Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Mincho Fotev and the National Liberation Movement of the Macedonian People from Greek Occupied Macedonia (1941-1949)

Дел III ПРИЛОЗИ (Составени од Минчо Фотев) - Part 04

Par Д-р Михајло Миноски · Partie 19 sur 21 · Environ 18 minutes

Lire en English

- борбата за премостување на вештачкиот јаз помеѓу македонскиот народ, односно за зближување и братска соработка со народот од другите делови на Македонија особено со НР Македонија, Пиемонтот за националното ослободување и обединување на македонскиот народ.

На Ристо Кирјазовски не му е познат денот кога беше конституирано главното раководство на НОФ, и кое му беше правото име. Се конституира на 21 мај 1945 година, а правото име му беше “Организационо раководство”. Во документите често се среќава Организационото раководство на НОФ да се именува како Главен одбор, Више раководство или Главно раководство. Организационото раководство по партиска линија се викаше “Партиско поверенство”. Организационото раководство беше највисокото раководно тело на националноослободителното движење на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија. Тоа раководеше со сите македонски националноослободителни организации и со сите македонски институции и нивната дејност. Неговото конституирање го сочинуваа шест рамноправни члена: Паскал Митревски - секретар, Ѓорѓи Урдов-Џоџо, Атанас Коровешовски, Михајло Керамитчиев, Павле Раковски и Минчо Фотев. На првиот состанок на Организационото раководство на НОФ беа одредени должностите и задачите на неговите членови. Паскал Митревски беше одговорен по линијата на НОФ и по партиска линија, Ѓорѓи Урдов-Џоџо - помошник на Паскал по истите должности, Павле Раковски беше одговорен за агитација и пропаганда, Минчо Фотев - секретар на НОМС и на комунистичката младинска организација, Атанас Коровешовски одговорен за воените прашања, а не “посебно задолжен да одговара по партиска линија” (стр. 117). На состанокот стана збор и за определување на лице кое ќе одговара по линијата на народната власт. Бидејќи организацијата на НОФ во тој период не пристапи кон формирање на органи на народната власт, не беше определен член од раководството одговарен по линијата на народната власт. На тој состанок стана збор во раководството на НОФ да се прими другарка која ќе биде одговорна по линијата на АФЖ.

На првиот работен состанок (на 21 мај 1945 година)

Организационото раководство на НОФ му посвети особено внимание на организационото и кадровското прашање. Решија да се формираат 5 окружни одбори: 1. Костурски, 2. Лерински,

3. Воденски, 4. Ениџевардарски и Гуменџиски, 5. Источен округ (Серско и Драмско) и им беше определена нивната територија на дејствување. Организационата поставеност беше врз принципот на строга централизираност. Така беше утврдена и организационата структура на окружните, околиските, градските и реонските раководни тела на НОФ, НОМС и АФЖ, на партиските поверенства, на младинската комунистичка организација и организационата поставеност на базичните основни организации. На состанокот беа одредени лицата кои ќе ја вршат функцијата секретар на окрузите на НОФ: Ламбро Чолаков за Костурскиот, Ристо Јанковски за Леринскиот, Вангел Ајановски за Воденскиот, Иван Ничев за Ениџевардарскиот и Гуменџискиот округ. За Источниот (Серско-Драмскиот) округ не беше одреден секретар туку инструктор од Организационото раководство. За тоа беше одереден Михаил Апостоловски-Гранити. Секое од раководните тела на НОФ (окружно, околиско, реонско, градско итн., беше составено од по 5 члена, во кое задолжително влегуваа секретарите на НОМС и АФЖ.

На состанокот беше решено да се формираат:

- Одделение за агитација и пропаганда кое ќе издава Билтен, орган на НОФ од Егејска Македонија;

- Одбор кој ќе ги прифаќа бегалците од Егејска Македонија пребегнати во НР Македонија поради монархофашистичкиот терор, и

- вооружени групи за отпор на монархофашистичките терористички банди.

На конституирањето на Организационото раководство на НОФ, односно на неговиот прв работен состанок, присуствуваше претставникот на ЦК на КП на Македонија, Цветко Узуновски- Абас. На тој состанок беа одредени односите и соработката на организацијата на НОФ со КП на Македонија и другите општествени организации во НР Македонија.

