Front Matter - Part 07
Болки во стапалата. Газев по острите и шилести камчиња. Со камшикот удирана по плеќите, одев пред алфамитот, кој ме однесе над бездната. Ми нареди:
Гледај долу!
Долу бучеше морето. Вриеше. На карпата лудо удираа брановите. Смрзнав. Се скаменив.
- Ќе потпишеш? - грмна зад мене алфамитот.
Се свртев и одречно потврдив.
Ќе скокнеш или да те турнам?
Ќе скокнам! - му подвикнав и направив чекор кон бездната...
Не ме пушти да скокнам. Ме фати за рамената, ме одвлече неколку чекори назад, со една тупаница ме кутна и тешките војнички цокули над мене заиграа сиртаки... Пред секој удар се згрчував, се склопчував и се молев наредниот удар да ме здрви за да не ја почувствувам болката, секој нов удар да го замолкне мојот крик на болка, да го згуши офкањето, да го сподави лелекањето, да ме занеми. Кога болката ми беше се` поголема, кога телото се` повеќе ме гореше, тогаш по секој удар викав:
Удри! Удри!
Така ми беше полесно да издржам и в очи да му се потсмевам на мачителот.
Ме однесе во командата. Таму поставени маси, листови хартија и пенкала. Зад некои седеа жени и со наведнати глави потпишуваа. Насилно ме седнаа и ми наредија:
Потпиши!
Нема!
Се обидоа со сила во раката да ми го стават пенкалото, ама успеав да го фрлам.
Шлаканица. Темница. Вртоглавица. Во скутот капеа капки крв.
Двајца ме фатија под мишки и ме одвлекоа во една мала шупа каде цела ноќ се борев со гладните стаорци, а најмногу со мислите дали додека со мене владееше темницата насилно не ми го ставија пенкалото в рака и го начкртаа моето име?
Овој сомнеж ми го разоруваше умот.
Избиена ме вратија во шаторите, а таму команантот на логорот им се закануваше на построните, избиени и окрвавени жени и девојки:
- Ниту една од вас од тука нема да си оди жива ако не потпише.
Тука ќе умрете, тука ќе гниете, тука ќе ве јадат црвите!
Неколку часови ме оставија сама. Се обидував да приберам сили, да ги истријам местата каде најмногу ме болеше. Си велев дека и оваа бура ќе помине, само трпение. Кога ми беше подобро, тогаш, колку што можев, колку што ме држеа силите, им помагав на тие кои најмногу страдаа и ги бодрев.
Некаде по полноќ - ново лудило на алфамитите. Со лицата скриени зад црни шамии тие се втурнаа во шаторите и со истите закани, со истите стапови, чукала и железни шипки удираа, биеја без да изберат место.
Викотници, лелекања, офкања, молења, пцости, крв, паѓање во безсознание - се` се мешаше во еден крик на новиот ужас.
Така заврши ноќта и денот 30 јануари 1950 година.
Така поминуваа и наредните ноќи и денови.
* * * Рано, уште зора не пукната, трипати, со кратки прекини не будеше воената труба. Со викање и пцуења, алфамитите влегуваа во шаторите и не бркаа надвор. Со недоспиениот сон во очите истрчувавме надвор и се постројувавме пред шаторите. Задоцнетите во стројот влегуваа под ударите на стаповите и камшиците, пцуени и омаловажувани од алфамитите. Пребројување и делење во два редови. Појадок - парче леб и солена риба. Враќање во стројот. Исправени.
Забрането зборување. Чекавме. Главниот го чекавме. Чекавме и го дочекавме. Одеше меѓу редовите, ни се загледуваше во очите.
- Таа, која одлучи да потпише изјава за каење, да истапи три чекори!
Чекаше.
Со камшикот удираше на дланката, не гледаше, не голташе, очите му се полнеа со омраза. Не му беше првпат.
Немаше чекори за излегување од стројот.
Падна наредба:
- Овој ред насока - каменолом! Овој на другата страна на островот. Марш!!!
