On the Road of Time (Following the Traces of Memories)
ПЕТРЕ НАКОВСКИ НА ПАТ СО ВРЕМЕТО - Part 02
Тој, кој досега само слушаше, се исправи и, барабанејќи на масата со прстите од левата рака, праша:
- Знаеш ли за што мислев? – допре до нас прашањето и без да чека одговор – пак праша: - Зошто само зиме, во најголеми снегови, студови и цикни, по долги и истоштувачки маршеви, смрзнати и гладни ги напаѓавме градовите? Коница, во Епир, ја нападвме на Бадник 1947 и завршивме со многу жртви; а во Македонија Воден, Соботско и Негуш исто така кон крајот на декември 1948 и излеговме со уште поголем број жртви, а Лерин во февруари 1949 и доживеавме невиден пораз?...
Прашањето потона во очите, се закова на усните и пак настана молк.
Гледајќи ги така онемени и сподавени во своите мисли, се запрашав:
- Дали некој ќе го скрши молкот и во него ќе го најди одговорот?
Непознатите, кои ни станаа многу блиски, платија и излегоа. Застанаа на работ од бездната со поглед на Лерин. Во нивните очи потонаа голите врвови на Бела Вода и карпестиот рид на Лунѕер. Долго гледаа. Со раце покажуваа на ридиштата и планините. Потоа се свртија и едниот од нив, рашири раце и, покажувајќи на падините на Бигла и Плочата, направи круг. Во средината остана целиот простор заедно со кафе-ресторанот, паркингот и широкиот пат.
- Тука – допре до нас неговиот глас – беше клучот за портата што води кон Преспа и Албанија. Тука, селаните од околните села заедно со партизаните скоро цела година копаа ровови и градеа бункери. Само ноќе, зашто дење биеја авионите и топовите. Пилата, секирата, лопатата и казмата беа основните алати. Кутнатите букови стебла од околните шуми, долги и по неколку метри, на рамо по стрмната угорнина ги носеа мажи и жени во одминати години. Накрсно, еден врз друг ги редеа тешките трупци и над секој ред фрлаа земја и камен. Е, тој клуч, беа бунке-рите кои требаше да им го заградат патот на тенковите и на добро обучените јуришни единици на владината војска за да не го фатат патот што би ги однел зад нашиот грб. Би рекол клучот беше направен од потта и од крвта што течеше од крвјосаните рамења и дланки на македонските селани. Ова место беше клуч – тврдина за да не помине непријателот на Вичо, како што гласеше паролата. Потоа донесоа единица составена исклучиво од инвалиди и ја нарекоа “ ταγµα θεσεον”- поцизионен баталјон. Значи тие немаа физичка можност да го напуштат местото, имаа наредба до последен да бидат во одбрана. Не е забележано дали некој од тука замина жив... Остана само кажувањето дека тука тие силно го држеа клучот, но на друго место пред силниот налет на владината војска и клучевите и силните порти се скршија. Некои велат дека и други помогнаа...
Бигла сега на картите е обележана како еден од најпознатите зимски спортски центри. Три жичарници, четвртата во изградба, водат до врвот. Вагончињата обесе-ни на дебела жица, мируваат до првиот снег.
Коли, автобуси, камиони, кафеани, ресторани, хотели, жичарници, паркинг послан со дебел слој од бетон... и под нив тие кои беа - позициониот баталјон...
Нема белег дека беа... тие, кои беа моќни со дух и верба, беспримерно храбри, посветени и безимени!
2.
На два километри од подножјето на Бигла, на надморска височина од 1700 метри е влашкото село Писодерион (Псодери). Куќите градени од делкан камен и над секоја врата табличка која во зимскиот период, кога работи жичарницата и илјадници скијачи тука доаѓаат од цела Грција, нуди соби, разновидни специјалитети од домашната селска кујна, а најмногу повикува на грав и секакви пити. Тука се зборува влашки, грчки и постарите жители, го зборуваат локалниот македонски дијалект. На падините на планината Бела Вода, над патот, хотели во градба. Патот е стар, сега проширен и под асфалт, ги памети времињата на турското владеење и тогаш беше, а и сега е пат кој ја држи врската Лерин – Корча и натаму се до Драч и преку него по море до Италија и од таму кон широкиот свет.
