Дел III ПРИЛОЗИ (Составени од Минчо Фотев) - Part 05
Основната причина за негативниот однос, односно за непријателскиот став на КПГ спрема организацијата на НОФ е во тоа што македонското националноослободително движење за прв пат откако Егејска Македонија падна под доминација на грчката држава, против волјата на КПГ, се здоби со своја политичка национална револуционерна организација, со свое самостојно национално раководство, која ќе се бори за национална и социјална слобода, за целосно решавање на македонското национално прашање и за обединување на македонскиот народ. (Во Егејскиот дел на Македонија.) Како што е познато НОФ повторно го актуализира македонското национално прашање залагагајќи се за афирмација на македонската национална посебност како и борбата за слобода и националните права. НОФ се бореше и бараше од КПГ и ЕАМ како единствен политички, национален и легитимен претставник на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија. Имено тие се основните причини. КПГ и ЕАМ од чисто големогрчки и шовинистички причини не сакаа организацијата да ја признаат како таква, тие не признаваа македонско национално прашање.
Разногласијата и судирите помеѓу НОФ и КПГ произлегуваа од различни причини. Како што изнесовме погоре, НОФ организираше вооружени групи за да им се спротивстават на терористичките и монархофашистичките акции на монархофашистичките банди и на жандармеријата. Беше против регруатацијата на македонската младина во грчката армија. КПГ не се согласуваше со овие ставови и тие беа повод да ја напаѓа организацијата на НОФ. Но, тоа што најмногу го вознемируваше и го погодуваше раководството на КПГ беше фактот дека 80% од македонските комунисти ги напуштија редовите на КПГ и се зачленија во македонските организации на НОФ, НОМС и АФЖ. Само од логорот за бегалците од ЕЛАС во Булкес, АП Војводина, во март 1946 година, околу 500 Македонци - борци на ЕЛАС масовно и организирано ја напуштија КПГ и преминаа во редовите на НОФ. На сите предизвици, напади, обвинувања, клевети, и уште што не друго од страната на КПГ против организацијата, раководството на НОФ ладнокрвно се воздржуваше, избегнувајќи да се конфронтира. Единствениот и најправилен одговор на НОФ беше доследно следење на зацртаната политика т.е., одбрана на вистинските интереси на македонскиот народ.
За спогодбата за обединување на НОФ и КПГ. Може да се каже, дека оваа спогодба е крупен историски настан за македонското националноослободително движење од егејскиот дел на Македонија. Неговите организации НОФ, НОМС и АФЖ беа признати и со тоа беа нормализирани односите на македонското НОД со прогресивното демократско движење на грчкиот народ, раководено од КП на Грција. Вистината за Спогодбата е како што следува: По признавањето на НОФ од КПГ се создадоа благопријатни услови за постигнување на спогодба за нормализирање на односите на солидна основа. По тежок и макотрпен пат, конечно во октомври 1946 година, беше постигната Спогодба за обединување на НОФ и КПГ. Сакам да напоменам дека при финалните разговори за утврдување на условите под кои ќе се изврши обединувањето организацијата на НОФ не беше застапена. Раководството на НОФ учествуваше само на прелиминарните разговори.
Категорично изјавувам дека сите услови наведени во книгата не се точни. Тоа го тврдам бидејќи од меродавни фактори бевме лично запознати (Паскал Митревски, Илија Димовски-Гоче и Минчо Фотев) со содржината на Спогодбата. Условите во Спогодбата беа:
1. НОФ останува самостојна организација, единствен легитимен претставник на македонскиот народ од Егејска Македонија, а во глобала ќе се раководи од КПГ.
2. Организациите на НОМС и АФЖ ќе постојат како составни делови на НОФ.
3. НОФ ќе издава свој весник - орган на Главниот одбор.
4. Македонските комунисти од Егејска Македонија членови на КПЈ, автоматски стануват членови на КПГ.
5. Сите партизански одреди на НОФ ќе се обединат со ДАГ, а воено-политичките кадри на НОФ ќе се распоредат на соодветни командни должности во воените штабови на ДАГ.
6. Секретарот на Главниот одбор на НОФ, Паскал Митревски се поставува за член на Секретаријатот на Покраинскиот комитет (Македонско биро) на КПГ за Егејска Македонија и Тракија.
7. Членот на Главниот одбор на НОФ, Ѓорѓи Урдов-Џоџо се поставува за член на командниот состав на Главниот штаб на ДАГ.
8. Членот на Главниот одбор на НОФ и секретар на НОМС Минчо Фотев се поставува за член на Секретаријатот на Покраинскиот комитет на ЕПОН за Егејска Македонија и Тракија.
