Front Matter - Part 02
Организираното политичко дејствување на македонските национални организации од егејскиот дел на Македонија: НОФ, НОМС и АФЖ, биле оневозможувани од грчкиот монархистички режим и паравоените формации со жестоки прогони на активистите преку терор и насилство македонскиот народ. Во таква ситуација Раководството одлучило да организира оружена одбрана и прераснување на отпорот во масовно оружено но македонско националноослободително движење по примерот на НОД во вардарскиот дел на Македонија за време на Втората светска војна.
Организационото раководство се преименувало во Главен одбор на НОФ. Главниот одбор на состанокот одржан на 7 јули 1946 година, на членовите им ги распределил должностите.
Минчо Фотев бил непосредно одговорен за формирање и исфрлување на партизанските едицици во подрачјето на планините Вичо и Грамос. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 17.) За кусо време на тоа подрачје биле формирани два партизански одреда кои во октомври 1946 година со вкупно 930 борци (М. Фотев, За контрачетниците, 2.) изврувале борбени дејства.
Самостојниот развој на МНОД од егејскиот дел на Македонија бил запрен со одлука на ЦК на КПЈ за негово ставање под раководство на КПГ. Централните комитети на двете партии се договориле за начинот присоединувањето на НОФ кон КПГ, а за тоа биле задолжени Централниот комитет на КПМ и Владата на НРМ. Пред крајот на октомври раководните лица: Паскал Митревски, Илија Димовски-Гоче и Минче Фотев биле повикани да допатуваат во Скопје. Лазар Колишевски лично им ја соопштил спогодбата постигната во Белград помеѓу ЦК на КПГ и ЦК на КПЈ, со која било предвидено НОД на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија да се обедини со грчкото движење во единствено антимонархистичко движење во Грција под раководство на КПГ. Во Спогодбата за обединување било предвидено Паскал Митревски да биде кооптиран во Секретаријатот на Покраинскиот комитет на КПГ, Ѓорѓи Урдов-Џоџо за член на Покраинскиот штаб на ДАГ, Минчо Фотев во Претседателството на Покраинскиот одбор на младинската организација на КПГ од егејскиот дел на Македонија и Тракија - ЕПОН. (На истото место, 3.) Од Лазар Колишевски добиле директива веднаш да заминат во егејскиот дел на Македонија, да ги информираат останатите членови на раководството на НОД за спроведување на истата. На 19 октомври, заминале на пат за егејскиот дел на Македонија преку Албанија. Пристигнале во Корча. На 20 октомври, Фотев заминал во Костурско да го информира окружното раководство на НОФ, за Спогодбата со КПГ и за спроведување на истата.
(М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 22.) Во средината на ноември Минчо Фотев со група македонски борци престојувал во с. Врник на територијата на Албанија, населено само со Македонци. Тука на 16 ноември со Ламбро Чолаков, Герман Дамовски-Стариот, Јани Пировски и група македонски борци ги прифатиле високите раководители на НОФ и ДАГ: Паскал Митревски - политички секретар на НОФ и Никос Теохаропуљос-Скотидис, помошник на командантот на ГШ на ДАГ и оттаму, преку селата Бесвина и Руља, ги придружувале до планината Вичо. (На истото место, 23.)
Минчо Фотев учествувал на состанокот на претставниците од НОФ, КП на Грција и ДАГ, одржан на 21 ноември 1946 година, на народниот собир со жителите во с. Бапчор и членовите на окружните раководства на НОФ, НОМС и АФЖ од Леринско и Костурско, како и на состанокот на Главниот одбор на НОФ, одржан во селото на 22 ноември, посветен на спроведувањето на Спогодбата со КПГ за обединување на македонските партизански одреди со единиците на ДАГ. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 23.) Пред крајот на ноември Минчо Фотев придружуван од Мичо Коровешовски (М. Коровешовски од с. Смрдеш, Костурско. Учесник во НОД на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија. Бил десетар во Првата македонска (Егејска) ударна бригада, купир на Главниот одбор на НОФ, командир на вод на ДАГ. Загинал во 1947 година.) (во својство на негов курир) се упатиле во реонот на планината Пајак каде пристигнале во почетокот на 1947 година. (М.
Фотев, Развојниот пат на НОФ, 25-26.) На 7 јануари во с.
Баровица се одржал состанок со Окружниот одбор на НОФ за состојбите во округот и проблемите на НОФ, НОМС и АФЖ, за затегнатите односи со организациите на КПГ и со грчкото партизанско движење во централниот егејски дел на Македонија поради непријателското однесување на командантот на грчките партизански единици, капетанот Панос.
