Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

On the Road of Time (Following the Traces of Memories)

ПЕТРЕ НАКОВСКИ НА ПАТ СО ВРЕМЕТО - Part 01

By Петре Наковски · Part 1 of 18 · About 21 minutes

Read in English

ПЕТРЕ НАКОВСКИ НА ПАТ СО ВРЕМЕТО

(По трагите на спомените)

“Η µνηµη οπου την αγγιζεις ποναει“

Γ. Σεφερης

“Споменот каде и да го допираш боли”

Γ.Сеферис Секоја сличност е случајна Патувањето низ Албанија е реализирано со финансиска поддршка на Министерството за Култура на Република Македонија, за што Авторот изразува посебна благодарност.

Место предговор Кој ќе посведочи за времињата во кои сме биле впиени и впечатени со безброј нишани и врзани со крвави нишки?

Кој ќе запише дека живот сме точеле длабоко вжилени во прадедовата и дедовата земја на која премногу и сме биле верни?

Криво ни сведочеа и безбојно не пишуваа, сал мрачен облак ширеа над нас, разделница ни ископаа, со измами и ветувања не прегрнуваа и во сите времиња крвава остела постелуваа под нас.

Кој ќе посведочи и ќе запише дека за нас слободата секогаш имаше црвена боја?

Кој ќе посведочи ако не ние за болките и чемерите, за плачот и лелекот, молитвите и солзите, за исчекувањата без крај, за пожарот, за викот и крикот, за ужасниот пораз, за откорнувањето и патиштата што се подалеку не водеа од дома и надежно ќе проречи дека по години и по времиња пак се ќе биде наше?

За таа надеж голема и за се и сите кои во времињата ги снема потулено пламенче на свеќа нека свети и одушевен жив жар на вечен опстој, дај Боже, во сите нас да гори и просветлине денес за да бидеме посложни и поумни утре.

Амин!

1.

На мојата работна маса цел куп книги и фасцикли со исечоци од списанија и весници, извадоци од архивски документи и од објавени мемоари на политички и воени челници од двете завојувани страни во граѓанската војна во Грција, селектирани белешки од фалбаџиски топорења, измислувања, лаги и кодошења и во одделни коверти белешки од обични, простосрдечни раскажувања на живи учесници и сведоци во кои се сочувани најавтентични доживувања од времето кое како лишај и лош сон е залепено и врежано во нивните и наши спомени.

И додека ги прелистувам и ги препрочитувам, постојано ми се врти мислата во кој литературен вид да ги преточам: во роман, патопис, репортажа, мемоари? Ми остана само еден избор – нека биде од се по нешто со единствена желба да се сочува доживеаното, со малку напор да се подиспраши и подизбрише правта наслоена врз спомените без разлика на тоа колку се мачни и болни.

На прагот од крајот на граѓанската војна во Грција, обележан со ужасниот пораз, заедно со сопругата Дитта, поттикнати од загрозата на помислата дека времето со текот се брише, се охрабривме да појдеме на пат со времето што одмина и, носејќи ја со себе и својата судбина и бележењата од живите искази на повеќе учесници во настаните и случувањата, тргнавме уште еднаш да ги изврвиме патиштата на нашето искоренување и расе- лување.

Се навраќаме кон тоа време заради потсетување дека постоевме на свое такви, какви што бевме – вкоренети во прадедовата и дедовата земја и во неа запечени со свои адети и вера, посветени на добрината и исполнети со верба, но измамени и со изгубени надежи.

Желба ни е барем дел од тоа време да го обеспра-шиме и обележиме со пишан збор за да остане засекогаш врежано во поединечното и колективното паметење.

Протекоа годините. Секнуваат генерациите кои го доживеаја и преживеаја злото. Многукратно напластената желба за враќање во родните огништа се претвори во долго битисување. Ретките дрвени крстови без име и презиме набрзина вкопани врз тие кои загинаа во нерамните битки на тригодишната крвава војна - изгнија, со земјата се израмнија поединечните и масовните гробови таму каде денес побрзо можеш да се сопнеш од расфрлените парчиња од бомби, гранати и куршуми, од испокршените надгробни плочи и крстови, од остатоците од темелите на нашите куќи. Само тие потсетуваат за сето тоа дека тука, во маке- донските села и планини се случи злото. За нас најголемо.

И треба да се знае кој го предизвика и изврши и за кого лошото најлошо заврши. Одејќи по трагите на спомените посакавме од мракот на заборавот да спасиме делчиња од големата целина на човековите патила.

