Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Literature of Fact in Petre Nakovski's Novels (Master's Thesis)

5.4. „ГОЛЕМАТА ИЗМАМА“ - Part 01

Par Татјана Пеливанова · Partie 9 sur 14 · Environ 20 minutes

Lire en English

5.4. „ГОЛЕМАТА ИЗМАМА“

„...И не сака да помисли дека се скина конецот, дека се скрши разбојот, дека секнаа изворите и пресушија потоците...

Тогаш во ќошот место икона, пајак ќе ткае пајажина и над селото гавран со грачење ќе коби...

И боли, до сржта ќе боли ако врз калдрмата на тесните селски сокачиња врз кои послана е пепел и крш од урнатини

- одново не заоди и не легне човечка нога...“125 Романот „ Големата измама“ на Петре Наковски е објавен 2007 година и претставува продолжение на романот „ Големата удолница“. Во овој роман се расветлуваат мрачните епизоди на една неправедна, апсурдна и безумна војна.

Овој воен роман е сведоштво за настаните кои ја скроија судбината на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Насловот на романот е морничав и ја носи вистината за историската катастрофа, за изгубените и изневерените илузии, за отуѓувањето од родниот крај.

Слика 10. Насловна страница на романот „Големата измама“ 125 Петре Наковски: Големата измама. -Скопје: Макавеј, 2007, стр. 37 Дејството во романот е сместено во временска рамка, го опфаќа периодот од август 1948 година до август 1949 година и е книжевен хронотоп, бидејќи претставува целина од простор, време, лик и приказна. Во него се испреплетува документот и уметничкото раскажување и се изнесени детали за тогашната воена, политичка, социолошка и психолошка состојба на населението и на борците на ДАГ.

И овој роман е типичен претставник на литературата на фактот и е литературен отслик на Граѓанската војна, фактографија за уништување на семејството, за откорнувањето и за раселувањето, за вистината за катастрофалната судбината на македонското население.

За ова Јулија Кристева, во делото „ Токати и фуги на другоста“ ќе напише:

„Колку што политичките и воените катаклизми се ужаснувачки и го предизвикуваат умот со монструозноста и силата на нивното уништување, толку и разнишувањето на психичкиот идентитет, чиј интензитет не е помалку жесток, останува тежок за поимање“.126 Во делото авторот хронолошки ги следи настаните кои оставиле траен белег по битките на Грамос и на Вичо.

Во содржинското јадро се обработуваат следните настани:

• Посета на родното место и потсетување на минатото

• Мобилизација на населението од Костурско за носење ранети, копање ровови и градење бункери

• Историски моменти од активностите на ДАГ Романот започнува со изразито чувствителна слика на враќањето на Ѓорѓи во родното село за време на војната. Оваа слика на опустошено и раселено село и на урнисани куќи ја дава всушност вистинската слика на селата од костурскиот крај во последната година од Граѓанската војна во Грција. „Во горното маало немаше ниту една куќа. Стрчеа црни и полуурнати ѕидови. - Значи го гореа селото - помисли и исплука горчина“.127

126 Јулија Кристева: Токати и фуги на другоста. - Скопје: Темплум, 2003, стр.158 127 Петре Наковски: Големата измама. - Скопје: Макавеј, 2007, стр.10 При овој опис на селото авторот ги оддиплува спомените на Ѓорѓи за некогашниот селски живот, за семејството, за обичаите, за средбите, за радоста за новороденчето, за свадбите, за љубовта. Сето тоа е заменето со пустош, со осама, со болка, со безнадеж.

Слика 10. Разрушена куќа во с. Езерец Карактеристичен и особено впечатлив е описот на дабот кој се наоѓал на почетокот на селото:

Слика 11. Дабот се наоѓал во с. Езерец

„А на ридот, гол и испран од дождовите, со само три подигнати и испокасапени гранки и со стебло изрешетано од шрапнели, стои, тој - Д`МБОТ - нем сведок на времињата... Врз него како лишај е залепен молкот и болката на времињата... Стојат така двајцата - осаменици и така онемени и секој со своите натежнати години и со бремето на времето врз нив и со чемерот на небитието во нив“.128 Оваа слика на дабот – едно стебло и три гранки - е симбол на разделена Македонија. 129 Личната трагедија што ја доживува Ѓорѓи е всушност трагедија на еден народ

- македонскиот. Опустошеноста на селото остава неверојатно трагичен впечаток, сублимиран во прашањето:

„- Кој и зошто сево ова ни го стори?“.130 Во романот наоѓаме опис на мобилизацијата на населението од Костурско за копање ровови и градење бункери за одбрана на Вичо.

