Front Matter - Part 03
На ридестата позиција имаше и други бункери и други ровови и многу големи камења и карпи. Нив со денови ги браневме.
Наредбата беше да ги браниме...
Колку долго?
* * * Ми дојде редот да одам да наполнам вода.
Изворчето во трапот. Стегнато меѓу два големи камења. Οд листот свиткан во инка, капка зад капка, небаре нанижани бисери на бело синџирче, се цедеше и се сребреше водата.
Течеше синџирчето, час тенко, час се здебелуваше, час нижеше дебели светкави капки, прекинуваше, одново врзуваше, шуштеше, живнуваше, клокотеше во грлото на матарката и таму нешто шепотеше ...
...течеше живата вода... водата на животот... блескотеше во кратките сончеви прамени што се пробиваа меѓу гранките и лисјето и течеа, шумолеа бисерните капки врзани една до друга...
На околу мирис на гнили лисја и се` беше измешано со гранчиња кои гниеја во црното блато покриено со дебелата сенка на буките. Тука сонцето само мигновно погледнуваше.
Густа сенка го покриваше изворчето и ширеше ладовина.
Првата матарка - полна, ја тргнав, ја подметнав втората и чекав и се радував кога слушав како во него водата клокоти и игра, пее, потсвирнува и во тишината на сенките полека ме совладуваше мирнотијата на тоа рајско место, не многу далеку од рововите. Седев крај изворчето, до двете карпи од кои извираше водата и се молев мигот на времето да се развлече, долго да трае, како што траеше ова изворче во подножјето на ридот.
Врвцата течеше, гргореше, живот се влеваше во матарката. Над изворчето разиграни вилини коњчиња и пеперутки слетуваа. Го слушав гргорењето на водата во војничката матарка и голема желба ми беше никогаш да не престане ова пеење на живата вода која во мене будеше неизмерна радост.
Исполнета бев со бодрост и возбуда и многу би сакала така да течам во времето, како што безгрижно течеше таа вода и ми се чинеше дека ме кани уште да останам и да се дружам со изворчето, крај него да дремнам во ладовината и без страв и уплав на сон да ги оддиплувам страниците на спомените и врз нив да постелувам најдобри желби...
Жуборкаше, гргореше водата врзана во бисерно - сребрено синџирче, шумолеше и пееше во грлата на матарките...
И одеднаш си спомнав!!!
Денес јас наполнив осумнаесет години!
Не ме совлада радост, туку на усните ми се залепи прашањето: -Дали оваа моја нова осумнаесетта година ќе тече на овие голи и безводни ридови или?...
Клекнав пред изворчето, прстите ги собрав во шепи, ги наполнив со вода и пиев полека, раскошно и сладострасно пиев ладна и добра вода, вода на животот...
И прошепотив една од многуте желби:
Нека ми гргорат годините, Боже, нека ми жуборкаат како што гргори изворчето...
Матарките беа полни. Ги врзав за појасот и ја фатив тесната патека што водеше горе кон врвот и рововите. Одев и се` ми се чинеше дека го слушам гргорењето на водата, го гледам летот на вилините коњчиња, ја чувствувам ладовината на сенката, шумолењето на лисјата и песната на водата затворена во матарките.
Угорнината ми го одземаше здивот. Кога се најдов надвор од сенките на дрвјата, врз мене сонцето истури светлина и тогаш, загледана во небото, во шумата, ридовите и планините и целата ширина распослана пред мене, слушнав свиреж и потоа грмеж...
Горе бучеше. Воздухот трепереше. Земјата офкаше.
Испокршени камења се тркалаа прудолу.
Ја снема тишината. Во мене секна гргорењето на изворчето.
Знам, веќе го бијат ридот. Се стрчав пругоре и само една мисла ме сечеше - таму веќе убиваат.
Си реков:
- Денес некои нема да се напијат пресна, ладна, бистра и добра вода, што извира од дамарите на карпите и корењата на буките... Топовите грмеа и долго го биеја ридот...
