија две фигури со завиткани лица и им се заканија со мартинките. Им наредија да слезат од коњите и рацете да ги држат кренати нагоре, оти веднаш пукаат.

Тука, кај ова место, кај овие камења, со векови овие чести насилници беа страв и трепет за минувачите. Едни умираа, други се местеа и секогаш во темните ноќи зад камењата ги имаше и никој не можеше да кажи на колку несреќни луѓе за гушата им беа врзани камења и беа спуштени во водите од езерото и трагата никој не ја открил.

За ова место во Преспа постои и легенда, во која се раскажува дека Марко Крали во Преспа одел честопати и им помагал на немоќните луѓе пред турските насилства. Еднаш тој бил во Преспа – се правело свадба и тој бил на свадбата. Невестата се земала од кај Љубојно и ја носеле во селата од кај Роби. Кога сватовите со невестата се враќале и стигнале кај големите камења излегле Турци и се обиделе на Каурите да им ја земат невестата. Тие не знаеле дека со сватовите бил и Марко Крали, се направила крвава борба и насилниците одвај избегале и не им успеа на Каурите да им ја одземат невестата. Во легендата се вели дека, кога Марко Крали се борел со насилниците, силата му била толку голема што тој со ногата удрил на еден од овие камења и на каменот оставил стапалка. Исто се вели дека и неговиот коњ оставил на каменот стапалка. На големите камења на брегот од Езерото на Маркова Нога можат да се видат отпечатоци кои му се препишуват на Марко Кралета и неговиот коњ, заради што го добило и името Маркова Нога.

Двајцата патници видоа дека пред нив стои опасност од луѓе-нелуѓе кои ги замаскирале своите лица, ги фрлиле мартинките преку рамо и во темната ноќ зад камењата фатиле пусија и го чекат својот плен. А патниците, и покрај тоа што знаат дека од секоја капина, секој камен, и во секое време може да искочи некој и да им го одземе животот, тие не се исплашиле.

Арнаутскиот јазик го зборуваа исто како и Арнаутите и без да слезат од коњите Димитрија им рече дека идат од Битола и одат кај бегот во Роби, оти му биле блиски роднини, а тој, бегот, вечерва ги чекал. Од џамаданот изваде неколку меџидии и ги фрли пред арамиите. Ги праша за колку време ќе стигнат до Роби. Арнаутските насилници беа прости луѓе, од селата. Тие се исплашија од патниците и бегот, оти сметаа дека патниците, штом биле Арнаути и тргнале по патот ноќе и наоружани, тие уште веднаш побегнаа и парите од земја не ги зедоа. До Роби патот бил краток и за петнаесетина минути тие стигнаа до селото. По патот Димитрија на Митрета му рече:

- Егиди, будали Арнаути! Што можат да ти направат: за неколку меџидии животот ќе ти го одземат. Коте не знаеше дека неговиот брат Митре и Димитрија, внукот на попот Наума, зетот од Дојчина за сестра и на Динка, денеска ја решија судбината негова и на Динка.

Тој Коте, како секој ден и овој стана рано, се подистегна малу и со трчање отиде на долиштето. Лицето го испласка со вода и го избриша со полата од волнената ќурдија. Од триењето лицето му се порумени како преспанско јаболко. Коте не се врати дома.

Неговата мајка му го подаде вургитот (* Овчарска торба, јанта.)

со леб, во него имаше само леб и неколку главици кромид за него и за татко му Стерјо, како и грутки месени од трици за кучињата. Коте ја подаде раката и од дирекот го зеде крлукот, сам го имаше направено од зелениково дрво. Го фрли вургитот преку рамо и тргна за кај бачилото. Татко му на Котета, Стерјо беше професионален бач и овчар. Тој уште од мало дете го фрлил вургитот преку рамо, го зел крлукот во рацете и гајдата под мишка и се дури остаре и повеќе не можеше да оди тој пасеше овци и го преработуваше млекото. Овие денови Стерјо ги стави овците во бачилото и го преработи првото млеко, од кое направи сирење меко и јако, како и маст и урда. Затоа, мајка му на Котета во вургитот имаше само леб и кромид, оти друга храна на бачилото имаше колку ми сакаш.

Коте наврши 16 години и го пуштиле во Анадол на печалба.

