Дел III ПРИЛОЗИ (Составени од Минчо Фотев) - Part 01
Дел III ПРИЛОЗИ (Составени од Минчо Фотев)
ПРИЛОГ БР. 1 Список на загинати раководители и активисти на НОФ, НОМС и АФЖ (1945-1949)
(Списокот е предаден автентично. Измената е само во негово претставување по азбучен ред, за полесно користење.)
1. АНДОНОВСКИ Коста, роден во с. Крчишта, Костурско. Во НОБ учествуваше од 1943 година како припадник на ЕЛАС, беше активист на НОФ, командир на чета на ДАГ. Загина во
1947 година.
2. АНДОНОВСКИ Никола, роден во с. Крчишта, Костурско.
Беше комунист од пред Втората светска војна, борец на ЕЛАС, командир на чета на Првата ударна егејска бригада, потпоручник на ЈHА, командир на вод на ДАГ. Загина во јануари 1948 година.
3. АНДРЕЕВА Катина - Цвета, родена во с. Мокрени, Костурско. Беше член на реонски одбор на НОМС, поручник, командир на вод на ДАГ. Загина во 1949 година.
4. АПОСТОЛОВСКИ Михаил - Гранити, роден во с. Крчишта, Костурско. Беше командир на вод на македонскиот баталјон од Костурско, заменик политички комесар на баталјон на Првата ударна егејска бригада, инструктор на Главниот одбор на НОФ, секретар на Окружниот одбор на НОМС за Костурско, кандидат за член на Централниот совет на НОФ, член на командниот состав на партизанскиот штаб на НОФ во оперативната зона на Вичо Планина, политички комесар на баталјон на ДАГ. Загина во 1948 година во месноста “Паљокримини-Гуруша” на планината Грамос.
5. АПОСТОЛОВСКИ Коста Василев, роден во гр. Воден. Беше комунист, член на Окружниот одбор на НОФ за Воденско.
Загина во 1946 година.
6. АПЧЕВ Вангел, роден во с. Баница, Леринско. Беше курир на Окружниот одбор за Леринско, командир на чета на ДАГ.
Загина во 1948 година.
7. АПЧЕВ Павле, роден во с. Баница, Леринско. Беше секретар на НОМС во родното село, уапсен и стрелан од монархофашистичката полиција во 1947 година.
8. АШБАКОВА Софија - Левка, родена во с. Месимери, Воденско. Беше член на реонски одбор на АФЖ, партизанка во ДАГ. Загина во 1948 година.
9. БАБЕВСКИ Ташко, роден во град Воден. Беше борец на ЕЛАС, член на Градскиот одбор на НОФ во Воден. Загина во
1948 година.
10. БАБАЈЧЕТО Дино, роден во с. Бабјани, Ениџевардарско.
Беше член на реонски одбор на НОФ. Загина во 1946 година.
11. БОБЕВА Александра, родена во гр. Воден. Беше член на Градскиот одбор на НОМС од Воден, борец на ДАГ. Загина во
1948 година.
12. БОГЕВ Ристо, роден во гр. Острово, Воденско. Беше командир на вод на Воденскиот македонски партизански баталјон, секретар на реонски одбор на НОФ, командир на чета на ДАГ. Загина во 1948 година.
13. БОГЛЕВ Трајко, роден во с. Горничево, Леринско. Беше партизан на ЕЛАС, борец на Првата ударна егејска бригада, член на околиски одбор на НОФ, командир на ДАГ. Загина во
1947 година.
14. БОЖИНОВ Панајот - Левтер, роден во с. Месимери, Воденско. Беше член на Окружниот одбор на НОФ и секретар на реонски одбор на НОФ. Загина во 1946 година.
15. БОНИЧОТОВ Ламбе, роден во с. Борешница, Леринско.
Беше борец во Првата ударна егејска бригада, курир на Окружниот одбор на НОФ од Леринско. Загина во 1946 година.
16. БОЦЕВ Андреја Сотиров, роден во с. Ајтос, Леринско. Беше командир на вод на ДАГ. Загина во 1948 година.
17. БОЧЕВСКИ Фоти, роден во с. Песјак, Костурско. Беше првоборец, политички комесар на чета на ЕЛАС, реонски секретар на НОФ во Костурско, политички комесар на чета на ДАГ. Загина во 1948 година.
