Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

On the Road of Time (Following the Traces of Memories)

ПЕТРЕ НАКОВСКИ НА ПАТ СО ВРЕМЕТО - Part 12

By Петре Наковски · Part 12 of 18 · About 21 minutes

Read in English

Тие песни ги пеевме и дома. Ги научивме од нашите партизани кои поминуваа по нашите села или на кратка почивка остануваа во нашите куќи колку за да здивнат, да дремнат, парче леб и сирење да добијат од топлите раце на нашите мајки. Од нив тогаш ги учевме тие песни и ги повторувавме и на часовите по мајчин јазик во тукушто отворените македонски училишта во нашите места и гласно ги пеевме и во домовите и на прошетките таму во туѓи места... Но овој пат ги пеевме и посилно и погромко зашто бевме за една година повозрасни...

И така со викање и извикување пароли и со песни, заврши првиот дел од средбата со другарите. Во вториот дел немаше песни и пароли. Пред бината ставија маса, отворија голем тефтер, до него и неколку наострени моливи. Ние, готовите за борба, приоѓавме до масата и во тефтерот го запишувавме името и презимето – се разбира грчкото име и презиме, и малку понатаму допишувавме – доброволец. Истата вечер другарите направија препис од тефтерот и си отидоа и по некој ден нас доброволците не однесоа во Арад, а потоа во Тулгеш. Колку бевме? Триста и педесет деца, не, не деца, туку сега војници... Неколку денови вежбавме падни-стани, строев чекор и пеевме борбени песни. Потоа ни дадоа војнички униформи, по една батериска светилка, пешкир, конци и игла, шамимче за бришење нос, ноженце заедно со лажица и виљушка и потоа не качија на воз и така станавме војници и веќе не бевме деца...

Да, ние бевме деца на војната. Кога големата војна заврши, тогаш ние имавме по дванаесет и тринаесет години и по цели денови тогаш само за војување се зборуваше. За војници и за војна не подготвуваше живата средина во која ретко поминуваше ден без војник или партизани. Како што зборуваа возрасните, така зборувавме и ние. Како што пееја возрасните, така пеевме и ние. Тие имаа вистински пушки, автомати и митралези, а ние во исто време на рамо носевме стапови и изделкани колци и ластагарки што личеа на пушки и игравме војна во која растевме и мислевме и ноќе сонувавме само победнички бој. За што ли ќе мисли дете кое околу себе ката ден гледа наоружани, слуша истрели, повици, пароли, борбени песни?

Тогаш, таа година, пред да не соберат и не испратат надвор од дома, го дишевме истиот воздух со нашите партизани, се врткавме меѓу нив, ги допиравме нивните пушки и автомати и жалевме што не сме поголеми и ние да одиме в планина, в шума заедно со нив. Пред нашите очи течеше бурната, матна и валканата река на војната. Песните и паролите не ни беа туѓи. И таму, во далечните романски градови, во кои не одведоа за да се спасиме од војната, само за војна ни зборуваа нашите воспитувачи. Со песни и пароли, со строев чекор и со раскажувања за херојски и победнички битки го јакнеа нашиот дух и секој ден си игравме војна. Така ни го исполнуваа денот, а ноќе сонувавме јуриши. Така се крпеше нашата судбина. И кога дојдоа другарите, тогаш ние наеднаш пораснавме. Не требаше да не убедуваат, зашто не најдоа убедени. Ни недостасуваше само зборот – тоа малечко шкорче од кибрит требаше да се фрли меѓу нас и да избувне пожар. И избувна. Се туркавме кој побрзо ќе застане пред тефтерот.

И возот не однесе во Бугарија и слеговме во Берковица, надвор од Софија. Не знам дали беше гратче или некој вид логор или прифатилиште, а повеќе личеше на болница зашто имаше многу ранети и оздравеници кои, како што се зборуваше, си го чекаа редот за враќање на боиште. Нас не товарија во камиони и по целоноќно возење, пред зори не растоварија зад караулата Маркова Нога, близу селото Долно Дупени. Под сенките на густиот врбјак го поминавме денот и ноќта, по полна месечина ја преминавме границата и стигнавме во Медово каде ја преспавме ноќта. Не разбудија рано. Не построија и преброија и пеш стигнавме во Рудари. Тука ни дадоа пушки и почнавме да вежбаме. По некој ден извршија распоред по родови – телеграфисти, минери, стрелци, саботери... Вежбавме по цели денови и еден ден, од горе, од кај ридовите слегоа жени. Носеа лопати, секири и казми.

