Дел II НОД НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ОД ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА (1941-1949) - Part 13
КП на Грција ја напуштила паролата за самоопределување на славомакедонскиот народ и се вратила на ставот за национална рамноправност бидејќи состојбата била променета. НР Македонија не можела да биде центарот за националното обединување, за тоа требало да се запознае “славомакедонскиот народ”, а Политбирото на ЦК на КПГ требало да одлучи за организациите на НОФ и КОЕМ (Барџотас: “ Петтиот пленум на партијата ја исфрли паролата за самоопределување, за потполно национално востановување на славомакедонскиот народ. Таа парола ја исфрли во непогоден момент. Тоа го сторивме за да им се спротивставиме на разбивачките акции на Титовата клика и на нејзините агенти за повеќе да го привлечеме спавомакедонскиот народ во оружената борба до победа. Денеска состојбата се измени и се налага повторно да ја разгледаме таа парола. Сталин не учи дека националното прашање се потчинува на општите интереси на револуцијата и се менува штом тоа го наложуваат општите интереси на партијата. Тоа треба да стане денес и кај нас. Треба да се вратиме на паролата на националната рамноправност што ја исфрли VI конгрес на КПГ поради следните причици:
1. Паролата за самоопределување ќе го попречи развојот на масовната борба и единството на демократските сили, ќе му даде можност на монархофашизмот да продолжи со демагогијата околу тоа прашање и во крајна анализа ќе му наштети на самиот славомакедонски народ.
2. Состојбата во Вардарска Македонија целосно се измени. Во никој случаi не може Скопје да се смета како центар за национално обединување на (славо)македонскиот народ.
3. Треба да се земат во предвид етничките промени што правилно ги оцени VI конгрес на партијата и ја исфрли паролата за “национална рамноправност: Поради сите тие причин треба да се вратиме на паролата за национална рамноправност и да го запознаеме спавомакедонскиот народ со таа промена. Политбирото треба да размисли и да реши за натамошната работа на НОФ и КОЕМ.” (На истото место, 69-70.)) и да расчисти со членовите “предавници на партијата” и “агенти на Тито”. (Барџотас: “Она што денес е нужно тоа е да расчистиме со случаите на агентите на Тито како: Митревски, Фотев, Раковски и другите и да ставиме крај на нивната разбивачка дејност. Овие предавници треба да ги исклучиме од нашата партија. Политбирото ќе ја реализира одлуката што за нив ќе ја донесе партиската конференција.” Фотев пишува дека по негова наредба одлуката на партиската организација била донесена и спроведена пред одржувањето на конгресот. (На истото место, 70.))
Македонските револуционери во албанските и советските затвори и концентрационите логори Водечките раководители на македонските национални организации од 13 октомври 1949 година, биле држани во Централниот истражен затвор во Албанија (Тирана). На 14 декември, биле спроведени во пристаништето Драч каде биле преземени од советскиот товарен брод “Мичурин” и пренесени во Одеското пристаниште. Од Одеса советската полиција ги спровела во Москва. Таму биле преземени од припадниците на Министерството за државна безбедност и спроведени во истражниот затвор “Љубљанка”. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 69.) Таму повеќе од две години (од јануари 1950 до средината на април 1952) биле непрекинато сослушувани на грчки јазик. (Фотев: “Истрагата во Москва ја водеше групата советски офицери-иследници на Министерството за државна безбедност на СССР: мајорот Панделеев, потполковникот Виктор Петрович Фирсов, потполковникот Никитин, мајорот Атанасов и потпоручникот Андреј Погребњак. Понекогаш и други офицери на државната безбедносг, меѓу нив и началникот на второто одделение на Министерството за државна безбедност надлежно за дела поврзани со странство полковникот Рубљов. Истрагата (сослушувањето) се водеше на грчки јазик преку преведувачи советски офицери од грчко потекло и тоа: капетан Јоанидис, капетан Христос Џумијадис и поручникот Аристотелис Папунидис.” (На истото место, 72.))