Наредија да го израмниме стројот, одново не преброија и пуштија звучниците да грмат:
Σοφια Μοσχα ειναι το ονειρο µας (Софија Москав ни е сонот)
За миг замолкнаа звучниците, наредија на место да маршираме.
Удиравме чекор во песокот небаре тргнавме кон Софија и Москва.
Построени, во марш тргнавме кон камеломот. Таму не чекаа чеканите, копачите и камењата.
Построени, една зад друга, во долга редица, боси, тргнавме и го газевме студениот и шилест чакал од грубо дробен мермер.
Каменоломот не беше далеку, ама патот до таму невообичаено долг. Ни одредија место од каде мораме да земеме камен, кој не смее да е мал. Мора да е толку голем за да го покрива целото рамо. Алфамитот се грижеше да е повеќе шилест, да има што повеќе остри рабови. И така со каменот на рамо, со душата в грло и со стравот во очите го фаќавме патот кон другиот брег на островот. Од таму, некаде среде пат, редовите се сретнуваа.
Ние од каменоломот во куп го фрлавме каменот, а тие го подигаа и го враќаа во камеоломот. И така каменот го шетавме од каменоомот до другиот брег и истиот камен од брегот до каменоломот. На шилестиот дробен мермерен камен остануваше нашата робовска пот и засуената крв од нашите окрвавени стапала и рамена. Кога редовите се разминуваа, тогаш тивко, со шепот одекнуваа два зборовите:
- Горе главата!
Тие два зборови честопати под ударот на камшикот, тупаницата и стапот, со шепот или со устремен поглед се пренесуваа од уста во уста, одвај одлепувајќи се од усните расечени и испечени од жедта и студенилото на разулавениот ветер.
- Горе главата! - шепотевме ние живите скелети, пренесувајќи ја искрата на непокорот.
- Горе главата! - шепотеа долгите редици свиткани под тежината на каменот што го расечуваше живото месо на некогаш нашите кревки женски тела.
Во шаторите доцна не враќаа. Истоштени од носење камења и смрзнати, а во топлите месеци, изгорени од сонцето, единствена желба ни беше да легнеме, да здивнеме, да одмориме скапани тела, да дремнеме. И тоа не ни беше дозволено. Ноќе влегуваа алфамитите и почнуваше орото на злото.
Тоа беше дел од наставната програма за национално превоспитување.
* * * Во мракот никого не можеш да препознаеш. До зорите лежевме во сопствената крв и големата болка. Утрото доаѓаа да проверат дали сите сме живи. Не гледаа окрвавени, се гавреа и се преправаа дека се чудат од крвавата глетка. Одново не тераа да се построиме и во строј слегувавме по стрмниот брег за да се измиеме во солената морска вода. Раните вриеја во солта. На брегот мртви тела. Бранот ги повлекуваше, ги враќаше, ги удираше на карпестиот брег, ги превртуваше и одново, ги удираше на карпата и ги враќаше во длабоко...
Беа тие, полудените, кои алфамитите тука ги фрлаа во ниедно време од ноќта...
Ужасот на глетката не смрзнуваше, не исполнуваше со страв.
На патот кон шаторите бројката се намалуваше. Еден дел се извлекуваше од стројот и патот го фаќаше кон командата на логорот.
Таму потпишуваа изјава за каење...
* * * Беше утро. Во шаторот влегоа петмина алфамити. Еден од нив, покажувајќи со прст, извика:
Ти, ти и ти! Надвор!
Јас бев едната од извиканите.
На секоја ни дадоа по една лопата и не однесоа на плажата.
Знаеш да копаш? - ме праша водникот.
- Знам! - реков гласно, плукнав на дланките и ја вкопав лопатата во песокот.
- Браво! - извика пофално. - Каде научи да копаш? Да не си била?... - со главата покажа на ридот.
- Сум била...
- Значи таму си научила да копаш?
- Точно така.
- Значи таму си копала ровови, земјанки, бункери... Така ли?