Впрегнати под јаремот на таа голема желба тргнавме на пат со времето и по трагите на спомените кои се дел од нашето опстојување и постоење кое, како што рекле мудрите умови, е составка од многу минато и малку сегашност...

* * * Во крајпатната кафеана во Като Калиники (старото име му е Долно Клештени), ендопјите - така тука и во цела Северна Грција дојденците од Мала Азија, а и оние јужно од Олимп ги викаат староседелците - значи Македонците, ни рекоа дека патот за Костур преку Бигла е поубав и попријатен за возење. Може, рекоа, да се оди и преку Лехово и Вичо, но ако сакаме од високо да ја видиме панорамата на Лерин и Леринското поле, тогаш најдобро е да го избереме патот преку Бигла. И уште не посоветуваа да возиме внимателно, зашто казните за било каков сообра-ќаен прекршок се многу високи. Советот го прифативме и тргнавме кон Лерин, градот кој веќе не цели сто години е прекрстен во Флорина. Така пишува и на голематата сообраќајна табла пред влезот во градот кој прво изненадува со големата црква и веднаш потоа со прекрасно уредениот нов плоштад кој на градот му додава допол-нителна убавина и привлекува со својата одлично обми-слена постеваност. Вртиме кружно и бараме место за паркирање. Паркинзите полни и тротоарите зафатени.

Упорно бараме место и по долго кружење, ни се насмевна среќата, ако така може да се нарече празнината меѓу две коли каде го пикнавме нашето SAXO и одвај се извлековме низ тесниот простор што ги дели колите. Заради издишка и краток одмор влеговме во најблиската кафеана. Чиста, средена, ненаметливо осветлена и од звучниците сместени во аглите тивко се разлева песна. Звучи многу познато и дејствувава смирувачки. Миг стоиме вслушани во песната што предупредува и вели да не им се верува на битолските батакшии кои ветуваат, а не земаат. Ни се чини дека влеговме во битолската кафеана во која вчера ја слушавме истата песна што погромко ечеше од звувчниците. Изнена-дувањето ни го прекина келнерот, младо, насмеано момче, кое не поздрави на грчки и со широк замав на раката ни ја покажа масата.

- Ористе, паракало, катисте...1 – не покани на грчки

- Што ќе порачаме? – ја прашав сопругата.

- Вие сте од таму? – на македонски не праша келнерот, покажувајќи на север.

1 Повелете, молам ,седнете.

- Да – реков – ама со корените од зад оние планини...

- Аха, ми текна.

- А ти?

- И јаска си од ено костурцко село... туа најду работа...

- Зборуваш македонски?

- Лафам, ама не многу гласно зашчо се ушче има руфјани...2 – рече тивко и погледна на масата во другиот крај на кефеаната. – Туа о леринцко помногу се лафи... и се пее...македонцки... Шо да ви носа?...

- Кафе и вода.

- Грцко или капуцино?

- Се едно, само да е добро.

Откако го испивме “грцкото” кафе и плативме за услугата, излеговме на улица и се упативме кон пазарот. И колку поблиску сме до позарот, толку почесто го слушаме македонскиот говор и изненадени сме затоа што лерин-скиот пазар многу личи на битолскиот, а и кафеаните и кафулињата и малите ресторанчиња личат на битолските, но со таа разлика што во Битола се зборува гласно, а тука, во Лерин, тивко и внимателно и само во свое друштво.

Во Лерин денес е пазарен ден. И по говорот мноштвото пазарџии не се разликуваат од пазарџиите во Битола. Намерникот тукуречи на секој чекор е изненаден од тоа што често го слуша македонскиот говор, а вчудови-ден останува кога на ѕидот на една неколку катна зграда ќе види табла на која на македонски, грчки и англиски со големи букви е напишано ВИНОЖИТО.

Тука е седиштето на ЕВРОПСКАТА СЛОБОДНА АЛИЈАНСА – ВИНОЖИТО, ПОЛИТИЧКАТА ПАРТИЈА НА МАКЕДОНСКОТО МАЛЦИНСТВО ВО ГРЦИЈА.

Го читам и го препрочитувам натписот и се прашувам: дуваат ли веќе некакви нови ветрови? Се прашувам зашто знам, а паметам и од моите детски години, дека тука и пошироко, од југот никогаш не дуваа добри, питоми, топли и добродушни ветрови, туку немирни, ура-гански, строги, магливи, безмилосни кои го замолчуваа гласот и зборот, сееја страв и ги развеваа и раздувуваа сите надежи.

