Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

To Hell and Back

НА ПАТ ЗА СИБИР - Part 05

Par Евдокија Фотева - Вера · Partie 16 sur 16 · Environ 11 minutes

Lire en English

НИЕ РЕХАБИЛИТИРАНИ, А ЗАХАРИЈАДИС СЕ САМОКАЗНИ Уапсените, малтретирани по затвори, логори и во прогонства раководителите на НОФ на Егејска Македонија бевме најзаслужни за масовното учество на Македонците во борбата за слобода и демократија на Грција. Ние бевме криви само што останавме живи, веејќи го борбеното знаме докрај. Тоа добро го знаеја чесните членови на КПГ, а го знаеше и Захаријадис, но им служеше на своите господари, не знаејќи дека е за еднократна употреба. Нашата вистина јавно ја призна КПГ во 1956 година. ЦК на КПГ не рехабилитира како Македонци демократи, како антифашисти, кои заедно со грчкиот народ се боревме за слободна и демократска Грција, за национална и социјална слобода на Македонците во Грција.

Подоцна, Никос Захаријадис доживеа да биде дури исклучен од КПГ и да биде интерниран. Кога ние бевме рехабилитирани, тој, генералниот серетар на КПГ, во 1956 година, поднесол молба до ЦК на КПГ да биде примен како обичен член на КПГ. Меѓутоа, му било одговорено дека и како обичен член не може да биде повратен во Партијата зашто и како таков за неа ќе биде штетен.

Захаријадис до крајот на 1956 година беше во местото Боровица, а од јуни 1962 година во Сургут-Јумен во СССР. Не можејќи да го издржи ударот на својата партија, на 1 август 1973 година се самоказни, ставајќи си го јажето околу врат. Неговиот крај најдобро зборува што нечовек беше (сестрани информации за овој самоубиец се даваат во книгата “Основач и жртва” што е издадена во Грција во 1991 година).

Ете, вистината за нас уапсените и протераните излезе на видело.

Но што од тоа кога нема враќање за црната судбина на Македонците од Егејска Македонија, кога не може да се поврати изгубеното од најдобриот период од животот! Сепак, моралната сатисфакција многу значи за нас, а посебно за сегашните и идните генерации.

АВТОБИОГРАФСКИ БЕЛЕШКИ Се викам Евдокија, а според народната традиција во мојот роден крај, скратено или нагалено Кича. Родена сум на Илинден (2 август) 1926 година во село Д’мбени, Костурско, од родители:

Никола Балев и Невена Мангова. И двете фамилиии на моите родители се со револуционерна традиција.

Татко ми скоро и не го помнам. Тој отиде на печалба во Канада кога јас имав нецели три години. Грижата за мене падна целосно на мајка ми.

Основно училиште завршив во родното село Д’мбени. Имав желба да го продолжам образованието. Можеби таа желба кај мене ја разбуди мајка ми по сугестии на татко ми. Да ја остварам таа желба ми помогна учителот Лазарос Хазизисис како на одлична ученичка. Тој беше човек со напредни идеи, од костурското село Лошница. Така, по положувањето на прогимназискиот курс, се запишав во прва година гимназија во Костур, но набргу доживеав понижување, и од наставниците, а посебно од градските ученички.

Тогаш беше реткост женско дете од село да учи средно училиште, а јас, пак, уште од револуционерното село Д’мбени. Кога ќе ме прашаа од каде сум, ми велеа дека сум “Вулгара хорјатиса” (“Бугарка, селанка”). Кога сум “ хорјатиса”, што сум дошла да учам, ми велеа. Бев сконцентрирана да се истакнам во учењето.

Кога многу од тие богаташки градски ќерки ги надминав во учењето, со некои од нив и се спријателив, ама никогаш не го заборавив тоа “Вулгара хорјатиса”, како мечката што не ја заборава навредата од јагленарот.

Живеев во Костур кај мои роднини. Мајка ми на секој пазар во Костур (понеделник, среда и петок) носеше дрва да ги продава за моја издршка, а храна ми носеше од село, односно за мене и за роднините. Така тогаш се издржуваа селските деца.

