Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Kalina

Front Matter - Part 10

Par Петре Наковски · Partie 10 sur 11 · Environ 22 minutes

Lire en English

Фустанот полека го здиплив како венец и го ставив врз купот алишта. Од магазинот излегов носејќи го со себе само споменот за Антула и за тие кои заедно со неа и за другите после нив не се вратија од стрелиштето...

- Не... - му реков на офицерот. - Од тука ништо не ми треба.

Водиме кај началникот...

Во долгиот ходник тапо одекнуваа моите затворски цокули и ми се чинеше дека ме следи викот на Антула:

- Јас сум Грција, јас сум нејзината каријатида, врз мене се крепи небото со се` ѕвездите, месечината и сонцето... Јас сум Грција!...

Подзастанав, само за миг погледнав горе и шепнав:

- Сите ние сме каријатиди...

Од полуотворената врата ме гледаше началникот и викна:

- Избра?

- Не, господин началник... Ништо не ми треба. Добро ми е така.

Не сум гола и боса.

Тој строго ме погледна и стегна тупаници.

- Носи ја во оној од црвениот крст!... - му нареди на дежурниот, а мене ми го опцу Светиот Крст и Богородица.

* * * Кога зад мене со тресок се затвори големата железна врата, не се исплашив, само почувствував морници и ме облеа пот, ама брзо се прибрав, стегнав рамена, вилици, мев, гради, го згрчив целото тело, зашто излезот ми дојде како неочекуван удар. Се почувствував така, како што се чувствував по секое испитување.

Се најдов на отворен широк простор. Стоев и гледав околу себе.

Чувствував некаква празнина и во душата и во рацете. Со себе не носев ништо. Гледав во ширината што се отвораше пред мене и рој мисли почнаа да ми ја полнат главата.

Каде? Кај кого? Кој ме чека?

Таму каде ќе одам ќе видам ли некој да ме пречека, да ме прегрни, да ме праша како сум?

По улицата врвеа луѓе. Некаде итаа, некои свртуваа поглед, се загледуваа во мене и веројатно се прашуваа и се чудеа затоа што стоев осамена пред вратата на затворот. Направив неколку чекори. Се загледав во небото. Високо над мене прелета некаква птица, го следев нејзиниот лет и тоа како да ме охрабри. Тргнав пред мене. Одев. Не свртував поглед зад мене.

Одев и си велев и повторував - оди - оди - оди меѓу луѓето...

Чекорев и чувствував дека одот не ми беше сигурен, како да беше исплашен, под мене не го чувствував тропотот на војничката стара цокула со која упорно и упорно ги газев сите тие времиња што останаа зад мене. Вдишував воздух и не верував дека веќе сум надвор, меѓу луѓе...

Жените кои поминуваа крај мене, беа чисто облечени, убаво исчешлани, намирисани и нашминкани, некои се смееја, други се довикуваа, се шегуваа, се прегрнуваа, застануваа и разговараа; околу нив деца растрчани, развикани. Гледав со ненаситно отворени и вчудовидени очи и се прашував:

- Зарем ова е светот? Светот толку различен од светот на моите пет години поминати на сув остров ограден со бодликава жица, зад решетки во мрачни, студени и влажни ќелии, во искинатите шатори до брегот на бездната под жешкото сонце, под врнежливото и студено небо, во подрумите за измачување, во истражните канцеларии на строгите иследници каде и дење и ноќе ги гледав истите лица и крвавите тупаници на мачителите...

Се вмешав со луѓето и чекорејќи меѓу нив, се прашував, дали тие луѓе кои сега се зад мене, зад онаа голема железна врата, дали со тие исти раце, со кои ме толчеа, денес или утре ќе ги прегрнат своите мајки и жени, ќе ги погалат своите деца, ќе ги гушнат своите сакани девојки, а тие ќе знаат ли каква рака ги допира нивните чела, каква рака ги гали нивните образи и усни, каква рака се свиткува околу нивните тела? Дали тие - мајките, татковците, сопругите, ќеркичките, синчињата, верениците, љубовниците, познајниците, пријателите тоа го знаеја?

