Front Matter - Part 05
Со овој однос на војската приличен број мажи од кои некои беа засолнети ги напуштија своите куќи и села и заминаа во планините и шумите, а мнозина и преку граница.
По неколку дена група од наоружани војници со наоружани бегалци од маалата на с. Герман Шаовци, од Роби Бостанџиовци, како и од Попли одеа во куќите во селата чии мажи не беа дома и им земаа предмети од покуќнината, прехранбени артикли, земаа овци и ги колеа за да се гостат и го застрашуваа населението со протерување. Тогаш од Роби зедоа 6 жени чии мажи не беа дома и ги испратија во затворот во Лерин и така започнува календарот на масовно затворање и мачење на населението.
На 14 јуни 1945 година офицерот од Роби взори не собра сите мажи од Роби, не построи во редица по тројца и со своите војници не однесе во Герман пред полициската станица.
Наоколу постави војници за да не чуваат. По 1 час чекање, на вратата од жандармериската зграда се појави началникот на жандармеријата за околија Лерин и ги прочита имињата на 7 души од Роби. Жандармите веднаш ги отстранија, на рацете им ставија лисици, ги товарија во војнички камион и ги одведоа во затворот во Лерин. Четворица од овие луѓе беа одведени во логорот Касандра.
На 18 јуни во с. Попли на исти начин со застрашување на средселото ги собраа сите мажи од селото. Зедоа 10 мажи и жени и врзани ги товарија во камион, ги однесоа во затворот во Лерин и оттаму во логорот во Касандра. Со оваа група затвореници од Попли беа земени Ристо Јошев и Стојан Димовски, кои подоцна, во мај 1947 беа убиени. Овој терор принуди мнозина Преспани бивши борци да излезат во планина и да формираат вооружени групи.
На 22 јуни во Попли тие го убија Георгиос Јатракас поранешен полицаец во Попли, кој беше шпион и кај Германците, а и сега не се промени. Взори се чуја истрели од пушки и веста за убиството се пренесе веднаш низ целото село. Сите мажи Македонци уште веднаш го напуштија селото и се скрија во трските од чаирот од Мало Езеро. И жените го напуштија селото и отидоа во нивјето да работат. По 1 час во Попле пристигна една двочета војници од Желево. Наоружаните војници на средселото слегоа од камионите и го сардисаа селото. Влегоа по куќите, ги кршеа заклучените врати од одаите, ги кршеа ковчезите во кои се чуваа облека, накити и др.
Од нив земаа скапоцени накити, тоа се ѓердани со златници што во овој крај младите невести и жени ги носат. Неколку постари жени и по некоја млада што останаа по куќите ги забраа пред нив и со трукање, буцкање и мавање ги донесоа на средсело, ги качија во еден камион, ги однесоа во Желево и ги затворија во училиштето. Се обидоа да ги палат куќите, ама тоа не го сторија затоа што со македонските куќи ќе изгореа и куќите на бегалците и така се откажаа од палењето. Жените што ги однесоа во Желево ги задржаа 20 дена и за ова време секој ден ги тепаа до бесвест па им турваа студена вода. Од силното тепање умре Цветковица Кеќенова за чии маж се сомневаше дека бил во судирот. Од мажите кои во моментот го напуштија селото, некои постари што не можеа да се вратат назад, затоа што бегалците стално ги навредуваа, им викаа: “Охранити”, што седите тука, да си бегате и вие!
На 15 јули 1945 година началникот на жандармериската станица од Попли Сарандопулос, со своите жандарми и наоружани шпиони бегалци од Попли, како и група од наоружени војници, ноќта ја заобиколија куќата на Никола Стерјовски од Оровник, тогашен окуржен секретар на КПГ за М. Преспа, го фатија Никола и го однесоа зад пченките под селото. По кажувањето на очевидци учесници на ова злосторство во пченките ноќта на Никола му ги корнеа ноктите, го дупеа со ножеви и му ги сечеа вените. Цела ноќ го мачеа се дури му излезе душата. Овој злочин го потресе целото население од М. Преспа.
На 22 август 1945 година надвор од селото Герман се фатени шестмина селани од Герман и се однесени во затворот во Лерин.
На 27 август од Герман се земени тројца, а од Орово шестмина и беа однесени во затворот во Лерин.
На 29 август потерна единица го заобиколи селото Бесфина и со пукање и застрашување на населението, им зеде мед и овци, а кога заминуваа со нив зедоа една жена и ја одведоа во логорот во Лерин.