По запознавањето со содржината на Спогодбата, на 19 октомври 1946 година, Паскал Митревски, Илија Димовски-Гоче и Минчо Фотев веднаш заминаа, преку Албанија, на територијата на Егејска Македонија. Паскал Митревски директно од Албанија, со специјален курир на КПГ од Корча, замина во седиштето на Главниот штаб на ДАГ во планината Хаша за да се сретне лично со врховниот командант на ДАГ Маркос Вафијадис, и да ги уврдат критериумите за практичното спроведување на Спогодбата, а Илија Димовски-Гоче и Минчо Фотев заминаа за Леринскиот и Костурскиот округ за да ги запознаат и другите членови на Главното раководство и окружните раководства на НОФ со содржината на Спогодбата за обединување на НОФ и КПГ. Но, истовремено да подготват терен за спроведување, до враќањето на Паскал Митревски од Главниот штаб на ДАГ. Можам да кажам и тоа дека договорачите, (Од југословенското и македонското партиско и државно раководство.) односно застапниците на НОФ му дадоа на раководството на КП на Грција на чие чело беше Никос Захаријадис, големи овластувања и права над организацијата на НОФ. Довербата, овластувањата и правата раководството на КПГ крајно ги злоупотреби, организацијата на НОФ постојано ја ставаше пред нови искушенија и го кочеше нејзниот нормален развој.
Во многу случаи не се точни историските датуми. На пример (дека) “преговорите за обединување меѓу НОФ и КПГ почнаа во мај, а завршија на 21 ноември 1946 година, кога конечно е потпишана Спогодбата за обединувањето” (стр. 156).
Спогодбата беше постигната во октомври 1946 година. Оттогаш почна нејзиното практично спроведување, но никогаш во целост не беше спроведена бидејќи КПГ тоа постојано го одлагаше.
Р. Кирјазовски пишува (с. 160): “Грчката страна почнувањето на преговорите го условуваше со исклучување на Гоче (Илија Димовски - б. М.Ф.).” Случајот со суспендирањето на Гоче од ДАГ го постави врховниот командант на ДАГ Маркос Вафијадис. Имено, кога Паскал Митревски се сретна со Маркос Вафијадис во седиштето на Главниот штаб на ДАГ (септември 1946 година) за да се договорат за практичната примена на Спогодбата, Маркос категорично побара Илија Димовски-Гоче да биде отстранет од редовите на ДАГ. На настојувањето од секретарот на Главниот одбор на НОФ Паскал Митровски, Гоче да остане во ДАГ бидејќи тој претставува посебна фигура во македонското НОД, Маркос одби со следната мотивација:
“Политбирото на ЦК на КП на Грција донесе решение со кое јавно го осуди како автономист, расцепник и соработник на Англичаните, а тоа решение раководството на КПГ не го повлече. Јас како член на Политбирото на ЦК на КПГ сум должен да го почитувам тоа решение и во никој случај не смеам да го дезавуирам”. Таков е случајот со суспендирањето на Илија Димовски-Гоче.
Активот на НОФ се состана на 20 мај 1947 година на планината Караорман, дури го возвишува (со важност) на земската конференција и прва масовна манифестација. Ако сакаме објективно да ги согледаме работите, резултатите од донесените одлуки и решенија, времето, местото, начинот на донесувањето и условите под кои се одржани, намерите и целите, би требало да се напише цела студија, а тоа ќе оставиме да го направи оној историчар кој ја сака вистината. Пред се, работата и одлуките на Активот јасно ги покажаа поткопувачките намери на КПГ спрема НОФ. Исто така јасно се видоа и разбивачките намери и дејноста на македонските сепаратисти и дисиденти против морално-политичкото и националното единство на Македонците и нивната секташка политика. Нема да претерам ако кажам дека беше вистински заговор против НОФ и му нанесе тешки последици на македонското НОД во егејскиот дел на Македонија. Ценејќи по начинот на кој Активот беше свикан и стилот на работата на тој собир, наполно им одговараше на организаторите за да ги постигнат своите поставени цели. Активот не го свика Главното раководство на НОФ туку Михајло Керамитчиев лично, во согласност со Покраинскиот комитет на КПГ за Македонија и Тракија. Во тоа време Главното раководство го сочинуваа 6, а не 9 члена. Тие беа: Паскал Митревски, Михајло Керамитчиев, Ѓорѓи Урдов-Џоџо, Павле Раковски, Евдокија Балева-Вера и Минчо Фотев. Паскал Митревски одејќи за Солун во седиштето на