Дел II НОД НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ОД ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА (1941-1949) - Part 04
Германските сили, грчката квислиншка жандармерија и полицијата се концентрирале на обезбедување на градовите, а патните сообраќајници ги обезбедувале вооружени припадници на грчките колаборационистички организации и комитаџии на пробугарското движење. И по претрпените загуби пробугарското движење на “Осовинскиот македонобугарски комитет” поддржувано од германските окупаторски власти и бугарската агентура ја зачувало структурата и влијанието кај дел од македонското население.
Партизанското движење едновремено ја интензивирало идејно-политичката борба. Македонското националноослободително оружено движење под водство на КПГ пред крајот на 1943 година влегло во повисока фаза на развојот.
Во егејскиот дел на Македонија со борбените дејствија на партизанските единици во кои голем дел од борците биле Македонци, се создала голема слободна територија, и се наметнало прашањето за решавање на виталните политички и национални прашања на македонскиот народ; организирање на народна власт, отворање на училишта и образование на мајчин јазик и др. Се посилно се манифестирало незадоволството поради актуелната политика на раководството на КПГ која “не одговарала на виталните национални интереси на македонскиот народ”. (На истото место, 43.) Од раководството на КП на Грција било барано да ја прифати постојната реалност и се сообрази со потребите и барањата на македонскиот народ; да обнароди воспоставување на односи на рамноправност и целосно остварување на колективните национални права на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија. Од тоа зависел натамошниот тек и успешноста на заедничката ослободителна и антифашистичка борба со грчкиот народ во која тој масовно учествувал.
При една таква состојба раководството на КПГ од егејскиот дел на Македонија се определило за тактичка промена на односот спрема македонскиот народ и неговиот стремеж за самостојно организирање на НОД во рамките на грчкото оружено антифашистичко движење. Тактичката промена поради промени на околностите се случила во втората половина на септември во 1943 година, кога се пристапило кон реализирање на “новата” партиска линија. Во тоа време во Костурско пристигнал секретарот на Обласниот комитет на КПГ од западниот дел на Егејска Македонија Христо Калфас -Андреас.
На средбата со раководствата на КПГ, ЕАМ, ЕЛАС и ЕПОН, македонските активисти и борците во партизанските единици била посведочена бројната застапеност на Македонците во КПГ и ЕЛАС, односно нивното учество и придонесот во оружената антифашистичка борба, по што било расправано за положбата и проблемите на Македонците и начинот на нивното решавање.
Потоа следувал троен состанок во с. Осничени (Костурско), (Состанокот се одржал во куќата на Стерјо Буклев. (На истото место, 43.)) на кој Калфас се состанал со секретарот на Околискиот комитет на КПГ - Периклис и со Паскал Митревски, командант на партизанскиот одред стациониран во селото. На состанокот Митревски настапил со категорично барање да се основа македонска народноослободителна организација која како национален политички репрезент ќе ги разрешува актуелните политички проблеми на македонскиот народ во Егејска Македонија. Тој укажал дека само македонска национална политичка организација може да го мобилизира и ќе го мобилизира целиот борбен потенцијал на македонскиот народ во борбата против фашистичкиот окупатор и пробугарското оружено движење на “Осовинскиот македоно-бугарски комитет”, и ќе ги разрешува акутните проблеми и сите прашања од витален интерес за македонскиот народ. Таа организација ќе дејствува како носител и доследен реализатор на братството и единството со грчкиот народ за остварување на целосна рамноправност. (М. Фотев, За контрачетниците, 43.) Со тоа пред КПГ било поставено решавањето на македонското национално прашање.