2 - Рουφιανος, грчки – подлец.

Одново погледнувам на таблата, одново дослуш-нувам тивок збор на поздрав и збогување што тивко прове-јува по улиците, кафеаните, ресторанчињата и пазарот и желно, многу желно посакувам од југот тука постојано да дуваат само добри, топли и добродушни ветрови за да имаат луѓето помирен сон и окрилени со надеж да дочеку- ваат поведри зори...

И голема желба ни е да го посетиме местото каде се погребани загинатите во битката за Лерин. Не ни е лесно да прашаме некој намерник на нашиот пат. Не знаеш на кого ќе наидеш....

Седнавме на клупата од оваа страна на мостот.

Десно од нас истопорен на мермерен постамент – Коте, оној легендарен грчки паликари - јунак, кој за неколку јудашки златници со два прсти подадени од костурскиот грчки владика Каравангелис, го обезглави Лазо Поп- Трајков. Котас, пишува на споменикот. Како потврда за тоа дека е Грк му е додадено “ с”, а без тоа “ с” би се читало Кота, што на грчки значи кокошка. Облеката и капата му се стилизирани согласно со времето на неговото кодошење и шпионство, но опинците му се од воловска кожа. Уметни-кот не му ги собул веројатно затоа, што во нив сакаше да ја сочува големата симболика на неговото надворешно и внатрешно сиромаштво што заедно со ненаситната лако-мост го одведе кон големото одродништво. Патем, не само во Лерин, туку и во некои лерински и костурски села има споменици на кодоши, шпиони и одродници. Црквата ги величи зашто сама ги создала и ги хранела со иудашки сребереници од нејзината азна, а државата без срам се гордее со кодошлакот, шпионството и одродништвото и како пример на храброст за дечињата уште првиот ден на пречекорување на прагот од градинката, во нивните чисти души го истура отровот на отуѓеноста од родот и во тефтерите ги запишува со грчка пена.3

- Тука е - ни рече човекот кого, ризикувајќи да не облее излив на навреди и пцости, го замоливме да не 3 Πεννα (грчки) – перодршка.

Забелешка на авторот: крајот од реченицата – во тефтерите ги запишува со грчка пена – се однесува на грчките закони со кои задолжително беа менувани називите на македонските топоними и личните имиња и презимиња на Македонците.

одведе до местото каде се наоѓа масовната гробница во која почиваат според едни 704, според други 1000 борци на ДАГ. – Тука е – покажа со натажено лице и со очите сподавени во солзи. Не прозбори повеќе. Ја симна капата, трипати се прекрсти и без збор на збогување, си отиде. Во неговите очи забележавме болежлив, глув и потиштен молк и обессиленост од вгнезден страв...

Паркиравме скраја од патот и скаменивме чекор пред високата бодликава жица. Голема полјана, некогаш нива, сега обрасната со висока трева. Никаков друг знак.

Стоиме скаменети и обессилени сме од молкот што глуво, болежливо и потиштено е налегнат над полја- ната.

Со стегнато срце и со мислата вратена кон тоа крваво време и кон овие момчиња и моми кои заборавени почиваат зад оваа ` рѓосана бодликава жица, што е како единствено споменично обележје, еден по еден, низ оградата нежно ги спуштаме свежите каранфили, а потоа ја раскопуваме земјата, ја собираме купче и во него набоду-ваме свеќи и, клечејќи, ги запалуваме... да има малку светлина за душите на тие кои се фрлени во бездната на заборавот...

Тука не ѕвонат леринските камбани и не повику-ваат на молитви, на помен и намнисување; тука не гори оган во спомен на тие чии соништа беа исполнети со надеж и мечти... тука пече болката... тука се молчи и се уште никој не го скрши печатот на молкот...

Во лесниот повев на ветерот треперат пламен-чињата и шират светлина над мракот во кој трае тишината што само намерници ја разбрануваат со длабоките потајни воздишки и тивките молитви на незаборавот...

Се уште ретките живи сведоци го паметат тој далечен, кобен чин на омразата, подлоста и неизбришли-виот резил, но обессилени од стравот, немо го врват патот долж `рѓосаната бодликава жица...

Мрачен, болен, мачен и премногу тажен е споме-нот и преголем е срамот... Тука се уште трае омразата и настојувањето да се заборави споменот, да се избрише трагата и да нема белег за таа голема болка...