Доживувајќи ги навредите во Костурската гимназија, дури тогаш ги сфатив кажувањата на д’мбенските комунисти: Стасо Караџа, Кољо Караџа, Малбро Москов и други уште во 1932-1935 година се собираа од куќа во куќа и жените комунисти: Дана Караџова, Мара Караџова, Дана Ставкова, баба Рина Кенкова и зборуваа за неправди, за излезот од експлоатацијата. Кон оваа група на комунисти беа приклучени и жените чии мажи беа на печалба во Америка, Канада и Австралија: мајка ми Невена и други. Ними им раскажуваа за револуцијата во Русија, за добиената слобода, за немањето таму никаква експлоатација. Сето тоа за мене беше како приказна. За време на верските празници си доаѓав во Д’мбени.

Антирежимското настроение кај народот доаѓаше се поизразено и покрај Метаксасовата диктатура. Како револуционерно село, власта на Д’мбени строго внимаваше, па затоа во него секогаш имаше полициска станица со 10 до 15 полицајци. На Велигден во 1939 година со своите другарки запеавме на “Срецело” македонски песни. Кога го чуја тоа, полицајците почнаа да пукаат во воздух за да не заплашат. Се разбира, за тоа следеа парични казни.

По објавувањето на војната меѓу Италија и Грција, односно по отворањето на грчко-италијанскиот фронт (1940-1941), го прекинав образованието. Почнаа и првите бомбардирања. Првите д’мбенски жртви беа: Султа Муткова и Мара Љочкова, а ранета Дана Караџова. Беа разурнати многу куќи. Покрај полициската станица, во Д’мбени беа стационирани и две чети војска.

Како симпатизер на прогресивното движење во Грција, во летото на 1940 година бев примена за член на Комунистичката младина на Грција (ОКНЕ), во која организација претходно членуваа:

Љубица Попјанова, Донка Кенкова и Евдокија Караџова. Бев примена во ОКНЕ од Панајот Караџов, мој сосед, и бев одредена во агитационо-пропагандниот сектор. Секретар на ќелијата на ОКНЕ беше Олимпија Попјанова, која во 1939 година завршила домаќинско училиште во Лерин.

Иако во интегралниот текст, како и во автобиографскиве белешки, доста стана збор за организацијата НОФ, ќе ги изнесам уште следниве појаснувања за неа.

НОФ во својот развој имаше разни периоди, но, главно, мина низ три фази: илегалност, признавање од КПГ и зафати за нејзино ликвидирање.

По формирањето (23 април 1945), НОФ делуваше во строга илегалност и самостојно. Во тој период успеа да ги придобие народните маси и во најоддалечените места. Оваа активност на НОФ беше сосема во духот на прогресивните сили на Грција.

Затоа на пленумот на КПГ и на Македонското биро за Македонија и Тракија, одржан на 26 декември 1945 година во Солун, генералниот секретар на КПГ Никос Захаријадис ја призна организацијата НОФ како демократска и антифашистичка и изрази готовност за соработка со неа.

Тоа признавање на НОФ од КПГ Никос Захаријадис го повтори и на 15 јули 1946 година во говорот на митингот во Солун. Таа доверба НОФ ја заслужи како демократска и антифашистичка организација. Така, кога КПГ повика на апстиненција на парламентарните избори од 31 март 1946 година, НОФ го поддржа тој став и успеа во некои места да организира 100% неизлегување на гласање. Воедно на овој ден почна и борба против новиот режим на Грција кога командантот на ЕЛАС Алексос Русос-Ипџиландис ја нападна и ликвидира жандармериската станица во селото Литохоро на Олимп.

На 28 октомври 1946 година дојде до формирање на ГШ на ДАГ под команда на генерал Маркос. НОФ изврши обединување на сите штабови на ДАГ од Грамос, Вичо, Кајмакчалан и Пајак планина.

Постигнатите резултати на НОФ почнаа да и пречат на КПГ, односно на нејзиниот генерал секретар, па се почна со врбување таа организација да се распадне одвнатре. Така, на 20 мај 1947 година членот на Македонското биро за Македонија и Тракија Ѓоргос Еритријадис-Петрис преку Михаил Керамитџиев, член на Главниот одбор, извршија преврат во НОФ, искористувајќи го отсуството на секретарот Паскал Митревски, кој, под изговор да оди на преговори со КПГ во Солун, бил ставен во куќен притвор, а Џорџо Урдов беше претставник на НОФ во ГШ на ДАГ.

