Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Kalina

Front Matter - Part 06

Par Петре Наковски · Partie 6 sur 11 · Environ 21 minutes

Lire en English

- Потпиши! Потпиши! Тука ти пишува дека мислите ти се заразени со некаква идеја, која може да ти е само сон. А со сон не се живее. Нема сомнение дека таквото тврдоглаво држење ќе те чини живот. Ако така продолжиш, сигурно е дека ќе бидеш осудена на стрелање. И нема да си прва и ниту последна. Сите вие, донесени тука, ќе бидете осудени на смрт. Затоа јас најискрено те советувам да се откажеш од твоето минато со потпишување изјава дека се каеш...

- Не потпишувам... Тоа што го барате од мене не е ништо друго туку само мое обезличување, да сум понижена, да бидам ништо... без чест и достоинство...

∆υλωση µετανοιаς - изјава за каење - беше единствениот збор што секој ден го бараа и го повторуваа, збор кој зад себе влечеше закани за тепање, за судење, стрелање и го издигаа над се` - тука немаше ништо поважно, ништо попотребно, туку само изјавата за каење, која беше ветување за слобода, за живот, беше магичниот клуч со кој се отвораше вратата за излез од ќелијата, од логорот и кошмарот... Овој збор го имаа на уста чуварите, снабдувачите, возачите, сите кои носеа униформа, оружје, стапови и камшици...

∆υλωση µετανοιας - потпишаната изјава за каење беше дарување на животот, висеше над главата како изострена секира, секој миг готова да падне и да пресече...

Моето молчење, моето упорно - не потпишувам - ги тераше да беснеат, да лудуваат, да се закануваат и да измислуваат се` понови начини на заплашување и секој ден го правеа се` помачен, по измачувачки и злото стануваше се` полошо.

Најпогрдните пцости ги примав со презир и најчесто молчев.

Молчев и тогаш, кога досието ми го полнеа со измислени обвинувања иако во мене вриеше, клокотеше и растеше гневот, ми се чинеше дека ќе избувнам и ќе му се нафрлам и со заби ќе му го пресечам гркланот. Ама, не, трпев, се воздржував и со голем напор во мене ја смирував бурата...

- Девојко, тука пишува дека си заразена со опасни идеи, кои можат да те одведат под ѕид. Не едни таму завршија. Откажи се, потпиши изјава и утре си одиш дома.

- Не...

- Искористи ја приликата... Од тука има само еден начин за да се излезе - да потпишеш. Во спротивно може да те изеде мракот и никој ништо не би можел да дознае што ти се случило...

- Не... Не прифаќам понижување, не прифаќам да бидам ништо...

Иследникот имаше долга рака и широка дланка. Со еден замав ми ја одзеде светлината и здивот. Потоа дојдоа двајца. Ме одведоа во подрумот. Таму беше мачилиштето. Зад масата дебел, намуртен полицаец, по кошула. Ракавите подвиткани над лактовите.

- Доближи се! – нареди. - Седни! Навали се!

Така... Е, сега, кажи ми, ќе потпишеш?

Молчев.

Тебе те прашувам!

Молчев.

- Зарем за еден потпис - ќе трпиш?!

- Да...

Силната шлаканица ми ја одзеде виделината. И потоа - гром, молскавици.

Молкот се преточи во крик. Ме удираше со мали прекини, чиниш чекаше да молам, да заплачам. Не молев, не заплакав, ама едно клопче силно ме стегаше во грлото, го држев со пизма

- упорно, до болка. Клопчето беше мојот крик на ужасот...

Дали викав? Викав, многу викав. Не молев. Само викав...

Ударите не беа за да ме убие, туку за да ме измачува, а јас молев да ме убие. Барем еднаш да умрам, а не секој ден. Во тие мигови се молев Господ да ми ја сочува моќта на умот за да не полудам. Ако ме убијат нека ме убијат таква, каква што сум, а не луда, зашто убиена луда може да им биде и оправдување.

