Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

To Hell and Back

НА ПАТ ЗА СИБИР - Part 04

Par Евдокија Фотева - Вера · Partie 15 sur 16 · Environ 21 minutes

Lire en English

Минчо врти низ холот, нестрпливо чека да јават кога ќе има авион за Белград. Едно време Минчо вели: “Вера, стани, тука е Лазо”. Јас помислив дека дојде Лазар Поплазаров од Алма Ата и другите, па останав на фотелјата. Минчо ми вели дека тука е Лазар Колишевски. Одвај станав. Минчо отиде да се поздрави со Колишевски, а тој му вели: “Каде е Вера?” Некако отидов и се поздравив. Во меѓувреме и Љупчо Арсов штотуку пристигнал со една делегација од Белград. Лазо ни рече дека и тој се враќа и не запозна со еден Русин што беше во негова придружба и му вели:

“Еве, и овие се Македонци и патуваат за Југославија”. При поздравувањето со Русинот, му велам: “Ние се познаваме од Албанија. Вие сте Петров”. Тој се стаписа. “Ви благодариме што останавме живи. Вие не спасивте да не бидеме стрелани во Бурели, во 1949 година” – му велам.

Се упативме кон авионот со кој пристигна Љупчо Арсов со стопанската делегација, а Колишевски се враќаше од одмор во Сочи.

ОД АВИОН ВО ПОРОДИЛИШТЕТО НА БОЛНИЦАТА ВО САВСКИ ВЕНАЦ Авионите тогаш на линијата: Москва-Будимпешта-Белград одеа девет часа. Некако се качив во авионот. Одвај се држев на нозе.

Стјуардесата ми помагаше. Тешко ми паѓаше паѓањето на авионот во безвоздушните простори. Пилотот еднаш не предупреди дека ќе наидеме на безвоздушна душка од 50 метра. Времето ветровито.

Минчо само ме бодреше да издржам. За моја среќа, поради лошото време, авионот не слета во Будимпешта. Ако слеташе, можеби ќе останев таму, бидејќи во октомври фатија познатите будимпештански настани. Не бев во свест кога рекоа дека стасавме во Белград. Тоа беше на 25 август 1956 година.

Од авион со брза помош бев префрлена во болницата во Савски Венац, Белград. Ме прими лично управникот Лукиќ и тој лично ме породи веднаш зашто немаше време за другите постапки. Го крена в раце детето и ми вели: “Русинке или Гркинке, што си, детето е здраво”. Успеав само да му речам дека не сум Русинка, ни Гркинка, туку сум Македонка и требаше да се порадам во Скопје.

Сигурно на управникот Лукиќ му имаа јавено од Министерството за надворешни работи што се беше подготвено и што лично ме прифати. Ме праша како да го запише, под кое име, детето. Јас му реков: “бебе”. Уште ми рече дека детето е тешко 3,5 килограми и 52 сантиметри долго, но “може да се одрази на тебе”.

Се расплакав. Лекарот ми вели: “Ајде Русинке, тој ќе стане голем човек. Немој да се возбудуваш! И објацата ќе бидете под наша контрола”.

Минчо чекаше во холот. Му рекоа дека има син, дека детето е добро, но може да се одрази на здравствената состојба на мајката.

Ме префрлија на четврти кат. Сама сум во собата. Потоа ми го донесоа детето да го видам. Тие моменти ми беа тешки, не можат да се опишат, посебно што пак сум сама во собата. Тоа ми асоцираше на проклетите ќелии. Одвреме-навреме доаѓаше хигиеничарката и ме тешеше: “Нимој да се секирате, се ќе биде добро. Македонецот ќе стане голем човек”. Јас се уште не бев свесна што се ми се случи.

