Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Mincho Fotev and the National Liberation Movement of the Macedonian People from Greek Occupied Macedonia (1941-1949)

Дел II НОД НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ОД ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА (1941-1949) - Part 08

Par Д-р Михајло Миноски · Partie 10 sur 21 · Environ 18 minutes

Lire en English

Непосредно по средбата во Солун се одржал Третиот пленум на Покраинскиот комитет на КПГ од егејскиот дел на Македонија и Тракија на кој генералниот секретар Захаријадис објавил, на 16 јуни 1946 година, (М. Фотев, Односот на КПГ кон организацијата НОФ, 5.) дека КПГ ја признала организацијата на НОФ како “демократска и прогресивна организација” на македонското малцинство во Грција. Говорот на Захаријадис бил публикуван во централните весници на КПГ “Ризоспастис” и “Лаики фони” на 19 јуни 1946 година. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 20.) Со објавувањето на говорот на Захаријадис за признавањето на организација на НОФ била информирана и јавноста во Грција. Раководството на партијата го изменило својот став спрема организацијата на НОФ во околности на натамошно влошување на внатрешната политичката ситуација во Грција, со цел за обезбедување на поддршка од македонскиот народ во борбата против монархистичкиот режим. Раководена од сопствениот интерес КП на Грција ја признала македонската национална организација како респектабилен политички и потенцијален воен фактор, (според Фотев како) “единствен легитимен претставник на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија”. (М.

Фотев, Развојниот пат на НОФ, 20.)

По враќањето на Паскал Митревски од Солун бил одржан состанок на Главниот одбор на кој тој информирал за текот на преговорите и за постигнатата согласнот. Преговорите ги оценил како “мошне успешни” затоа што КП на Грција ја признала организацијата на НОФ за легитимен претставник на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија и како демократски фактор во Грција. (На истото место.) Кон крајот на јуни Главниот одбор во полн состав: Паскал Митревски, Ѓорѓи Урдов-Џоџо, Павле Раковски, Михајло Керамитчиев и Минчо Фотев, бил повикан во ЦК на КПМ од политичкиот секретар и претседател на владата на НРМ Лазар Колишевски. На состанокот, со учество на организациониот секретар на ЦК на КПМ Цветко Узуновски-Абас, била разгледана ситуацијата во егејскиот дел на Македонија, положбата на организацијата на НОФ и односите со КПГ и ЕАМ. Колишевски и Узуновски искажале поддршка на нормализирање на односите и укажале дека “единството на НОФ со КПГ било од витален интерес за националноослободителното движење на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија” (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 20.)

Раководството на КП на Грција набрзо потоа дефинитивно одлучило партијата да поведе оружена борба против монархистичкиот режим за преземање на власта. Македонската национална организација се појавува како сигурен сојузник во таа борба, со оглед на положбата на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија. Фотев пишува дека освен солидарноста со КПГ за борба против грчкиот монархистички режим “за македонскиот народ (од егејскиот дел на Македонија) друга алтернатива немаше”. Во такви услови во октомври 1946 година, била постигната Спогодба меѓу НОФ и КПГ за обединување (На истото место, 21.) во единствен антимонархистички фронт. По директива од ЦК на КПМ, Главниот одбор на НОФ прифатил организацијата да се стави под раководство на КП на Грција.

Спогодбата според интерпретацијата од Фотев имала 8 одредби:

1. НОФ, останувала самостојна организација, единствен легитимен претставник на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија, а ќе се раководи од КПГ;

2. Организациите НОМС и АФЖ ќе постојат како составни делови на НОФ;

3. НОФ ќе издава свој весник - орган на Главниот одбор;

4. Македонците комунисти од егејскиот дел на Македонија стануваат членово на КПГ по автоматизам;

5. Партизанските одреди на НОФ ќе се обединат со ДАГ, а воено-политичкиот кадар ќе се распореди на соодветните командни должности во воените штабови на ДАГ;

6. Секретарот на Главниот одбор на НОФ Паскал Митревски се поставува за член на секретаријатот на Покраинскиот комитет (Македонско биро) на КПГ од егејскиот дел на Македонија и Тракија;

7. Членот на Главниот одбор на НОФ Џоџо Урдов се поставува за член на командниот состав на Главниот штаб на ДАГ;

8. Минчо Фотев, член на Главниот одбор на НОФ, и секретар на НОМС, се поставува за член на секретаријатот на Покраинскиот комитет на ЕПОН од егејскиот дел на Македонија и Тракија. (На истото место.)

