Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Prespa in Flames and Smoke

МАЛА ПРЕСПА ПОД ТУРСКО РОПСТВО - Part 03

Par Коста Мундушев · Partie 13 sur 17 · Environ 25 minutes

Lire en English

На Крстовден имаше слава, мажите од селото му идеа на визита за славата и името. Дафина сама беше домаќинка и гостите и пријателите што идеа на визита сама ги пречекуваше и ги испраќаше. За ручок Крстин задржа повеќе гости, од кои Најдо Босилков, Секула Кожоски, попот и Огнен. На софрата Крстин имаше поставено богати јадења, од кои и печени мрши (* Месо печено од овца, прасе.), а Дафина гостите ги служеше од убаво- најубаво. Огнен прв пат ја виде софрата на Крстина и му стана чудно. Ебаго мајката, си рече, надвор луѓето ги пулиш и од нивните алишта нема да фати куче, а ваму ти редат трпеза и од пиле млеко. И од Дафина очите не му се оттргнуваа. Ќе ја побарам за снаа, за сина ми Ѓорѓија. Што ако е Крстин сиромав, а јас богат, кога Огненица моја таква трпеза не може да нареди.

Ќе има луѓе што ќе речат: види Огнен со кого стана сват. Нека речат. Јас цвеќето ќе го земам, коренот ќе го оставам, стига во куќата ќе кладам невеста алтан, па кој ќе ја види ќе речи:

Бравос на Огнена, го жена синот, ама во куќата кладе невеста и пол. Се намисли малку и си рече: Мајката, добро е да земам невеста од богата куќа, чорбаџија како мене, и двајцата со сватот ќе се погодиме бара-бар. Ама тогаш ќе треба да правам големи арџој, и тоа многу ќе ме чини. Тој нема да биди како Крстина, под дваесет лири не ми ја дава тој мене чупата, ами другите арџој? Тоа е многу. Со Крстина колај ќе поминам.

Најпосле, што има Крстин да ми бара пари? Тој треба мене да ми дај, а не јас нему. Зар малу е тоа што ќе ја клам ќерка му со Огненица под сенка да седи и нема да ја печи сонцето и да и се пришти устата од водата од ендеците. Чекај Огнене, не е тоа така, треба да си напрајш есап.

Мислите му ги прекина Секула, кога го крена грнето со вино и рече:

- Ајде, Огнене, земи да се напиеме, не му се мисли пустињата.

Јади да јадиме, на Крстина да му се плодат овците и по две да му родват – близначки, да има за вгодина кога пак ќе му дојдиме.

- Да дојдите, да дојдите, - одврати Крстин, - за тоа се тие, за јадење на такви денови.

Секула, од печената мрша ја одвои опашката и му ја даде на попот, на Огнена му даде плешка и со ред на другите им даде големи парчиња месо.

- Ние сиромасите така ни е убаво, продолжи Секула, да си се собериме и сите заедно да се најајме и да се напиеме и го наткрена грнето со вино, а вие, да речам зенгините, и се заврти кај Огнена, одма ќе го земите калемот и ќе направите есап. Току и току чини мршата, току виното и ракијата, току другите работи и сето тоа ќе ви се види скапо и ќе седите со жените затворени дома. А ние не знаеме да правиме есап, ќе влезиме во крдарот, и која овца е најјака неа ќе ја заколиме, и ги рашири рацете. И вака на трпезата и раќијата и виното не ги мериме, дури што има во бочката ќе пиеме, празниците си ги чуваме и си ги споменваме, обичаите си ги праеме и се знаеме дека сме Македонци.

- Блосоен да ми си, Секула, рече попот и загриза од месото од опашката, така се држи вера, така се држи нација. Тебе, Огнене, никогаш не сум те видел како сега со нашите да седиш и да се собериш.

- Отсега ќе се берам попче.

- Да се бериш и во црква да грејш, само Огненица ја пуљам во црквата, тебе никогаш не можам да те видам, отсем на Божик и Велигден. Појќе те пулам со бегот и со неговите сејмени.

Огнен се засрами малку.

На Поклади во црквата имаше многу мажи и жени од селото.