На 30 август од Букоик истата потерна единица зеде тројца мажи и ги одведе во затворот во Лерин.
На 30 август потерна единица го обиколи реонот Африка (тоа се селата од западниот дел од Езерото: Нивици, Винени, Орово, Граждено, Трнаа и Дробитишта), убија двајца и ранија неколку невооружени селани.
На 9 септември потерна единица во селото Стрково изврши претрес и уапси 2 жени.
На 16 септември одново беше нападнато Стрково, разбеснетите владини војници го заобиколија селото и од кога извршија претрес од куќите уапсија 7 мажи и 4 жени.
На 10 октомври на исти начин од Рудари беа земени 15 мажи.
На 15 октомври Стрково одново беше заобиколено, беа земени 17 мажи и сите беа обвинети за автономистичка дејност.
Во с. Герман од 20-24 октомври беше заобиколено од жандармерија и војска, по куќите вршеа претреси и ги уапсија 65 мажи и жени. Беа одведени во жандармериската станица во Герман, тука беа мачени и малтретирани и потоа беа испратени во затворите во Лерин.
Во ноември 1946 година монархофашистите отпочнаа со конфискација по селата на оние фамилии чии мажи не беа дома.
Им се земаше храна и подвижен имот, тоа личеше на грабеж затоа што многу од бегалците си ги земаа за себе, а со тоа се богатеа.
На 16 ноември Герман одново беше заобиколено и беа уапсени 70 мажи и жени кои ги обвинија дека се автономисти.
Есента и зимата теророт продолжи. Немилосрдно се гонеа и малтретираа луѓето, некои од бегалците на поедин Македонци им велеа: - Што седите да си бегате оттука. Бегајте си сами дури да ве истераме ние.
На 5 март 1946 година потерна единица го нападна селото Лок и уапси 12 мажи, а од Букоик тројца.
На 31 март 1946 година во Грција се одржаа парламентарни избори. Во текот на предизборната кампања теророт се зголеми.
Бегалците шпиони на населението им се закануваа дека оние што не ќе одат на гласање ќе бидат протерани од Грција. На денот на гласањето кај гласачкото место во Герман до калпите* (Гласачките кутии.) стоеја исто шпиони бегалци и гласачките ливчиња на луѓето им ги прегледуваа пред да ги стават во гласачката кутија.
На 1 мај потерна единица одново го нападна Лок и го малтретираше населението.
На 9 мај истата потерна единица го нападна Трнаа и уапси 8 лица.
На 10 јуни во с. Бесфина потерна единица го заобиколи селото.
Тука останаа неколку дена и грубо го малтретираа населението.
Заради велигденските празници, пееја македонски песни и играа македонски ора. Уапсија 40 мажи и жени, немилосрдно ги претепаа, а потоа ги спроведоа во затворот во Лерин.
На 28 јули владини војници одново го заобиколија Бесфина и уапсија 4 мажи.
На 29 август пак го нападнаа Бесфина, беа ограбени овци и го заплашуваа населението. Уапсија 1 жена.
На 30 август потерна единица на монархофашистичките банди го заобиколија Букоик и беа уапсени 3 мажи.
Ова се само дел од бројните терористички акции на грчките монархофашисти во Мала Преспа во 1945 и 1946 година.
СО ПОЈАВАТА НА ВООРУЖЕНИ МАКЕДОНСКИ ГРУПИ ТЕРОРОТ СЕ ЗАСИЛУВА Во пролетта 1946 година поради силниот терор, илегални вооружени групи се здружија и заминаа во планините на М.
Преспа, каде имаше организирани македонски вооружени групи кои беа способни да вршат акции на жандармериските станици и на војската во М. Преспа.
Монархофашистичките власти со своите банди немилосрдно го малтретираа населението од М. Преспа. Ѕверствата што ги правеа над Македонците не е можно да се опишат. Дотогашната акција за грцизирање, сега ја изменија со убивање и протерување на населението од овој крај. Големиот притисок што го правеа со убивање и затворање, над непокорливиот народ беше со цел луѓето да го напуштат својот крај и ним да им ги отстапат богатите и прекрасни предели. Луѓето што останаа по селата да живеат, живееја под најтешки услови што може да се замисли за живеење. Тие не знаеја кога ќе тропнат вратите, кога ќе залаат кучињата и наоружените војници, жандарми и шпиони ќе влезат по куќите и да ги заберуваат луѓето. Да ги убиваат по патот или да ги однесат по затворите, и таму судиите од воените судови да им судат смртни и други казни. Луѓето не знаеја ако ги осуни дали ќе ги стемни пак живи, или ќе бидат однесени во некоја орница или дере и тука животот ќе им биде прекинат. Луѓето живееја ден за ден и секој нареден ден беше продолжување.
