Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

On the Road of Time (Following the Traces of Memories)

ПЕТРЕ НАКОВСКИ НА ПАТ СО ВРЕМЕТО - Part 04

By Петре Наковски · Part 4 of 18 · About 21 minutes

Read in English

По посетата на пештерата, некогашната парти-занска болница, во која се уште има остатоци од дрвени кревети поставени на три слоеви, фаќаме пат за Пили, по старо Винени, единствено село во Преспа кое по грчаката катастрофа во Мала Азија во војната со Турција, тука доселија просвиги – бегалци, од Македонците наречени маџири. Од Преспани се разликуваат не само по зборот, туку и по изгледот. Имаат црна коса, коскеско лице, испупчени очи и орлови носеви. Самите се нарекуваат Понтји, значи некогашни жители на некое село сместено над бреговите на Црното Море. За време на граѓанската Понтјите беа пребегнати во Лерин, а во нивните куќи беа се сместиле членовите на таканаречената привремена демократска влада на Грција, која беше формирана во декември 1947 во преспанското село Асамати што се наоѓа во Република Македонија. Пред влезот во селото, лево од патот забележавме парче штица закована на дабово стебло и натпис: “Σπηλια Ζαχιαριαδης”.5 До пештерата пругоре по стрмнината води тесна патека и пред влезот во широкото плато распослано под сенките на нискο-стеблестите дабови, свртува лево. Уште една штица - патоказ со истиот натпис и десетина чекори од тука две споени карпи. Над нив растат стари закржла-вени дабови чии корени се вжилени во пукнатините на карпите. Под ниско обесените гранки, свртен на запад – зее мрачен отвор и самиот изглед на влезот буди морници. Со првиот чекор ја запалувам батериската ламба и внима-телно, стапнувам на првата степеница изделкана во каме- нот. По неа, надолу, уште три или четири степеници и со последниот чекор влегувам право во мракот... Некогаш, веројатно, беше мечкино дувло, но тогаш, во граѓанската – тука беше мозокот. Пештерата тогаш не личеше на пештера. Личеше на кабинет. Подот послан со рендани штици и покриен со рачно исткаен килим – во добрите времиња на заедничко верување - подарок од Тито. Лево масивно биро, телефонски апарати, радио-станица, десно долга маса покриена со црвено платно, наредени столови – за членовите на тесното политичко и воено раководство.

На челниот ѕид – во боја, портретот на Сталин, личен подарок. Електрична светлина и греење. Тука се носеа политички и воени решенија и одлуки, тогаш тука беше мозокот на едната страна од војната. Тука беа донесени одлуките за заземање на Воден, Негуш и Лерин. И тука и во Винени никогаш не падна ниту една авионска бомба.

Малку беа тие кои го знаеја и можеа да го поминат патот до пештерата. Сега многу се тие кои ја посетуваат пештерата која од некогашно мечкино дувло, денско живеалиште на лилјаците и пајаците и седиште на мракот и несреќите, стана туристичка атракција...

Не фати пладне и на пладнување одиме на островот Свети Аиљ до каде не води понтонски мост што недамна го постави армијата. Најбележит украс е Самуило-вата црква што постојано е под окото на бројни туристи и нивните фотоапарати и камери.

Не пропуштаме да отпочиниме во единствениот и изненадувачки прекрасно уреден ресторан со хотел и голема тераса со поглед на езерото, домаќинлак на невоо-5 Пештера Захаријадис бичаено љубезните Коста и Вера. Пред влезот – средба со историјата. Во камен и дрво скулптури на ослепени Самуилови воини. Измачените и страдалнички лица, на кои се сочувани белези на гордост и достоинство, те тераат пред нив да застанеш и да простумиш со почит и воздржан здив.

А ресторанот повеќе личи на етнолошки музеј.

Тука, макотрпно се собрани и со љубов и пиетет се изложе-ни сите белези на преспанската материјална култура. И додека со огромна љубопитност ги разгледуваме изложе-ните експонати, внимнаието ни го одвлече појавата на телевизискиот екран на знакот на солунскиот ТВ канал и најавата дека ќе биде емитуван документарен филм насло-вен: “Πρεσπα η καρδια της Μακεδονιας”.6 Во окото на камерата се сместени крајбрежните трски, мирнотијата на водата, мноштвото јата од разно-видни птици, островот Свети Ахиљ и ѕидовите на големата, некогаш прекрасна катедрала во која се молел царот Самуил и неговите воини, високите езерски камени бели брегови во кои се уште се сочувани пештерските црквички и келиите на калуѓерите-испосници и иконата на Света Богорица насликана на карпа сто метри над езер-ската вода. Коментарот е фалба за природата, но за луѓето, за Преспани ни збор. Филмот завршува со слика од некол-ку патнички коли и автобуси полни со туристи кои го поминуваат мостот кај Кулата и восхитени од убавината на ова божјо катче, се враќаат на југ.