А мене голема желба ми беше со таа вода сите да ги почестам за мојот осумнаесетти роден ден...
Оф!!!
* * * На небото ниту месечина, ниту ѕвезди. Само црни облаци носеше северот. Отаде другиот планински рид - болсна. Долга, крива врвца од светлина ги врза ридовите и врвовите, над неа пребледи небото и грмна. Татнежот го презедоа ридовите и удолништата и го растурија некаде во траповите. И одново светлина и одново грмеж како трештење на топовско ѓуле.
Грмежот влечеше грмежи. Капка дожд ми легна на лицето и потоа многу капки, небаре врзани во една врвца, течеа од црните облаци. Од ридот, прудолу, течеа порои и носеа земја, влечеа лисја, гранки, камења, кал. Матното ми го полнеше ровот, водата ми ги покри глуждовите, ми ги наполни чевлите, ладовината ја чувствував со колената. Секавиците расечуваа небо, врзуваа ридови и над нив грмеше. Ровот се полнеше со матна вода и со кал. Притегната до ѕидот, стоев и не мрдав. Се плашев дека ќе ме изгори некоја рофја, а можеби и куршумот на тој од таму, скриен зад некоја карпа, зад некое дебело стебло, зад некои густи гранки, дека кога ќе светне, ќе ме погоди в глава. Чувствував дека е близу, ми се чинеше дека го слушам неговото притаено дишење, дека го гледам, дека ме има на око, на нишан. Не мрдав. Доволно беше малку да подигнам глава и...
кога светкавица болсна - грмеж. Не од небото, туку од земјата.
Остар, краток свиреж. Нешто топло ми го облеа лицето, голема капка ми застана на усните. Крв. Момчето, кое стоеше до мене пласна во матното. Преташе со нозете, широко отвораше уста, дали сакаше нешто да каже или му немаше воздух, не знам.
Клекнав покрај него, му го избришав лицето од калта. Во светлината на секавиците видов како неговите очи почнаа да добиваат боја на студено стакло. Полека се ладеше во мојата прегратка. Ровот се полнеше и матното - до вратот. Се плашев да станам, да се исправам, да излезам од калта, од полниот ров... Склопчена останав до зори. Утрото ме извлекоа другарите. Во прегратка го држев мртвото момче.
Имаше само седумнаесет години и некоја недела.
* * * Дента, под жешкото сонце, во рововите се` се стврднуваше.
По наредба сите почнавме борба со калта. Клекнати ниско, да не ни се гледа главата, во тишина ја исфрлувавме калта, камењата, гранките. До заодот ги исчистивме рововите и ја слушнавме наредбата:
Повлекување! Одиме на нови позиции!...
Прибравме што можеше да се прибере и појдовме. Не исчекоривме ниту стотина чекори и нова наредба:
- Назад!
Се вративме на истиот висок и гол рид. Над нас повисоко беа ветриштата, облаците и уште повисоко - ѕвездите. А под нив - ние. Таму го дочекавме денот со очите полни со планини, ридови и карпи. Високо бевме, а пониско и далеку од нас беа топовите на противникот. Таму гледаш бела топка од чад, потоа задоцнет грмеж и оддалеченоста ја скратуваа ѓулињата.
Си велев:
- Ете и денес на овој висок рид ќе бидеме биени и од земја и од небо. Душите на некои од нас ќе бидат повисоко. Поблиску до силните ветришта, поблиску до ѕвездите.
Се` потесен ни стануваше просторот, зад нас се` помалку - ридови.
* * * Кога беше тивко и првата дремка се кршеше, најубава ми беше зората... Си видел ли од планински врв како зората зори?
Далеку, зад други ридови испловува и полека розово и румено го прави небото. Со бои, со мени, ги обојува ридовите што ти вишнеат пред очи, ги разјаснува, пламти, гори над нив, догорува и ги гасни ѕвездите, а долу, под ридовите - траповите и шумите ги покрива со пурпур... Во подножјата на ридовите, во клисурите и траповите испарува последната издишка на мракот...