Во врска со конституирањето односно со изборот на Организационото раководство на НОФ за Егејска Македонија, како и за донесените решенија на првиот работен состанок, Ристо Кирјазовски не пишува ништо конкретно во својата книга.

Конституирањето, односно изборот на Организационото раководство на НОФ и неговиот прв работен состанок се одржаа во Скопје, на ул. “Орце Николов”, во т.н. заграда “Мацура”, срушена во катастрофалниот земјотрес на 26 јули

1963 година.

По изборот на Организационото раководство на НОФ сите членови веднаш заминаа на теренот кадешто најенергично пристапивме кон формирање на окружни, околиски и градски одбори на НОФ. Се пристапи кон реализирање на решенијата донесени на првиот состанок. Паскал Митревски беше одреден да замине во Леринскиот округ, Атанас Коровешовски замина за Ениџевардарскиот и Гуменџискиот округ Ѓорѓи Урдов-Џоџо со Павле Раковски заминаа за Воденско, Михаил Керамитчиев и Минчо Фотев заминаа за Костурскиот округ, Михаил Апостоловски-Гранити замина за источниот дел на Егејска Македонија во својство на инструктор од Организационото раководство на НОФ.

Ристо Кирјазовски пишува: “Паскал Митревски заминал за Костурско, а Михаил Керамитчиев заминал за источниот дел на Егејска Македонија за да формираат окружни раководства на НОФ” (стр. 119). На истата страница пишува дека “организацијата НОФ беше формирана на 9 мај 1945 година.

Имено на тој ден се одржа состанок на 16 активисти, во присуство на членовите на Главното раководство на НОФ Паскал Митревски и Михаило Керамитчиев, на кој се формира окружно раководство на НОФ од 4 члена, за секретар го избраа Мичо Коровешовски.” Сето тоа не е точно. Како е можно Михаил Керамитчиив да се најде во Костурско кога самиот тој тврди дека заминал за Серско и Драмско со цел на тој терен да формира окружно раководство? Коментарот е излишен.

Паскал Митревски не учествуваше во формирањето на окружниот одбор на НОФ за Костурско. Тој беше одреден за Леринско. Мичо Шишковски никогаш не беше избран за секретар на Костурскиот окружен одбор на НОФ. За прв окружен секретар на НОФ за Костурско беше поставен Ламбро Чолаков.

Ристо Кирјазовски пишува “секретарот на Главното раководство на НОФ изврши измена во окружното раководство и на местото на Мичо Шишковски за секретар го постави Ламбро Чолаков. Тоа следуваше поради некои недоразбирања меѓу Шишковски и Митревски за организационите и другите прашања”. Ова е измислена работа.

На Ристо Кирјазовски не му е добро познато името на највисокото раководно тело на НОФ и промените за време на неговото постоење. Тој пишува за “Поверенство на НОФ”, “Главно раководство на НОФ”, “Више ракаводсто на НОФ” итн. Името на највисокото раководно тело на НОФ претрпуваше измени. При формирањето на НОФ името му беше “организационо раководство”, по спогодбата за обединување на НОФ со КПГ раководството одлучи, во ноември 1946 година, да се вика “Главен одбор на НОФ”. Активот на НОФ, на состанокот одржан на 20 мај 1947 година, на барање од КПГ, одлучи Главниот одбор на НОФ да се вика “Координативно биро”. На Првиот конгрес на НОФ, одржан на 13 јануари 1948 година името “Координативно биро” беше заменето со “Централен совет”. Со тоа име највисокото раководно тело на НОФ остана до расформирањето на НОФ.

За растурањето на организацијата на СНОФ за Костурско и Леринско пишува: “Со цел да ја принудат (КПГ - б. М.Ф.) да го корегира се јот став двете групи Македонци-партизани и активисти на СНОФ од Костурско и Леринско се отцепија од ЕЛАС и се придружија на партизанското движење во вардарскиот дел на Македонија...” (стр. 49). Отцепувањето го сметаа за противакција на Македонците против одлуката на КПГ за растурање на СНОФ. Оваа констатација не е точна.