Тука во Анадол Коте останал 3 години и за цело ова време носел кал на двајца мајстори. Се работело секој ден, и недели и празници, од утро до вечер. По секое завршување на работата Коте ја чистел копанката од калта, како и мистриите и чеканите од мајсторите ги миел со вода. Ја земал торбата преку рамо и одел по куќите да пита леб за него и за мајсторите. Кога Коте се вратил дома по 3 години донесол 10 заштедени лири. Кога на вечерта на околу широката софра наседнаа со вкрстени нозе десетина постари мажи и го чекаа Петрета да отпочне да јаде, па да почнат и тие, тогаш Коте ги изваде 10-те лири и ги кладе на софрата. Петре, старешина на четириесетина души фамилија, и стар на 80 години, ги зеде парите и ги кладе во мушаменото ќесе кое го држеше преку гуша обесено со гајтан, и како што беше вкрстен на софрата, стана простум, Котета го баци во челото и му рече: Блосоен да ми си. На другиот ден Петре отиде кај бегот и со 10 лири купи од него една нива.

Фамилијата на Петре ја сочинуваа: браќа, братучеди, синови, снаи и бнуци. Командувањето во фамилијата тој го имал во свои реце и неговиот збор во оваа фамилија бил и закон.

Распоредот за работа го правел тој, и секој ден одредувал за наредниот ден кој каде ќе работи. Во својата фамилија имал одредено луѓе и за стални работи, како што беше Стерјо, под чија комјанда се одгледуваа овците, стадо од 250 глави. Спиро беше рибар. Целиот свој век го спроведе со рибарење и ловење риби од езерата. Јован имаше на располагање 3 коњи, тој се грижеше за снабдување со дрва, а летото кога се вршеа житата, тој командуваше со вршењето. Неколку мажи беа орачи и тие се грижеа за орањето, сеидбата, косењето на ливаѓето и жетвата.

Во фамилијата на Петрета во амбарите новото жито се фрлаше на старо. Каците со сирење во секое време на годината беа полни, секој ден во куќата се расторвараа кошеви со риби. Тој имаше и отповеќе, кое го носеше на пазарот во Битола, Арнаутите немале смелост да му направат пакост.

Во неговата фамилија имало десетина млади момчиња, невести и чупи. За времето кога зимата ноќите се големи и по полските работи нема што да се работи, по вечерата секоја вечер младите внуци на Петрета се береа во големата одаја, чии греди од фојово дрво беа дебели и до 40 см во пречник, тие пееја песни, се фаќаа и во оро. Стерјо со гајдата секогаш бил на располагање, иако стар, ама и Петре се фаќал во орото. Петре се грижел за својата фамилија, ја бранел честа негова и на својата нација и вера.

Кога една зима, во снег до колена, варел ракија и младите невести и мажи со котли ја носеле комината на казанот и врвеле покрај кафеаната, неколку сејмени од бегот седеле во кафеаната, играле скамбиљ и зееле во младите и убави моми кои ја носеа комината и дофрлија неколку зборови. Петре уште веднаш дознал за муабетот на сејмените. Нареди веднаш да се прекине варењето на ракијата. На другиот ден нареди во дворот да се ископа бунар, бунарот се ископа и со водата од бунарот неколку жени и мажи со ред од бунарот со кофи вадеа вода и го снабдуваа казанот и така ја довари прекинатата ракија.

Кога се обновуваше манастирот “Св. Јован Преспански” на тумбата Горица до Роби, тој го одреди Ѓорѓија со колата за целото време на мајсторите да им носи камење и вода. Беше иницијатор надгробната плоча на царот Самуил, која со векови била чувана во црквата “Пречиста” во Роби, да се стави на видно место: на влезната врата на манастирот.

Како секој ден и овој Коте ги пасеше овците по ридот, врв Илија, и свиреше со гајдата од татко му и на вечерта дома стигна доцна. Тој помина по улицата и под пенџерот од куќата на Благуна. Секоја вечер Коте врвеше под пенџерот за да се видат со Благуна го чекаше. Коте Благуна ја сакаше и без неа животот ќе му беше сиромашен и празен. Никој Котета не го праша што сака тој. Тука одлучуваше Петре, заедно со постарите мажи од фамилијата. Коте помина под пенџерот од Благуна, таа беше на пенџерот се опулија еден врз друг. Коте си замина задоволен за својата куќа.

Ја отвори големата порта од дворот и влезе внатре. Во дворот беа Петкана, Стефана, Ѓурѓа и други од младите моми и невести, и сите на појасите ги имаја џуфките од босиљок завиткани со црвено предено, а на нив шеќери. И исто ги имаа облечено и шарените наручиња, а на нив и гизви. Коте ги виде џуфките, се доближа до Петкана и и рече:

- Која ет сега оваа, сигурно ти си Петкано. Ајде, Петкано, да се ќердосаш и на моја глава да се врати.