Секој ден одевме кон височините, се` поблиску до ѕвездите... и ние поблиску до небото и силата на противникот не носеше поблиску до смртта. Земјата тврда - камен - кремен. Не ја крши ниту копач, ниту казма.
Собиравме мали, здробени камења и купче ги редевме пред нас колку за да можеме да скриеме глава. Камен по камен, купчето растеше толку високо, колку да не се гледа главата од другата страна. Од долу грмнуваше и над нас одекнуваше страшниот свиреж на топовските ѓулиња, ама ѓулињата паѓаа отаде нашите грбови и го ораа трапот, го полнеа со жешки шрапнели и со чад.
Овој пат не` не погодија.
Можеби попладне или утре подобро ќе измерат и подобро ќе не толчат нас, кои добивме наредба ниту чекор назад. Ако топовите не` не истераат од тука, тогаш авионите ќе не столчат.
Така си помислив и ме фати страв. Ама не ми беше првпат.
Секогаш кога се пукаше, кога се одеше во напад или се одбиваше напад, стравот ми беше голем и ме чуваше.
На голиот рид, зад купчето камења, тој ден многу се плашев.
Лежев на голата камена земја и треперев во злокобната тишина.
На таа гола, камена чука тишината ништо добро не носеше.
Противникот секој ден се` посилно не биеше. Се држевме.
Карпите зад кои наоѓавме скривалиште и натаму тврди и издржливи и ние зад нив и покрај нив - тврди и издржливи и земјата изорана од бомби и ѓулиња се` уште не крепеше.
Кој ден бевме тој ден? Колку денови така издржавме? Колку бевме и колку останавме?
Другарка ми се довлече до мене и издиша болка:
- Таму некаде, на некој од тие ридови загина брат ми... ми рекоа дека рафал го пресече...
Ме пресече жешка и раскинувачка болка. Стегнав душа и си реков: - таму некаде, на некој од тие ридови загина и брат ми..
таму некаде... на тие ридови... таму...
Многу ридови... и во нив многу браќа и сестри...
Денови и ноќи се нижеа во одбраната на ридот викан Котелска Кула. Под неа бездна. Стрмна како со нож посечена. Од врвот до дното сал камен. Знаевме дека во нејзиното дно се коските на тројцата партизани кои пред една година за да се спасат од една смрт скокнаа во друга смрт.
Политичкиот комесар на баталјонот и партискиот секретар вдахновено ја ткаеја приказната за тоа самоубиствено херојство кое веќе ни беше како икона обесена пред очи... Велеа и повторуваа, дека тие тројцата биле вистински херои и дека нивниот чин треба да ни биде пример за следење...
Тој ден и деновите и ноќите што следеа по нив го браневме ридот. Цврсто се држевме и до работ на Котелската Кула...
Не скокнавме во големата, длабока и страшна бездна...
* * * Денови под дожд, во матна вода, во кал, во крв, пред очите осакатени дрвја, расцепени стебла, времето изгор и другарување со смртта - така траеја деновите во рововите. Кога врнеше, од врвот се` до долу, по удолницата, дождот носеше матна вода и кал. Рововите се полнеа и тогаш во нив месевме блато. Тоневме до колената, некаде до половината на телото.
Леплива кал, одвај нога да подигнеш. Дење останувавме во калта, зашто жолтиот авион од горе не гледаше и јавуваше долу и топовите се огласуваа. Ни остануваше ноќта да ги исчистиме рововите и сами да се исчистиме од калта. По дождот ветерот ги одвејуваше облаците и над нас небото ведро и извезано со ѕвезди. Ноќта - топла, дишеше со мирнотија и ние дишевме со немир во мракот и во исчистените ровови...
И чекавме... напад...
* * * Беше пресна зора, време кога птиците најмногу пеат. Наместо нив долетаа авиони од западната страна на ридот и не биеја од грб.
Најчесто така не биеја - од грб.
