КАКВА ВРСКА СУМ ИМАЛА СО ИНТЕЛИЏЕНС СЕРБИСОТ И ЦИА - Part 04
Против мене клеветничка изјава имаше дадено и Лефтери Кацако, Грк од гратчето Кардица. Пред војната беше полицаец. Се приклучи во КПГ и имаше функции. Кога го запознав во 1945-1946 година беше секретар на КПГ на Лерински окург. Ни правеше многу пречки во НОФ на Лерин и во месните организации по селата. На повеќе состаноци се препиравме пред да се признае НОФ од КПГ. Седумдесеттите години на минатиот век ми испрати писмо од Ташкент да му пуштам гарантно писмо да може да ја посети Македонија, односно Скопје. Бидејќи јас и сопругот имавме направено повеќе гарантни писма на наши пријатели соборци, дури и на такви коишто имаа давано клеветнички изјави за време на процесот против нас во Москва, ја злоупотребивме мајка ми божем како познати пријатели со неа.
Лефтер Кацако мене ме познаваше “многу добро” од расправиите за НОФ, но тој си мислеше дека не ми беше дадена неговата изјава да ја прочитам во Москва, во која најнеодговорно ме напаѓаше како “комунист” на високи функции. Сепак со Минчо решивме да му испратиме и нему гарантно писмо. Дојде со неговата жена Роксана, лекар, хирург. Беа гости во мојот дом. Жена му Роксана е од гратчето Негуш. Се приклучи во партизани кога беше нападнат нејзиниот роден град. Во Ташкент го стекна високото образование и специјализацијата. Ги примивме најгостопримливо, но при еден разговор на Лефтер му реков: “Зошто даде таква изјава против мене?” Се оправдуваше, како сите, дека бил принудуван, но, всушност, не верувал дека НКВД ќе ми го каже неговото име, а уште помалку дека ќе ми ја даде в раце неговата изјава да ја прочитам. Поседа уште некое време, се извиде со доста познати, за нас се иразуваше многу пофално, ја напаѓаше КПГ што го разедини народот и за настаните што станаа во Ташкент. По некоја година, Лефтер со жена му, ќерка му и син му се врати во Грција.
Живее во Атина, но ниеднаш не ни е јавен.
Ми беше прочитана и една изјава без да ми се каже фотографија од некојси Коравешов од селото Смрдеш, Костурско, постар човек. Во неговата изјава имаше најпофални зборови за мене.
Пишува дека тој не ме знае за таква каква што ме прикажуваат: за агент; дека одев во нивното село, зборував на митинзи и ги повикував луѓето да се организираат и да стапат во партизани, да се бориме како Македонци против фашистите, дека не е точно оти сум вршела разорна дејност во организациите: КПГ, НОФ, АФЖ и ДАГ.
Иследникот ми вели дека има и такви изјави, но други вакви изјави не ми прочитаа. На секоја прочитана изјава, на иследникот му велев, ако тие луѓе се во СССР, во Ташкент, “зошто Вие не ме однесете таму и, ако сум виновна, пред сите нив да ме судите. “Е тоа не може”, ми вели Никитин. “Тогаш како ќе ја утврдите Вие вистината што сум јас и која сум?” Секое испитување, дневно или ноќно, траеше 5-6 и повеќе часови, што зависеше од прашањата и моите одговори. Кога ќе ми беше прочитан протоколот, ако бев соглсна го потпишував.
Како што изминуваше времето, чувствував како, и иследникот, и преведувачот се
“пољубезни” кон мене. Никитин не ми викаше како во 1950 година, не ме навредуваше со “зволоч-агент”, а посебно откако се врати од Ташкент и откако бев преместена во Бутирка. Еднаш ме праша дали во ќелијата сакам да сум со други. Си мислам, можеби, сакаат да ми донесат провокаторки, па му велам: “Свикнав сама, читам книги што ми ги давате од руски и странски писатели преведени на руски јазик и го усовршувам јазикот. Единствено можете да ме ставите само со мажот ми. Се смее. Се смеам и јас.
Ми вели: “Е тоа не може”.
На соочување во затворот ми ги имаа викнато: Павле Раковски, Уранија Пировска Јурукова и Паскал Митревски. На нивните обраќања, односно кажувања, јас категорично бев против, не признавав ништо и дека измислуваат лаги за да ме оцрнат. В очи им велев дека тоа што го кажуваат е нивна измилица. Кога бев соочена со Уранија и кога и реков дека тоа што го вели е нејзина измислица, злонамерност само да ми наштети за таа да биде ослободена, плачеше и веднаш ја зедоа. Ми велат: “Зошто така ги навредуваш?” Им велам: “Така и уште повеќе заслужија”. Којзнае зошто и од кого се натерани да кажуваат за мене со што немам врска.
По месец-два, од ќелијата 46 ме префрлија во ќелијата 446, лево крило, барем така ми се чинеше зашто одев по скали. Таа беше помала, а “опремата” иста. Сепак овде беше подобро. За мене беше како “хотелска соба”.
Не можам да ги добројам колку се изјави имаше против мене со невистинитости, и тоа од мои најблиски другари и другарки со кои во најкритичните моменти ги делевме ужасите на војната. Како можат луѓето толку брзо да се менуваат!? Јас бев воспитувана да бидам чесна, да им верувам на луѓето, па им помагав, но почнав сега и јас да се менувам. Заклучив: секому не треба да се верува, зашто во луѓето има злоба, страв, некои по занимање се полтрони и кодоши.