Петкана го фати Котета за рака, му ја стисна раката рече:

- Ти се врати, готово ет, за тебе се џуфкуте. И продолжи. Сега, Коте, барај пајтони: дури во Езерени ќе не носиш. Лицето на Котета веднаш се спепелоса и рече:

- Какво Езерени, каде е тоа, сигурно е во езерото.

- Ама невеста ти свршија, многу била убава, додаде Ѓурѓа. Само ти барај пајтони да не носиш, оти без пајтони таму не ќе не примаат.

- Зошчо пајтони, одврати Коте, ако тоа е во езерото. За таму чунки требаат, а не пајтони.

- Не, се вмеша Стефана, било до Ресен и невестата се носела по градско. Сега и тебе ќе ти го смени рувото, ќе ти ја исфрли ќурдијата и ќе те облечи во градска облека. Кој ќе ги паси овците?

- Остајте ме, мори Стефано, од кај јас градска, мене ќе ме земи градска, овчар. Кажи, мори Петкано, која граѓанка досега зешла овчар? Таа сака да седи дома, кој ќе оди на нива. Петкана и Стефана Котета го фатија под рака и сите заедно отидоа дома, а на вечерта имаше голема веселба.

Доцна вечерта веселбата заврши и Коте си легна во постелата да спие. Тој од него не ја соблече ќурдијата, не ги соблече нити чорапите. Од испотените и неизмиени нозе на кои чорапите беа залепени на нив, го вјана миризба. Беше свикнат на оваа миризба, главата ја држеше покриена со козиненото веленце, ги затвори очите и пред него ја донесе Динка. Увава, и облечена во градска облека, онака како што му рече Стефана. Тој се исплаши кога пред него ја виде Динка убава и облечена во облека, замислена, а ја немал видено, и си рече: Таа мене кога ќе ме види облечен во ќурдија нема да ме бендиса. Го отфрли од главата веленцето и се заврти од другата страна. Срцето почна силно да му чука. Што ќе правам ако навистина како што рече и Стефана се носи со градска облека. Тоа ет вистина, Стефана не ме мами, нејзе и казал Митре. Тој ја виде. Како ќе изгледа тоа, градска облека и на свадбата сите ќе се пулат во неа како на мечка. Кога ќе оди на чешма за вода сите ќе излегваат да ја пулат и јас да ја пулам во градска облека. Коте, сето тоа не можеше да си го објасни, неговата невеста да биди облечена во градска облека, и тука во оваа голема фамилија која има десетина млади невести и чупи само таа да се носи во фустани. Умот од главата ќе му искочеше, сон не го фаќаше. Во фустани нека се носи, ќе ги поноси малу и ќе ги смени, ами ако не знае да работи по полето, да праши, да жние, па можи и да не ќе сака да оди по поле, тогаш што ќе правам? Ништо, - рече Коте. Јас сум маж и нема да ја оставам да носи фустани. Си имаме ние наша носија. И таа ќе се облечи како нашите жени, и на нива ќе оди, ако не знае ќе се научи. И Петкана, Ѓурѓа и Стефана не знаеја ама се наукоа. Се откри, го избриша челото од потта што го имаше вјанало, се заврти во постелата, пак се покри и се обиде да заспие.

Коте ги стискаше очите, се мачеше да заспие и не можеше.

Пред него беше Динка во градска облека и сега двајцата шетаа по чаршијата од Ресен, и веднаш му се изгуби. Зошто се сакавме со Благуна толку години и се сретна со Благуна пред нејзината врата и и рече: Не сум јас крив Благуно, мене никој не ме опита. Кога навечерта поминав под твојот пенџер и ојдов дома, џуфките ги најдов закачени на појасите на Петкана, Ѓурѓа и Стефана, и сега кој можи да излези пред Петрета, па да речи не ја сакам Динка, Благуна ја сакам. И Митре се сакаше со Мара толку години, ама Петре сам ојде во Граждено и го сврши за друга. Од оџак јас сакам невеста да донесам во мојата куќа, рекол Петре. Митре потупа малу и си легна на брашното. Пред Петрета кој можи да излези, Митре сам си потупа, сам си отупа.

Целата ноќ Коте, се вртеше во постелата и не можеше да заспие, и колку во зори го фатил сонот и заспал, мајка му го разбуди. Ставај, му викна, теосуна, кога ќе одиш на бачило.

Татко ти ќе те чека да му зајсиш леб?!