Групата македонски борци заминаа на Караорман уште пред расформирањето на СНОФ. Нивното отцепување од редовите на ЕЛАС му послужи на раководството на КПГ како повод за расформирање на организацијата на СНОФ.

Отцепувањето на групата Македонци од ЕЛАС и од СНОФ и нивното заминување на слободната територија во Вардарска Македонија беше самоволен акт кој се случи без знаење на раководството на СНОФ. Заминувањето на групата Македонци од околу 60 борци од Костурско и Леринско во Караорман според начинот и условите во кои се случи, беше непромислено, брзоплета и екстремна акција која му нанесе тешки и ненадоместливи штети на македонското националноослободително движење од егејскиот дел на Македонија. Тоа што го очекуваа иницијаторите не им се оствари, погрешни им беа калкулациите. Таа акција на отцепниците беше спротивна на политиката на организацијата на СНОФ. Неоправданоста на отцепувањето се потврдува и со фактот што на отцепниците им беше наредено од Главниот штаб на НОВ и ПОМ, лично од политичкиот комесар Цветко Узуновски-Абаз, да се вратат во Егејска Македонија, во редовите на ЕЛАС и да ја продолжат борбата под раководството на КПГ (види: Писмо од Цветко Узуновски-Абас, член на ЦК на КПМ до Добривоје Радосављевиќ, инструктор на ЦК на КПЈ, од 2 јуни 1944 година, во Архивот на Македонија). Последиците од отцепувањето беа навистина тешки. Односите на македонското НОД со КПГ и ЕЛАС крајно се заострија. Раководството на КП на Грција, поради нивното отцепување сосема неоправдано го окарактеризираа македонското НОД од Егејска Македонија како националистичко и автономистичко, а отцепниците ги оквалификува како контрареволуционери и предавници, и како такви јавно ги осудија. Организацијата на СНОФ ја обвинија дека таа била поттикнувач на групата Македонци која се оддели од грчкото движење на отпорот. Веднаш, по налог на КПГ, единица на ЕЛАС ги уапси главните раководители на СНОФ на чело со секретарот Паскал Митревски и со употреба на сила ги растури сите организации на СНОФ. Во истовреме КПГ разви опасна кампања, водеше остра политичка пропаганда сред македонскиот народ против организацијата на СНОФ и нејзините раководители. Ги прошири своите напади дури и на истакнатите раководители од вардарскиот дел на Македонија.

КПГ презеде и ред други политички, дисциплински и репресивни мерки против истакнатите македонски борци како:

Коста Бошковски, борец и комунист, кој од многу ќотек од страна на грчките комунисти беше умствено растроен, а Коста Макриевски -учител од с. Косинец, Костурско, беше убиен од припадниците на ЕЛАС. КПГ забрани секаква македонска културно- уметничка дејност и други македонски национални манифестации. Неоправданоста и негативните последици од отцепувањето на групата македонски борци се гледа и од следново: Во моментот кога отцепниците заминаа на Караорман (мај 1944 година) во редовите на ЕЛАС кој дејствуваше на Костурско-Леринскиот регион во неговите редови служеа над 1.000 (илјада) македонски партизани. Во истиот регион во резервниот состав на ЕЛАС, служеа преку 2.000 (илјади) македонски борци. Околу 80 македонски села беа ослободени. Вреди да се нагласи дека на истиот терен имаше над 100 (сто) активисти-позадинци и раководители на организациите на КПГ, ЕАМ, ЕПОН, ЕА, ЕТА итн., а раководниот актив на СНОФ во Костурскиот округ, како и на СНОФ во Леринско го сочинуваа над 60 (шеесет) раководители и позадинци. Од сите овие многубројни борци-партизани и политички активисти на НОД во Костурскиот и Леринскиот округ само 5 (пет) позадинци на СНОФ, околу 20 (дваесет)

борци на ЕЛАС и околу 35 (триесет и пет) македонски селани заминаа на Караорман. Таа е вистината за акцијата на отцепниците на која и придава толку големо значење.