Слика 12. Жени носат трупци и камења за градење бункери

128 Исто, стр.14

129 Во личната архива на авторот е сочувана оригинална слика на опишаниот даб (Д`МБОТ)

130 Петре Наковски: Големата измама. - Скопје: Макавеј, 2007, стр. 39

„Цела ноќ со песни и извици на одушевеност низ Желево врвеше војска, мазги и коњи товарени со муниција. Зад нив и 380 жени од корештанските и преспанските села - мобилизирани за да носат ранети“.131 „ Дел од жените кои беа мобилизирани за да пренесуваат ранети од битката за Лерин беа задржани и сместени во земјанки ископани во големата и осојна букова шума меѓу Желево и Псодери. Ноќната смена, во која имаше најмногу жени, пак на рамо, трупците ги префрлуваа на голите ридови каде со други жени и мажи и со борци на ДАГ ги префрлуваа преку ископаните дупки. Ред трупци, ред камење и земја и се така накрсно до петтиот, шестиот, седмиот и осмиот ред“.132 Тие молчаливо го носеле товарот на нивните плеќи, под паролата: „Непријателот на Вичо нема да помине“!

Авторот мошне верно, доследно, документирано, ги опишува сите активности на ДАГ во1948 и во клучната 1949 година. Описите се базирани на авторовите широки познавања и истражувања на состојбите во тој временски период.

Во романот „ Големата измама“ настаните се хронолошки подредени и се поддржани со автентични текстови од разни резолуции, прогласи, повици, прокламации, писма, од кои голем дел се преведени од грчки јазик и можат да се проверат во официјално објавени материјали, исто така дел се наоѓаат во документи на Архивот на Република Македонија.133 Ова потврдува дека воениот (документарен)

роман „Големата измама“ содржи низа елементи од литературата на фактот, кои ќе бидат анализирани подолу во текстот.

Централен историски факт во романот „Големата измама“ кој се однесува на 1949 година и со кој романот е озаглавен со насловот „Големата измама“ исфрлува на површина два елементи: воена измама и политичка измама.

Воената измама е во паролата: „Непријателот на Вичо нема да помине!“ - со што било измамено населението и боречкиот состав дека ќе ја победат тукуречи 200 000 владина војска, вооружена (во тоа време) со најсовремено американско оружје.

131 Петре Наковски: Големата измама. - Скопје: Макавеј, 2007 стр.132 132 Исто, стр.167-168 133 Види: Егејска Македонија во НОБ 1949 година, том 6, Скопје, 1981 Вториот елемент на спомнатиот централен историски факт е Резолуцијата на Петтиот пленум на КПГ, која била отворена политичка измама со цел македонското население масовно да биде мобилизирано со ветување дека, Македонците во Егејска Македонија по победата на ДАГ ќе се здобијат со право на самоопределување.

Интегралниот текст на резолуцијата гласи:

„Во Северна Грција македонскиот ( славомакедонскиот) народ даде се` за борбата и се бори со сеопштиот хероизам и самопожртвуваност, со што предизвикува восхит. Не треба да постои никакво сомнение дека како резултат на победата на Демократската армија на Грција и на народната револуција, македонскиот народ ќе се здобие со национално возобновување така, како што самиот тоа го сака и за да го добие, денес ја жртвува својата крв...“134 Оваа голема измама довела до остро политичко реагирање на КПЈ што придонело до зголемување на несогласувањата меѓу двете комунистички партии во рамките на Резолуцијата на Информбирото.

За ова писателот Трајан Петровски на промоцијата на „ Големата измама“ во Битола, истакнал:

„Фамозната појава на Информбирото, која наместо слобода и демократија диктираше нова сурова реалност, со далекусежни последици и во пошироки меѓународни рамки, беше онаа крвава секира што ги покоси и ги распуздери сите надежи“.135 Резолуцијата на Петтиот пленум за самоопределување на македонскиот народ со акламација била прифатена од Вториот конгрес на НОФ одржан во Нивици на 25-26 март 1949 година и заради натамошно манипулирање со македонските комунисти

- Захаријадис го формира КОЕМ (Комунистичка организација на Егејска Македонија

- како спротивставеност на Комунистичката партија на Македонија - во Народна Република Македонија).