Во Скопје Минчо им јавил со телеграма дека јас сум во болница и имаме машко дете. По два дена ете ти ги: мајка ми со снаа ми од братучедот Петре, Олга Пејова Ангелкова и помалиот брат на Минчо, Алки, дојдоа во Белград. Јас само одозгора од прозорец ја видов мајка ми, која не веруваше дека сум таму, дека дојдовме. И за неа сето тоа како да беше сон. Снаа ми Олга, инаку бабица, зела еден бел мантил од сестрите и се качи горе во собата кај мене да ме види мене и детето за да се убеди мајка ми после толку години дека сум жива.

Дојдените од Скопје следниот ден си заминаа. Минчо остана в хотел, мислејќи дека за некој ден ќе ме пуштат и заедно ќе си одиме во Скопје. Но мојата здравствена положба не се подобруваше. Управникот никако не сакаше да ме испушти од болницата. На Минчо му реков да си замине, барем тој да е покрај мајка ми и другите наши.

И по 15 дена мојата здравствена состојба не се подобруваше. Не бев свесна дека породилната температура била опасна. Се качуваше до 40 степени. За детето се грижеше персоналот. Како што ми велеа, тоа напредуваше. Мојата температура никако да се намали и покрај лекарствата што ги добивав. Двапати дневно ми го носеа детето да го видам.

Разочарана, на хигиеничарката еден ден и побарав хартија и молив. Напишав телеграма, во која на моите во Скопје им велам:

“Дојдете да го спасите детето, бидејќи јас сум во критична состојба”. Сите ме тешеа: “Немој да се грижиш, се ќе помине. Ти си во добри раце, а твоето дете ќе стане силен човек. Не гледај што сега се наоѓаш во таква состојба”. Детето двапати дневно го доев.

Тие ме тешат, а јас си велам: “Ах, мори сестри, браќа, да знаете под какви услови, какви маки видов додека дојдов овде и ќе ми било подобро. Нема за мене подобро, туку сум среќна што на свет на мајка ми ќе и оставам внуче...”, редам во себе.

Моите во Скопје ја добиле телеграмата точно кога ручале.

Истиот ден золва ми Олимпија, најголемата сестра на Минчо, сопруга на Паскал Митревски, со кого заедно бевме, но порано се врати и ја знаеше нашата положба, тргнала и следното утро еве ја во Белград и ме посети в болница, користејќи бел мантил. Ме гледа во каква положба сум, го виде и детето и ми вели: “Јас овде имам познати. Ќе останам два дена. Ти нема да му кажуваш на управникот колку температура имаш. Термометарот ставај го малку подолу и вели им дека ти е подобро и заедно ќе си одиме во Скопје”.

Така постапив. По два дена, од болницата ми дадоа исписница за мене и за детето, ми дадоа лекови и вештачко млеко, Олимпија обезбеди билети за воз. Се поздравив со персоналот на болницата, посебно со управникот Лукиќ и заминавме за Скопје. Возот уште од Белград беше преполн со народ, а и на секоја станица се качуваше многу свет кој се преселуваше во Турција. Имавме обезбедено купе, но кога дојде кондуктерот и ни ја виде маката, не зеде кај него, во неговото купе, за да бидеме побезбедни.

Кондуктерот беше Македонец од Гевгелија. Се спријателивме.

Подоцна повеќепати доаѓаше кај нас во Скопје. Мила ни беше неговата посета, сакавме да му се оддолжиме со љубезност и почит.

НАЈПОСЛЕ ВО СКОПЈЕ Во Скопје стасавме ноќе. На железничката станица не чекаа:

мајка ми, Минчо, братучед ми Перо, помалата сестра на Минчо, Марика и нејзиниот сопруг Васко Макриевски, наш соборец во антифашистичката војна. Од нестрпливост, детето и мене не извадија преку порзорец, бидајќи не можевме брзо да слеземе по скалите. Перо и Васко, обајцата високи, ме фатија подмишки, Олимпија детето и го даде на мајка ми да го носи, јас се држам за Минчо и се упативме кај Перо, кај кого живееше мајка ми, на улица “Илинденска”. Снаа ми со девојчето Василка и Дочка не чекаа. Сега таа зграда не постои, таму беше ЦК на КПМ, сега на Владата на Македонија. Станот беше еднособен. Мене со детето и мајка ми не ставија во спалната, а Минчо со сестра му отидоа кај нив. Мене температурата ми се покачи. Снаа ми Олга се грижи за детето, бидејќи беше акушерка, си ја знаеше работата, работеше во Градска болница.