Змиски се спушта патот по удолницата. Возам полека и не ме напушта приказната за лошото што пред шеесет години се случи во Лерин. Од ова ме оттргна натписот “ Света Троица 1 км” и сината стрелка која покажува на насоката што се одделува од главниот пат.
Свртувам тука и држам волан по тесниот пат со многу кривини и покриен со сенките на густите и многу стари буки. Зад последната кривина, широк паркинг и зад каме- ната авлија - манастир. Влегуваме во дворот во кој се чувствува мирис на што туку искосена трева. Бистра и студена вода без престан блика од пет чешми. Правиме обиколка на манастирот и на западниот ѕид гледаме натпис, на грчки, изделкан во камен – Агија Тријада
(Света Троица) и под него дата – 1050. Влезната врата во манастирот не е под клуч. Од конакот излезе пристар маж и откако се поздрави на грчки, разговорот го продолживме на македонски. Рече дека е од Псодери и дека е чувар на манастирот и конаците.
Пред олтарот запаливме свеќи за душите на тие кои чуваат стража на Бигла и го фативме патот за Преспа.
Легнато на планинските подножја што ги разде-лува реката Бистрица, не пречекува селото Андартикон. Во изминатите времиња и во спомените на неговите жители, кои во најголем број се распрснати по светот, попознато е како - Желево. А запаметено е и по тоа што зад себе има оставено трајни белези во македонското опстојување и во граѓанската, а и по тоа дека во тукашното училиште, како и во онаа во селото Герман, во ноември 1947 година, во воени услови, беше отворен првиот курс за македонски учители. Тука и во Герман 80 демобилизирани момчиња и моми кои имаа завршено грчко основно образование и по некоја гимназиска година и натаму облечени во воени униформи добија наредба во време од петнаесет дена да научат да читаат и пушуваат на кирилица. Потоа беа испратени на извршување на голема задача. Оптоварени со тоа знаење и со торби и дисаги во кои ги носеа букварите пристигнати од Скопје, тргнаа низ костурските и лерин-ските села да го носат штотуку запалениот факел на македонската просвета. На стемнување се прибираа учени-ците во студените училници и ноќе, за првпат, во растрепе-рената светлина на кандилата и газиените ламби го учеа пишаниот збор на мајчиниот говор. Дење немаше ученичка врева и смеа зашто долетуваа железни птици и биеја по словото и зборот.
Магловита и жална беше таа есен. И дење и ноќе се почесто стигнуваа и се престасуваа тревожните, лошите, несаканите вести, камбаните биеја на умрено и се повеќе мајки се завиткуваа во црнина. И зимата одмина во плач и лелек и кога се отвори и расцвета пупката на дренот и долета првата ластовичка, во училниците згасна пламенот на кандилата и газиените ламби. И кога во клучеви на север летаа прелетните птици, од прегратката и скутот мајчин ја откинаа радоста и занеме куќата, дворот, сока-чето, вигната, селото. А пролетта надоаѓаше миризливо расцутена и кога стигна – не беше пречекана од деца...
* * * На два километри од Желево – раскрсница. Десно
– остра кривина и табла со натпис: Πρεσπες. Значи натаму е Преспа. Свртуваме и го фаќаме широкиот пат што криву-- лесто води пругоре. Од спротивната страна не пресретну-ваат патнички коли и автобуси. Ја вртиме последната кривина и одеднаш се најдовме на врвот од ридот.
Местото се вика Превалот и нужно тера да заста-неш и да погледнеш долу каде во прстенот на околните планини се легнати двете преспански езера. Од тука окото се полни со волшебно живописна и раскошна глетка која пленува. Во водите езерски тонат врвовите на околните планини и зеленилото на густите дабови шуми. И глеј -горе сино небо извезано со бели памучни облаци – долу, длабоко во водите, сино небо и бели памучни облаци.
Бело-црните штркови носени од топлата струја на ветерот вртат широки кругови над водјето и фаќаат висина пови-сока од ридјето на Пелистер и Галичица. Царски гордите пеликани маешнички расечувајќи водје, оставаат зад себе долга цепнатина. Над Галичица замагли, се раширува облак и лениво се префрлува над езерото над кое нависна лакот на вино-житото и ги врза подножјата на планините.
Се менат боите. Одблесокот на сончевината го снема и зароси.
