On the Road of Time (Following the Traces of Memories)
ПЕТРЕ НАКОВСКИ НА ПАТ СО ВРЕМЕТО - Part 08
- Нема потреба. Подолу на два јазика пишува...
- Дипломат? – одраз на зачуденост во неговиот глас, а во очите сомнеж.
- Така пишува.
Пак го прелистува пасошот, врши проверка во компјутерот. Сомнително ме гледа и прашува:
- На кој граничен премин влеговте во Грција?
-Ники... ( за тие кои не знаат - старото име е Негочани)
- Нема картонче за доказ дека таму ја преминавте границата... – сомнително ме гледа в очи и со пенкалото нервозно удира на пасошката корица.
- Има – му велам. – Ви падна кога го прелисту- вавте пасошот.
- Да, тука е - рече незадоволно.– Значи влеговте пред пет денови и денес заминувате?... - Силен тресок на печатот врз картончето, небаре незадоволството го истура врз него. - А што барате во Албанија?
- Одиме по невеста...
Намуртено и без збор ми ги подаде пасошите.
Силниот тресок на печатот врз картончето наеднаш ме потсети на ланското влегување во Грција преку граничниот премин Ники.
Тогаш млад полицаец откако ги прелиста пасошите и нивната автентичност ја провери во компјутерот, од фиоката извади лист со отпечатени графи и почна да прашува за име, презиме, име на мајка и татко, место и при тоа веднаш предупреди:
- Не така како што сега се викате, туку како што се викавте...
Не доврши зашто веднаш го прекинав, прашувајќи го:
- Мислите на тоа како сум запишан во црковните матични книги?
- Токму така...
- Така, но за тоа немам потврда. Во општината ми рекоа дека постојам во матичните книги со името и презимето што сега ми го барате, ама и не постојам зашто забрането им е да издаваат такви потврди...
Молк. Размислува. Се гледаме. Се насмеав и му реков:
- Господине, отворете ја фиоката и таму ќе ги најдете сите податоци што ги барате. Јас неколкупати сум поминувал низ овој премин и секогаш истите податоци се запишувани. Јабана трошите време и хартија...
Младиот полицаец ме погледна, за миг го остави пенкалото и рече:
- Така ни е наредено и јас сега наредба извр- шувам.
- Ако, вршете си ја работата...
- А тие кои така наредија не гледаат дека целиот свет оди напред, само ние, Грција, одиме назад. Луѓето на месечината стигнаа и се вратија, а ние Грците тапкаме на место. Разбра?!
- Не, не разбрав... – и кога сакав да го прашам што треба да разберам, слушнав силен тресок:
- Бум – одглас на печатот врз картончето со кое, ако затреба, треба да потврдувам дека легално сум ја поминал границата.
- Повелете - ми ги подаде пасошите низ полу отворенотo прозорче на шалтерот и праша: - Каде ќе одите?
Цивилно лице, кое стоеше малку понастрана и веројатно го следеше нашиот разговор, се одгласи:
- Стин патрида тус пигенун... Сто патрико тус хома! Еци ден ине?24 Се свртев кон него и како потврда на неговото тврдење и прашање, му намигнав и во себе си реков – мајката, оваа болна Грција изгледа полека почна да зaздравува...
За жал прерана беше мојата претпоставена дијагноза.
Откако ја поместив колата и застанав заради царинската контрола, мажле - го нарекувам мажле, бидејќи беше слабникаво, ниско, тесно во рамената, ќелаво и со бледо лице, чиниш е болно од офтика, ама затоа имаше силен глас со тон на остра наредба.
- Отвори!!! – ми викна на македонски.
Излегов од колата и го прашав:
- Сите врати и багажникот?
- Што!? Мене ли ми зборуваш на тој ...- се засркна човекот и исплука - на тој ѓупски јазик? Зошто не ми зборуваш грчки? Па ти знаеш грчки! Нели со полицаецот си зборувал грчки, а? Зарем си заборавил дека тука е Грција и секој кој стапнува на грчка земја мора да зборува грчки? Понастрана од колата!