- Токму така...
Со стапот ја измери мојата височина и потоа на песокот ги пренесе моите мерки и нареди:
Копај!
Плукнав на дланките и почнав да копам. Со силен замав песокот го исфрлував лево и десно и кога докопав длабоко до моите гради, водникот им нареди на девојките:
Сега вие вратете го песокот во јамата!
Ме закопуваа полека. Веќе бев закопана до колена, до половина, до градите и песокот стигна до под брадата.
Чувствував како ми отрпнува и ми смрзнува телото. Губев здив...
Водникот се наведна над мојата глава и рече:
- Ако потпишеш изјава за каење, веднаш ќе те откопаме.
Песокот ми го стегаше грлото. Ми снема глас. Мачно мрднав со главата давајќи знак дека нема да потпишам. Се` потешко дишев, се` повеќе ми снемуваше воздух. Се онесвестив.
Доцна попладне се созедов во шаторот.
На вечерното постројување и пребројување не ги видов девојките кои ме погребуваа по наредба на водникот.
Не ги видов ниту наредниот ден во утринското постројување и пребројување...
- Дали денес ќе бидам спасена од лошото? - така секогаш си мислев кога не враќаа во шаторите. Така си мислев кога истоштена легнував, кога ми се случуваше само за миг да имам малку мир за издишка и триење на нај болните места, кога алфамитите ги немаше и кога кучињата не лаеја. Тогаш легнував ничкум, затворав очи за да не го гледам парчето намуртено небо што се гледаше од искинатиот покрив на шаторот. Мислите ги пуштав да бегаат од островот. Како може да се избега од тука? Има ли пат? Од тука нема бегство ниту за мислите. Тука може само да се сонува за бегство... Ама и сонот го немаше...
За смирување и утеха остануваше само летот на вообразбата.
Тука никоја не беше во состојба и тоа да го има, да е личност за себе. Времето, животот, мислите, надежта не смее да ги насочува како што сака, не е господар на своето тело. Како ќе тече животот во текот на денот, на ноќта, па дури и на мигот, одредуваше командата. За почитувањето на овие одредби грижа водеа офицерите, а за непочитувањето извршители беа алфамитите. Се` беше во согласност со одредбите на наставната програма за наше превоспитување, во која, како едно од методите беа и ноќите и деновите кога силните и налудничави ветришта од север и југ наизменично силно и лудо дуваа. Ги растураа шаторите, високо дигаа песок, носеа дожд од солена вода, создавајќи сиви облаци во кои снемуваше воздух. Зиме и рана пролет мрзневме во студените шатори. Доцна пролет и лете горевме под жешкото сонце. Така над нас беше здружен сатанскиот сојуз на мачителите и природата.
Кој митолошки бог во морето го создаде ова парче карпа?
Во кафезот на Посебното Училиште за Превоспитување на Жените имаше само болка, лелекање, офкање, страв, несигурност и исчекување на нови погроми во шаторите и надвор од нив...
Часовите по превоспитување секогаш завршуваа со триумфалната химна:
Το πρωτω ταγµα Μακρονισου Μισει τωρα το Σλαβισµο (Првиот баталјон на Макронисос Сега го мрази Словенството).
* * * Еден ден двајца алфамити ме однесоа на брегот. Ми рекоа да седнам и да го гледам морето и брановите кои удираа на карпата.
Гледав. Долу, бучеше морето, брановите удираа на камениот брег, се пенеше водата. Високите бранови бучеа, лудуваа, високо исфрлуваа пена, а тие, алфамитите, стоеја зад мене, пушеа цигари и во еден миг едниот се огласи:
- Што чекаме? Ајде да ја турнеме и да си одиме...
Се стаписав. Смрзнав. Малку се помрднав и полека станав.
Стоев исправена и чекав. Се стресов, смрзнав, кога на рамото ја почувствував раката на алфамитот. Полека ме туркаше напред кон бездната. Направив чекор, уште еден и веќе бев на самиот раб. Крај на карпата. Половината стапало ми беше над бездната.