Изгледаа на многу изморени. Папсани. Застанаа, не гледаа како правиме падни – стани, како претрчуваме и прес-кокнуваме ровови и наеднаш не пронижа плачлив глас.

– Синко Јане!!!

Имавме еден Јане меѓу нас кој кога си го слушна името, се сврти кај жените, пушката му падна од раце и со тивок глас на огромно изненадување, прошепоти:

- Maјко...

Прекинавме со вежбите и вчудовидени гледавме во жените. Таму, на вежбалиштето некои од нас си ги видоа мајките...

Истиот ден не тргнаа од тоа вежбалиште, ама не не тргнаа од очите на мајките. И голем мајкин глас се дигна. Толку голем што стигна до пештерата над селото Винени. Таму, тие кои решиле да направат од нас војници, по протестите што се одржаа по селата на Преспа и Корештата, поради тоа што не донесоа, раководството одлучи да не тргнат од вежбалиштата во Преспа, а јас би рекол да не скријат од очите на мајките. Ни ги зедоа пушките и од полигонот до местото каде не чекаа камио-ните пешачевме скоро цела ноќ. Денот го поминавме во една шума. Ноќе не товарија во камиони и во зорите стигнавме тука. Од луѓето дознавме дека местото се вика Прењес.

А тука во бараки и во долги ѕидани магазини и коњушници, црневица од народ. Најмногу жени, старци, бебиња – доенчиња и сакати. Лани биле доведени тука, кога почнаа борбите за Грамос. Тука жените во црнина и мажите во одминати години, чемрееја... Заеднички ја споделуваа болката за загинатите, за осакатените, за опустошените села, за изгубениот имот. На нивните лица гледав само болка. Никогаш ниту една жена не видов да се насмее. Никогаш не видов насмевнат маж. Седејќи на подгниените греди, размислуваа, молчеа, голтаа чемер, тагуваа и со мислите и разговорите секогаш таму, во своите села, во своите куќи, во нивите, бавчите, лозјата, градините... И кога некој ќе пуштеше глас – доаѓаат – тогаш знаеја – доаѓаат камионите и истрчуваа на патот и трчаа покрај камионите, ги молеа шоферите да им донесат свеќи. Им велеа дека ги има во Поградец, во Корча и во Билишта зашто таму има православни цркви. Од право-славните нека ги присоберат. Трчаа покрај камионите само да за слушнат вест, добра или лоша. Молеа шоферите да возат пополека, да подзастанат...

Што правевме во Прењес? По цели денови вежбавме, ама без оружје. Не дека немаше оружје. Имаше.

Пушки, митралези, автомати, рачни гранати беа склади-рани во еден тунел и чекаа и во нивното чекање ние растевме и учевме војна. Повремено одевме таму и ги чистевме за да не `рѓосаат. И секој ден бевме готови да ги нарамиме. Но наместо да нарамите оружје, ноќе, таму некаде по полноќ не будеа. Не сите. Будеа само толку колку што бевме потребни.

Во Прењес ретки беа деновите или ноќите без умирачка. А погребот беше само ноќе. Ноќе копавме со казмите во тврдата скрка и потоа умрените завиткани во излитени ќебиња ги погребувавме во мракот. Не беше дозволено при погребот да има живи освен нас...

Така беше...

А тоа време беше колнато време, огрдено со ужасот на стравот и плачот за најмилото, време кога некои најмногу сакаа што побрзо да легнат под тврдата креме-неста скрка, време на смут, немир и безнадеж, но и време на издржливост на невозможното... И сега кога незабеле-жано не навјасаа годините честопати се прашувам дали од тоа време нешто научивме и дали од таа ука станавме поумни...

Така, ете си врви времето, надотекуваат, се пластат годините и паметењето се троши. Многу имиња, лица, очи, образи, настани, места, доживувања, случувања ги голта времето и безмилосно ги истресува и ги праќа во заборав. Ама има и нешта кои никогаш не се забораваат.

Некои, пак, толку длабоко се врежуваат во паметењето, што до умирачка се паметат. Ти се јавуваат на прошетка, на клупа, во паркот, при сркнување на првата голтка на утринското кафе и те враќаат во тоа што далеку остана зад тебе, но е нераскинлив дел од тебе.

Си спомнувам, тоа беше некаде крајот на август 49 година во Прењес. Како и секој ден, на истото место и во истото време тој ден вежбавме фрлање рачни гранати, потоа напад на ровови и бункери. Кога на командирот му се стори дека совладавме се како што треба, нареди одмор.