А гласот на времето не потсетува дека на полноќ на 11 спрема 12 февруари 1949 година падна наредбата за за заземање на Лерин. Запишано е дека таа ноќ беше големо невреме. Врнеше многу снег и дуваше силен студен ветер. Партизаните на ДАГ се спуштаа по стрмните пла- нински удолници и густите шуми и на приодите пред градот паднаа во минските полиња и беа пречекани со урагански митралески и автоматски оган. Противникот однапред знаеше за намерата и добро се подготви за одбрана. Наредниот ден, попладне, заврши и нападот и одбраната. Триста и шеесет мобилизирани жени од прес- панските и корештанските села ги извлекуваа ранетите од крвавото боиште. Ширината пред селото Псодери беше претесна за да прими 1500 ранети што до тука по длабо-киот снег и под постојан артилериски и минофрлачки оган, пругоре, по стрмните угорнини ги извлекоа од крвавото боиште и од тука, ноќе, камиониτε ги префрлија во болниците во Албанија. А долу, во приодите кон градот, се што беше останато рането и убиено во минските полиња, пред пушкарниците на бункерите, со бодликава жица врза-на за врат ги влечеа до местата каде чекаа војничките камиони. Патиштата испомешани со снег и крв водеа право кон полјаната каде булдожерите копаа гробница.

По селата со лет на молскавица се пренесуваше страшната вест и гласен, неутешлив, очајнички и голем плач се слушна каков што никогаш порано не беше слушнат. И сите села и планини тој ден и деновите по него станаа ѕидови на плач...

А за тие 360 жени во извештајот доставен до највисокото политичко и воено раководство беше испратен извештај во кој е запишано:

“ Утврдено е дека при исполнувањето на најблагородната задача – преносот на ранетите, тие пока-жале нежност, преданост, самопожртвуваност и решител- ност. Во некои случаи дури и под многу тешки теренски услови, под непријателски оган, тие ги пренесле нашите ранети. Како награда за исполнувањето на задачата им се дадени по едно рало војнички чевли. ” Не напишаа зошто пред битката не им обуја топли војнички чевли.

За тој ден по години сведок посведочи:

” По нашето повлекување големата трагедија се одигра во самиот Лерин. Кога зазори, кралската војска ги собра сите кои останаа живи - заробеници и ранети и ги викнаа сите жители на Лерин за да ги видат. Потоа ископаа масовни гробови и во нив ги фрлаа убиените и заробените, убивајќи ги пред очите на насобраниот народ. Врз нив ги фрлија ранетите. Но нив не ги убија, туку живи заедно со убиените со булдожерите во заедничка гробница ги закопаа. Таков ужас доживеавме во таа проклета борба. ” А за тој ужас само ден потоа, во пештерата над селото Винени во Преспа, заседаваше Главниот штаб на ДАГ и Воениот совет. Во анализата за текот на битката не беше донесен заклучок за тоа кој е одговорен за поразот.

Не најдоа одговорни.

Зошто?!

По многу години еден од нив напиша во своите мемоари:

“ Никакво раководење со битката немаше. Цел ден слушавме истрели, ама не знаевме што се случува.

Тешко беше да воспоставиме врска по телефон. Радио-врската беше воспоставена дури по настанот. Единствено што можевме да направиме беше штом падне мракот да дадеме наредба за повлекување, туку и таа не стигна до сите бригади. Такво срамно раководење на борба светот нема видено.” И денес светот големата гробница ја нема видено иако такви и слични гробници бара и наоѓа на други места.

Молк. Дали тој, кој молчи одобрува?

Кој го фрли проклетството на молкот?

Трагите и локвите крв ги покри снегот и бури од дождови ги испраа и ги однесоа во неврат.

Убиените заедно со живи ранети во заедничка гробница земјата ги покри.

А вината? Кој и што ја покри вината?

* * * Оптоварени од споменот на крвавите последици на битката за заземање на Лерин, тргнавме за Костур. На излезот од градот, на стрмнината над патот, градилиште.

Високи потпорни бетонски ѕидови и на нив со широк замаф испишан е црн графит: “11-12 февруари 1949“.

Дали само го бележи црниот ден и предупредува?

Или потсетува на свирепата, жестоката, јаросната и суровата расправа и потврдува дека тука се уште е жива дивата, слепа и глува омраза запечена под црнилата на графитот?

Патот, што се уште мириса на недамна послан асфалт, прекршуван со острите кривини, змиулесто води пругоре. Лево и десно се извишуваат многулетни буки на чии стебла се гледаат длабоки греботини, остатоци од шрапнели на топовски и минофрлачки гранати.

