Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Noose

Глава 16. – Крај на војната Крај на војната - Part 01

By Стојан Кочов · Part 19 of 27 · About 20 minutes

Read in English

Глава 16. – Крај на војната Крај на војната:

По осумстотини и седмиот ден низ пеколот на војната, по ликвидацијата на Граѓанската војна, бев разоружен во Албанија – Виткуки, на 31 август 1949 година и со билет во еден правец од КПГ

– отпатував со брод во СССР (24 октомври 1949).

1.

Беше помината полноќ, кога минавме низ селото Брезница. Ја искачувавме угорнината. Зад себе ги оставивме црквата и гробиштата во кои ги закопавме Трајко Богданов и син му Ѓорги, во еден гроб.

Месечината беше спокојна и зрачеше со својата светлина, одвреме навреме прошарена со темни линии од црните облаци од дим и прав.

Се чувствувавме многу исцрпени и чиниш од нас истекуваа последните сили. Правевме кураж и пред зората втасавме во една густа шума, над селото Бесфина, а тоа беше и нашата назначена маршрута: другиот ден треба да бидеме на месноста Пероо, за да го минираме мостот по повлекувањето на нашиот последен војник и да го спречи ме минувањето на бурандарите. Немаше потреба да организираме стража, се наоѓавме далеку од фронтовската линија.

Како што бевме клапнати од умор и изнемоштени, никој не помисли на некаква подготовка за предспиење или варем да се ослободи од нарамениот ранец, реденикот од куршуми, да ги собуе чизмите или да пројави интерес во таа густа шума да најде поудобно местенце да легне. Штом беше дадена наредба за одмор, секој од нас веднаш се струполи наземи, падна и веќе потона во сон.

Утредента веќе беше пладне и во логорот уште не беше разбуден никој од длабокиот сон. Продолживме како да бевме опиени од некаков силен наркотик. Августовските зраци горат безмилосно, а тоа го почувствував на мојата одголена лева нога. Сончаницата силно ме пече, а на некој и им беше фатено и лицето. Пече изгореното, а не можам да се разбудам. Можеби затоа што чувствувам дека сум жив.

Ми се причинува дека сум паднат од небото или од некој непознат свет, без да можам да се освестам каде сум. Правам усилби да ги отворам очите, но без успех. Ми остануваат очите затворени, залепени.

Едната рака и нозете ми се скокалени - вкочанети, и не ги чувствувам од тешката здрвеност. Ми се чинеше како да не се мои.

Не можам да командувам со нив. Со мали движења поттикнати од некаков потсвесен страв, почнав да ги мрдам прстите, да чувствувам дека сепак не сум врзан или не ми се фатени нозете и раката и полека се чувствувам полесно отколку малку порано и ми се пристори дека ќе летнам да имав крила. Се разбира, тоа е како да е некаков феномен кога човечкиот организам се наоѓа растоварен од неспоредливите поминати душевни и телесни стравотии кои ни се случуваа во изминатите седумдесет деноноќија на фронтовската линија на Грамос, и сега на Вичо. Сега сме во заднината, нераспоредени на фронтовската линија Вичо.

Со големи маки успевам да се ослободам од вкочанетоста. Се борам да се соземам и да се освестам. Чувствувам тежина, страв, но и надеж од тоа што долго неможев да се разбудам.

Околу нас се е млако, безлично, без борба, без страсти, никој ништо не прословува, а радоста што ме обзеде, небаре се рефлектираше и на околината. Можеби ова беа најубавите моменти по долгите борби на Грамос, кога сонцето се замрачи, земјата пропадна и чиниш се отвори и небаре ќе проголта се што лази, ползи, плива и лета по лицето нејзино. Сега како да се сврти убавиот живот токму околу нас. Сите минавме лоши денове на фронтовската линија на Грамос, а многу од нашите соборци за вечно останаа таму.

* * * Сонцето почна да се затскрива зад врвот на планината Врба.

Ближеше да зајде. Следната топла ноќ, само црните сенки и месечевите зраци од густата шума не гледаа право в лице.