18. БОШКОВСКИ Андон, роден во с. Лобаница, Костурско.
Беше командир на вод на Костурскиот македонски баталјон, политички комесар на баталјон на Првата ударна егејска бригада, капетан во ЈHА, командир на чета во ДАГ. Загина во 1948 година на планината Грамос.
19. БУЛЕВ Мате, роден во с. Екшису, Леринско. Беше учесник во НОБ како припадник на ЕЛАС, активист на Околискиот одбор на НОФ во Соровичко, командир на партизанска група на НОФ, командир на диверзантска група на ДАГ. Загина во 1949 година.
20. ВАСИЛЕВ Алеко, роден во с. Гумениџе. Беше реонски секретар на НОФ. Монархофашистите го убија во ноември 1946 година на Пајак Планина.
21. ГЕОРГИЕВСКИ Панде - Јупчето, роден во с. Екшису, Леринско. Беше член на околиски одбор на НОФ, политички комесар на чета на ДАГ. Загина во 1948 година.
22. ГЕОРГИЕВСКИ Перо, роден во с. Ошчима, Леринско. Беше учесник во НОБ како припадник на ЕЛАС, секретар на реонски одбор на НОМС во Леринско, командир на вод на ДАГ. Загина во март 1947 година.
23. ГИЗОВ Атанас, роден во с. Неред, Леринско. Беше офицер на ЕЛАС, активист на НОФ, командир на партизански одред на НОФ, командир на чета на ДАГ. Загина во 1947 година.
24. ГИНОВА Ирина - Мирка, родена во с. Росилово, Воденско.
По занимање учителка. Беше младински раководител на ЕПОН за Островско, член на Окружниот одбор на НОФ и секретар на АФЖ за Воденскиот округ. Во 1946 година беше заробена, осудена на смрт од монархофашистичкиот воен суд и егзекутирана.
25. ГЛУВЧЕВ Тодор, роден во Положани, Леринско. Беше учесник во НОБ како припадник на ЕЛАС, активист на Окружниот одбор на НОФ за Леринско, комесар на чета на ДАГ. Загина во 1949 година.
26. ГОГЛЕВ Вангел - Пезандако, роден во град Воден. Беше комунист, учесник во НОД, командир на диверзантска група, командир на чета на македонскиот воденски баталјон, командир на одред на НОФ, член на Окружниот одбор на НОФ за Воденско. Загина во 1948 година.
27. ДАВОВ Киро, роден во с. Ајтос, Леринско. Беше курир на Окружниот одбор на НОМС за Леринско. Загина во 1948 година.
28. ДАСКАЛОВ Томо - Влаот, роден во гр. Воден. Беше член на Окружниот одбор на НОФ, секретар на Градскиот одбор на НОФ. Загина во 1948 година.
29. ДИМИТРОВ Јане - Мучето, роден во с. Буф, Леринско.
Беше командир на вод на ЕЛАС, активист на НОФ, командир на чета на ДАГ. Загина во 1948 година.
30. ДОЈЧИНОВСКИ Тодор - Морава, роден во Ениџе-Вардар.
Беше учесник во НОБ како припадник на ЕЛАС, секретар на Околискиот одбор на НОФ, за Ениџевардарска околија. Во 1947 година наиде на заседа и смртно беше ранет. За да не падне жив во рацете на непријателот се самоуби.
31. ДОНЧЕВ Ристо - Ичко, роден во град Воден. Беше командир на вод на македонскиот партизански баталјон, секретар на Градскиот одбор на НОФ, командир на чета на ДАГ. Загина во 1948 година.
32. ДРАГОМАНОВ Туши, роден во гр. Воден. Беше член на Градскиот одбор на Воден. Загина во 1948 година.
33. ЗИНОВ Коста, роден во с. Руменичко. Беше активист на НОФ, член на Окружниот одбор на НОФ од Ениџе-Вардар.
Загина на 3.IХ. 1945 година.
34. ИВАНОВСКИ Атанас - Ташо, роден во гр. Хрупишта, Костурско. Беше комунист од 1941 година, учесник во НОБ. Во март 1942 година беше уапсен од окупаторите и одведен во концентрационите логори во Германија. За време на Граѓанската војна беше секретар на НОМС во град Хрупишта.