На излез од густата букова шума – патот завр-шува и се отвора простран паркинг со обележани места за патнички коли и автобуси. Челно - Бигла на чие подножје завршува шумата и веднаш до неа кафе-ресторан со пространа тераса. Од тука окото се полни со прекрасната панорама на Лерин и леринското поле и далеку, небаре е крај на светот – Кајмакчалан, чиј врв е покриен со снег.

Лево – голите врвови на Бела Вода, десно – Лунѕер, тешко освоиви тврдини во времето на војната, градени со рацете на македонските селани и селанки. На крајот од паркингот, на самоти раб на карпестото удолниште што води во бездна - дрвени клупи. Од тука најдобро се гледа Лерин, втиснат меѓу планините Баздровица и Ѓупката и на исток отворен кон ширното леринско поле.

За спомен ја сликаме далнината и околните пла-нини покриени со густа букова шума која пленува со своето зеленило. И додека и се восхитуваме и насладуваме на глетката, не забелажавме дека на соседната клупа седнаа двајца мажи на чии лица изразито се гледаат старечките брчки. Замолкнати гледаат пред себе. Вчудовиден сум од нивната нема и долга загледаност во просторот пред нив.

Забележувам како затреперуваат мускулите на нивните образи, а по миг се огласува мачно откината долга, жалосна и тажна воздишка.

- Да... - тивко, одвај чујно рече едниот и стана.

- Така беше – како потврдување, рече другиот и тргна зад него.

Сфатив дека со молкот и немата загледаност во просторот пред себе си го раскажуваа заеднички измина-тиот пат – патот на големите мечти и надежи, патот на изгубената младост во тешките, нерамни и крвави битки, во долгите ноќни маршеви, во студените бункери и земјанки, во болниците и под небото на далечни земји;

долг пат што сега е претворен во рој од спомени кои како мониста се нижат на свилен конец. Молчејќи одат еден до друг, меко се потпираат на едната нога и тврдо газат со другата. Тивко, како шумолење на гранка веена од летен ветрец, им крцкаат протезите.

Влегоа во кафе-ресторанот. Келнерот љубезно ги одведе до масата подготвена за ручек.

Седнавме на соседната маса и, преправајќи се дека не им го разбираме зборот, до крај го ислушавме раскажувањето на едниот од нив.

- До таму – покажа со рака – каде завршува паркингот – во ќебе ме довлекоа две жени. Запаметив дека секаде беа легнати ранети, слушав гласни јачења, некој викаше и пцуеше. На стемнување стигнаа камионите и брзо не товаруваа. Толку запаметив. Не знам кој ден се освестив и почувствував дека ми ја нема десната нога. Се развикав, плачев, пцуев... Ми дадоа некаква течност и заспав. Кога се разбудив, си реков – ете тоа ти е тоа, тука ми заврши патот... Но, се покажа дека за мене се уште има пат. Времето течеше по болници, по санаториуми, на некои курсеви каде ме тераа да учам занает. Научив да стрижам кучиња... Ќарот беше поголем од пензијата што ја имав и деновите поминати со дамите, сопственички на разгале-ните четвороножни пријатели ми беа исполнети со задо-волства и радости поради што останав стар беќар...

Никакви обврски, никакви грижи.

Живот беше тоа во тоа чешко Брно од каде се доселив во Скопје. Имав двособен стан, не толку убав како овој во Скопје и секогаш полн со гости. А тука - досадно.

Во една и иста кафеана секој ден се сретнувам со другарите и до пладне се потсетуваме на нашите млади времиња, умуваме за тоа кој каква глупост вчера истреска на телевизија, па дома на ручек и потоа дремка со весникот во скутот и до доцна во ноќта се караш со оние од екранот на кои им се чини дека светот почнува од нив. Лигавење до немај каде. Штета што на телевизорот нема брисачи. А во Брно, брат, беше живот. Телевизор во боја немав, ама и не ми требаше. Кога имаш гости не е учтиво да гледаш теле- визија. А најчести гости ми беа студентки од земјите на социјализмот кои успеваа до наредната пензија да ми го изгрицкаат и последниот халеж. Ами, брат, ќе ти ја изгриц-каат пензијата штом се даваш да ти масираат плеќи, а тебе раце да ти отрпнат од галење. Добро, ама јас не сум од тие кои се удрени по теме, та лелекаат, се жалат. За мене секогаш имаше земи и дај. Имав пасош и често патував во Полска, а најмногу во демократската Германија. Во Полска границата ја поминував пеш, туркајќи пред себе стар велосипед, а понекогаш и нов. На пазарот го продавав и вечерката се враќав со нов. И така секогаш натаму со стар, наваму со нов велосипед и ќарот три и петпати поголем. И кога во мода влегоа чорапогашниците, значи хулахопките и тие тенките и нежни работи за под фустан, терав пат во Дојче Демократише со оправдување дека одам за да ја поправам протезата. Шупливиот дел од дрвената нога го полнев со хулахопки и другите работи и право во Брно, каде лично и своерачно им ги облекував на милите студентки од земјите на социјализмот. А на оние шутраци, цариниците, ич да не им текне ниту за стариот и новиот велосипед и ниту за шуплината во дрвената нога.