Езерскиот ветер ја одвејува прашината и вревата што остана зад нив и над Преспа одново легнува и задре- мува тишината.

Ја напуштаме Преспа и пред да превалиме на другата страна од Превалот, долго се вгледуваме во прсте-нот од планини во чија средина е езерското огледало во кое катадневно се вгледани и небото и облаците, и месечината и ѕвездите и изгревот и заодот на сонцето.

Од градите ни се откинува тешка воздишка и заедно со неа и прашањето: зошто, Богородите, Ти, што на студ и влага, биена од силните есенски дождови и зимските ветришта, печена од летната жега, на карпа преспанска со 6 Преспа душата на Македонија векови траеш, не чуваше и не бранеше со Твојата рака да ја спречиш раката која Преспани ги избриша од Преспа?...

Преспа, питома и красна, испрана, истолчена, исплакнета, опустошена, истребена и тажна без своите старинци - Преспанките и Преспани...

Ех, Преспа, Преспа, такоана, онегвана и онадена...

3.

Костур спореден со оној од пред десетина години е непропознатлив. Поранешниот, вековен пазар, покрај езерскиот брег е пренаменет во градски парк. Во овој дел на градот непроменети се само рибарниците. Такви какви што се сега, беа во си те изминати времиња. Со нив владееле и владеат рибарите од селото Маврово. И градскиот стадион го нема. Тука е изграден нов плоштад и еден дел само двапати неделно се користи како пазар.

Уредно и чисто и како додадок е новата зграда на градските власти. Видлив е прстот на Европската унија.

Кружниот пат долж брегот на полуостровот е проширен и асфалтиран, начичкан со мноштво кафеани, таверни, кафулиња, ресторанчиња и мали продавници и покрај 70 – православни цркви, повеќето постари од петстотини години и изградени во византиски стил, претставува големо туристичко доживување и завршува пред малиот плоштад во чија средина во природна голема е поставен споменикот на владиката Каравангелис на чии гради со црна боја е испишано – крвник. Странично од Каравангелис е обезглавената статуаа ма американскиот генерал Ван Флит кој им командувал на грчките владини генерали во текот на граѓанската војна. Но, во Костур има и други изненадувања.

Во кафеаната, веднаш до езерскиот брег ( изгра-дена од дрво со многу пластични елементи) замоливме да не послужат со кафе.

- Две турски кафиња – замолив.

- Турски во Турција – налутено врати келнерчето, испиено и, веројатно од несоница, бледо момче. – Тука служиме само грчко – одговори строго и со пешкирот ја тресна мувата што се залепи на масата.

Откако го испивме грчкото кафе и водата што тука ја служат бесплатно, појдовме кон центарот на градот.

Продавница до продавница и на излозите најмногу крзно.

Крзнарството во Костур беше најстариот занает и само Костурчани со султански ферман имале право да бидат крзнари. Но, во последните триесетина години крзнар- ството им го презедоа околните села и градови, а најмногу Русите. Тие по распаѓањето на Советсдкиот Сојуз, со големи пари ( од каде им се само тие знаат) дојдоа во Костур и околината, изградија хали, на крстопатите поставија билборди со натпис “ШУБЫ” и така костурските познати и прочуени крзнари станаа наемни работници кај Русите.

Од љубопитност влеговме во една продавница со крзнени палта. Не ги допираме, само ги гледаме, им се восхитуваме и брзо преминуваме натаму вчудовидени и изненадени од многу високите цени.

Продавачот, зборлест, средовечен маж, не следи, објаснува, фали, не наговара да купиме и кога се најдовме подалеку од вратата, тукуречи шепотејќи, не праша на македонски:

- Вие сте од Сербија?

- Не – му велам. – Србија е погоре, на север.

- Аха... – охна.

- А вие? – го прашав.

- Јаска се од туа, од Македонија... Герција е по подолу... – рече тивко и со рака покажа на југ.

На излегување од продавницата не праша:

- А од кој град сте таму во...

- Во град живееме, ама родени сме во тукашно село.