(За тоа) “дека во септември 1943 година, во Костурско беше формиран македонскиот партизански одред “Лазо Трповски” во чиј состав влегуваа исклучиво Македонци, со својата агитација и форма (се носеше петокрака ѕвезда) за разлика од другите единици на ЕЛАС, навистина беше одред што ги изразуваше стремежите на македонскиот народ” (стр. 56), авторот претерува. Се случи вака: на 6 октомври 1943 година, Околискиот комитет на КПГ за Костурско, донесе решение да се формира партизански одред кој ќе го носи името на загинатиот истакнат македонски борец и комунист Лазо Трповски. Тоа решение на Околискиот комитет на КПГ го спроведе Штабот на ХХVIII полк на ЕЛАС, во кој јас Минчо Фотев бев заменик-началник на контраизвестителната служба.

Одредот се формира на 10 октомври 1943 година (а не во септември), на подножјето на планината Малимади, во атарот на селото Д’мбени, Костурско. При неговото формирање одредот броеше 28 борци, беше составен од една партизанска група, повеќето селани од селото Смрдеш, Костурско, која порано дејствуваше на тоа подрачје во составот на ЕЛАС и од група Македонци кои штотуку беа дојдени од Бугарија.

Одредот му припаѓаше на XXVIII полк на ЕЛАС и дејствуваше под негова команда. Одредот “Лазо Трповски” постоеше само два месеца, во декември 1943 година, беше расформиран, неговите борци беа вклучени во единиците на XXVIII полк кој дејствуваше во подрачјето на планината Вичо. Командир на одредот беше Наум Пејов кој по десет дена беше сменет. На неговото место беше поставен Димитар Тупурковски- Титан.

Не е вистина тврдењето дека борците на одредот “Лазо Трповски” на своите капи носеле ѕвезда петокрака. Носеа значки на ЕЛАС, како и сите други единици на ЕЛАС.

Во книгата (стр. 58) авторот пишува: “Напор за создавање на единствена организација за сите Македонци во Егејска Македонија беше направен на заедничкиот состанок на окружните комитети на СНОФ за Костурско и Леринско, одржан на 28 јануари 1944 година, во селото Црновиште”. На состанокот дошло до големи разногласија и конфликти, бидејќи претставниците од Леринско не се согласиле со ставот на раководителите на Окружниот комитет на СНОФ за Костурско.

Тие не се согласиле со предлогот, организацијата на СНОФ официјално да побара Грција да се организира на федеративен принцип, да биде составена од две федерални единици НР Грција и НР Егејска Македонија, како преодна етапа за обединување на цела Македонија. Поради тоа што не можеа да се изедначат гледиштата за овие основни прашања, состанокот завршил со неуспех.

Ваквиот третман на состанокот одржан во с. Црновиште, Костурско, во јануари 1944 година, помеѓу делегациите на СНОФ од Леринско и Костурско, е чиста измислена работа.

Целта на состанокот е изопачена /искривено прикажана - Л.Ф./.

Не знам од каде го зел податокот, но доколку постои таков документ, тој е фалсификат. Целта на состанокот во с.

Црновиште беше следната:

Во Егејска Македонија во тој период не постоеше единствена македонска организација, тоа не го дозволуваше КПГ. Затоа раководствата на СНОФ за Костурско и Леринско периодично одржуваа состаноци на свои делегации со цел да разменат информации за воено-политичката ситуација и економската положба во окрузите, за положбата и проблемите на народот, да разменат искуства за дејноста и активностите на двете окружни организации на СНОФ. Тоа е вистината на состанокот што беше одржан во селото Црновиште, на 28 јануари 1944 година.

Прашањето за формирањето на единствена македонска организација за цела Егејска Македонија го покрена Окружното раководство на СНОФ за Костурско уште од првиот ден на неговото формирање (октомври 1943 година) но, КП на Грција тоа барање категорично го одбиваше како што го одбиваше и барањето да се формираат посебни македонски единици во составот на ЕЛАС.