Тој ден Коте овците ги однесе високо на ридот и оттука целиот ден се пулеше кон Ресен. Коте пулеше многу села, ама кое е Езерени кој да му кажи. Многу ноќи тој не спиел и ги врвел со Динка и Благуна, а овците секој ден ги носел високо на ридот и долго ги пулел селата кај Ресен. На вечерта кога се враќал дома Петкана, Стефана и Ѓурѓа го задиркувале за фустаните и убавината на Динка, и за градската облека што ќе му ја сошијат за зет. Штом облечеш градска облека тие му рекоа, ќе треба и писар да станиш. Коте не се лутел на своите братучеди и тие кога беа сами зборуваа секакви шеги. Коте, еднаш се враќаше од овци и крлукот го имаше преку рамо. Петкана го виде и му викна: Еј ти, така не одат градските!

Коте почна да се застрамува и да се прибира, поубаво да се облекува, на уртото се миел со сапун, лицето го бришел со бела крпа. Петкана си зеде на себе да го искастри, така кога ќе оди кај “градските” да не е подолен од нив.

Петре сакаше свадбата да ја направи на Митровден поради тоа што тогаш се завршени полските работи, тогаш има и вино и ракија и поради тоа го пушти Митрета во Езерени да се договорат со сватот Дојчина. Митре да оди и во Ресен и да договори и неколку пајтони, поради тоа што свадбарите ќе врват низ повеќе села па да се види чија е свадба. Од Езерени Митре ќе продолжи за Битола, тука тој ќе одеше на кувенџија, да порача ќостеци, пафти, ѓердани и прстен за невестата. Коте и тој сакаше со Митрета да оди во Езерени и да ја види Динка.

Ама кој го прашува Котета што сака Коте.

Динка ги испрати луѓето што ја свршија против неј и се исушија се дури не се мажи. Дојчиница ја гледаше зината волја, се врати дома со навирени очи и очите не ќерка си со навирени очи и овенато лице и срцето и се кинеше од жал, зашто не можеше да и помогне оти татко и ја даваше против нејзината волја, за човек кого не го видела и не го знае, туку само на зборот од зетот Димитрија и името на фамилијата на Петрета.

Динка, повеќе пати на мајка си и рече дека во Роби не оди.

Свршувачката за неа не е меродавна. Таа и рече дека е спремна да бега по Мартина и капарот на луѓето со време да му го вратат, оти да не мислат на неа и совреме за детето да си бараат друга невеста. Тврдото срце на Дојчина не попушташе. Дојчин велеше нека пули каде има парче леб, а не каде се мазни перката и мевот го виткаат со вител, Динка конечно се реши да бега по Мартина бегалка. Во една торба кладе неколку ситни алишта, и чекаше на него кога ќе се замрачи да помини покрај нејзината куќа, да потсвирни, таа да излезе на малото врате и да оди по него. Дојчиница сомневаше дека ќерка и ќе бега по Мартина и ја куландрисваше, и на пресудниот момент, на Динка и пропадна планот. Мајка и ја фати пред да го отвори вратничето, помеѓу ќерка и мајка настана кавга, Динка спрсна во езерото и во водата се фрли за да се дави. По неа потрча Дојчиница и братот Ефтим. Ефтим влезе во езерото по неа и ја извади од езерото и со кола ја донесоа дома. При оваа положба, Дојчин попушти и се реши капарот да се врати назад и вршењето да се одврши.

Митре и Димитрија уште во зори се качија на коњите и ги потераа по патот за Езерени и Ресен. Кај ливаѓето од Наколец се сретнаа со Ефтима. Двајцата коњаници ги запреа коњите и слегоа од нив. Се поздравија со Ефтима, се вкрстија на ливадинката и ги извадоа кутиите со тутун. Завиткаа цигари и ги запалија, коњите ги оставија да пасат по зелената трева од ливадите, и Димитрија го опита Ефтима: - Ефтиме, ајрлија, каде си тргнал со торбата на рамо, таков далечен пат пешки?

Ефтим кинисал по патот и по пат ги опитвал патниците и аргатите по нивјето за селото Роби кој и самиот не го знаел. На Димитрија Ефтим му одврати и му рече: - Уту Димитрија, одам во Роби. Одам да му го вратам капарот и даројте, оти Динка не сака. Цела недела само плачи, а сега плачи и мајка и така ме пушчија да му го вратам капарот и даројте. Димитрија смирено го слушаше Ефтима, и кога Ефтим заврши и му рече: - Станвај и кинисвај пред нас, на Митровден прајме свадба, знае Динка што е добро, а што не.

Тоа го рече Димитрија и сега тројцата заедно го продолжија патот за Езерени.