Грчката полиција го уапси, а монархофашистичкиот суд го осуди на смрт. Егзекутиран е во 1948 година, во Атина.
35. ИСКОВ Кољо, роден во с. Пожарско, Воденско. Беше член на реонски одбор на НОФ, борец на ДАГ. Загина во 1948 година.
36. КАЛКОВ Ѓорѓи, роден во с. Вишени, Костурско. Беше командир на вод на Првата ударна егејска бригада, командир на партизански одред на НОФ, командир на чета на ДАГ. Загина во март 1948 година.
37. КАЛОЈАНОВСКИ Кузма, роден во с. Нестрам, Костурско.
Беше комунист од пред Втората светска војна, првоборец на НОБ, секретар на реонски одбор на НОФ. Загина во 1947 година.
38. КАМЧЕВСКИ Киро - Лазо, роден во гр. С’ботско, Воденско. Беше член на Окружниот одбор на НОФ за Воденско, офицер на ДАГ. Загина во 1949 година.
39. КАРАМАНГОВ Петар, роден во Гуменичко. Беше активист на околискиот одбор на НОФ на Гумениџе. Загина во 1945 година.
40. КАРАЏОВ Панајот, роден во с. Д’мбени, Костурско. Беше комунист од неговата најрана младост, учесник во НОБ, секретар на Околиски одбор на НОМС, член на Околискиот одбор на НОФ за Костурско, шеф на испостава во народната милиција на ДАГ. Загина во 1948 година на планината Грамос.
41. КАРЕВ Петар - Пеце, роден во град Воден. Беше член на Градскиот одбор на НОФ од Воден. Загина во 1946 година.
42. КАРТОВСКИ Трајче, роден во с. Владово, Воденско. Беше курир на Окружниот одбор на НОФ од Воденско, борец на ДАГ. Загина во 1948 година.
43. КАРШАКОВ Јани, роден во с. Косинец, Костурско. Беше борец на Костурскиот македонски баталјон, активист на НОФ, политички комесар на вод на ДАГ. Загина во 1948 година.
44. КИРАЏИЕВ Крсто, роден во с. Неволјани, Леринско. Беше борец на Првата ударна егејска бригада, реонски секретар на НОФ во Леринско. Загина во 1946 година.
45. КИРЈАКОВА Евгенија, родена во с. Нестрам, Костурско.
Учествуваше во НОБ од 1943 година како припадник на ЕЛАС, беше член на Окружниот одбор на ЕПОН од Костурско, член на Окружниот одбор на НОФ од Костурско, потпоручник на ДАГ.
Загина во 1949 година.
46. КОВАЧЕВ Иван - Орфеја, роден во Гумениџе. Беше учесник во НОБ како припадник на ЕЛАС, член на Окружен одбор на НОФ и секретар на Окружниот одбор на НОМС за Ениџевардарско и Гуменичко, кандидат за член на Централниот совет на НОФ, командир на чета на ДАГ. Загина во август 1949 година на планината Грамос.
47. КОРАНОВ Лазо, роден во гр. Воден. Беше командир на партизански одред на НОФ, командир на вод на ДАГ. Загина во
1948 година.
48. КОРОВЕШОВСКИ Атанас, роден во с. Смрдеш, Костурско.
Беше командир на ЕЛАС, командант на првиот македонски (егејски) баталјон формиран на планината Караорман (Вардарска Македонија) во 1944 година, командант на баталјон на Првата ударна егејска бригада, поручник во ЈHА, член на секретаријатот на организационото раководство (Главниот одбор) на НОФ, член на партиското поверенство за Егејска Македонија и одговорен за воени прашања во организацијата на НОФ. Загина во нерамна борба со грчкиот жандармериски одред на 3.IХ.1946 година во близината на с. Корнишор, Ениџевардарско.
49. КОРОВЕШОВСКИ Мичо, роден во с. Смрдеш, Костурско.
Беше десетар на Првата ударна егејска бригада, курир во Главниот одбор на НОФ, командир на вод на ДАГ. Загинал во
1947 година.
50. КОСТОВСКИ Сотир –Дирекот, од с. Стенско, Костурско.