Предизвикот не го прифатив и отчекорив.
Мажлето – цариник се вдаде во контрола. На сопругата и шепнав:
24 Во својата татковина одат. Во татковата земја! Не е ли така?
- Премини на другата страна и внимавај на неговите раце. Може да подметне нешто што би не чинело затвор...
Мажлето – цариник незадоволно од проверката, истрча до паркингот и од комбето доведе волчјак. И сега двајцата цариници се вдале во контрола. Волчјакот душка под седиштата, скокна во багажникот, слезе, се нафрли на гумите, на ауспухот. Застана и подигна муцка кон својот колега, чиниш му вели дека јабана е работата. По наредба волчјакот се врати во комбето, а мажлето ми дава знак дека можам да заминам.
Без збор со показалецот покажав на двата куфери што беа извадени од багажникот и му давам знак дека треба да ги врати. Накострешено се гледаме, траеме така неколку секунди. Со рака му давам знак да ги подигне куферите и да ги стави во багажникот. Изгледа сфати дека тоа е негова обврска и послушно еден по еден ги мести куферите во багажникот и на крај проверува дали добро се наместени.
- Браво! – му велам, напорно совладувајќи го во себе вриежот.
Возењето по многубројните свиоци на Бигла го смирија нашиот гнев. И изгледа не ни беше доволно тоа што ни се случи на граничниот премин. Возејќи за Костур, навративме во селото Руља. Сега Кота го викаат, по името на Коте – шпионот и крвникот што му ја посече главата на Лазо Поптрајков. До селото води убав асфалтен пат. Пред влезот не пречекува мермерната биста на Коте. Парки-равме сред село. Понастрана бела Лада со скопски реги-старски таблички. Од дворот излегоа неколку луѓе и доаѓаат на кај нас. Меѓу нив и маж во полициска уни- форма.
- Здраво, како сте? – на македонски праша еден од мажите. – Добре дојдовте. И вие сте од Руља?
- Добре најдовме. Дојдовме на посета. Не сме од Руља...
Во разговор ни поминаа петнаесетина минути. Не прекина старичка. Брчките на лицето ја оцртуваат нејзината старост, а годините небаре и ги поткрепува патерицата.
- Ка сте, бре, од де сте, бре ченда? Добро дојдоте.
Од Руља сте? Не ве познавам.
- Од преку таа планина – велам.
- Е, добро, добро... - се искашла и се оддалечи. И чиниш нешто заборави, се врати и удирајќи со патерицата на асфалтот, налутено не посоветува на скршен грчки јазик:
- Едо ине Елада... Авто то глоса на ми то милате.
На милате то елиника... 25 Се разнесе смеа, а полицаецот ја фати под мишка, ја тргна настрана велејќи и на грчки:
- Бабо оди си дома и остави ги луѓето да си зборуваат како што сакаат.
Кога полицаецот се врати, му реков:
- Не ја карај бабата. Можеби му е братучетка на Коте...
По три дена престој и посета во татковината и во татковата земја, како што рече човекот таму на граничниот премин, се вративме во Македонија, пак преку Ники (Негочани). По извршената пасошка контрола и преминот на другата страна, го побарав началникот на полицијата и му кажав за случајот со цариникот. Ми рече дека тоа не е прашање за полицијата и ме посоветува да го побарам началникот на царинарницата. Началникот го нема, отишол на одмор, но го најдов неговиот заменик. Подавај-ќи му го мојот дипломатски пасош, му го изнесов случајот и на крај му реков:
- При влезот во Грција има голема табла со натпис: “ ΕΛΛΑΣ “ и “ G R E E C E ” . На таа табла нешто недостасува. – Ме гледа вчудовиден. – Би требало да напишете уште дека секој кој влегува во Грција исклу-чително мора да зборува само грчки. Господине – продолжив – јас во мојата работа сум поминал низ многу гранични премини во Европа и во светот и секаде ме прашувале како сум, како патував и ми пожелувале убаво да поминам во нивната земја никоја и никој не ми рекол дека треба да зборувам само на нивниот јазик затоа што земјата е нивна. Ова ме потсети на Метаксасовата диктатура кога моите баба и дедо и татко и мајка биле казнувани заради тоа што го зборувале својот мајчин јазик...
- Ама, немојте, господине, оставете ја историјата.
Тоа е минато... Јас ви се извинувам. Вие сте во право.
25 Тука е Грција. Тој јазик да не го зборувате.Да зборувате грчки.
Простете. Навистина е срамота ако така ви рекол... Знаете тој е ΝΤΟΠΙΟΣ...26 Прекинав. Во себе си реков:
- Ете, пак некој братучед на Коте од Руља...
26 Ντοπιος – (староседелец) така Грците ги викаат Македонците во Егејска Македонија.
9.
Албанскиот граничен премин скромност го бие.
Не е накитен и комфорен како грчкиот – со чекална, кафеана, продавница, туристички проспекти и купишта изнаобесени весници и списанија со налегната прашина врз нив и исплукани од мувите. И спротивно на грчкиот, албанскиот полицаец не пречека со насмевнато добре дојдовте изречено на наш јазик. Ние, пак, го поздравивме со мир дита 27 и така меѓу нас прозрачи неочекувана срдечна топлина.
- Македонци? Од Скопје, нели? – праша пред да почне да врши контрола на пасошите.
- Македонци – реков.
- Се гледа по регистарската табла на колата. Ве молам дајте ми меѓународна возачка дозвола, зелен картон и потврда за осигурување. Ако ги немате тие документи, за жал, нема да можете да влезете во Албанија. Такви се нашите правила. Простете.
Му го подавам ковертот со бараните документи.
- Ова ќе потрае – рече. - Седнете таму и чекајте.
Ќе ве повикам.
Полицаецот го затвори шалтерот, се наведна над некои хартии и пишува, пополнува.
По дваесетина минути не повика.
- Се е во ред.
- Што плаќам?
- Вие господине не плаќате ништо, а вашата госпоѓа плаќа само едно евро. Може во леки, во ваши пари 27 Добар ден – на албански или друга валута. А оваа потврда ќе ја чувате. Ќе ви ја побараат на излезот од Албанија и за користење на нашите патишта ќе платите две евро.
Виза не ни побара, но не заборави да не праша што бараме во Албанија.
- За истото не праша и грчкиот полицаец – му велам.
- И што му рековте?
- Му рековме дека во Албанија одиме по невеста...
Нашето гласно смеење го привлече вниманието на патниците кои чекаа во редица.
- Со здравје и добар престој кај нас – ни пожели албанскиот полицаец.
Од двете страни на граничниот премин високи пошумени ридови засенчени со облаци кои навестуваат дожд. Широкиот асфалтиран пат, дело на нашите од градежното претпритјатие “ Гранит” се протега долж тесната клисура на чии падини како печурки се начичкани бетонски бункери со сиви капаци, остаток од недамнешно време. Не пресретнува раскрсница и табла со ознака – право Билишта (Bilisht) лево – Капештица ( Kapsthice).
Свртуваме лево. Петстотини метри асфалтен пат до влезот во селото. Патот е широк, под асфалт и завршува по едно петстотини метри. А потоа...
Натаму – не е калдрма, туку набиени камења.
Локви матна вода и кал. Се чини дека тука почнува дваесеттиот век и влегуваме во деветнаесеттиот и можеби уште подлабоко во времето. Слегувам од колата за да проверам дали нашето ЅАХО ќе успее да ги прескокне камењата и да исплива од калта. И решивме – одиме.
Возиме прудолу по тесното сокаче и по изминатите дваесетина метри со левите гуми заглавивме во буништето од кое со гласно кокодакање на сите страни се растрча јато кокошки и веднаш по тоа со силен лаеж не пречекаа селските кучиња. Лаежот чиниш ги разбуди селаните. Се отвораат залостените дрвени порти, жени и деца молчаливо не гледаат. Под колата прска селската нечистотија што лениво се влече по сокачето кое по уште неколку изминати метри заврши. Пред нас мала ширинка, што веројатно треба да е селскиот плоштад и малку понадесно две - три масички. Претпоставувам дека тука е селската меана.
Слегувам од колата и со поздравот мир дита застанам пред раседнатите мажи. На масите шишиња од кока-кола, некои сокови. Ме погледнаа сомнително, но не ја прекинаа играта. Играа јуч. Омилена игра во балканските села. Мир дита – велам и прашувам дали зборуваат македонски.
Молк. А дали зборувате грчки? Молк. Неми тие, нем и јас и немо се враќам во колата.
- Еј, ти – одекна глас. Се свртив. – Чекај - рече на грчки еден мажите и тргна кон мене. – Вие сте странци?
Што барате тука?
- На посета... – реков.
- На посета, ама кај кого? Барате нешто? – прашува човекот и не ме гледа в очи. Гледа настрана или некаде далеку пред себе.
- Го бараме патот за Трстеник – му велам .
Селото така се викаше порано.
- Нема такво село – вели.
- А Трестеник? – се сетив дека така е напишано на сообраќајната карта на Република Албанија.
- Трeстеник има. Свртете лево и право по патот.
- А патот е добар?
- Многу добар...
- Благодарам. Да си жив и здрав.
Свртивме лево, го прегазивме селскиот макадам, ги растеравме кокошките од крајсокачните буништа, и откако не излааja речи сите селски кучиња, излеговме од селото и го фативме многу добриот пат. Камен до камен, локва, кал – не измеривме. Од спротивната страна ни доаѓа двоколка со впрегнат коњ. Потскокнуваат тркалата, се навалува двоколката и луѓето кои седат во неа.
- Застани - вели сопругата.- не оди натаму зашто ќе нема со што да се вратиме. Ќе ја уништиме колата.
Враќај се.
Застанав пред коњот.
- Мир дита – велам низ отворениот прозорец.
Ист поздрав и толку од зборувањето. – Трстеник? – покажувам со рака.
- Трестеник – рече мажот и го спотера коњот.
И ние го спотеравме нашиот коњ по многу добриот пат и постојано исплашено мислиме кога ќе се превртиме на едната или на другата страна и колку завртки и навртки веќе посеавме по овој макадам. Раскопан е патот и дупките длабоки. Наоколу, се до онаму, до синорот со моето село – една зелена рамница. Се е посеано со пченица. Нема ниту педа не изорана и не посеана земја.
Тераме натаму и по дваесетина минути – првите куќи на Трстеник – Трестеник.
Трстеник го паметам како дете. Тогаш имаше само неколку бели куќи оградени со висока авлија. И таа беше бела и Трстеник беше голем чифлик кој го опфаќаше скоро целото поле што лежи пред Билишта. Сега е големо село. Облеката ја бележи сиромаштијата населаните на чии лица се гледа истоштеност и умор.
Се поздравуваме со мир дита и ретко добиваме одговор. Колата со туѓи регистарски таблички и со луѓе кои не го знаат нивниот јазик – е сомнителна работа. Од една куќа излезе висока жена и на албански нешто не прашува. А ние ја прашуваме дали знае македонски или грчки. Рече дека е учителка, ама грчки зборува многу слабо и толку колку што научила од своите деца и внуци кои се на печалба во Грција. Се собраа и други селани и чудно ни е што никој не не гледа в очи, туку гледаат в земја, некаде далеку, како да сакаат да ни речат дека треба што побрзо да збришеме од тука. На жената, која ни рече дека е учителка во пензија, и рековме дека пред шеесет години една ноќ поминавме во една ливада меѓу Трстеник и Лобаница.
Рековме дека ливадата мора да е зад ритчено, источно од селото и дека многу сакаме да го видиме тоа место.
- За таму нема никаков пат – рече учителката. – Има само ниви.
- И бункери – помислив, бидејќи од тука се гледаат бели тркалезни бетонски капаци. И реков faleminderit,28 но, не сум сигурен дали добро го изговорив зборот, зашто никој од насобраните ништо не рече, само сомнително мрдаат со глави, молчаливо стојат, со гумените опинци ја копаат и ја бришат земјата од под нозе и ми се чини дека одвај чекаат кога ќе не снема од пред нивните очи.
Не заминавме веднаш затоа што од ова село убаво се гледа мојот роден кат. Иако пред некој ден бев таму, одново ме обзеде возбуда и долго останав простум загледан во тој прекрасен и незаборавен пејсаж од кој тешко откинувам очи и чувствувам неизмерна тага. Боли, многу боли напуштеното родно место... Тешко се соземам 28 На алнбански - благодарам и во густо насолзените очи ми се зацртува месноста Телок...
... Да, таму, отаде е Телок и црквата Свети Јован.
Тука секоја година, на 8 мај, што беше селски празник, се собираа селаните од околните села. На десетици ражни се печеа јагниња и орото и песната секнуваа дури по заодот на сонцето. Лево зеленее дабова шума, наковцката корија, што дедо ми Ѓорѓи по првото печалбарење во Америка ја беше купил од бегот. Преку неа црквата Света Богородица.
Разурната есента 1947 и обновена 1980 годин. На 15 август се славеше Голема Богородица - најголемиот празник во Крчишта. Се славеше и во турско и во грчко. Се славеше до иселувањето, до искоренувањето и Голема Богородица остана сама... На гости ни доаѓаа не само роднините, туку и сите жители од селата Долно Папратско, Новоселени, Лобаница, Косинец, Д`мбени, Смрдеш, Брезница, В`мбел и тие кои на печалба беа по градовите...
За миг затворам очи и во мене се преселуваат тие празнувања со се луѓе и целата нивна радост. Долго стојам со затворени очи и се плашам да ги отворам зашто наеднаш ќе го снема тој свет што во мојот спомен остана како незаборавен сон. Натаму Стените и отаде синџирот на пла-нините – Орлето, Одре, Горуша, Аљавица. Сон ли е?
Призрак ли е? Јаве е и блиску е родното место, толку блиску што ми треба само да се растрчам, да ја прегазам рекичката што ги дели двете држави и да се искачам на Телок. Туку, ете, на луѓето им направија голема разделница за да не можат да се видат. Веќе шеесет години на Телок на ражен не се печат јагниња; шеесет години на 15 август во Крчишта не се слави Голема Богородица и толку години Попрашчени, Новоселци, Косинчени, Лобанчени, Д`мбен-чени, Смрдешени, В`мбелчени не доаѓаат на гости. Сега ги нема. Ги голтна лошата судбина и ги растури по светот. Ги тргнаа. Им рекоа дека ќе има голем бој и од него ние ќе ве спасиме во Албанија. Година подоцна и на другите, од Корештата, и ним им рекоа ќе има голем бој и ние од него ќе ве спасиме, во Албанија и од тука со бродови во туѓи поднебја, под туѓи стреи... Ги иселија - раселија и им рекоа
– сега сте слободни...
Нивните огништа ги нема; ги нема и селата - ги нема и по име и по куќи и по луѓе... и темелите ги нема...
некои други имиња носат и некои други луѓе свои огништа направија.
Шеесет години не се слуша тапан да удри, кавал да засвири, клопотарци да затропат и стада овци да закитат ридови, новороденче да заплачи, камбана да удри. Згаснаа огништата и спузата ветришта ја одвеаја...
Така некој посака и така би.
Од тука, од Трстеник, низ замаглината на стежна-тата солза го гледам Телок, Стените и црквата Света Богородица. Само тоа остана од моето родно Крчишта кое гледано од тука е толку многу близу, а само јас сум премногу далеку...