Еден вод од минери (саботери), под команда на полковник Врацано, се спуштавме низ скрките во селото Л’ќ и со неколку кајчиња се префрливме во месноста Пероо.

Уште пред зори, успеавме да го минираме мостот со прекумерни дози експлозив. Потоа каблите ги водевме под патот се до безбедносната далечина и ги камуфлиравме, како да не било ништо, а бегалците што минуваа не ни пречеа многу.

Беше време во период кога езерото имаше низок водостој, а под него и на брегот се имаше собрано толку многу тиња, на некои места дури имаа раззеленето грмушки од трска или врби. Водата беше бистра и мирно истекуваше од Малото Езеро во Големото Езеро на Преспа.

Се вкопавме во провизорни ровови што ги направивме сами и останавме на позициите се додека не добивме каманда за активирање на експлозивот.

2.

Покрај нас минуваше со занишан од еден исцрпен и уморен ќелав старец и ни вели: ”Бегајте, бегајте, да се спасите барем вие младите.

Бурандарите сите села ги горат и ги убиваат луѓето...” Не е можно да се помисли без сочувство што претставува бегство на луѓе предизвикано од војната во смисла на страдања и солзи.

Колоната луѓе облечени во црно се движеше накај границата на Југославија. Сите молчеа, само одвреме навреме од нивните очи не капеа солзи туку понекоја капка крв.

Досега бегалците, од страв да не бидат претепани, па дури и убиени од бурандарите, постојано го менуваа местото на живеењето, криејќи се во засолништа во планините далеку од своите домови, а сега се слеваа во недогледната колона.

Погледнувам во синкавиот дим што лебди, во она што согорува, и си припомнувам: утрото беше сиво, одеднаш се слушна врева, се појави толпа луѓе, темни фигури измешани со домашни животни заедно трчаа. Толпата постојано се зголемуваше како грутка снег што се тркала низ некоја падина и како се поширока и шаренолика река се влеваа луѓето мeѓу двете езера на Преспа. Бегаа полуоблечени и по патот си ги дооблекуваа останатите делови од алиштата. Трчаа деца и жени, со несигурен чекор итаа старци. Многу стари луѓе и повеќето деца беа слаби и болежливи. Со крик и плач талкаа по кемените патишта, со искривена душа го бараа изгубениот сон. Се оставиле без сеќавање: пред палењето, бесењето, горењето и умирањето на блиските. Над земјата лебдеше густ чад и така им ги дразнеше носниците на сите живи суштества, дури ничкосани бегаа, а зад нив остануваа голи ридишта, трапишта, урнатини и опалени стебла. На припеците лежеа осакатени, вошлосани војници. Огновите прилегаа на јазици или чиниш се веат шамии, како да играат самовили.

Излегуваа низ чадот опалени луѓе и се прашуваа- “каде сега?” Земјата како да беше испрана, или небаре пролетни суви ветрови ги растопуваат снеговите над црната земја пропиена со влага. Така и војната ги гони луѓето од нивните огништа, а земјата останува пропиена од нивната крв. Слушам бучава, грачат гаврани, а смртта полека лази по земјата следејќи го човекот. Завиткана во долама од стравотија, рамнодушна, безлична, нема, како сурова црна рака го досегнува човекот, но тој стапува во борба вооружен со мислата, чекори до светлината на животот, наросувајќи го со крвта на срцето својот мачен, осамен, непознат долг пат...

Бегалките жени чекореа многу полека и често подзастануваа кога некоја од мајките со детето се повлекуваше во некоја крајпатна грмушка.

Се гледаа така жените: обезумено и безнадежно, а некои дремеа во метежот. Се гледаат со олинати образи и гурелави очи и без желба за чекор. Никоја ништо не прозборува, туку сите нешто вадат од торба и стваат в усте и ги стискаат вилиците чиниш тоа го прават без да им трепнат клепките.

За тие што не беа болни од дизентерија, патувањето беше претворено во бескрајно, заморно чекање крај патот, под обилните шурки дожд.

Воздухот стануваше сив и густ, немаше место ни за радост, ни за жалост, туку сите беа зафатени од очај. На крајпатните лединки немаше никој.