Дали знаеја дека тие во текот на испитувањето, во ќелиите и во подрумите имаа тврди тупаници со кои знаеја да удрат таму, каде најмногу боли?...

Одев, чекорев и не ми се веруваше дека одот, чекорот не ми е симнување по крвавите скали до подрумот, до ќелијата. Некако не бев сигурна во одењето по отворен простор, по улица полна луѓе. Одвикнав. Одев и одот не ми беше сигурен во отворената широка улица, меѓу луѓето, чудно ми беше тоа што гледав толку многу луѓе без модрици на лицата и под очите, кои одеа со сигурен чекор, насмеани, кои се поздравуваа, кратко разговараа и пак си го тераа патот.

Ова ли е слобода?

Чија? Каква е?

Одев и ројот мисли ми брмчеше во главата. Каде одам?

Што имам?

Да, во џебот имав коверт и во него хартија со потпис и печат.

Печатот и потписот потврдуваат дека ова лице, кое се` уште има белези од модрици под очите и образите, дека тоа лице сум јас, дека тоа лице е пуштено дома со простени греови.

Имав уште една хартија - упатство заверено со потпис и печат и во неа пишува дека задолжително морам да го предадам во полицијата надлежна за моето место на живеење и тоа веднаш штом стигнам таму...

Началникот ми даде уште еден мал плик во кој имаше пари. Не ги избројав.

Добар пат... - рече тивко и ми подаде рака.

Не го одбив.

Кога се најдов во ходникот, ја исплукав мојата дланка и долго ја бришев...

Цели два дена до Костур не возеше стар автобус. Дванаесетте жени и девојки не растовари во полицискиот двор. Двајцата спроводници ни наредија да се построиме и, носејќи ги со себе нашите неотстапливи досиеја, ги снема во полициската станица.

Не викаа една по една. Испитување немаше. Од досието се знаеше која сум и од каде се враќам. Долгиот заканувачки и предупредувачки поглед на началникот доволно навестуваше.

Тој зевна едно двапати и преправајќи добрина, ме праша:

- Како помина таму?

- Убаво - реков - убаво и многу добро... како никогаш досега...

Не знам дали добро слушна што му реков, зашто без прекин удираше со моливот на моето досие и истовремено малку посилно со тешката поткована чизма.

Туп-туп-туп - моливот врз досието...

Бум-бум-бум - чизмата по подот...

Тешки, тапи, подмолни удари... како тие во подрумите на главната затворска управа и како тие во манастирските ќелии во Трикери... и како тешките капки во логорската самица...

Туп-туп-туп... - моливот врз досието...

Бум- бум-бум... – чизмата бие на подот...

Живна споменот и боли...

Во тој миг малку ми се слоши. Ми се пристори дека врз мојата глава паѓаат и удираат тешките капки студена вода што се цедеа од таванот на ќелијата. А тој удираше, тропаше, повремено подигаше веѓи, се загледуваше во мене со поглед на гладен волк. Зад неговите трепки скриена злоба, омраза во дишењето - шушкање на змија во напад, од полу замижаните очи искра на желба за напад, левата тупаница - стегната и набабрена.

- Да... - рече - а сега да ги слушнеш правилата и одредбите на правилникот според кои мораш да се однесуваш... - рече развлечено и во тој миг ми се пристори дека и гласот му тропа како моливот и чизмата.