(На истото место, 26.) На 8 јануари Фотев на планината Пајак имал средби со капетанот Панос, Лефтерос, Ставрос и други грчки воени и политички раководители за средување на односите и за спроведување на Спогодбата за обединување. (На истото место.) Учествувал и на заедничкиот состанок на претставниците на НОФ со претставниците на КПГ и на ДАГ, посветен на обединувањето на македонските партизански одреди во реонот на Пајак Планина со ДАГ, одржан во с. Купа, Гуменџиско. Со решенијата донесени на состанокот завршило практичното спроведување. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 28.) Во Штабот на партизанските единици Фотев останал до крајот на јануари 1947 година, во очекување со Паскал Митревски да отпатуваат во Солун. Таму на средбата во ПК на КПГ требало да се договорат за операционализацијата на одредбите од Спогодбата НОФ-КПГ, за соработка на македонските организации на НОФ, НОМС и АФЖ со КПГ и другите масовни организации под нејзино раководство, како и за другите отворени прашања. Откако претставникот на КПГ категорично одбил да им обезбеди врска за заминување на планираната средба во Солун и инсистирал Паскал Митревски да отпатува сам, преку претставништвото на КПГ во Југославија, на негово застапување Паскал ја прифатил таквата солуција, како единствена можност. (На истото место, 29-30.)
На крајот од јануари Минчо Фотев заминал во централниот егејски дел на Македонија да раководи со активностите на окружната организација на НОФ за Ениџе-Вардар и Гумениџе.
(На истото место, 29.)
По долгото отсуство на секретарот на ГО на НОФ, кон крајот на март 1947 година, Фотев од претставникот на КПГ Панос побарал врска со ПК на ЕПОН, во својство на член според Спогодбата на НОФ-КПГ за обединување. И по повтореното барање претставникот на КПГ го опструирал. Во таква ситуација, во почетокот на април, придружуван од курирот Мичо Коровешовски и личниот курир на Паскал Митревски, Ѓорѓи Рачев, заминал во слободната територија на пл. Вичо. На пат за планината Вичо во с. Кронцелево и Долно Родово имал средби со секретарот на Окружниот одбор на НОФ за Воденскиот округ Вангел Ајановски, (В. Ајановски-Оче од Воден, роден на 5 февруари 1909 година. Револуционер, учесник во работничкото движење на Грција од 1928 година.
Бил член на ОКНЕ и на КП на Грција, секретар на реонски комитет на КПГ во Воден (1941), заменик политички комесар на Првата македонска (Егејска) ударна бригада, бил секретар на Окружниот комитет на НОФ за Воденско (од април 1947 год.), организационен секретар на Главниот одбор на НОФ за Македонија. Починал во Скопје, 1990 година.) со раководителот на НОМС Петре Шорев-Фидан и со членовите на окружното раководство на НОФ: Ристо Букувала-Жуков, Ѓорѓи Манчов и др., со кои биле разменети информации за воено-политичката ситуација во окрузите Воденско и Ениџе-вардарско, за активностите на организациите на НОФ, НОМС и АФЖ и односите со КПГ, ЕПОН и ДАГ. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 31.) По пристигнувањето на слободната територија на планината Вичо во с. Прекопана преку секретарот на селската организација на НОФ се поврзал со членот на Окружниот одбор Герман Димовски-Стариот. Во с. Смрдеш, Костурско имал средби со секретарот на Окружниот одбор Ламбро Чолаков и со другите окружни раководители: Крсто Мангов, (К. Мангов од с. Д’мбени, Костурско. Бил борец во ЕЛАС, учесник во НОД на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија, бил заменик на политичкиот секретар на баталјон на Првата македонска (Егејска) ударна бригада, секретар на Окружниот одбор на НОФ за Костурско, член на Извршниот комитет на Централниот совет на НОФ, претставник на Привремената демократска влада на Грција за локална народна власт. Загинал на 11 август 1949 година во с.
Брезница, Костурско.) Јани Пировски, (Ј. Пировски од с.
Косинец, Костурско. Бил борец во ЕЛАС, учесник во НОД на македонскиот народ во егејскиот дел на Македонија; секретар на СКОЈ на баталјон на Правата македонска (Егејска) ударна бригада, член на Окружниот одбор на НОФ за Костурско и секретар на НОМС за Костурско, член на Околискиот комитет на КПГ за Костурско, помошник на политичкиот комесар на бригада на ДАГ. Загинал во февруари 1949 година во борбата за град Лерин.) Никола Панов, Трајко Супелов, Панајот Караџа, Хрисанти Цанзовска на кои била разгледана положбата во Костурско и активностите на НОФ. (На истото место, 32.) Од 15 до 18 мај 1947 год., Фотев патувал со делегацијата на Костурскиот округ на НОФ на закажаниот состанок на Активот на НОФ на Кајмакчалан во месноста “Мишови колиби” близу грчко-југословенската граница. Во својство на член на Главниот одбор на НОФ и секретар на НОМС остро протестирал кај Михајло Керамитчиев кој свикал одржување на состанок на Активот на НОФ, во отсуство на секретарот Паскал Митревски и без консултирање на другите членови на Главниот одбор на НОФ. (Hа истото место, 34.) Истапил во одбрана на Паскал Митревски по искажаните невистини од страна на претставникот на КПГ Георгиос Еретријадис-Петрис за долгото задржување во Југославија со цел за негово отстранување од функцијата секретар на ГО на НОФ и од секаква функција.
