Дел II НОД НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ОД ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА (1941-1949) - Part 03
(Националноослободителен фронт на Грција, формиран во септември 1941 година.) Учеството на Македонците било се помасовно. (Во септември 1941 година во градот Хрупишта во партиската организација на КПГ, во младинската комунистичка организација (ОКНЕ) и во антифашистички групи, Македонците биле 60%. (М. Фотев, За контрачетниците, 15.) Во населените места во партиските организации дејствувале посебни групи за собирање на оружје, муниција и друг воен материјал за партизанското движење. Во Костурско било собрано големо количество оружје оставено од грчката војска при повлекувањето од фронтот спрема Албанија. Во градот Хрупишта од улиците било собирано оружјето оставено од војниците и офицерите на комплетната пешадиска дивизија и на специјализираните воени единици, (Вкупното количество собрано оружје и воен материјал изнесувало: пушки маликери -830; пушкомитралези - 24; митралези - 6; куршуми околу 400.000; рачни гранати – ок. 1.500 и големо количество санитетски и друг воен материјал. (На истото место, 16.)) пред влегувањето на германските сили. (Градот бил опколен, а грчките офицери и војници за да не бидат заробени се ослободувале од оружјето, опремата и униформите и се преоблекувале во цивили, (М. Фотев, За контрачетниците, 16.)
Се создале услови за основање на македонска национално-ослободителна организација и започнување на оружена ослободителна борба на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија. Создавањето на македонска ослободителна организација, КП на Грција го спречувала со сите можни средства. (Минчо Фотев, Решенијата на Првиот актив на НОФ и нивните последици врз организацијата на НОФ и национално-ослободителното движење од егејскиот дел на Македонија (авторизиран текст, машинопис СА-Фотеви), 1986, 4.) Сепак, одговорноста за несоздавањето на македонска ослободителна организација паѓала на “добар дел македонски комунисти” раководни кадри на КПГ: Атанас Хаџис, Андреа Чипов, Киро Пилаев-Петро, Ставро Кочев, Лазо Трповски, Анастас Караџа, Трифун Хаџијанев, Трпо Калимановски, Зисо Делевски и др.
Тие “не презеле, а и не подржале таква иницијатива.
Дисциплинирано ја спроведувале политиката на КП на Грција спрема македонското национално прашање, а на македонскиот народ му ветувале дека по победата над фашистичките окупатори и ослободувањето на земјата ќе бидат рамноправни во грчката народнодемократска држава.” (На истото место.) Со тоа бил одложен почетокот на организираниот вооружен отпор.
Окупаторските сили во содејство со грчката полиција и жандармеријата на грчката колаборационистичка власт и контрачетниците на пробугарското движење, со жестока репресија го забавиле формирањето на партизанските одреди на ЕЛАС, и НОД во западниот дел на егејски Македонија се до втората половина на 1942 година.
Партизанското движење во Костурско Првиот партизански одред во Костурско бил формиран на 7 декември 1942 година од првите македонски партизани и партизанки првоборци, со помал број на Грци. (Во одредот влегле: Никола Белоцрквенец, Глигор Ќосев, браќата Минчо и Фоти Фотеви, браќата Томо и Алкивјади Чангови, Таки Поп Димитровски, Стерјо Мавранѕа, Алеко Ивановски, Лазо Качела, Хрисули Филиповски, Анастас Манака, Аристиди Геџо, Коста Кутеки, Анести Евотатијадис, Пинелопи Манака-Оп, Корнели Поп-Јанева, Фросо Јанковска-Ивановска, Христос Карас, Наум Благој, Петрос Ксантопулос, Сидери Зигури, Васили Вевери (сите од гр. Хрупишта), Коста Пало, Михаил Пачо, Атанас Каракушев, Вангел Цуцулјанов, Димитар Масадовски, Живко Шанев, Андон Зисовски, Фоти Бочевски, Ѓорѓи Ризопулос, Стеријо Калчев, Стерјо Козаров, Никола Диовски, Илија Шабаниди, Панајотис Киризакис, Атанас Сулас, Панајот Колјопуло, Аргир Карајановски и др. Од вкупниот броен состав на одредот Македонци биле 70%. (М. Фотев, За контрачетниците, 22-23.)) Набргу потоа, на 24 февруари 1943 год., од постојните борбени партизански групи во Костурско, бил формиран Вториот партизански одред. Првиот костурски партизански одред при чистењето на теренот на 24 декември 1942 година, во с. Шак, Костурско, заробил одделение од 7 грчки жандарми. За соработката со окупаторот и извршените злосторства (тероризирање на населението и грабежите), биле осудени на смрт. (Им судел партизански суд под претседателство на Коста Бездека од с. Лошница (М. Фотев, За контрачетниците, 24.)