Лежиме на припек врз жешкиот крш, наоколу трева не растеше, а камо ли дрво. Легнат бев ничкум со брадата потпрена на налактените раце. Кога така лежиш, тогаш само рој мисли ти брмчат в глава. И по некој миг забележав дека од горе, од кај селото Шкумбин доаѓа жена. На рамо торба, во левата рака – стомне. Си реков – ете, домаќинката на мажот му носи леб на нива. И веднаш ми се пристори како да ја гледам мајка ми. Така таа секој ден напладне ја обесуваше торбата на рамо, го полнеше стомнето со вода и тргнуваше на нива или на ливада или на лозје ручек да му носи на татко. Со дланките ги покрив очите и ми се чинеше дека уште подобро ја гледав мајка. Исти движења на рацете и телото и иста леснотија во одењето. Имаше мигови кога ликот на мајка толку ми се доближи, што желбата неодо-ливо ме тераше одеднаш да станам и да се стрчам кон неа.

И ете така во привидот беше мајка, а на јаве една непозната жена која кроце – кроце доаѓаше на кај нас. На дофат или малку потака таа застана и прозбори на албански. Се подигнавме, истресовме прашина и стоиме во молк. Со слободната рака ни даде знак да седнеме и таа седна покрај нас. Стомне навали на колено, одрами торба и од неа извади нешто завиткано во бел пешкир.

- Земи – рече на албански и на најблискиот му го подаде стомнето со вода. Потоа лесно, скоро плашливо почна да го оддиплува пешкирот. Ја тргна едната пола, малку почека, чиниш нешто заборави, потоа другата и пред очи се откри румена, миризлива, од страните лесно потпечена и се уште топла ... тиква.

На околу повеа и се разлеа опојувачки мирис во кој потона воздухот, а ние со затворени очи го вдишувавме до ненаситка. Не омеди и оживи таа привлечлива, раскош-на и занеслива сласт во која ги имаше вкусовите на сите фурни. И додека ја вдишувавме и ја голтавме сладината, таа од џебот ја извади сојката со сиџим врзана за појас, ја пресече тиквата на фаши, парче отсечуваше и парчето секому му го подаваше со рака.

Половината дланка ми беше полна со топло и миризливо парче тиква. Од страна скршив кориче и со него пресечував олкацко парченце, го принесував до усните и толку долго го оставав прилепено, колку што можеа градите да се наполнат со тој упојувачки мирис. Потоа со врвот од јазикот го преземав и го прилепував на непцето, па го размазнував и со неопишлива сласт полека го голтав, држејќи ги очите што подолго затворени зашто така ми се чинеше дека насладата подолго ќе трае.

Како што дојде тивко и ненаметливо, така тивко и без збор си отиде жената. А ние, таму на ридот, каде учев-ме да фрламе рачни боеви гранати, понадолго останавме молчаливи и тажни. Пругоре одеше жената и ние онемени ја гледавме неа и во тој миг се ми се чинеше дека ја гледав мајка... Не ја заборавив таа албанска жена и се уште кај мене не згасната остана големата желба да клекнам пред неа и најтопло да и избакнам раце. Повеќе никогаш не сум ја видел, но ја паметам таа жена Албанка, како да беше денес. На глава имаше шарена шамија, лицето и беше бледо и добродушно, а очите исполнети со болка. Се уште ја чувствувам и топлината на раката со која ни беше подадено парчето тиква. Топла и беше раката и погледот тажен, како раката и погледот на мојата мајка...

И што уште паметам? Паметам дека тој ден наполнив шеснаесет години и го паметам и ноќниот остар свиреж. Не разбудија, на брзина ни поделија оружје и на камиони. По целоноќно возење на патот надвор од Корча не пресретнаа нашите, ама без оружје.

- Каде?

- На помош, на Грамос!– викнавме.

- Назад - рече еден со преврзана глава. - Нема Грамос... Падна Грамос...

Истиот ден не вратија во Прењес и по дваесетина денови, дел од нас, пред година откинатите од школската клупа, за кои мислеа дека пораснавме за в бој, со авион не префрлија во Полска. Таму Полјаците не седнаа на школ-ска клупа и ни рекоа дека со учење ќе го совладаме светот...

Тоа не се заборава. Бевме ентузијасти и големи верници во победата.

Така беше.