Една од најтажните глетки беше случајот со бегалците кога една жена ми рече:

“Кога викаа дека доаѓаат бурандарите, маж ми ги земаше двете деца, а ги земав другите две. Бегавме. Но во мешаницата го испуштив најмалото што го носев. Не можев пак да го земам. Сега не знам каде се маж ми и двете други”.

Жената плачеше и си ги гризеше ноктите, чекори бесцелно, заборавена дури од ветрот што и го вееше здолништето над колената, заборавена од бегалците.

Таа викаше:

“Го сакам, го сакам”, викаше одново и одново додека ни кажуваше за кутрото малечко згазено под нозе. Во рацете го држеше она што го спасила. Во ноќта таа, бегајќи, умре на патот.

Завледеа долга и немирна тишина. Жените гледаа уплашено, збунети и очајни.

-Од што умре? –праша една афежистка наконтена во униформа.

-Не беше зарезена од ништо. Умре од исцрпеност, - и одговорија босоногите жени кимајќи со главите.

-Која е таа? –Ѕуреа жените во мртвовецот.

Афежистката им нареди да ја закопаат, крај патот и да продолжат додека е ноќ и не напаѓаат авионите.

Но колку и да брза, човек ќе посака да слушне, да види и да забележи:

-Зошто човекот го гони човека?

Оти за овие луѓе, секојдневната среќа, среќата домашна засекогаш ќе ја нема... Ќе ја немаат својата татковина. Најпотребното, нели? Но кога и да е, никој од нив нема да заборави да викне: ”Каде си ти, каде, татковино моја?” Оти никој од нив не понесе се...

И, ете, тие престанаа да бидат дрвја со длабоки корења во таа земја. Престанаа да бидат плодни корења. Дотогаш се интересираа само за своето парче земја, на кое беа израснати како дрвја со длабоки корења. Неизмерно ја сакаа таа земја, зашто таа ги хранеше.

А сега, како откинати лисје ги завлече ветрот и ги развеа насекаде...

така одеднаш ги снема тие луѓе како плисната вода на песокот... тие тагуваат прогонети по светот, како облаце понесени од лоши ветрови.

А за човекот е доволно само да му се распара конецот на животот и неговите стапки од одот се нижат како бисер од разни мониста, бели, црни, тешки и лесни.

И таквиот бисер е сопствен, не личи на ниеден друг, но можеби татквите бисери личат по формата на многу луѓе, но не и по тежината и бојата на монистата и сега така од животот ќе се ниже тој бисер... и тешко е да се загнезди човек од туѓа земја.

3.

Дувкаше јужен ветар и силно се слушаа пукотниците на убиственото оружје и кај сите нас предизвикуваа главоболка, несоница и голема раздразнетост.

Авионот-бомбардер леташе полека. Неговата бучава доаѓаше во бранови, тешка и осамена. Направи круг над Пероо и испушти неколку рафали врз колоната бегалци и партизани што се повлекуваа од фронтовските линии, но истовремено се слушнаа пукотници од повеќе противавионски пунктови и во еден момент авионот не очекувано пушти нешто црно од опашката и ја изгуби контролата.

После само еден миг се слушна експлозија. По падот на авионот во 12.38 часот во карпите над мостот, подолго време не се појавија други бомбардери и колоната бегалци со сигурност ја газеа угорнината. Клокотеше само вриежот на тагата за оставеното прадедово огниште.

* * * На 14 август 1949 година во 15.30 часот се појави под селото Раби голема колона тенкови и блиндирани коли што јуреа накај мостот.

Не поминаа 5 минути, од набљудувачкиот пункт полковник Врацанос наредува:

“Активирајте го експлозивот! Веднаш! Пали!!!” Остро допре гласот на полковник Врацанос.

Одеднаш блесна заслепувачка светлина, ми се стори дека се отвори небото и пеколот слезе на земја. Стана жешко, како човек да е пред селска фурна.

Силни експлозии и трештења од секакво оружје.