Како што бројот на партизаните стануваше се поголем, тие сега беа присутни по селата, бесот на владините платеници и жандармериски претставници стануваше се поголем и поголем.
Началникот на жандармериската станица во Герман, кој беше и началник за М. Преспа, Гизас, беше човек без човечки чувства.
Со својата широка мрежа од жандарми, а некои и од редовите на бегалци, во селата воведе терор. Во жандармериските станици во М. Преспа, секој ден носеше мажи, жени и девојки.
Тука нив ги држеше со денови и недели. Ги тепаше и мачеше на најпримитивен начин. Ги товареше со обвиненија, од нив бараше да признаат она што не го виделе, не го чуле и не го сториле. Ги товараше во камиони и ги носеше по затворите во Лерин. И кога затворите биле преполни со луѓе, тој своите затвореници ги затвораше по плевните.
На 27 април 1946 година џелатот на М. Преспа, Гизас, човекот кој со стотици луѓе од Преспа ги зеде во жандармериската станица во Герман и Попли, ги измачи крвнички и ги испрати по затворите во Лерин, каде судиите им изрекуваа смртни и други казни. Ноќта по полноќ, од Герман зеде 40 мажи и 6 жени и од кога ги измачи, ги испрати во затворот во Лерин, каде од овие и луѓе земени на 16 ноември 1946 година судиите во затворот од Воениот суд на 13 од нив (Методија Торков, Стојан Јанков, Герман Боглев, Васил Белев, Фоте Мечкаров, Стојан Љангов, Вангел Четелев, Јоше Јованов, Андреја Иванов, Лазор Русев, Вангел Нушев, Герман Бабинкостев и Герман Младенов)
им досуди смртна казна и казната е извршена на 28 октомври 1948 година во стрелиштето во Лерин. Не е можно да се искажат страдањата и малтретирањата на Македонците од овој крај, од страна на жандармериските и други потерни единици и банди, кои во овој период престојуваа во М. Преспа. Исто така не е можно да се искаже и отпорот на македонското население.
Вреди да се спомене дека младите 13 момчиња кои беа осудени на смрт во затворот во Лерин ги зедоа ноќе, ги товарија во камиони и кога ги носеа по главната улица во Лерин тие на глас ја пееја песната “Во борба, во борба македонски народе”.
Граѓаните од Лерин излегуваа на прозорците и мислеа дека дојдоа партизани. Кога момчињата ги построија во ораницата до ископаниот гроб тие пак пееја револуционерни песни и викаа “Гиниме за слободата на Македонија”.
Овој жалосен и морничав злостор ја потресе цела Преспа и градот Лерин.
Продуктите од УНРА кои беа наменети за постраданото население од војната со Германците, во голема мера беа станати сопственост на неколку луѓе шпиони, и никој не можеше да се спротистави против тоа, на кого му се даваат продуктите.
Лазо Ќучукот, бегалец од населбата Шаовци, редар на водата во Роби, со пушката на рамо влезе во куќата на Никола Стојанов и почна да вика: Ќе ми го фатиш оној црвениот петел, црвени сакам многу да јадам. Во куќата на Никола имаше партизани.
Тие Ќучукот веднаш го разоружаа и му се заканија, па уште еднаш не му текна да побара ниту бели ниту црвени петли.
Шумарот од Герман Илија заедно со 2 жандарми излегоа од кафеаната на Апостола и тргнаа за Герман. Беа пијани, по патот одеа и се нишаа како будали. На жените кои приквечерината одеа на чешма за да залеат вода ги запираа и им изразуваа љубов. Нспроти патот, во куќата на Петре Видинов имаше партизани. И кога ги видоа во таква положба не можеа да се совладаат. Ги зедоа шмајзерите и сакаа да ги покосат насилниците. Во моментот се вмеше Петрејца и ги спречи партизаните. Ова се слики од насилничките самоволија на луѓе од владиниот апарат.
Партизанските македонски единици кои во овој период дејствуваа самостојно и одвоено од ДАГ, на 21 ноември 1946 година се соединија со единиците на ДАГ и движењето зајакна.
Така зајакнато беше способно да врши пошироки акции против монархофашистичката војска.
Спогодбата е склучена во с. Турје – Леринско.