Од Превалот, прудолу кон Преспа, патот води по бројни остри кривини и се исправува дури пред раскрсни-цата што е во градба. На сината сообраќајна табла над стрелката што покажува лево – натпис: Микролимни, под кој се крие старото име на селото Лак. Над стрелката што покажува десно наредени Карје – Левконас - Калитеа -Плати – Милонас – Лемос – Агиос Германос. Преспанци каде и да се своите села си ги викаат Оровник – Попли – Рудари – Шртково – Медово – Раби – Герман.
Одлучивме да одиме лево за да го посетиме селото Дреново иако на сообраќајната и туристичката карта го нема.
Лак, сега викано Микролимни, што во превод значи Малоезеро, не изненади со својата уредност. Кружи-ме возејќи по асфалтираните улици, восхитени гледаме на новите куќи и дворовите со мноштво расцутено цвеќе.
Забележуваме дека тукуречи секоја куќа нуди соби за одмор. Застанавме пред една кафеана и првиот од најблис- ката маса, по поздравот на македонски, го прашуваме по кој пат да одиме во Дреново.
- Во Дреново!!! – извика вчудовиден. - Од таму ли сте? Не ве познавам...
- Не, не сме од Дреново – велам.
- Од Скопје? – праша и погледна на регистерската таблица.
- Таму живееме..
- Аха, разбрав. Значи вие сте од оваа Македонија.
Ајде, излезете и дојдете да пиеме едно кафе, па потоа ќе одиме во Дреново.
Пред да го пофалам кафето, го пофалив селото.
- Убаво ни е селото, ама со луѓе. Малку сме од нашите... Куќите ги изградивме со спечалени пари кој во Австралија и Америка, кој во Германија и по некоја пара од рипчињата. Патиштата и улиците ни ги направи општи-ната, значи државата. И немој да мислиш дека тоа се државни пари. Оваа држава ја молзи Европа кога сака и кога ќе и текне. До пред влезот во Европа, ние бевме со прстот в уста. Голема сиромаштија. Сега примаме и гости, значи туристи. Ни доаѓаат од големите градови и тука бараат тишина и здравје. Таму голтаат црн, а тука чист езерски и планински воздух. А од нашите ретко кој доаѓа зашто и ретко кој остана. Старите испоумреле во туѓина, а младите кои се родени таму, пат тераат на море. А јас на сите им велам – кој сака здравје да доаѓа тука, во Преспа.
Да не ви треба соба? Имам уште една слободна. Сакате да ја видите?
- Прво во Дреново – велам.
- Што барате таму? Пустелија е. Нема ништо.
Ништо! – повтроува.
- Ако - настојувам – сакаме да го видиме тоа ништо.
- Добро. Штом сакате, ајде да одиме. Колата оставете ја тука. Таму не се оди со кола. Само пеш или ако сакате со кајче?
- Пеш – реков. Зборот пеш го повторив и силно го подвлеков не случајно и не без причина.
Тесен е патот, тукуречи, залепен до брегот.
- Еве го Дреново – рече придужникот кога поми- навме од другата страна на карпата надвисната над езер- ската вода.– Тука е Дреново ... – покажа со широк замав на раката.
Самотија. Питомина и тишина. Одвај чујно, туку- речи, лижејќи го карпестиот брег, плискаат езерските бра- нови. И да не помисли човек дека тука, во ова зафрлено ќоше од светот, целото село беше собирно место за народните непријатели. Така го нарекоа – собирно место, а не затвор и не логор. Тука, народната, самозвана власт, од почетокот на октомври 1947 до август 1949 година, за казна, без суд и пресуда, под присила ги собираше татков-ците, мајките и жените заедно со малолетните деца на тие, кои фрлаа пушка и пребегнуваа на другата страна. Тоа беше доволно нивните најблиски да се наречат народни непријатели и во име на народната власт куќите да им бидат опљачкани до игла. Здравите и способните за работа, построени во строј по двајца, мажи и жени, боси пешачеа до Оровник и Рудари и во подножјата на планината со казма,чекан, лопата и клин копаа тунели. Таму влегуваа и излегуваа со врзани очи за да не дознае непријателот дека ископаните тунели беа складишта за оружје.
Го проколнуваа изгревот и заодот на сонцето.