Кога доаѓаа другиот ден роднини и пријатели да не посетат, на мајка ми и велеа: “Колевице, ти испрати една, ама сега ти дојдоа тројца”. Мајка ми не знаеше што да прави со мене. Перо го скрши термометарот, велејќи и дека е неисправен, само да не ја знае мојата вистинска температура мајка ми. За моја среќа и за среќа на детето, по некој ден, дојдоа да не посетат Антоние Шкоклев, мој земјак и соборец, и жена му Дара, која работеше во управата на гинеколошката болница во Скопје, а таму работеше и Олга. Кога ме виде Дара во каква состојба сум, им се развика на сите кои беа дојдени да ме посетат: “Гледате жената не може да зборува! Ајде, спремајте се и со мене во болница. Овде ќе ја умрите”.

В болница Дара ме стави во посебна соба и им вели на сестрите:

“Ќе продолжите со инекции пеницилин и стрептомицин и ќе се грижите за детето!” Тука беа вработени се мои познати другарки како сестри и акушерки: освен снаа ми Олга, Христина Љочкова и Султата.

Под грижа на докторката гинеколог Дара в болница останав до почетокот на декември, кога бев доста опоравена, а продолжив со лекарствата што ми беа препишани, а за детето, освен мајка ми се грижеа: снаа ми Олга и малите Василка и Дочка, поради што ние ги викавме “малите мајки”, кои сега се баби на нивните внучиња.

Така некако течеше уште мојот мачен живот, иако бев на слобода, но не можам да им го заборавам доброто на сите кои на свој трошок ми помогнаа во тоа време. Меѓу нив да споменам некои.

Додека не бев во болница, мојата стрина Лефтерија Пуровска скоро беше породена, со ќерката Зорица, и постојано идеше да ми го дои детето. Зорица е познатата наша балерина. Благодарение на Дара Шкоклева се опоравив. Таа подоцна со сопругот се преселија во Белград. Антоние работеше во ВМА, по чин беше генерал, кој прв во Југославија ја примена кинеската акупунктура.

ГРИЖАТА И ПОМОШТА НА ЛАЗАР КОЛИШЕВСКИ Лазар Колишевски со Минчо ни беше добро познат уште од времето кога ние долу ја водевме Граѓанската војна на Грција против монархофашистите. Тој добро го знаеше ставот на НОФ и на АФЖ и кои страдаа(т) за тоа уште. Со него јас и Минчо имавме и лични контакти кога Југославија го помагаше нашето движење.

И покрај се, сметам нашето заедничко патување од Москва до Белград кај него оставило посебен впечаток што не можел да го заборави, посебно мојата состојба во која што бев во тие моменти.

Во почетокот на декември 1956 година од Кабинетот на Лазар Колишевски кај нас дојде еден службеник и не покани да одиме кај Претседателот. Отидовме со Минчо. Лазо не прими љубезно како стари познаници. Не прашуваше како сме и каде сме сместени. Тој беше добро запознат со нашата положба. Меѓу другото, во дискусијата ни рече: “Ние за вас долго се интересиравме. Ангажиравме доста другари, но не можевме да дознаеме каде се наоѓате. За тебе, Вера, ни рекоа дека се наоѓаш во Кина”.