“Готов сум. Ова ми е крајот”, помислив, но се најдов врз меката почва; со рацете успеав да зграбам трски, паднав сред еден шамак, жив и здрав. Над мене летаа камења, трски што езгледаа како да се носени од силен виор. И други од минерите молчеа загледани во мостот, кој бавно се наведна, гредите се откинаа и паднаа во бездната. Водата од Малото Езеро измешана со крв, мртви тела и војничка опрема, бучеше и се влеваше во Големото Езеро на Преспа.

Со уривањето на мостот ја урнавме секоја можност да помине големата војска која посакуваше да не сотре, но и сите наши што ги имаше низ трските.

Се сруши се во луѓето: и љубовта и омразта, и радоста и тагата, и среќата и болката, и надежда и безнадежноста.

Излегов од ровот и слегов на патот што водеше во непознат свет.

Што и да допрам, ме допира времето. Лебдам и постојам во некакво бегство. Ја гледам својата рака како се спушта, земјата да ја моли и пак да ја допира и од неа одговор да бара... И тогаш, за чудо, не се прашав, а сега се прашувам зошто и за кого го срушивме мостот што ги спојуваше луѓето!

Во еден момент почна да ми се чини дека сум учествувал во големо зло. Го пресековме животот на тие што останаа и на тие што избегаа.

Пред срушениот мост, на самата бездна, долго стоеше една жена во црно со еден страк нестварно цвеќе. Со очите отворени, со рацете раширени, со срцето како широка тишина. Стои и чека се до очајничката ноќ, без да ја изгуби надежта.

Се прашував: ”Чија ли беше таа мајка?” Ноќта се повеќе црнееше, а таа остануваше единствена со својата најтемна страна: желбата што боли.

Не знам зошто тој предел по кој минуваа бегалците и жената што не го мина мостот, како да ми влезе во срцето и со години се прашувам “Која беше таа жена? Чија беше таа мајка што трчаше да си го стигне родот?...” Понекогаш нечиј крик ми се врежува среде главата и останува тука засекогаш. Се држам за уши, за своите поцрвенети уши. ”Моите раце се чисти.” Повторувам, да ме чуе татковината: ”Моите раце се чисти.”

* * * Отуѓени, живевме, едноставно чекајќи го времето.

Ни во длабоките зимски, суви ташкентски ноќи не ги заборавам тие дни... Нема ноќ да не си намнисувам на патот што мирисаше на крв и пот, на расфрлените нешта. Луѓето газеа боси по искршени срчи, а сакатите се молеа налегнати како крајпатни камења, очекувајќи ја смртта. Само мајките беа присебни, итаа со своите деца барајќи скривалиште. Тука го гледаш човекот како чекори болно, растажен, несигурен, до следната станица на животот. Пред човекот се растегнале стапалки во недоглед, некаде водат... трската и врбјакот осакатени дремеа, а усвитените ѓулиња што паѓаа во езерото, чиниш се жаби исплашени што скокаат од брегот, се забиваа во тињата засекогаш.

Бегалците, како пролетно јато птици, илјадници стоеја на работ од албанската земја и со свртени очи гледаа во димот, слушајќи лискотници, и се збогуваа со она што го завеаја ветровите во тешки намети... беа во жална состојба, исцрпени и капнати...

Наземја, на припеците, со денови лежеа покрај камењарот, очекувајќи ја топлината на сонцето поделена еднакво, спиеја, ‘рчејќи испотени, запарени луѓе. Тоа беа повеќето жители без покрив:

старци, жени и деца, ретко осамени војници што си ги изгубиле своите единици иле бараа некои од налегнатите.

Деновите се влечеа гладни, а ветрот им донесуваше пиштење и некаков вкус на пепел. Се чувствуваше бескрајна тага во виењето на црвениот ветар. Фучеше тој црвен ветар, го бодеше човека и околу него виореше во облак со мирис на изгорено.

А во далечината остануваше една осветлена бара, тоа беше разлеаното езеро на Преспа. Неколку карпи, како да сакаа да го видат ужасот, излегуваа од водата, парајќи ја со главите светлата површина.