А другарите мои, и тие како мене, кој со една нога, кој со една рака, ама женети, постојано ме советуваа и ми велеа:

- А бре, шутрак низаеден, прибери се еден ден и ожени се за да живееш како човек, а не така...

- У што сте нетокму – им велев – а бре јас секој ден се женам и се уште не ми се здосади...

Арно, ама – продолжи со тон во кој се чувствува голема неправда - им се здосади на комшиите, та ме прија-вија во милиција. И еден ден слушам чук - чук - чук на врата. Отворам и што ќе видам. Двамина есенбаци, значи милиционери.

- Добре отполедне – ми велат и ме прашуваат дали јас сум тој и тој.

- Ано – велам и со широк замав на рацете ги поканив да влезат. Им покажав каде да седнат и потоа учтиво, како што личи на добар домаќин, нели, ги прашав што ќе пијат. И не чекав одговор, туку пред нив ставив од тие кристалните чаши. Чесите имаат најдобар кристал, ако сакаш да знаеш и ги прашувам:

- Соудрузи есенбаци, сакате шнапс од Дојче Демократише или нешто позападно?

Рекоа дека може и едното и другото, ама со мезе.

На дебело им нарежив од пражската шунка и велам:

- Па, наздар, соудрузи есенбаци и кажете што ве натера патот да ме посетите?

- Па, знаете соудруг Павел, вашите соседи се жалат дека кај вас е многу бучно и замолија да ви кажеме да бидете потивки... – не рекоа да престанам да примам гости со кои во соседството мислеа дека ширам некој вид неморал и дека тоа потпаѓа под закон, туку од околу, тивко и учтиво, како што личи на добро воспитани луѓе, нели.

- Јас соудрузи есенбаци – умилно им велам и им ги полнам чашите – јас сум мирен, чесен и гостољубив граѓанин и многу сакам да им помагам на сите кои имаат потреба од помош. Ако сакате можам и вам да ви помогнам...

- Не треба – ми рече едниот есенбак, на нашки значи милиционер. – Туку ти кажи ни што правиш со тие млади дами кои се собираат тука?

- А тоа ли? Ништо грозно и лошо. Им помагам во учењето. Ете, за пример, тие кои беа тука денес, утре полагаат испит и дојдоа да им ги проверам знаењата.

- По кој предмет?

- По марксизам...

Есенбаците удрија на смеа, та ми го испија целиот шнапс од Дојче Демократише и ниту капка не ми оставија од тоа позападното. И да знаеш дека тоа ми дојде како еден вид казна.

Молк. Дотури шеќер во чашата и откако го измеша, со лажичката почна да удира по десната нога. Глув и тап одглас на суво дрво.

- Слушаш? – удира тој со лажичката, час тивко, час погласно, само за миг прекинува и одгласот се разлева, трепери во воздухот. - Ми ја столчија во таа проклета битка за Лерин, ми ја посекоа во болницата во Елбасан и ми ја досекоа во Будимпешта... Но, ме служи да си го врвам патот штом ми остана...

Тој со цела дланка удри на дрвената нога, а мене студени морници ме стресоа и ми се присторува дека допи-раат далечни поединечни и рафални митралески истрели и силен грмеж на гранати...

Налактени и со брадите втиснати во вкрстените дланки, замислени скитаат и дали сега, совладани со молкот, одново во мислите ги обновуваат изодените пате-ки, дали го одмотуваат клопчето на својата младост одми-ната во времето – невреме што се истркала низ големата удолница на чие дно се разбија и запустија големите надежи? Дали пред нивните замаглени очи е легнат целиот растур?