- Во кое?

Му го кажувам името – Полијанемон.

- Го знам – се пофали. – Старото име му е Крчишта. Нели?

- Така е. И таму ќе одиме.

- Шчо барате там, бре? Там с`лде ветришчата по кој селото го доби новото име, нема нишчо! – извика вчудовиден. – Нишчо, вервајте, ама нишчо нема...

- Ако, господине, ќе одиме да го видиме тоа ништо...

- Χρηστε και Παναγια!...7 - прекрстувајќи се рече на грчки.

* * * Некогашниот тесен и излокан друм што од Долно Папратско водеше за Крчишта, сега е широк асфалтен автомобилски пат и завршува таму, каде некогаш беа гумната. Застанавме на местото викано Вишомо, од каде се шири мала возвишеност во чија средина има црква. Околу неа – празно. Во таа празнина беше селото Крчишта. Ја гледам празнината која во мене буди болка и морници ме тресат. Беше, го нема, сал името му остана што многу одамна го добило по крчењето на костените. Си спомнувам како старите пренесувале дека тоа било многу одамна.

Тогаш, кога во војната со Полјаците, во 1689 година, при нападот и заземањето на градот Хочим, некој бег се истакнал со јунаштво. Со султански ферман како награда добил пет села со се жители, куќите и земјата. За да му бидат нивите пошироки наредил да се искрчат костените и сите селани од петте села ги натерал на тоа песукливо и неплодно место да си изградат куќи, конак за бегот и џамија. Како белег дека некогаш во околината постоеле села останале само црквите – Св. Петка, Св. Атанас, Св.

Ѓорги, Св. Јован, Св. Илија. Истрајале во времето, востани-јата и во војните, но...

Лево од патот каде стоиме, високи дабови.

- Таму – и велам на сопругата - имало село и Долно Вишомо се викало и под високите дабови што се гледаат, е црквата Св. Петка.

Таму отидовме пеш и се најдовме под сенките на дебелите и високи дабје. Црквата Св. Петка ја нема. Не се гледа ниту трага од нејзините темели, туку само на два камења потпрени две скршени керамиди и под нив парче од недогорена свеќа. Над оброчиштето се шири тивок шум

7 Исусе и Богородице на дабјето. Јато гаврани прелетува и се губи отаде шумата.

Глетката боли и морници буди. Со здржана воздишка се прекрстуваме и немо тргнуваме кон селото. Широкиот автомобилски пат завршува таму каде беа селските гумна.

Лево широка железна врата, зад неа голем двор поделен со ограда зад која мукаат телиња. Многу ги има. На спротив-ната страна – куќарка. Лаежот на врзаното куче од неа извлече млад маж. Се поздрави на грчки и праша:

- Барате некого?

- Да... – реков и немо, со насолзени очи го опфаќам целиот празен простор...

- Кого?

Грутка во грлото, омалуваат колената, трепери брадата.

- Лефтерис се викам. Повелете, влезете – не кани дома, во малата куќарка.

- Ќе прошетаме до онаму, до брестовите – му велам и на враќање...

Колата ја оставивме пред портата на фармата за гоење телиња и со бавен чекор појдовме за да и го покажам на сопругата селото. По неколку поминати чекори затво-рив очи и празнината обрасната со пиреј и диво зелје ја полнам со куќите на Нановци, Дамовци, Пурдовци, Ласки-ни, Поповци, Доновци, Љаповци, Пинѕовци, Пеновци, Шкокловци, Трајковци, Наковци, Пандовци, Фиљовци, Гуљовци и другите до бројката 54 родови и куќи под чии покриви живееле 400 души и уште педесетина на гурбет отидени отаде големите води. Раскажувам за секој род, куќа и сокаче и затоа дека во времето на граѓанската 43 беа мобилизирани од кои 29 загинаа, 54 деца однесени по државите, 7 фамилии пребегнаа во Костур и Рупишта и сите други лошото ги витоса и ги растури по светот. Ете, велам, оваа празнина беше село и оваа празнина беше полна со живот... А тука, велам, каде сега стоиме, беше куќата во која сум се родил. Тука, велам, беше големата дрвена порта, од внатре затворана со дебел лост, зад неа дворот, таму беше фурната, ваму скалите што водеа до вториот кат. Тука, велам, мајка Фимка донесе на свет осум чеда од кои на три им нарамија пушки, четири и собраа и ги однесоа по државите и едно, најмалото, душа остави во Прењес, во Албанија, а синот, третородениот, со нестасани осумнаесет години остана на Грамос. И така, мајка Фимка остана сама и таму, во туѓина, секоја ноќ само еден ист сон сонуваше - дека сите чеда си ги собрала покрај домашната софра...