Беше учесник во НОБ како припадник на ЕЛАС, политички комесар на партизански одред на НОФ, политички комесар на чета на ДАГ. Загина во 1948 година.
51. КУЛЕВ Христо - Спиро, роден во с. Баово, Воденско. Беше борец на Воденскиот македонски баталјон, командир на одред на НОФ, командир на чета на ДАГ. Загина во 1948 година.
52. ЛЈАКУШЕВ Ристо, роден во с. Росилово, Воденско. Беше член на реонски одбор на НОФ. Загина во 1946 година.
53. ЛУШЕВ Ташо, роден во с, Теово, Воденско. Беше член на Окружниот одбор на НОФ од Воденско. Загина во 1947 година.
54. ЉОВОВ Васил, роден во гр. Воден. Беше член на Градскиот одбор на НОМС. Загина во 1946 година.
55. ЉУВЧЕВ Танас, роден во Гуменичко. Беше активист на НОФ. Загина на 3.IХ.1946 година.
56. ЉУМБОВ (ЛИМБОВ) Димитар, роден во с. Валдово, Воденско. Беше член на реонски одбор на НОФ, осуден и погубен од монархофашистите заедно со Ирина Гинова - Мирка во 1946 година.
57. МАНГОВ Крсто, роден во с. Д’мбени, Костурско. Беше учесник во ЕЛАС, заменик политички комесар на баталјон на Првата ударна егејска бригада, секретар на окружниот одбор на НОФ од Костурско, претставник на Привремената демократска влада на Грцлја за локална народна власт и член на Извршниот комитет на Централниот совет на НОФ. Загина на 11.VIII.1949 година, во близината на с. Брезница, Костурско.
58. МАНГОВСКИ Вангел, роден во с. Жупаништа, Костурско.
Беше комунист од пред Втората светска војна, учесник во НОБ, политички комесар на баталјон на Првата ударна егејска бригада, член на Околиски одбор на НОФ за Костурско. Загина во 1948 година во атарот на с. Сливени, Костурско.
59. МАРКОВСКИ Петро, роден во с. Неред, Леринско. Беше учесник во НОБ како припадник на ЕЛАС, командир на вод на Првата ударна егејска бригада, командир на партизанска група на НОФ. Загина во 1946 година.
60. МИРКОВСКИ Вангел, роден во с. Добролишта, Костурско.
Беше комунист од пред Втората светска војна, офицер на ЕЛАС, член на Околиски одбор на НОФ од Костурско. Загина во 1949 година.
61. МИХАЈЛОВ Томо, роден во с. Бугово, Воденско. Беше член на реонски одбор на НОФ, осуден и погубен од монархофашистите заедно со Ирина Гинова - Мирка во 1946 година.
62. МИХАЈЛОВСКИ Трпе, роден во с. Крчишта, Костурско.
Беше учесник во НОБ како припадник на ЕЛАС, младински раководител на чета на Првата ударна егејска бригада, секретар на реонски одбор на НОМС од Костурско, политички комесар на вод на ДАГ. Загина во 1948 година.
63. НАКОВ Домин, роден во с. Бошовци, Кајљарско. Беше член на Окружниот одбор на НОМС од Леринско, командир на вод на ДАГ. Загина во 1947 година.
64. НАНЕВ Насо, роден во с. Морени, Костурско. Беше реонски секретар на НОФ, командир на вод на ДАГ. Загина во 1947 година.
65. НЕПКОВ Прокоп, роден во гр. Воден. Беше реонски раководител на НОМС, борец на ДАГ. Загина во 1948 година.
66. НЕПКОВ Христо, роден во гр. Воден. Беше член на Градскиот одбор на НОФ, офицер на ДАГ. Загина во 1946 година.
67. НУШЕВ Кољо, роден во с. Пожарско, Воденско. Беше член на Окружниот одбор на НОФ од Воденско, офицер на ДАГ.
Загина во 1949 година.
68. ОЏОВ Гели, роден во с. Владово, Воденско. Беше борец на Воденскиот македонски баталјон, командир на партизанска група на НОФ, офицер на ДАГ. Загина во 1947 година.
69. ПАСКОВ Илија, роден во с. Кронцелево, Воденско. Беше член на реонски одбор на НОФ, борец на ДАГ. Загина во 1949 година.