Мрак, густ, поцрн и од најцрниот.

Се освестив со главата пикната во ќошот. Над мене стоеше тепачот. Во рацете кофа со нечистотија. Кога отворив очи, тогаш целата ме облеа со нечистотијата. Со дланката го избришев лицето, го погледнав и прошепотив:

- Моли нешто вакво да не и` се случи на мајка ти и на сестра ти или ... - не довршив. Клоцата во стомакот го згасна зборот...

Ударите со тупаници и клоци, со камшици сплетени од жица, со стапови и заканувачките викотници и најпогрдните пцости, ги издржав.

Тој ден многу ме тепаа...

Во ќелијата ме однесоа на носила.

Болката од тепањето ја издржав. Го издржав и стравот. Тоа некако ме окуражуваше, не само што ми даваше кураж, туку и ме радуваше. Чудно е тоа чувство - да се радуваш затоа што те боли. Лежев тукуречи неподвижна и чувствував дека целото тело ме боли. Си реков:

- Штом боли, значи сум жива.

Болката е живот. Ако ја чувствуваш болката, тоа ти значи дека си жив. Кога имав големи болки, тогаш викав, си го слушав гласот. И гласот ти кажува дека си жив.

Таква една голема, тешко издржлива болка, доживеав во партизанската болница. Немаа доволно средство за да ме заспијат и ме сечеа полужива. Болката ми ја смирија откако ме легнаа в кревет. Ми дадоа нешто, што прво ме стопли, потоа болката почна полека да се смирува, да истечува, да се цеди од мене, очите ми се наполнија со небо, со планини, со ридови, карпи, ливади, гледав извори, поточиња, реки, цвеќе, дрвја, драги и мили лица, потоа заспав ...

Болката има голема тежина и ако не знаеш да ја поднесеш и да ја трпиш, ќе те ничкоса, ќе те згмечи, од тебе ќе направи ништо.

Токму тоа ништо сакаа од мене да направат.

Здрвена од болка, си велев:

Жива сум.

Се радував и покрај тоа што ми се чинеше дека се држев со последните сили и постојано мислев дека умирам.

Боли. Значи сум жива.

И таму, во подрумот, кога си го слушав сопствениот крик сподавен во мене - си велев -жива сум, жива сум и по секој уште посилен удар, повторував во себе - се` уште сум жива штом си го слушам сопствениот крик на ужасот.

Мојот крик, мојот врисок, моите лелекања и моите колнења што ги шепотев во мене - ми беа белези дека сум жива...

Дури и најмалото, одвај чујното движење на некој дел од тешко избиеното тело и тоа е мал знак на живот.

Тие тепаа, а јас држев инает.

И инаетот е знак на живот. Инаетот, тоа си ти. Се инаетиш -пркосиш, значи траеш, инаетот во полициски подрум е живот, е траење, постоење, противење на злото, на ужасот, на понижувањето... Таму, во полициските подруми не е дозволено да умреш од тепање. Од таму се излегува сакат или луд.

Не ме напушташе мислата, дека штом се` уште боли – значи дека не сум умрена... Длабоко во себе, по секое тепање, го криев ужасот и очајот и безнадежноста, упорно го голтав крикот на болката и стегав очи да не потечат солзи за да не видат дека страдам.

Ја издржав болката и во мене вриеше мислата дека сум жива, се радував, ликував. Мислев и си велев, си повторував - жива сум!

И во тој миг почувствував дека длабоко во мене нараснуваше, набабруваше радоста, сакав да прозборам, да кажам дека сум жива, ама усните толку ми беа натечени и оболени, што зборот не се откинуваше, се вртеше, притиснуваше и заедно со крвавата плунка потонуваше во грлото.

Секогаш, кога по секое тепање си доаѓав на себе, си велев -жива сум и за да се уверам дека сум жива си ги штипев образите, носот, си ги касав усните и јазикот.

Потоа?

Потоа потонував во без сознание, а жените околу мене со голема загриженост се обидуваа да ми ја повратат присебноста.