Мислата влече назад во времето одминато што сал за миг се претвора во јаве, живнува празнината и ги разбудува спомените кои небаре врзани во синџир надо-аѓаат, стегаат, гребат, толчат, гмечат, жежат и навејуваат тага. Колку за смирување на духот, со ногата удирам и копам во пеплосаната земја, исфрлувам скршени кера-митки и од пепелта подигам парче камен. Со топол здив пепелта ја издувувам и каменот го притискам до градите и не го чувствува срцето зашто и тоа е камен сторено....

Од ранецот го извлекувам албумот што со години го дополнувам со стари фотографии. Од нив полека, како `ртење, изникнува живот. Кои се тие на старите фотогра-фии? Какви им се судбините? Кој што бил, каде отишол, од каде не се вратил?

Каде се и каков им е крајот? Беа.

Ликовите на фотографиите чиниш испливуваат, живнуваат, го отсликуваат животот што сега ми се јави во духови и сенки. Низ фотографиите го барам тоа што беше, луѓето со нивните радости, таги и болки. Беа, ги нема.

Барам семејства. Беа, ги нема. Барам куќи, беа, ги нема. Го барам тоа што некогаш беше. Сега го нема.

Духови и сенки на духови...

Гледам на ликовите од фотографиите и правам напор да ги видам патиштатата по кои се витосаа.

Во кои земји?

Во кои непознати ширини на светот ги растури времето?

Кое време?

И како?

Колено по колено.

Поединечно – еден зад друг.

И збирно, во куп, и толпа...

Време...

Што е време и што се луѓето во времето?

Времето убива.

Времето ранува.

Времето лекува.

Времето заборава.

Времето не остава траги.

Времето уништува.

Времето е убиец.

Дали е сведок?

Времето одминува.

Времето носи, однесува.

Времето памети.

Времето докажува, Времето потврдува, Премето прифаќа и отфрлува.

Се вели во времето на тој и тој, во времето на големите бури, во времето на таа војна, во времето на тие и тие болести.

Тука сме. На празно, голо, олишено место.

И времето е изминато, одминато, а тука, сега, во сегашното, денешното, во ова миговно време, сега сме во одминатото време.

Сега сме во времето поделено на сега и вчера.

Време...

Чие време и какво време?..

Тука сме - во изминатото време, Време без луѓе, без куќи, тука сме во сегашното време без живот, само ледина и јата гаврани.

Време.

Чие време?

Какво време?

Време на што?

Време мерено со што?

Време обележано со што и како?

Изгубени во времето.

Согорени во времето.

Времето носи.

Што носи?

Време на радости.

На глад.

На страв, На жртви, на лаги, на пцости.

Време на клетви, кодошења и измами.

Време на колнења, на чекање.

Време стегнато меѓу времиња.

Какви?

Време за паметење.

На што?

Време на постоење, време на истрајност.

Време на чување на времето.

Тука времето се мерело со време за копање темели, за делкање камен, за ѕидање и редење керамиди, за орање и сеење, жнеење, време на берење плод, време за свадби, празници, растење и стареење, време на радости и таги, време на животот...

Потоа дојде и време на војни.

Време на лошо време и време на големи ветувања и лаги.

Време на одлачување на чеда од мајки и време на искоренување.

Време на молчење на камбаните.

Време без вера во Бога.

Каде застана времето?

Сега има само време за намнисување на изминатото време и време за да не се заборави далечното време.

Тука сега има само сега.

Дали ќе трае само толку, колку што ќе останеме наведнати над пепелиштето иостатоците од темелите на нашите куќи?

Време во нас останато засекогаш вгнездено и запечено во спомените.

Време над кое се превалува и превртува маглата и правот на заборавот...

Време за одмаглување.

Време за обеспрашување на правот што налегна над времето.

Време на зреење.

Време потребно за да дојде друго време.

Среде празнината од лоштото време е сочувана само цквата Света Богородица, која од граѓанската излезе со разурнат покрив, урната камбанарија и уништен олтар.