(Фотев: “Јас, другар Петрис, знам и тоа мноrу добро затоа што лично бев сведок дека Паскал Митревски замина за Солун преку Југославија по инсистирање на Еврипидис Капетанос-Панос (член на ПК на КПГ), а не за тоа што Вие го обвинувате.” (На истото место, стр. 35).) На состанокот на активот на НОФ одржан на 20 мај, Фотев не бил избран во новото раководно тело на НОФ именувано како Координативно биро, а бил задржан во секретаријатот на Покраинскиот комитет на ЕПОН за егејскиот дел на Македонија и Тракија. (На истото место, 36.)
По одлуката на Координативното биро за расформирање на НОМС, фотев бил отстранет од ПК на ЕПОН. (На истото место,
37-38)
На Вториот конгрес на НОФ одржан на 25 март 1949 година, Фотев бил избран за член на Извршниот комитет на Централниот совет на НОФ. (На истото место, 55.) Од Извршниот комитет бил избран за претседател на Главниот одбор на НОМС, одговорен за обновување на младинската организација, како и да раководи со окружните организации на НОФ во Костурско и Леринско. (На истото место, 57.) Од 3 април 1949 година, бил поставен за помошник политички комесар во Главниот штаб на ДАГ. (На истото место, 59.) По резолуцијата на ИБ и промената на односите на КПГ со КПЈ и ставот спрема македонското национално прашање Минчо Фотев со другите водечки раководители на НОФ бил под силен притисок од раководството на КПГ за инструментализирање на македонската организација и за негово вклучување во пропагандата против Југославија и против партиското и државното раководство на НР Македонија. За тоа се ангажирал лично генералниот секретар на ЦК на КПГ Никос Захаријадис.
(М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 62-63.)
Минчо Фотев како офицер на единиците на ДАГ, под команда на генерал-полковникот Георгиос Протопапас-Кикицас, учествувал во борбите на Грамос. По поразот на ДАГ со единиците кои преминале на територијата на Албанија, на 29 август 1949 година, со другите македонски офицери и борци на ДАГ се нашол во логор. (На истото место, 67.) На 9 септември бил присутен на состанокот со воениот кадар на ДАГ свикан од воениот министер на ДАГ и член на претседателството на ЦК на КПГ Мичос Вландас, на кој го соопштил заклучокот на ЦК на КПГ дека Југославија и организацијата НОФ, како нејзина агентура, биле главните виновници за поразот на ДАГ. (М.
Фотев, Развојниот пат на НОФ, 67-68.) Веднаш потоа, на 30 септември раководството на КПГ донело решение за апсење на раководителите на НОФ меѓу кои и Минчо Фотев - претседател на Главниот одбор на НОМС и член на Извршниот комитет на Централниот совет на НОФ. На 7 октомври 1949 година, со другите уапсени раководители на македонската организација бил спроведен во албанскиот затвор “Бурели”, а на 13 октомври во Централниот затвор во Тирана. На 14 декември биле спроведени во пристаништето во Драч и со советски товарен брод биле префрлени во СССР, во пристаништето Одеса. По пристигнувањето во Одеса, на 25 декември советската полиција го спровела во Москва. Таму на 1 јануари 1950 год., бил преземен од припадниците на Министерството за безбедност на СССР и бил спроведен во истражниот затвор “Љубљанка”. (На истото место, 68-69.) Во Московскиот истражен затвор бил задржан до 19 април 1952 година кога бил осуден на 10 години затвор и спроведен во концентрациониот логор во Варкута, на крајниот север на СССР. (На истото место, 72.)
Во 1956 година, по нормализирањето на односите меѓу КП на СССР и КПЈ, Минчо Фотев и другите раководители на НОД од егејскиот дел на Македонија биле ослободени и репатрирани во НР Македонија.
По пристигнувањето во НРМ, Фотев во Скопје се школувал на Вишата управна школа. По завршувањето на школото бил назначен за советник во Републичкиот секретаријат за општа управа, а по неговото укинување во 1965 година продолжил да работи во Секретаријатот за правосудство и организација на управата. Починал во Скопје на 28 мај 1987 година.
За придонесот во НОД на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија шест пати бил одликуван. (На истото место.)
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/mincho-fotev-e-book-macedonian/2 le 29 octobre 2026