КАКВА ВРСКА СУМ ИМАЛА СО ИНТЕЛИЏЕНС СЕРБИСОТ И ЦИА - Part 03
такво нешто беше “немзја”. Така оформена песната ја носев во себе, ја повторував во ќелиите се до Алма Ата. Таму ја запишав на хартија.
Под песната се запишани индикаторите: време (1. V 1951 година) и место (“МоЛеТјур”). Местото е со кратенка што значи:
“Московскаја Лефортовскаја тјурма”, односно: “Московски Лефортовски затвор”. Си дозволувам да ја цитирам таа песна зашто е корната од мојата душа, создадена во исклучително неподносливи околности.
ЦВЕЌЕ Планинско, пролетно цвеќе, со горски солзи и топла крв вадено, растеше силно, немаше уште расцутено.
Го играше ветрот во ноќите, топло го бацуваше сонцето, весело се смееше цвеќето, гледајќи високо во небото, играјќи весело лисјата, ги поздравуваше цвеќата што растеа долу во полето, така весело леташе времето.
Но едно мајско, росно утро поган црвец, барајќи си храна, без жалост, со апетит и радост, го зграпчи право во срцето, се потресе цвеќето.
Не обрна внимание тогаш, затоа не осети болка и пак весело ги играше лисјата, шепотејќи со ветрот во ноќите.
Но малата срцева рана, со времето голема стана, црвецот ја испогана, таа оживеа, убавото горско цвеќе пожолте и свена, ја наведна настрана главата и ја навали – на копривата.
Ох, смртно ја избоде раната, крвави солзи ја натопија земјата, не сакајќи цвеќето, ја повади копривата.
И други таму растеа коприви, темни, погани, горделиви.
Убавото планинско цвеќе, без пријатен планински ветар, без слатка утринска роса, без светлина и топло сонце, стана жртва на темнина, немоќно своите убијци да ги храни.
Така, убавата, бујна младост предвремено згасна од думанската подлост.
МоЛеТјур
1. V. 1951 СООЧУВАЊА СО ПОПЛАЗАРОВ И СО ХАЏИЈАНОВ После два месеца, бев повикана на “следствие” од мојот иследник во присуство на преведувачот Аристотели Папуниди. Ме праша како се чувствувам, па што било со крвта. “Како порано, во спиењето, ми протекла крв од носот на преницата. Тоа го забележале стражарите и дојдоа лекари, ми дадоа лекарска помош, претходно прашувајќи ме зошто сакам да се самоубијам. Им објаснив дека тоа почесто ми се случува, за кое, ако треба, да Ве прашаат и Вас. Можеби (инстинктивно се насмеав и му велам)
порано ќе извршев самоубиство, но сега толку ми е удобно во овој комфор што не ми доаѓа на ум за такво нешто”. Долго ме гледаше иследникот без да ме праша нешто, само тоа дали имам цигари и дали ми носат книги. Му кажав дека еднаш ме повика Погребњак и ми даде две кутии “Ракета”. Тој тогаш ми даде една кутија цигари “Казбек”, голема кутија. Првпат видов такви цигари.
Никитин повеќе ништо не ме испитуваше. Тоа беше денски и ме ослободи со зборовите: “Пак помисли се за твојата престапна дејност”. Ме вратија во ќелијата 86.
Со последните зборови Никинин ме стави во недоумица. На “следствие” ме повика по неколку дена. Ме праша како го познавам Поплазаров и Хаџијанов. Му раскажав по ред.
Поплазаров го познавам уште од 1943 година, учител и предвоен револуционер-комунист. Имаше партизанска група за разбивање на контрачетниците-комитаџии и по формирањето на СНОФ, за Костурско беше член на Секретаријатот на СНОФ и задолжен за издавачката дејност на СНОФ, го издаваше весникот “Славјаномакедонски глас”. Беше во немилост од страна на КПГ во мај 1944 година и по ослободувањето, во август 1944 година се приклучи во македонскиот баталјон “Гоче” и со тој баталјон истата година премина во Југославија. Заврши партиска школа во Скопје заедно со мене, во иста генерација со Уранија и со други.