134 Петре Наковски: Големата измама. - Скопје: Макавеј, 2007, стр. 74 135 Рецензија од Трајан Петровски на романот Големата измама од Петре Наковски од промоцијата на романот во Битола на 14.12.2007 година Набрзо Захаријадис со неколкумина негови поддржувачи од ЦК на КПГ се откажал од оваа Резолуција и ја заменил со паролата рамноправност на малцинствата.

Одлуката за промена на Резолуцијата со паролата за рамноправност, како и говорот на Тито во Пула, со кој тој го најавил затворањето на границата, кај Македонците - припадници на ДАГ, а посебно кај понискиот команден состав предизвикале огромно разочарување.

Историски факт е дека Граѓанската војна завршила на 15 август 1949 година со катастрофален пораз на ДАГ и принудно иселување од страна на службите на ДАГ и политичките македонски организации НОФ и АФЖ на македонското население и негово преселување во Албанија. Карактеристичен е описот на егзодусот. Претставен е преку ликовите на еден постар борец на ДАГ и на Крстовица, која носејќи го веленцето ја носи со себе судбината на целото семејство.

Истоштениот борец на ДАГ кој целото време ја придружувал Крстовица во чекорењето кон туѓината со намера да ја смири и охрабри и се обраќа со следниве зборови:

„ Дојди, седни и дај го тоа клопче што го имаш втиснато во пазувите, заедно да го одмотаме; не го криј, дај ми го. Тој црвено-црн конец зад нас да го пуштиме, на овој камен-карпа или на тоа дрво да го врзиме и по него, како што слепиот, удирајќи со стап наоѓа пат, така и ние, држејќи се за конецот да си се вратиме по патот што ќе не доведе до изворот од кој се откорнуваме...“136 Авторот клопчето на Крстовица го поистоветува со митот за Аријадна137 чие клопче му помага на Тезеј да го најде излезот и да се врати дома. Аријадна и Тезеј одмотувајќи го клопчето го нашле патот за дома, меѓутоа Крстовица и нејзината генерација возрасни Македонци никогаш не се вратиле во родното место. За навек останале во туѓи земји.

Овој воен роман кој е предмет на нашата анализа содржи низа елементи на литературата на фактот низ кои ја дознаваме вистината за времето, воените дејствија, настаните, луѓето и нивните судбини.

136 Петре Наковски: Големата измама. - Скопје: Макавеј, 2007, стр. 356 137 http://www. stil-magazin.com/clanak/broj-82-21-jul-2008/cudesni-svet-bogova Прв елемент со кој се потврдува дека делото има елементи од литературата на фактот е автентичноста на просторот, имињата на населените места, топонимите. Во романот авторот користи точна топографија, ги употребува македонските имиња со единствена цел да останат како сведоштво во поединечната и во колективната национална меморија:

Села: Лабаница, Брезница, Ошени, Борово, Телок, Д`мбени, Орово, Лаген, Долно и Горно Котори, Крушоради, Сетина, Кронцелево, Долно и Горно Пожарско, Псодери, Желево, Смрдеш, Ошчима, Трнаа, Руља, Тиквени, Жупаништа, Изглеби, Желин, Буф, ( македонски села: Медово, Штрково), Герман, Нивици, Граждено, Орово, Јамата, Апоскеп, Тиолишта, Вишени, Бапчор, Кономлади, Горно и Долно Статица, Дреновени, Л`к.

Градови:Костур, Рупишта, Лерин, Воден, Кукуш, С`ботско.

Планини: Пинд, Мали-Мади, Грамос, Вичо, Синадев Рид, Стените, Горуша, Круша, Аљавица, Тумбите, Бела Вода, Лисец, Дрениче, Ѕвезда, Галичица, Одрето, Кајмакчалан, Моро, Лунѕер, Голината, Кулкутурја, Полената, Баро, Рото, Главата, Кресто, Плати, Николер, Амуда, Чарно, Бигла, Дабче.

Полуостров: Св. Ахил Реки: Бистрица Езера:Преспанско Езеро Топоними: Деволско Поле, Леринско Поле Втор елемент со кој се потврдува дека делото има елементи на литература на фактот е временската рамка, воените дејствија и настаните што се случувале во тој временски период.

Авторот во романот прецизно и хронолошки ги изнесува настаните и ги слика воените дејствија што се случувале и оставиле траен белег врз судбината на Македонците. Тој пишува за реални факти и ги изнесува случувањата од животот на одделни личности и општествени групи со цел да ја потврди големата измама што била направена врз македонскиот народ.