Изгревот затоа што од првите до последните зраци риеја во каменестите планини, а заодот затоа што од последните до првите зраци, истоштени, гладни и жедни покрај вода честопати беа будени и терани да ги слушаат лелеците и криковите на тие кои ноќе беа тепани, горени со усвитена жица, давени во кофи наполнети со човечки нечистотии и дење изложувани на потсмев. И на овој начин требаше да ја гледаат моќта на народната власт.
Од кого ли научија тие прости, неуки, довче-рашни овчари и говедари, измеќари и момоци, прислуж-ници и подопашкари, та станаа народни судии и сурови мачители? Забележано е и постои извештај испратен до комунистичкото високо раководство дека “ непријателите на народното движење и народната борба ги учиме да ја сакаат ослободителната борба и за неа да работат и преку трудот да бидат слободни...” Последните зборови од извештајот ме згрозија и ме потсетија на тоа, дека далеку на север постоеше едно собирно место каде луѓето ги ослободуваше трудот. За тоа катаден ги потсетуваше натписот над влезната порта и оџакот што без престан црно димеше. Во Дреново немаше натпис и немаше оџак. Имаше тепање до бесвест, горење со усвитена жица, истоштеност од работа, парче црн леб не потешко од сто грама за цел ден, давење во кофи напол-нети со нечистотија, јавен потсмев и понижување, прину-дно потпишување на однапред подготвени писма што по разни врски им беа врачувани на нивните синови кои преминаа на другата страна, во кои нивните татковци, мајки и жени молеа да се вратат во партизанските редови и ветуваа дека народната власт ќе им ги прости греовите. И тие не беа слободни. Трипати неделно мораа да се јавуваат во полициските станици и секој ден зад нив се влечеше сенката на полицискиот агент. Се случило така што некој поверувал и под притисокот на големата грижа на совеста дека поради него и таткото и мајката, и жената и двете малолетни дечиња страдаат, се вратил. Во шумичката над Дреново, во бели мугри одекна истрел. Народната власт не му го прости гревот. И не еднаш во таа шумичка и малку погоре од неа се слушаа поединечни истрели и само еднаш долг автоматски рафал и грмеж од неколку пушки.
Од килерот на една од дреновските куќи рано наутро двамина вооружени со автомати го разбудија парти-занскиот генерал кој беше осуден поради неуспехот на бор-бата за заземање на Воден. А беше вака. Неколку часови пред нападот, на военото советување рекол генералот дека борците и боркинките по многу долгиот марш во многу лоши зимски услови се сосема истоштени и дека добро би било прво да им се дади малку време да одморат, да добијат топла храна, да ги исушат водените униформи и малку да поспијат. Друг генерал, член на највисоката команда, кој одморен, наспиен и сит на коњ стигна преку југословенска територија, наредил без одлагање да се оди во напад. И тргнаа во напад, се давеа во замрзнатите води на воденската река и гинеа во минските полиња и пред пушкарниците на однапред подготвените бункери. Бит-ката не успеа. Оној од повисоката команда пак преку југословенска територија се врати во Винени и раскажа дека тој и тој генерал е крив. Во негово отсуство го осудија на смрт и го затворија во Дреново. Георгијадис му беше името.
Двамината вооружени со автомати во мугрите го разбудија генералот. Му рекоа дека е време за вообичае-ната утринска прошетка. Во сивата светлина што во килерот влегуваше низ тесното прозорче, генералот го позна едниот. Беше командант на чета во неговата бригада.
Генеарлот му се насмевна и откако се поздрави, без збор тргна пред нив. Одеа со бавен чекор, чиниш го мереа патот, свртија лево и ја фатија благата угорнина и влегоа во шумата. Генералот застана, се сврти кон двамината и праша дали е доволно далеку или треба уште некој чекор да оди понатаму. Дманината ги одрамија автоматите.
Генералот ја откопча кожната блуза, од внатрешниот џеб извади хартија свиткана на четири и рече: - Другар капетане ова е писмо до ќерка ми која живее во Атина.
Молам да и биде доставено, а ако тоа не е можно, тогаш нека и биде пренесено дека чесно се борев и не сум предавник. – Генералот направи еден чекор назад, со раширени нозе неколкупати удри на земјата небаре проверуваше дали е доволно тврда за да го држи, потоа подигна глава и се загледа во врвовите на планината Бела Вода. Таму веќе изгреваше сонцето и над Дреново се разлеа долг автоматски рафал. Двамината со кајче се вратија во Винени и таму на кожената блуза видоа и изброија дека беше пронижана со триесет куршуми.