Многу се радував кога околу мене се собираа жените и ме тешеа, ме храбреа. Благодарност им изразував со блага насмевка и кога бев поспособна да одам на задолжителната затвореничка прошетка, тогаш меѓу камењата ги собирав сините и нежни листенца на незаборавките и им ги подарував.

Во тие листенца беше целата моја благодарност, топлина и почит кон жените и девојките кои ме негуваа и охрабруваа.

Во тоа време, времето на ужасот, сите бевме едно тело и една душа...

* * * На едно од редовните испитувања, го прашав иследникот:

- Што ви значат тие зборови вулгара и палјовулгара? Зошто при секое испитување така ме нарекувате? И да ви кажам: бидете убедени дека колку повеќе ме навредувате и понижувате, току повеќе ме правите упорна и цврста и да знаете - нема да потпишам дека се откажувам од животот...

По долго и упорно молчење, иследникот рече:

- Секоја која не е Гркинка е вулгара...

- Ами сите жени во логорот ги нарекувате Вулгарес. Зарем тие не се Гркинки?

- Да, тие се Гркинки, ама не се чесни спрема татковината и затоа се тука... Доволно е?

- Не!

- Молк, паљовулгара!!!

Двајца полицајци се втрчаа, ме зедоа под мишки и ме однесоа во подрумот. И од таму, избиена до бесвест ме фрлија во една мрачна ќелија. Дека беше многу мала сфатив по тоа што легната, со нозете и главата ги допирав ѕидовите. Дали од влагата или од студот, се созедов.

Прибрав сила и полека станував, ама не успеав да се исправам.

Таванот беше многу низок. Седнав на влажниот под. Од малата цепнатина под вратата влегуваше слаб сноп светлина. Не знам колку време ме држеа во таа дупка. И не знам кое време ме извлекоа од таму и, влечејќи ме по ходникот, ме фрлија во друга ќелија. Беше полна со жени. Беа многу. Полу легнати, навалени и стуткани една до друга, тело до тело. Тука тие чмаеја дење и ноќе, чекајќи да им ја одредат судбината.

Крвјосани, избиени, засмрдени, вдишуваа мувлосан воздух презаситен со засирена крв и реа што испаруваше од кофите полни со нечистотија и многу кашлаа. Малку свеж воздух во ќелијата влегуваше кога во неа носеа други.

Само утрото половина час ширум ја отвораа вратата, дозволуваа да се исправат, да одат на олеснување и да ги испразнат кофите од нечистотијата. Забрането беше да зборуваат и да се поздрават, само можеа да вдишат свеж воздух.

Беа многу. Од целата земја. Селанки, домаќинки, учителки, професорки, учени и неписмени жени и јас една од нив.

Без разлика, заедно со нив го поминував и го живеев истото што и тие. Истите крвници не тепаа, слични болки трпевме, едни полесно, други потешко. За сите исти беа испитувачите, полицајците, мачителите, законите, судовите, државата.

Јас бев само една од нив во таа голема, засмрдена ќелија...

Ноќите беа дополнување на измачувањата. Во текот на ноќта со поголеми прекини се огласуваа звучниците од кои ечеше силна музика, а потоа снимени гласови на плачење, молење, лелекање. Тоа беа гласовите на тепаните жени. Ги слушавме со стегнати срца, страв и агонија во очите. Потоа пак музика... и по неа одеднаш се отвораше вратата, двајца полицајци ја зграпчуваа најблиската жена и ја одведуваа. Звучниците ни ја пренесуваа нејзината болка. И одеднаш тишина и по неа силно тропање и отворање на вратата и внатре фрлаа обезличено тело...

Κако да помогнеш?!...

* * * Често практикуван начин беше многукратното будење во ноќта.

Носеа силен рефлектор и светлината право в очи. Ноќе - силна светлина, а дење, построени со лицето свртено кон сонцето. И таа светлина измачуваше.

