Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Kalina

Front Matter - Part 08

Par Петре Наковски · Partie 8 sur 11 · Environ 21 minutes

Lire en English

Со викања, пцуења, понижувања и удирања со кундаците, полицајците не тераа да слеземе долу, во бродските амбари.

Една преку друга, за да го избегнеме ударот на кундакот и камшикот, се туркавме, паѓавме, се газевме. Реа на засмрдена риба и засмрден воздух.

Под бродот заклокоти водата. Јазот меѓу Макронисос и бродот се` поголем. Се ширеше, стануваше се` поширок, се` повеќе вода меѓу бродот и црните карпи на проклетиот остров...

Растеше далечината...

Пловеше бродот. Пловеше кон помалиот пекол, кон Трикери.

Низ цепнатината на бродското прозорче се пробиваше сончев зрак и ми осветли половина лице. Во тој миг почувствував топлина и во себе со целото свое срце и душа шепотев:

- Греј сонце! Прегрни ме! Гушни ме! Стопли ме!

- Греј сонце и осветли им ги умовите на нелуѓето за да знаат дека и тука, во Макронисос, мене и илјадници други од целата земја, не ме скршија.

- Греј!

Вечерта не растоварија во Трикери...

Не сместија во ќелиите и подрумите на манастирот. По една недела не натераа да поставиме шатори и таму не пренесоа.

Најголемиот број не сместија во стари американски воени шатори што на многу места беа издупчени од куршуми. Кога врнеше водите носеа кал и шаторите се поплавуваа. Спиевме на гола земја. Кршевме гранки од маслините и грмушките и правевме постела.

Немаше место за сите.

Гореа голема, како да бевме затворени во фурна. Горевме под шаторите. Вршникот над нас не топеше, не сушеше. Ретко ни успеваше скришум да пренесеме вода од морето и со неа да се ладиме. Управата на логорот тоа го сметаше за голем прекршок и строго не казнуваше. За таквиот прекршок применуваше две казни.

Едната беше од десет наутро до четири часот попладне забрана да излеземе од шаторите. Во нив се печевме...

Другата казна беше од десет наутро до четири часот попладне не тераа да излеземе од шаторите и пред нив не постројуваа. Се печевме на отворено...

Немаше ден а да не не постројат пред шаторите. Во секое годишно време. Построени стоевме кога силно печеше сонцето, кога многу врнеше дожд, кога паѓаше снег, кога силно дуваа налудничавите морски ветришта...

Во стројот секогаш беше забрането зборувањето... Ретки беа деновите кога ни беше дозволено да се движиме во просторот ограден со бодликава жица.

Честопати во најголемата горештина или кога врнеше дожд или снег или кога дуваше силен ветер, ни наредуваа да ги преместуваме шаторите и во мигот кога веќе беа поставени и зацврстени со јажињата, тогаш не тераа да ги преместуваме на старото место.Во шаторите никогаш, ниту дење ниту ноќе не престануваа плачењата и лелекањата, воздишките, стенкањата.

Малку беа тие кои не плачеа.

На островот Трикери дење е жешко, ноќе е студено. Таму и од росата смрзнувавме. На островот не владееше само полицијата.

Сојузник и` беше и природата.

* * * Најголемиот број од заточените жени и девојки беа од селата.

Голем беше бројот и на тие кои беа од градовите. Нивните мажи, синови, ќерки, сестри, браќа - во редовите на Демократската армија на Грција или со левичарски определби.

Државата одлучи таквите да ги казни и ги испрати во женските логор на островот Трикери и во други островски логори. Некои од нив беа учени - учителки, професорки во гимназии и на универзитети, писателки, сликарки.

Кога ги донесоа изгледаа добро нахранети, убаво облечени, исчешлани, нашминкани, а во логорот немаа убаво исчешлана коса, фустаните веќе им беа излитени, немаа шминка на усните и под очите им се цртаа перничиња. Тажни, ама најчесто бодри.

Горди и достоинствени. Исти во упорноста. Малку беа тие, кои не издржаа. Потпишаа и, носејќи го со себе презирот, си заминаа дома. Никоја не се јави да каже како и` е.

Жените и девојките од градовите беа нежни, неотпорни на тешкотиите што на островот ги создаваше и полициската управа и природата. Имаа добро негувани лица, без брчки.