КОМИСИЈА НА ОН ЗА ИСПИТУВАЊЕ НА ПОЛОЖБАТА ВО ГРЦИЈА Пролетта 1947 година во Грција престојуваше Комисија на ОН со цел да ја испита настанатата ситуација во земјата за која грчката влада како главни виновници за тоа ги сметаше своите соседи Југославија, Бугарија и Албанија. За оваа цел и за да се прикаже фактичката положба на теророт во М. Преспа во Герман работеше Комисија од организирани луѓе кои во соработка со претставници од другите села изготовија меморандум кој требаше да се предаде на оваа комисија штом таа ќе дојде во М. Преспа. Наедно имаше и такви луѓе кои лично ќе истапеа пред Комисијата со докази за теророт, кој го воведоа државните органи. Иако во ова време беше многу тешко да се зборува оти луѓето на Гизас и Сарандопулос им се закануваат со смрт. Ама луѓето беа решени на се.
Со оглед на тоа дека во М. Преспа оваа комисија не дојде, меморандумот со уште голем број потписи од населението беше испратен во главниот штаб на ДАГ. Заслужува да се споменат имињата на двајца активисти. Стојан Димовски и Ристо Јошев кои по издржувањето на казната во Касандра беа ослободени. И на 23 април 1947 година беа повторно земени поради активноста за прибирање материјали за анкетната комисија. По заминувањето на комисијата од Грција, во Лерин им се судеше на 40 Македонци и Грци од кој 22 од нив беа осудени на смрт.
Меѓу нив Ристо Јошев, Стојан Димовски од Попли, лекарот Јоанидис од Лерин, секретар на Окуржниот комитет на ЕАМ, и други, а на 27 јули казната беше извршена.
За време на престојот на комисијата на ОН во Грција теророт во М. Преспа не престана, дури тој уште повеќе се зголеми.
На 24 март 1947 година во 2 часот ноќта војската го заобиколи Роби. Жандарми и шпиони за време од 1 час, од постела зедоа
26 мажи и 6 девојки. На мостот од реката чекаше камион, и како луѓето ги носеа, така ги пикаа со туркање како говеда во камионот, ги одведоа во Попли и ги затворија во една плевна.
Во плевната побеснет влезе началникот на жандармеријата Сарандопулос, и почна да вика: “Охранити, Охранити”, да пцуе мајки, шајки, ристоси и богоројци. Да вика: Сите ќе ве убијам, куќите ќе ви ги запалам, сите во нив ќе ве изгорам.
Несмасните заби му штракаа, косата му беше разбушавена, и повеќе личеше на животно отколку на човек. Другиот ден ги викаше кај себе, и неговите луѓе ги направија еден со друг да не можат да се препознаат.
По 10 дена ги испрати во затворот во Лерин, каде судиите од воениот суд им досудија строг затвор до 10 години.
На исти начин на 17 април од Герман се земени 30 мажи и 6 жени. Со тоа на населението сакаа да му го скршат духот и верата во победа, да го намалат бројот на луѓето за активно учество во партизаните, како и помош за партизаните. Луѓе од оваа група ги обвинуваа за активно учество во прибирање материјали за анкетната комисија.
Партизаните имаа доволно сили да ја ослободат М. Преспа.
Населението беше спремно и готово да им помогне. Главниот пат од Лерин за М. Преспа долг околу 65 км секогаш беше под контрола на партизаните. Преку овој пат владината војска и жандармеријата се снабдуваа со засилување и опрема. За да се донесат овие работи 1-2 камиони не можеа да стигнат до М.
Преспа, и затоа тие секогаш одеа во колони и придружени со војска за да ги чува.
На 10 мај 1947 година партизаните ја нападнаа жандармериската станица во Лок. По неколку-часовна лута борба станицата падна во рацете на партизаните. Од оваа борба живи останаа двајца жандарми. Тие, додека траеше борбата успеаја да се скријат во една кочина и кога се смири ситуацијата се извлекоа од селото, влегоа во трските од езерото, со цапање низ водата по трските излегоа во Граишта и оттаму искиснати до гуша стигнаа во жандармериската станица кај Сарандопулос во Попли. За овој успех на партизаните имаат заслуга и селата Лок, Буковик, Оровник, а најголем с. Бесфина, каде во ова планинско село партизаните секогаш имаа засолниште и можеа да се подготват.