Во декември 1946 година беше поставен за секретар на Окружниот одбор на НОФ на Леринско и дека во тој период јас бев секретар на НОФ Соровичко-Кајларската околија. Добро ми е познат до нашето уапсување.
Никитин ме слушаше внимателно како секогаш. Откога ме сослуша, ми вели: “Нам не ни треба неговата биографија, туку ти да ни кажеш какви врски имаше тој со ОЗНА”.
Не одговорив веднаш. Се размислив. “Сигурно тие имаат прибрано некои податоци”, си мислам, па му велам: “Сигурно имал. За време на НОФ и ДАГ сите ние коишто престојувавме во Југославија се пријавувавме во органите за внатрешни работи, односно, како што порано Ви кажував, нас не прифаќаше Министерството за внатрешни работи на Македонија-Југославија, а грчките “ѓафки” во Скопје, Струмица, Ниш и Белград соработуваа со ОЗНА и помошта што ја добивавме одеше преку нив. Оттука, и сите раководители на КПГ беа прифаќани преку нив.
-Значи, Поплазаров имал контакти со ОЗНА? – повторно ме прашува, на што му потврдив. Ми вели: “Ако те изведеме на соочување со него, ќе му го кажеш ова? Тој не сака да признае”, ми вели. “Зошто да не сака, па беа нормални таквите официјални контактирања”, му велам на Никитин. Така го завршив протоколот.
Другиот ден на сослушувањето иследникот ме прашува како го познавам Ташко Хаџијанов. И за него раскажав се што знаев, како што беше.
Ташко првпат го запознав во декември 1944 година кога дојде во Битола во Првата ударна бригада на Македонците под Грција. Тој е од револуционерно семејство. Беше младински раководител на НОМС. Неговата свршеница загина на Грамос во големата монархофашистичка офанзива богато помогната со американските авиони. Загина од напалм-бомби. Татко му беше стрелан во Атина од Германците. Заедно бевме уапсени од КПГ во Албанија и доведени тука. Ме праша иследникот дали Ташко имал врски со ОЗНА. Исто како за Поплазаров, одговрив потврдно, додавајќи дека ме чуди зошто не сакаат да признаат тоа што беше така.
-Верочка, на соочување ќе му го кажеш ова? – ме прашува иследникот.
-Зошто да не, ќе му го кажам! – му велам, а сум задоволна што ќе имам можност да се видам со двајцата, бидејќи и тие се во иста положба како мене, но ми беше чудно зошто не сакаат да признаат, бидејќи ОЗНА се интересираше за нашето движење и за се на монархофашистичкиот режим и сестраната помош што нему му ја даваа англоамерикаците.
Соочувањето со Поплазаров и со Хаџијанов го имав по неколку дена. В очи им го реков тоа што му го кажав на иследникот. Ги потпишав протоколите. Нивното држење на сослушувањето ми изгледаше мизерно. Зошто криење на вистината? Немаше никаква грешка што ние како организација НОФ имавме некакви врски со ОЗНА зашто тие не помагаа. Тоа го знаеше добро и КПГ, која тие контакти ги одржуваше на повисоко ниво: раководители на КПГ со раководители на КПЈ. Во секој случај ми беше мило што се видов со обајцата, што се живи, иако беа многу исцрпени. Не ми беше познато дотогашното нивно држење, но непризнавањето за ОЗНА ми беше глупаво.
БО ЌЕЛИЈАТА БРОЈ 46 ВО БУТИРКА Подолго време не бев на “следствие”. Кога една ноќ се отвора вратата од ќелијата и ми велат “Вазми”, се што имам да си понесам: шинелот и зеленото војничко ќебенце. Книгите ги оставив на масата, ми беа завршени и цигарите. Се проштавам засекогаш со ќелијата 86 во Лефортовскаја тјурма, лево крило на приземје. Овде, во оваа ќелија, немав “добродетел” како во ќелијата 105 секој трети ден да добивам дупла порција.