Тешко го издржуваа физичкиот напор. Ама затоа беа многу цврсти со духот, со вербата во својата определба, ги издржуваа и тепањата и понижувањата, враќаа со клетви, не плачеа, туку колнеа, плукаа и на тој начин го искажуваа своето противење.

Беа образовани, за разлика од нас, селските девојки, кои многу полесно го издржувавме тепањето и физичкиот напор и духовниот притисок и лошата храна и студот и лошото сатанско невреме. Меѓусебно многу се разликувавме. Ние бевме поиздржливи. Тоа ни остана од планината, од војувањето, од таму каде бевме биени и од природата и од противникот. Така не навикнаа дождовите, снегот, студот, гладот, вошките, стравот, ровот, бункерот, ноќните маршеви, јуришот... А тие, градските жени и девојки, ни се восхитуваа, а кога ги тепаа, тогаш погласно лелекаа од нас, ама без страв се караа и ги колнеа полицајците. За планините и за шумите, за калта, за студот и гладот, за јуришите, а и за нас, партизанките, знаеја толку, колку што имаа слушнатои или читано. Во логорот тие стануваа цврсти, како што ние полека зацврстувавме растејќи во планините.

Голема е разликата меѓу градот, планините и островот. На островот те опкружува само вода, само камен околу кој ретко ќе видиш трева да расте, над тебе сино небо и честопати црно кое над островот сее грмежи и ровји. На островот си стегнат како во шепа. Во планината не те собира широката ширина, која е недогледна и поблиску си до орлите и соколите, до небото и до ѕвездите. Не можеш да ја собереш ширината во еден круг, не ти се доволно чекорите и деновите за да го фатиш крајот на планината, а тука, на островот, со чекори можеш да ја измериш оваа исушена земја на која одвај ќе најдеш некоја испржена тревка и брзо стигнуваш до карпестиот брег под кој лудуваат морските бранови.

Застануваш на крајот од бездната и го гледаш крајот и таму далеку една сива линија која го спојува морето и небото.

Натаму само сива магла.

Само толку од светот на кој нам, на заточените жени и девојки на овој остров, ни беше забрането подолго да гледаме...

Во логорот имаше секакви. Учени и поучени, писмени и неписмени и полуписмени. Меѓу последните бев и јас. Немав завршено основно образование. Учев во четврто основно кога Италија и` објави војна на Грција. Од тогаш, од крајот на октомври 40-та повеќе нашето селско училиште не се отвори.

Есента 47-та изгоре заедно со целото село.

Имаше и такви кои никогаш немале видено школска клупа, кои никогаш немале земено книга во рака. Тука, во Трикери, првпат се сретнаа со учителка и ги научија првите букви. Имаше и такви кои знаеја само да си го напишат името. И така, скришум од полициските очи, островот се претвори во едно големо ноќно училиште. Не учеа само да читаат и да пишуваат. Ги учеа сите предмети предвидени со образовната програма во основното и средното образование. Имаше и такви кои тука, ноќе, ги подготвуваа испитите за запишување на универзитет или за полагање испити. А најголемиот број од жените учеа кроење, шиење, везење, плетење, занаети кои можеа на слобода да им овозможат да го заработуваат делничниот леб.

Јас, покрај тоа што ноќе многу читав, учев кроење, шиење, а нај многу везење и плетење.

Кроење и шиење ме учеше мадам Олга. Така таа бараше да ја викаме. Беше од Атина и постојано раскажуваше за својот моден салон. Со наслада раскажуваше дека во нејзиниот салон се облекуваа жените на министри, дипломати, банкари, генерали, богати трговци и дека списанијата со најновите модели и` стигнуваа од Париз. Во тоа време - велеше - Париз беше средиштето на модата, а Париз и Атина ги делеше само времето кога поштата ги носеше списанијата со најновите модни фустани, капи, ракавици, фризури. Раскажувањето за модните модели го прекинуваше, подигаше прст и велеше: - За да бидете добри во занаетот, треба да го знаете и францускиот јазик затоа што таму, во Париз е модата. Покрај тоа што ќе ве учам кроење и шиење, ќе ве учам и француски. А треба да знаете каков фустан се носи за во театар, опера, концерт, за излегување на вечера со отмено друштво и така натаму... Тоа ќе го научите од мене... Ова тешко се учи, ама треба да се знае...

длабоко воздивнуваше мадам Олга и не потсетуваше дека таа во Атина го имаше најпосетуваниот моден салон што и` го уништија Германците затоа што нејзиниот маж, не се покори и крена пушка против нив. Мадам Олга раскажуваше со прекини.