На денот на Митровден, уште од зори кумот го наостри бричот на дебелиот ремен, го сапуниса лицето од Котета и ги собра ретките влакна од реткото лице. Петкана, Ѓурѓа и Стефана како и другите поседалки околу зетот пееја свадбарски песни. Со бакарниот ибрик Петкана му потури вода на Котета и тој се изми и Петкана му рече: - Сега Коте ќе те видам кај “градските”, а Коте: Ќе ме видиш Петкано, ќе ме видиш, и тие ќе ме видат, - одврати насмеано Коте. – Неколку пајтони со зетот и сватовите тргнаа по патот за Езерени, а барјакот со бела шамија и црвено јаболко на дрвото уште оддалеку се пулеше.

Убавата панорама на долгиот пат на брегот од езерото, пат долг 30 км Котета не го возбудуваше. Тој не се возбуди нити од пајтоните и од жолтите зингурки на коњите кој по целиот пат ѕвонеа, а тој првпат беше се качил на пајтон. Целото време Коте се мислеше за Динка. Дали таа ќе биди убава како што рече Митре, и дали ќе биди поубава од Благуна, како ќе изгледа облечена во фустаните. Овие мисли него го мачеа и од време на време и ќе издивнеше. Младите свадбари се преправаа пијани, картите со вино ги креваа високо и пееја свадбарски песни.

Гајдаџиите и тие целиот пат свиреа со гајдите. Малите деца од селата по кои врвеа свадбарите одмаваа со рацете по нив.

Пајтоните со сватовите стигнаа во Езерени и големата врата од дворот широко се отвори за да влезат сватовите и зетот. Сите сватови од кај невестата се тргнаа и сите сакаа да го видат зетот. Неколку млади мажи опасани во бели месали ги пречекаа сватовите, едни од нив ги земаа и ги местеа коњите под тремот и им фрлаа сено да јадат.

Коте облечен во зетовско руво што му го сошил стрико му Ристо, и како самиот беше убав, кога слезе од пајтонот на насобраните свадбари што го чекаа да го видат му го запре здивот, а пријателките на Динка сите ги фрлија зилје за убавината на Котета и за нејзината среќа да земи толку убаво момче. Една од нив рекла: - Да ме земе мене, веднаш одам по него. Коте беше убав и привлечен и секоја чупа можеше да биди занесена од него.

Сватовите наседнаа на долгите трпези, Дојчин и Петре ја зедоа погачата да ја кршат и секој се трудеше да скрши поголемо парче погача. Така беше редот. Сватовите и од двете страни ги силеа и му викаа, абре, абре, секој на својата страна.

Побратимите ја зедоа торбата со невестинските дарови и отидоа во кералот за да и ги дадат даровите. Нив ги запреа поседалките и по кратко пазарење, побратимите од џепот извадоа по еден грош и вратата беше отворена.

На очите на Динка уште имаше солзи. Таа го облече невестинското руво, против нејзината волја и се оддаде на самата среќа. Една нејзина пријателка која го виде Котета кога слезе од пајтонот, се втури кај Динка и и рече: - Динко, слеквај го рувото и дај ми го јас ќе го облечам место тебе, јас ќе одам за Котета. Зошто да плачиш, земи си го Мартина и остани во Езерени. Мене не ми е важно Езерени, важен ми е тој што ќе го земам и со него ќе живеам целиот живот. – Динка ја чу пријателката и се вкамноса, не знаеше што да и одговори. – Што чекаш, пак рече младата чупа. Слеквај го рувото и дај ми го да го облечам јас и да се сторам невеста место тебе.

Зборовите на младата чупа во срцето на Динка родија надеж.

Онаа Динка која за цело време плачеше и се спремаше да бега по Мартина, и за малку ќе го прекинеше животот, сега наеднаш пред неа и се појави човек каков сакаше да има, пред неа застана човекот и таа веднаш се вљуби во него. И малуто време што и преостана, сега се претвори во ден, месец, година. Динка сакаше да го виде Котета, па да поверува и на нејзините очи.

Во дворот се кладе голема погача и на неа чаша со вино, околу неа наседнаа најблиските роднини од невестата. Сите тие во чашата фрлија кој грош, кој петаче, дури од чашата почна да се претура виното. За ова време гајдите свиреа, а младите езеренски ергени виеја оро. Невестата на своите најблиски роднини на рамо им калваше дарови. Кумот ја зеде чашата со вино ја тури во раката од невестата, виното се изли, парите останаа во раката, некои петачина паднаа од раката и ги собраа малите дечања. Кумот од џепот изваде еден грош и ја дарва невестата. Таа му баци рака. Гајдаџиите ја свиреа песната