Пак “воронок”, пак долга ноќна “прошетка” низ Москва, покрај Црвениот плоштад... Тешки порти се отвораат. Претрес во нов амбиент, со нови НКВД-евци. Сум во ќелијата број 46, лево крило, широк хол поплочен. Ќелијата “удобна”: помала, четвртеста, без прозорец, но посветла, ги нема црните темни ѕидови и таквиот под. Ист “мебел”. Храна: кипјаток, чорба од риба, боршч, шчи, каша, но друг вид на каша - “гречиха”, малку но вкусна.
Организмот свикнува и на мала чинија. Тоа беше во првите денови на ноември 1951 година. До тоа сознание дојдов кога по неколку дена за јадење ми донесоа добра чинија боршч и каша од ориз.
Значи: Денот на Октомвриската револуција. Вториот ден исто така имаше каша гречеха, што е хранлива и вкусна (неа во СССР ја јадеше сиот народ, па и ден-денеска е многу барана). Сега и кај нас ја има во продавниците.
Одговорниот за тој дел на ќелиите каде што сум јас, по некој ден, ја отвори вратата. В раце држи блок и молив и ми дава да се потпишам на една белешка. Ми објасни дека ќе добијам 13 рубли, но не живи пари, туку за таа сума можам да си купам во кантината што сакам, се разбира, преку него. Без никакво размислување изустив: сапун и чешел. Тој ми вели дека можам уште нешто да нарачам до вредноста од 13 рубли, па нарачав: шеќер, паста и четка за заби. Другиот ден ја добив нарачката. Ми останале непотрошени уште 3,5 рубли. За нив нарачав бонбони. И тие ми беа донесени по некој ден.
Што е сето ова?! Ова е изненадување! Отсега секој месец вака ќе ни даваат? Ем се чудев, ем се радував како дете.
Околу 8 месеци сум во Бутирскаја тјурма. Не ме водеа на “прошетка” вообичаените 5 минути, кога немав сослушување.
Секои 15 дена ме водеа под туш (на бањање). Купениот сапун добро ми дојде за миење на косата, која во затворот многу ми порасна и ја плетев во плетенки. Чешелот што го купив е мал, ама со големи запци, па добро се чешлав, а со дотогашното мое мало чешле не можев асолно да се исчешлам. Правев економија на сапунот и на шеќерчињата. Во мислењето дека вака ќе ни даваат секој месец се излажав. Заборавив каде се наоѓам. Сепак малку закрепнав со бонбончињата и со чистотата. Поретко навраќаа лекари и прашуваа дали имам вошки.
По вобичаеното поздравување, кога бев викната на сослушување и заземањето на моето познато место, иследникот невообичаено, прво ме праша за моето здравје, како се чувствувам и ми направи комплимент дека “добро изгледам”. Му се заблагодарив за комплиментот. Ме праша: “Верочка, од каде во тебе огледало што си така добро исчешлана?” Му реков со ист тон: “Зар Вас не Ве известија дека добив дупли пајок?” Не го скри задоволството и повторно ме праша: “сериозно Ве прашувам, кажете ми од каде во Вас огледало?” Пак несериозно му одговарам: “Го носев со себе, но Вие и покрај толку претреси не го откривте (подзастанав), тоа е Ваше.” “Како наше?” Никитин беше навистина заинтересиран да дознае од каде кај мене има огледало, бидејќи убаво знаеше оти огледало во затворот не можеше да се скрие при претреси, дури и како од мајка родена. Го заинтригира тоа и преведувачот Аристотели. И тој на грчки инсистираше да им кажам од каде во мене се нашло огледало, а јас, пак, на грчки, му велам оти тие ми го дале. На крајот им велам: “Цело време за огледало ми служи темното дно на чајникот со кипјаток и покрај тоа што лицето не може да се види, но се гледа како е прибрана косата. Во тоа Никитин сакаше сам да се увери. Зеде чајник со кипјаток и виде дека навистина “тие ми го дале огледалото”. Иследникот ми даде една кутија цигари “Прима” и за првпат ми рече дека сме во друг затвор и пак да размислам за моите престапни дела и следниот ден ќе ме повика на сослушвање.