Секој што бил тука во тоа лошо време, има своја приказна. Ако тогаш тука имало неколку илјади обездо- мени несреќници, би имале исто толку приказни. Ете, јас, кој сум бил тука скоро една година, само на кратко ти ја раскажав мојата приказна, така, како што беше... Но, многу е избришано, бледо, зашто човековото паметење, со текот на годините, е измамливо, понекогаш несигурно, сомни-телно... иако е пренатегнато и преоптоварено со спомени, кои полека исчезнуваат, одумираат, времето ги испива, ги исцедува и смрачува, ама и покрај тоа нешто останува длабоко врежано и тешко се брише, не се кине и не се откорнува...

И сега, во одминати години, честопати се потсе-тувам на тоа што го доживеав во Прењес. И ги гледам камионите, толпата растрчани, развикани и расплакани луѓе, ги слушам викотниците, лелеците, плачот, колне-жите... Се гледам себе како чувам стража. Како ноќе во ниедно време заедно со моите другари ги изнесуваме мртвите од бараките и коњушниците и во мракот ги зако-пуваме во плитките гробови... Точно, токму така беше...

Така беше и добро е да е запишано. Да се памети. Да остане белег, да остане за паметење...

15.

Драч – хотел Кристал. Од балконот на вториот кат прекрасна глетка на пристаништето. Десно – отворено море. Четири бродови, еден зад друг чекаат ред за влез во пристаништето. Лево – високи згради кои ги немаше пред шеесетина години. Десет и дванаесет катници и повисоки – тоа е новиот лик на градот во најблиската околина на пристаништето. Од малото рондо се дели широко отворена улица и продолжува долж морскиот брег. Тоа е градското шеталиште. Западно од хотелот – висококатници. На овој простор пред шеесет години имаше големо мочуриште обраснато со разновидни тревишта и трска, послано со гнилеж од алги кои на далеку ширеа реа. Некогашната улица – макадам – ја нема. Ги нема и десетиците изгорени војнички камиони оставени скраја од патот. Тогаш, отаде патот – од десната страна, под високиот рид над кој белееше палатата на албанскиот крал Зогу – бели вили со широки дворови во кои растеа овошки од портокали, смокви, лимони, мандарини и ги красеа палми и многу трендафили. Населба на богаташи, оддалечена од град- скиот центар и бучавата на градската сиромаштија. Беа празни. Оставени на забот на времето.

Паметам, се искрадувавме под бодликавата жица и крадешкум влегувавме во нив низ отворените прозорци без стакла. Внатре пустелија. Сопствениците, во најголем број поранешни италијански трговци, сопственици на бродови, ресторани, хотели, јавни куќи и мали инду-стриски фирми, народната власт ги развласти и ги протера.

Сега ги нема и вилите. На нивно место од под самоти рид, па се до морскиот брег - висококатници. Во приземјето – ресторани, кафеани, пицерии, банки, седишта на домашни и странски фирми. Меѓу нив широка авенија – Rruga Tautantia – изградена врз стариот макадамски друм. Права е, води на запад од најновиот дел на градот и се влече се до морскиот свиок. Од двете страни ја красат високи палми.

Возим полека, внимателно. Од спротивната страна доаѓаат мерцедеси и ме разминуваат мерцедеси. Каде и да поглед-неш – паркирани или во движење – само мерцедеси. Меѓу нив или покрај и до нив – нашето малечко црвено Saxo.

Натамошниот тек на авенијата е во изградба и крајот не се гледа. До самоти брег купишта дробен камен, од спротив- ната страна, навалена на ридското подножје, се извишува новата зграда на универзитетот и пред неа убаво уреден паркинг. Во сонцевината одблеснува белата мермерна фа- сада. Нови автобуси до тука ги довезуваат студентите и ги враќаат во центарот. А натаму, се до каде стигнува погле-дот, песочна рамница. Тука, во летните месеци 1948 година не носеа на плажа, повеќе да вежбаме воени вештини, по програма и распоред, отколку да пливаме и да се сончаме.

Оваа рамница треба да биде новата градска плажа на која во најблиската иднина ќе се сончаат и пливаат не стотици, туку илјадници корисници. И ќе носат пари. Подножјето на ридот е поделено на парцели и на многу од нив веќе е ставен камен – темелникот на идните хотели и пред нив разделена е и плажата сега обрасната со тревишта. Ја пресечува патот во изградба.