Стоев и чекав загледана во распенетите бранови. Долу бучеше.
Клокотеше. Прстите на алфамитот се` посилно се стегаа на моите рамена. Чекав да ме турне. Не ме турна. Ме врати назад.
Така неколкупати до самоти раб на камената карпа. Чекор напред, чекор назад. Прекина и праша:
Ќе потпишеш?
Молк.
Седни! - викна - седни и размисли...
Седнав и ококорив очи. На каменот, на дофат на раката, слета пеперутка. Полека замавнуваше со крилјата обоени со многу разнобојни точки, кругови и црти. Првпат, од кога ме донесоа на овој остров, видов друго живо суштество за разлика од нас робовите и нашите мачители. Сакав да ја допрам, да ја погалам.
Пуштив рака. Во тој миг подувна ветер и пеперутката ја одвеа над бездната. Се изгуби. И тогаш си спомнав за лудите жени.
Дали и нив, како пеперутката, ги одвејуваше ветерот или алфамитите ги фрлаа во бездната...
Понекогаш, во ретките мигови на колебање, згрчена во студениот шатор, си мислев: камо ли и мене така да ме однесат ветриштата, камо ли и јас да полудам и таму на брегот да ме остават и лудиот ветер да ме предаде на лудите бранови?
Така си помислував, ама потоа се карав со себе поради таквата мисла. Да, имаше и такви мигови кога во мене се раѓаше слабост, кога мислата ми се поматуваше и тогаш почнував да мислам дека спасот ми е во матното. А тие и тоа многу го сакаа
- да ми се помати мислата... И од тоа поматување многу се плашев. Каде и да ме носеа, што и да правеа со мене, се чував да не ми се помати умот...
Алфамитите ми наредија да станам. Ми врзаа јаже под мишките и полека почнаа да ме спуштаат во бездната.
Полека, прудолу, висам, солени капки ми влажнеат лице. Ме спуштаа со задршка. Брановите ме удираа, ме заковуваа за карпата, ме влечеа во длабокото и ме враќаа, ме подземаа, ме превртуваа и ме удираа од карпите. Во бучавата се губеше мојот крик на ужасот. Не го слушав, ама го чувствував по болката што ми ја нанесуваа карпите. Не знам колку траеше тоа висење над водата. Тоа удирање од карпите, тоа враќање и одвраќање од карпата и давењето во солената вода ми ја смрзна крвта во жилите, ме исполни со ужасен страв.
Малку ме подигнаа над водата. Вдишав солен воздух. Си реков
- жива сум... и почувствував дека полека ме влечат нагоре. Ме фрлија во песокот и наведнати над мене, викаа:
Ќе потпишеш!!!?
Легната во песокот, ги слушав заканувањата и само си повторував и повторував: жива сум...
Бев сосема зашеметена, ми се чинеше дека сум тргната од умот и изгледа во тој миг мрднав со главата, а тие тоа изгледа го сфатија дека сум согласна. Ме дигнаа и ме поведоа. По пат ме удираа со стапови и камшици. На крајот од камшикот имаше оловна топка, која по секој удар отвораше рана. Крвта ми ја бришеа со крпа натопена во солена вода. Солза и крик не пуштив, ама се онесвестив. Пласнав врз острите, жилести камења. Свеста ми се врати во просторијата каде сите ги принудуваа да потпишат. Ми ставија пред мене хартија и во раката ми пикнаа пенкало.
Потпиши!...
Хартијата ја дувнав колку што ми држеше издишката, пенкалото не го допрев.
- Потпиши! - викаа.
Одбив.
Потпиши!
- Не... - реков со смален глас и во тој миг студена пот ме облеа, смрачување, пред очите ми се вртеа некакви сенки, слабеев, губев сила, празнина, се смалував, ме снемуваше...