-Јас му реков, требаше да одам во Кина по покана на кинеската делегација на жени што присуствуваше на Вториот конгрес на мирот, одржан во април 1949 година во Прага, односно во трите градови: Париз-Прага-Токио. Јас не бев во Париз затоа што француските власти не ни даваа виза. Додека се одржуваше конгресот, се ослободи Шангај од Чанк Кај Шек. Кинескињите беа многу радосни и не поканија мене и Рула Кикулу, жената на Захаријадис, да присуствуваме на нивниот конгрес на жени. Но по настаните што се случија кај нас, не бев на слобода, а камоли да одам во Кина. Дали Рула беше не ми е познато, па затоа Ви пренесле гласови дека сум во Кина.

Му се обрати на Минчо Лазар Колишевски и му вели:

-Сега е отворена една управно-правна двегодишна школа. Треба да се запишеш во неа. За време на студиите ќе добиваш стипендија.

-Ти, Вера, кога ќе се почувствуваш способна за работа, ќе те вработиме како референт по илинденски пензии, бидејќи тоа место е слободно кај Вене Георгиевски. За овие прашања ќе се обратите кај секретарот на Извршниот совет Васил Ѓоргов и ќе добиете решенија и парична помош.

Тогаш Васил Ѓоргов беше претседател на комисијата за прифаќање на Македонците кои масовно изјавуваа желба да се населат во Југославија од источноевропските земји, бидејќи им беше забрането да се вратат во Грција. Бугарија преку своите амбасади им нудеше на протераните Македонци од Егејска Македонија да се населуваат во неа под услов да се искажат за Бугари. Таму отидоа некои Македонци кои од порано имаа свои роднини. Особено е важно да се знае дека во Бугарија отидоа и некои кои беа огрешени кон НОФ и АФЖ, кон македонските идеали и што шуруваа со бугарската пропаганда против Југославија. За техничките прашања на Егејците беше формирана посебна служба, на која одговорен беше Благој Даскалов, која се грижеше за парична помош, сместување, и друго по прифатилиштата.

-За Вашето сместување, односно за Вашето станбено прашање ќе се обраќате кај другарот Иван Крстевски, кој е одговорен за техничките служби во Извршниот совет. Сега се гради една наша зграда. Ќе добиете решение за стан во неа што ќе го одберете.

Уште Ве потсеувам, продолжи другарот Лазар Колишевски, дека долги години се далеку зад нас, но сега ќе треба да се вклучите во политичкиот и во државниот живот на нашиот живот и подалеку од фракциите. Знаете, тука имаме формирано еден одбор за решавање на прашање за Егејците. Дадовме големи средства за решавање на станбеното прашување, но тие се поделија на групи.

Јас ги повикав одговорните и им реков, ако продолжите така, ќе ве протераме и тој одбор беше растурен.

Овие совети на Лазар Колишевски ни беа многу корисни во нашето понатамошно делување. Навистина и едните и другите фракции ни приоѓаа и се напаѓаа едните-другите. Секои ја кажуваа вистината поинаку, а нема две, туку само една вистина. На тие кои дезертираа од ДАГ, од НОФ, кои ја напуштија борбата, оставајќи го народот на милост и немилост, без разлика што во наше отсуство овде протежирале (усно и писмено) лаги воопшто не им веруваме. Тие секогаш и долу, во Егејска Македонија, во КПГ, НОФ, АФЖ, НОМС се служеа со интриги. Таквите овде ја извртеле вистината за ДАГ и НОФ за 180 степени, мислијќи дека вистинските и доследните раководители не ќе се вратат живи.

Користевме секоја прилика да ги коригираме тие лаги и клевети.

Реагиравме и во печатот. Затоа се што е пишувано до нашето доаѓање, а нешто и потоа, треба да се проверува во науката. Токму поради таквите дошло до растурање на тој одбор за кој ни зборуваше Лазар Колишевски. Секој може да вели што сака, но Лазар Колишевски си остана доследен Македонец. Со него имав чест и во последните денови од неговиот живот да разговарам на негово барање по едно мое истапување на телевизија за проблемите на Егејците, за Егејска Македонија.