Склопчена длабоко во ровот над мене го слушав само татнежот на грмежите и треперењето и стенкањето на земјата. И одеднаш
- тишина. Толку беше, ама до кога? Станав. Се исправив.
Излегов од роовот. Воздухот тежок, презаситен со реата на барутот и чадот. Наслушнував и глас не слушнав. Викнав.
Глувотија. Гласот ми се измеша со свирежот на топовските гранати. Трчаница во ровот. Не знам дали лошо измерија, ама гранатите, со силен свиреж ги прескокнуваа нашите позиции и лудуваа отаде трапот. Таму трештеа, кршеа карпи и камења, цепеа и откорнуваа букови стебла, ја ораа и ја превртуваа земјата. Потоа се огласуваа тешките митралези и тргнуваше нивната пешадија. Од уста во уста, се пренесуваше наредбата -сите на своите места.
Доаѓаа исправени, како секогаш. Чекавме. Кундакот стегнат, окото на мушицата, здивот потонат во градите.
И овој пат ги одбивме.
Пресната зора ја извалка мирисот на барутот, а пладнето под жешкото сонце боиштето мирисаше на засирена крв...
Заврши денот.
Имавме загуби?
Во билтенот - немаше, ама двајца закопавме во ист плиток гроб и петмина испративме во болница.
А противникот?
Секогаш во билтенот што политичкиот комесар го испраќаше до повисоката команда – бројката за убиените противници секогаш беше голема...
А рововите веќе не беа ровови и бункерите не беа бункери. Се` уништено. Ноќта ги поправавме. Во нив заедно со земјата измешани нозе, раце, глави. Делови од нашите момчиња и моми...
Сите, заедно со окрвавената земја, во една јама.
* * * Коле ни беше многу омилен другар. Мирен, малку повлечен, а знаеше убаво да раскажува приказни и тивко, со зарипнат глас - да пее.
Пееше народни и партизански песни, што ги донесе од Југославија, каде едно време служеше во нејзината војска. Како што велеше, на осумнаесет години им се приклучил на македонските партизани кои се отцепиле од грчките партизани и дигнале црвено знаме. Така стасал до Битола и потоа до Дебар, Кичево и Гостивар каде ја расформирале бригадата.
Коле, селско дете, без занает, тргнал да служи во народната армија на Југославија. Завршил шестмесечен курс за артилерци и службата го однела во близина на Дубровник. Ни велеше дека тоа Дубровник ти бил многу стар град на море, ограден со високи камени ѕидови.
Задача на единицата била да го чува Тито кога тој со другарите доаѓал во Дубровник. Слободното време секогаш го користел да чита и уште повеќе да учи. Станал одличен артилерец и за ова му јавиле на повисоката команда, која го предложила да оди да учи повисоко. За одличната служба добил пофалба, потоа орден и предлог да учи во воената академија. За артилерец.
Командирот на полкот, стар партизан ги сакал умните селски деца, а и тој ти бил од село. Тој го предложил да учи во воена академија и така Коле стасал во Белград. Таму го нашле активистите од Булкес, му ја прикажале приказната за борбите во Грција и за страдањата на Македонците и Коле послушал и одлучил да оди да се бори. Возот го донел во Скопје, друг воз во Битола и од таму со камион преку Поградец и Билишта - во Албанија, со други триесетина, го растовариле во Врбник и од таму пеш стигнал во Мали-Мади. Зад него остана воената академија и желбата за учење. На крај од оваа приказна, Коле ни рече:
- Да не беше ова што е денес, јас сега ќе си бев генерал.
И така од тогаш не го викавме Коле, туку Коле - генералот, кој, како што ни велеше, имал голема желба да се види со командантите од Егејската бригата, ама тука, меѓу нас, нив ги немаше. Си останале во Скопје и таму, како што велеше Коле- генералот, кој меѓу нас беше најписмениот, тие делкале политика и затоа многу не ги мирисаше, бидејќи, таквите не наоѓаа место во неговата кошничка...