Ме затворија во една мала мрачна, ниска и тесна шупа. Таму останав до наредниот ден. Ужасно ме измачуваа мислите дали додека бев во несвест, не ја искористија приликата да ми го стават пенкалото в рака и под изјавата да го напишат моето име?
Пладнето ме вратија во шаторот. Избиена и окрвавена ме бодреа жените... Многу тешко бев удрена во главата.
Деновите ми поминуваа во состојба на несвест. Лекарите одлучија да ме испратат во болница, ама командантот нареди:
прво нека потпише изјава и потоа каде сакате пратете ја.
Болките траеја.
За чудо се извлеков.
И овој пат си реков: жива сум...
* * * Во шаторите сите бевме како едно тело и една грижа во болката, сочувството, страдањето, негувањето и охрабрувањето, со една мисла и со иста трошка од надеж. Тука таа трошка надеж од сите беше најпосакувана и нај мечтаена...
А на карпата крај морето јас не сум била прва. И пред и по мене, ноќе, во мракот, таму носеа жени.
Некои ги голташе морето, некои од голем уплав потпишуваа и по некој ден со ниско наведнати глави во редица поминуваа крај шаторите. Ги гледавме со презир, ама имавме и разбирање за нивниот страв и малодушност и со одвај видливо движење на главите, се` пак, им посакувавме добар пат...
* * * На петти март таа 1950 година беа закажани избори за парламентот. Сите кои бевме во логорот, каде и да бевме - дали во шаторите каде ноќе чекавме погроми, дали преместувавме камења од едниот до другиот брег на островот, дали построени со часови стоевме на студ, дали бевме повикувани на распит со закани и барање да се покаеме, со големо нетрпение го чекавме исходот.
Понекогаш потајно, а понекогаш и отворено се надевмавме дека ќе има промени во земјата, а со тоа можеби ќе се промени и нешто на оваа озлогласена карпа.
Мигот кога беа објавени резултатите толку многу не охрабри, што отворено пред очите на алфамитите се гушкавме, пеевме, игравме. Поверувавме и очекувавме дека нешто и во нашиот живот ќе се промени. Тоа ни донесе таква леснотија, што ни се чинеше дека ја снема тешкотијата на каменот, стравот од карпестите бездни, од лудите морски бранови, од црната сенка на алфамитите, ни се пристори дека престанаа бесно да дуваат дури и силните ветришта, дека во шаторите, во каменоломот, над морските карпи и бранови, меѓу `ргосаните бодликави жици подувна некаков топол, смирен, добродушен и надежен издив.
Прфпат на моето лице и на лицата на стотици жени и девојќи се појави насмевка... и веќе отворена надеж легна во нашите срца дека ќе си одиме дома без понижувачкиот потпис за каење...
Температурата на оптимизмот растеше, ама една ноќ се спушти до најниската црта. Алфамитите не се смирија и ноќните погроми одново завладеаја.
За жал Макронисос уште долго време остана Макронисос...
* * * Не знам како, ама беше вистина, дека вестите за тоа што се случуваше во Макронисос, стигнаа на Запад и на широко пишуваа весниците.
И така, еден ден, на островот стигнаа новинари на францускиот весник Фигаро кои побараа дозвола да проверат дали е вистина тоа што комунистичката пропаганда го шири за островот. Меѓу нив беше и познатата новинарка, Доминик Оклер.
Тој ден ни дадоа подобра храна, не се слушнаа викотници и навреди, војниците, полицајците, чуварите и се` друго што носеше воена униформа, беа испеглани, чисто облечени, избричени. Исчистени беа и патеките меѓу шаторите, собрани опушоците. Се` светеше од чистотија. На една страна ги построија жените, кои потпишаа изјава за каење и кои ги нарекуваа вистински Гркинки. Една од нив беше поучена да зборува со француските новинари и при тоа да потврди дека добро ни е на островот, дека тука научивме многу добри работи и на овој начин западниот свет требаше да дознае за чудата добрини на Макронисос. Претходниот ден, утрото, осакатените, полудените, парализираните и болните набрзина ги пренесоа на другата страна на островот и ги сокрија меѓу карпите. Од таму не стигнуваше нивниот глас. Можеа да викаат колку што им држеше грло. За тие карпи, како што се велеше, имаше пишувано западниот печат. Нас, непослушните и лоши, не натераа да седиме молкум во шаторите со забрана ниту една да не излезе надвор. Управата мислеше дека ние ништо не знаеме за посетата на француските новинари. Некои, кои знаеја, скришум не известија за посетата. Тивко, со шепотење, од уста во уста се пренесе дека во одредено време да излеземе од шаторите и, викајќи, да дотрчаме до оградата од бодликава жица и така да го привлечеме вниманието на новинарите.