Ние со Минчо по природа бевме вистинољубиви, воспитани на чесност. Така делувавме во борбата, така се држевме во притворите, затворите, во логорите. Бевме далеку од туѓи влијанија. Секому в очи му ја кажувавме вистината. Си останавме доследни на македонската организација НОФ на Егејска Македонија. Им се спротивставувавме на сите кои побрзаа да си ги оправдаат своите гревови против нашата борба, со разни симулирања, интриги и дезертерства. Трн в око им бевме на оние кои дезертираа, на разни начини, кои побрзаа да се погрижат само за своите семејства, оставајќи го народот на цедило, а Минчо беше тактичен тоа на негов својствен начин да им го обелодени.

Постапивме со Минчо по советот на Лазар Колишевски. Минчо се запиша на управно-правната школа. Ја заврши за две години со одличен успех и се вработи како виш референт во Секретаријатот за општа управа при Извршниот совет, а потоа како советник во Министерството за правосудство, од каде и се пензионира.

Станот го добивме во првата половина на декември 1956 година на улица “Христо Ботев” бр.34, близу до старата железничка станица. Сега таа улица се вика “Мито Хаџивасилев-Јасмин”, а нашиот стан е бр.6/III-2. Тогаш детето ни имаше три месеци. Со нас дојде и кутрата ни мајка Невена, која не знаеше како да ни угоди, да ни помогне, бидејќи ние немавме ништо. Се служевме со нејзината “покуќнина”. Првиот месец спиевме на под со детето.

Почнавме од почеток куќа да куќуваме, но со труд, со штедење и кредити дојдовме до пристоен живот.

Во фебруари 1957 година јас се вработив во Извршен совет на Македонија како референт за илинденски пензии. Тогаш ги имаше околу 3 000 пензионери во Република Македонија. Илинденските пензии беа од две до три илјади динари. На илинденските пензионери им дававме и по 4 000 илјади годишно за годишен одмор. Меѓу тие илинденци беше и Шакир војвода од Прилеп, па Роса Плавева, сопруга на социјалист од Велес. Пензиите далеку беа да се накаква компензација на заслугите на илинденците. Тие повеќе беа симболични. Можеби на некои повеќе им значеше илинденската споменица 1903. Потоа се префрлив во Бирото за претставки и поплаки при Извршниот совет како виш референт.

Оттаму и се пензионирав.

ОД ЗБОРОТ ДО ОФИЦИЈАЛНИОТ БРАК – ДЕЦЕНИЈА Кога дојдовме во Скопје, добивме државјанство, лични карти.

Првото дете веќе има три години, а второто е на пат, а ние не сме официјално регистрирани, венчани. Требаше да ја извршиме и таа законска формалност зашто децата ќе ни се водат незаконски, вонбрачни.

Една недела во 1959 година се најдовме во Матичната служба на град Скопје. Терминот на денот на регистрирањето го закажаа:

Душан Димов, претседател, и Велко Илиевски, секретар на општината Кале. Сведоци беа: Томо Чангов, другар на Минчо од родниот му град Хрупишта и зет му за сестра му Марика, Васко Макриевски.

Матичната служба на општина Кале достави барање до соодветната служба на белградската општина Савски Венац на нашиот син, роден на 25 август 1956 година, да се запише по име Лазар Фотев, според името на таткото на Минчо, што е наш егејски обичај. Кога на 1 мај 1959 година ни се роди вториот син, го доби името на татко ми, Никола.

Од збор даден во борбата, со зборот живеано по притвори, затвори и логори, до можноста за официјализирање на нашиот брак со Минча помина цела деценија. Нашата “свадба” беше најдолга, радосна и тажна, но секогаш еден за друг живеевме, еден заради друг издржувавме секакви тортури во самиците. Со добар збор живеевме скромен, но човечки живот.