Во почетокот на 1943 година, во Костурско биле формирани нови партизански одреди. Во март бил формиран Третиот и Четвртиот партизански одред. Секој од одредите имал по околу 70 борци од кои 70% Македонци, а останатите биле Грци и Власи. (Минчо Фотев, Погледи и белешки во врска со книгата на Благоја Талески, Првата македонска егејска бригада-незаборавник, Скопје, “Комунист”, 1985, 15-16.)
Одреди и борбени партизански групи дејствувале во целиот западен дел на Егејска Македонија. Биле уништени повеќе истурени позиции и станици на италијанските сили и на грчката жандармерија, (Во Костурско биле уништени 4 италијански карабинерски станици и 6 станици на грчката жандармерија во селата: Нестрам, Брештани, Богаско,Чарчишта (Сколохори), Бурбуско и Калевишта. (М. Фотев, За контрачетниците, 23-24.))
и била создадена слободна територија со 60 села. (Од кои 40 населени со Македонци.)
На ослободената територија во сите села биле формирани селски вооружени групи од кои се формирале нови партизански одреди. Партизанските одреди во Костурско, во почетокот на
1943 година, преземале дејствија за ослободување на поголеми населени места. Првиот костурски партизански одред под команда на Јани Пачура, на 3 март 1943 година, го нападнал и го ослободил Нестрам (населено место со 2.800 жители само Македонци). Притоа на одредот му пристапиле 20 младинци и три младинки. (М. Фотев, За контрачетниците, 24.) Оттаму одредот продолжил кон градот Хрупишта, каде настапувал и Вториот костурски партизански одред под команда на Ѓорѓи Ризопуло. Двата одреда поддржани со седум месни борбени групи, на 8 март 1943 година, го одлободиле градот со 5.000 жители, од кои 55% биле Македонци. (Другото население било:
Власи - 20%, Грци од Мала Азија – 20%, и Роми и Албанци -5%.) По ослободувањето, во градот Хрупишта бил формиран Народноослободителен одбор. (М. Фотев, За контрачетниците, 24.) Хрупишта бил првиот град во егејскиот дел на Македонија ослободен од партизаните на НОД. По ослободувањето на градот биле ослободени и соседните села: Дупјак, Манјак, Желин, Жупаништа и др. На партизанските одреди и пристапиле нови борци, 72 од гр. Хрупишта и 40 од соседните села; Дупјак, Песјак, Витан, Госно и други, сите со свои оружја.
(М. Фотев, За контрачетниците, 25.) Во ослободените населени места биле уапсени дваест и двајца соработници на окупаторот и на грчката квислиншка полиција против НОД. Нив им судел револуционерен суд, со кој претседател Пазо Трповски, 10 од уапсените биле осудени на смрт и ликвидирани, а другите биле ослободени. (Осудени биле: Јани Дијалаки, Тоде Митрули- Каракапња, Зиси Караташо, Билјос – кмет на с. Дупјак, Ставракис Пандазис - поранешен грчки жандарм и др. (На истото место, 25.))
Во март 1943 година, биле формирани партизански одреди во Леринско. Првиот партизански одред бил формиран на 4 март
1943 година. Кон крајот на мај, со решение на Околискиот комитет на КПГ, во Леринско бил формиран посебен партизански одред составен исклучително од борци Македонци, чиј командант бил Паскал Митревски. (На истото место, 16.) Одредот имал задача освен борбени акции да развива пропагандна дејност и да презема и други форми на дејствување за спречување на активноста на “Осовинскиот македоно-бугарски комитет”. (На исто место.) Тој одред и покрај постигнатите успеси бил расформиран од раководството на КПГ. (Фотев пишува дека раководството на КПГ тој одред го расформирале “од непознати причини.” (М. Фотев, Погледи и белешки,16).)