До псалтирот беше застанат Крстин и пееше. До него и покачен на столче Спиро на попот Лука мрмореше, и од време на време ќе подвикнеше со несмасен глас. Огнен и тој дошол во црквата, беше обуен во високи скорни и на него облечен новиот ќурк, и седеше во столот до псалтирот, и од време на време и тој ќе смрмореше покрај Крстина. Попот Лука на овој бележит ден ја облекол новата антерија, а преку гуша го фрлил новиот петрахил. Тој, попот Лука, ги пееше сите псалми, тропари и апостоли, ама не знаеше да пишува, и кога требаше да се потпиши клаваше крвче. Па и пеењето многу – многу не му одеше, тој си пееше пополека, ама саламски, и луѓето во црквата ги држеше со саати. Јас, велеше тој, ништо не изоставам и се ќе си испеам. Сето тоа ет напишано за севишниот и јас ќе го испејам и тој да го чуе. Попот помина со потирот и сите се прекрстија. Питропот ја затресе темјалницата (* Кадилницата.), од неа излезе чад, жените се наведнаа да помирисаат од темјанот, мажите потслегоа од столовите, и му се поклонија на попот, Огнен се наведна до земјата.

До попаѓата седеше Секулица Кожоска и на глас на попаѓата и рече:

- Попаѓе, жено, Спиро твој јет што пеј со Крстина?

- Тој е, одврати попаѓата.

Машала, жено, детето пораснало, сега да си го жениш.

- Ќе си го женам, ама се мислам која чупа да ја земам. Многу чупи ми даваат, ама јас одбервам. Оти детето ќе го пуштиме во Орид да стани поп, на невестата да биди убава, како за попаѓа.

- Така е, жено, така е, да си одбериш како за попска куќа, елбети, таја треба да биди убава, попаѓа ќе биди како ти што си убава.

- Секулице, прау да ти кажам и детето ми чини, јас не го фаљам како Огненица што го фали Ѓорѓија, мојот Спиро и дома само пее, ќе се затвори во одајата, пред него ќе ја земи еванѓелијата и само да му го чујеш гласот ко клаподан, поубав, дури и од татко му. Ене го, го слушам, од Крстина поубаво пее. И попот, жено, многу ми го учи, ама и многу ми го кара. Немој току да ми го караш детето, му велам, ми се чини детето од карање не можи да ми порасни. Попот ми вели: Остај го детето на мене, јас знам како треба да изгледа попско дете.

- Што не си ја земиш Дафина на Крстина Нивички? Што чупа јет, блазе каде ќе влезит. Ако ти је мало детето ќе ти пораснит, попот кога растеше таков беше, ама ене го сега, устрелот не го фрка.

Зад попаѓата седеа Огненица, Нелкојца и Златејца, и жените зборуваа на цел глас.

- Жено, Огненице, рече Златејца, Спиро на попот ти пеел со Крстина. Слушајте го што убаво пее, поубаво од татко му.

- Сега попот ќе го пушти во Орид, и тој поп да стани како него, додаде Нелкојца. Тоа си оди по колено: татко му поп и син му поп, попството си јет наследство.

- Да не ми падни за фалба, ама Спиро на мојот Ѓорѓија не можи на малото прсте да му се фатит, увредена и на цел глас, за да чуе и попаѓата и другите жени до неа, рече Огненица. – Ѓорѓија мој, златен на мајка, многу ми јет умен. Секоја вечер со татко му дури ношја седат над тефтерот и пишат-бришат и само есапи прават. Што ми је умен, многу ми јет умен. Татко му го штука и збор не му одвелва. Му велам на Огнена: многу ни јет умно детето, само како ќе не служи среќата, дали ќе си погодиме невеста како што сакам јас. Прау да ти кажам сон не ме фатва од кедер.

- Е, мори жено, кедер велите берите вие богатите, што Ви дават чупи од секаде, затоа што сакаш да одберваш. Кој ќе ги земи нашите, што сме сиромаси?