Сакавме да им кажеме што ни се случува на овој остров, сакавме да ги викнеме да влезат во нашите шатори, да ги видат полудените кои ги сокривме зад завесата.
Чекавме и чекавме, а тие си разговараа со офицерите, пушеа цигари, се смееја... Изгледаа задоволни. Задоволно се ракуваа и кога стигнаа до колите. И тогаш за сите се случи нешто неочекувано.
Истрчавме од шаторите, со викање ја скршивме тишината и како бура го поплавивме целиот простор и на сет глас викавме:
- Господо застанете! Застанете! Почекајте! Тие ве лажат. Не ви ја кажуваат вистината. Дојдете тука! Ние ќе ви ја кажеме вистината. Дојдете!!! Тука не измачуваат!!! - викавме и трчавме кон изненадените новинари, а алфамитите се обидоа да не спречат, ама ние бевме неиздржлива бура, која урнебесно се нафрли на живиот ѕид од полицајци, а една жена, успеа да се пробие до колите, викајќи на француски:
- Мадам Оклер! Мадам Оклер! Застанете!!! Почекајте!!!
Мадам Оклер изненадена од нашето викање слезе од колата и тргна на кај жената, која како што подоцна се зборуваше, на француски и` рече:
- Мадам Оклер, помогнете. Тука не измачуваат. Тука не убиваат. Немојте да им верувате. Ние тука сме робови. Трчаме кај вас за да ви ја кажеме вистината. Дојдете со нас, дојдете да позборуваме. Дојдете со вашите очи да видите што има во шаторите. Немојте да си одете... Дојдете, продолжете, тука во овој шатор...
Офицерите ја убедуваа дека жената лаже, ама мадам Оклер не ги послуша. Нас не послуша.
Една преку друга почнавме да и` кажуваме како не измачуваат, и кажавме за ноќта на погромот на 30 јануари, за карпите и бездните над морето, за полудените, за носењето камења, за тепањето, за лошата храна... за тоа дека овој остров е остров мачилиште...
- Мадам Оклер слушнете го нашиот глас. Тука во овој остров измачуваат луѓе кои од мачење полудуваат, кои од мачење умираат, пренесете ја нашата вистина во слободна Европа, напишете ја вистината, спасете не од рацете на мачителите... -така викавме, надевајќи се дека преку мадам Оклер нашата вистина ќе допре до совеста на Европа.
Француските новинари заминаа, а ноќта алфамитите не нападнаа и не удираа и удираа. И не беше само таа ноќ на големиот издив на одмаздата...
Во меѓувреме во Атина се формира нова влада и заедно со неа во нашите мисли се вкорени надежта дека со овие промени ќе биде донесена одлука да си одиме дома.
Тешка е лажната надеж.
Офицерите постојано ни се закануваа, велејќи ни дека ќе си одиме дома само под услов да потпишеме изјава за каење.
Велеа:
- Покајте се, а ако не, тогаш тука ќе умрете... Тука вашите тела мршојадните птици ќе ги растураат со валканите канџи, ќе ве изедат црвите...