Од фиоката извади тефтер, плукна на прстот и почна да реди:

- Според постојниот правилник ќе мораш строго да се придржуваш на следните заповеди. За почеток должна си двапати неделно - понеделник и петок, во десет часот претпладне или во седумнаесет попладне да се јавуваш во полициската станица, значи тука; забрането ти е да се движиш ноќе од седум вечерта до шест часот утрото; не смееш да се движиш подалеку од пет километри. Секое пречекорување на одредениот простор ќе повлекува ограничувања за движењето;

задолжително пријавување на местото на живеење, значи адресата; во секое време, дење или ноќе да не и` браниш на полицијата да ти врши претрес; забрането ти е да учествуваш на било кој протест, манифестација, па дури и на концерти; не смееш да се зачлениш во никакво здружениe; да пријавуваш со кого се дружиш, какви книги, списанија и весници купуваш и читаш, а за писмата и другата пошта ние сами ќе се погрижиме;

да пријавуваш што работиш, каде и кај кого и колку пари заработуваш; да пријавуваш со кого се сретнуваш, каде, зошто и за што зборувате...

Додека тој ги редеше забраните, јас ги броев на прсти - изброив десет.

Ме погледна строго и, удирајќи со прстот на десетте државни одредби, кои ме потсетија на десетте божји заповеди, додаде:

- На терен се спроведува акција за потпишување изјава за лојалност. Сите ендопји (староседелци) се повикани да потпишат такви изјави. Утре ќе ја добиеш готовата изјава и без противење ќе ја потпишеш. Ако не ја потпишеш, уште сега те потсетувам и немој да заборавиш, дека за таму од каде што излезе патот не е затворен и островите не се поместени... Се` што ти предочив сакаш на писмено да го имаш?

- Не. Имам добро паметење.

- Така ли? Те предупредувам, немој да заборавиш... За разлика од таму каде што си била, тука ќе има друг ред!

Во книшката за пријавување, која веќе беше и моја лична карта, го запиша денот и часот кога треба да се пријавувам, удри печат и силно, небаре удар на чекан, одекна ударот на печатот. Со широк замав се потпиша и хартијата - уверение ја фрли пред мене и со тон на наредба не заборави да ме потсети на разговорот пред скоро пет години.

- Како рече дека ти е името?

- Калина...

-Калина... Калина... Тоа име ништо не ми значи...

Значи...

Началникот го викна чистачот и го праша:

- Случајно да не знаеш што значи на вашиот ѓупски јазик зборот калина?

- Калина, калина - размислуваше чистачот - калина, господин началник, е овошје, од надвор црвеникаво, а внатре има многу црвени сочни зрна...

Началникот гласно и подбивно се насмеа и рече:

- Ама име... Тоа не е грчко име. Ти дале име на дрво, на плод!

Па тоа ти е исто како да те крстиле тиква, краставица, зелка, кромид, грав, леќа, боранија...

- Веројатно можеле - реков - ама решиле да ме крстат Калина и на галено ме викаа Калинка, Калинко, Калинче... Името ми е по баба ми...

- Грдо име и не можеш да се викаш така. Срамота е убава девојка да има име на дрво, на плод. Сега е најдобро да си одбереш едно убаво грчко име. Најдобро едно од овие:

Персефони, Андромахи, Афродити, Антигони, Фридерики, Пинелопи, Евросини, Евридики... Слушаш ли колку убаво звучат, а сите се имиња на божици, а не како ова, Калина, простачко, без значење и убавина... Кажи кое да ти го запишам?

- Калина...

- Размисли добро... Да не е словенско?

- Христијанско е и од нашите места...

- Ендопио, значи? Да го смениш!

- Не - реков тврдо.

- Е тогаш, тешко тебе и уште потешко на името! Па, кажи ми, има ли некое значење тоа име?

- Има... - реков потврдно и се потсетив на Викторија која ми ја раскажа симболиката на калинката и значењето на моето име. -Има, господин началник и тоа многу големо значење...

- Тикви има... - рече злобно. - Значи не се откажуваш од тоа паганско име?

- Не...

- Лошо, девојко, лошо за тебе и уште полошо за името...

Книшката за пријавување ја фрли пред мене и подвикна:

- Слободна си! Тука ќе се јавиш по три дена. Двапати неделно, согласно со упатствата и законот.