Светлината - ноќна или дневна - ни го разоруваше телото и ни го гореше духот...

Првите денови на јануари 1950 година се слушна глас дека ќе не префрлат на островот Макронисос. Од скудните вести што пристигнуваа заедно со писмата знаевме што се случува на тој остров и затоа веста не исполни со ужасен страв. Не чекавме долго за да дознаеме нешто повеќе и тоа од командантот на логорот, кој нареди да се построиме пред шаторите.

Врнеше силен дожд измешан со снег. Смрзнати, одвај стоејќи, чекавме да се појави.

Дочекавме.

Тој се истопори на бината и откако не погледна со видливо сожалување, длабоко воздивна и, на почеток, скромно и воздржано, а потоа бесрамно, рече дека животот што го живееме на островот Трикери и покрај сите тешкотии, ќе ни се види идиличен тогаш, кога ќе го здогледаме Макронисос. Не посоветува да потпишеме изјава за каење и веднаш, со последната група ќе си заминеме дома, во спротивно, таму во Макронисос ќе не принудат да се покаеме, ако тоа не го сториме, тогаш таму смртта ни е сигурна.

За миг прекина, не опфати со поглед на гладен волк и одново почна да не убедува да не се надеваме дека некогаш ќе се вратиме дома, дека до крајот на нашиот живот ќе останеме ако не на овој остров, тогаш на некој друг од многуте острови што ги има Грција и уше многупати потврди дека само со потпишување изјава за каење секоја од нас може да си го спаси животот.

Тие зборови кај голем дел од жените го скршија духот. Една зад друга или две по две и повеќе тргнаа да потпишат изјава за каење. Одеа и не свртуваа глава за да не погледнат за последен пат. На лицата им беше испишана ужасната несреќа. Беа свесни дека не оставаат во подивеаните раце на мачителите. Тукуречи сите кои се одделија од нас, во војната имаа погинати мажи, браќа, свршеници, блиски. Последната желба им беше да се вратат дома, во своите градови и села, во своите опљачкани и запустени куќи, да се спасат од пеколот на заточението.

Истиот ден, откако неколку часови стоевме построени под снегот и силниот студен ветер, командантот нареди да ги соблечеме палтата, да ги собуеме чевлите и од главите да ги тргнеме шамиите.

Ја послушавме наредбата.

- А сега - викна бесно - сакам да слушам само едно тропање на чекорите и стројот во тројки да е рамен! Трчај!!!

Дваесет пати со трчање го направивме кругот. Истоштени, одвај собиравме сили да здивнеме, паѓавме во снегот и тие кои не држеа чекор во ритамот на музиката што ечеше од звучникот, полицајците безмилосно ги удираа со стапови и камшици.

Командантот ликуваше и со својата злобна и грда насмевка ги бодреше тепачите.

Не викавме иако ударите многу не болеа, а тоа наше молчење кај командантот и полицајците предизвикуваше бес. Со еден извик „Алт„ прекина трчањето.

Избиени и разочарани, истоштени до бескрај, го прекинавме трчањето и, молчејќи, си ги прибиравме палтата, шамиите, чевлите.

Тој ден како да беше ден за најавување и предупредување за тоа што не чекаше во Макронисос.

Наредниот ден беше ден на подготовка за заминување. Не разбудија во мугрите и наредија на едно место да собереме се` што беше сопственост на логорот: шатори, бодликава жица, колци, шпорети, котли, се` - до последното рѓосано шајче...

Снегот што паѓаше вчера не престана и наредниот ден, а северниот ветер што силно дуваше не го смрзнуваше само снегот, туку и нашиот мал кураж и се вклопуваше во нашето маченичко работење. Се` собравме на едно место. Потоа без одмор, ни беше наредено сите тие гнили работи да ги пренесеме долу, на плажата. Носевме ноќе, во мракот, по снегот. Од манастирот до плажата - удолницата многу стрмна. Товарени одевме прудолу по тесната патека придружувани од пцости, навреди, удирани со стапови и камшици.