На 18 октомври 1946 година, политичкиот секретар и двајца од членовите на Главниот одбор на НОФ: Паскал Митревски, Илија Димовски-Гоче (И. Димовски-Гоче од с. Статица, Леринско. Роден 1905 година. Револуционер-комунист, член на КП на Грција. Ја напуштил грчката комунистичка партија и основал Македонска партиска организација со национална платформа (1941). Учесник во НОД; бил член на Главниот одбор на НОФ, командант на партизанскиот одред Вичо” (февруари 1943), комесар и командант на Леринско-костурскиот партизански одред “Вичо” (1944), командант на Првата македонска (Егејска) ударна бригада (1944), командувал со македонските партизански единици на пл. Вичо (1946), командант на баталјон на ДАГ (1947). Починал во Скопје, на 26 јули 1961 година.) и Минчо Фотев, биле повикани од Лазар Колишевски во неговиот кабинет. По краткотрајниот разговор за Спогодбата со КПГ, Колишевски ги задолжил на апсолутна лојалност со КПГ, сите проблеми да ги решаваат со нејзиното раководство, (Според Фотев на крајот од состанокот Колишевски рекол: “Од посебен интерес е доследно да го спроведете единството со КПГ врз основа на постигнатата Спогодба, да го чувате и зацврстувате единството во редовите на НОФ, да го чувате и зацврстувате братството и борбеното единство со грчкиот народ, доследно и безрезервно да се борите каде што ќе биде потребно и сите проблеми што ќе се појават во текот на борбата да ги решавате заеднички со раководството на КПГ и со Главниот штаб на ДАГ”. (На истото место, 22.)) и за целосен прекин на врските и односите со “општествено-политичките фактори на НРМ”. (Фотев: “По обединувањето на НОФ со КПГ беа прекинати сите врски и контакти со општествено-политичките фактори на НР Македониiа.” (На истото место, 22.)) Следниот ден (19 октомври) петставниците на Главниот одбор од Македонија се упатиле за Албанија на пат за егејскиот дел на Македонија. Во Корча биле прифатени од курири на ДАГ. Паскал Митревски преку Грамос пристигнал во седиштето на Главниот штаб на ДАГ на Хаша Планина на средба со врховниот комндант на ДАГ, генералот Маркос.

Илија Димовски-Гоче заминал на планината Вичо во реонскиот штаб на македонските партизанските одреди каде се наоѓале другите членови на Главниот одбор на НОФ за исполнување на Спогодбата за обединување на силите со ДАГ. Минчо Фотев заминал во Костурско за да го запознае окружното раководство на НОФ за Спогодбата и за нејзиното спроведување. (На истото место, 22.)

Грчката монархистичка влада вршела засилени подготовки за разбивање на грчкото комунистичко движење и за ликвидирање на македонското националноослободително движење. Со финансиска помош и воена опрема од Велика Британија и САД, ги модернизирале армијата и жандармериските сили. Биле формирани и посебни вооружени формации: баталјони -национална стража и посебни одреди “од фашистички елементи” кои под инструкции од англо-американските воени експерти се обучувале за специјално војување против ДАГ. (М.

Фотев, Развојниот пат на НОФ, 19.)

Во таква ситуација, за време на разговорите Маркос-Митревски за реализирање на Спогодбата за обединување, на барање од генералот Маркос била постигната согласност да се даде приоритет на обединувањето на македонските партизански единици со ДАГ, по што го утврдиле и начинот на спроведувањето. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 22.)

Генералот Маркос го ополномоштил својот помошник Никос Теохаропулос-Скотидас за спроведување на договореното.

Веднаш потоа Паскал Митревски со ополномоштениот помошник на врховниот командант на ДАГ Маркос, пристапиле кон спроведување на обединувањето на силите со интегрирање на македонските партизански одреди во ДАГ. (На истото место.)