Покраинскиот комитет на КПГ за Македонија и Тракија, да се договори и да ги утврдат критериумите за спроведување на Спогодбата за обединување на НОФ и КПГ, провокативно беше изолиран речиси цели четири месеци. Откако заврши работата на Активот на НОФ, се врати во седиштето на Координативното биро на НОФ, Ѓорѓи Урдов-Џоџо се наоѓаше во седиштето на Штабот во ДАГ за Западна и Централна Македонија. Тој не беше поканет, а ниту известен за да учествува на состанокот на Активот. И Минчо Фотев не беше известен за свикувањето на Активот. Тој дозна од секретарот на Окружниот одбор на НОФ за Костурско Ламбро Чолаков, откако тој беше известен дека треба да учествува во работата на Активот. Речиси сите учесници во работата на Активот, освен најблиските истомисленици на Михајло Керамитчиев, не беа запознати од кои причини се свикува Активот, и кои се проблемите што ќе ги третираат, итн. Речиси сите учесници, освен сепаратистите, се интересираа и бараа да дознаат зошто го нема во работата на Активот секретарот на Главниот одбор на НОФ Паскал Митревски. Одговарајќи на прашањата Михајло Керамитчиев изјави: “Прашањето за Паскал Митревски е работа на раководството на КПГ.” Сите заинтересирани учесници (на собирот) на Активот, во врска со Паскал Митревски ги упатија на претставникот на КПГ за Македонија и Тракија Георгиос Естеријадис-Петрос кој ја следеше работата на Активот. Кога делегатите се обратија (со прашање) до него, тој нервозно и грубо им одговори: “Паскал Митревски од Скопје повеќе не може да раководи, неговата метла престана да мете. НОФ веќе му припаѓа на КПГ.” По таа изјава од претставникот на КПГ, се создаде напната атмосфера и се заостри ситуацијата помеѓу учесниците на собирот.
Ситуацијата навистина стана експлозивна. Сепаратистите, предводени од Михајло Керамитчиев, се обидуваа да ги смират духовите на револтираните учесници, со изјавите дека “се ќе биде в ред и дека треба да имаме доверба во КПГ”.
Решенијата и ставовите на Активот на НОФ, наметнати од раководството на КПГ и од Михајло Керамитчиев кои и нанесоа тежок удар на организацијата на НОФ, беа:
1. На сите раководители-претставници на организацијата на НОФ во КПГ, ЕПОН и ДАГ им престанува функцијата во раководните тела и органи на НОФ, НОМС и АФЖ.
2. Главниот одбор на НОФ да се преименра во Координативно биро на НОФ кое ќе го сочинуваат 5 члена, на чело со секретар.
3. Кадровското прашање на НОФ е проблем на раководството на КПГ.
4. Организацијата на НОМС се расформира, а македонската младина ќе се зачленува во грчката младинска организација ЕПОН, но, може да членува и во НОФ.
5. На АКЕ (Земјоделската партија на Грција) и се признава правото да формира свои организации во македонските села.
6. Избраа Координативно биро на НОФ, како највисоко тело на Организацијата, од 5 члена: Михајло Керамитчиев - секретар, Вангел Ајановски-Оче - одговорен за организациони прашања, Павле Раковски - одговорен за АГИТПРОП, Ламбро Чолаков -одговорен за финансиите и Евдокија Балева-Вера секретар на АФЖ за Егејска Македонија. Беше донесено и решението Вангел Ничев да биде инструктор на НОФ за Источна Македонија, а Минчо Фотев да остане член во Секретаријатот на Покраинскиот комитет на ЕПОН за Егејска Македонија и Тракија. По еден месец, поради судир со политиката на Михајло Керамитчиев, тој беше разрешен од функцијата, а на неговото место за член на Секретаријатот на Покраинскиот комитет на ЕПОН, беше поставен Тодор Ковачев-Виктор.
Решенијата на Активот беа тежок удар за Организацијата, висински заговор против НОФ и воопшто против македонското НОД.
По (состанокот) на Активот на НОФ Организацијата падна во тешка криза. Раководството на КПГ наместо да ја помага организацијата на НОФ и да ја зајакнува нејзината улога, на што се обврза со Спогодбата за обединување, таа постапи спротивно. Со односот и мерките што ги преземаше против НОФ имаше за цел да ја дискредитира, и да ја дисквалификува Организацијата. Што се однесува за отстапките и компромисниот однос на Михајло Керамитчиев, тоа е општопознато. Неговата недоследност и неодговорност, неговите болни амбиции да дојде на кормилото на Организацијата, е тоа што го натера да ги направи наведените отстапки.