- Зарем под вакви услови...

- Реков слободна си...

Продорно ме пронижа со погледот, и развлечено рече:

- Треба да знаеш дека јас лично го познавав татко ти. Тој храбро се борел на албанскиот фронт за Грција, разбра, за Грција се борел...

Вковав очи во неговото од злобата огрдено лице и колку што можев посмирено, ама тврдо, реков:

- И јас се борев за Грција, ама за некоја друга Грција, а не за таква со Трикери и Макронисос и не за потпишување изјави за покајување и лојалност и за ваквите десетте заповеди...

Крвнички ме погледна и, удирајќи со тупаницата на масата, вресна:

- Ексо, палјовулгара!!!

* * * Се најдов на улица. Осамена, огорчена, обременета со тежината на самотијата и несигурноста за денес и утре.

Улицата со ретките минувачи ме одведе до рибарскиот пазар.

Седнав на клупата поставена до езерскиот брег. Од најблиската таверна допираше мирис на риба во тава и тивко свирење на мандолина. Длабоко го вдишував езерскиот воздух и уште повеќе мирисот на тавата. Почувствував дека сум многу гладна.

Од вчера, претпладне, ништо не сум јадела. Отидов во најблиската фурна и купив цел пешник леб. Се вратив на клупата. Јадев лакомо, а околу мене се собираа гулаби и еден преку друг ги колвеа трошките што ми се ронеа на калдрмата.

Ноќта ја поминав на клупата. Студенилото не ми пречеше многу. Во виорот на војната и на островите навикнав и на студ и на тврда постела. Честопати се будев, ама пред зори, ме совлада сонот. Ме разбудија гулабите.

Нов ден. Ведро небо, мирис на пролет, освежувачки ветер се разлеваше од кај езерото чии лесно разбранети води под сонцето светкаа, мижеа и растураа безбројни бисери. Близу таверната цутеше багремот. Опоен мирис ширеше јоргованот.

На гранка црцореше славеј; само за миг наслушуваше, прескокнуваше на друга гранка, отсвируваше и одново, убавецот, рочнуваше да свири. Расцутената слива ги ронеше прецетените свеѓенца.

Нов ден далеку од островите и надвор од логорите, надвор од ќелиите и подрумите за мачење, надвор од полициската станица. Нов ден во средината на околните планини, кои не еднаш сум ги прегазила во виорот на војната. Околу мене нема викања, пцуења, нема полициски униформи, `рѓосана бодликава жица, ги нема лудите ветришта на островот Трикери и Макронисос и карпестите бездни лудо биени од морските бранови, ги нема заканите и понижувањата и искинатите смрдливи американски шатори, ги нема и жените и девојките со кои ја делев заедничката маченичка судбина. Тие пловат кон дома. Со мирно море - добри ветрови и ведро небо нека им е широк патот до дома...

Околу мене се врткаа гулабите, се прескокнуваа, гугаа, долетуваа други и калдрмата се наполни живот. И јас во него.

Ѕвонењето на камбаната ги исплаши гулабите. Целото јато вивна в небо, вртеше широки кругови над езерото и по последното ѕвонење на камбаната, пред мене се распосла живиот сив килим.

Дали ова е слобода?

Камбаната ѕвонеше, повикуваше...

Недела беше.

Ден за молитва. Ден за олеснување на душата... Ден за средба и соединување со Господ Бог...

Станав и се вмешав меѓу луѓето. Пред мене и зад мене тивко чекореа верниците, за нешто си зборуваа. Жените носеа во кошници и сапетки јастие за душите. Откако запалив свеќа, застанав пред големата икона на Богородица и првпат по неколку години почнав да се крстам и да се молам. Така, како што ме учеше баба и мајка, со целата душа и со целото срце, со целата мисла, желба и надеж... Се молев за покој на душите на девојките и момчињата кои останаа во планините, за измачените и осакатените во полициските подруми и на сувите острови, за тие кои од таму се враќаа дома, за храбрите и за тие кои се плашеа и за тие кои не по своја желба фатија патишта во непознати земји.