И со долги прекини ни раскажа и за гладната година што завладеа во Атина. - Секој ден - велеше - во Атина од глад умираа стотици луѓе. А јас, мои мили, заедно со сестра ми и други жени тргнав на север. Се зборуваше дека таму, во Македонија, има доволно храна и таму отидовме да бараме спас од гладот. По Костурските села молевме, питачевме, за парче леб. Во многу села не можевме да се разбереме, бидејќи таму жените и постарите мажи, а и децата не зборуваа грчки, а ние не го разбиравме нивниот јазик. И види чудо - во тие села во кои не го зборуваа грчкиот јазик секогаш луѓето ни даваа леб, сирење, урда, грав, брашно. Ама во тие села во кои живееја просфиги (бегалци) од Турција, не бркаа, не пцуеја, ни ги пуштаа кучињата, велејќи ни дека ние Атињаните сме криви за тоа што тие ги изгубија своите домови и имоти во Турција. Кај нив пцости и колнења, а кај ендопјите (староцеделци) леб, вода и сочуство. Добри, питоми, сожаливи луѓе, тие ендопјите. И види чудо што ми се случи таму, во едно ендопјо село. Ноќта, по силниот дожд, спиевме во една плевна и таму ме фати висока температура. Сестра ми побара помош во една од најблиските куќи. Дојде маж во години, ама тешко да се разбереме. Тој ниту еден збор од нашиот и ние неми од нивниот. Ми стави рака на чело, нешто зборуваше, ме подигна и на раце ме однесе во неговата куќа. Таму ме пресоблекоа во топли алишта, ме истрија со ципуро (ракија) и ме покрија со веленца. Повремено ми ја бришеа потта, ми даваа топла пилешка супа. Така ме лекуваа два дена. Попладнето сите ние атинските питачи, со торбите полни со леб, го напуштивме селото. Јас долго се задржав на прагот од куќата. Во себе барав зборови за да им се заблагодарам. Најдов само еден збор и со многу возбуда и со солзи во очите, реков: Ефхаристо!

(благодарам) И тргнав зад атинските питачи, носејќи ја на рамо торбата полна со леб и со добрина... Уште ги паметам тие добри луѓе и таа куќа на добрината...

Раскажувањето на мадам Олга ме врати во тоа време. Тогаш имав тринаесет години.

Паметам кога дедо на раце дома ја донесе болната жена и два дена ја лекуваше и ја хранеше мајка ми...

Паметам...

* * * Плетењето со една игла, чингулаки, ми беше најдраго. Десетина девојки не учеше една прекрасна жена. Имаше осумдесетина години и потекнуваше од островот Крит. Тука ја донесоа затоа што нејзиниот маж учествувал во движењето на отпорот, се борел против Англичаните во Атина, а беше затворен на островот Макронисос.

Во собата - ќелија бевме многу жени. Педесетина, а можеби и повеќе. Од разни места на земјата, од разни возрасти, разни професии и без професии, домаќинки, селанки, гимназијалки, студентки, учителки, професорки на гимназии и универзитети, писмени, неписмени, учени и поучени и разни карактери.

Одделно секоја беше своја, ама се почитувавме и многу си помагавме. На тоа не тераше животот што тука, на островот, го живеевме. Бевме и солидарни во се`. Тие кои добива од дома пакети со храна, ја делеа на другите, писмата гласно ги читаа.

Заедно се радувавме, заедно тажевме, заедно ги споделувавме лошите и радосните вести, заедно сочувствувавме. Така полесно ја поднесувавме живеачката на заточението.

Меѓу тие жени една ми беше многу блиска и многу ја засакав.

Од другите се одликуваше со многу смирен поглед, кој од нејзините очи лачеше блага добрина, на усните секогаш имаше тажна насмевка. Русокоса. Кога се насмевнуваше, што ретко и` се случуваше, тогаш целото лице и` личеше на расцутено цвеќе.

Многу не зборуваше. Секогаш седеше во ќοшот. На колената собрани до под брадата држеше тетратка и со молив, прибрана во себе, се` нешто пишуваше. Пишуваше и стихотворби. Ни ги читаше ноќе. Беа исполнети со човештина и толку блиски до сето тоа што ние го живеевме во Трикери и до тоа што ни беше желба и надеж. Легнати една до друга, слушавме со здржан здив. Секој збор, секоја мисла што звучеше од нејзиниот мек и глас нежен како кадифе, што истекуваше од нејзиниот молив не легнуваше само во тетратката туку и во нашите срца и беше мелем за нашите души.