КЛЕВЕТНИЧКИ ИЗЈАВИ ПРОТИВ МЕНЕ ОД МОИ БЛИСКИ СОБОРЦИ Во Бутирка сослушувањата се водеа повеќе денски отколку ноќе како во Лефортовска тјурма. Изгледа секој затвор си има свој режим. Осетив некаква промена кај иследникот од неговиот однос кон мене. Тоа можеше да се забележи и од префрлувањето од еден во друг затвор и од други поединости.
Размислував во ќелијата за тие промени на што се должат.
Набргу ми се разјаснија.
По некој ден бев повикана на сослушување во некои подземни простории или, можеби, така мене ми се чинеше, бидејќи повеќето скали одеа надолу и се беше осветлено со светилки. Тројцата:
иследникот, преведувачот, и јас си ги зазедовме своите познати места.
Никитин од неговата акт-ташна извади мала фотографија и дојде кај мене, прашувајќи ме дали го познавам тоа лице. Фотографијата беше мала како за пасош. На неа е Е.К.К. Ми поминаа морници низ телото загрижена што станало со неа. На прашањето како ја познавам, на иследникот Никитин му кажав се.
-Ова е Е.К.К. Таа е од моето родно село Д’мбени. Бевме соседи и членувавме во иста младинска и партиска ќелија. Беше партизанка (ги наведувам нејзините функции што ги заземаше). Со неа сме блиски другарки.
-Добро, ми вели иследникот, сега ќе пишуваме протокол. Потоа ми ја даде да ја прочитам нејзината изјава напишана во Ташкент.
Ја прочитав. Не ми се веруваше дека К., најдобрата моја другарка од детството, може да даде таква изјава само со лаги и клевети.
Напишала како сум вршела разбивачка работа во ДАГ, дека сум агитирала меѓу борците за заминување во Југославија и уште што не друго што повеќе да ме оцрни.
Се разбира, бев категорична, ги отфрлив сите лажни искажувања во изјавата на Е.К. со коишто ме товари во истрагата, велејќи: “По одобрение лично на Захаријадис, јас нејзината мајка ја префрлив во Југославија, во Битола, бидејќи нашето село беше дотемел изгорено од монархофашистите и сите старци и изнемоштени лица, околу 90 души мажи и жени ги префрлив до југословенската граница преку Преспа. Сега нејзината мајка живее заедно со мојата мајка во иста соба на улица Мирче Ацев број 6 во Битола, во куќата на еден наш земјак, Живко Делев”. Тогаш Никитин ми вели: “Па таа за лажни искази, по нашите закони, две години треба да биде осудена затвор” и ми ја подаде нејзината изјава, на која најдолу, десно, беше потпишана самата по предупредувањето дека за лажни искази се казнува со две години затвор. На иследникот му велам да ја донесат тука да се соочиме. “Е тоа, Николовскаја, не може”, ми вели. Адресата на Е.К. и беше: “12 жил-городок Ташкент”.
Кога ја прочитав адресата, ги заборавив клеветите на мојата најблиска другарка и, за чудо, добив голема морална поддршка со тоа што осознав дека единиците на ДАГ се наоѓаат тука покрај нас. Значи, не сме сами во Советскиот Сојуз. Тоа за мене беше големо откритие што ми го овозможи мојот иследник, давајќи ми ја в раце клеветничката изјава.