Обединувањето на единиците и нивното групирање се вршело во регионите каде што дејствувале. Во подрачјето на Грамос соединувањето било извршено на собирот на единиците на ДАГ и партизанските одреди на НОФ во с. Дријаново, Костурско, на 9 ноември 1946 година, во присуство на Паскал Митревски и Никос Теохаропулос-Скотидис со соработниците. (М. Фотев, Односот на КПГ кон организацијата на НОФ, 7.) Тука била извршена реорганизацијата и бил формиран регионален штаб на ДАГ, во состав: Ѓорѓи Јанули-командант, Јани Пачура и Ахилеа Папајоану-помошници на командантот и Козма Буковина политички комесар. Со реорганизацијата на партизанските одреди биле формирани четири одреди. За командант на првиот партизански одред бил поставен Васил Христовски, (В.

Христовски од с. Добролишта, Костурско. Бил борец на ЕЛАС, командир на ДАГ. Загинал во 1948 година.) а за политички комесар Сотир Костовски-Дирекот. На вториот одред за командант бил поставен Стерјо Мавранѕа, а за политички комесар Ташо Михајловски, на третиот одред за командант бил поставен Вангелис Форфалјас, а политички комесар Георгиос Пападимитриу-Мавровунис, а на четвртиот партизански одред за командант бил поставен Аргир Ковачев, а за политички комесар Атанас Калојанов. Командниот состав на одредите бил од Македонци, само на третиот партизански одред командантот бил Влав, а политички комесар Грк. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 22-23.) Од реонот на Грамос, Паскал Митревски и Никос Теохаропуљос-Скотидас, со придружбата се упатиле кон реонот на планината Вичо за спроведување на обединувањето на македонските партизански одреди со ДАГ. На 16 ноември пристигнале во с. Врник (во Албанија, населено само со Македонци), каде биле прифатени од Минчо Фотев, Ламбро Чолаков, Герман Димовски-Стариот, Јани Пировски со група македонски борци и во нивна придружба, преку селата Бесвина и Руља пристигнале на пл. Вичо. Во месноста “Трсјанска Корија” се состанале со воените и политичките раководители:

командантот Пандо Шиперков, Илија Димовски-Гоче, Михаил Керамитчиев и други раководни лица од Леринскиот округ. За воено-политичката ситуација во регионот, за положбата на народот, за состојбата во партизанските одреди и во организациите на НОФ, НОМС и АФЖ информирле: Илија Димовски-Гоче, Пандо Шиперков, Минчо Фотев, Ламбро Чолаков, Миxајло Керамитчиев и Герман Дамовски-Стариот.

(М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 23.)

На 21 ноември, утрото, во с. Бапчор бил одржан состанок на претставниците на НОФ, КПГ и ДАГ: Паскал Митревски, Никос Теохаропуљос-Скотидис, Пандо Шиперков, Теодорас Ефтимијадис, Илија Димовски-Гоче, Минчо Фотев, Михаил Апостоловски-Гранити и др. Hа состанокот бил избран Штаб на оперативната зона “Вичо” во состав: Пандо Шиперков -командант, Лефтерис Кацакос (Грк) – политички комесар и Михаил Апостоловски-Гранити - член. Истиот ден во селото бил одржан собир на околу 30 раководители на НОФ, НОМС и АФЖ од Леринскиот и Костурскиот округ со жителите на селото. Собирот го поздравиле командантот Пандо Шиперков и Паскал Митревски кој (На истото место, 23.) пред населението ја претставил ситуацијата во Грција, тешката положба создадена од монархистичката влада, за подемот на демократското движење предводено од КПГ, а посебно за Спогодбата на НОФ и КПГ за обединување, а со тоа и обединувањето на македонските партизански одреди со ДАГ, како и за значењето и градењето на братството и единството помеѓу македонскиот и грчкиот народ. (Говорот на Паскал Митревски бил проследен со одобрување и извикување на паролите: “Да живее братството и единството!”, “Да живее НОФ!”, “Смрт на монархофашистите!” и др. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 23.)) Собирот го поздравил и помошникот на врховниот командант на ДАГ, Никос Теохаропуљос-Скотидис кој, како што пишува Фотев, меѓу другото рекол дека “братството и единството како и заедничката борба на грчкиот народ под раководството на КПГ, претставувале фактор и гаранција за ослободување на земјата и народот од монархофашистичката тиранија и од англо-американските империјалисти”, дека КПГ претставувала гаранција за ослободување на народот и земјата од монархофашистичка тиранија, да се извојуваат демократските права, единствен пат на македонскиот народ да извојува национална рамноправност. (Поздравниот говор на Никос Теохаропуљос - Скотидис бил проследен со паролите: “Да живее ДАГ и нејзиниот врховен командант другарот Маркос!”, “Да живее братството и единството!” (На истото место, 23-34.))