НАШИОТ ДОМ – ОТВОРЕНА ВРАТА ЗА СЕКОГО По нормализирањето на односите со Југославија, од источноевропските земји Македонците масовно доаѓаа Македонија со своите семејства. Се разбира, сите со нерегистрирани бракови, со малолетни деца, но по добивањето државјанство се регистрираа. Тие години во нашиот дом, во тој период, престојуваа повеќе семејства, и македонски, и грчки, со мешани бракови, се додека не беа сместени во прифатилишта или по станови во Скопје или во внатрешноста.

На двапати во нашиот стан престојуваше и генералот Маркос, генералот Георгиос Кикицас, Химарос и многу други високи функционери на антифашистичката и Граѓанската војна на Грција, како и полковниците: Илија Пападимитрију-Љакос, Ахилаес Папаиоану, Гјани Пацурас, Алеко Папамадјоту, Танаси Хази, Ренос Михалеас и многу други. Доаѓаа Грци од европските земји за видување со своите од Грција, а потоа се иселуваа во Грција, како Дефтери Кацако, функционер, на КПГ и др. Тоа беше според законот од 1982 година на Андреас Папандреу: во Грција можат да се вратат само Грци по род, а за нас Македонците не ни се даваат ни визи за влез во Грција да им запалиме свеќа на нашите починати таму.

Генерал Маркос Вафијадис, во нашиот дом престојуваше во 1978 и 1981 година, тој за моето село Д’мбени и за нашите херои напиша прекрасни зборови, неговите искажувања во ракопис на грчки јазик се поместени во монографијата “Костурското село Д’мбени”, издадена во 1996 година од Лазар Попјанев.

Ахилеас Папаиоану пред да се пресели во Грција ни го подари ракописот за историјата на неговото село Калевишта, (монографија напишана од 1963 до 1970 година) во СССР.

Исто така Алекос Папанајоту историчар во Институтот за национална историја на Македонија, пред да се пресели во Солун со семејството ни го подари ракописот “За ударот од грб” во која се зборува како Захаријадис ја имаше наклеветено Југославија и Тито.

Многу наши другари, како и мојот сопруг, со болка го напуштија земниот свет без да имаат можност да ги посетат своите домови.

Таа неправда со визите трае и до ден-денешен, а Грција е во ЕУ.

Јас доживеав после 54 години, на 17 јули 2003 година, заедно со моите двајца синови Лазар и Никола, да ја посетам мојата родна куќа, односно местото на коешто беше мојата родна куќа зашто во 1948 година моето село Д’мбени беше дотемел изгорено, а потоа срамнето со земјата. Го посетивме и местото на мојот покоен сопруг Минчо, на кое дојденци имаа изградено куќи во Хрупишта.

Ги посетив и местата на кои се боревме со Минчо пред да бидеме затворени, па местото каде што се одржа Вториот конгрес на НОФ во март 1949 година. Од оваа посета имам снимки на сите места, како и на мостот меѓу Големото и Малото Преспанско Езеро.

Грчката држава ни дозволи со децата-бегалци, односно малолетните деца кои од војната во 1948 година беа евакуирани, на 20 август 2003 година да посетиме повеќе градови, меѓу кои:

Костур, Лерин, Воден, Сорович, легендарниот Вичо на кој се водеа тешки борби и со германските и со монархофашистичките орди. Ги посетивме и македонските села кои останаа скоро без жители.

И овие посети на Леринско, Воденско и Костурско како да беа дел од мојата долга свадба. На се се потсетив, за се си спомнав како да беше вчера, а не пред повеќе од половина век.

Навистина со сопругот Минчо, како што ни рече Лазар Колишевски, активно се вклучивме во севкупниот живот на Република Македедонија (за што делумно ќе стане збор во кусите автобиографски белешки), а мене во младоста, во Д’мбени и Костурско ме врати пејачко-фолклорната група “Костурчанки”, со која често на сцена ја прикажувавме нашата д’мбенска, нашата трагична “егејска свадба”.