Во мракот со мака баравме камен, вдлабнатина за потпор за да не се слизнеме.

Третиот ден, пак студен, сив, влажен, небото црно. Во пристаништето стигна и закотви еден голем товарен брод.

Наредба:

- Се` што е донесено и лежи на плажата - да се товари на бродот!

Сопственоста на логорот ја пренесовме на бродот и до полноќ ги пренесовме и нашите работи.

Јас, освен една торбичка, немав ништо друго за пренесување.

Под светлата на батериските светилки не построија на плажата, не изброија и наредија една зад друга да се качуваме на бродот.

Скалите тесни и стрмни - се лулаа. Силни и високи бранови се кршеа од бродот во кој со разнишан чекор влегоа илјада сто и четириесет и пет жени, стари од шеснаесет до осумдесет и дветри години.

Толку изброја полицаецот кој стоеше на влезот и бројот го запиша во тетратката.

Слегувавме долу, во амбарите. Нечистотија и реа. Гнил воздух.

Секој миг просторот стануваше се` потесен. Немаше место за седење. Истоштени од целодневната работа, жедни и гладни, ненаспиени, баравме место да седнеме. Немаше. Стоевме една до друга и чувствувавме дека се` повеќе ни недостасува воздух.

Почнавме да викаме да ги отворат прозорчињата. Немаше одговор. Наместо воздух, ни пуштија музика - воените маршеви ечеа од звучниците.

По полноќ бродот отплови товарен со нашата несигурност, со големиот страв во очите и со прашања залепени на жедните усни:

- Натаму што ќе биде?

Стоев притисната до ѕидот и се обидував да си замислам дека на Макронисос нема да е полошо барем што се однесува на тешкотиите што во последните месеци ги поминав на островот Трикери.

Си велев - сигурно и таму ќе има страв и нови измачувања на телото, душата и мислата.

Бродот долго пловеше и остануваше многу време за размислување.

Дента ни се придружи брод полн со војници. Некои преминаа на нашиот брод и рекоа дека им е наредено да ни помогнат заедно да го растовариме бродот кога ќе стигнеме во Макронисос. Со испружени раце ни го покажаа островот каде требаше да стигнеме.

Пред очите гол, издолжен остров и колку повеќе се доближувавме толку повеќе се гледаше дека таму немаше ниту дрво, туку само голотија и високи карпи нависнати над морето.

Наоколу ниту белег од зеленило. Голо долгнавесто копно, со стрмни и високи карпести брегови. Изгледаше како скаменето чудовиште кое го биеја високи и распенети бранови. Кога бродот стигна поблиску, тогаш почнав да забележувам шатори поставени во рамни редови.

Ноќта бродот остана на отворено море. Утрото со мака закотви на бетонската платформа. Во утринската светлина островот стануваше се` поодвратен и пострашен.

Слегувавме во молк. Со сподавен издив на тревога, стапнавме на копно, во Макронисос...

Дали имав некаква надеж?

Само си прижелкував на ова гола карпа што не личи на земја, ноќите и деновите да не ми бидат толку маченички како на островот Трикери и да имам толку сили за да ги издржам бурите за кои со шепот се пренесуваа злогласни вести за островот на ужасот...

* * * До зорите заедно со војниците растоваривме се` што имавме товарено во Трикери.

Кога за миг застанав за да приберам здив, тогаш пред моите очи забележав дека островот се` повеќе стануваше одвратен и страшен.