Слушавме во молк и се чувствувавме како маѓепсани.

Се викаше Викторија Теодору. Од градот Хања, на островот Крит.

Еден ден, за време на претпладневната прошетка несмело и` пријдов. Се поздравив и и` реков дека сношти не можев да заспијам, дека нејзините стихотворби ме пренесоа во моето родно место и дека цела ноќ многу тажев. Ме погледна нежно, ме фати за рака и тивко ме праша:

- Ти си од Македонија... Знам, ти си од Македонија...

Од каде знаеш? - ја прашав.

- Грчкото меко - л - вие во Македонија го изговарате тврдо.

Така го изговараше и татко ми, кој беше од Велес. Како зограф -иконописец работеше во градот Хања, на Крит, каде сум родена. Соседите по некогаш го викаа Сервос, а татко ми секогаш им велеше дека не е Сервос. А ти си од оваа Македонија, нели?

- Од едно Костурско село...

Таа застана, се загледа во моите очи и небаре од мене бараше помош, молежливо изусти:

- Многу би сакала да го видам градот каде бил роден татко ми...

Велес... Велес се вика градот.

- А јас сум била во Велес, ама многу кратко. Првпат кога ранета заедно со други ранети партизани ме носеа во една болница близу Скопје. Местото се вика Катланово...

- Ти си била партизанка?

- Бев. Две и половина години... Вторпат го видов Велес, кога од болницата, со не сосема излечена рана ме вратија на боиштата.

Беше ноќе. Далеку по полноќ. Камионот застана на ритчето пред градот. Слеговме по нужда. Во светлината на полната месечина се гледаше целиот град распослан на ридови и пресечен со голема река...

- Така велеше и татко ми... - Викторија замолча, замолчав и јас и, молчејќи, го доодивме кругот со што заврши и дозволената логорска прошетка.

На наредната прошетка, некако несакана, ме праша:

Како се викаш?

Калина... По баба ми...

А што е тоа калина?

Име.

Знам дека е име...

- Калина - калинка е плод...

- А, сега знам. А ти знаеш што значи калина, знаеш што симболизира? Сега ќе ти кажам... Калино, плодот калина или κалинка има многу значења кои симболизираат моќ, победа, совршенство, бесмртност, воскреснување, божји дарови, девственост, женственост, чистота, љубов, надеж, плодност, крв, живот, мудрост, слога, верност... - на прсти броеше Викторија.

- Зарем толку многу?

- Така го дала природата, Калино... да е извор на толку многу значења и вредности...

Така ја запознав Викторија, која ми кажа дека е ќерка на еден велешки зограф - иконописец, кој живеел на островот Крит, во градот Хања и таму починал рано, оставајќи ја ќерката сирак да расти во детски дом.

Познанството ни премина во пријателство, кое ни стана доверливо и трајно. Доверливо затоа што мене ми ги доверуваше запишаните тетратки што јас скришум ги криев во корените на маслините. Познанството ни стана трајно и по излегувањето од логорите, се допишувавме...

Топлината на нејзиниот глас и питомината на нејзините смирени и многу натажени очи преминуваше кај мене и се чувствував посмирена и посигурна, како неа, живнував и имав чувство дека секогаш кога бев со неа нешто ме тераше да ја подзаборавам горчината на робувањето...

Што пишуваше Викторија во тетратките?

Се` што се случуваше во логорите, се` што преживеавме и доживеавме, таму е запишано... Не можам да заборавам кога во една од тетратките ја прочитав кратката белешка:

„Το Μαη του 1949 αρχισαν επισης να ερχονται οι Σλαβοµακεδονισες, κοπαδιαστα, πεντακοσιες τοσες σε καθε αποστολη`` (Во мај 1949 година почнаа да стигнуваат Славомакедонки, во купови, по петстотини и повеќе во секоја пратка).

И на друго место во истата тетратка Викторија имаше запишано:

„Ноќта една Славомакедонка роди близначки - девојчиња.

Првото го крстивме Елефтерија. Второто девојче веднаш почина, а Елефтерија почина по два дена...`` Само толку запиша Викторија за судбината на малечките близначки во чии очи многу кратко светеше сонцето на животот. Толку запиша и за кутрата мајка - обележана само со неодреденото - една Славомакедонка. Не и` запиша име. Само тоа, неодреденото - една Славомакедонка.