На владината војска двајцата преживеани жандарми и внесоа голем страв, а тоа може да се види и од тоа што по неколку дена Сарандопулос го напушти Попли и замина за Лерин. Од војската во с. Орово дезертираа 8 војници и преминаа во партизани. Офицерите исплашени за да не им побегнат и други војници донесоа одлука сета војска и жандарми стационирани во неколку села во М. Преспа да се соберат во Роби. Во Роби дојдоа сите бегалци и шпиони најблиските соработници на Гизас и Сарандопулос поради сигурност.
Во Роби војската ископа ровови, на поедини места направи бункери и селото го утврдија. Чекаа силен напад од партизаните. Како што патот и врските со Лерин им беа пресечени, зашто беа под контрола на партизаните, војниците меѓусебе почнаа да се шушкаат и да не им веруваат на офицерите. Една група од 10 војници од Роби избега и се предаде кај партизаните. Тие уште повеќе им го нарушија спокојството и довербата во војската. Вооружените банди бегалци се чувствуаа сосема несигурни. Партизаните им се заканија дека Роби ќе го земат. На Гизас орловските канџи му се распаднаа и сега не претставуваше ништо. Војници и дел од офицерите го презираа за злосторите што ги правеше. Тој чувствувајќи се несигурен, за да не падне во рацете на партизаните пребега во Лерин.
Војската по рововите дежураше дење и ноќе и во секој момент очекуваше напад. Бидејќи партизаните не ги напаѓаа, тие уште повеќе се плашеа. Сметаа дека партизаните спремаат голема акција со голем број борци и силно оружје. Положбата беше многу влошена и напната. Некои бараа пријатели за да ги спасат во пресудниот момент, на 25 мај без да пукне пушка, се построија во голема колона и сите заедно војска, жандарми, бегалци, како и некои шпиони заедно со фамилиите и покуќнината, натоварени на запрежни коли ја напуштија М.
Преспа и заминаа за Лерин. М. Преспа беше слободна.
Кога колоната го премина големиот завој од патот на Бигла за Лерин, партизаните ја нападнаа војската, таа се повлекуваше и беше разбиена. Во Лерин се вршеа подготовки за одбрана на градот. Спрема кажувањата на луѓе кои со колите беа присилно земени за да им ја носат покуќнината на бегалците, градот очекуваше силен напад од партизаните. Во борбата на Бигла беше убиен Јоше Стамков од Роби, присилно земен. Другиот ден во Роби се изврши закопот на кој беа присутни партизани и голем број селани од М. Преспа.
МАЛА ПРЕСПА СЛОБОДНА ТЕРИТОРИЈА НА ПАРТИЗАНИТЕ Владината војска и жандармите ја напуштија М. Преспа и таа пак стана слободна територија на партизаните. Преспанското население ги прими своите синови партизани и заедно со нив се вклучи во борбата. Организациите НОФ и АФЖ, беа формирани тајно уште за престојот на владината војска, и сега раководствата се пополнуваа со нови членови, со оние кои беа земени од затворите. Мажите сега се вклучија во новата земјоделска партија АКЕ. За оваа цел во М. Преспа дојде членот на Извршното биро и заменик на претседателот на АКЕ Папус, кој во М. Преспа ги оформи и првите задруги преку кои се вршеше снабдувањето на партизаните со храна и облека, и обратно, населението со некои најнеопходни артикли како сол, шеќер и друго. Претседател на овие задруги беше Герман Велјанички, а јас негов заменик.
По 10 дена, штом се средија сите овие работи се отпочна со прибирање храна и облека за партизаните. Така секој ден се товареа коли, коњи и магариња со храна и облека и сето тоа се носеше кај партизаните.
На 18 јуни 1947 година се товарија неколку коли со жито и грав за да го однесат во Брезница. На враќање колите одеа во колона и беа забележани од авиони кои надлетуваа барајќи да откријат партизански позиции. Колите беа нападнати од авионите и го убија Трајан Ѓоргиевски од Роби стар на 65 години, а беа убиени и ранети неколку волови.
МОБИЛИЗАЦИЈА НА НАСЕЛЕНИЕТО ЗА РЕДОВИТЕ НА ДАГ И ДРУГИ ПОМОШНИ РАБОТИ Во втората половина на јуни со наредба на врховната команда на ДАГ, беа мобилизирани сите младинци од 18-25 години и се вклучија во редовите на ДАГ. Во месец август, исто со наредба на врховната команда на ДАГ беа мобилизирани мажите до 35 години и девојките од 17-25 години. Така во месеците јули и август од М. Преспа во партизани преминаа преку 850 мажи и 400 жени и девојки. Ако ги додадиме уште 100 кои отпорано имаа земено оружје, оваа бројка вкупно би изнесувала 1350 вооружени партизани борци на ДАГ. Односно повеќе од 20% од вкупното население во М. Преспа.