Македонските комунисти ја засилиле агитационата дејност за придобивање на комитаџиите кои заблудени од бугарската пропаганда или под притисок и закани се ставиле во служба на окупаторот и се бореле против НОД. Тие биле повикувни да не ги жртвуваат своите животи за туѓи интереси, да го остават оружјето и да се вратат во своите домови. На тоа работеле и водечките личности на НОД. Агитационата дејност дала резултат. Паскал Митревски со лични контакти и разговори успеал да придобие дваесет и тројца селани – комитаџии да го предадат оружјето, и тие тоа го сториле на 9 март 1943 година.
На 12 март Паскал Митревски, Периклис и Минчо Фотев придружувани од група партизани предводени од Глигор Ќосев, (Од гр. Хрупишта. Борец, офицер на ЕЛАС. Учесник во НОД на македонскиот народ во егејскиот дел на Македонија; бил секретар на Околискиот одбор на НОФ за Костурско, секретар на НОФ на гр. Хрупишта, загинал во 1946 година во Хрупишта.) во преговори со селаните од с. Старичани, успеале да го придобијат мнозинството од вооружените селани за да го предадат оружјето. (На истото место, 50.) Во месеците март и април околу 100 комитаџии од костурските села ги оставиле оружјата и се вратиле во своите семејства. (За тоа голем придонес дале активистите комунисти: Киро Ивановски, Михаил Димовски-Мише, Алеко Димитровски-Цанде, Сотир Ивановски, Петро Мирчев и др., сите од гр. Хрупишта. (На истото место, 50.)) Летото 1943 година, околу 150 припадници од селските чети на пробугарското комитаџиско движење од селата: Добролишта, Жупаништа, Изглибе, Манјак и др., го напуштиле движењето и преминале во редовите на партизаните.
(М. Фотев, За контрачетниците, 51.) За кусо време во месеците март и април 1943 година, партизанските одреди од западниот дел на Егејска Македонија ослободиле околу 150 села кои претставувале компактна слободна територија. (М. Фотев, За контрачетниците, 25.)
Советувањето во Hестрам Во средината на март 1943 година било актуализирано прашањето за утврдување на мерките за натамошниот развојот на оруженото ослободително движење. Притоа било предвидено пред крајот на месецот да се одржи советување на воено-политичкиот актив со раководителите и активистите на организациите на КП на Грција и на другите антифашистички организации. Подготовките започнале на14 март со пристигнувањето на Лазо Трповски, член на Покраинскиот комитет на КПГ за егејскиот дел на Македонија и Тракија, придружуван од секретарот на Околискиот комитет на КПГ за Костурска околија Периклис, во штабот на Првиот костурски партизански одред во с. Ланга, Костурско. Тука тие биле прифатени од Минчо Фотев, офицер во штабот на одредот.
Истиот ден била одржана средба со командантот на одредот Јани Пачура и со секретарот на ОК на ЕАМ во Костурската околија Теодорос Марјолис-Лефтерис. (Тој, иако бил поранешен водник на грчката жандармерија, бил кооптиран во Околискиот комитет на ЕАМ и бил поставен за прв секретар на комитетот, на 27 септември 1941 година. (М. Фотев, За контрачетниците, 62.)) На 15 март, заедно со активистите ва КПГ и на НОД: Паскал Митревски, Герос, Христина Пупти, придружувани од партизанскиот одред, пристигнале во с.
Нестрам, седиште на ОК на КПГ. На 21 март 1943 година во просториите на селската општина се одржало советување на воено-политичкиот актив на Костурско со околу 50 раководители и претставници на организациите на КПГ - ЕАМ, ОКНЕ-ЕА и ЕЛАС. (Фотев наведува дека на советувањето учествувале уште: Коста Баздека, Михаил Пачо, Хрисули Пачо, Евгенија Кирјакова, Лазо Качела, Петро Ксантопулос, Никола Белоцрквенец, Ѓорги Давид - Герос, Козма Калојанов, Пандо Терповски и др. (М. Фотев, За контрачетниците, 34.))
На советувањето била разгледана актуелната ситуација и натамошните задачи на дејствувањето:
1. Општата положба во Костурско;
2. Положбата на народноослободителните организации;
3. Положбата на партизанското движење.
По претставувањето на состојбите; натамошното влошување на положбата на народот и отежнатата дејност на НО организации, со засилената репресија на италијанските воено-окупаторски сили, грчката квислиншка власт и контрареволуционерните организации, (Во воведното искажување на секретарот на ОК на ЕАМ Теодорос Марјолис-Лефтерос, кој го отворил советувањето.) и нивните оружени формации. Биле разгледани мерките и акциите кои требале да ги преземаат особено со јакнењето на партизанското движење. (За положбата и проблемите на партизанското движење информирал командантот на Првиот костурски партизански одред Ѓорги Јанули. Тој говорел и за потребните мерки за неговото натамошно јакнење.) За тоа било потребно зголемување на бројот на партизанските одреди и “нивно оспособување за акции од пошироки размери”. (На истото место, 34-35.)