По добивањето на извештајот од Калфас, раководството на КПГ отстапило од својот дотогашен став. По неколку дена Околискиот комитет за Костурско добил директива да пристапи кон формирање на Македонска народноослободителна организација, со право на формирање во перспектива организации и во другите околии од егејскиот дел на Македонија. Но, во директивата се барало организацијата да се именува како словеномакедонска. (Се признавало постоење на словенско население во “грчка” Македонија кое се јавувало како респектибилен фактор во борбата против окупаторот и во борбата на КПГ за преземање на власта во Грција.) Во секој случај раководството на КПГ дало согласност за автономно организирање на македонското националноослободително движење (НОД) (Фотев за тоа пишуваше: “Формирањето на македонската револуционерна организација СНОФ претставуваше единствено правилно решение на КП на Грција по македонското прашање во текот на НОБ (1941-1945 година).” (М. Фотев, За контрачетниците, 45.)) и за создавање македонски партизански единици. Веднаш потоа, на 10 октомври 1943 година, бил формиран македонскиот партизански одред “Лазо Трповски”, од 27 борци (само Македонци), а било прифатено и афирмирањето на борбата на Словеномакедонците за слобода, самостојно организирање, создавање на институции и афирмирање на посебноста на македонскиот народ.
Основањето и дејноста на Словеномакедонскиот народноослободителен фронт (СНОФ)
Македонскиот народноослободителен фронт од егејскиот дел на Македонија бил основан есента 1943 година под името СНОФ. Основачкиот состанок бил одржан на 20 октомври 1943 година, во с. Д’мбени, Костурско, во куќата на Кирјако Цалев, на кој било избрано окружно раководство. За прв секретар бил избран Паскал Митревски. (На истото место, 44; М. Фотев, Погледи и белешки во врска со книгата на Благоја Талески “Првата македонска егејска бригада”, Скопје, НИП Нова Македонија (1985), 26.) Подоцна, на25 декември била одржана Првата конференција на СНОФ, во с. Крчишта, Костурско. (На истото место, 44; М. Фотев, Погледи и белешки, 26.) Во работата на конференцијата учествувале околу 200 делегати (М.
Фотев, Погледи и белешки, 26.) од 75 села и од гр. Хрупишта, како и претставници на околиските организации на КПГ, ЕАМ, ЕЛАС и ЕА. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 46.) Паскал Митревски во својство на секретар поднесол реферат во кој посебно го нагласил силниот одѕив на целиот македонски народ од егејскиот дел на Македонија, за обнародување и формирање на СНОФ, прифатено како израз на волјата за остварување на стремежите за самостојно национално организирање во борбата за извојување на “слободен национален политички и оштествен развој”, (М. Фотев, За контрачетниците, 44.) како “смел и крупен чекор” за натамошна афирмација на македонскиот народ и неговата борба “со сите демократски и прогресивни сили заедно со грчкиот народ.” (На истото место.) На Конференцијата за членови на Секретаријатот на СНОФ биле избрани Киро Попвасилев и Андон Цалев, а за членови на Окружниот одбор биле избрани: Васил Алексовски, Лазо Поплазаров, Симо Калчев, Лазо Хаџиев и Евдокија Балева-Вера која била одговорна за организацијата на жените во Костурско, и др. (М. Фотев, Погледи и белешки, 26.) Hа конференцијата се усвоила националната програма за просветна, културна и информативна дејност; отворање училишта со настава на мајчин македонски јазик, негување и афирмирање на народните национални традиции п обичаи, организирање на културно-уметнички приредби и други манифестации, одбележување на историските револуционерни настани како и националните празници на македонскиот народ. (М. Фотев, За контрачетниците, 46-47.) За реализирање на програмата било избрано Биро за културно просветна дејност, раководено од Лазар Поплазаров. (М. Фотев, Погледи и белешки, 31.) Бил издаван и весник под името “Славјано-македонско глас”, орган на Окружниот одбор на СНОФ за Костурско, (На истото место.)
а Васко Караџа бил јазичен коректор и преведувач на весникот.
(На истото место.)
Освен во Костурско, организација на СНОФ била формирана и во Леринско, за секретар бил избран Петре Пилаев. (М. Фотев, Погледи и белешки, 27.) Двете окружни организации дејствувале самостојно, раководени од окружните одбори.
Единствена организација на СНОФ не била создадена. (На истото место, 28.) Поради непостоење на заеднички раководен орган, окружните раководства практикувале одржување на заеднички состаноци на кои меѓусебно се информирале за состојбите на теренот и за положбата на нивните организации.
(На истото место.)