Се молев и молев...

Покој и мир на сите... и светлина вечна ... - страсно ја молев Богородица...

Заврши богослужбата. Попот затвори царски порти зад себе и се изгуби во олтарот.

Луѓето се прекрстуваа и полека, чекор в чекор си одеа дома.

Клисарот ги гаснеше свеќите, недогорените ги собираше во кошница и откако ги изгаси и големите ламбади што се` уште светеа пред олтарот, заедно со попот излегоа од црквата, заклучувајќи ја дебелата врата со големиот железен клуч.

Никој не забележа дека некој остана во црквата.

Клечев во ќошот загледана во оболеното и тажно лице на Богородица.

Предадена и потопена во молежлива, покорна, страсна и занесна молитва ноќта ја поминав со Богородица, со Исус Христос, со ангелите и светците...

Долго се молев и долго не можев око да склопам.

* * * Појдов да барам работа. Тропав од врата на врата и кога ми отвораа, молејќи за проштевање што им пречам, прашував:

- Проштевајте, барам работа... Да не ви треба алајка, слугинка, чистачка... Знам да перам, да чистам, ако имате мали деца и нив би ги чувала. Плата не барам само едно ќоше за спиење, а за храна тоа што недојадено ќе остане на маса. Само толку... Ве молам...

Некои ме гледаа со сожалување, некои ми затвораа врата пред нос, други ми велеа - дојди утре, ќе видиме, други ме прашуваа од каде сум, од каде сум дојдена? Не криев, не мамев. И тогаш пред моите очи посилно се затвораа вратите.

Наредниот ден некои ми велеа:

- Не, такви, пуштени од затвори и логори, не...

Само една ми рече:

- Јабана тропаш по врати. Мене полицијата ми забрани да примам такви...

Осамена во градот, осамена и на полна и на празна, пуста улица. Во таа самотија голема желба ми беше некој да ме поздрави и со најмилна насмевка и најтопол поздрав да вратам, некој топло да ме погледне и јас топлина да вратам, некој да ми подаде рака, збор да ми прозбори и јас збор да прозборам, ама не... ми се чинеше дека од секое ќоше, од секое крајче на тесното сокаче, од секоја кривина, од секој прозорец и полуотворена врата вееше студенило, дека некој сомнително ме гледаше и се прашував:

- Зошто луѓето ја изгубија топлината на погледот и зборот? Кој ли меѓу луѓето истури и посеа толку многу страв? Зошто има толку многу сомневање? Зошто толку многу недоверба? Зошто толку омраза? Зошто толку одвратност?

Не ги презирав.

Само им сочувствував.

* * * Еден ден врвејќи покрај управата на фудбалскиот клуб видов лице кое ми се пристори дека ми е познато. Не бев многу сигурна, па прашав еден минувач:

- Кој е тој?

- Управникот на стадионот... - рече тивко намерникот.

Се загледав во него и го познав. Ете, си реков, едно познато лице, човек, ако може така да се нарече - од моето село. Му пријдов и кога застанав пред него, се погледнавме в очи, ме позна и вчудовидено ме праша:

- Жива си?

- Како што гледаш...

- Каде си била? Сега што правиш?

Му кажав каде сум била и што правам.

Се загледа во мене, ме измери од глава до пети, му затреперија образите, прошепоти:

- Тешки и матни времиња. Каде живееш, работиш?

- Во градот, на улица и барам работа...

- Не бери гајле. Утре, ова време, дојди тука, нешто ќе смислиме.

Наредниот ден, го видов како излегуваше од полициската станица. Не се посомневав. Тој беше еден од тие селските поткажувачи и успеа да избега во Костур кога во селото младинците ги собраа и ги пратија на Грамос. А човекот, кого вчера го прашаш, кој е тој, ми рече:

- За него се зборува дека е поголем полицаец од полицајците и дека за време на војната се приклучил на доброволните паравоени одреди и дека храбро се борел против партизаните.