Во месноста “Мишова Колиба” на Кајмакчалан се одржа состанок на активот на НОФ, на кој, со помош на внатрешни шпиони, и покрај нашето спротивставување, се реорганизира НОФ во “Координационо биро”. Со тоа НОФ ја изгуби својата физиономија. Се расформира и НОМС, а неговите членови беа пратени во ДАГ. Единствено самостојна организација остана АФЖ.

Дури по Првиот конгрес (13 јануари 1948) НОФ ја поврати својата физиономија. На овој конгрес се донесе програма и статут на НОФ и се избра ново раководство од 35 члена и 15 члена заменици-кандидати. Набрзо по Вториот конгрес на НОФ (25 март

1949) во селото Нивици, Преспанско, дојде до големите борби на Вичо и Грамос, т.е. до капитулирање на ДАГ и нејзино преминување во Албанија. Дефинитивното пресметување со НОФ беше обвинувањето на нејзиното раководство дека е виновно за тој неуспех како “агенти” на Тито, Југославија.

Практично, со нашето апсење престана да постои НОФ. Таа организација живуркаше и во емиграција, но во 1951 година е преименувана во “Илинден”. По иницијатива на Никос Захаријадис, за раководители на “Илинден” се избрани: Пандо Вајна, Ставро Кочев и др. Овие внатрешни непријатели отидоа во Бугарија и сосема престана дејноста на НОФ, т.е. “Илинден”.

Кога ги пишувам овие редови, ми доаѓаат разни размислувања.

Зошто, и покрај големата способност, ние во Македонија страдаме? Зошто со нас туѓинците манипулираат? Така ќе биде додека народни изроди навреме не се откриваат, додека националното не се издигне над личното. Да се надеваме дека така ќе биде.

За миоте заслуги во Антифашистичката и Граѓанската војна во Грција сум одликувана со следните одликувања:

1. Орден за храброст

2. Орден братство и единство со сребрен венец

3. Ордени заслуги за народ со сребрени зраци

4. Плакета на Сојузот на борците на Југославија

5. Јубилеен медал од Руската Федерација, по повод 50 години од победата над фашизмот, 1945-1995

6. Орден, 50 години од ДАГ, 1946-1996

7. Медал на НОФ, 1941-1949 Исто така, добитник сум на многубројни признанија и пофалби, плакети, дипломи и благодарници од боречките здруженија и други општествени културно-просветни организации и здруженија.

За афторот Евдокија Фотева - Вера е родена на 2 август (Илинден) 1926 година во село Д’мбени, Костурско, во семејство со револуционерна традиција. Основно образование завршува во родното село, за потоа да продолжи гимназија во Костур. Поради почетокот на италијанско-грчката војна го прекинува школувањето и активно се вклучува во движењето на отпорот.

Учесник е во Антифашестичката и Граѓанската војна во Грција, за време на кои зазема видни раководни места во ОКНЕ, НОФ, АФЖ итн. По поразот на ДАГ (1949), таа, заедно со десетина врвни македонски раководители е обвинета за “поразот” и оттогаш започнува голготата чии собитија се главен предмет на оваа книга.

Советската “епизода” ја завршува летото 1956 год., и оттогаш живее и работи во Македонија. За нејзините заслуги во Антифашистичката и Граѓанската војна во Грција е одликувана со многубројни одликувања, признанија и пофалби, плакети, дипломи и благодарници од боречките здруженија и други општествени културно-просветни организации и здруженија.

БИБЛИОГРАФИЈА Вера Весковиќ-Вангели, “Жените на Македонија во НОБ 1941-1945”, ИНИ, Скопје, 1976.

Драган Кљакиќ, “Генерал Маркос”, Глобус, Загреб, 1979.

Јован Поповски, “Генерал Маркос – Зашто ме Стаљин није стрељао”, Партизанска књига, Љубљана (Београд), 1982.