Го потпишав протоколот со морално-охрабрувачко наоружување. Без разлика на тоа колку беа тешки лагите, клеветите за мене, тие беа едно олеснување во мојата безизлезна положба. Тие тешки моменти не можат да се опишат со зборови кога ќе прочиташ такви нискости од најблизок. Ќе напоменам дека братот на Е.К. во тоа време работеше при Главниот штаб на ДАГ.
Ме замоли да одиме заедно кај Захаријадис за префрлување на мајка му во Битола. По одобрение на Захаријадис, јас тоа го извршив. Во тоа време ГШ на ДАГ и ЦК беа сместени во селото Винени, кај Преспанско Езеро. И после сето тоа добро, со изјавата на Е.К. со иследникот имав работа неколку дена.
Од клеветничката изјава на Е.К., како што напоменав, сепак имав некаква корист: разбрав дека единиците на ДАГ се тука, не сме сами уапсените.
Другата недела иследникот при сослушувањето ми подава друга фотографија и ми вели: “Верочка, овој треба да го познаваш, и тоа добро”. Гледам: Димитар Шалапутов-Мичо, од село Жупаништа, Костурско. Него го познавав од времето на ЕЛАС. Тој е многу постар од мене, но бевме заедно во позадинска работа во Костурско . Му велам на иследникот: “Многу добро го познавам”, на што тој ме прашува како каков го знам. Подробно му раскажувам на иследникот за Мичо.
-Е сега, ми вели иследникот, прочитај ја неговата изјава што пишува тој за тебе и ми ја дава в раце.
Читам. Што ќе прочитам! Димитар Шалапутов-Мичо без трошка совест како можеше толку да ме оцрни. Пишува дека јас сум убивала комунисти за време на ЕЛАС и ДАГ, дека сум организирала дезертерства и уште какви не подлости. Лаги со опашки. Изнесува против мене клевети што чесен човек никогаш не би ги помислил. Пишува дека јас сум ги убила комунистите од селото Габреш, Костурско: Стамко со ќерка му. Тоа толку ме револтира што станав од столчето, направив чекор напред кон иследникот и на висок глас му велам: “Донесете го тука тој човек за јас да му кажам в очи дека овие се лаги, негови измислици.
Прво, тој Стамко и ќерка му воопшто не ги знам кои се. Колку што знам, тие не беа комунисти, тие беа затворени во себе, а токму тој Димитар Шалапут, без никаква причина, ги фрли во дулото што се наоѓа на планината преку селото Габреш. Потоа, им ја пљачкоса куќата. Сето ова, донесете го, да му го речам пред Вас в очи!” Боже, што се не може да измисли нечовек, злосторник! Станаа иследникот и преведувачот да ме смируваат, велејќи ми: “Ти не гледај што пишуваат тие против тебе, ти ќе кажуваш за себе!” “Но Вие не ми верувате мене, туку му верувате нему! Затоа барам соочување со него”. “Е, тоа не може”. “Тогаш како ќе ја утврдиме вистината. Ако советската партија им верува на такви лаги, тогаш не знам што да речам (а во себе си велам: тогаш каква партија е таа)” – му велам на иследникот. Тогаш не знаев дека врз основа на вакви лаги илјадници советски луѓе се убиени и затворени во Гулаг. И со оваа гнасна изјава на Димитар Шалапунов-Мичо имав работа неколку дена со иследникот, па го потпишав протоколот, а иследникот ми даде една кутија цигари “ Казбек”, бидејќи бев многу возбудена.
Следните два-три месеца, точно не се сеќавам колку време, на секое сослушување иследникот ми покажуваше се нови и нови такви фотографии од мои дотогашни другари по оружје и по партиска припадност, кои со најгнасни измислени клевети, за да се покажат лојални на КПГ и на СКП(б), ги даваа не само против мене, туку и против сите нас затворените раководители на НОФ и ДАГ, мислејќи дека со нас повеќе нема да се видат и дека нивните изјави нема да ни бидат дадени да ги прочитаме и да ги видиме нивните гнасни потписи.