Паскал Митревски говорел за натамошното влошување на тешката положба на македонскиот народ со дејствувањето на бугарската пропаганда. Укажал на опасноста од дејствувањето на бугарската агентура, посебно на емисарите на “Осовинскиот македоно-бугарски комитет” со цел “да го вовлечат македонскиот народ во колосек на великобугарската империјалистичка политика, против неговите национални интереси”. (На истото место, 35.) Опасноста се зголемила со појавувањето на комитаџиските чети на пробугарското движење вооржени од италијански и германски окупаторски сили. Борбата на партизанските одреди станувала уште посложена и уште потешка и покрај се помасовното учество на Македонците во партизанското движење. Затоа раководството на КПГ и ЕАМ требало да најде политичко решение и да примени соодветни политички средства за ефикасно спротивставување. Побарало од раководството на КПГ-ЕАМ и ЕЛАС поставување на Македонци на раководни функции во сите органи и тела на единственото антифашистичко движење.
Се застапиле да се формира посебна партизанска единица составена само од Македонци за борба против припадниците на пробугарското комитаџиско движење. (М. Фотев, За контрачетниците, 35.)
Лазо Трповски во својство на претставник на ПК на КПГ од егејскиот дел на Македонија и Тракија, говорел последен, ја претставил политичката ситуација и ја истакнал историската улога на партијата за организирање на партизанско движење на ЕЛАС, импресиониран од развојот на НОД во Костурско. (На истото место.) Тој на состанокот на воено-политичкиот актив во Костурско, говорел за “Осовинскиот македоно-бугарски комитет”, дека неговото појавување и дејствување претставува “една од најцрните страници во историјата на македонскиот народ”. (На истото место, 36.) Неговите протагонисти: Христо Руков, Лука Дамјанов, браќата Паскал и Васил Јанакиеви, Кузе Кирјазовски и другите агенти на грчката полиција станале агенти на фашистичка Бугарија и соработници на германските и италијанските окупатори, биле “подготвени да му служат и на ѓаволот.” (На истото место, 36.) Повикал на засилено политичко дејствување на нивно разобличување и за одвраќање на Македонците кои под притисок на окупаторот и под заблуда на великобугарската псевдомакедонска пропагнда, а не по своја волја, биле вовлечени во контрареволуционерното движење да му служат на окупаторот. Сите тие биле повикани да се вклучат во НОБ за извојување на слободата и правата на македонскиот народ, во заедничка борба со грчкиот народ под раководство на КПГ. Барал да се засили борбата против комитаџиите кои го тероризирале и ограбувале народот за “да им се зададе смртоносен удар за целосно нивно уништување”. (На истото место.)
На 25 март, по наредба на Лазо Трповски, (По борбената акција Трповски се вратил во с. Нестрам. На 2 април преку с.
Чарчишта, отпатувал во ослободеното гр. Цотиљи, Анаселичко на средба со членовите на секретаријатот на ПК на КПГ од егејскиот дел на Македонија и Тракија и воено-политички раководители на КПГ, ЕАМ и ЕЛАС. На 9 април Лазо Трповски со Керадис Симос, член на секретаријатот на ПК на КПГ со нивната придружба биле убиени кај с. Имера, Кожанско во заседа од вооружена чета на ПАО. (На истото место, 38.))
Првиот костурски партизански одред на чело со командантот Јани Пачура, извршил напад и ги разбил комитаџиите на “Осовинскиот македоно-бугарски комитет” стационирани во с.
Добролиште. Комитаџиите ги предводел Паскал Калимановски, еден од водечките личности на комитетот. (За контрачетниците,
37.)