Се заслужил, добил многу одликувања, туѓа куќа во градот и работа како управник на стадионот... - ми шепна на уво и го снема во тесното сокаче.

Знаев зошто така брзо го снема во тесното сокаче. Во секоја кафеана, таверна, дуќан, работилница, улично ќоше, раскрсница, киоск - имаше широко отворени очи, уши и сенки.

Се чинеше дека редум држат стража и јавуваат кој кому што рекол, дали намигнал со левото или десното око, дали прагот го пречекорил со левата или десната нога, каков весник купил, со кого се гледал и разговарал.

Човек да жали дека има и сенка...

Сега веќе знам со кого си имам работа, ама си реков - белки не е такво ѓубре, како тие на островите...

Во договореното време отидов во управата на стадионот. Ме чекаше. Се поздрави и ми рече:

- Ти најдов работа

- Да си жив и здрав. Сполајти.

- Ќе работиш тука, кај мене. Немам некоја друга подобра работа освен чистачка.

- Прифаќам...

Ме одведе пред една мала просторија и од таму изнесе две кофи, крпи и метла.

- Од седум наутро до пет попладне ќе ги чистиш клозетите на стадионот и на пазарот... За плата ќе се договориме... А каде живееш?

Мрднав со рамената и покажав на небото.

- И тоа ќе го решиме. Од таа страна има едно малечко одајче.

Таму понекогаш спие чуварот. Дојди да видиш...

Високо, под самоти таван - прозорче, под него железен војнички кревет, валкана перница, две ќебиња, од спротивната страна - чешма и мијалник. Подот - покриен со плочки. Ми заличи на затворска ќелија...

Ја прифатив работата, одајчето и целата сенка на човекот од моето село.

* * * Кога ми остануваше малку време од чистењето, на пазарен ден одев на пазар. Не за да купувам, туку за да се вмешам меѓу луѓето, да не бидам цело време осамена. Така ми олеснуваше...

На тезга и над неа изложени тантели за на масичка, за под чаши и бокали и зад тезгата седеше жена, која со една игла плетеше.

Поминуваа жени, ги гледаа, превртуваа, мереа и прашуваа колку чинат, се пазареа. Купуваа. Некои се договараа, порачуваа. И јас ги разгледав. И ми текна. Таму во логорот, во Трикери, нели жената од островот Крит ме учеше да плетам со една игла? Со чингулаки? Нели од неа научив да плетам. За секогаш ја запаметив нејзината упорност и љубовта со која ме учеше да плетам. Паметам, тогаш, кога нафрлуваше клетка, во нејзините очи се гледаше болка, и секоја друга клетка што ја нафрлуваше ми изгледаше како одделна желба и како молитва.

Таа во секоја клетка небаре ја втиснуваше топлината на своите прсти. Ме научи да плетам и при тоа постојано ме тераше да размислувам и да измислувам нови и нови белези, најмногу белези на трендафили, лисја на разни дрвја, грозје, смокви, расцутени цвеќиња, птици во од и лет, срни, јагниња, раскошно облечени девојки, разиграни деца, и што ли уште не...

А овие на тезгата и над неа споредени со тоа што го знам, беа јабана врзувани конци.

И си реков: па зошто и јас не се нафаќам да плетам со една игла?

Од првата плата одделив пари и купив две клопчиња бели конци и игла. И почнав да плетам, ноќе, пред запалена свеќа...

Πο недела дена отидов на пазар и сплетеното го изложив на тезга.

Жената, која го предизвика моето знаење за плетење, кога виде што нудам, остана со прстот в уста.

Моите тантели бргу ги продадов, а таа, кутрата, беше толку озлобена, што ме пријави во полиција. Ме викнаа, ми побараа дозвола за работа и ме казнија со одземање половина од заработените пари.