Неочекувано за раководствата на СНОФ во Костурско, ОК на КПГ на 10 ноември 1943 година, донесол одлука за расформирање на македонскиот одред (по само еден месец од неговото формирање). (М. Фотев, За контрачетниците, 71.)
Расформирањето на одредот било прифатено без протести и отпор, иако вистинските намери и крајната цел на политиката на КПГ спрема македонскиот народ и македонското прашање била индикативна. Македонските комунисти кои биле во окружното раководство останале лојални на КП на Грција во спроведувањето на политиката.
Македонската организација на СНОФ во услови на крајно ограничени можности и без единствено раководство, но “со скромни информативни средства и со целосна посветеност на активистите, широко ја разбудила националната свест и афирмирањето на посебноста на македонскиот народ”. (М.
Фотев, За контрачетниците, 47.) Од самиот момент на основањето, организација на СНОФ дејствувала како политички револуционерен фактор за зацврстување на националното единство (Фотев: “Една од главните задачи на организацијата на СНОФ, со цел да го оствари и зацврсти морално политичкото и националното единство на македонскиот народ, беше неопходно и во таа насока работеше да ја разобличи пред очите на народот опасната улога на бугарските емисари и на бугарскиот комитет, да ги демаскира великобугарските завојувачки претензии спрема Егејска Македонија.” (На истото место, 45-46.)) на македонскиот народ.
Окружните раководства на СНОФ за Костурско и Леринско одржале состанок на 28 јануари 1944 година, во с. Црновиште, Костурско за да ја разгледаат ситуацијата и меѓусебно да се информираат за положбата на организациите на СНОФ (Фотев го оспорува пишувањето на д-р Ристо Кирјазовски дека на состанокот во с. Црновиште се расправало за македонското национално прашање, за судбината на Македонија по војната, учеството на Наум Пејов, како и тоа дека раководството на СНОФ за Костурско, особено Наум Пејов, упорно се застапувале Грција да се организира на федеративен принцип, составена од две федерални републики од НР Грција и НР Егејска Македонија. Тоа можело да се оствари ако раководството на СНОФ официјално го побарало, што било желба и на македонскиот народ. За тоа запишал: “Тоа е апсурд, без преседан! Состанокот во с. Црновиште не беше со намера да ја разгледува судбината на Македонија, да расправа за македонското национално прашање. Се практикуваше помеѓу окружните раководства на СНОФ да се одржуваат периодични контакти на кои меѓусебно се информираа за положбата за организациите, за положбата на македонските народни маси, за нивните проблеми итн. Такво крупно и важно прашање за создавање на НР Егејска Македонија не можеше (да се очекува)
да се оствари дури и при добра волја на КПГ, бидејќи тоа не зависеше исклучиво од неа, туку од коалицијата ЕАМ и ЕЛАС, и од готовноста на сите прогресивни сили на грчкиот народ, па дури и од меѓународните фактори, сојузниците од антифашистичката и антихитлеровската коалиција кои беа директно заинтересирани за иднината на Грција.” За тврдењето дека на состанокот на раководителите учествувале Михајло Керамитчиев и Наум Пејов, Фотев запишал: “и тоа е лага!
Михајло Керамитчиев никогаш не беше во раководниот актив на СНОФ. Тој е учесник во НОД на Егејска Македонија од февруари 1944 година; од 1941 до септември 1943 година живееше во Бугарија, во Софија, во октомври 1943 год., по капитулацијата на Италија, се врати во родното село Габреш, во февруари 1944 се активира во резервниот состав на ЕЛАС.
Наум Пејов не беше во Окружното раководство на СНОФ. За прв пат стана активист на СНОФ по првата конференција што се одржа на 12 и 13 април 1944 година, и беше поставен за одговорен на СНОФ во подреонот Корештата, Костурско.” (М.
Фотев, Погледи и белешки, 27-28.)) во Костурско и Леринско.
(М. Фотев, Погледи и белешки, 27-28.)