- Не се прави со сила будала, се вмеша Златејца и ја потупна со лактот Нелкојца. И на нашите касметот му седи, и ушче поарно ќе се наместат од кај Огнена и од кај попот. Нека ми је жива Менка, ако и е писано да го земи Ѓорѓија на Огненица и Спира на попаѓата, поарно да се отпиши и дома нека ми седи. Злате има нивје нека работи и нека јади, јас чупата моја не ја мажам како Огненица и попаѓата што зедоа мажи за богатство. Ако и дадам маж ќе и дадам маж и кога со него ќе излези да и личи, а не како Спира и Ѓорѓија, како пупурници. И Огнен со таим (* Таин, турц. следување.) да им дава леб. Мојата ет учена ко кобила везден да џвака. Кој ти се постра на чупата твоја, со трн да замавнам ко Менка сто ќе соберам.

Сите главјето (** Главјето – главите.) ги свртија кај жените кои викаа на висок глас. Секула се развика:

- Што ет ова, црква али пазар? Ако сакате да ги жените и да ги мажите децата одете си дома, а нас остајте не да чујеме што пејат луѓето.

- Е, не можам јас, и рече Најдојца на Сребрејца, кои беа застанати зад попаѓата и Огненица. Не можам да се прчам како нив. Никола мој, ене го на мегдан ет, и Ѓорѓија и Спира во устата ги зема и на ридот ги носи. Нака го фалат другите, јас не го фалам. Ми гредат стројници, од каде не ми гредат. На сите нака му се живи, никоја не кудам. Сите си се добри, ама јас сега не го женам. И ко Огненица не прам, во црквата сите да ја слушат.

- Не знам, жено не знам, како можат току да се фалат. Па што ги фалат и мажите? Тие не се мажи за фалење. Јас имав маж и чинеше колку сите мажи од селото, ама кога не ми бил касмет.

Нити јас не бев како Огненица, и сега Огнен да ми се заканува оти ќе ми ги пушчел сејмените на бегот. Нека и ги пушчи сејмените на жена му, а не мене.

- Како тоа, мори пуста, зошто да ти ги пуштел сејмените? Што му стори ти на Огнена.

- Ништо не му сторив, ама кога ќе останиш откриена како мене, секој од тебе ќе сака да гофни. Да ти кажам, од тебе не кријам:

Бев во дуќанот кај Огнена, ојдов да земам масло и шеќер, во дуќанот бевме сами и тој почна да ми се преправа. Ми дојде до мене и ја да ме фати. Да го фати лошо за најмилото. И песот крастав ми вели: та си била вдојца, та си била убава, најубава од сите жени, како Огненица да јет подолна од мене, и што друго не ми рече и ја пушти раката да ме фати. Јас го турнав и му реков: Не ти фтасва Огненица, убава, преубава, штом си сакал убава. Ама тој решил и ме чекал и веднаш го кладе лостот на вратата и ми се закани дека ќе ми ги пушти сејмените и, да ти кажам прау Најдојце, видов не видов му застанав. И сега ми јет влезен страв да не сум трудна. Што ќе чинам, жено, уште тоа да ме најди. Ете така тоа мусо магаре, па на попот му се поклонува доземи. Го виде како му се поклони?

- Ко ти велев да се мажиш, да си го земиш Крстина, тогаш ти одберваше. Не а мазни Крстин, перката ко Сребрета, ене го дека пее на псалтирот, само гласот му чини за све.

- Најдојце, не е така, Крстин не сакаше да се женит. Јас и сега да го земам Крстина. Мене ми рекоа и други за оваа работа, ама Крстин рече: јас не се женам, на севдата со Петра и на венчанијата не му газам. А и попот, да ти кажам, не е поарен од Огнена.

- Шо му остана работата, одврати Најдојца. По цел ден седат и тие работи ги бркаат.

- Да ти кажам за попот и тој ми направи ко Огнена. Дојде дома да крсти вода. Секогаш, мори жено, ќе крстеше вода и ќе си одеше, сега што му текна, ме попрска со босилекот и јас му бацив рака како секогаш, и тој ме фати за рака. Попче, попче, му реков, поубава је попаѓата од мене. Ако, ми вели, ти ми се бендисваш, и јас ни две ни три му се опсукав: Ако си дојден да крстиш вода, крсти и оди си, оти сега ќе се развикам и сите комши ќе се соберат. Да видиш ти попот, дали тој јет попот.

Аман Сребрејце, заман Сребрејце, да не ми го сториш тоа оти да одам во Езерото да се фрлам. А јас порано, знаеш, поп човек кога ќе ти дојди во куќата сум го држела и за ручок.