Партизанските одреди ги засилиле борбените акции. На окупаторските сили и колаборационистите им нанесувале се поголеми загуби. Во април командата на италијанските сили во Костур одлучила да преземе офанзивни дејства за разбивање на партизанското движење. На 26 април, два пешадиски баталјона со 2 артилериски батерии од ридски топови, 8 минофрлачи, 6 оклопни возила, придружувани од 250 комитаџии во 3 чети, ја започнале офанзивата на позициите на партизаните во Нестрамскиот реон. Непосредно пред започнувањето на борбените дејства на пешадиските сили, бил извршен едночасовен воздушан напад од авиони на италијанското воено воздухопловство. Италијанските авиони со напалм бомби го бомбардирале с. Нестрам во кое бил сместен партизанскиот штаб. По четиридневните борби партизаните биле присилени на отстапување. Ноќта на 29 спрема 30 април целосно се повлекле од нестрамскиот реон кон јужниот дел на Костурско, во реонот на Костенаријата. За време на четиридневната непријателска офанзива покрај с. Нестрам тешко настрадале и селата: Чука, Стенско, Радигожа. Комитаџиите ограбиле 180 куќи, а 130 запалиле, од кои повеќето биле на партизански семејства. (На истото место, 39.)
По повлекувањето на новите позиции партизанските одреди ги продолжиле оружените акции. На 1-ви мај и извршиле напад на с. Старичани запоседнато од чета со дваесет и двајца припадници на пробугарското комитаџиско движење, предводена од Васил Маноилов. Во борбата биле убиени петмина од комитаџиите меѓу кои и Маноилов, а 17 од нив биле заробени. Од партизаните загинале четворица, а биле ранети шестмина борци меѓу кои и командантот на Првиот костурски партизански одред Јани Пачура. За време на борбата комитаџиите за да го спречат преминувањето на селаните на страната на партизаните застрелале двајца млади жители, а 18-годишна ранета младинка успеала да премине кај партизаните и да стапи во нивните редови. (Вангелица Попјанева и Никола Тодоров. Последниот убиен од Кољо Маноилов. Ранетата била Филарета Радева. (На истото место, 39.)) По ослободувањето на селото партизанскиот суд им судел на заробените комитаџии.
Од 17 заробени, 15 биле осудени на смрт со стрелање. (М.
Фотев, За контрачетниците, 39.) Во деновите потоа, во првата половина на мај, на партизанските одреди им пристапиле нови 150 доброволци од селата: Нестрам, Чука, Калевишта, Радигожа, Стенско, Јановен, Пилкат и Граче. (На истото место.)
До крајот на мај и првата половина на јуни 1943 година со пристигнувањето на нови доброволци се зголемил бројот на партизанските одреди во Костурско. Во втората половина на јуни во реоните Костенаричко и Нестрам дејствувале 7 партизански одреди со околу 600 борци, од кои околу 450 биле Македонци. На слободната територија со околу 60 села имало
500 борци од резервниот состав на ЕЛАС. (М. Фотев, За контрачетниците, 40.)
Поради немоќта на италијанските окупаторски сили и колаборационистичките вооружени формации да го запрат ширењето на оружените дејства на партизанските движења во Костурско, Германската Воена команда упатила засилување.
Пред крајот на јуни од Солун во Костур пристигнале германската СС-единица со околу 300 војници и офицери како и грчките колаборационистички формации под команда на потполковникот Пуљос. (На истото место, 40.) Италијанските ефективи во Костур се состоеле: XIII-от пешадиски полк, еден артилериски дивизион, 6 оклопни возила и 150 карабинери.
Грчката квислингшка власт располагала со околу 200 жандарми. “Осовинскиот македоно-бугарски комитет” на пробугарското движење имал одред од 350 комитаџии-доброволци и 2.000 присилно вооружени селани за обезбедување на селата од партизаните. (На истото место.) Сите тие ефективи биле ставени во мобилна состојба за преземање на офанзива против партизанските одреди.
Партизанскиот штаб кој ги следел подготовките на непријателските сили, ОК на КП со месните организации го организирал населението во селата за скривање на повредната покуќнина, храната и евакуирањето на живата стока под заштита на партизанските одреди во планинските подрачја:
Груша, Волја, Одре и Грамос. (На истото место.) На помош од Леринско пристигнале 3 партизански чети со околу 150 борци.
(На истото место.)
На 6 јули 1943 година, непријателските сили тргнале во напад на позициите на партизанските одреди кај селата: Семаси, Шкрапар, Бела Црква, Нестиме, Жужулце, Либишево, Псоре, Лудово, Галишта, Радигожа, Чука, Нестрам и други. Жестоки борби се воделе од утрото до вечерта, при што непријателските сили се повлекле во нивните добро обезбедени бази: Хрупишта, Добролишта, Четирок и Костур. Таа тактика ја применувале при извршувањето на борбените дејства за цело време на спроведувањето на големата операцијата, од 6 јули до 16 август.