ОСУДЕНА ОСУМ ГОДИНИ ЗА НЕДОКАЖАНО КРИВИЧНО ДЕЛО Скоро трета година сум во самица, затворена како ѕвер, без вина
– виновна. Ги мерам и ги премерувам ќелиите во кои ме ставаат, одам од едно до друго место за да не заборавам да одам кога не сум на испитување. Им благодарам на “газдите” што ми дозволија да читам. Ми носат руска белетристика од руски автори и од странски преведени на руски јазик. Добро е: ем времето некако го исполнувам, за миг се оттргнувам од лошите мисли и помисли, а стекнувам и знаења и подобро совладување на рускиот јазик.
Особено Толстој ме воодушевуваше. Понекогаш, читајќи, заборавав на знакот за легнување, па стражарите ме опоменуваа.
Едно попладне дежурниот ми вели да се спремам за на бања, односно туш. Тоа беше обично секои 15 дена. На 8 Март повторно се прикажувал журналот од Вториот меѓународен конгрес на демократските жени во Будимпешта (1-6 дек. 1948). При спроведувањето на туш, кога слегувавме по скалите, ми вели: “Ви Гркиња, бидејќи ме видела на журналот во грчката делегација. И реков дека не сум Гркинка, туку Македонска. “Ја вам сматрала в картине” – ми вели.
После повеќе денови, бев викната на сослушување. Покрај иследникот Никитин и преведувачот Аристотелис Папунидис, на сослушувањето присуствуваше едно лице во цивилна облека. Тој својот стол го доближи до моето столче. Ми се виде како некоја поголема личност во хиерархијата на НКВД, КГБ, МТВ. По овој редослед тогаш се именуваше министерството. Љубезно ме парша:
“Курите?” “Да”, му реков. Ми подаде кутија цигари “Казбег” и ми запали. Во мојата глава се вртеа триста мисли, што ќе е сето ова!
-“Верочка, што Ве натера да тргнете по тој пат? – љубезно ме праша човекот.
-Како “по тој пат?!” За мене во тој период на фашистичката окупација немаше друг пат, туку само борба против фашизмот.
Како Македонка малтретирана од грчките реакционерни режими, кога ни беше забрането зборување и на мајчиниот јазик, а потоа дојдоа германско-италијанските и бугарските окупатори, потоа англоамериканската интервенција, нашиот пат беше за национално и социјално ослободување, беше борба против окупаторите и нивните слуги” – му велам.
По вторпат ме праша: “Ти си Македонка?” Кога му реков “да”, му кажав како живеевме како Македонци во Грција. Му одговорив и на прашањето: “Зошто се приклучивте со Тито?” Но којзнае кој пат за тоа зборував пред иследникот Никитин. Ми вели: “Не нервирајте се, Верочка, само Ве прашувам”. Според мое мислење, овој човек ќе да беше некој од помошниците на Абакумов – министерот за внатрешни работи на СССР. Мислам дека се викаше Анасимов, еден пристоен господин.
Пак минуваа денови. Само на 15 дена ми ги менуваа книгите за читање, под туш и ништо повеќе. Овде прозорецот ми светеше како во пролет. Едно утро слушам оддалеку песни. Ми носат порција ориз. Тоа ме потсети дека е Први мај 1952 година.
Црвениот плоштад беше близу до затворот Бутирка. Два дена по ред се слушаа песни. Пеев и јас во ќелијата. Ги пеев руските револуционерни песни што ги знаев.
Подолго не сум викната на сослушување. Едно утро ме викаат, и тоа не на сослушување туку во бокс. Се чудам, си мислам дека пак ќе ме носат некаде, но зошто без мојот багаж?! Се отвора вратата од боксот и еден офицер со хартии во рацете ми ја чита пресудата:
“Закључонаја Вера Николовскаја, ана же Евдокија Балева, осужонаја особое савештание по кривичниот закон на РСФСР, член 58, став 4, 6, 11 на 19 април 1952 година на 8 години трудовие лагереи во Сибир”. Јас не разбрав ништо што ми прочита. Како што дознав подоцна во сибирските логори од затвореничките од Русија и од странство, тоа “савештание” ти било за недокажано кривично дело. Така можат да те држат цел живот, ми велат затвореничките. Таа пресуда патуваше заедно со мене во управата на логорот во кој бев одредена.
На крајот од мај 1952 година ме повика иследникот Евгениј Константинович Никитин. Ме праша љубезно: “Како си Верочка?” -Добра сум, а што беше тоа што ми соопштија? – го прашувам.
-Сега ти ќе одиш во Сибир во трудовите логори. Таму има многу затворенички, има и добри, ти нема да си повеќе сама. Да не се плашиш! – ми објаснува.
-Свикнав на се. Нема од што да се плашам. И тие се луѓе. Нема да ме изедат... – редам јас и се чудам каква е оваа пресуда без да ме изведат на суд.
Иследникот Никитин ми даде кутија цигари. Се поздрави со мене за последен пат. Се ракував со Евгениј Константинович Никитин, мојот иследник, ми се стори разделбата другарска после две и пол години “дружење”.
Во затворот Бутирка доживотно беше осудена Капланова која стрелаше и го рани Ленин, а работела во затворската библиотека, по желба на Ленин не беше ставена во самица, како што велеа затвореничките таму се породила и добила син.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/do-pekolot-i-nazad/11 le 29 octobre 2026