Прашањето за федеративното уредување на Грција, односно за создавање на “НР Егејска Македонија” никогаш не беше покренато ниту дискутирано. Тоа е фантазија на тие што го тврдат тоа. Не само од субјективни туку и од чисто објективни причини не можеше тоа да се оствари. Во тоа време (1944)

македонското население изнесуваше едвај една третина од вкупното население во егејскиот дел на Македонија.

Уредувањето на Грција на федеративен принцип не зависеше само од КП на Грција, туку и од другите политички партии на Грција кои го сочинуваа националноослободителниот фронт на ЕАМ, како и од другите општествено-политички и демократски институции на Грција. Што се однесува за создавањето на “НР Егејска Македонија” тоа не зависеше само од волјата на КПГ и ЕАМ туку и од надворешните фактори од антихитлеровската коалиција, од големите сили кои непосредно живо беа заинтересирани за судбината односно единството на Грција.

Зошто Македонците од Егејска Македонија да бараат создавање на НР Егејска Македонија (нешто историски неостварливо) кога македонскиот народ си создаде, благодарејќи и на заедничката борба со другите југословенски народи и народности, врз основа на АВHОЈ ските одлуки, Народна Република Македонија во рамките на федеративна Република Југославија.

За состанокот на двете делегации на СНОФ (костурска и леринска) одржан во с. Црновиште, во Институтот за национална историја во Скопје се одржа состанок (за реконструкција на настанот) во октомври 1985 година на кој учествуваа околу 20 поканети учесници, организатори и раководители од егејскиот дел на Македонија. Сите дискутанти го оспорија тврдењето на Ристо Кирјазовски дека на состанокот во Црновиште било покренато прашањето за создавање на НР Егејска Македонија.

Се поставува прашањето: на кој начин би дошло до обединување на цела Македонија доколку се создадат две посебни македонски републикп во две федерации.

(За тоа) дека “пред појавата на организацијата на НОФ на територијата на Егејска Македонија дејствувале локални организации, дека активистите и агитаторите на Политичката комиисија пристапиле кон формирање на локални организации, во Костурско ја обновија организацијата на СНОФ, а во Леринско СОФ од времето на НОВ, додека во Воденско се формира нова организација ТОМО, која и претходеше на организацијата на НОФ.” (стр. 103). Тоа се претпоставки, произволни заклучоци. Никаква обнова на СНОФ и СОФ не беше направена и никакви локални организации не постоеја се до формирањето на НОФ (23 април 1945 година). Што се однесува за формирањето на некаква организација на ТОМО во Воденско дека и претходела на организацијата на НОФ, тоа нема никаква основа. Историчарите треба да ги проучат случаите со ТОМО и МАО.

Организацијата на МАО беше формирана по одлука на КПГ.

Одлуката да ја спроведе му беше доверена на Ѓорѓи Урдов-Џоџо (втор секретар на Окружниот комитет на КПГ за Воденско). МАО е грчко име, Македоники апелефтеротики органоси, што значи Македонска ослободителна организација, а не Македонска антифашистичка организација како што ја именуваат Вангел Ајановски и Ристо Кирјазовски. Христо Андоновски, од Боденско, учесник во ЕАМ, ЕЛАС и НОФ, новинар и публицист, во рецензијата на трудот: “Светли ликови од Егејска Македонија, 1945-1949” од Ташко Мамуровски напиша дека “организацијата на МАО беше ефемерна организација која никогаш не се прошири надвор од градот Воден, не смее да се претерува”.

(За тоа “дека англиските дипломатски претставништва и службите во Грција, со помош на грчката полиција создадоа извесни шанси за создавање на автономистичко движење во Егејска Македонија во кое беа вклучени главно авантуристички елементи, контрачетници, соработници на окупаторот, познати гркомани, агенти на грчката полиција и сл.” Во Егејска Македонија во периодот на НОФ и ДАГ немаше никакви шанси за постоење на автономистичко движење. Во времето на НОФ и Граѓанската војна во Грција имаше само некои поединици-авантуристи, односно автономисти, довчерашни соработници на окупаторот и агенти на американската известителна служба.

Тоа беше се. Меѓу наброените автономисти се наведени “некои познати гркомани”. Каде се чуло гркомани да бидат активни автономисти?