Последиците од решенијата на Активот на НОФ можат да се групираат во 6 точки:
1. Положбата во Организацијата битно се измени, крајно се заострија внатрешните меѓусебни односи. Со изборот на Координативното биро организацијата на НОФ практично се лиши од своето централно раководно тело, односно ја изгуби раководната улога и можноста да решава за сите прашања од својот домен и да креира своја политика, се разбира во рамките на глобалната стратегија на КПГ и на Привремената демократска влада на Грција. Координативното биро практично стана извршен орган на КПГ. Неговата улога и овластувањата се состоеја само формално да покренува иницијативи што ќе и ги предлага на КПГ за надлежно решавање, и да се грижи за практичното извршуавање на задачите поставени од КПГ.
2. Со создавањето на ДАГ, потребите на македонското НОД налагаа да се прошири составот на Главното раководство на НОФ и да му се дадат поголеми права и овластувања. Но, спротивно на тоа, КПГ не само што го намали составот туку и му ја одзеде раководната улога на Главното раководство на НОФ, самостојно да решава за проблемите од својот домен.
3. Кадровското прашање на НОФ и АФЖ беше исклучително во надлежност на раководството на КПГ. За секое преместување, односно поставување на некој активист на повисока функција на НОФ решаваше соодветен партиски орган на КПГ или се бараше согласност од партискиот комитет. На предлог од претставникот на КПГ Георгиос Еретријадис-Петрос, Координативното биро се согласи на сите раководители на НОФ кои се на служба во ДАГ да им престане мандатот (на функцијата во НОФ). Тој став на КПГ, Координативното биро во никој случај не смееше да го прифати, затоа што со тоа организацијата на НОФ практично ги прекина сите врски со илјадници македонски борци, со нивниот живот и нивните проблеми во ДАГ. НОФ преку своите претставници, преку својот воено-политички кадар мораше да биде присутна во ДАГ и да биде во постојан непрекинлив однос со македонските борци, во интерес на морално-политичкото единство и јакнењето на нивниот борбен дух. Само така НОФ можеше да се грижи и правилно да дејствува за решавање на проблемите на македонските борци во ДАГ. Неприкосновено беше правото на сите партизани членови на НОФ да се во постојан контакт со својата матична политичка организација, бидејќи таа беше еден од главните фактори за создавање и развивање на ДАГ. Бројот на македонските борци во ДАГ беше 40% од вкупниот нејзин број. Главнината на силите на ДАГ се наоѓаа и војуваа на тлото на егејскиот дел на Македонија (на Грамос, Вичо, Кајмакчалан и Пајак Планина, т.е., во Костурско, Леринско, Воденско и Гуменџиско). На Грамос и Вичо беше главниот фронт на двете завојувани страни, тука се водеа најтешките крвави борби.
Седиштето на Главниот штаб на ДАГ и Привремената демократска влада на Грција беше во Преспа. Во Костурско и Леринско беше најголемата населена слободна територија со околу 80% македонско население. Според тоа, организацијата на НОФ како единствен политички претставник на македонскиот народ најрешително и најефикасно ја помагаше ДАГ, директно учествуваше на првата борбена линија на фронтот, и мораше да биде присутна во ДАГ за да гради цврсти односи и да ги јакне врските меѓу македонските народни маси и ДАГ.
4. Координативното биро на НОФ го потврди предлогот на претставникот на КПГ Георгиос Еретријадис-Петрос (и реши)
да се расформира македонската младинска организација на НОМС, а македонската младина да се зачлени во грчката младинска организација на ЕПОН. Како последица од тоа организацијата на НОФ се оддалечи од животот и проблемите на македонската младина, од највиталната и борбена сила на македонскиот народ.
5. Координативното биро на НОФ го прифати ставот на КПГ во македонските села да се формираат организации на Земјоделската партија на Грција. Македонските селани немаа потреба да се зачленуваат во таа партија, НОФ доследно ги застапуваше нивните интереси. Постоењето на организацијата на Земјоделската партија на Грција во македонските села само ја комплицираше положбата на македонските селани. Очевидно беше дека присуството на Земјоделската партија во македонските села, им беше потребно на КПГ и на ЕАМ за да имаат свои политички позиции во базата. Со постоењето на двете политички и организациони позиции (македонска и грчка), во македонските села практично се ставаше клин во морално-политичкото единство на македонските земјоделски маси и со тоа вештачки се создаваа противречностите. Со оглед на тоа дека македонското население во егејскиот дел на Македонија скоро 80% го сочинуваа земјоделци, некои раководители на КПГ инсистираа организацијата на НОФ да биде раководена од Земјоделската партија (на Грција).