Истрагата се водела за докажување на нивната поврзаност со НР Македонија со цел да се обвини Југославија. Во обвинителните акти биле наведени македонските партиски и државни раководители: Лазар Колишевски, Цветко Узуновски-Абас, Никола Минчев и Димитар Алексовски. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 72.)
На 19 април 1952 година, македонските револуционери биле осудени на долгогодишна казна. Казните биле од 8 до 25 години затвор во концентрационите логори да извршуваат присилна и тешка физичка работа. Паскал Митревски бил осуден на 25 години затвор, Минчо Фотев на 10, Ламбро Чолаков, Ристо Коленцев и Ташко Хаџијанев на по 8 години.
Сите тие биле спроведени во концентрационен логор во Воркута, Коми, на северот од СССР, “каде температурата се спуштала до минус 56 степени, да работаат во рудниците за јаглен. Павле Раковски бил осуден на 10, а другите: Евдокија Балева-Вера, Уранија Јурукова и Лазар Поплазаров биле осудени на по 8 години затвор. Сите биле спроведени во концентрационен логор во Сибир”. (На истото место.)
Останатите раководни личности на НОФ притворени во Албанија: Тодор Ковачев-Виктор - член на Централниот совет и член на Претседателството на Главниот одбор на НОМС, Никола Панов - член на ЦС на НОФ и секретар на ОК на НОФ за Костурско, Трајко Супелов - член на ОК на НОФ за Костурско, биле однесени, со полски брод преку Полска, во логорот во Чехословачка. Таму веќе имало македонски затвореници меѓу кои и Коста Ројдев. Од логорот биле спроведени, без да им се суди, во градот Винтава да работаат во фабриката за огноотпорни тули. (На истото место, 73.)
Раководителите на македонската организација на НОФ, биле апсени и затворани во источноевропските држави. Во НР Полска биле уапсени: Герман Дамовски-Стариот - член на ЦС на НОФ и претседател на ОК на НОФ, Коста Кирков - член на ОК на НОФ за Леринско и Тане Наумов - секретар на ОК на НОФ во Лерин. Уапсени и интернирани во НР Романија биле:
Доне Сикавица - кандидат за член на ИК на ЦС на НОФ и претставник на Привремената влада на Грција, Фоти Илковски -кандидат за член на ЦС на НОФ; активистите на НОФ - Ристо Поптрајанов, Василики Каранџа-Кула, (Од с. Смрдеш, Костурско.) Алеко Дуковски (Од с. Бесфина.) и други. (М.
Фотев, Развојниот пат на НОФ, 73.)
Во источноевропските држави продолжило следењето и испитувањето на Македонците членови на КП на Грција. Сите тие кои биле членови и активисти на НОФ, а не зеле учество во кампањата против Југославија и НРМ, биле исклучувани од партијата “како националисти и Титови агенти” и им биле преземани репресивни мерки. (На истото место, 75.) Според сведочењето на Минчо Фотев “јасно се манифестирал големогрчкиот шовинизам на раководството на КПГ”. (На истото место, 76.)
Дејствувањето на организацијата и опонентските групи против НОФ и НОД, на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија Минчо Фотев, пишува дека “непријатели од сите бои” активно се бореле против НОФ и НОД на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија:
1. Македонците соработници на грчкиот монархистички режим не само што вршеле шпионска дејност туку и активно учествувале во акциите на грчката полиција во тероризирањето на македонското население за уништување на НОФ и НОД.
(Фотев: “Одреден број дегенерирани Македонци, класни непријатели, тесно поврзани односно соработници на монархофашистичкиот режим на Грција ги шпионираа и ги прогонуваа Македонците патриоти и комунисти приврзаници на НОФ и лично учествуваа во терористичките акции што беа организирани од грчката полиција против македонското население.” (На истото место, 77.))
2. Припадниците на ВМРО на Иван Михајлов со пропагираната парола за “Обединета самостојна Македонија” под покровителство на Англија и САД “се обидувале Македонците да ги доведат во заблуда. Покрај тоа тие вршеле и шпионска дејност против НОФ, односно НОДЕМ”. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 77.)