На песокот лежеа напуштени рибарските чунови, а над нив разлутено плискаа брановите. Тогаш почувствував како срцето ми се исполни со некое големо чувство на длабока тага. И прв пат чув од утробата на земјата: ”Збогум, сине мој, збогум, чедо мое, знај, дојде време, треба да одиш, зачекори и оди... оди”.

Топовите замолкнаа. Кучињата не лаеја. Се свртев на север и се оставив зад себе.

Ноќ. Погледнав во ѕвездоцветјето и низ ѕвездите се наѕираше патот по кој ќе заминам.

Изедов полна торба зелени јаболка, стапка по стапка, со притаен ужас, се качив на бродот ”Краснаја звезда” на пат за СССР. Она на што се сеќавам сјае обрабено со мојот повик, зашиено со љубовта кон родниот дом.

Глава 17. - Преглед на военополитичката историска хроника Многу нешта ни се случуваа без знаење на обичните смртници поради таинствени причини, а добрите и лошите нешта често ни се случуваат од историјата, затоа што не мрзи да ја читаме. По случувањето, се ни изгледа како случајност.

Ниту се служиме со мудроста на нашите предци, туку им дозволуваме на идеолошките активисти да го оптоваруват човечкиот род и на смртниците да им донесуваат толку долготрајни солзи.

Сега, по полувековното чемреење под идеолошката пајажина, во потрага по приказната наша низ тајните досиеја на туѓите политики кои од Егејска Македонија направија гробница на јунаци од Граѓанската војна (1945-1949).

1. Преглед (на военополитичката историска хроника):

Југославенската стратегиска опција имала континуиран интерес и за Егејска Македонија.

Македонската политика што ја усвоила КПЈ во текот на Втората светска војна, имала цел да се здобие со контрола над подрачјето Вардарска Македонија и да се задржи во рамките на новата комунистичка Југославија. Признавањето на Македонците како одделна националност идеално им одговарало на домашните цели на КПЈ – Македонците не се Бугари и поради тоа бугарските барања кон Македонија не се валидни; тие не се ни Срби, па затоа не се обновува омразата против Србите. Како нација, Македонците ќе имаат право да се здружат со своите братски словенски народи (Србите, Хрватите, Словенците и Црногорците) во југословенска федерација.

Другата цел на КПЈ во нејзината македонска политика била да се прошири хегемонијата на југословенските комунисти. Повоените цели на Тито не биле скромни. Тој ги барал и со воена окупација настојувал да ги обезбеди од Италија Јулиска Краина, вклучувајќи го и Трст, речиси половина на австриската покраина Корушка, вклучување на Албанија во југословенската федерација, и грчкиот и бугарскиот дел од Македонија.

Новата македонска политика на југословенските комунисти (КПЈ)

им давала идеално оружје за постигнување на таа цел. Поигрувањето со македонска културна различност сигурно би било привлечна сила за Македонците во Егејска Македонија кои биле предмет на елинизација.

Кампањата за обединување на Македонија ја започнале југословенските партизански лидери уште во текот на Втората светска војна, дури и пред да ја обезбедат својата контрола во Вардарска Македонија. Хаотичните и флуидни услови што преовладувале на Балканот по повлекувањето на силите на Оската го потикнале ова движење.

Во текот на месеците во кои се вршела конечната консолидација на власта на КПЈ во Вардарска Македонија, Тито настојувал да ги искористи своите предности, но тој бил претпазлив на интервенција во грчката ситуација. Но во тој период односите со грчките комунисти станале затегнати. Во мај 1944 година се што било останато од македонските комити (на кои ЕЛАС се заканувал со ликвидација) им се придружило на Гочевите единици на организација СНОФ.

Настана на караница меѓу штабот на ЕЛАС и Гоче за тоа како да се постапи со оружјето што било запленето од комитите. Во меѓувреме, КПЈ пратила свои агенти и помали единици што се движеле низ Северна Грција (Македонија) и тие ги повикувале Македонците да стапат во Титовата армија. Тогаш започна масовно преминување на Македонците од редовите на ЕЛАС во Титовата армија. Грчките партизани реагираа со страшни репресалии против македонското население... Уште повеќе, тие ги затвораат сите Македонци што се во редовите на грчките партизани и ги интернираат во јужна Грција и целиот пропаганден материјал е прогласен за нелегален.