Се враќаме и тргнуваме во потрага на куќите во кои живеевме од мај до крајот на ноември 1948 година. За подобро да се снајдиме во овој нов дел на Драч, како ориентир ни избравме белата касарна на албанската воена морнарица и фабриката за цигари и штавење кожи. Тие ги паметите. Две и трикатните згради во кои бевме сместени, беа на крајот од градот, но близу пристаништето. Памети-ме дека од северната страна, пругоре одеше улица која водеше до кралската палата. Наспроти зградата во која бевме сместени имаше парк со палми и фенери и зад нив тврдина во која, како што велеа, имаше многу затвореници.

Близу зградата - фабриката за цигари. Касарната беше веднаш до макадамскиот пат, на педесетина метри од морскиот брег. Меѓу неа и зградите – двор. Во средината на дворот – голема и разгранета врба. Постелуваше широка сенка, но беше мала за да можат под неа ладовина да најдат 1600 деца колку што бевме сместени во тоа прифатилиште.

Тука, под сенката на врбата чекавме построени како под конец да дојди главната – Маријанти ја викаа – прво за да провери дали рамно сме построени, потоа да ни одржи говор за големите победи на ДАГ. Потоа, токму во 12,00 часот се огласуваше кутијата обесена на една од гранките на врбата. Тоа беше големо радио. Повеќе хрчење слушав-ме отколку зборување. Веќе ни беше навика токму во тоа одредено време кога беше и најголемата горештина да ја слушаме големата кутија која зборуваше за големите и тешки, но победоносни битки што се водеа на Грамос.

Гласот од кутијата врстеше дека час, ден и ноќ, секаде победуваше Демократската армија на Грција. На крај го слушавме силното ракоплескање на Марјанти, која прва извикуваше “ Ме тон Марко емброс”34 – што моравме во еден глас истото да го извикуваме, стегајќи ја до слепо-очницата левата тупаница. Ручекот, секој ден макарони, секогаш ни почнуваше со извикот “Ме тон Марко емброс!” Тоа беше нешто како еден на друг да си велевме – пријатно. Тешко нему кој пред тоа посегнуваше по јадењето. Казната беше – одземање на макароните.

Од дворот со касарната не делеше ограда од бодликава жица. За излез и влез имавме една поголема врата со накрстно закована бодликава жица. Секое излегу-вање и влегување беше под команда. Построени по четво-рица моравме да држиме строев чекор. Бевме поделени на водови, чети и баталјони. Команданти ни беа поголеми мрсулци од нас кои бевме стари од три до четиринаесет години. Се разбира, главна беше Марјанти, наследничка на Грци протерани од Турција во 1923 и доселени во Македонија. Помошничка и беше Евдоксија, дваесет- годишна калеша и кротка мома од Рупишта.

Трагајќи, се изгубивме меѓу зградите. Со раце покажуваме де на едната, де на другата страна, со што го привлековме вниманието на минувачите. Средовечен маж со рака ни даде знак да застанеме и нешто не прашуваше на албански.

- Мир дита и сивете... си шкојне... мире 35 - беше целото наше богатство од албанскиот речник.

Човекот ме прашува нешто на албански.

- Не разбирам – му велам.

- Италијано...

Мрдам со глава – не знам.

34 Со Маркос напред!

35 На албански: добар ден... како сте...што правите... добро...

Италијанскиот во Драч го зборуваат скоро сите постари жители.

- А ти – го прашувам – зборуваш македонски?

- Не – вели на албански.

- Милате елиника? 36

- Милао.37 Во Албанија најбрзо ќе се разбереш на грчки јазик, ако не го знаеш албанскиот. Во јужниот дел, во Билишта, Корча, Елбасан, па и во Тирана не еднаш наидовме и на луѓе кои одлично или просечно зборуваат македонски. Но грчкиот го зборуваат скоро сите Албанци на возраст од 18 до 70 години. Некои пет, други десет и повеќе години печалбареле во Грција и оттука нивното знаење на грчкиот, би рекол печалбарски јазик, но доволен да се разбереш.

- Барате некого?

- Ја бараме фабриката за цигари, господине.

Не гледа вчудовидено, мрда со глава, размислува.

- Погрешно. Тука нема фабрика за цигари,. Зарем не гледате какви згради се изградени, какви хотели, какви ресторани?

- Да, ама тука некаде имаше фабрика за цигари – настојувам.

- Можеби некогаш имало, ама сега нема. Од каде сте вие?

- Од Македонија...

- Од таму дојдовте тука да барате фабрика за цигари? Што сте вие? Фабриканти? Тутунџии?

Се гледаме в очи. Му подавам рака и му велам:

- Благодарам, господине, многу ни помогнавте.