Проскурник сум печела во црепна и кокошка сум фатвала, и ете што сакал тој да ми напрае. А сега ќе дојди на брзина ќе спее, ќе ги попрска стисојте и ќе излези. Не сака пари да му фрлам во котлето.

- Да ти кажам прау, Сребрејце, не му имам зилје, нити на Огненица, нити на попаѓата, па нити на парите што ги имат, да му се посерам во нив. Вистина сне сиромаси, ама Најдо мој ми јет, чесен пречесен. И Сребре таков ми беше, за тоа тој око не вртеше.

Секула пак се развика и рече:

- Ќе ве истерам надвор од црквата. Црквата ја направивте пазар.

Ако грејте тука седете како луѓе, ако не, не гредејте.

Попаѓата дојде од црква фуркосана, и од лутина целата се тресеше и се зави во ложникот. Попот и тој дојде, ја виде попаѓата завиткана во ложникот, се доближа до неа и ја опита:

- Да не те почудија во црквата?!

Таа не зборуваше. Попот ја кладе раката на челото да види да не има оган, попаѓата му ја отфрли раката и пак се покри со ложникот. Попот се замисли малку и рече:

- Почудена си, ќе треба да ти испејам некоја молитва и ќе ти помини. Попаѓата потстана од ложникот и му се опсука:

- Да му пејш ти на оние што ги печат проскурници и ти фатват кокошки, а не мене.

- Досега попаѓе таквие работи не си ми рекла, јас сум поп-чоек, одам по сите куќи по селото, елбети, некогаш и ќе останам и за ручок. Луѓето ме честат и како да ги одбијам, службата ми је таква.

- Арно ми велеше татко ми, ама јас не си го послушав, попаѓа сакав да бидам, тој убаво ми велеше и така било: еднаш во неделата ќе одиш црква, и другите дена ќе седиш и еднаш во месецот со котлето ќе поминиш по куќите, ќе попрскаш, и што праеш друго? Да не те опра работата. Кажи ми дали си спотнал некогаш? Селаните готово вршено, сеено, во амбарот житото ќе ти го донесат, и ми одиш во црквата и на луѓето му пејш, така да прајте, вака да прајте, а самиот не го прајш. А јас црна, нака црнејам дома. Срцето ми са кини кога ги пуљам моите врснички како си одат на работа, заедно со своите мажи, и тије му се чесни пречесни дури зилје да му имаш. А ти се ујдиса со Огнена и си ги менвате ороспијте, и фали ми се мене: литургија ти носам, под сенка те клаов да седиш. Никој за јадење досега не умрел, па нити од сонцето изгорел. Ене го татко ми, не ет поп, ама каков домаќин ет, па и другите сељани не се попој, и сите живејат, никој досега не ви дојде со Огнена на портата да ви бара леб.

Огненица и таја дојде дома фуркосана. Ги отвори вратите од одајте, и се претеруваше од одаја во одаја. Место не ја береше, чекаше да дојде Огнен. Огнен дома си дојде доцна. Ја отвори вратата и Огненица, која беше надуена од бес, и нестрпливо го чекаше за да му се нафрли и да се ослободи, од бесот, поради зборовите што ги чу денес во црквата од Грозда, па и од другите жени, таа уште веднаш му се опсука како некоја стрвница:

- Зошто ти мене тука ме донесе: за алајка, само гашчите да ти ги перам. Од каков домаќин сум јас и каквие момчиња мене ме сакаа, ти добро го знаеш. А те зедов тебе за црн оган не чиниш.

А сега Најдојца да се фали: сиромаси сне, ама Најдо кога ни е чесен пречесен ми ет. А ти си се ујдисал со попот и би глејте по ороспијте, да дај господ да не се вратиш дома. Да се поарни тије од мене не ми јет мака, ама одиш кај една никаква што не прам кабул на улица да ја сретнам, и уште ми гредиш дома. Досега те имав за маж, отсега немој појќе да ми се доближиш до мене. На таква жена што имаш како мене си кандисал да одиш по ороспиите. А мори будала, јас што те држам тебе, какви мажи има во селото да ти је мерак да ги пулиш, не сакам на татко ми да му ја црнам сендрата. Ами за тебе и јас како тебе да тргнам по тие патишта, па тогаш да видиш како било горко. Ќе штукам јас татко, пули каде има софра, како другите да не јадат на софра, ама тогаш јас не знаев дека софрата не се клава во постела, во постелата треба маж што ќе те сака и што ќе го сакаш. Кај мене појќе немој да ми грејш, таму кај си го копаше виделото, таму да му одиш, тие да ти прават ручок, вечера и гаштите да му ги дајш да ти ги исперат. И со раката му стори:

Немој, немој, појќе да ми грејш. И се затвори во одајата.