Ристо Кирјазовски, “Македонски национални институции во Егејскиот дел на Македонија 1941-1961”, ИНИ, Скопје, 1987.

Стојан Ристески, “Костурчанки”, библиотека Свет и Време, Скопје, 1988.

Костис Папаконгу, “Граѓанската војна во Грција”, Атина, 1995.

Јохана Вебер, “Личности од отпорот”, Агра, Атина, 1996.

Лазар Поп-Јаневски, “Костурското село Д’мбени”, Скопје, 1996.

Институт за национална историја, “Македонски историски речник”, ИНИ, Скопје, 2000.

Музеј на Македонија, Зборник Историја 2, Скопје, 2001.

(Марица Јованова за Евдокија Балева Фотева-Вера)

Петар Карајанов, Христо Андоновски, Јован Павловски, “Личности од Македонија” – енциклопедиски речник, МИ-АН, Скопје, 2002.

Лидија Стојановиќ-Лафазановска, Ермис Лафазановски, “Егзодусот на Македонците од Грција”, Еуро Балкан, Скопје,

2002.

Стојан Киселиновски, “ Македонски дејци”, Скопје, 2003.

Мишо Китановски, Ѓорѓи Доневски, “Деца бегалци од Егејска Македонија во Југославија”, Здружение на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, Скопје, 2003.

За Евдокија Балева Николовска-Вера Фотева е пишувано во многу други книги, списанија и дневни весници. Исто така, има снимено повеќе документарни филмови, потоа многу интервјуа како за македонски, така и за странски телевизиски куќи.

УПОТРЕБЕНИ КРАТЕНКИ АФЖ - Антифашистички фронт на жените БРП(к) - Бугарска работничка партија (комунисти)

ГШ - Главен штаб ДАГ - Демократска армија на Грција ЕАМ - Национален ослободителен фронт ЕЛАС - Грчка националноослободителна армија на Грција ЕОН - Национална организација на младите ЕПОН - Национална сегрчка организација на младите КНОЈ - Команда на народната одбрана на Југославија КОЕМ - Комунистичка организација на Егејска Македонија КПБ - Комунистичка партија на Бугарија КПГ - Комунистичка партија на Грција КПМ - Комунистичка партија на Македонија КПЧ - Комунистичка партија на Чехија НКВД - Народен комесаријат за внатрешни рабори НОБ - Народноослободителна борба НОБГ - Народноослободителна борба во Грција НОВ - Народноослободителна војска НОВ и ПОЈ - Народноослободителна војска и партизански одреди на Југославија НОМС - Народноослободителен младински сојуз НОО - Народноослободителен одбор НОФ - Народноослободителен фронт ОЗНА - Одделение за народна одбрана ОК - Окружен комитет ОКНЕ - Комунистичка младинска организација на Грција ОНОО - Околиски народноослободителен одбор ПО - Политичко биро, Политбиро ПДЕГ - Сегрчки демократски сојуз на жените ПДОГ - Меѓународна организација на демократските жени ПО - Партизански одред РСФСР - Руска советска федеративна социјалистичка република СНОФ - Славјанскомакедонски ослободителен фронт СССР - Сојуз на Советските Социјалистички Републики ЦК - Централен комитет Едиција: ЕОНИ Дизајн на корица: Билјана Стевковска – Савиќ Компјутерска подготовка: Љупчо Митковски Печати: Академски печат – Скопје Тираж: 300 примероци Адреса на издавачот и контакт: Ул “8 Ударна Бригада” бр. 206 – Скопје тел/факс: ++389 2/3230 688 e-mail: az-buki@on.net.mk ; az-buka@unet.com.mk CIP – Каталогизација во публикација Народна и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски”, Скопје 929 фотева-Вера, Е. (093.3)

ФОТЕВА, Евдокија-Вера До пеколот и назад / Евдокија Фотева-Вера. – Скопје : Аз-Буки, 2004. – 245 стр. ; 25 см., илустр.-(Едиција ЕОНИ ; кн. 4)

Библиографија: стр. 243 ISBN: 9989-151-17-2 а) Фотева – Вера, Евдокија (1926-) – Сеќавања COBISS.MK-ID 59898122