Градена е 1875 година и за неа дедо раскажуваше:

- Тогаш, во турско, кога нашето село беше чифлик, почнаа да ни доаѓаат де попови од Бугарија, де попови од Грција. Нам, Рисјани од памтивек, едните ни велеа дека сме Бугари, другите дека сме Грци. Ајде, бугар-ските попови ги разбиравме, ама грчките - ниту збор. И едните и другите ветуваа. Ни велеа дека дури и ќе не ослободат од Турците, а ние за возврат требаше да одбе-реме дали богослужба ќе слушаме на бугарски или на грчки јазик. Е, штом стана збор за ослободување, селото се подели. Едни си присакаа да бидат ослободени од Бугарија, други од Грција. И така половината село го прими на конак бугарскиот поп, а другата половина – грчкиот. Тие куќи што го примаа бугарскиот поп, ги нарекоа бугаромани, а другите гркомани. Костур рано беше паднал под капата на грчкиот владика, како ли му беше, аха, ми текна – Каравангелис, ли? Не, не, тогаш не беше тој. Нејсе. Кој и да беше, тој имаше оди ми дојди ми со турските власти, а нашиот бег му беше и близок родни-на на кајмакамот. Затоа бегот не им дозволи на бугаро-маните да градат црква сред село, туку ги истера од сарајот, велејќи им дека можат да се молат во старата црква Свети Атанас, надвор од селото. А причината за тоа беше, што Русите им се токмеле со војна на Турците, божем за да ја ослободат Бугарија... Од Костур дојде човек со нишан од грчкиот владика кој порача да му пратиме човек за разговор. Пуштивме таков. По локумот и кафето, владиката му вели на нашиот:

- Велиш црква да има сред село, ама на повисоко место од џамијата?

- Така личи, дедо владико.

- Така е, чедо – рече владиката – така е синко божји. На, баци го крстот и прекрсти се... - Владиката поудобно се навали на миндерот, шмркна кафе и, оближу-вајќи ги подгорените усни, праша: - А пари, велам пари, зашто црква со пари се гради, а не со молитви и желби.

Имате ли пари или ќе чекате да ви дадат Болгарите?

- Бегот, дедо владико, Болгарите не ги сака во селото – чифликот...

- Така де, знае Господ Бог што прави. Нека Му е слава на небесата. А пари, чедо, велиш немате. Ако свртите опуљ на кај нас, можеби и ќе се најдат пари. Така, биро.

Свртете се и можеби со Божја помош ќе се најдат пари во мојата азна...

- А на кој глас ќе се пее?

- Па, синко, на тој, кој дава пари.

- Ќе размислиме, дедо владико. Не е така лесно.

Велам гласот и зборот се важна работа, дедо владико. Од нашите дедовци остана нишан дека и во старо време в црква се пеело на наш словенски јазик, од Кирила и Методија така останало...

- Ами ако е така, синко, тогаш молете ги Болга- рите. И тие се колнат во Кирила и Методија... Ајде, сега оди си и ако таму во селото се премислите, дојди по некој ден...

Бегот преку свои луѓе беше во дослух со влади-ката и не му беше непознат разговорот. Еден ден тој го викна дедо во сарајот и му рече:

- Чувајта се. И Грците и Болгарите ви ја сакаат душата, а не верата. Пари ќе дадат, душа ќе купат. Ние Турците сме такви, какви што сме. Мојот чукун дедо тука дојде пред скоро триста години. Ниту тој, ниту моите дедовци по него не ве тераа да смените вера без ваша желба. Си останавте каури и рака на царштината не дигнавте. И Грците и Болгарите дигнаа рака против царштината и што добија? Меѓусебна омраза и туѓи цареви. Сакаше Русија да им дади, ама Портата во Цариград прати свои луѓе по европските царштини и таму им потшепнаа што значи Русија. Тие, европејците де, измерија од тука, измерија од ваму и од таму и откако видоа каде е ќарот, на Грците и на Болгарите им испратија немски цареви. Да си жив и Севишниот нека ти ги умножи годините и паметењето да ти го сочува за да ме спомнуваш по години. И Грците и Болгарите и таму по на север и Србите и јазикот и душата ќе ви ја земат. Ако во тоа не успеат, тогаш се ќе направат сенка да не ви гледаат...