По народниот собир (Собирот завршил со пеење на револуционерни песни и народни ора. (На истото место, 23.))

новиот Штаб на оперативната зона Вичо извршил реорганизација на партизанските чети. Македонските партизански чети имале, според рапортот на командантот Пандо Шиперков, броен состав од 607 борци, а партизани Грци имало само 36 борци под команда на Стратос Кендрос. (На истото место, 24.)

Главниот одбор на НОФ се состанал на 22 ноември 1946 год., во с. Бапчор, во куќата на Коле Ќандов. (М. Фотев, Односот на КПГ кон организацијата на НОФ, 8.) На состанокот учествувале: Паскал Митревски, Михајло Керамитчиев, Илија Димовски-Гоче и Минчо Фотев. За член на Главниот одбор била кооптирана Евдокија Балева-Вера ( Евдокија Балева-Вера од с. Д’мбени, Костурско. Живее во Скопје. Учесник во НОД на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија. Била секретар на Главниот одбор на АФЖ, член на Главниот одбор на НОФ, член на Координативното биро на НОФ, потпретседател на Централниот совет на НОФ, член на Извршниот комитет на Централниот совет на НОФ, потпретседател на Централниот совет на Сегрчката демократска унија на жените, член на заедничката делегација во својство на секретар на АФЖ ја претставувала македонската организација (со Малина Маркова) на конгресот на Светската организација на демократските жени во Будимпешта, декември 1948 година, член на делегацијата на НОФ во заедничката делегација на Демократската влада на Грција на меѓународниот конгрес на мирот, април 1949 година. По поразот на ДАГ со членовите на раководството на НОФ од Политбирото на КПГ обвинета како агент на Тито била уапсена на 2 октомври, во затворите во Албанија била задржана до 14 декември, кога била префрлена во СССР. Во истражниот затвор во Москва била од јануари 1950 до 19 април 1952 година, кога била осудена на 8 години затвор и спроведена во логор во Сибир. По нормализирањето на односите меѓу Советскиот Сојуз и Југославија била ослободена и дошла во НР Македонија во Скопје каде живее.) која била назначена за секретар на АФЖ од егејскиот дел на Македонија. Паскал Митревски ги информирал членовите на одборот за преговорите водени со врховниот командант на ДАГ, Маркос Вафијадис и за практичното спроведување на Спогодбата на НОФ-КПГ. По прашањето за примената на Спогодбата било договорено приоритет да се даде на обединувањето на македонските партизански одреди со единиците на ДАГ. Одборот го прифатил барањето на врховниот командант Маркос за испраќање и располагање на Главниот штаб на ДАГ, два македонски партизански одреда од подрачјата на Вичо, Пајак Планина и Кајмакчалан со околу 500 борци. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 24.)

Одлуката на ГО на НОФ веднаш била извршена. Од партизанските одреди на планината Вичо бил формиран првиот одред со 200 борци чиј командант бил Лазар Поплазаров, а од македонските партизански единици на Кајмакчалан и Пајак Планина бил формиран вториот партизански одред од 300 борци чиј командант бил Ѓорѓи Урдов-Џоџо, и биле ставени на располагање на ГШ на ДАГ. (На истото место.) Главниот одбор на истиот состанок донел одлука за делегирање на Македонци-комунисти во окружните комитети на КПГ: Живко Попов(ски)

во Леринскиот, и Јани Пировски во Костурскиот ОК на КПГ.

(На истото место, 25.)