На пазар повеќе не одев. Плетев во одајчето и тука ми доаѓаа жени и порачуваа тантели за на маса, за на прозорци, под бокали, па дури и завеси. Им плетев по порачка така, како што им беше мерак.

Добро заработував и престанав да ги чистам клозетите...

Одајчето го напуштив. Најмив стан и во слободата што ми беше одредена од полицијата до крајот ја дотуркав годината, постојано придружувана од самотијата. Самотијата, таа лоша душевна болка, најмногу ме измачуваше вечерите. Голема желба ми беше да сретнам некој, кој ќе ми се насмевне, кој ќе ми подаде рака... Ги гледав минувачите и сите ми изгледаа многу потиштени, некако овенати, без топлина во очите, без добрина на лицата... само видлив страв и сомневање...

Потопена во длабок, глув и кобен молк - траев. Кога ми остануваше време од плетењето, тогаш излегував и одев до врвот на ридот што се извишува над градот. Седнував на камен со лицето свртено кон запад. И гледав...

Пред мене, десно и лево ридовите и планините - Биковик, Вичо, Лисец, Мали-Мади, Стените, Орлето, Одрето, Горуша, Круша, Аљавица и далеку-далеку - врвот на Грамос.

Ги гледав ридовите и планините и себе си во нив и момците и момите кои останаа во нив и се прашував каде се тие кои останаа живи? Каде ги однесе виорот?

Така се прашував за сите и така ја разбивав осаменоста, која ми го одземаше мирот и ми го кршеше духот... Ова не е жалење, туку студена, замрзната вистина, која тешко се топи. Во осаменоста нема радости. А јас ги сакам и големите, ама најмногу ги сакам малите радости. Тие носат поголемо олеснување. Ги сакам малите радости со желба за да преминат во големи и да ми се близу и исполнети со мисла, со мечта, со надеж, со спомен, со солза, со болка, со длабока воздишка која распарува гради, ама фрла мелем на душа...

Така, де, радоста треба да има душа, како и споменот...

Ридовите и планините ги гледав со возбуда и се прашував:

- Κолку пати таму погрдно ми се насмевна смртта?...

* * * Есента илјада деветстотини педесет и четвртата ја обележа еден голем настан. На власт дојде маршалот Папагос и даде амнестија.

Да не заборавиме дека тој не здроби на Вичо и на Грамос.

Десетте државни заповеди кои ми ја одредуваа слободата - ги снема. Од затворите и логорите се враќаа затворениците и заточениците. Се враќа во своите села и таму застануваа пред урнатините на своите куќи или пред вратите на кои висеше катанец. Се враќаа исполнети со надеж и наоѓаа пустош...

Од земјите што ги нарекоа земји зад железната завеса -најмногу од Романија - на солунското пристаниште голем бел брод растовари стотици и стотици жени чии мажи како печалбари беа во Австралија, Канада и Америка...

Властите ги одведоа во некои прифатилишта, каде со недели ги испитуваа и им помагаа да се поврзат со своите мажи. Потоа многу од нив дојдоа во Костур. Дома, во селата не им дозволија да одат. Им рекоа да чекаат додека не им стигнат книгите, значи пасошите и одобренијата за доселување кај своите мажи.

Меѓу нив беше и тета Стојна, прва братучетка на мајка ми. Од неа дознав дека моите, кои ги сместија во едно гратче или село во Романија, кое се викаше Фалтичени, засекогаш таму останаа.

Многу ме болеше веста.

Тие, моите најмили, веќе никогаш нема да дојдат дома.

Тета Стојна ми кажа дека сите кои беа пребегнати за време на војната, до грчките амбасади во тие земји испратија писма со кои бараа да се вратат дома. Чекаа одговор, ама одговорот не дојде од таму, туку од раководството на грчката комунистичка партија. И во него се велеше: сите ќе се вратиме, ама збирно, а не поединечно.