Таа, едната, од многуте во логорот...

Малку зборови, а многу болка...

Во тетратките Викторија ги имаше внесено болките на сите нас.

Во нејзините белешки останавме сите ние, логорашките, измачени, настрадани, болни, издржливи, не скршени... живи...

Скришум ги читав со здржан здив и потоа набрзина гребев во корените на маслините и таму ги криев... и сфатив дека тоа што таму, во Трикери и во другите логори за жени, ни се случуваше, не треба да се заборави, дека треба да се запише, запишаното останува да потсетува, запишаното само може да го сочува доживеаното, да го задржи времето, да ги овековечи и мислата и споменот.

Јас не запишував, ама се грижев се` редум се да сместам во мојата глава и си велев ако излезам од овој пекол со здрав ум, тогаш за се` ќе раскажам така, како што за својот пат ми раскажуваа баба и дедо.

И честопати си мислев и се прашував: - дали ќе најдам некој, кој ќе има трпение да ме слуша и се` да запише така, како што ќе му раскажам?

Си велев: треба да се слушне тоа што досега не е слушнато, да се запише тоа, што досега не е запишано, да се раскаже тоа, што досега не е раскажано и се` трајно да се сочува ...

Така ми вели мојот ум. Во запаишаното е трајното, тоа останува од човекот, од времето и од светот...

Одлучив и се зареков се` да паметам, да не испуштам ништо од тоа грозоморно време...

По многу години, авионот од Хања слета на аеродромот во Костур. Викторија одеше на Струшките вечери на поезијата. Ме посети во Костур. Ми рече:

- Дојди со мене во Велес. Заедно да ги бараме корените на татко ми... Дојди со мене, ќе ми помогнеш да се разберам со Велешани.

Во Велес Викторија го најде гробот на татковите родители и го опеа во песната што ја читаше на Струшките мостови...

* * * Во логорот беше воведена посебна мерка за истрајност – постројувањето и трчањето.

Дење, кога беше најголемата горештина или кога најмногу врнеше дожд или снег, кога студеше, не принудуваа да се постројуваме утрото или попладнето и да стоиме простум по два до три часа гладни, жедни, истоштени ... Потоа не тераа да трчаме...

Кога дождовите зачестија, тогаш донесоа големи воени американски шатори и ги поставија во калта. Шаторите беа издупчени. Веројатно од куршуми. Кога врнеше - дождовницата ни шуркаше над главите... Во секој шатор бевме сместени по 50-60 жени. Лежевме и спиевме во калта која со денови ја сушевме со топлината на нашите тела. И тогаш кога најмногу врнеше, калта пливаше во вода. И ние стоевме во калта. Не смеевме да излеземе од шаторите. Пред влезот секогаш имаше полицајци со вперени пушки.

Неретко во ноќта одекнуваа истрели...

Честопати, кога дуваа од кај морето силни ветрови и биеја бури, сиџимите се откинуваа. Одново бевме под голо небо и во калта.

Не еднаш во ниедно време на мрачната ноќ тишината ја расечуваа плачливи и долги, забодувачки и плачливо развлечени крикови и врисоци на ужас и очај.

Не еднаш со крик голем и страшен во ноќта дочекувавме зора...

Чиј беше крикот на ужасот?

Чиј беше гласот што одеднаш секнуваше во бучавата на брановите?

Никогаш не дознававме. Само ни остануваше во свеста дека тој крик, тој глас се изгуби во подивеаните бранови, дека го голтна морето...

Во најстрашните ноќи, во ниедно време оттргнуваа од шаторите една по една од жените или девојките и ги носеа до високиот брег. Најчесто ним таму им се губеше трагата. До нас стигнуваше само врисокот и крикот што до зори не држеше будни и сподавени во стравот. И тоа беше една од мерките со кои сакаа да ни го скршат духот.

Таквите ужасни ноќи во кои се слушаа само крикови и врисоци многу не можеа да ги издржат и се согласуваа да потпишат изјава за каење.

По ден или два заминуваа од островот. Нив ги испраќавме со нем поглед и сочувство...

Ноќта честопати, се слушаа гласови и викотници на страв и се губеа во морничавата бучава на брановите. Така една ноќ силниот ветер подбра еден од шаторите што беа поставени со самоти брег. Во мракот ги баравме несреќниците.

Ветерот, дождот, големите бранови, студот, болестите им беа сојузници на мачителите. Небаре беа договорени во лошото.