По одлука на ГО на НОФ (Донесена на истиот состанок на 22 ноември.) за обединување на НОФ и КПГ и на македонските партизански одреди со ДАГ организациите на НОФ, НОМС и АФЖ со интензивна политичка активност го убедувале членството и македонскиот народ за важноста на обединувањето за ослободителното дело. Македонските организации “го мобилизирале целиот борбен потенцијал на македонскиот народ”, за поддршката на ДАГ, во чии редови доброволно стапувале младите Македонци. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 24-25.)

Раководството на КП на Грција, Спогодбата ја сметала за акт со кој организацијата на НОФ се самораспуштила, се слевала во организациите на партијата, а со тоа престанувало да постои македонското националноослободително движење. КПГ не била обврзана да преземе и не презела никаква активност за запознавање на грчкиот народ, ниту пак на грчкото население од егејскиот дел на Македонија за Спогодбата за единство со НОФ и за обединувањето на македонските и грчките партизански единици, како и за масовното учество на македонскиот народ во ДАГ. (На истото место, 24.)

Политбирото на ЦК на КПГ презело акција за елиминирање од НОФ и од движењето на раководните личности застапници за самостојност на македонското НОД. Политбирото го прогласило Илија Димовски-Гоче за “автономист, сепартист и соработник на Англичаните” и донело одлука за негово отстранување, да не му се дава никаква одговорна должност.

Врховниот командант на ДАГ наредил негово отстранување од ДАГ. Раководството на НОФ било известено со барање за отповикување на Гоче. (На истото место, 25.)

Главниот одбор расправал за случајот со Илија Димовски-Гоче.

Одборот ги примил “со огорченост и револт” и ги осудил постапките на Политбирото на ЦК на КПГ и решението на врховниот командант на ДАГ Маркос, за негово отстранување од раководните функции во НОФ и во единственото антимонархистичко движење. (На истото место, 25.)

Единствено Михајло Керамитчиев се воздржал од осудата, поради лична нетрпеливост кон Илија Димовски. (Фотев за тоа пишува: “Поради стари лични сметки што датираа уште од формирањето на Првата ударна (Егејска) бригада чиј командант беше Гоче, а Михаил Керамитчиев политички комесар (помеѓу овие двајца имаше нетрпеливост)” (На истото место, 25.))

Секретарот на ГО на НОФ, Паскал Митревски повикал независно од пројавените проблеми организацијата на НОФ “најинтензивно да продолжи со извршувањето на договорените задачи во духот на Спогодбата (со КПГ)”. На крајот од состанокот предложил: по спроведувањето на обединувањето на партизанските одред на НОФ со ДАГ, тој и Минчо Фотев да заминат за Солун на средба со секретарот на ПК на КП на Грција, односно со секретарот на ПК на ЕПОН за Македонија и Тракија, за да се договорат за “реализирање на другите услови од Спогодбата за обединување на НОФ со КПГ”. За вршител на должноста секретар на ГО на НОФ, до неговото враќање од Солун, го одредил Михајло Керамитчиев. Двата предлога биле прифатени од Главниот одбор. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 25.)

На 24 ноември, секретарот Паскал Митревски со членовите на ГО на НОФ Михајало Керамитчиев и Евдокија Балева-Вера, отпатувале преку Леринско Поле за Кајмакчалан, во Воденско да го спроведат обединувањето на македонските партизански одреди со единиците на ДАГ. (На истото место, 25.) Минчо Фотев со курирот Мичо Коровешовски добиле задача веднаш да заминат за Солун, со секретарот на ПК на ЕПОН, Никос Акритидис за да го договори обединувањето согласно со одредбите од Спогодбата на НОФ-КПГ. Патувањето на Фотев за Солун било спречено од секретарот на Леринскиот ОК на КПГ, Теодорос Ефтимијадис (Според кажувањето на Евдокија Балева - Вера /Вера Фотева/: “Теодорос Ефтимијадис кој потекнувал од градот Костур, уште во времето на диктатурата на Метаксас како комунист бил врбуван од грчката полиција да работи за фашистичкиот режим. Тоа го прави за сето време на Антифашистичката и Граѓанската војна во Грција.”) со офазложение за прекин на каналот за поврзување. За тоа бил известен по посебен курир, Паскал Митревски кој наредил Фотев да отпатува во Гуменџиско и со членовите на ОК на НОФ да го подготват теренот, до неговото пристигнување, за спроведување на обединувањето. (На истото место, 25.) Преку територијата контролирана од грчката монархистичка армија и жандармерија Фотев со Мичо Коровешовски, на 5 јануарп 1947 година, пристигнале на Пајак Планина. На 7 јануари се одржал состанок со членовите на Окружниот одбор на НОФ во с.