По состанокот организациите ги интензивирале активностите за организационо зацврстување и дејствување, за активирање на нови борци во единиците на ЕЛАС, и за засилување на борбата против германскиот и бугарскиот окупатор. (М. Фотев, За контрачетниците, 45.) Во тоа време, бидејќи не постоела единствена македонска национална организација, не се поставувало прашањето ниту барањето за создавање на самостојни македонски партизански единици. (Фотев го негира тврдењето на д-р Ристо Кирјазовски дека на иницијатив на СНОФ и со согласност на КПГ била донесена одлука да се формираат “вооружни сили на СНОФ - СНОВ (Славјаномакедонска војска)” и дека истите биле формирани во почетокот на 1944 година на планината Вичо. Тој пишува:
“Ниту беше донесена одлука за формирање вооружени сили на СНОФ, ниту беа формирани такви единици на планината Вичо.” (Погледи и белешки, 27.))
Во почетокот на 1944 година, партизаните во составот на ЕЛАС во Костурско, ги засилиле оружените дејства: на 6 јануари 1944 година, бил извршен напад на германскиот гарнизон и на комитаџиите во гр. Хрупишта, на 11 јануари на комитаџиските чети во Добролишта и Четирок, а на 25 март на комитаџиските чети во селата Изглеби и Горенци, (На истото место, 53.) сите од Костурско.
Во почетокот на април 1944 година, германските сили во Костур и Лерин заедно со оружените формации на пробугарското комитаџиско движење ја презеле пролетната офанзива за разбивање на партизанските единици во поширокиот реон на планината Вичо. Нивното напредување било запрено и биле присилени на повлекување во своите бази.
На 5 април партизаните извршиле напад на германската моторизирана единица кај с. Клисура во месноста Даули нанесувајќи им тешки загуби, а биле убиени и 25 германски војници. По пристигнувањето на засилувањето од Сорович истиот ден германсите сили го нападнале с. Клисура населено со македонско и влашко население масовно организирано во НОД. Селото го опожариле. Од 215 куќи 180 изгореле до темел и биле масакрирани 285 жители; затекнати мажи, жени, деца и старци. (М. Фотев, За контрачетниците, 53.) На 12 април и 4 мај, германските единици од Костур и Лерин, како и комитаџиските чети со околу 200 припадници презеле нов напад на партизанските позиции во реонот на Вичо. Нападот бил одбиен при што им биле нанесени загуби од 6 убиени и 25 ранети германски војници и комитаџии. (На истото место, 53.)
Втората конференција на СНОФ била одржана во с. Д’мбени, Костурско, (М. Фотев, За контрачетниците, 45.) на 12 април 1944 година, а за прв секретар повторно бил избран Паскал Митревски. (М. Фотев, Погледи и белешки, 26-27.)
Организацијата на СНОФ како приоритетна задача си го поставила проширувањето во сите окрузи од егејскиот дел на Македонија. Како национална револуционерна организација да настапува како единствен легитимен претставник на македонскиот народ, рамноправна членка во антифашистичката коалиција на ЕАМ. Бидејќи, единствено така македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија можел да стане рамноправен член со грчкиот народ. (М. Фотев, За контрачетниците, 47.) Македонската национална организацијата од раководството на КПГ побарала во егејскиот дел на Македонија да дејствува само КПГ, а да се распуштат другите грчки антифашистички организации во кои членувале Македонците. Сите Македонци да бидат организирано обединети во својата национална организација, во СНОФ, призната како таква од ЕАМ и ЕЛАС. (На истото место, 47.)
На тие барања раководството на КПГ одговорило со распуштање на СНОФ, во април 1944 година. (На истото место, 60.) Раководството на КП на Грција го спречило самостојното политичко организирање и дејствување на ослободителното движење на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија. Во време кога македонската војската од вардарскиот дел на Македонија имаше ослободено поголем дел од земјата, се подготвуваше свикување на АСНОМ и претстоеше конституирање на македонската национална држава. Тоа беше официјализирано кон крајот на ноември 1943 година на Второто заседание на АВHОЈ (Одржано во градот Јајце на 29 и 30 ноември 1943 година.) со прогласување и создавање на федеративна Југославија со Македонија како конститутивна членка на федерацијата.