Огнен сосила ја отвори вратата. Вратата силно ропна на ѕидот и тој влезе во одајата кај Огненица. Огнен вџашен и фуркосан од односот на жена си, и со глас што сакаше да ја покори и рече:

- Што ти јет мори жено, зар и ти имаш од мене да се пожалиш?

Шо те кладов да седиш, да јадиш и да пијеш, и од добро седење те фатва бес.

- Мене бес ме фатва? Да те фати и да те не пушти. Ти си збеснал со парите и не знајш шо прајш. Само со тефтерот седиш, пари даваш, фајде бериш, и на селаните му ги земаш овците и воловите, ако некој не можи на време да ти ги врати парите. И тие нека ни го колнат детето. А сега се фати и по ороспиите.

- Ајде жено, тргни се оттука и не брбори многу, оти да не те удрам. Многу ми се мешаш во моите работи.

- Да не се мешам, аа-а-а? А жените нака зборват по црквите!

- Штукај ги ти шчо велат жените. Тие ќе ти дадат да јадиш, тие сакаат да не расилат, да не видат на лошо. Те кладов да седиш и да јадиш и да пијеш и уште не ти е арно. Оти не ги зеде тије шчо ги кажваш, туку ќе пиеше вода од ендеците и ќе гореше на сонцето ко гуштер.

- А ти многу убо ми напрај, ме кладе да седам и секој ден носи ми ги сејмените на бегот, да ми намигаат, и да не можам да ги изнапијам со ракија. А знајш да кажваш за софрата на Крстина Нивички: Таква софра не сум видел. Ми донесе ти некогаш некој гости чесни, та јас не сум ти ги пречекала.

Огнен се разлути, и раката ја крена да ја удри жена си и и рече:

- Бегај од пред мене, да не те пулам! Бегај оти ќе те удрам. И се втури по неа. Огненица исплашена за да не ја удри, се затвори во другата одаја. – Бре, будала жена, ми се меѓа во мојте работи и та тера со сила да ја удриш.

Крстин Нивички и Најдо Босилков беа пријатели.

Пријателството кое ги сврза уште кога двајцата заедно беа на бичкија во Мора, тије го чуваја. Кога на Крстина му умре Крстиница, тогаш Најдојца многу му се најде, и Крстин велеше дека на Најдојца нема никогаш да и го заборави. Како често пати овие две фамилии беа заедно, често пати и нивјето заедно ги работеа. Ако Крстин одеше за дрва во планина, ќе набереше и за магарето на Најда. Ако пак најдо одеше на нива да ора, ќе ја изораше и нивата на Крстина, и не се прегледуваа, кој поголема работа ќе сврши. Оваа близина на двете фамилии се одрази и помеѓу синот на Најда Никола и ќерката на Крстина.

Отпрвин, кога децата беа мали, помеѓу нив имаше пријателство и другарство. Подоцна, кога тие пораснаа поголеми, се засакаа и помеѓу нив се појави љубов. Нивната љубов одден-наден стануваше посилна и посилна и тие ќе се земат. Ама Менка и Стојанка не мислеа така: тие секогаш гледаа да им напакостат и везден ги озборуваа. Никола и Дафина се заколнаа да се земат и пред нивната љубов никој пречка не ќе излези.

Најдојца ги пулеше младите дека се сакаат и како да ја фаќаше страв, како нешто да и се претскажуваше дека оваа искрена љубов на чистите млади срца не ќе има добар крај и затоа таа на Најда му велеше:

- Ајде да му ја побараме за Никола Дафина, оти чупата је убава и колку расте поубава станува. Подобро да си ја земиме сега, дури што је помала, оти подоцна и други ќе ја барат.