Баровица, Иван Ничев, Вангел Ничев, Иван Ковачев-Орфеј, Сотир Хаџимитровски, Кочо Киров и др., на кој била разгледана ситуацијата во округот и проблемите на НОФ, НОМС и АФЖ. (526 На истото место, 26.) Окружното раководство информирало за затегнатите односи со партиските организации на КПГ и нивните вооружени групи. (Иван Ковачев информирал дека членот на ПК на КПГ и командант на грчките партизански единици во централниот дел на Егејска Македонија десетина дена пред тоа “на подмолен начин нападнал една македонска вооружена група (на НОФ) и ја разоружал.” (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 26.)) За запирање на натамошното влошување на односите, наредниот ден, на 8 јануари, Фотев со членовите на окружното раководство отпатувале во Штабот на грчките партизански групи во месноста “Гондач” на Пајак Планина. На средбата со капетанот Панос, Лефтеријас, Ставрос и другите грчки раководители “остро реагирале” за разоружувањето на македонските партизани. (Грчките воени и политички раководители “Наместо да се извинат, се обиделе да се оправдаат”. (На истото место, 26.))

На 9 јануари 1947 година во Штабот на македонските партизански одреди на Пајак Планина, пристигнале Паскал Митревски и Евдокија Балева-Вера. По нивното пристигнување Михајло Керамитчиев побарал да биде ослободен од должноста поради нарушеното здравје, по што отпатувал за НРМ во Скопје на лекување. (На истото место, 26.) Фотев тврди дека не се работело за здравствени проблеми на Керамитчиев. Зошто Керамитчиев побарал да замине од НОД тој дава две верзии.

Според едната, Керамитчиев заминал за Скопје на “закрепнување” и “да се види со своето потесно семејство”.

Според другата верзија затоа што Михајло Керамитчиев со мала група во НОФ, негови приврзаници “македонски сепаратисти” биле против Спогодбата за обединување на НОФ со КПГ, а некои од нив заминале од НОД по нејзиното објавување. (Фотев: “Од постигнатата Спогодба единствените незадоволни беа малубројните сепаратисти во НОФ на чело со Михаил Керамитчиев. Некои од нив веднаш по Спогодбата самоволно ги напуштија редовите на НОФ и на ДАГ” (На истото место, 28.))

Според тоа, во раководството на НОФ, а со тоа и во НОД, дошло до поларизирање на застапници за единство на македонскиот НОД со грчкото антимонархистичко комунистичко движење, под водство на КПГ, кои биле во мнозинство и застапници за самостојност на македонското НОД.

Противници на обединувањето биле Грците кои ги имало во редовите на КПГ и ДАГ, и кои сметале дека “на Македонците им биле признати прилично големи права и овластувања”. (На истото место, 28-29.)

НОФ и Анкетната комисија на ООН во Солун Секретарот на ГО на НОФ Паскал Митревски, на состанокот со окружните раководства на НОФ, НОМС и АФЖ, на 10 ноември 1946 година, информирал за пристигнувањето на Анкетната комисија на ООН во Грција, со седиште во Солун, за испитување на причините на Граѓанската војна во Грција по обвинувањата од грчката монархистичка влада против владите на Југославија, Албанија и Бугарија. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 26.) На состанокот раководните лица на окружните организации биле задолжени “да преземат најитни мерки; да формираат комисиии делегации кои на Анкетната комисија на ООН ќе и доставуваат петиции, меморандуми и др. Непобитни докази како единствен виновник за Граѓанската војна во Грција била Грчката влада со нејзиниот невиден терор над учесниците во антифашистичките движења на ЕАМ и ЕЛАС, и сите кои се бореле со пушка в раце против германско-италијанските фашистички окупатори, со геноцидот над македонското население, со единствена цел да ги задушат прогресивните демократски сили кои го претставуваат огромното мнозинство на македонскиот и грчкиот народ”. (На истото место, 26-27.)