Македонските револуционери-комунисти, кадри на КПГ во раководството на СНОФ ја прифатиле и ја спровеле таа одлука на грчкото партиско раководство. (Иако истата била доволно индикативна за антимакедонската суштина на политиката на раководството на КП на Грција.) Македонските борци и народот им верувале на македонските комунисти и очекувале, по победата над окупаторите, остварување на националните права и рамноправност со грчкиот народ.
На 14 мај, партизанските одреди извршиле напад на комитаџиската чета во с. Прекопана, Леринско, на која и пристигнало засилување од германската единица и комитаџиите од соседните села Черешница и Олишта. По двочасовната борба со надмоќните непријателски сили, партизанската единица се повлекла. Во борбата загинале шестмина, а петмина партизани биле ранети. (М. Фотев, За контрачетниците, 53.) Кон крајот на мај 1944 година, германските единици се повлекле од позициите во градовите од западниот дел на Егејска Македонија. На 24 мај ги напуштиле Костур и Хрупишта.
Одбраната им ја препуштиле на четите од пробугарското комитаџиско движење кое имало позиции и во блиските села.
Единиците на XXVIII полк на ЕЛАС извршиле фронтален напад во двата града и во селата: Манјак, Тиквени и Четирок.
Во почетокот на борбите околу 50 припадници на четите на комитаџиското движење успеале да се повлечат и да пребегнат преку Лерин во Бугарија. Другите го фрлале оружјето и се криеле, а 73 од нив биле заробени. (На истото место, 53-54.)
Меѓу заробените биле и двајцата опасни злосторници: Христо Насковски (Х. Насковски од с. Езерец, Костурско.) и Диме Ќосев. (Д. Ќосев од с. Манјак, Костурско.) При обидот за бегство бил застрелан комитаџијата Никола Шестеваров, познат како војвода бај Кољо. (М. Фотев, За контрачетниците, 54.)
Двајцата опасни злосторници револуционерниот суд на партизанскиот полк ги осудил на смрт и биле стрелани. (На истото место, 54.)
Македонскиот народ и покрај сета жестокост од страна на окупаторот и квислингшките формации со голем ентусијазам и со верба во успехот на ослободителното дело, се помасовно учествувал во оружената антифашистичка борба. Се посилен бил стремежот за создавање на самостојни македонски единици. Само еден дел од борците се определил за соединување со единиците на македонската војска во вардарскиот дел на Македонија. Во мај 1944 година, поголема група Македонци-партизани, борци во единиците на ЕЛАС, заедно со некои позадински активисти од Костурско и Леринско, предводени од Атанас Коровешовски се отцепиле од ЕЛАС и се присоединиле во единиците на НОВ од вардарскиот дел на Македонија. Тие се приклучиле на македонските партизански единици во Планината Караорман, каде што се формирал баталјон од борци од егејскиот дел на Македонија.
Но, набргу потоа, кон крајот на месец јули, биле вратени назад во егејскиот дел на Македонија. (М. Фотев, За контрачетниците,
56.)
На 28 мај, германската тенковска единица извршила напад на Костур и Хрупишта со што ги присилиле партизаните да се повлечат. Го уапсиле Лука Дамјанов (Водечка личност на пробугарското комитаџиско движење во Костурско.) и го застрелале кај с. Горенци, (М. Фотев, За контрачетниците, 54.)
како главен виновник за преземањето на Костур од партизаните. По ликвидирањето на Лука Дамјанов, Комитаџиското движење било дезорганизирано. Партизанските единици по повлекувањето на германските единици од градовите ги продолжиле борбените дејствија со напади на непријателските позиции. Само во последните борби од 24 до 28 мај 1944 год., окупаторските сили, четите на комитаџиското движење и грчката квислиншка жандармерија имале 211 убиени, 114 ранети, а 320 комитаџии биле заробени или самите се предале на партизаните. (На истото место, 54.) Единиците на ЕЛАС во внатрешноста ја контролирале целата територија во западниот дел на Егејска Македонија со главните патни сообраќајници; Солун-Лерин-Битола; Кожани-Каљари-Лерин-Битола, како и железничката линија: Солун-Лерин-Битола, кои биле од витално значење за повлекувањето на германските единици кон север.