Во врска со крвавиот (грчки) монархофашистички терор врз македонскиот народ. Организационото раководство на НОФ, на својот прв работен состанок, одржан на 21 мај 1945 година, зазеде став покрај другите фактори на отпор да се формираат и вооружени групи кои ќе им се спротивстават исклучително на монархофашистичките банди и злогласните предавници на македонскиот народ. Вооружените групи на НОФ имаа задача да ги нападнат вооружените банди доколку тие ги нападнат македонските села, за да ги спречат грабежите и теророт врз македонското население, ништо друго. Со оглед на тоа дека на теренот секојдневно крстареа монархофашистичките вооружени банди и жандармериските одреди, вооружените групи на НОФ беа задолжени и за безбедноста на илегалците, односно за раководителите на НОФ, НОМС и АФЖ. Со дејствувањето и акциите на вооружените групи на НОФ раководеа секретарите на околиските односно на реонските одбори на НОФ. Во тие тешки моменти немаше друг излез за да се заштити животот, честа и имотот на Македонците од грчките терористи. Злото требаше да се спречи организирано, со контрамерки. Овој став на НОФ за дејствувањето на вооружените групи, КПГ остро го осудија. Животот, односно праксата потврди дека вооружените групи на НОФ одиграа позитивна улога за спречување на терористичкиот бран. Ниту еден напад на монархофашистичките банди врз недолжното македонско население не минуваше без соодветна казна. Од друга страна, оружената самоодбрана ги охрабруваше и револуционаризираше широките народни маси за посмели и поголеми борбени акции. Ете таа е вистината за вооружените групи на НОФ во 1945 година.

НОФ никогаш не дојде во судир со КПГ во однос на формата на борбата, политичка или оружена. Во врска со Граѓанската војна во Грција сметам за потребно да кажам дека НОФ нема никаква историска одговорност, бидејќи стратегијата и тактиката, формите на дејствувањето на револуционерното движење за борба против непријателот, ги определуваше КП на Грција.

Навистина по иницијатива на НОФ постоеја вооружени групи раководени од организацијата, но, тие имаа одредена задача за самоодбрана од нападите на монархофашистичките банди, да ги бранат животот, честа и имотот на невиното население од џелатите и пљачкосувачите.

Констатираното: “Бидејќи КПГ уште од почетокот т.е., по Договорот од Варкизе не се ориентира, односно не се определи за оружено пресметување со непријателот, како што тоа го стори организацијата на НОФ, спротивно на својот став, беше принудена да дозволи нејзините членови да се јават на повикот за регрутација, да стапат во владината армија”, и тоа не е вистина. Организацијата на НОФ никогаш не направи компромис со непријателот, никогаш не дозволи нејзините членови да стапат во владината армија. Во пролетта 1945 година, по воспоставувањето на стариот ненароден режим во Грција, воените власти започнаа да ги регрутираат младите за отслужување на воениот рок, за консолидирање на грчката владина армија. Бидејќи во спроведувањето на владиниот терор директно учествуваа и единиците на грчката армија, во врска со проблемот за регрутација на младината во владината грчка армија, НОФ го зазеде и го спроведе следниов став: НОФ, НОМС и АФЖ апелираа до македонската младина ниту еден Македонец да не се јави на повикот на грчките воени власти за регрутирање, т.е., да не стапува во грчката армија.

Организацијата на НОФ не смееше да дозволи македонската младина да служи во грчката монархофашистичка армија и да учествува во акциите за физичко истребување на сопствениот народ; на своите родители, браќа и сестри. Тоа беше главниот мотив зошто НОФ зазеде став да ја спречи македонската младина да стапи во грчката армија. Овој став Организацијата не го измени. Јасно е дека КПГ го осуди тој став на НОФ. Но, очигледно е дека КПГ и ЕАМ не сакаа да ја разберат суштината и оправданоста на тој став. Сите грчки комунисти и некои Македонци кои се одѕваа на повикот за регрутација, кои го подржуваа ставот на КПГ, ја почувствуваа трагедијата во озлогласените концентрациони логори на островите Макронисос, Ѓуре ч други.