Во затворите и логорите во Грција се наоѓаа околу 400 Македонци, мажи и жени. Вредно е да се споменат и големиот број луѓе кои вршеа помошни работи во позадината. Интересно е да се земе во предвид дека во ова време вкупниот број на партизани на ДАГ изнесуваше 10.000 борци.
Со ослободувањето на М. Преспа за началник на безбедноста беше поставен некој си Тесалос, Грк од областа на Тесалија. Тој му припаѓаше на врховната команда на ДАГ. Неговиот однос спрема Македонците беше чуден, што на Македонците им внесе ново сомневање и вознемиреност, за намерите на грчкото раководство кон Македонците иако официјалните прокламации беа поинакви. По еден месец откако ја зеде должноста началник на безбедноста тој го уби Мијана Стерјов од Рудари и Риста Каптелов од Стрково, божем наклонети кон владиниот режим, иако тоа никогаш не беше докажано.
Организацијата НОФ имаше преземено учебната 1947 година да отпочне со македонска настава. За тоа веќе 20 македонски учители во Герман од 1-20 ноември го имаа завршено курсот за македонска настава. Тесалос околу себе присобра покрај бегалци и група селани од Роби и Герман и ги наговори да побараат од ДАГ покрај макеноската настава да се внесе и грчка. На овие луѓе тој им велеше: - Ако ги пуштите децата во македонското училиште ќе ви останат будали. Есента по селата од М. Преспа се воведе само македонска настава. Тесалос по интервенција на НОФ беше сменет.
Во 1947 год. ДАГ имаше преземено широка акција против владината војска и жандармерија. Сега силите на ДАГ се покачија од 10.000 борци во април на 25.000 борци во почетокот на септември, од кои 7.800 борци во Западна Македонија. Тоа сведочи дека оваа толку голема разлика е пополнета со Македонци од Западна Македонија и М. Преспа.
Тогаш беше преземена акција за заземање на градовите Гребен, Комотини, Коница, Мечово, како и други поголеми села.
Поголемиот број од учесниците партизани во оваа акција беа Македонци. Во овие крвави борби загинаа голем број партизани. Само во нападот на Коница загинаа 650 борци. Така во М. Преспа почнаа да пристигаат и првите црни вести за убиените партизани од Преспа.
Во октомври 1947 год. по селата со гласање беа избрани нови народни одбори кои власта ја презедоа во свои раце и сите работи се вршеа преку нив. Во Роби за претседател на НО бев избран јас.
По преземената акција на ДАГ владиниот режим ги протера сите фамилии од селата во Западна Македонија на кои синовите и ќерките што им беа во партизаните и ги запленија нивните имоти. Покуќнината ја разнесоа нивните владини платеници.
Во месеците ноември и декември, во М. Преспа дојдоа преку 200 од овие фамилии со стари мажи, жени и деца, се сместија во селата Попли, Роби и Герман.
ФОРМИРАЊЕ НА ПАРТИЗАНСКА ПРИВРЕМЕНА ВЛАДА На 23 декември 1947 год. се формира партизанска привремена влада на Грција. Два дена подоцна на 25 декември селото Роби се пресели во Герман. Снег до колена, студ наоколу. Селаните не знаејќи ја причината за преселувањето не сакаа да се преселат, затоа што со нив требаше да ги селат и своите фамилии, да ги земат овците, воловите и храна за нив. За ова преселување во Роби дојде самиот генерал Маркос, командант на вооружените сили на ДАГ. Тој нареди селото да се сели и така во зима со снег до колена селото се исели во Герман.
Наредниот ден во Роби се смести академијата за офицери на ДАГ, школото за подофицери и школото за припадници на народната милиција. Во Попли се смести Народниот одбор за околија Лерин и Одборот за земјоделските задруги, исто за околија Лерин. Раководството на привремената влада се смести во Винени. Во Граждено и во Нивици се оформија болници. На пролетта 1948 год. во Винени се смести Централниот комитет на КП на Грција а подоцна и главниот штаб на ДАГ. М. Преспа стана престолнина на ДАГ и привремената влада на Грција. За оваа цел во М. Преспа се направија големи скривалишта за кои се употребија трупци од тополите, се исекоа сите тополи кои одговараа за оваа намена.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/prespa-vo-plamen-i-chad/5 le 29 octobre 2026