Џенеме ќе фатите. Памти ми го зборот – лошо племе ќе ве споплати и ќе дојди време нас, Турците, да не молите да ви бидеме пријатели. Јас сум учен човек и учено ти лафам. Јас знам широко и далеку да гледам. Долги години учев во Париз и моите синови сега таму учат. Синовите ми пишуваат дека европските царштини шират вести дека Султанот е болен. Умиш ли? Султанот е болен, демек царштината е болна. Умиш ли? Црква ќе прајте. Да прајте, џанам, ама со ум. Со чиј ум ќе ја прајте? Со умот на егзархијата или со умот на патријаршијата? И едните и другите само ќе ги купат вашите души. А вашата душа е Македонија. Останете со нас, со Турција. Турција ќе ви даде автономија, ако ме разбираш, а потоа ако сте умни, можеби ќе си напрајте и своја држава. Велам ако сте умни, зашто држава најмногу се прави со ум. Доаѓа време на пропаѓање на старите големи царштини и правење нови мали и големи држави. Денес сите работат против нашата царштина. Ќе ја нема Турција, ќе ве нема и вас...

Така му зборуваше бегот на дедо и му велеше:

- Откако постои папа, неговиот опуљ секогаш е свртен кон Исток, зашто таму се шири светот и богат-ствата... И западните царштини така мислат...

Во октомври 1912 година грчката војска влезе во Костур тогаш, кога разбра дека градот беше напуштен од турскиот аскер. А во сарајот дедо и бегот седнати покрај мангалот во разговор дочекаа зора. Во меѓувреме жените ги наполнија сандаците, а слугите ги товарија на запрежни коли. Асан-бег го истресе чибукот и му рече на дедо:

- Е, дојде време да си одам. Тука завршува лозата на мојот чукун дедо кој местото го добил за јунаштвото што го покажал во војната со Полјаците. Тука се родив, пораснав, замомчив, од тука одев во војни за славата на Алах, Султанот и Турција. Триста години си останавте раја под сенката на моите претци и под мене. Триста години си останавте раја со ваш јазик, вера и име... пред триесет години со моја дозвола, ама со грчки пари сред село изградивте црква и од тој ден се поделивте на патријар-шисти и егзархисти и разделница отворивте меѓу вас и се развраживте со големата помош на тие, кои ви се правеа пријатели. Колкупати сум ти велел – треба да умите, многу да умите. Кај мене со јазикот, верата и душата не си бил роб. Кај новите господари и со јазикот и со душата ќе бидеш роб, па дури ако станеш негов кодош и шпион. Во овој мамен свет, освен Господ, ништо не е трајно...

Асан-бег се качи на белиот коњ и пред да тргне, му рече на дедо:

- Збогум каурине, збогум човеку и уми никогаш повеќе да не бидеш роб...

Асан-бег го подна коњот и на чело на десетина товарени запрежни коли го фати патот за Капештица и од таму за Билишта, во Албанија. Потоа стигна глас дека заминал за Франција. Таму му биле синовите. На ука.

Отиде и од тогаш никој не му го слушнал името. Небаре пропаднал во вода.

А во Костур биеја камбаните, на балконите и пенџерите гркоманите изнатопорија грчки знамиња. Без ниеден испукан куршум во градот влезе грчката војска и славеше голема победа. По некој ден во селото дојдоа грчки службеници придружувани од џандари и во тефте-рите досегашните турски поданици ги запишуваа како грчки, додавајќи им на старите родовски презимиња: - ос,

- ис, - у. И така Дамовски стана Дамопулос, Петровски стана Петридис, а Фиљовски – Филипу...

Дали предвидлив беше Асан – бег?

Црквата Света Богородица велат е обновена, но не таа што како дете сум ја запаметил. Ги нема широките тремови под кои од двете страни беа поставени миндери од камен. Таму по богослужбата седнуваа верниците и жените од накитените сапетки раздаваа за душа, за здравје и бери-кет; ја нема камбанаријата и камбаната виси на подгниена греда; на таванот го нема Пантократорот – Христос кој од горе со раширени раце бдееше и чуваше од лошо; го нема престолот и верниците ги нема... Во олтарот зафрлена во ќошот, ` рѓа ја гризе крштелницата и иконите ги јаде црвот...

Се исправив пред големата икона на Богородица, запалив свеќа и откако трипати се прекрстив со вковани очи во нејзините очи и шепотам:

- Богородице живите не си ги дочувала, барем сега чувај ги нивните души...

Пред големата железна порта на фармата за гоење телиња, не чека Лефтерис. Со блага насмевка на усните не покани дома. А неговата дома е сиромашна куќарка ѕидана со плитари и покриена со ламарини. Пред вратата не пречека жена во години. На нозе влечки, облечена во широки шарени чентијани и на главата шамија врзана од позади.