За партизанскиот генерал не беше доволен еден куршум...
Неколку денови по овој рафален грмеж, во Дреново донесоа дванаесетмина. Се пушти глас дека беа фатени на граница при обид да пребегнат во Југославија.
Не им се судеше, бидејќи за таквиот чин одамна беше донесена пресуда дека секој кој ќе присака, ќе се обиде, па дури и ќе помисли да пребегне отаде граница, ќе биде стрелан. Меѓу нив и познато име чиј кларинет на општогрчки натпвревар одржан 1936 година го зазеде првото место. Име без чиј кларинет тешко можеше да се одржи свадба во Преспа и селата долж реката Белица.
Каратимјо му беше познатото и прославено име. Пред изгревот на сонцето ги однесоа во шумата над Дреново. Од таму се врати само синот на Каратимјо. Беше малолетен. А денот пролетен таа 1949 година и во густежот на шумата престанаа да се натпеваат славеите.
Дреново - убаво и мирно катче, втиснато меѓу пошуменото подножје на планината Врба и брегот на малото преспанско езеро.
Дреново – страдалничко место и најгрда слика од која не може да се избрише лишајот на лошото што на невини луѓе им го направија челниците на грчките и македонските комунисти.
Таа слика мајките, жените и невестите од Костур-ско и Леринско ја однесоа во Австралија, Америка и Канада каде мажите и синовите им беа на печалба. Ја кажуваа и прераскажуваа и како приказна слушната во лош сон остана во паметењето на нивните внуци.
Молчејќи пеш го поминуваме патот од Дреново до Лак. Одиме полека и ни се чини дека го слушаме тивкото чекорење на босоногите мажи и жени кои со нарамени лопати и казми го пешачат својот крстоносен пат; дека ги слушаме гласните крикови и лелеци на болка на измачуваните во килерите на дреновските куќи; дека од шумата над Дреново допираат глуви истрели; дека засви-рува и одеднаш се пресечува свирбата на кларинет...
Одиме пеш, газиме бесшумно, небаре се враќаме од погреб, молчаливо, полека и тивко се оддалечуваме од заборавената самотија...
* * * На раскрсницата од главниот пат што води кон Кулата-Пероо, свртивме десно. Намерата ни е да го посе-тиме Герман, некогаш по население и куќи најголемото село во Мала Преспа. Некои од куќите се обновени, други во тек на обнова, но има и куќи со напукнати ѕидови, вдлабнати покриви, искривени оџаци.
Лево од широката асфалтирана улица, пред стара-та полуотворена дрвена порта опкована со железни клинци и разјадена од времето, на подгниениот праг, седи посивен маж. Налактен на колената и со брадата и устата втиснати во вкрстените збрчкани дланки, молчи и натажен поглед има вперено во дворот обраснат со коприви и диво зелје.
Полека и молчаливо префрлува поглед де на покривот, де на искривениот оџак, долго се загледува во прозорците и влезната врата. Со прстите се посилно ги стега усните и, гледајќи го така натажен и смален, не знаеш дали сака да спречи збор, плач или крик.
По поздравот, тој се помести на прагот, правејќи ни место за да седнеме. По долго молчење испружи рака кон дворот и рече:
- А од овој двор едни ме одведоа како дете и пред овој праг други ме пуштија како старец... А беше вака:
Најпрвин ги собраа младинците од седумнаесет до дваесет и некоја година и не поминаа два или три месеци ги собраа и девојките. Потоа, пролетта 1948 година, беше март и сите планини околу Преспанскoто Езеро беа под снег, не собраа и нас, околу четиристотини и педесет деца на возраст од две до четиринаесет години. Оние кои имаа петнаесет или шеснаесет години ги оставија во селото и наредната година им нарамија пушки. И така, ти велам јас, нас, четиристотините и нешто деца не одведоа пеш во Долно Дупени и од таму во Љубојно каде ја преспавме ноќта. Утрото пристигнаа камиони, не товарија во нив и не растоварија пред железничката станица во Битола. Тука не товарија во вагони и возот не растовари во Браилово, каде имаше многу деца од преспанските, костурските и воден-ските села и секој ден пристигнуваа и други. Секои три-четири денови на железничката станица редеа вагони и во нив ги товареа децата по некој список според нивните села и не знам каде ги носеа. Никој не кажуваше. А нас не сместија во плевни. Спиевме покриени со слама и сено, а за јадење добивавме парче пченкарно лепче. Дали ни беше доволно? Не! Никој не беше сит и таа нејаска не тераше да одиме по куќите и да просиме. Наместо да ни дадат леб, не бркаа со стапови, не пцуеја и колнеа, ни ги пуштаа кучињата... Па на кој прво да им дадат, кога и тие, селаните, одвај крпеа крај со крај. Голема сиромаштија имаше во тоа Браилово каде не фатија вошки и голема нечистотија се направи од тоа што беа многу деца...