Низ хронолошкото сеќавање на Захаријадис, авторот не` враќа во минатите години за да го истакне текот на настаните кои довеле до поразот на ДАГ.

Настани:

- За време на војната во септември 1947 во Преспа бил одржан Третиот пленум на КПГ каде дошло до разделување на ставовите на Захаријадис и Маркос во врска со ослободувањето на Егејска Македонија. За таа цел бил изготвен планот „Лимнес“ што во превод значи (Езера).

- На 14 октомври 1946 бил склучен договор за обединување на НОФ и КПГ.

- На 21 ноември 1946 сите македонски одреди биле под раководство на КПГ.

- На 23 декември 1947 во Асамати била формирана Привремената влада на Грција, на чие чело бил поставен Маркос.

- На 22 декември 1948 во 3 часот бил извршен напад на Воден.

- На 10 февруари 1949 бил извршен напад на Лерин.

- На 27 март 1949 во Нивици на конгресот на НОФ била формирана КОЕМ.

- На 10 јули 1949 преку радиоврска бил пренесуван говорот на Тито во Пула.

- Нападот на Вичо од страна на владината војска започнал на 10 август 1949 година во 5 часот.

Точен е описот на борбите што се воделе на одделни позиции на фронтот подготвени од страна на владината војска - линија на фронт: Кула-Плати, северен фронт: Бела Вода - Бигла - Лунѕер - Кулкутурија; централен фронт: Полената - Плати

- Кула - Рото; јужен фронт: Мали Мади.

Во романот автентично се опишани прецизни воени позиции кои се однесуваат на борбениот сектор на чии коти се одвивале најтешките и одлучувачки борби: кота 1186, кота 1964, кота 2156, кота 1922, кота 1685.

Авторот дава целосна слика на подготовките на дивизиите, бригадите, баталјоните, резервите, борбените активности на артилеријата, тенковите, военото воздухопловство на владината војска за напад на војската ДАГ. Исто така ги опишува и четирите фази за офанзивата во реонот на Вичо од 10 август до 16 август 1949 година. По запознавањето со оперативниот план под шифра „ Пирсос“, генералот Козмас, изјавил:

„ Нас не` интересира само едно: победа! Нема да има никакви преговори. Ќе говори само оружјето. Нема капитулација. Ќе има само пораз од кој тие никогаш нема да се подигнат. Господо, чест ми е да објавам дека офанзивата ќе почне на 10 август во 5 часот наутро“.138 Во романот исто така, наведувањето на наслови на весници како и на историски личности и воени и политички организации ја потврдуваат тезата за литературата на фактот.

Весници: „Непокорен“139 Автентични имиња на ликови од историјата: кралот Георгиос, Захаријадис, Маркос; Велухиотис, Сарафис - грчки офицери на ЕЛАС, Гусјас, Вландас, Барѕотас, Јоанидис, Парцалидис, генерал Георгијадис - командант на 14- та бригада, Порфирогенис, Стрингос, Колишевски, Тито, Ранковиќ, Сталин, Вангел Ајановски -Оче, Керамичиев, генерал Ван Флит, Александрос Папагос - главен командант на владината војска, Козмас - генерал во владината војска, Цакалотос, Манидакис, Григоропулос - команданти на владината војска.

Воени и политички организации: ЕЛАС, НОФ, АФЖ, ЦК на КПМ, КОЕМ (Комунистичка организација на Егејска Македонија), ЛОК ( специјални единици за борба во планински услови), Биро А2 (служба за воена безбедност и разузнавање).

Авторот во романот „Големата измама“ го продолжува дејството од романите „Постела за чемерните“, „ И каменот е земја“ и „ Големата удолница“ и ги следи судбините на главните актанти: Ѓорги, Лазо, Нумо, поп Васил, Циљка, Мита, Кољо, 138 Петре Наковски: Големата измама. - Скопје: Макавеј, 2007, стр.258 139 http://www.rastko.rs/cms/files/books/4f344d3d7fb2d Крстовица. Во романот „Големата измама“ се среќаваат и ликовите на: Маре, Илија, Митре, Крсте, Евгенија, Коле, Крсте, Ристо, Лабровица.