Монографијата “Костурчанки” е напишана од д-р Стојан Ристески во 1988 година.

Сликата “костурчанки” по ред песнопејките:

Кола, Вера, Лена, Лина, Василка, Хриса, Бода, Мита, Цана и Марика, сите тие се од коструско кои многу придонесоа за спасување на нашето фолклорно богатство.

Во октомври 2003 година Факултетот за музичка уметност, под раководство на композиторот Бужаровски имаше промоција на најновите музички видеоизданија на ИРАМ И ЗА “КОСТУРЧАНКИ” , за тоа наше културно национално богатство.

Ренос Михалеас, грк родум од Пелопонез, за време на Метаксасовата диктатура во Грција беше повеќе пати затворан, но со окупацијата на фашистичките орди на Германија, Италија и Бугарија, беше ослободен и веднашстапи (се вклучи во антифашистичката војна на Грција од 1941 до 1944 година. Беше политички комесар на 9-тата Дивизија на ЕЛАС и во тоа својство беше присутен при формирањето на Првиот Македонски батаљон на 2-ри Август 1944 година. Тој потполно се согласуваше и се залагаше со и за остварување на националните права на Македонците во Грција, согласно Техеранската повелба и поради тоа дојде со во судир со раководството на КП на Грција.

Во 1945 година со доаѓањето на Захаријадис во Грција, Ренос падна во немилост. За време на Граѓанската војна во Грција беше прогласен за луд поради своите убедувања и беше интерниран во Романија во градот Клуз на север. Во тој град по резолуцијата на Информбирото беа нтернирани и други Грци кои не се согласуваа со ставовите на Захаријадис но исто така и многу Македонци како:

Доне Сикавица (претставник на НОФ за грижа и воспитуваље на децата во домовите во Источните земји, кој заедно со Петрос Кокалис министер за просвета на Привремената Демократска Влада на Грција беа задолжени за детските домови), потоа неговата сопурга Милка Џамбазова (учителка и воспитувачка по македонски јазик), исто така и Кула Каранџова (учителка во детскиот логор Тулкез во Романија), потоа Фоти Илковски (раководител на Културно просветната група на НОФ), Алексо Дуковски и Ристо Поптрајанов (задолжени за детските литературни изданија во Букурешт) и уште многу други Грци и Македонци непожелни тогашза партијата, без право да излегуваат од градот Клуз.

Слични логори на непожелни за КПГ, односно лично за Захаријадис, и Грци и Македонци, во тој период имаше и во Полска во кои беа интернирани Уранија Раковска (сопругата на Павле Раковски кој се наоѓаше во затвор во СССР со неговото малолетно девојче), потоа Петре Аспровски, Тане Наумов, Герман Дамовски Стариот, Коста Кирков и многу други раководители на организацијата НОФ.

Такви логори имаше и во Чехословачка.

На крајот Захаријадис го направи “погромот” (меѓусебно напаѓање помеѓу приврзениците на Захаријадис и на Маркос) во градот Ташкент меѓу Грците и Македонците партизани негови неедномисленици и на крајот советските власти и него ги интернираа во местото.

Боровици од 1956 година до јуни 1962 година, а потоа во Сургут-Тјумен до 01 август 1973 година каде неможеше да ја поднесе осаменоста и сам си го одзеде животот.

Во 1991 година за Захаријадис е издадена книга во Атина со наслов “Основач и жртва”.

Ренос Михалеас се врати во Атина, каде издаваше свој весник, го посини детето на еден свој погинат другар и се грижеше за неговото воспитување.

Во Скопје беше поканет на симпозиум во Институтот за Национална Историја на Македонија и тогашми ја даде оваа фотографија за спомен. Навратил во Скопје уште неколку пати, пропатувајќи за Франција каде ја школуваше својата штитеничка.