За воспоставување на контрола и обезбедување на сообраќајниците, Германската команда презела голема офанзива , од 3-22 јули 1944 година, со армиски сили од 12.000 и 3.000 жандарми на грчката квислиншка власт, чети на ПАО, преостанати комитации на пробугарското движење и албански балисти. За време на јулската офанзива се воделе жестоки борби со големи загуби од двете страни. Германските единици и квислиншките формации имале загуби од 750 убиени и ранети припадници, а партизанските единици околу 200 борци.
На 22 јули офанзивата била запрена, германските сили и квислинзите се повлекле во своите бази. (М. Фотев, За контрачетниците, 54-55.) За цело време партизанските единици имале масовна поддршка и сестрана помош од населението кое дало големи жртви за успехот на ослободителното дело.
Непријателските сили за време на воените дејствија и при нивното повлекување извршиле масовни злосторства и опустошиле многу населени места, повеќето со македонско население. Според евидентираните податоци од Штабот на ХХVIII полк на ЕЛАС, што ги соопшува Фотев, опожариле 4.449 куќи, 5.483 колиби, и објекти за добиток, 53 основни училишта, 25 цркви, убиени 161 и уапсени 427 мажи и жени, отепани 840 грла крупен добиток, а заплениле 3.497 крупен и 27.755 ситен добиток (овци и кози). (На истото место, 55.)
Ставот на КПГ спрема СНОФ во контекстот на пробугарското политичко и комитаџиско движење КП на Грција во својата политика се раководела, како и грчките граѓански партии, од грчкиот големодржавен интерес за зачувување на постоечкиот статус во егејскиот дел на Македонија во грчката држава. Не го признавала постоењето на македонскиот народ, туку само “словеногласни” во Грција.
Иако македонскиот народ масовно учествувал и со давање на жртви и придонеси во заедничката оружена борба против фашистичките окупатори, раководството на КПГ ја расформирало македонската организација на СНОФ. Ја расформирала за да го спречи самостојното организирање на македонското националноослободително движење.
Раководството немало доверба во македонските комунисти и борци, иако тие се докажале во оружената борба, не им верувале во нивната приврзаност кон партијата и лојалноста на Грција. Од самиот почеток на оружената борба против фашистичките окупатори во егејскиот дел на Македонија, за раководењето со партијата, со младинската организација на ОКНЕ и со ЕАМ, биле поставувани Грци, дури и осведочени функционери на режимот и жандарми. По основањето на ЕАМ, за прв секретар на Околискиот комитет бил поставен Теодорос Марјолис-Лефтерос, поранешен водник на грчката жандармерија. За прв секретар на ОК на Сојузот на комунистичката младина (ОКНЕ) бил поставен Михалис, поранешен жандарм, а за член на тричлениот секретаријат на ОК на КПГ во Костур, бил избран Георгиос Венетис од Епир, локален функционер на диктаторскиот режим на Метаксас и организатор на младинската фашистичка организација на ЕОН.
Тој во ЕАМ учествувал од април 1943 година. (М. Фотев, За контрачетниците, 62.) Андонис Дилјанис, (Бил доселеник од Турција.) по окупацијата назначен за учител во македонското с.
Лудово, Костурско, бил агент на грчката терористичка антимакедонска организација ПАО, во ЕАМ бил примен во јануари 1943 година, а во март истата година бил поставен за секретар на Реонскиот комитет (РК) на ЕАМ. Тој лажно обвинил тројца македонски патриоти од селото: Вангел Пени, Коста Димули и Ѓорги Бодов дека биле соработници на “Осовинскиот македонобугарски комитет”. Тие, на негово инсистирање, од ОК на КПГ биле осудени на смрт и стрелани.
По наредба на истиот комитет на КПГ на семејствата на стреланите им бил конфискуван подвижниот имот, добитокот и земјоделските прехранбени производи. Тој функционер на КПГ по нецела година, во март 1944 год., едноставно си заминал од ЕАМ и се вратил да дејствува во својата матична организација на ПАО. (М. Фотев, За контрачетниците, 62-63.)
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/mincho-fotev-e-book-macedonian/6 le 29 octobre 2026