3. Македонци, кадри на КПГ, дејствувале за разбивање на националното единство на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија. Тие по резолуцијата на ИБ биле за ликвидирање на македонските национални организации: НОФ, НОМС и АФЖ. (Фотев: “Некои Македонци кои беа кадровски работници на КПГ, луѓе без национална свест и македонски патриотизам опасно го поткопуваа морално-политичкото и националното единство на македонскиот народ и извршуваа специјални задачи за КПГ против НОФ. Тие ја клеветеа организацијата на НОФ како националистичка и автономистичка, наводно опасна за НОД на Грција. По Резолуцијата на Информбирото тие станаа знаменосци и извршители на информбировската политика на КПГ против Југославија. Беа иницијатори за осудување и за расформирање на НОФ, АФЖ и НОМС”. (На истото место, 77-78.))
4. “Македонските сепаратисти” биле против заедничката борба со грчкото противмонархистичко комунистичко движење, за самостојно решавање на македонското национално прашање, (Фотев: “Прилично силен удар и голема штета на НОФ, односно на НОДЕМ му нанесоа Македонците сепаратисти. Тие го разбиваа морално-политичкото единство на македонскиот народ и го спречуваа братството со грчките прогресивни сили, бидејќи решавањето на македонското национално прашање го гледаа надвор од победата на народната револуција на Грција”.
(На истото место,78.)) во егејскиот дел на Македонија.
Расформирањето на македонските национални организаци:
НОФ, НОМС и АФЖ Раководството на КПГ на Никос Захаријадис, во странство, и во источноевропските држави, ја продолжило со ист интензитет кампањата за дискредитирање на НОФ и другите македонски национални организации. Тие организации кои го организирале и го предводеле македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија во оружена борба против грчкиот монархистички режим, (Фотев: “Организацијата на НОФ беше еден од најрешавачките фактори за создавањето и јакнењето на ДАГ.
Благодарение на активностите на НОФ околу 20.000 македонски борци служеа во неа, неколку илјади македонци освен во Егејска Македонија се бореа во Тракија, Епир, Тесалија, Румелија, дури и на Пелопонез и останаа доследни до крајот на Граѓанската војна во Грција. Се смета дека загинале над 6.000 Македонци борци на ДАГ кои беа членови на НОФ, од кои 3.000 загинале надвор од егејскиот дел на Македонија.
Не е помал бројот на Македонците борци кои останаа инвалиди.
Во Граѓанската војна македонскиот народ стана жртва во вистинската смисла на зборот.” (На истото место, 76.)) дале големи жртви, под негово (на Захаријадис) водство (За време на оружената борба “високо ја ценел улогата на НОФ”. Во поздравниот говор на Првата конференција за Леринско искажал пофалби, Фотев го поставува прашањето: “Кога ја кажуваше вистината за НОФ, кога ја фалеше и и оддаваше признание или кога ја напаѓаше?” (На истото место, 77.)) и за каузата на неговата партија. НОФ како раководна македонска национална организација, била обвинувана за спроведување на југословенската политика, за разбивање на единството со грчкиот народ и за родривачко дејствување во Демократската армија на Грција и како таква била единствен виновник за катастрофалниот пораз на ДАГ и КПГ во Граѓанската војна. (Со сатанизирањето на македонската национална организација раководството сакало да постигне повеќе цели: да ја покаже и докаже својата лојалност на Сталин и да се стекне со позиција на битен фактор во иделошката борба против Титовото раководство во Југославија, да обезбеди алиби за новата позиција спрема македонското национално прашање и, не помалку важно, да се амнестира за трагедијата на сопствениот народ во Граѓанската војна.
На Македонците им се всадувало чувството на вина со убедување дека организацијата на НОФ била создадена од Југославија и имала улога на “најопасниот непријател” за ДАГ, поопасен и од грчкиот монархистички режим. (Фотев:
“Раководството на КПГ се стремеше да ги убеди македонските борци и комунисти дека улогата на НОФ за време на Граѓанската војна во Грција беше негативна и штетна, дека НОФ беше творба на Тито.” (На истото место.)) Раководството на КПГ на тој начин го подготвувало и формалното расформирање на НОФ, НОМС и АФЖ, чија што дејност била запрена по поразот на ДАГ. Фотев пишува дека по поразот на ДАГ, македонската национална организација на НОФ постоела “само во кампањата на КПГ против Југославија” и во претставувањето на политиката спрема македонското прашање.