70. ПЕЈОВ Ване, роден во с. Трсје, Леринско. Беше секретар на реонскиот одбор на НОФ. Загина во 1946 година.
71. ПЕШОВ Ѓорѓи - Циронка, роден во с. Струпино, Воденско.
Беше борец на Воденскиот македонски баталјон, командир на партизанска група на НОФ, офицер на ДАГ. Загина во 1947 година.
72. ПИРОВСКИ Јани, роден во с. Косинец, Костурско. Беше учесник во НОБ како припадник на ЕЛАС, секретар на СКОЈ на баталјон на Првата ударна егејска бригада, член на Окружниот одбор на НОФ и секретар на НОМС за Костурскиот округ, член на Околискиот комитет на КПГ за Костурско, помошник на политичкиот комесар на бригада на ДАГ. Загина во февруари 1949 година при нападот на гр. Лерин.
73. ПОПДИМИТРОВ Петре - Дирекот, роден во гр. Воден.
Беше учесник во НОБ, член на Градскиот одбор на НОФ од Воден, осуден и погубен заедно со Ирина Гинова - Мирка во
1946 година.
74. ПОПДИМИТРОВСКИ Ѓорѓи - Џоџи, роден во гр.
Хрупишта, Костурско. Беше учесник во НОБ како припадник на ЕЛАС, курир на Главниот одбор на НОФ, командир на чета на ДАГ. Беше смртно ранет во 1949 година, по извесно време почина.
75. ПОПНИКОЛОВ Јанче, роден во с. Почеп, Воденско. Беше член на реонски одбор на НОФ. Загина во 1948 година.
76. ПОПОВ Трифун, роден во с. Екшису, Леринско. Беше комунист од пред Втората светска војна, учесник во НОБ, активист на НОФ, член на Окружниот одбор на НОФ од Леринско, комесар на вод во ДАГ. Загина во 1948 година.
77. ПОПОВСКИ Живко, роден во с. Попожани, Леринско. Беше учесник во НОБ како припадник на ЕЛАС, секретар на Околиски одбор на НОФ, член на леринскиот комитет на КПГ.
Загина во март 1949 година.
78. ПОПОВСКИ Петар, роден во с. Долно Родево, Воденско.
Беше член на Окружниот одбор на НОФ за Воденско, ранет и заробен од монархофашистите, осуден на доживотен затвор.
Умре во затворот во 1962 година.
79. ПОПОВСКИ Сотир, роден во с. Шкрапар, Костурско. Беше учесник во НОБ, реонски секретар на НОМС, политички секретар на вод во ДАГ. Загина во 1948 година на планината Грамос.
80. ПОПОВСКИ Ташо - Попадаки, роден во с. Струпино, Воденско. Беше борец на Воденскиот македонски баталјон, командир на партизанска група на НОФ, офицер на ДАГ.
Загина во 1947 година.
81. ПОЧЕПОВА Николета, родена во град Воден. Беше член на Градскиот одбор на НОМС, командир на вод на ДАГ. Загина во
1948 година.
82. ПРОЕВСКИ Георги, роден во град Воден. Беше учесник во НОБ како припадник на ЕЛАС, борец на Воденскиот македонски баталјон, член на Градскиот одбор на НОФ од Воден. Загина заедно со Ирина Гинова - Мирка во 1946 година.
83. ПРОШЕВ Кољо, роден во с. Баово, Воденско. Беше борец на Воденскиот македонски баталјон, командир на одред на НОФ, офицер на ДАГ. Загина во 1947 година.
84. РОМЕВ Пецо, роден во с. Горничево, Леринско. Беше учесник во НОБ како припадник на ЕЛАС, командир на вод на Првата ударна егејска бригада, командир на партизанска група на НОФ, командант на баталјон на ДАГ. Загина во 1949 година.
85. СЕФАНОВ Раде, роден во градот Острово, Воденско. Беше учесник во НОБ, секретар на реонски одбор на НОМС. Загина во 1948 година.
86. СУЛЈОВ Коста, роден во с. Черешница, Костурско. Учесник во НОДЕМ. Беше командир на Првата ударна егејска бригада, командант на партизански одред на НОФ, командант на одред односно на баталјон на ДАГ. Загина во 1947 година. ПДВГ го наименува за мајор ипочесен xерој.