При анализа на ликовите низ романот се следат секојдневните вистини за животот на Македонците во костурскиот и леринскиот крај. Во нивното портретирање е претставена колективната судбина. Личностите во романот се јунаци, борци, селани и се карактеризираат со свој начин на оценка на настаните. Преку нивните искажувања се откриваат психолошките длабочини, трауми. Тие се носители на мачни судбини, прогонети, разделени, осакатени, изморени психички и физички меѓутоа продолжуваат низ времето со својата мака, стравови, очекувања и најважното - надежта.

Циљка, Мита, Маре, Илија, Митре, Крсте, Кољо се борци од 103 бригада на ДАГ и учесници во воените дејствија на Грамос и на Вичо. Следејќи ја нивната животна агонија дознаваме за тешките временски услови, за долгите и исцрпувачки маршеви, за пренесувањето храна и оружје, но и за нивната јунаштина, храброст, издржливост, верба.

Ѓорги, Нумо, Крстовица и Лабровица се клучни ликови кои се типични претставници на Македонците од костурскиот крај. Тоа се обични луѓе кои во виорот на војната се`изгубиле.

Карактеристичен е ликот на Евгенија. Таа е претставник на сите мобилизирани жени. Едноставна, осамена, без ништо свое, мобилизирана да копа ровови и да прави бункери. Но, преку ликот на Евгенија авторот ја претставува храброста, непокорливоста, борбеноста, одлучноста на македонската жена да се бори и да се спротивстави на злото. Особено е карактеристичен нејзиниот говор кога се обраќа на Вториот конгрес на НОФ низ кој се разоткрива вистината за нејзиното семејство, за одведените деца, за мобилизирањето на нејзините поголеми деца, за носењето ранети и осакатени момчиња и девојки, за носењето греди и копањето ровови, за разурнатите куќи, за празното и пусто село, за неизвесната иднина и за секојдневните црни вести. Нејзиното обраќање – спротивно на поуките на Вера - е обраќање на сите македонски мајки и жени:

„... да го опитам тој прочуен, умен, храбар, како шо се вели, мил и сакан Захаријади, и да го опитвам не само за мене, ами и за многу мајки, шо не се туа, шо се од`нде синорите и шо се по планињето и шо тераат пред себе товарена стока да го носи горе високо о планињето... шо закопве уморени и умбрени и шо плаче и шо моле шо си откорнве косма кога шепнешкум одоколу поплатва новинта дека му загина чендото, да го опитам: зошчо, бре Захаријади, зошчо ние и дење и ношја да си имме голема страв за чендата, за дома, за берикето, за добитоко, за блиските и најсаканите. Пред нас и зад нас, бре Захаријади, само црнина пулиме, само страв, само трепет ни го стегва срцето, само лошото врти окол нас... И празни и пусти ни се селата, о к`шчите наши пајажини плете... И чрнина не` покри. Само чрни новини слушаме и чрнина катаден падинва над нас... Велите победата е близу, ама додека таа ќе дојди, ќе остани ли некој утре за да родва, за да подигне к`шча од пепел, за да распали огнишче?... Дури и темелите од к`шчите ни ги нема, толку се израмнети од тие клети душмани. Блиска е, велиш, победата... Ама за кого е блиска? За нас? ... ами кога ќе стигне ќе има ли некој да се радва, да гради, да ора, да сее, да родва, да пее, а?“140 Храброто изнесување на вистината Евгенија го платила со апсење и праќање во логор.

Трет елемент со кој се потврдува дека делото има елементи на литературата на фактот се вистинските ликови на: Лазо, Кузе, Горѓи, Циљка, Крстовица. При градењето на ликовите авторот поаѓа од конкретни животни ситуации, драматика, сведоштва на ликовите и е доследен на вистината. Тоа се вистински ликови чии сведоштва се документ за личните падови, за личната трагедија која се претвора во трагедија на еден народ, за трагичната судбина на растурените семејства, за урнисаните куќи и опустошени села, за откорнувањето и раселувањето.

Исто така, авторот ги следи и активностите на негативни ликови Кузе и Вера кои се јавуваат и во претходните романи. Кузе е негативен лик кој опстојува исполнувајќи ги наредбите на оние од НОФ и АФЖ, страшливец и понижувачки услужлив. Еве само дел карактеристичен за неговиот лик:

„Покрај семето што го носеше во вреќа, со себе ја понесе и свеста дека властите забранија да се зборува македонски, та затоа на воловите им зборуваше само на грчки. Тие кои поминуваа покрај неговата нива слушаа како тој им викаше: -140 Петре Наковски: Големата измама. - Скопје: Макавеј, 2007, стр.184-188 Пано, Гајто, като Баљо!... Стои Кузе зад нив, размислува, истрчува пред нив, покажува со рацете каде е горе и долу... Кога некој од орачите или овчарите поминуваа скраја од неговата нива застануваа за миг и го поздравуваа: - Аирлија орање даскале!“141 Вера е исто така негативен лик, постојано актуелен пропагандист и говорник во служба на актуелните потреби на оружената борба и комунистичкото движење.