Постапката на иследникот секогаш беше иста: ќе ми ја покаже фотографијата,ќе ме праша дали и како каков го знам, а потоа ми ја даваше неговата изјава да ја прочитам, а јас морам да ја докажувам вистината.
Такви измислени клеветнички изјави против мене имаа дадено:
Ристо Евангелу, Зизо Делевски, Ѓорѓи Пајков и многу други за кои ќе стане збор подоцна.
Ристо Евангелу е од селото Апоскип, Костурско. Тој во изјавата имаше напишано дека јас комунистичкото знаме од црвена свила сум им го дала на афежетките да си направат гаќи. Тоа не беше знаме туку неколку метра црвена свила што на Вториот конгрес на НОФ (25 март 1949), кој се одржа во селото Нивици, Преспа, ми беше подарена од делегацијата на Македонското друштво од Софија која присуствуваше на конгресот на чело со претседателот Ристо Калајџиев. Таа свила ние не можевме да ја употребиме и по капитулирањето на ДАГ, во логорот Елбасан, во Албанија, решив на афежетките да им дадам по една марама за околу врат. Од таа свила излегоа шест памии. “Тоа беше се, му велам на иследникот.
Една од тие шамии е мојата што ми ја зедовте уште првата вечер при претресот во боксот на затворот заедно со другите мои предмети, тоа беше во Љубљанка”. Пак протокол со прашањата на иследникот и моите одговори.
Идните недели есента на 1951 година следеа се такви и слични испитувања по искажувањата во изјави на “другари”, кои без трунка совест даваа лажни клеветнички изјави против мене.
Таква изјава, со слична содржина, имаше дадено и Зизо Делевски од селото Добролишта, Костурско. Тој беше позадински работник на КПГ и на НОФ, верен пион на КПГ уште од затворот во Акронавплион, но органичен човек. Од околиски функционер не можеше да се искачи погоре на хиерархиската скала. И тоа што беше беше со полтронство. Со давањето такви изјави за сите нас затворени му се даде можност уште еднаш да ја докаже неговата лојалност кон КПГ и кон СКП(б). Поради такви “заслуги” и доби национална пензија од СССР, а со доаѓањето во Скопје ја продолжи старата практика поддржуван од некои такви како него кои дезертираа од нашето Движење во Егејска Македонија.
Ѓорѓи Пејков е од селото Нестрам, Костурско, предвоен комунист на КПГ. Пред КПГ, пред партијата се докажуваше со давање лажни, клеветнички изјави без тронка совест и човечко достоинство.
Сите давачи на гнасните изјави што ги наведов, кога дојдов во Скопје по 1956 година бараа да им сведочам за утврдување на нивниот боречки стаж, не знаејќи дека јас знам за нивните лажни изјави, за нивните клеветења. Им реков в очи: “Вие дадовте лажни клеветнички изјави против мене во органите на НКВД за да ме стрелаат. Но, еве, јас сум жива. Сега вие барате моја услуга да ви помогнам да си го решите вашиот проблем за егзистенција. Веќе вие не сте способни за работа, па сакате да добиете пензија”. Кога тоа им го реков в очи, цитирајќи и делови од нивните изјави, ги веднеа главите, оправдајќи се дека биле принудувани. Јас по природа, како и мојот покоен сопург Минчо, не сме злопамтила.
Гледајќи како мизерно се однесуваат, не молат, им дадов изјави за тоа што беа во времето на НОБ и Граѓанската војна на Грција за да живеат, а не како нив што ни посакуваа смрт.
Димитар Шалапутов-Мичо, кој живееше во Бугарија, во Пловдив, дојде кај нас на гости, да не види како стари другари. Го нагостивме. Тој за мојот сопруг, Минчо, имаше дадено уште погнасна изјава, и тоа многу поопширна отколку против мене.