Строгата и бездушна команда на логорот бараше безусловно извршување на наредбите. Секој и најмал обид за не придржување кон редот, се казнуваше многу строго - со тепање, трчање босо по стрмната угорнина и по кршен камен, лишување од оброкот и водата, стоење на дожд, на сонце, забрана на спиење...

Имаше само еден бунар. Со часови чекавме да се собере вода која никогаш не беше доволна за пиење, а камо ли за други потреби...

* * * По некое време властите дозволија да проработи поштата.

Двапати месечно. Се допишуваа жените и девојките со своите.

Јас на почетокот на моите им испратив писмо и по некое време ми се врати со назнака дека примачот е отсутен. Сфатив дека моите ги нема во селото. Пратив уште едно и ми се врати со печат - примачот не постои.

Во логорот покрај писма посебно доживување беа пакетите. Во нив имаше леб, конзерви, бонбони, домашни слатки, чоколади, сушено овошје, книги, весници. За многу тоа не беше најважното. Важна и голема беше радоста со која беа примани, отворани и читани. Секоја која примаше писмо или пакет брзаше својата радост да ја сподели со другите, а и содржината исто така. И писмата и пакетите носеа радост, олеснување - беа исполнети со љубов и влеваа надеж. Во секој збор запишан во писмото, во секој предмет најден во пакетот - беше внесена љубовта, грижата, тагата и болката на мајката, на сестрата, на роднината, во секое писмо, во секој пакет го гледаа лицето на саканите, од нив се излеваше чувството на големата грижа, болката, чекањето, надежта...

Ако писмата, пакетите, книгите носеа радост, тие истовремено носеа и тага, ја зголемуваа болката на разделбата и чувството на осаменост и уште повеќе ја зголемуваа оддаченоста од дома и разделбата со најмилите. Во писмата честопати имаше и добро скриени вести за апсења, за судења, за стрелања на најблиски.

Многу од затвореничките си прижелкуваа да не им стигнуваат писма и пакети, зашто заедно со нив на островот, покрај добрите, стигнуваа и најлоши вести, кои го кршеа духот и внесуваа разочарување. Несреќните, скришум, со лицата скриени во дланките, по цели ноќи ги оплакуваа своите за кои дознаваа дека загинаа во планините, корнеа коси, липаа сестрите за загинатите или стреланите татовци, браќа, блиски роднини...

Јас такви вести не добивав, ама секогаш бев блиску до тие кои многу страдаа и колку можев, ги тешев. Нивната болка преминуваше кај мене и заедно со нив липав, тивко плачев и таа болка ја болев исто како и тие.

Истовремено и писмата и пакетите покрај радоста будеа и морничави мигови на тага и болка и ги отвораа душевните рани. Тоа се гледаше во очите, на лицата, во расположението.

Во такви мигови се оддалечував, се криев за да не го гледам страдањето што извираше од насолзените очи...

Писмата и пакетите понекогаш со денови чекаа во управата.

Полицијата редум ги читаше сите писма и ги проверуваше сите пакети. Збор кој им беше сомнителен го бришеа со црна боја.

Весниците ги собираа во куп и ги гореа. Честопати управата писмата и пакетите не ги делеше. За казна. Тоа беше една од мерките за душевно измачување и предизвикување нервни состојби.

Јас не добивав ниту писма, ниту пакети, ама многу им се радував на тие кои добиваа.

Маченички беа деновите кога пристигнуваше поштата. Се` мораше да помине под строга цензура и тоа траеше цели денови.

Поштата се делеше на масовен собир. Сите моравме да стоиме построени. Ако некоја задоцнуваше да застане во стројот, тогаш со денови мораше да чека да си ја добие пратка...

Поштата лично ја делеше командантот на логорот. На крај ги делеше писмата во кои имаше вести за загинати, за осудени, за стрелани, за затворени. Таквите писма ги делеше на крај, ама пред тоа гласно ја читаше нивната содржина. И тогаш одекнуваше плачење, липање. Не само плачеа несреќните, туку плачевме сите. Во болката и плачот бевме едно тело, една мисла, една болка...

Командантот пред да го отвори писмото, прашуваше:

- Сега ќе потпишеш изјава за каење?

Ако несреќната се согласуваше да потпише, тогаш веднаш и` го даваше писмото, а ако не, тогаш велеше дојди утре да го земеш писмото.

Што правеа таму со неа, се знае - заплашување и тепање.