Карактеристична е нејзината услужливост и преданост кон партијата што се потврдува и при подготовката на Евгенија како да одржи говор на Вториот конгрес на НОФ:

„Прво и прво да извикаш парола за другарот Захаријадис, него прво да го поздравиш со топол и сладок глас... да кажиш за него дека е најголемио и најсаканио син на славомакедонцкио народ... - А зошто мори Веро, да не реча на македонцкио народ, та нели ние сме Македонци?... Ти да велиш како што ти велам јас. Тоа што сме, тоа сме, ама сега политиката на партијата е таква и сака и таа и Захаријадис да сме Славомакедонци. Штом така вели Захаријадис, така треба да ести“.142 Авторот ликот на Захаријадис го претставува во романот како човек кој сакал да воспостави врска со масата, додека за поединците имал друг речник. Масата, тај ја нарекувал булук, и бил способен да ја дигне на нозе, во неа да го посее духот на вербата и надежта и до лудост да поверува, дека тој е нејзиниот спасител... А масата нему му верувала беспоговорно. Тој знаел да застане пред неа, и да разговара со неа, знаел да се извиши високо и да се симне ниско, да разговара со селаните иако не знаел што е нива, рало, лопата и мотика, со работникот разговарал како работник иако никогаш не влегол во фабрика, знаел да седне на разговор или да се фати на оро со борците иако никогаш в раце не зел пушка... „ Токму со неограничената и подлизурничка помош на средните кадри тој беше и селанец и работник и војник.

Таков го сакаше масата и поединците - едни од почит, а други од страв. И знаеше тој со збор да награди и со збор да укори, со поглед да пофали и со поглед да казни и поради најмал сомнеж - да уништи... Таква реткост беше тој, Захаријадис, за кого се 141 Петре Наковски: Големата измама. -Скопје: Макавеј, 2007, стр. 31

142 Исто, стр.178 пееја песни и се раскажуваа чуда и легенди“.143 Во тие чуда и во таа легенда најмногу поверувале селаните од Костурско, Леринско и Воденско, кои благодарение на своите средни, ниски и пониски кадри, своето верување во водачот го претвориле во сепаленица и во херојско самоубиство...

За неговиот изопачен карактер сведочи и разговорот воден во Москва меѓу Захаријадис и гатачката, која меѓу другото му вели:

„Ти красивиј, умен, но характер у тебја, характер подлеца. Ти случајно не комунист?“144 Таквата проповед на гатачката се обистинила после дваесетина години и подоцна.

Вербата во него, што полуписмениот македонски кадар на НОФ и АФЖ (Вера и нејзе сличните) успеале да ја внесат како начело кај Македонците ги довела и до најголемиот македонски национален пораз.

Четврт елемент со кој се потврдува дека делото има елементи на литературата на фактот е заеднички код на Македонците, „традиционалното што се именува како симбол“145, претставен преку автентичниот опис на македонските обичаи: за задушница - раздавање варена пченка, пита, млечник, погача, вино, ракија, редење на мртвиот; одбележување на традиционалните македонски верски празници:

Митровден, Петровден, Водици, Голема Богородица, Велигден, Ѓурѓовден и нивна прослава со собирање на полјанка и играње ора, како: Бајрачето, Невестинско, Левото, пеење на песните: Море чупи костурчанки, Елено моме, Млада партизанка, На Вичо планина, Во борба, во борба; месење домашен `ржен леб-пешник, молење пред иконата на Богородица, прекрстување, кажување молитва. Ова претставува извор на факти, реалност земена од секојдневниот живот и од времето во кое живеат, со што се потврдува битот на Македонците.

Авторот споменува и презимиња на фамилии: Наковци, Зисовци, Митревци, Поповци, Петковци, Пандовци.

143 Исто, стр.195

144 Исто, стр. 63

145 Види: Венко Андоновски: Абдукција на теоријата. - Скопје: Галикул, 2011, стр. 176 Во врска со раскажувачкиот начин, писателот Трајан Петровски, ќе истакне: