On the Road of Time (Following the Traces of Memories)
ПЕТРЕ НАКОВСКИ НА ПАТ СО ВРЕМЕТО - Part 09
- Faleminderit - му велам на албански, но и пак не сум сигурен дали добро го изговорив зборот, па затоа ставив десна рака на срце и одново му реков дека го бараме патот за Врбник.
- За Врбник? – прашува и мисли. – Аха, знам, ама сега не се вика Врбник туку Врник – вели човекот - Треба да се вратите во градот и кога ќе стигнете во центарот пред вас ќе ја видите банката и потоа ќе свртите лево и ќе возите пругоре до првиот свиок. Тука ќе свртите десно, потоа лево и право до една нова куќа и од таму право, право и натаму нема куќи. Тука ќе свртите лево и право пред вас. Друг пат за Врник нема. Патот сам ќе ве однесе во Врник. Нема да згрешите.
Ни пожели добар пат, препорачувајќи ни ги сите најдобри услуги на неговата фирма.
Со најизбрани зборови му го пофаливме објектот и тргнавме кон центарот на Билишта. Возам полека, гледаме на новите станбени згради, едно и двокатните куќи со разнобојни фасади во чии приземјишта се редат мали продавници, кафеани, кафулиња, ресторанчиња, чајџилни- ци. Стигнав до плоштадот и веднаш фатив лево, пругоре, десно, право, па лево и по широкиот набиен пат стигнавме во Врбник, сега Врник.
Врбник е чисто македонско село. Лежи во благо рамна котлина, со поглед на југ. Наоколу голи ридови, сив крш. Ниски, стари куќи, градени со камен и покриени со камени плочки и стари керамиди. Средно високи авлии од камен и во секој двор – лозница и бунар. Уличките тесни, калдрмата чиста, мазна и испрана од дождот. Пред влезот во селото, лево, над патот стара православна црква, градена со делкан камен, половината в земја. Ретко бие камбаната.
Верниците се растурија по светот. Отаде, на ритчето – селските гробишта. Тука почивка најдоа и голем број печалбари. Носени се од Америка, од Австралија, Канада и од некои европски земји. Тука земјата им е полесна и во неа им е исполнета последната желба – да почиваат на своја земја и под свое небо. Вратените од преку океанот – на сликите дотерани и насмевнати, ведри им се лицата и облеката градска, изгледаат задоволни и сити, а домашните
– најчесто во селска носија, натажени, во очите им е вгнездена длабока грижа, погледот молежлив и тажен и оставаат впечаток дека некого и нешто чекаат... Имињата и презимињата - македонски, на белите мермерни нагробни плочи и крстовите се напишани со кирилско писмо и ретко со латинско. Во горниот дел на селото – долга двокатна зграда. Училиште беше. Сега зее со празната голема влезна врата и со испокршените стакла на прозорците. Некогаш во него учеа до 200 ученици. До крајот на основното учеа на албански и македонски. Потоа се редеа во средните и високите школи во Корча, Елбасан и Тирана. И од таму излегоа триесет учители и професори, десет лекари и еден правник кој на времето беше и јавен обвинител на Албанија. Живите Врбничени се гордеат со нив. Се гордеат и со спомените што ги остави селското културно-умет-ничко друштво кое со своите многубројни настапи низ цела Албанија и учеството на разни фестивали во земјата ја ширеше македонската песна и оро. Сега го нема. Останаа само спомените и тажните воздишки на постарите...
- Енвер каков и да беше, диктатор или луд, освен верата, не ни го забрани името, јазикот, песната, орото и писмото. А сега овие новите, по неговото уривање, кои се прават демократи и европејци, не подзаборавија... – ни се пожали еден долгогодишен Врбниченец кој сега живее во Корча.
И тука, се чини, како во Капештица и Трстеник времето застана, но со таа разлика што тука не пречекаа многу срдечно и широкоградо. Во пресрет прво ни излезе жена облечена во црно. Тага и зрачи од очите, образите и се покриени со болка. Жали. Некој од најблиските и го нема. Дрвената порта ја отвори ширум и со обете раце не кани да влеземе в куќи. Изразивме сочувство, подадовме рака, а таа за душата на синот кој оставил здравје во Америка не почести со домашна ракија, со локум и студена вода од бунаррот. Потоа донесе албуми со слики правени пред војните и слики во бои правени по војните и по востанието, така го нарече паѓањето на Енвер Хоџа, слики правени и тука во Врбник и таму во Америка со синот и снаата, со внуците и со блиските и подалечните роднини.
Била и во Италија и во Грција и во Македонија. Од секаде каде најблиските и биле на печалба има слики на кои се гледа облечена во тамошни алишта, а тука, во Врбник, ги носи домашните руби. Селото, вели, скоро е празно.
Мажите на печалба, школото затворено, децата учат во Билишча каде секој ден комбе ги носи и ги враќа, а камбаната ретко бие и поретко црквата отвора. Имаше денови, вели, кога в црква им пеешe поп кој доаѓаше од Македонија, а сега се поретко им пее поп на грчки и понекогаш на албански. И вели и повторува – да му кажите таму во Скопје наш поп, македонцки, да ни пушчат. Ние, вели, ќе го раниме и ќе го поиме.
Говорот и е костурски и на тој говор зборуваме.
Од надвор допре брмчење на кола. Домаќинката погледна низ прозорецот и рече:
- Тоа е син ми. Најмладиот. Живее во Билишча и на главната улица има ресторан. Дојде, милиот, лекови да му донеси на татко му. Лежи таму во одајата. Недамна го оперираа во Тирана.
Маж, на лик четириесет и нешто годишник со весели образи и отворена насмевка не поздрави така, небаре се знаеме од секогаш и истури цел куп прашања, па и тоа за името.
- Е, шо велите, шо ќе прајме со името? Ќе го дајте?
- А вие? – го прашувам.
- Не, ние нема да го дајме. Име не се дава. И вие да не го дајте. Се разбравме? - не праша со укор во гласот.
– Простете - рече - јас ќе одам зашто во рестаранот ми се порачани сите маси. Дојдете. Ќе се најди маса и за вас. Ве чекам...
- Ќе дојдеме – реков – ама наредниот пат.
- Ќе ве чекам и не морате однапред да се најавите
– рече и со зголемена брзина замина за Билишта. Тажниот поглед на мајка му го следеше до првиот свиок.
- Да влеземе дома – рече домаќинката и тргна пред нас.
- На која страна се В`мбел и Смрдеш? – ја прашав пред да го пречекори прагот, знаејќи дека тие две села се соседни, а жителите многу роднински поврзани.
- Таму... – рече тивко и со раката покажа на исток.
Во нејзиниот глас почувствував издив на болка.
- Таму... - повтори и пак покажа на оголениот рид
- таму, зад ридот, ама ниту В`мбел, ниту Смрдеш ги нема...
и В`мбелци и Смрдешени ги нема – изусти тажно. – Ги нема – повтори по еден миг и пред себе замавна со рака, чиниш од пред очи сакаше да истера нешто грдо и лошо.
Ридот на кој покажа е на припек, обраснат со ниска испржена трева над која бранува сива омарнина.
Жената подигна очи и, покажувајќи со рака, се огласи тивко:
- Паметам, како да беше денес, навалица од луѓе и стока се спушташе прудолу. Жени, мажи во години, стар-ци, доенчиња Црневица местото се стори. Се наши луѓе.
Утредента надојдоа и партизани и албанските офицери им го земаа оружјето. Имаше многу ранети. Ги носеа на носилки, на ќебиња, на грб. Ги сместија во училиштето.
Што правевме ние? Од селскиот совет се даде заповед да помагаме. Несреќниците ги нахранивме и ги напоивме, ама не најдовме збор за утеха и за олеснување на нивните маќите. Дали останаа долго? Не. Вечерката ги собраа пар- тизаните и не знам каде ги однесоа, а утредента, прудолу, кон Билишта, натоварени со се што успеале да понесат од дома и, терајќи ја пред себе стоката, море говеда, море овци и кози, пеш појдоа сите... Каде? Прудолу...
Гласот и секна. Со раката замавна пред очи и по подолго молчење, прошепоти:
- Големо лошо и страшна несреќа ги снајде...
По час и половина го напуштивме Врбник. На првиот свиок, надвор од селото, патот ни го пресече комбе.
Прво кон нас притрча возачот, потоа куп дечиња, две жени и уште три момчиња.
- Добре ни дојдовте, нашинци – викна возачот. - По колата пуља сте од Скопје, нели?
Не стигнав да одговорам, бидејќи одеднаш се најдов во негавата прегратка. Откако ме опсипа со бакнежи и по образи и чело и очи, ме предаде на жените и продолжи да и дели бакнежи на жена ми. Така изнарадуван, се сврти кон децата и викна:
- А бре, шо чекате вие?! Поздравете се со гостите.
Наши се. Не пулите дека се од Македонија?
Децата срамежливо ни приоѓаат, пружат рачиња, се насмевнуваат, подаваат образи за бакнеж.
- А ние – рече возачот откако се испоздравивме – се враќаме в село. Од Билишча. Таму секое утро ги носам децата на школо. Албанцко. В село имаме школо, ама немаме даскал. Малку се децата. Се растурија људјето по градишчата и по државите. Сите се на печалба. Пропаѓа селото, брат... Значи вие бевте в село. Кој ви е роднина?
- Сите...
Човекот зина, ококори очи и откако се созеде од изненадувањето, силно ме удри по рамо, па рече:
- Така е, брат. Сега ми текна. Сите ни е сме род- нини. А сега свртувај и одиме в село. Дома да ни дојдете.
Ќе поручаме шо даде Господ, ќе си поприкажеме, а утре, со Господ напред, секој по својот пат. Ајде, свртувај и терај.
А вие, сите во комбе – им подвикна на децата.
- Брат, друг пат. До година пак ќе дојдеме...
- Шо? Значи нема да дојдете?
- Ќе дојдеме, сигурно ќе дојдеме идната година...
- Да дојдете кога ви е по ќеф. Сите врати ќе ви бидат отворени. А до идната година и патот ќе биде асфалтиран. Пред некој ден булдозите го нагазија. А и името на селото ќе ни го вратат. Нема да се вика Врник, туку по старо – Врбник. Така ни вети власта... А да те опитам? Шо ќе прајте со името? Ќе го дајте?
- А вие ќе го дајте?
- Македонцкото нема да го дајме! Шо си е наше, наше ќе си остане. И само така... и повеќе збор да нема!
Прифативме и на збогување се прегрнавме.
Денот е на битисување небото над Морава гори во пурпур...
Онаму далеку, над гребенот на планината се навали сонцето и целото Деволско Поле го облеа со последните зраци.
11.
Хотелот Гранд е во центарот на Корча. Од сед-миот кат се гледа целата околина и градот гледан од тука -лежи на дланка. Широки двонасочни улици го пресечуваат од север спрема југо-исток. Втор објект по височина е камбанаријата на православната црква Свети Ѓорги која се наоѓа во самоти центар.
Не губиме време. Макар што врне ситен дожд, го напуштивме хотелот и, поминувајќи покрај црквата Свети Ѓорги, ја фативме насоката што води во југоисточниот дел на Корча. Ја бараме куќата во која веечерта на 26 март 1948 нас, смрзнатите и исплашени деца не прифатиј жителите на Корча.
Паметам, пријде средновисока девојка и ме издвои од групата деца. Ме погали по глава, нешто рече на албански, стави рака на моето рамо и ме поведе пред масата каде во голем тефтер го запишаа моето име и нејзи-ното име, презиме и адресата. Потоа нешто зборуваа, a откако таа се потпиша, и дадоа едно картонче со квадрат- чиња. Ме погали по глава, моето тупаниче го стегна во својата дланка и ме поведе. Одевме некое време по слабо осветлената калдрмисана улица. Забележав дека тукуречи сите куќи си личеа една на друга. Застанавме пред дрвена порта, таа чукна неколкупати и ни отвори висока слаба жена. Ме исплаши нејзиното лице. Ми се пристори дека е многу строга и лоша жена. Исплашен, со несигурен чекор го пречекорив прагот. Високата жена ми ја стегна главата во нејзиниот скут, потоа ми бакна чело и ме однесе до чешма да се измијам. Додека јас се миев, таа ми зборуваше и ми зборуваше, а јас ништо не разбирав. Гласот и беше топол, мил, кроток и галежлив. А потоа ме седна на софра и вечерав заедно со нејзините деца. Не ме одделија од софра ниту таа вечер, ниту наредните денови. И се смирив и се радував затоа што со толку голема добрина, нежност и топлина ме прифатија и ме чуваа како нивно дете. Рано децата им одеа на училиште, а мене домакинката, држејќи ме за рака, ме земаше со себе и одевме на фурна по леб. А таму редица. Жени и мажи во години држеа ред, молчаливо подаваа карточиња, а жената од другата страна со ножици сечеше делови од картончето и потоа од големата тепција со нож сечеше пченкарен леб. Не беше набабрен, нараснат и напукнат како нашиот пешник од ` рж и пченица, трка-лезен и голем, туку личеше на голема четириаголна плочка, печен во плитка тепција...
Сите денови во таа топла куќа заедно со тие добри, мирни и тивки луѓе јадев пченкарно лепче. И наредните денови пченкарното плокчесто лепче го имав трипати на ден и секој ден за појадок и вечера го добивав заедно со исто толку големо парче засушен мармелад и чаша чај од истата тепсија и кутија од кои добиваа и Албанците. Толку добиваа сите кои чекаа редица пред фурната. Толку добивав и јас. И сега, по многу изминати години, не без возбуда се потсетувам на тоа парче пченкарно лепче и го чувствувам мирисот, вкусот и наситката.
Во друг дел на градот се наоѓа куќата во која беше прифатена Дитта. Вели дека куќата беше бела, со голем балкон, во дворот ограден со ограда од ковано железо, цутеа многу тредафили.
Паметам дека “ мојата” куќа, нека ја наречеме така, зашто навистина беше таква што тогаш и сега, ја чувствувам како своја, беше ниска, само со приземје, покриена со керамиди, опкружена со висока авлија и голем двор со многу разновидно цвеќе и тукушто расцутени трендафили. И соседните куќи беа слични. Скоро си личеа.
Улицата тесна послана со калдрма.
Која ли од овие куќи е куќата во која ме прифа-тија непознати луѓе од кои секогаш зрачеше топлина, блага насмевка и многу добрина? На која врата да тропнам?
Им кажувам на луѓето кои ме прашуваат како изгледаше куќата и како изгледаа стопаните. Постара жена рече дека куќата е урната. Сега таму поминува оваа широка улица.
- А луѓето? – прашувам.
Мрдаат со рамена и сфаќам дека не знаат или не сакаат да кажат?
Не, не успеав да ја најдам куќата. Не ги најдов и моите добри ангели. Со години во себе ја носев големата желба да одам во Корча и на тие луѓе на нивниот јазик да им речам - faleminderit и на мојот: благодарам!
Таа висока, добродушна домакинка и мајка, таа мила жена, која не ме оддели од софрата и ме чуваше како нејзино дете, не успеав да ја најдам, да клекнам пред неа, и бакнувајќи и рака, да и речам: NANE, FALEMINDERIT!...29 Тргнуваме по широката улица подготвена за асфалтирање. По стотина поминати метри се врзува за друга нова улица која тече покрај канал. Каналот тогаш беше река и ширинката и црницата до неа ги паметам.
Реката ја нема. Дното е обраснато со ниски грмушки. Изгледа ја пренасочија водата. По тесното дрве- но мовче поминуваме на другата страна. Паметам дека имаше улица која покрај ѕидот водеше до болницата. Сега нема улица и натаму нема премин. Висока ограда од црно обоени ламарини. Се чини дека зад нив или е градилиште или магазини. Нема пристап. Ја нема улицата што водеше до болницата. Токму неа ја бараме – болницата.
Ни пријде пристар маж и не прашувана нешто на албански.
- Не разбирам – велам и го прашувам дали зборува македонски или грчки.
- Да, зборувам.
- Ја бараме болницата – реков.
- Болницата? Која болница?
- Па некаде во овој дел на Корча имаше болница во која биле лекувани партизани од Грција. Сакаме да ја посетиме.
29 На албански: мајко, благодарам.
- Вие сте Грци?
- Не. Македонци.
- Македонци? А од која Македонија? Од грчката или од Република Македонија?
- Од Република Македонија, ама родени сме...
- Разбрав. Јас и македонски зборувам – рече развлечено. – Да седнеме – предложи. – Значи барате болница... туку прво да ве опитам, како е таму во Македонија? Слушам на радио дека многу се карате, се расправате. И што ќе прајте? Ќе го дајте името?
- А ти што мислиш? Да го дајме?
- Не, да не го дајте. Да се браните... Име не се дава... Болницата, рековте. Нема ништо од тоа што мислите дека останало. Нема ниту трага од тие времиња освен... – прекина и откако се искашла, доврши – освен ... освен мене...
- Вие сте биле таму?
- Да. Таму работев како водоинсталатер и елек- тричар. И не само тоа. Бев и медицински брат и носач и чистач и растоварувач и товарувач и помагав во кујната...
И со тие момчиња и моми се соживеав и честопати, кога се чувствувам сосема осамн, си зборувам со нив, макаршто одамна сме разделени...Тие останаа дел од мене, од мојот живот. Дел што никогаш нема да го се оддели од мене...
- Сигурно ја нема болницата?
- Ја нема. Не си губире време.
- Јас – му велам – тука некаде имав познати и ги барам. Тука некаде беше нивната куќа... мала, чиста куќа со двор под калдрма и полн со трендафили. Имаше и некои цвеќиња во саксии.
- Велиш домаќинката висока, со долг нос и скриена насмевка, а мажот носеше пиштол?
- Така...
- Ги знам.
- Да одиме.
- Се преселија. Тој беше мајор. Се слушнало дека починал во некој логор. Во Албанија имаше време на логори и често се одеше таму. А куќата му беше ене таму.
Скоро во средината на оваа улица. Ја пробија пред една година и се уште е во градба. Куќите ги уриваа со булдожери.
-Штета – реков со воздив – мислев дека ќе ги најдам.. А децата? Тие, моите домаќини, имаа два синови и ќерка. Едниот син ми беше врсник. Тогаш сите одеа на училиште. Ние не учевме. Секој ден се собиравме на една лединка и таму го чекавме денот за да се вратиме дома...
-Не им ја знам судбината. Можеби се живи.
Господ знае. Само тој знае, како во тие години се правеше се за да ни го искорнат од умот и срцето. Не сум слушнал, а и многу не сум се распрашувал за нив, бидејќи и прашу-вањето се казнуваше. И за прашување се одеше в затвор.
Се разбира го познавав мајорот. Беше и добар и строг и имаше добро срце. А да појдеме до дома? Сега не не викаат во сигурими ако зборуваме со непознати или ако ги поканиме дома. Ајде, да појдеме на кафе - локум? Сега има бол кафе и локум. Има, не сме гладни и не чекаме ред пред продавниците.
Скромна е куќичката на Тахир. Живее сам.
- Со овие раце ги растоварував вашите ранети, би рекол нашите ранети. Ги миев, ги преврзував, ги галев и на заминување назад на боиштата им ги стегав дланките, молејќи ги да се чуваат. Ама изгледа не се чуваа и некои дури по една недела ни се враќаа уште повеќе осакатени.
- А македонски каде си научил?
-Тука во Корча. Соседите ми беа Македонци.
- А грчки?
- Од другите соседи. На оние лединки си игравме како деца. И со игра се учи јазик. Имавме тука и Турци. И тој јазик малку го зборувам. Мешан е градот и луѓето не се караат поради јазикот и верата. Дали имам слики од тоа време? Не. Не остана ништо. При една рација се ми зедоа...
Паметам многу имиња на ранети борци. Паметам и места каде се воделе борби од каде ги прифаќавме и ги лекувавме тука во Корча. Најголема група ранети сме примиле почетокот на август 1947 година, по неуспешната и крвава битка за градот Гревена. Некаде околу двесте ранети. Потоа следеа помали групи, а голема група ни стигна во октомври по битката за градот Мецово и во декември по неуспешната битка за градот Коница во Епир.
Тука, во Корча тие добиваа прва медицинска помош.
Полесно ранетите ги задржувавме, а потешко – ги праќавме во Елбасан, Тирана и Драч. Случаите за потешки операции ги праќавме во Белград, Будапешт. Немаше ден – есента и зимата 47 да не примиме ранети. А од јуни до август 1948 година прифаќавме и по стотина ранети дневно. Тогаш се водеа големите борби на Грамос.
Честопати ги слушав имињата на местата на нивното ранување – Копанче, Горуша, Бел Камен, Аљавица, Чарно... Голем број ранети примивме и во септември истата година по битката за Мали – Мади. А многу, го паметам бројот – 1500 ранети примивме во февруари 1949 година, по неуспешната битка за заземање на Лерин. Од камионите растоваривме многу... Се беше полно. Во болницата веќе немавме место. Болничките соби, коридорите, па дури и подрумите беа полни со ранети.
Камионите носеа и носеа. Ги растоварувавме и ги легнувавме во дворот. Имаше снег и беше студено. Брзо ја испразнивме гимна-зијата што се наоѓаше близу болницата. Клупите ги фрлив-ме надвор и во училниците, во ходниците, па дури и на скалите ги легнавме ранетите.
На гол под, немаше кревети. Тука им дававме прва помош, ги покривавме со ќебиња за да ги стоплиме, ги потхранувавме и поевме со чаеви. Не очекувавме дека одеднаш ќе ни донесат толку осакатени момчиња и девојки. Сите беа преврзани со валкани завои, со парчиња од кошули, од ќебиња. Таму на боиштето од каде ги извлекуваа, ранетите велеа дека ги извлекуваа и ги носеа жени во години и ги носеа се до горе, до местото каде што чекаа камионите. По првата преврска, тешко ранетите пак на камион, а другите пеш или на насилки стигнуваа до границата.... По растоварот камионите ги перевме. Дворот се наполнеше со засирена, замрзната крв, во грутки се тркалаше крвта по дворот. Не течеше вода, туку крв.
Студено беше. Февруари. Ноќе ги праќавме во Елбасан.
Дали беа многу? Колку е тоа многу? Колку? Колку се многу –повторува - многу се многу. Многу е многу и тешко е да се раскаже тоа многу колку е многу, зашто во тоа многу има и многу болка, страдање, плачење, офкање, лелекање, пцуење... Во колички изнесувавме нозе и раце.
Од каде беа лекарите? Имаше наши, албански, имаше и Грци, Југословени, Полјаци, а најмногу Унгарци. Сите порано биле во болниците во Шпанија каде ги лекувале и спасувале шпанските борци. Имаа големо искуство. Дали имаше денови кога не пристигнуваа ранети? Не. Немаше такви денови. Секој ден пристигнуваа нови, а имаше и такви кои денес испратени, утре ни се враќаа со нови рани.
Дали имаше стари? Не. Беа само млади, Млади, велам. Беа само млади. Стари немаше... Дали доаѓаа во посета некои високи личности? Не сум чул дека некој таков беше виден во болницата. Јас барем никогаш не видов и не слушнав...