Кога в очи му рековме зошто дал изјави против нас, се оправдуваше дека, ако не давал такви изјави, многу ќе страдал, мислел дека божем нас не имаат стрелано. “Ако не имаа стрелано, немаше потреба да бараат од вас изјави. Друго, ако не си давал такви изјави, многу ќе си страдал, а како ќе поминеме, и како што поминавме, од тие твои изјави тогаш не ти беше гајле!” – му рековме на разделбата и замина како избербатен одзади.
Заедничка изјава имаа дадено уште: Никола Бојков, доктор од селото Жупаништа, Костурско; Ацо Ивановски од гратчето Хрупишта, Костурско и Атанас Ангеловски-Гарефи од селото Лобаница. Сепак тој ја кажа вистината дека јас го вклучив во организацијата во 1943 година. Од овие тројца ми ги покажаа само фотографиите, а изјавата не ми ја дадоа да ја прочитам, па не знам што имаа избљувано.
Клеветничка изјава против мене имаше дадено и Коста Хрисафов од селото Баница, Леринско, живеел во Бугарија. Кога дојде во Скопје и тој ми побара изјава за регулирање на неговото учество во ДАГ. Интересно, сите што доаѓаа за изјава кај мене или кај мојот сопург, мислеа дека не знаеме за нивните изјави, па толку многу љубезно се однесуваа како никогаш ништо да немало недобро меѓу нас. Кога му реков на Хрисафов зошто дал изјава против мене, се посрами, оправдувајќи се дека тоа го сторил под притисок на партијата.
Пандо Вајна од селото Сребрено, Соровичко, во ДАГ беше командант на 18. бригада, а јас во неа бев помошник на политичкиот комесар Маки, за кое порано поопширно кажав. Овде да споменам само тоа дека Пандо Вајна имаше напишано наредба да бидам одликувана за покажаната храброст и бев унапредена во чин капетан на ДАГ за мојот успех покажан во борбата во градот Лерин. Кога, и тој дал изјава против мене. Кога ми ја покажа неговата фотографија и кога ја прочитав неговата изјава, на иследникот му велам: “Нема комунисти кога вака можат да лажат”.
Пандо Вајна, кога се расформира организацијата “Илинден”, немаше смелост да дојде во Скопје, Македонија. Отиде во Бугарија. Таму заврши високи воени училишта и беше унапреден во генерал на бугарската армија. При посети на Бугарија, со сопругот Минчо повеќепати баравме да се сретнеме со него, но си знаеше за неговите недела, па не дојде да се состанеме. На визита дојде Ставро Кочев. Тој од Полска се пресели во Софија, каде и почина. Ставро беше член на Секретаријатот на НОФ и член на преобразената “Илинден”. Го дочекавме другарски. Зборуваше за грешките и за манипулациите на “другарите” и “пријателите”. Од Софија во Скопје не дојде Пандо Вајна, но ни направи посета таткото на неговата сопруга. Тој сакаше да го чуе нашето мислење за Пандо Вајна, односно за зета му, дали сме задоволни од неговите гнасни изјави. Значи, и најблиските го осудувале. По него му испративме поздрави на Пандо, т.е. да го поздрави дека неговите лаги лично ги прочитавме во затворот Бутирка во Москва. Тој треба да се срами од својот чин генерал зашто е добиен за сметка на борците и затворениџите, а ние си останавме искрени, чесни како во војната, така во затворите и сега на слобода.
Што се однесува за комесарот на 18. бригада , кому му бев помошник, од него не видов изјава против мене. Тој со години шеташе низ Романија. Дојде во Скопје кај свои братучеди.
Побарал да се видиме, но не знам од кои причини не го донесоа кај нас. Сакаше тој за постојано да се насели во Скопје, но органите за внатрешни работи не му одобрија. Подоцна замина за Солун, Грција, иако со КПГ не беше во добри односи.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/do-pekolot-i-nazad/10 le 29 octobre 2026