87. ТЕРПОВСКИ Пандо - Бундовски, роден во с. Галишта, Костурско. Беше комунист од пред Втората светска војна, учесник во НОБ како припадник на ЕЛАС, политички комесар на баталјон на Првата ударна егејска бригада, секретар на Околиски одбор на НОФ. Грчката фашистичка полиција го фатила, а воениот суд го осудил на смрт. Бил егзекутиран во Атина во 1948 година.
88. ТРПЧЕВ Тодор, роден во с. Котари, Леринско. Беше секретар на реонски одбор на НОФ. Загина во 1946 година.
89. ЌОСЕВ Глигор, роден во гр. Хрупишта, Костурско. Беше првоборец офицер на ЕЛАС, член на Околиски одбор на НОФ за Костурско, секретар на НОФ на градот Хрупишта. Загина во 1946 година во родниот град.
90. УГРИНОВ Коста - Гоче, роден во Ениџе-Вардар. Беше член на реонскиот одбор на НОФ, командир на вод на партизански одред на НОФ, командир на диверзантска група во ДАГ. Загина во 1948 година.
91. УРДОВ Ѓорѓи - Џоџо, роден во гр. Воден. Комунист од пред Втората светска војна. Беше организационен секретар на Окружниот комитет на КПГ за Воденско, член на Секретаријатот на Политичката комисија на Македонија во Грција, член на Организацоното раководство (Главниот одбор)
на НОФ, член на партиското поверенство од Егејска Македонија и член на командниот состав на ДАГ од западниот и централниот дел на Егејска Македонија. Загина во 1948 година на планината Пирена (Пиерија).
92. ХРИСТОВСКИ Васил, роден во с. Добролишта, Костурско.
Беше партизан на ЕЛАС, политички комесар на партизански одред на НОФ, командир на чета на ДАГ. Загина во 1948 година.
93. ЦАЛЕВ Кирјако, роден во с. Д’мбени, Костурско. Беше комунист од пред Втората светска војна, учесник во НОБ како припадник на ЕЛАС, политички комесар на чета на Првата ударна егејска бригада, член на Околиски одбор на НОФ за Костурско, политички комесар на коњички одред на ДАГ.
Загина во 1948 година во Преспа.
94. ЦАФАРА Трајко, роден во с. Смрдеш, Костурско. Во НОДЕМ учествуваше од 1943 година, беше командир на вод на Првата ударна егејска бригада, активист на НОФ, комесар на чета на ДАГ. Загина во 1947 година.
96. ЧОБАНОВ Сотир, роден во град Лерин. Беше комунист од пред Втората светска војна, учесник во НОБ како припадник на ЕЛАС, активист на НОФ, поручник на ДАГ. Загина во 1949 година.
97. ЧОЧОВ Васил, роден во с. Д’мбени, Костурско. Беше комунист од пред Втората светска војна. Како учесник во НОБ од 1941 година беше уапсен и одведен во концентрационен логор во Германија. Беше секретар на Околиски одбор на НОФ.
Загина како борец на ДАГ.
98. ШАМАРДАНОВ Вангел - Илинденски, роден во с.
Кронцелево, Воденско. Беше секретар на Окружниот одбор на НОФ од Воденско, член на Централниот совет на НОФ, политички комесар на баталјон на ДАГ. Загина во 1948 година.
99. ШИПЕРКОВ Пандо, роден во с. Смрдеш, Костурско. Беше партизан во ЕЛАС, политички комесар на чета на Првиот македонски баталјон формиран на планината Караорман (Вардарска Македонија), политички комесар на баталјон на Првата ударна егејска бригада, капетан во ЈHА, командант на партизанскиот штаб на НОФ во оперативната зона Вичо Планина, командант на баталјон на ДАГ, потполковник на ДАГ, член на Главниот одбор на НОФ. Загина во 1948 година во близината на с. Папретско, Костурско.
99. ШИШКОВ Алеко, роден во с. Жупаништа, Костурско. Беше борец во Првата ударна егејска бригада, секретар на реонски одбор на НОМС од Костурско, стар водник во народната милиција на ДАГ. Загина во 1948 година.