6. За македонското НОД беше од витален интерес помеѓу НОФ и другите прогресивни демократски партии и организации на грчкиот народ да се воспостават тесни врски и програмирана меѓусебна соработка на рамноправна основа. Само така НОФ можеше да се афирмира и да добие општогрчко признание како демократски и револуционерен фактор во земјата, како единствен легитимен претставник на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија. Единствено така можеше правилно да се согледаат проблемите од заеднички интерес и да се усогласат ставовите за сите прашања, да се отстрани секоја противречност, секое недоразбирање и да има ефикасни координирани акции. Меѓутоа, таква соработка немаше, бидејќи КПГ не сакаше организацијата на НОФ да ја афирмира како автентична рамноправна национална и политичка организација. Од тие причини раководството на КПГ го прекина процесот на единство врз договорените принципи предвидени во Спогодбата за обединување. Затоа ги отстрани претставниците на НОФ, Паскал Митревски и Минчо Фотев од покраинските комитети на КПГ и ЕПОН, а Ѓорѓи Урдов-Џоџо од Главниот штаб на ДАГ. Сите тие функциите ги добија со Спогодбата за обединување на НОФ и КПГ.
Со прифаќањето на ставовите на КПГ од Активот на НОФ, односно од Координативното биро, НОФ од масовна сенародна централизирана организација се претвори во децентрализирана секташка организација одвоена од борбениот дел на македонскиот народ, ограничена во најтесни рамки да ги извршува задачите добивани од КПГ.
По (заседавањето на) Активот на НОФ следуваа остри мерки против сите оние македонски кадри кои изразија незадоволство од неговите ставови и решенија. Имено, преку 40 раководители на НОФ, претежно младински раководители на НОМС, кои беа разрешени од должностите и обвинети како контрареволуционери и фракционери, беа испратени да служат во ДАГ, а некои од нив беа изолирани и спроведени во грчките логори во НР Албанија. Решенијата на Активот на НОФ не само што и нанесоа тежок удар на Организацијата туку штетно се одразија во развојот на НОД и оружената борба на ДАГ.
Против разбивачкиот однос на раководителите на Покраинскиот комитет на КПГ спрема НОФ, голем број раководители и активисти најостро реагираа и бараа да престанат прогонувањата, и да продолжи прекинатиот процес на единство врз договорените принципи на Спогодбата.
Борците комунисти и приврзаници на НОФ бараа од раководството на КПГ и НОФ да ги запрат сите негативни појави, поткопувачката дејност на некои раководители на КПГ против НОФ како: Георгиос Еретријадис-Петрис, Еврипидис Капетаниос-Панос, Кирјакос, Теодорос Евтимидијадис, Танасиос Џогас-Спирос и други. Беше побарано анулирање на решенијата од Активот на НОФ, да се спречи деструктивната дејност на сепаратистите и да се вратат на своите должности сите раководители кои неоправдано беа деградирани и отпуштани.
По тешките искушенија, по макотрпен пат, со големи напори дојде до свикување на Првиот конгрес на НОФ (13 јануари 1948 година) и Организацијата успеа да ги совлада големите тешкотии, да ги зацврсти своите позиции и да ја продолжи историската мисија.
Едно од основните програмски начела на НОФ беше во своите организации да ги обедини сите Македонци, дури и луѓе од други народности кои живееја во Егејска Македонија. Тие доколку ги прифаќаа програмските начела и цели на НОФ имаа право да се зачленат во организацијата. Новите луѓе кои Ристо Кирјазовски ги нарекува полемичари (с. 220) беа Македонци, борци во ДАГ и членови на КПГ во која членуваа сите македонски комунисти и самиот Ристо Кирјазовски. Освен тоа, со делото на НОФ раководеше КП на Грција, што и беше доверено од договорачите на Спогодбата за обединување на НОФ со КПГ. Вистина е дека некои Македонци-комунисти, членови на КПГ меѓу кои и авторот на предметнава книга (Р.
Кирјазовски), традиционално, ортодоксно и стрикно ја следеа линијата на КПГ спрема НОФ и спрема македонското национално прашање. Таа состојба кај македонските комунисти претставуваше противречност. Во тој период кој беше многу тежок, можеа да настанат некои порадикални измени од таа категорија македонски “комунисти” затоа што луѓето и веруваа на линијата на КПГ. Но, независно од тоа новите луѓе, за кои зборува и кои ги напаѓа Ристо Кирјазовски, ја прифатија линијата на НОФ и затоа беа избрани на конгресот на НОФ.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/mincho-fotev-e-book-macedonian/20 le 29 octobre 2026