Офицер, со големи букви А.М., сошиени на десниот ракав, нареди да се построиме во тројки и под вперените пушки на цел вод војници, кои исто така на ракавот ги имаа истите букви, не одведе на плоштадот. Таму, на бината генерали, полковници, полициски началници и еден владика. Од името на логорската команда не поздрави еден капетан, кој ни пожели добредојде прилично со овие зборови:

- Идиличниот живот што го живеевте во други места на вашето заточение неповратно заврши. Сега припаѓате на ОАМ (ОАМ – Οργανισµος Αναµορφωσεος Μακρονισου - Друштво за превоспитување во Μакронисос), сте дел од АЕТО (ΑΕΤΟ – Α` Ειδικον Ταγµα Οπλιτων - Прв Посебен Војнички Баталјон) и училиштето ви се вика ΕСΑΓ (ΕΣΑΓ - Ειδικη Σχολη Αναµορφωσεως Γυνεκων – Посебно Училиште за Превоспитување Жени). Животот во ΑΕΤΟ/ΕСΑΓ ќе ви биде многу тежок. Дали ќе трае малку или многу тоа ќе зависи од вас. Ние ќе направиме се` бргу да се вратите во прегратките на нацијата. Ако тоа не го направите, ве предупредувам, дека ќе бидат применети сите одредби на законите кои ќе ве принудат да промените мислење. Имам чест да ви кажам дека почитуваната команда ви дава време во траење од три денови за промена на мислењето. За вас нема да има милост. Постапката ќе биде иста како што е и кон мажите. Нема да има никакво сожалување. Законот важи за сите независно од полот и возраста...

Потоа не поздрави еден генерал, кој ни ја одржа и првата лекција од наставната програма за превоспитување. Почетокот вака некако звучеше:

- Победничката национална армија го победи партизанскиот бандитизам... Денес, од овој миг, официјално вам ви објавува војна... Ако не потпишете изјава за каење, тогаш боси, голи, гладни и жедни ќе скитате над бездните и ќе јадете змии и пцовисани коњи и мазги... Јас ви ветувам дека брзо ќе си одите дома доколку ќе постапите според законот. Светата земја на Макронисос, која сега ја газите, пред да дојдете вие тука, ја газеа четириесет илјади мажи со лево мислење. Нив ги превоспитавме и во своите пазуви ги прими татковината.

Истото ќе се случи и со вас. На располагање имаме многу средства и методи со чија помош ќе го најдете вистинскиот пат.

Ако не сакате со добро, тогаш ние ќе ви ја покажеме другата страна.. Како прво ви даваме три дена да размислите. За ваше добро... Немојте да заборавите. Имате три дена за размислување...

Лекцијата содржеше и многу други закани и заплашувања и ветување дека ќе си одиме дома само ако се покаеме...

Наредија да го напуштиме плоштадот. Звучниците захрчија и гласно го истурија воениот марш, кој небаре беше химна на островот:

Μακρονησι σεµνο, σκαπανεων αγκαλη µια πατριδα ηρωων µε δοξα µεγαλη µια πατριδα µεγαλη, τρανη κι οχι σκλαβων η φοβερα κι ο ταφος των βαρβαρων Σλαβων (Макронисос скромен, прегратка на првенци ти си татковина на херои со голема слава на една голема огромна татковина, но не на робови туку страв и гроб за Словените варвари (Слободен превод од грчки)).

Не сместија во шаторите кои беа поставени пред нашето пристигнување. И од тој миг почна да се брои времето за нашата одлука. Во текот на ноќта, секој час звучниците гласно потсетуваа:

- Жени на ЕСАГ. Времето тече. Не губете време!

Згрчени и вкочанети, смрзнати во студените шатори, ги слушавме потсетувањата. Неизвесноста и стравот се` повеќе растеа. Мачно течеа и ноќите и денови. Точно третиот ден, беше 29 јануари, во три часот попладне не собраа на плоштадот. Командантот нареди да седнеме. Војници, офицери и алфамити (Алфамити – воени полицајци на островот обележани со буквите А.М.) со целата воена опрема се поставија околу нас. Мртва тишина. Командантот застана зад микрофонот и се развика:

Отровни змии! Времето помина! За последен пат погледнете наоколу, погледнето го морето, сонцето, светлината. Ако денес не потпишете, ќе умрете. За вас нема милост! Нема човештина!

