Глава 18. – Коррените на злото Корените на злото и мрачните тајни за геноцидот - Part 02
а/ НОФ и АФЖ да бидат приклучени кон КПГ и да се прекинат врските со вас (КПМ) и да не им се мешате и да не им наредувате што и како да се борат за некаква обединета Македонија – тоа сега е анахроно пред оваа револуција. И секако да им се изменат програмските цели на борбата и да се прифатат програмските цели на КПГ;
б/ НОФ да формира централен орган што ќе одговара пред покраинскиот комитет на КПГ;
в/ Вооружените Македонци во Егејска Македонија да се стават под целосно организационо, политичко и акционо единство под команда на воените раководители на КПГ.
Вие гледате како го прават тоа Англичаните и Американците во Грција.
Но сето тоа , другар Никос, ќе треба да го одобри Стариот – генералисимусот Сталин, за еден таков чин на револуција. – Но Тито, добро го знаел ставот на Сталин: ”Нека се буричка во капитализмот!” и бил сигурен дека ќе го прифати предлогот на Захаријадис.
Захаријадис возбудено му рекол:
-Јас сум подготвен сето ова да му го пренесам на генералисимусот и да барам поддршка од него.
-Да наздравиме за идната револуција! – рекол Тито и продолжил: -Бидете решен, не плашете се, не плашете се од никакви жртви и совладувајте ги сите тешкотии, па ќе успеете во својата намера.
Револуцијата го бара тоа.
Се треба цврсто да се зграби во своите раце и со голема сигурност сметајте на нас!
* * * По престојот во Југославија, кон крајот на март 1946 година, Захаријадис заминал за златоглавата престолнина – Москва, на разговор со советското раководство.
При средбата, Сталин, Молотов и Андреј Жданов ги одобриле одлуките претставени како од КПГ, додека на втората тајна средба со Захаријадис, Сталин дал препорака процесот на вооруженато дејствување да започне “Градуелно од селата кон градовите, со цел да се спречи прераната воена интервенција на Британците, и да се издејствува начин за наоѓање на компромис.” Сталин, полнејќи го лулето, го погледнал Захаријадис в очи и го прашал:
-Дали забележавте кај маршал Тито дека тој се гледа како лидер на една идна балканска федерација?
Захаријадис, збунет, посакал да го одбегне прашањето, но сепак му одговорил:
-Маршалот е голем стратег и интернационалист. Од него добив согласност за прифаќање на 20.000 лица кои беа ”прогонуваи од монархофашистичките војски” и подготвени се за оружје.
Сталин му рекол:
-Како што сум известен, маршал Тито, веќе една година во Егејска Македонија во Грција има формирано македонски организации и тие имале голем успех во организирањето на Македонците и херојски се борат. Како што се НОФ –Народноослободителен фронт, и АФЖ – Антифашистички фронт на македонските жени, и се раководени директно од КПМ/КПЈ. Сите тие борци, по Втората светска војна биле прогонувани од Маркос. Сите тие што ја сочинувале ” Егејската бригата” сега се во Грција и водат борба за обединета Македонија.
Што ќе правите со тие македонски военополитички формации? Кај нив старата свест за обединета Македонија ќи опстојува се додека не преовладее новата: ”За социјалистичка револуција во Грција”, а ним и таму ќе им биде добро. Социјализамот е насекаде ист...
Захаријадис извадил еден лист на кој пишувало:
”Договор помеѓу КПГ и претставниците на македонската држава”.
Според овој договор: ”Славомакедонците од грчка Македонија, од една страна, се обврзале да ја поддржуваат КПГ на изборите во нејзиниот обид да ја освои власта, од што зависела единствената надеж за поволно решавање на македонскиот проблем, а од друга страна, да и дадат вооружена помош на КПГ во случај на инциденти помеѓу левицата и десницата во текот на изборите”.
Сталин рекол:
-Ну харашо. Ето очен правилно. Македонци харошие боји, они показалис војаки народ.
Захаријадис потврдил дека ”тие се изманипулирани жртви на историјата”. Го известил Сталина дека сите тие воени формации и политички организации на предлоот на маршал Тито ќе прогласат ”братство и единство” и ќе бидат ставени под раководството на КПГ.
-Посебно маршал Тито покажа интернационални погледи за борбата против англо-американскиот империјализам.
-Ви уже договорилис за ревољуцију! Ето харашо. Постапете онака како што мислите дека е потребно, - му рекол Сталин и продолжил: -Подгответе нацрт-одлука на ЦК на КПГ. – Со тоа сакал да изгледа умерен, добар, ненаметлив, великодушен и почитувач на револуционерните размислувања на другите лидери од лагерот на социјализмот.