100. ШОЛДОВ Благој, роден во с. Апоскеп, Костурско. Беше учесник во НОБ како припадник на ЕЛАС, младински раководител на чета на Првата ударна егејска бригада, секретар на реонски комитет на НОМС, командир на вод во ДАГ. Загина во 1948 година.
Забелешка: Бројот на загинатите раководители и активисти на НОФ, НОМС и АФЖ во периодот 1945-1949 година е голем во целото подрачје на егејскиот дел на Македонија. Меѓутоа, ние располагаме со податоци или успеавме такви да прибереме од своите другари соборци само за лицата кои се наведени во овој список (Минчо Фотев).
ПРИЛОГ БР. 2 Односот на КП на Грција спрема македонското националноослободително движење, односно спрема македонскиот национално прашање (Испуштен е текст кој се однесува на мислење на Фотев за пристапот на д-р Иван Катарџиев во третирање на настаните од егејскиот дел на Македонија по Првата светска војна, посебно во периодот од 1940 до 1949 година, во неговиот труд: “ Револуционерните традиции - фактор на самоопределувањето на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија”. Не успеавме да пронајдеме одделен труд под овој наслов и во разговор со акад. Иван Катарџиев. Претпоставуваме дека насловот е изведен од содржината на предметниот труд.)
Според многубројните историски документи, факт е дека КП на Грција уште од своето формирање во 1918 година го признаваше постоењето на македонското национално малцинство од егејскиот дел на Македонија. Откако овој дел од Македонија падна под доминација на грчката држава, Македонците својата борба тесно ја поврзаа со работничкото и прогресивното движење на грчкиот народ под раководство на КП на Грција, со надеж дека ќе го заштитат својот национален идентитет и ќе ги добијат своите демократски и национални права.
Македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија тежиштето на својата борба го насочил против суровите антимакедонски мерки на грчкиот режим, против денационализаторската и асимилаторската политика на грчките влади, како и против суровата економска експлоатација за да го зачува својот живот и националниот опстанок. Во периодот меѓу двете светски војни КП на Грција беше единствената политичка партија во Грција која бараше на Македонците да им се признае рамноправност, демократски и културни права, и јавно протестираше против прогонувањето на македонските патриоти. Но, КП на Грција никогаш не организирала масовни протестни акции и демонстрации против теророт и прогонствата, против денационализаторската политика и воопшто против суровите политички и економски услови, кои грчкиот режим ги наметна на макенонскиот народ.
Раководството на КП на Грција се задоволуваше само со пишување на некоја протестна статија на страниците на своите весници и со истапување на некои од своите пратеници во грчкиот парламент за тешката положба во која беа доведени Македонците од егејскиот дел на Македонија. Сета дејност на КП на Грција меѓу двете светски војни за заштита на малцинските права на Македонците имаше кампањски и вербален карактер.
Како што наведовме погоре, КП на Грција не го негираше постоењето на македонското национално малцинство, но таа никогаш немаше правилен став за македонското национално прашање или поточно речено, не го признаваше македонското национално прашање. Ако го признаеше нормално би било да се застапи и за негово решавање. Оттука произлегува недоследниот став на КП на Грција спрема националноослободителното движење на македонскиот народ.
Пред да ги образложам фактите за односот на КП на Грција спрема македонското националноослободително движење, сакам да го цитирам искажувањето на Никос Захаријадис, генерелниот секретар на КПГ, напишано во книгата Тестаментот на Hикос Захаријадис, издадена во Грција на грчки јазик, во април 1986 година, во издание на “Гларос”. Никос Захаријадис вели: “...нашиот став спрема словеномакедонското малцинство секогаш беше правилен. Рамноправност. Тоа беше стар став на нашата партија КП на Грција. Нејзе и припаѓа честа на прва партија на Балканот која не се согласи со ставот на Третата интернационала за автономија на Македонија во духот на балканската федерација. КП на Грција беше и е најпатриотската партија во Грција. Никогаш не го оспори суверенитетот на грчката (државна - ММ) територија. Никогаш никому немаше да даде ниту една педа од грчката таковина.
Националното прашање е прашање кое се решава со победа на револуцијата, тоа е дел на револуцијата како што е и аграрното прашање. Тоа е ленинистички став.” (Цитатот е од стр, 52 и 53.)
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/mincho-fotev-e-book-macedonian/16 le 29 octobre 2026