Еден ден со братучед ми Коте, си рековме доста ни е веќе од оваа добрина за која афежитките на чело со некоја си Вера, како главна, зборуваа во Герман и по сите други села и решивме: се враќаме во Герман. Си рековме дека ако одиме по железничката линија, ќе стасаме во Битола, а таму ќе се распрашаме кој пат води за Преспа. И тргнавме. Одиме ние и одиме и некаде, ми се чини на половина пат, по неколку часови пешачење, не фатија и назад во Браилово, во плевните. И пак си рековме да бегаме, да се вратиме дома. И по не цела недела пак ја фативме железничката линија и по неа тргнавме за Битола, но овој пат бевме поитри. Кога забележувавме човек или нешто да личи на човек, веднаш се криевме во ендеците, во грмушките, во дупките под шините. И така не стемна денот и ноќта ја преспавме во еден ендек. Утрото, се уште не беше фатила зора, стигнавме на влезот од Битола. Бевме смрзнати и многу гладни. Ни беше страв да одиме по патот, та затоа влеговме во гробиштата, а таму меѓу гробовите - мачки и кучиња. Сфативме дека го собираат лебот што живите им го оставија на мртвите... Со камења и прачки ги спотеравме и собравме и леб и јаболка, а имаше и по некое парче пита. Се најадовме и остатокот в џеб. А потоа братучедот Коте, рече:
- Од дедо ми сум слушал дека на времето нашите доаѓале на пазар во Битола. Пат терале по Долно Дупени, Љубојно, Брајчино и излегувале во некое село Кажани и од таму право во Битола.
Прашавме една пристара жена како да стигнеме до селото Кажани.
- Што барате таму?
- Да се главиме за овчари... – излажа Коте.
- Одете право, само право, на кај џамијата и пругоре по реката се до ливадите, а потоа пак само право...
И појдовме. Час по џадето, час скраја од џадето, меѓу грмушките, по врбјакот и се криеме од луѓето...
Излеговме на гол простор, а од кај планината почнаа да се спуштаат црни облаци и мирисаше на снег. И одиме и стасавме пред Кажани и влеговме во првата плевна. Таму преспавме. Утрото прашавме едно старче дали овој пат води за Преспа?
- Води – рече и го снема во тесното селско сокаче.
Пред свечерување, може имаше едно два остени за да зајде сонцето зад планината, излеговме горе. Лево планини, десно планини и далеку пред нас вода -езерото и отаде– долга планина. Сите планини под снег.
- Ја пулиш таа планина таму далеку? – здишено рече братучедот.
- Ја, пула, па што?
- Од нашето село се гледа.. Го пулиш и тој процепот, така како да е планината скршена?
- Го пула, па што?
- И тој се гледа од нашето село. Значи ако одиме сега лево од тука, ќе стигнеме дома – рече.
И тргнавме лево. И не фати мракот. Ноќ. Студи.
Влечеме скапани и смрзнати нозе и не знам кое време стигнавме во едно село. Селаните спиеја. И кучињата спиеја. Се пикнавме во една плевна и таму го дочекавме денот. Кога добро зазори, се тргнавме над селото и продолживме. Коте, кој беше две години постар од мене ги памтеше планините. Застана и ме праша:
- Ја пулиш таа планина таму што се вика Врба? А таа, лево од неа, ја пулиш?
- Ја пула...
- Е, глупчо – ме искара братучедот – таа се вика Бела Вода...
Кога рече дека планината се вика Бела Вода потскокнав од радост и извикав:
- Па под неа е Герман?
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/na-pat-so-vremeto/2 on October 29, 2026