Не отидовме до местото – лединката - каде на 25 март 1948 година ја поминавме ноќта и будни, легнати на гола земја и покриени со влажен папрат, ја дочекавме зората. До лединката каде ја поминавме ноќта спрема 26 март од тука не делат не цели илјада метри. Знаеме во која насока да одиме, но не можеме да најдеме патека што би не однела до таму. Се е нива.
Не отидовме таму, а толку многу сакавме да ги најдеме нашите први детски траги оставени на туѓа земја, уште еднаш да стапнеме на истото место од каде зачекоривме по патот што не однесе во далечни земји, а толку многу тоа си го прижелкувавме, зашто од тука почна нашиот растур по светот.
Не го заборавивме местото, го паметиме и не ја заборавивме ноќта која беше исполнета со нашите тивки, глуви, тажни и жалосни воздишки што нездржливо се откинуваа од нашите гради.... Таа ноќ, под небото извезано со јадри ѕвезди, пригушнати едно до друго, ние тогаш деца, првпат одлачени од од мајчиниот скут, таму на таа лединка тивко липавме и во нашите солзи се давеше полната месечина. Очите ни беа полни со ѕвезди од кои една се откина и паѓаше, паѓаше и некаде далеку згасна. Некој рече дека се откина нечија среќа, нечија судбина...
Нашата ли е?...
Таа ноќ месечината имаше боја на топол и светлив килибар и без престан се огледуваше во нашите очи вковани во бескрајот на ѕвезденото небо. Таа ноќ, небото беше ѕвездено и по средината од крај до крај, пресечено со млечниот пат. Такво го запаметивме...
Тогаш, таа ноќ, премногу оптоварени со желбата и надежта дека брзо ќе се вратиме дома, будни дочекавме зора.
Привршуваше ноќта и таму високо заспиваа ѕвездите и ние ден дочекавме со надеж и ноќ испративме со болка...
Во примракот стигнаа камиони и не однесоа...
Во молк го напуштаме Tрстеник.
Се враќаме тажни и исполнети со сочувство за тие луѓе не заради нивната сиромаштија, туку заради нивното молчење, нивната непристапност, нивното студе- нило. Дали тоа е отсуство на гостољубивост? Сигурно не.
И покрај се длабоко веруваме дека луѓето во Трстеник – Трестеник не се такви. Во нивните очи гледаме други луѓе
– добри и благородни. Тука, па и кај самите нив мора да има нешто друго, што нам засега не ни е познато. Но чувствуваме дека нешто ги мачи, дека длабоко во нив нешто е вкоренето и се додека не дознаеме што мака ги мачи, постојано ќе бидеме со нив.
Си одиме, го напуштаме Трстеник, но зад нас не фрламе камен на сомнеж кон луѓето за кои имаме најтопли и најискрени желби за секакво добро и разбирање за нивниот молк и сочувство за нивната горчина и чемер.
На одење забележуваме дека тука времето како да застана, иако селските куќи се поврзани со кабли за струја и скраја од селскиот плоштат стојат два трактори. Се друго е како во изминатиот век. На излезот од селото низ полуотворената дрвена порта - во дворот, веднаш до влезот на куќата – сив бетонски бункер пред чиј влез зеленее високо разраснат бурјан.
Селата ги поврзува тесен макадам кој сигурно памети стари времиња и голем впечаток остава обработе-ната земја. Тоа е белег на трудот и потта на овие молча-ливи луѓе кои одвај изустуваат по некој збор и не не гледаат в очи, туку в земја или настрана. Подоцна, во разговор воден со Македонец во Елбасан, ми беше речено:
- Мене воопшто не ме чуди што така се однесуваа тие луѓе. Во енверова Албанија секој непознат се сметаше за агент и секој кој го видел веднаш морал да пријави во сигурими. Изгледа вие не знаете што е терор. Тие се уште се плашат. На семожен начин не заплашуваа во тие времиња и стравот стана дел од животот, од секојдневието.