Не забележавме кога падна мракот. Светилката од крај патната бандера бледо го осветлува лицето на нашиот случајно сред соговорник.
Тешко ми е да го прашувам. Гласот му е скршен, од секој негов збор се цеди горчина, рацете му треперат.
Рече:
- Ете, со овие раце ги симнував од камионите, ги пренесував и прегрнував, им ги менував завоите, ги носев по нужда, им ги миев лицата, ги хранев, им давав да пијат и ги галев кога јачеа од неиздржлива болка. И колку знаев и можев галежно им зборував и ги тешев дека брзо ќе оздрават. Што ли не им ветував и многу, многу ги молев да трпат, да смогнат сили да ги издржат болките. И кога плачеа и јас плачев заедно со нив. Си ја олеснував болката...
По кратко молчење, не праша:
- А каде сте на спиење?
- Во хотел.
- Ако таму не ви е удобно, дојдете кај мене – изусти полека. – Ајде, да одиме...
Го испративме до вратата на неговата куќичка зад црквата Свети Ѓорги.
- Ќе влезете?
Без збор му пријдовме и го прегрнавме. Силно.
Толло. Сесрдно.
Како ли на друг начин да му ја изразиме нашата благодарност нему и на стотиците Албанци?
Како ли поинаку освен со жив збор да ја искаже-ме и да ја изразиме нашата топла, нежна, срдечна и долговечна благодарност?
Секој наш изречен збор е само одраз и израз на почит и набабрува со најблагородните чувства на благодар-ност, љубов и восхит...
Занемени сме пред величието на нивните срца и души...
Се збогувавмесо добриот старец и се откажавме од намерата и желбата да ја најдеме болницата. Ако ја нема зградата, барем да го видиме местото каде постоеше, да се соживееме со тие кои во неа лекуваа и со тие кои во неа беа лекувани и во нашата вообразба да ги внесеме нивните болки и страдања и радоста од вратениот живот...
Болницата ја најдовме и ја посетивме дури утре- дента. За тоа сме им благодарни на корчанските активисти на Македонската алијанса за европска интеграција во Албанија, Тачо и Јован.
На периферијата на градот, опкружена со високи борови, во заборав стои некогашната италијанска двокатна болница во која спас од раните најдоа илјадници маке-донски и грчки момчиња и моми, борци на Демократската армија Грција. Напуштена е и ја гризе забот на времето и нема никаков белег дека во нејзината внатрешност некогаш се враќаше животот. Од празните болнички соби и ходниците во кои владее длабока, мртва тишина што ја поматува само тивкото крцкање на подгниените прозорци со испокршени стакла и врати, бие огромна осама која предизвикува измачувачки немир и чувство на болка. Во ќошовите, под таванот, висат бели пајажини. Прав се крева по секој направен чекор. Онемени излегуваме тивко, носејќи го со нас чувството на осаменост кое со сета своја тежина легна и врз нашите срца и ни се причинува дека некој јачи, вика, повикува, моли...
Излегуваме тивко, онемени, со грутка од молк во грлата...
Тишина, осаменост и молк...
А сегашнината на болницата, за да не остане сосема заборавена, ја сочувавме во неколку фотографии снимени со болежливо треперење на раката...
За спомен...
Тука, во Корча, во еден дел од моето паметење чувам уште едно место кое остави неизбришлива трага..
- Еве, токму тука, - и велам на сопругата - под сенката на оваа црница се собиравме секој ден претпладне ние децата од нашето село... – Тука – велам – се собиравме и чекавме... чекавме да дојдат камиони и да не вратат дома.
Со парче од керамитка на еден камен од ѕидот влечевме црвена црта и со неа ги бележевме деновите што одми-нуваа и секоја ноќ сонувавме камиони што не чекаа за да н е вратат дома, зашто беше речено дека по дваесетина денови ќе се вратиме... не знам зошто и не знам кој ни рече дека тука ќе дојдат камионите и тука секој ден ги чекавме...
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/na-pat-so-vremeto/9 on October 29, 2026