Коле-генералот беше висок маж, цврст, широко плеќест, очите секогаш му беа насмеани, усните набабрени. Гласот му беше тивок и зборовите секогаш одмерени. Какво ли чудо е тоа, едно толку големо тело да го кутне едно парче железо, големо како ноктот од големиот прст?
Од тоа големо тело истече младоста, желбите, сакањата, соништата, мечтите. Големото тело на Коле-генералот и малечкото парче железо ги закопавме заедно. Колку долго ќе го јаде земјата тоа големо тело и тоа малечко парче железо? Не кладовме крст. Под сенката на буката тие засекогаш ќе бидат заедно...
На тие ридови и карпи, во тие ровови и бункери, на таа земја што гореше, што пламтеше, што беше еден жар, еден пламен, една клада, од големи и мали парчиња железо паѓаа мажествени, големи и мали тела на моми и момчиња. Кога во други денови по тука не носеше денот или ноќта, на тие кои не знаеја, им велевме:
Тука лежи Коле-генералот...
Само толку зборови за спомен...
* * * Со противникот си ги изменивме местата. Порано тој во ровови и бункери, сега ние во ровови и бункери. Така му кажавме каде сме. Ние закопани, тој во движење. Досега ние во движење, тој не чекаше во ровот и во бункерот. Ноќе го биевме и потоа ниту трага од нас.
Знаевме каде е.
Сега тој знае каде сме ние.
И така ноќта ни е за се`. Нема одмор. Најголемиот дел од ноќта најголема грижа ни беа рововите и бункерите. Да се поправат - тоа беше првата наредба и лопатата в раце. Меревме длабочина која мора да е до главите и пред лицата - куп камења.
Пред мене, врз земјата местев камења и проверував дали добро лежат и си мислев:
- Овие камења јас ќе ги бранам или тие мене? Што браневме?
Селата беа далеку, градовите уште подалеку, патишта немаше, мостови немаше. Имаше само ридови, врвови, шуми, карпи, клисури, беспаќа.
И си велев:
- Зарем само овие карпи, ридови и планини ќе ги браниме? Нив ќе ги браниме, а тие нас ќе не бранат. Тука од живите бевме само ние и тие кои утре ќе не напаѓаат. Друг живот немаше. И тој живот што беше во рововите и бункерите и во меѓу просторот, секој ден се ронеше. И просторот стануваше се` потесен. Помалку живи луѓе, повеќе болка и многу сакати, многу крв и уште повеќе омраза.
На камењата што ги редев пред мене имаше засушена крв. И рацете ми мирисаа на крв. Пивтосана, засирена крв.
И земјата по која газев беше измешана со крв...
* * * По изгревот - не нападнаа. Ги одбивме. Во меѓу просторот некој викаше, молеше, бараше помош, пцуеше. Нивен беше.
И кај нас некој молеше. Кој? Допрва ќе се пребројуваме. До мене - ранет. Молчеше, загледан беше во небото и се молеше.
Со скрстени раце ги стегаше градите. Меѓу прстите му се цедеше крв. Очите му се полнеа со болка, длабоко издиша и небото потона во нив. Ме фаќаше страв, крикот ми застануваше в грло, сакав да викам, гласот ми секнуваше. Лицето го покрив со дланките. Ме гушеше тежок мирис на барут и на изгорено месо...
* * * Се потпрев на ѕидот од ровот и чувствував дека ме фаќа дремка.
Заспав, ама тоа не беше спиење. Во мене нешто беше будно, чуваше, предупредуваше...
Во бункерот немаше светлина и во мракот сите бевме едно.