Стравот беше најголемиот и најмоќниот чувар на власта...
А само неколку метри од тука, на излез од селото, се најдовме меѓу ширно распосланата зелена пченична рамница. Од кај планината Морава надојде лесен повев на ветер и во бранови ги разлула класјето. Нивите зеленеат со младото руно на житата и класјето се навалуваат во бранови. Глетката не омаѓоса, небаре ни го одзеде здивот, но не израдува со чувството на надеж дека тука по некоја недела или две ќе се собира лебот и дај Боже да го има за сите...
Зад нас остана Трстеник – Трестеник и пред нас, од обете страни на селскиот пат, брануваат ли брануваат житата. Исправено расте пченицата и набабрени се класјето. Зрее во нив лебот.
Пленува глетката на зелениот килим распослан во срцевината на прстенот од околните планини. Не брзам со возењето. Возам полека и веќе не барам порамни места од патот зашто секаде е дупка до дупка, локва до локва и не се знае која е подлабока и во која има повеќе или помалку кал. И на часовникот не гледам. Имам впечаток дека времето се повеќе се смрачува, дека не враќа назад.
Ведрина се појави кога стигнавме до првите куќи на селото Височишта. Тука завршува нерамниот селски макадам и се врзува со тазе посланиот асфалт. Црн е и се чини дека се уште е топол. Застанав и излегов од колата.
Сопругата вознемиено ме праша:
- Што е? Се случи ли нешто?
- Да – реков со тон на неизмерлива вина. – Го извалкавме асфалтот...
10.
Со нашето ЅАХО, веќе испрано и очистено, подолго чекавме за да се вклучиме, би рекол, во експрес-ниот пат што ја поврзува Албанија со Грција. Синџир тешки камиони, повеќе тонски шлепери и цистерни, најмногу со регистарски таблички на албанските градови Елбасан, Тирана, Драч, Фиер, Флора. Едни празни кон граничниот премин со Грција, други, од таму најчесто товарени со градежен материјал, а најмногу со тули и керамиди, итаат на запад, кон Билишта (Bilisht), чие име со големи букви е напишано на таблата со сина подлога. Се втурнувам во празнината што се појави меѓу два камиони и држам чекор со овие грдосии. Пред влезот во градот Билишта – раскрсница. Лево - насока за тешките камиони, десно – за патничките коли и широки тротоари за пешаците.
Возам по главната градска улица и небо не гледаме. Скоро се е под сенките на високите диви костени и липи. Се чувствува мирисот на нивното жолто и созреано цвеќе. Барам место за паркирање. Се е зафатено. Комбе до комбе, мерцедес до мерцедес и коли со грчки таблички чии сопствеици тука ги викаат Јоргос. И така во потрага по место за паркирање излегов од градот каде не пречека табла со натпис Корча. Лево – голема, прекрасна бензинска пумпа со плац на кој можат да се паркираат неколку десетици коли и камиони, ресторан, кафеана, продавница со секакви делови за автомобили и самопослуга со прехранбени артикли. Чисто, уредно средено и насмеани службеници. Прифаќаат разговор и не гледаат настрана, туку право в очи, в лице. Зборуваат англиски, италијански, македонски, грчки. Од тука до Трстеник – Трестеник нема ниту петнаесетина километри, но разликата може да се измери со десетици години.
Од самопослугата излезе маж во средни години облечен во службена униформа на фирмата и се упати кон нас. Се поздравивме со мир дита и од неговото зборување на албански сфатив дека за нешто не прашува.
- Го бараме патот за Врбник – му велам на македонски.
- Вие сте Македонци? Од Македонија? Ретки ни се гостите од таму. Во што можам да ви помогнам?
Пак мир дита, си шкојне, мир, си подаваме рака и добиваме покана на кафе.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/na-pat-so-vremeto/8 on October 29, 2026