Најдо не можеше да ги гледа работите како што ги гледаше Најдојца. Најдо не сакаше девојката да ја бара, кога Крстин уште не го оженил Петрета, кој е поголем од неа. Тој на Најдојца и велеше:

- Нака го жени Крстин Петрета, нака донесат дома невеста, да има кој да му прај измет на луѓето, та после ќе прајме муабет за Дафина.

Крстин се посвати со Секула Кожоски и за сина му Петрета ја зеде Фанија на Секула. На свадбата му беше дојдено цело село, меѓу нив попот со попаѓата и синот Спиро, Огнен со Огненица и синот Ѓорѓија. Најдо со Најдојца и Никола беа дојдени еден ден порано и помагаа за многу работи. Најдојца лупеше компири и кромид и им помагаше на готвачите. На вечерта имаше голема веселба и во дворот во орото се фати Дафина, а до неа и Никола. Најдојца со кромидот недоолупен, со ножот во рацете и со футата испадната меѓу нозе, се втруи да ги види младите и очите со другата рака ги триеше од лутината од кромидот.

- А мори, и пукнало пердето на оваа, важната – и рече Стојанка на Менка. Уште не се ни свршени и види ги, заедно во орото.

Кај се мајките да ја видат. На изедоја, да се знае: Дафина вака, Дафина така, и стројници му гредат од секаде. Ене ја, ќе го земи Никола и нејзе како нас ќе и се пришти устата и ќе гори на сонцето.

По вечерата во орото се фатија зетот, невестата, до нив Дафина и други. Гостите со ред на гајдаџиите им лепеа пари. Огненица го дупна Огнена и тој да плати. Огнен почна да се бара во џамаданот и никако од него да извади пари. Огненица ја фати срам, се заврти, од џепот го изваде мушаменото ќесе и на гајдаџиите му залепи еден меџит. Попаѓата и таа плати.

На одење на гостите невестата на сите им даде дарови. На Огнена на рамо му фрли чорапи, Огнен пак ги пикна рацете во џамаданот и одвај од него изваде еден грош. Огненица пак го изваде мушаменото ќесе и на невестата и зетот им даде по меџит, а на Дафина лира. Огнен смрмори нешто, Огненица му стори ишарет и тој замолча. На другиот ден по свадбата, уште од сабајле жените ги кладоа котлите на реката и ги запалија огништата за да ги исперат алиштата. И уште рацете не ги брцнале во водата, околу Најдојца се собраа Нелкојца, Златејца и Грозда. Најдојца на жените почна да им раскажува за свадбата и невестата како донесла многу дарој, и како била многу умна и домаќинка.

- Многу руво донесе, - продолжи Најдојца. Кога го спремила, кога ги навезла току кошули, да ги видите како со рака да не се фатени.

- И јас готово го имам рувото за мојата се вмеша Нелкојца, се ми је стокмено, уште на коњот да ја качам Стојанка.

- И јас готово го имам, додаде Златејца.

Најдојца разговорот го префрли за себе:

- И јас сега ќе си го женам Никола, тие со Петрета во една вода се крстени.

- И јас мојата ќе ја мажам, појќе не ја држам, упадна Нелкојца.

Нелко ми вели, женско чедо си дојде на времето, извај го од куќата, тоа јет смрдено месо.

- Така е, Нелкојце, и Злате така ми вели, и јас мојата не ја држам. Шчом се најде прва прилика одма ја давам. Ама мојата блазе каде ќе оди, куќата ќе му ја отвори. – И мојата таква је, блазе каде ќе влези, све знае да работи, и домашна и полска работа, и гости ќе ти пречека, се ќе ти стори. Јазикот и е троа долг, ама лутиот коњ го вади враот.

- Јас мојот не го фалам како што ги фалат другите, мојот на мегдан јет и сите го пулат. Јас не можам како Огненица и попаѓата да се прчам во црквата. Никола мој, златен на мајка, касметот му седи. Сосила невеста не му давам, која си ја сака тој, неја нека си ја земи.

Грозда за цело време што зборуваа жените стрпливо ги слушаше. Се доближа до Најдојца, ја фати под рака, ја тргна настрана и и рече:

- Жено, Најдојце, штрукнав дека ќе си ја земела Дафина за Никола. Е, мори Најдојце, само тоа да можиш да го сториш, да испукат и попаѓата и Огненица, оти многу се прчат.