Кога некој запалуваше шкорче од кибрит, тогаш си ги гледавме лицата, очите, челата, устите, се препознававме, се насмевнувавме, си намигнувавме и така си дававме знак дека се` уште сме живи. Секој секому молкома со очите, со подигање и спуштање на веѓите, со брчките на челото нешто му велеше, нешто му праќаше, нешто му пожелуваше и од градите се откинуваше долга, длабока издишка на болка, желба, надеж и на олеснување. Кога гаснеше растрепереното пламенче на кибритчето, тогаш во мракот не поплатуваа други мисли и грижи... И така седевме со плеќите потпрени на ѕидовите од бункерот и додека дремевме, во нас и над нас нешто висеше, кружеше, чуваше, не правеше будни и готови...
Дали тоа беше чувството на стравот пред смртта?...
Не дремев, не спиев, го терав од себе зборот - смрт, што најмногу го мразев и помислата дека испуканата граната, фрлената бомба, истреланиот куршум, некој миг, некој ден ќе ме погоди. Затоа ги фрлаат. За да убијат, да осакатат, да изгорат, да опустошат. Ќе ме погодат ли? Си мислев дека смртта, која секој ден ме дебнеше, дали само ќе ми се насмевне или ќе ме грабне или ќе ме одмине како многупати досега?
Затоа е измислена и произведена во вид на бомба, на граната, на куршум, на нож, на штик и донесена од далеку во македонските планини за да не проштева, да не шири убавина, туку да огрдува и да убива. Да убива и дење и ноќе. И затоа јас и дење и ноќе од неа се бранев. Затоа копав длабоко и потоа и со поголема сигурност го чекав куршумот, бомбата, гранатата, пламенот и огнот што паѓаше од небото. Ровот, бункерот, дувлото, ги јакневме ноќе, во мракот или под светлината на месечината ги подготвувавме за да се браниме дење и живи да ја дочекаме ноќта во која можевме да му се радуваме на животот, во мракот да се радуваме... Затоа, за таа радост во мракот, копав упорно, ја празнев, ја цедев целата моја сила само за да останам жива пред бурата која утре ќе ме поплати, од неа да се одбранам... Само за миг престанував да копам и со мислата се преселував дома, в село.
Пред некоја година ова време беше време на венчавки и свадби.
Можеби и јас ќе бев облечена во невестинска руба, а друшките ќе ги облекуваа моите фустани, така де, можеби ќе бев невеста облечена во долг бел фустан, со бел венец на главата, а не како сега во широки војнички панталони, излитена војничка блуза и на главата капа што постојано мириса на пот, цокулите искинати, голи ми се стапалата. Рекоа дека ќе ни донесат нови, а можеби дури и руски чизми или чешки, ама уште ги нема.
Велеа дека тие земји се далеку и време е потребно додека стигнат и затоа е потребно трпење, ни рекоа и дека ќе ни поделат и долна облека, од Романија. Панталоните и блузите ни се англиски, на задникот и колената - крпеници. Сега не мирисаат на мувла. Ги испра дождот и ги проветри ветерот. А јас сега целата мирисам на влажна земја, на пот, како да сум гнила. Гнила сум во ровот, дувлото од мене засмрдува. Сите спиеме на постела од папрат, мирисаме на земја и на папрат и чекаме да заврни. Да не измие дождот, смрдеата од нас да ја испери, малку барем да бидеме чисти. Кога не бевме во рововите, бункерите или дувлата, тогаш мирисавме на зелена шума, на пресен ридски и планински воздух, на млада зора, на покосена трева, на мајчина душица, а сега мирисаме на исчаден ден, на гнили корења, на мувлосан папрат, на сув лист, на овенати и подгорени цвеќиња, што тука околу нас ги има.
Затворав очи и себе се гледав невеста, отворав очи и себе се гледав војник, во униформа на непознати војски, војник извалкан со земја, со големи искинати цокули, ракавите од блузата подвиткани, не беа по моја мера, наместо невестински букет од црвени трендафили, држам лопата, до мене е казмата и до неа автоматот, германски е... Тука сум само војник, а не ме остава на мира и прашањето: - ќе дочекам ли да бидам невеста?
Дали облечена во бел невестински фустан, ќе одам во пресрет на тој на кој сум ветена или ќе останам да гнијам во ова дувло?...