Според податоците од Штабот на партизанските единици за времетраењето на офанзивата имало 52 битки во кои непријателските сили имале загуба од 182 убиени и 250 ранети.
Партизанските одреди имале 37 загинати и 58 ранети борци.
Непријателските сили убиле 29 селани, опожариле околу 500 куќи, 600 објекти за храна и чување жива стока, 14 училишта и еден манастир - манастирот Св. Архангел кај с. Чука. Најтешко настрадале селата: Нестрам, Чука, Радигожа, Галишта, Лудово, Нестиме, Чарчишта. (На истото место, 41.)
Партизанските единици во Костурско и Леринско започнале со офанзивни акции од широки размери кон средината на јули 1943 година. (На истото место, 52.) Особено успешни борбени дејства имал Леринско-костурскиот баталјон “Гоче”. (На истото место, 51.) Ноќта на 23 спроти 24 јули 1943 година, единиците на 28 полк на ЕЛАС, Костурскиот македонски партизански одред и партизанскиот одред од Вермион, Воденско, извршиле напад на гр. Хрупишта. Во повеќечасовната борба партизанските единици влегле во градот. При нападот на штабот на пробугарското комитаџиско движење (се водела борба гради вгради), биле убиени 15 комитаџии, нивниот командант Васил Јанакиев бил ранет, а се предале и преминале на страната на партизаните 12 припадници. Утрото на 24 јули партизаните се повлекле од градот. (На истото место, 52.)
По капитулацијата на Италија во почетокот на септември 1943 година се зголемил бројот на партизанските одреди засилени со борбени акции. Во Костурско, од партизанската група предводена од Атанас Коровешовски и новопристигнатите борци, на 10 октомври 1943 година, бил формиран одредот “Лазо Трповски” со 28 борци. Од нив 16 штотуку се вратиле од Бугарија, поточно од Софија и Пловдив и стапиле во НОД во егејскиот дел на Македонија. (М. Фотев, Погледи и белешки, 16-18.) Командант на одредот бил Наум Пејов, кој само што пристигнал од Битола, (Фотев пишува дека одлука за формирање на одредот донел Околискиот комитет на КПГ за Костурско, а ја спровел Штабот на XXVIII полк на ЕЛАС на 10 октомври. (На истото место, 16.)) а политички комесар бил Мичо Шишков. (На истото место, 16-17.) Одредот дејствувал како единица на ЕЛАС. (Постоел само 2 месеци. Борците на Одредот “на своите партизански капи го носеа знакот на ЕЛАС, како и сите партизани на ЕЛАС а не петокраки ѕвезди.” (Погледи и белешки, 16.)) На барање од борците и комунистите, командирот и политичкиот комесар набргу биле сменети. (М.
Фотев, Погледи и белешки, 16.) За командир бил поставен Димитар Тупурковски-Титан, а за политички комесар Наум Шупурков-Леон. (На истото место, 17.)
Во октомври и ноември биле засилени борбените акции против четите на пробугарското комитаџиско движење. Биле разоружани комитаџиите од селата: Габреш, Поздивишта, Кономлати, Черновишта, Дреновени и Станишта. (М. Фотев, За контрачетниците, 52.) Ноќта на 11 спроти 12 ноември, единиците на 28 полк на ЕЛАС извршиле напад на позициите на германско-италијанските единици во гр. Хрупишта. При нападот биле убиени 63 непријателски војници, заробени 4 италијански војници со 1 нивни офицер и запленети; оружје, (Запленето оружје: околу 40 пушки, 1 пушкомитралез, 2 пушкомитралези, големо количество муниција и рачни бомби.)
миниција, друг воен материјал и товарен добиток. (Запленети 33 мазги. (На истото место, 52.)) До крајот на 1943 година била создадена голема слободена територија со 100-тина села од кои 80 населени само со Македонци. Селата во подрачјето на планината Вичо: Габреш, Дреновани, Поздивишта, Кономлати, Косинец, Побаница, В’мбел и други, биле очистени од комитаџиите на пробугарското движење и биле разоружани.
Тоа подрачје станало сигурна база на партизанското движење.
(М. Фотев, За коннтрачетниците, 42.)
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/mincho-fotev-e-book-macedonian/5 le 29 octobre 2026