Покрај измачувањата ги употребуваа и таквите заплашувања, кои ништо не ни значеа. И така продолжи маченички да ни тече животот под кундакот, стапот, тупаницата, камшикот, носењето камења, постојаните закани и неиздржливата сончева жештина, што со часови не пржеше кога построени стоевме пред шаторите. Стоевме трипати по два часови во текот на денот. Во Макронисос летото е многу тешко, небаре е измислено како додаток за целиот систем на измачувањата. Не е само жештината од сонцето, туку и жештината од жешкиот песок, од распалените карпи и воздухот, нема ниту едно дрвце каде би можело под неговата сенка да се сокрие главата, ниту вода за да се ороси лицето, челото, усните.
Кон крајот на јули, пладнето, во најголемата горештина, управата нареди да се построиме и потоа ни побара да се изјасниме за тоа што претпочитаме: да се вратиме на островот Трикери или да останеме во Макронисос.
Рековме дека не можеме да избереме меѓу две мачилишта.
Рековме дека сакаме што побрзо да си одиме од овој ужасен остров и дека и во Трикери не сакаме да одиме.
Нивниот одговор не го чекавме долго. Два дена подоцна до помирниот брег на островот допловија два товарни бродови. Ни рекоа дека со тие бродови ќе си одиме од Макронисос, ама не ни кажаа каде ќе не однесат.
Μе обзеде безнадеж.
* * * Утро, 31 јули 1950 година.
Над островот се растури музиката на воените маршеви.
Звучниците грмеа. Одеднаш прекинаа свирките и тапаните, чиниш се скина жицата на звучниците. Шиштење, `рчење и соопштение:
- Жените кои се дојдени од Трикери да си соберат се` што имаат и да се постројат пред шаторите.
Стоевме построени. Чекавме. Пладне. Сонцето изгор. Дојде главниот и кратко соопшти:
- Денес заминувате. Денес си одите од Макронисос. Ве праќаме назад, во Триκери...
Првпат почувствував радост. Во себе се радував, се смеев, ја голтав радоста, некако полесно ми дојде да дишам и се прашував:
- Зарем може да е вистина дека ќе го напуштиме грозоморот, овој земски пекол; дека нема да ги гледаме тие лица, тие муцки на гладни волци?
Веста ме ободри. Го напуштаме Макронисос!
Се радував во себе.
Ќе си одиме од овој земски пекол во друг земски пекол, со надеж дека ќе биде помал од овој...
Радост ме обзеде и солзи ми потекоа.
Тревожно исчекување.
Последните денови, пред заминувањето беа невообичаено тешки. Секоја ноќ алфамитите влегуваа во шаторите и во мракот не тепаа. Изгледа на овој начин за последен пат го задоволуваа своето беснило.
Построени - насока бродот.
Качувајќи се по тесните и разлулани скали на товарниот брод, не ме оставаше на мир мислата:
- Како ли им успеало на некои мајки да родат такви изроди. Има ли зборови со кои можат да се опишат тие изроди со човечки лик?
- Во какви средини израснаа, во какви училишта учеа и кои им беа учители, во кои цркви се молеа, кои попови ги учеа да веруваат во Бога, а тие во нас го убиваа Бога; кои беа тие кои им ја облекоа воената униформа и им дадоа воени чинови и одликувања и од нив направија столбови за поткрепа на режимот, колку е моќна државата која се потпира на столбови од изроди?
Жена зад жена, скалило по скалило, нагоре, со дрвените цокули силно удирав, не се држев за јажето. Нека се чуе тропотот, нека е гром, нека е ровја мојот чекор, тропав со дервените цокули, небаре рафали се истураа од под моите чекори, громови и ровји под моите стапала.
Горе главата!
Напред, нагоре, високо, како таму на врвовите на Грамос...
Напред!
Горе главата!
Нема простор за јуриш... Има простор само за мислата за да отвори широк простор за надеж...
Горе главата! Ннапред! - викав во себе...
Завршија бродските скали, се свртив, погледнав на Макронисос и онака машки, со стегната подлактица удрив на левиот зглоб и гласно викнав:
Еве ти, на, Макронисос!
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/kalina-e-book-macedonian/7 le 29 octobre 2026