Простете за изгубеното време.

- Чекајте, јас тука сум новодојден. Да го прашаме оној што човек што доаѓа.

На албански му ја пренесува нашата мака.

- Човекот вели дека тука некаде имало фабрика за цигари, ама точно не знае каде се наоѓа. Вели дека најве-ројатно е урната и на нејзино место е изградена некоја од овие високи згради...

- Нели од кај влезот во фабриката имаше парк и некои дебели сидови? Наштои како тврдина? – ја прашувам сопругата.

36 Зборувате грчки?

37 Зборувам.

- Имаше...

- Господине, мислам дека влезот во фабриката беше од кај паркот...

- А, значи од Rruga Anastas Dursaku…

- А каде е таа Rruga?

- Зад оние згради. Ја гледате високана бела зграда?

- Онаа со дванаесет катови? – покажувам со рака.

- Токму таа.

Се разделуваме делејќи си насмевки. До високата и бела зграда стигнавме, прескокнувајќи купишта расфр-лени градежни материјали и се изгубивме во лавиринтот од нови објекти. Сега наместо да ја бараме Руга Анастас Дурсаку, мака мачиме како да излеземе од тука. Денот е при крај и брзо паѓа мракот во неосветлениот простор.

Успеавме да излеземе, но не успеавме да се пробиеме на Руга Анастас Дурсаку, не успеавме да ја најдеме фабриката за цигари која е нашиот единствен ориентир за да ја најдеме зградата во која живеевме пред шеесет години. Се враќаме во хотелот. Изморени сме од целодневното пату-вање и до некаде разочарани затоа што не го најдовме местото на нашето детско живеење пред шеесет години и гласно го коментираме нашиот неуспех. Излеговме на главната улица. Од спротивната страна, во наша насока се доближуваат маж и жена. Се држат под рака. Мажот испра-вен и тапчи со сигурен чекор.

- Оној таму – и велам на сопругата – мора да е воено лице...

- Од каде па ти, знаеш?

- Само воени лица, и тоа офицери, одат така исправено и со рамен чекор. Сигурно е воено лице... Гледај колку рамен му е чекорот. Чекај, нив да ги прашаме како да ја најдеме таа Руга Анастас Дурсаку. Ајде, не чекај да не одминат. Поздрави ги на албански.

- Mir mbrama 38 - со широка насмевка прозобори Дитта.

- Mir mbrama… – вратија двајцата, прекинувајќи го одот. Не гледаат, ги гледаме. Молчиме. Молчат.

- Простете, ние сме од Македонија...

38 На албански: добро вечер

- О, Македонија!!! – извика мажот и почна да зборува албански. Ништо не разбираме. Прекина. Веро-јатно чека да го прифатиме разговорот.

- Руга Анастас Дурсаку... – реков.

- Руга Анастас Дурсаку?

- Да...

- Вие зборувате руски?

- Да, господине, зборувам.

- Па тогаш да зборуваме руски. Значи вие ја барате Руга Анастас Дурсаку. – Забележав дека течен му е рускиот јазик. – Треба да одите до крајот на оваа улица.

Кога ќе стигнете до широката раскрсница, ете се гледаат од тука семафорите, веднаш свртете лево и ќе влезете во улицата што ја барате. А што барате таму? Имате некои роднини?

- Не, таму немаме роднини. Ја бараме фабриката за цигари.

- Фабрика за цигари? Да, таму некогаш имаше таква фабрика, ама сега е затворена, напуштена. Се зборува дека ќе ја уриваат. На нејзино место ќе градат нешто ново.

А зошто ви треба таа фабрика?

- До неа треба да има една сива трикатна зграда...

Жена му, која веројатно нешто разбира од нашиот разговор, неколкупати кимна со глава, повторувајќи – по...

по.... по... – а потоа прозбори со мажот.

- Жена ми вели да седнеме некаде. Може ли да ве поканиме на кафе или чај... Ене, таму има едно многу убаво средено кафуле... Може?

- Може, ама честењето да биде наше... – предлагам.

- Прифаќаме, ама во Македонија. Повелете – покажа тој со рака и тргна пред нас.

На врата не пречека млад келнер. Црни панта-лони, бела кошула со долги ракави и лептир машна. Со широка насмевка и лесен поклон не поканува да влеземе.

Влегуваме. Мек, дебел кинески килим, пет масички покри- ени со снежно бели чаршави. Во аголот одвај чујно брмчи клима уредот. Ладовина. Надвор не гореше летната жега.