- Прау да ти кажам, Гроздо, ќе си ја земам. Децата многу ми се севдосани и не ги делам од севдата. Ама да ти кажам сега не ја земам. Наесен ќе ја земам, оти Крстин сега многу се поарчи со свадбата на Петрета.

Грозда набрзина ги испра алиштата, ги однесе дома, ги спростре на јажето и со трчање отиде кај Огненица. Огненица ја виде Грозда и се вџаши. Ама Грозда веднаш се снајде и и рече:

- Жено, ќе ти кажам многу важна работа. Денес на реката од Најдојца разбрав дека за Никола ќе ја земала Дафина и се им било готово, ама Крстин многу се поарчил со свадбата на Петрета и ќе причекат до есен. Огненице, штукај да ти кажем, продолжи Грозда. Дафина не јет за куќата на Најдојца, таја јет за тебе, и вие двете ќе се погодите и само да ве пулат луѓето.

Вистина, Ѓорѓија ти је троа мал, ама ќе ти порасни, ќе си дојди во времето и ќе се стори.

- А мори Гроздо, сестро златна, од кога му велам на овој мојот будалата, ама тој има една глава сто секири не ја сечат. Ми са затворил во дуќанот и само со него се расправа. Ништо друго не му треба: тефтерот и сејмените на бегот. Е, прау, да ти кажам, мори Гроздо, ти умре Сребре, ама дури што ти беше жив поминавте, и сега што го немаш дека (* Каде) еден ти два. Ама јас црна шчо ако имам маж, тој не е маж, тоје ѕвер. Откако го зедов само синџири кинам! – И од очите и се стркалаа солзи. Го извади шамичето да ги избриши и со липање продолжи:

- И сега Најдојца да ја земи Дафина, дури сега кажи ми што да правам, во која матна да одам и да се давам.

- Слушај, Огненице, јас ќе ти свршам работа. Дури ме имаш ти мене шамијата турни ја на едно око. Сама ќе му одам кај Крстина. Дома ќе му одам и јас знаеш малку така малу вака, и се искрши пред Огненица. Со Крстина работата е сигурна, само ти кажав: тој со свадбата многу се поарчи. За тоа лесно, само ти пули да свршиш работа и Дафина да ја прекаилиме за Ѓорѓија.

Дафина дома ќе ти ја дојсам сама да си сториш муабет.

- Ако ти тоа ми го сториш, јас ќе ти платам колку си тешка.

Отиде во другата одаја, се врати и на Гозда и даде неколку златници и и рече: - Земи ги и кај треба давај.

Грозда излезе откај Огненица и прау отиде кај попаѓата.

Попаѓата се вџаши како и Огненица.

- Немав намера да дојдам, рече Грозда, ама на реката чув нешто и реков: на попаѓата ќе и кажам. И заедно влегоа во одајата.

Попаѓата и даде столче и Грозда седна среде одаја, а до неа седна и попаѓата.

- Денес на реката разбрав дека наесен Најдојца сигур за Никола ќе ја земела Дафина. А Огненица клашла луѓе, му дашла и пари да ја вртат Дафина за Ѓорѓија нејзин. И реков: Дафина не јет нити за Најдојца, нити за Огненица. Дафина јет за тебе. Чупата је растена без мајка, сираче, со тебе ќе си помини како со вистинска мајка и затоа дојдов да ти кажам.

- Сполајти многу, мори Гроздо, господ да ти дај со горје и планиње. Овој мојо, ако је поп, не ги знае овие работи.

Огненица имала пари та јас немам. Ако јет за пари колку пари ќе треба ќе дајме. Ако била работата за пари. Само да најме чојек да сврши работа.

- Јас, и се удри по градите Грозда. Дафина дома ќе ти ја дојсам и сама да си напрајш муабет, а за Крстина лесна работа. Сама ќе му одам дома. – И нејзе и се искрши, како и на Огненица.

Попаѓата се насмеа:

- Само ти, Гроздо, ако свршиш работа, на друг немам доверба.

И таа, како и Огненица, и даде неколку жолтици да и се најдат, Грозда да дава кај треба, а подоцна ќе даде и други.