Денес ќе морате да потпишете дали тоа го сакате или не!!! Тука не ве донесовме за да живеете, туку за да умрете. Ако не сакате да умрете, тогаш потпишете!

На неговото лице и во очите имаше само одраз на омраза и лошотилак.

Еден миг мируваше и потоа им се обрати на алфамитите. Им рече дека не предава во нивните раце и дека со нас можат да прават се` што ќе посакаат. Ги повика со сите сили да се справат со нас, ороспиите, предавниците...

Алфамитите тоа чекаа. Во нивните раце стапови, чукала, железни шипки, камшици... Ние се собравме куп. Стегнати една до друга.

Времето измина! - викна командантот.

Алфамитите не построија, потоа не поделија во групи од по четириесетина жени и девојки и наредија да појдеме. Пред нас одеа двајца и зад нив одевме ние без да знаеме каде. Застанавме на брегот. На два или три чекори над бездната не построија. Не влечеа за коса и не тераа да гледаме долу каде лудуваше и бучеше морето. Помислив дека ќе почнат една по една да не фрлаат во бездната.

Откако добро се изнагледавме, еден од алфамитите рече дека таа која не сака да се најде во бездната и да се удави во дивите бранови нека оди настрана. Молк. Исчекување. Во тишината што настана педесетина жени се одделија и застанаа дваесетина метри далеку од бездната.

Неколку алфамити ги построија и ги однесоа во командата, а нам, на останатите, ни наредија да го продолжиме одењето. И така редум гο посетувавме островот на нашетο превоспитување...

Стравот ме вкочани, ме смрзна, ми го одзеде здивот.

Одев исправена и го гледав островот. Сива карпа. Од секоја страна безмилосно ја бијат брановите. Не видов никаква убавина, ниту едно дрво, ниту една тревка, никаква трага од зеленило, ниту птица во лет, само камен, само песок. Ветерот го вее и ја полни устата, носот, очите; газиш само по аглести и шилести парчиња камен, кои ти ги крвават стапалата.

Газев на бесплодна и сува земја, која подоцна ќе ми стане скоро секојдневен придружник кој долго ќе го полевам со солзи и пот...

На другата страна на островот алфамитите ни покажаа уште пострашни бездни. Над нив по целата ширина една голема карпа и долу, во нејзиното подножје, длабоки бездни. Кога ги забележав, тогаш си ги спомнав зборовите на еден војник -логораш, кого го имаа донесено во Трикери: „Таму - рече тој -се и бездните на смртта каде те измачуваат се` додека не потпишеш...’’ Доцна попладне не вратија во шаторите. Ни поделија студен грав и по парче мувлосан леб. Тоа ни беше јадењето за целиот ден. Не` не оставија да го дојадеме гравот. Влегуваа во шаторите и со викотници, пцости, навреди и закани не истераа надвор. Наредија да се построиме. Поминуваа меѓу редовите и тепаа. Со камшици, со стапови, чукала, тупаници, влечење за коса, клоци, шлаканици. Лево и десно паѓаа жени удирани по глава, плеќи и гради. Викотниците на ужасот, жалосните и молежливите плачења, извиците на болка, страшните офкања и лелекања се сплетуваа во еден крик. Притрчуваа алфамити и на носила ги пренесуваа тие, кои веќе немаа сила да стојат, кои веќе окрвавени лежеа во смрзнатиот песок.

Врз мојата глава и плеќите злобно свиреше камшикот.

Броев: пет, шест, седум...

Избројав до дваесет и повеќе не можев. Паднав. Легнав ничкум и со рацете си ја бранев главата. Тешките војнички цокули се` повеќе ми го здрвуваа телото и над мене не престануваше да вика зарипнатиот глас на алфамитот:

- Ајде, сега, сега, кучко, потпиши! Ќе потпишеш или да те убијам?

За миг престанаа ударите. Алфамитот ме зграпчи за косата, ме крена, ми нареди да ги собујам чевлите и викна:

Напред! Пред мене! Таму над бездната ќе собереш ум!

Тргнав.