По оваа средба Захаријадис изјавил:
”КПГ престанала со мирољубиво решение на грчкото прашање и се определила за заземање на власта со силата на оружјето!” Сталин добро знаел дека со Тито биле договорени: ”Основната грижа на Тито му била да ја заштити новата федерација.” Од овој нов развој на настаните на Сталин му станал јасен ставот на Тито. Тито, знаејќи дека Југославија е 50% под влијание на Запад, цврсто настојувал да ја задржи југословенската федерација, како што многу пати по истакнувал пред службата за безбедност на Југославија и генералштабот на ЈНА: ”...подобро е да се води војна надвор од границите на Југославија и да ја помагаме сесрдно, отколку во Југославија”. Таквиот став и за Сталин бил прифатлив за зачувување на социјалистичкиот лагаер што беше создаден по Втората светска војна.
Но ни на Сталин ни Тито, барем според разбојот на настаните, ни оддалеку не биле подготвени да ги резикуваат стекнатите позиции за победа на комунизмот во Грција или за обединување на Македонија.
Сталин во блиска иднина не предвидувал “силна воена акција” и можеби е особено забележливо дека тој ”не давал ветување за боена поддршка на таа средба”, но му дал препорака и на Захаријадис кога станува збор за формирање на народноослободитела војска и како концепција за водење на борбата, најдобро е да се почитуваат Титовите совети.
Захаријадис следниот ден отпатувал за Белград, каде што требало со Тито да ги усогласат деталите за организирање на борбата, помошта и соработката. Тито требало да му ги изнесе сите проблеми и да ги дефинираат карактерот и перспективите на демократската армија и мерките што треба да се преземат за идната војна.
На Захаријадис во Москва му било приредено испраќање како на храбар револуционерен лидер.
Сталин, седел во големата сала на плетена фотелја, со насмеано лице и павкал со лулето, а Молотов, Жданов, Маленков, Микојан, Каганович, Суслов, Берија, Булганин и другите членови на Политбирото на КПСС пиеле вотка ”перцовка”. Келнерите се сновеле и им нуделе од првокласната закуска.
Сталин, расположен, му пожелал на Захаријадис револуционерни успеси.
Захаријадис на заминување застана мирно и покорно пред генералисимусот Сталин и одвај на измешан руски јазик ги изговорил следните зборови:
-Глубокоуважаеми товариш Јосиф Висарионович, бољшое спасибо. Желају Вам крепкое здоровие и уште многие лета да не водите во социјализмот кон победата на комунизамот.
Вашите совети ќе ни бидат патоказ и ќе ги спроведеме на дело во борбата против англо-американскиот империјализам, се до конечната победа на работничката класа во светот.
* * * На 8 април 1946 година, Захаријадис се вратил во Белград и бил примен од Тито. Кога застана пред маршалот со страхопочит.
Маршал Тито му рекол на Захаријадис:
-Ако веќе сме револуционери и интернационалисти, наш долг е да помагаме ”ревулуции” и не гледам зошто да бидеме против револуцијата во Грција, кога веќе се зафативте да ја реализирате.
Можам само да ви честитам, другар Никос.
Соберете ги сите што можат да држат пушка. Во сите револуции тоа е нормално и народот го бара тоа.
Тито ја запалил пурата, продолжил шетањето низ пространиот кабинет заобиколувајќи ја масата и прашал:
-А какво е расположението на младината?
Захаријадис одговорил:
-Одлично!
* * * Уште на 24. 08. 1946 година, еден дел од составот на ПБ на ЦК на КПГ на чело со Јоанидис Јоанис и потребниот апарат, илегално се префрли од Атина во Белград. Маркос Вафијадис, кој во јуни 1946 година од Захаријадис беше назначен за генерал и организатор и раководител на партизанските групи, илегално ја напушти Грција и се префрли во Белград, каде што доби конкретни директиви и ветувања од делот на ПБ на ЦК на КПГ. Во септември се префрли во Егејска Македонија каде што на 28 октомври го формира Главниот штаб на партизанските единици, односно ДАГ.
Нофистите и афежистките беа ужасно збунети (сега како продадени робови), распламтените лица им се стемнија, покорно дадоа партиска обврска дека се ќе сторат со своите авторитети Македонците да ги внесат во редовите на Демократската армија, па дури еден од нив рекол: ”Ќе ги разбудиме и умрените ако треба, нека дојдат и тие во оваа света револуција, да јуришаме сите заедно, живи и мртви!” Во својот говор Колишевски во Битола се спротивставил на идејата за обединета и независна Македонија надвор од рамките на Југославија или под протекторат на големите сили. Тоа, според Колишевски, би претставувало “уништување на сегашната македонска федерална единица”.