Одлуката за расформирањето на НОФ, НОМС и АФЖ, раководството на КПГ ја донело во јануари 1952 година. (М.
Фотев, Развојниот пат на НОФ, 75.)
Организацијата “Илинден” Македонците членови на КПГ: Пандо Ваена, Ставро Кочев, Ташо Гушевски-Маки и други, “слепо приврзани” кон раководството на Никос Захаријадис, биле искористени како кадри за формирање “антимакедонска организација Илинден” (На истото место.) во Полска. Захаријадис од името на ЦК на КПГ до ЦК барал и добил одобрување од Полската работничка партија за одржување основачки конгрес на организацијата.
Конгресот се одржал, на 2 и 3 април 1952 година, во с.
Кросциенко, во кое имало околу 500 Македонци.
Организацијата била формирана “да ги мобилизира македонските емигранти во источноевропските земји во антијугословенската кампања на Информбирото”. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 75.)
Заклучок Минчо Фотев, потекнува од револуционерно семејство на борци во Илинденското востание. Целото негово потесно семејство активно учествувало во националноослободителната оружена борба на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија, во периодот на Втората светска војна (1941-1945) и Граѓанската војна во Грција (1945-1949), а повеќемина ги положиле своите животи.
Минчо Фотев, бил еден од организаторите, активен борец и член на потесното раководство на НОД на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија, за целиот период на оружената борба од 1941 до 1949 година. Од позицијата што ја заземал и должностите кои ги извршувал Фотев располагал со релевантни факти, бил компетентен да даде свој суд за македонското националноослободително движење од егејскиот дел на Македонија, за теророт на монархистичкиот режим на Грција врз македонскиот народ, за фашистичката окупација и поделбата на егејскиот дел на Македонија од фашистичките сили, бугарската пропаганда и пробугарското комитаџиско движење, за организирањето, подемот и достигањата на НОД.
Но, и за објективните и субјективните (внатрешни) причини за поразот и егзодусот на македонското население, со далекусежните трагични последици за компактното опстојување на македонскиот народ на сопствената земја од егејскиот дел Македонија. Фотев ги претставува причините за внатрешните слабости и поделби, односите со КП на Грција, со партиското и државнотото раководство на НР Македонија, за улогата на КПЈ и доминантните светски сили: Велика Британија, САД и СССР.
Во секој случај, револуционерот Минчо Фотев оставил автентично сведоштво за големината и историското значење на децениската оружена ослободителна борба на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија, во периодот на Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција, со релевантни податоци за стотина загинати раководители и активисти на македонските политички организаци: НОФ, НОМС и АФЖ.
Минчо Фотев остави и полемички текстови за објавените погледи, ставови и оценки од другите раководители и учесници во движењето, како и од научните работници-историчари, со цел да придонесе за објективно расветлување на настаните и улогата на личностите во македонското националноослободително движење од егејскиот дел на Македонија. За некои од настаните пишува дека се измислени, а дека користените документи се конструкција. Може само да жалиме што за некои прашања Фотев не дал свое видување (како, на пример, за организациите: МАО, ТОМО, КОЕМ).
Според изнесените податоци и мислења во оваа публикација, пишувана врз основа на авторизираните текстови на Минчо Фотев, може да се согледа дека тој за многу нешта, настани и личности, особено од периодот 1945-1949 година, има поинакви гледишта од оние изнесени во објавените трудови на д-р Ристо Кирјазовски. Несогласувањата со размислите на историчарот Ристо Кирјазовски, кој исто така е учесник во движењето, произлегуваат од различниот пристап на двете струи во претставувањето и оценката на развојот на движењето.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/mincho-fotev-e-book-macedonian/15 le 29 octobre 2026