Мислев, мечтаев, се надевав и за да не ми останат мислите, мечтите и надежта во дувлото или во ровот, силно удирав со копачот во тврдата земја и посилно ја исфрлував надвор заедно со сите сомневања. Копав и си мислев вака:
- Кога дувлото ќе го доископам, тогаш ќе соберам зелен папрат, ќе постелам постела и, легната, ќе мислам, ќе размислувам и мислите ќе ги сновам во мечтаења... Ќе мислам како ќе бидам невеста, како ќе застанам пред олтарот и како венчалната круна ќе ми стои на главата, ќе си замислувам како целата црква е облеана во светлината на ламбадите, како ќе излезам од црквата, како ќе застанам на скалите и од таму ќе фрлам бонбони и ќе гледам како дечките ги собираат и се радуваат... А потоа... Потоа ќе продолжам да мислам како ќе плетам чорапчиња, капчиња...
- Копај! - грмна гласот на командантот.
Наредбата не беше испратена до мене, ама јас се стресов, со силен замав ја исфрлував земјата и заедно со неа го исфрлував и невестинскиот фустан и црвените трендафили, и венчалната круна и ламбадите и паричките и чорапчињата и капчињата и...
мечтите...
Пусти желби и сакања... Во војната чини ли девојка - војник да има такви мисли и мечти?
Чини ли?... Вреди ли?... Личи ли?...
Така си мислев...
- Копај! Копај! Копај! - грачеше истиот глас.
Наредбата ги скамени моите мечти, ги покри со црн мов, грмеж ги растури желбите...
Удирав со копачот во тврдата земја, поместив камен и под него
- не купче, туку куп мравки. Ми ги покрија рацете, градите, главата, целото тело. Излегов, ја соблеков блузата, кошулата, панталоните и се` фрлив над ровот. Вошките, кои ги имаше во секој дел од облеката, дури и во дупките од појасот, кои со денови и ноќи не оставаа мирно да дремнеш, да одмориш, да олесниш. Цел ден, цела ноќ тие беа во напад. Лошо животно.
Само те цица, голем непријател, кој не се уништува со кршење меѓу ноктите. Само еднаш донесоа некаков бел прав со кој не посипаа и толку. Гледав и се чудев - се` помалку вошки.
Мравките ги носеа во своето дувло. Чисти ми беа алиштата од вошките, ама останаа гнидите...
* * * Чекавме напад и во тоа чекање имав само една голема, неизмерлива, секогаш присакувана желба: да останам жива...
Таквата желба ме смируваше и тогаш гледав во врвовите на дрвјата. Светеа тие во заодот на сонцето. Врвци од сончеви зраци се пробиваа меѓу гранките. Повеќе ги чувствував отколку што ги гледав. А сонцето не го гледав.
Малку по настрана осветлена земја. Таму го поместив автоматот, за да легне врз него сонцето, малечко како зрно од грав, ама светеше болскаше час го засенуваа разлуланите гранки, час го откриваа. Така без да подигнам глава над ровот врз кундакот на автоматот ми светеше сонцето...
Само кога паѓаше мракот излегувавме од бункерите или рововите колку за да исправиме коски. Тие од таму, од спротивната страна, тоа го знаеја и ни фрлаа по некое ѓуле, колку за да не натераат да се скриеме. Потоа преку големите звучници не викаа на вечера. Ни зборуваа за многу леб, вино и узо и на крај не пцуеја со најпогрдни зборови.
Со нашите инки од дебел картон им возвраќавме. И ноќе не` не оставаа на мир. Истрелуваа светлосни ракети, во разни бои, ги осветлуваа ридовите, го истеруваа мракот и нашиот сон. Над ридовите вивнуваа жолти, црвени, бели, сини топки и ноќта ја правеа ден. Се враќавме во нашите гнезда, ги гледавме тие мали сонца кои не правеа будни, кои не бараа на земја и под земја.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/kalina-e-book-macedonian/3 le 29 octobre 2026