По постигнатата спогодба (на 14 октомври 1946 година) меѓу КПЈ и КПГ, по извесено време, членовите на Главниот одбор на НОФ, на чело со Паскал Митревски, беа примени од секретарот на ЦК на КПМ Лазар Колишевски, кој им го рекол следното: ”Сега вие одите долу (во егејскиот дел на Македонија). КПГ е вашиот раководител. Да имате верба во нив. Нејзината политика за македонското прашање е јасна. Какво било прашање што ќе ви се појави, ќе го решавате со раководството на Партијата. Внимавајте, не одите како фракција во Партијата, туку да се ставите под нејзино раководство. Борете се за зацврстување на борбеното единство со грчкиот народ, и борете се сите и со сите ваши сили против шовинизмот, сепаратизмот и локалистичките тенденции”.
Темпо со нови политички пораки:
Светозар Вукмановиќ: во својот предизборен говор во Куманово уште на 16 октомри 1945 година, како кандидат на кумановската околија, решително се спротивставил на сите оние кои обединувањето на Македонија го глаедаа надвор од рамките на Југославија или обединета Македонија под покровителство на големите сили. Според Темпо, сите оние што ја подржувале таа идеја биле истите личности што биле одговорни за бугарската окупација на Македонија од 1941-1944.
Значи, македонскиот фактор го нема, и се е во согласност со политиката на КПЈ која имала огромно влијание врз македонските комунисти во вардарскиот дел на Македонија... Значи, во ваквиот еволутивен историски процес, се роди и македонското движење со пројугословенска ориентација и го официјализира ставот: Обединета и независна Македонија НЕ!, туку обединување на другите делови на Македонија (Пиринска и Егејска Македонија) во рамките на Југославија (кон мајката земја). Значи, вардарскиот дел да се прогласи за пиемонт на обединувањето во составот на СФРЈ. На што не упатува таквиот јасен став на Југославија ?!! Значи дека сега тој исконски национален македонски набој, некој посакал да го насочи на многу попримамлива национална рана.
* * * ТАКА СЕ ЗАТВОРИ ТРИАГОЛНИКОТ МЕЃУ: СТАЛИН, ТИТО И ЗАХАРИЈАДИС. ОД ПОЛИТИЧКА ИГРА ДО ВОЕНА КАТАСТРОФА. НО ЗОШТО НИЕ МАКЕДОНЦИТЕ ОД 1945 ДО ДЕН-ДЕНЕС НЕ МОЖЕМЕ ДА ИЗЛЕЗЕМЕ ОД ТОЈ НАЈСТРАШЕН КОМУНИСТИЧКИ ТРИАГОЛНИК?
Додека го слушав, си ги разлабавував мускулите. Толку години бев заробеник. Ги затворив очите. Реков во себе: ”Одамна е време за отчет! Пред македонскиот народ, пред генерацијата што сме биле учесници на ДАГ и пред генерациите што доаѓаат. Без таквата вистина, предисторијата за Егејците, сите Македонци ќе останеме во мрачната улица без крај...” Туѓите богови си водеа своја сопствена светска политика, се мешаа во туѓи работи, постојано планираа револуции и штрајкови, но ние и по геноцидот станавме единствени жртви – светски ТАЛКАЧИ.
3.
Патувавме цел ден и цела ноќ. Беше петок. Тукушто влезе возот во Суботица и застана на перонот 4.
Еден нагизден офицер на Југословенската армија, со двајца аѓутанти, влегоа во купето и ни се обрати:
-Кој од вас е професор Павле Богданов?
-Јас. – му одговори Богданов.
Следуваше тишина. Сите во купето без здив гледавме во офицерот и во неговите вооружени аѓутанти.
Офицерот му упати на Богданов долг и остар поглед и му рече:
-Доле ве чека кола.
Богданов праша – Зошто?
Офицерот отсечно му одговори:
-Тоа не моја работа да ви бјаснувам за вашите политички гревови.
Вие сте биле офисер на Титовата армија, а не на Сталиновата.
Павле, на излегување од купето, кимна со глава и добро знаеше дека токму тој дух на минатото го прогонува со години. Ми подаде рака и ми рече:
-Не верувам дека наскоро повторно ќе се видиме...
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/jamka/23 on October 29, 2026