Каква била дипломатската игра за иднината на Македонија токму по завршувањето на Втората светска војна на почетокот на 1945 година?

Ставот на врвот на Федеративна Југославија се гледа прво од изјавата што Маршал Тито ја даде за “Њујорк тајмс” во Москава на 26 април 1945 година: ”Ако Македонците од грчките области изразат желба да се обединат со другите Македонци, Југославија ќе ги почитува нивните желби”.

Ете каков бил и ставот на Иван Шубашиќ, тогашен министер на Федеративна Југославија, односно премиер на Југославија на почетокот на 1945 година. Тој имал намера присилно да го исели целокупното македонско население од Егејска Македонија, за кое тој мислел дека брои околу 100.000, со што би се решило ”македонското прашање”, што било голем проблем за развојот на добрососедските односи меѓу Грција и Југославија.

Кога бил премиер на Југославија, Шубашиќ на еден дипломатски прием му го објаснил ревидираниот југословенски план за Македонија на американскиот политички советник Александар Ц.

Кирк, кој бил стациониран во Сојузната воена команда во Европа.

Овој американски дипломат во телеграмата од 26 февруари 1945 година, што ја пратил до американскиот државен секретар, вака го опишал планот на Шубашиќ за Македонија: ”Тој рече дека не е на мислење оти ќе постои неизбежен проблем со Македонија... Тој рече дека никој не ја оспорува желбата за слободна Македонија во Федеративна Југославија. Исто така објасни дека и Бугарија нема да се спротивстави на овој план, а тврдеше дека и прашањето со грчка Македонија нема да претставува поголем проблем. Рече дека во грчка Македонија жевеат околу 100.000 Македонци, кои би ги иселиле во југословенска Македонија и така би се решил проблемот со Грција”.

(Од американската дипломатска историја, што се чува на Универзитетот во Висконсин.)

КПГ била сосема вознемирена од кокетирањето на југословените со прашањето што за грчките комунисти било најделикатно – обединувањето на Македонија. Во јуни 1944 година Штабот на македонските партизани им издал нова инструкција на своите агитатори и на воените единици на КПЈ во Грчка Македонија, предупредувајќи дека со прашањето за Македонија не смеат да ги расипуваат братските односи со ЕЛАС. Но тие биле потсетувани дека здобиената нациолана слобода и рамноправност (од страна на југословенските Македонци) е идеалот на целиот македонски народ...

Во октомври спорот меѓу грчките комунисти и Гоче дошол до кулминација. Кога се нашол лице в лице со единиците на ЕЛАС распоредени пред единиците на СНОФ, Гоче, заедно со 800 свои луѓе, ја преминал границата и дошол во Југославија. Него и неговите единици Титовите луѓе ги третирале со истото сомнение како и секоја друга проавтономистичка група Македонци. Во текот на неколку месеци групата на Гоче била ставена во полуинтернација, а идната година КПЈ почнала да се потпира на неа за операциите што таа ги инспирирале во грчка Македонија. И токму од тие луѓе беа формирани во Скопје организациите НОФ и АФЖ на 23 април 1945 година.

Привидно, се мислело дека заинтересираноста на КПЈ за грчка Македонија постепено избледела. Но печатот што бил под контрола на Партијата, со исклучок на еден напад против владата на Папандреу во ноември 1944 година поради “теророт над Македонците” и еден огорчен уводник на “Политика” кон крајот на декември, во текот на неколку месеци не преземал иницијатива во однос на она што вриело во грчкиот котел. Неколку фактори стоеле зад оваа промена кај КПЈ.

На почетоткот на 1945 година, Тито кој во тоа време бил во тесен контакт со Москва, можеби заклучил дека е поважно грчките комунисти да дојдат на власт отколку тој во тоа време да ја добие Егејска Македонија. Исто така, сите борбени единици на Македонците во Грција остро биле наклонети кон автономија, а Тито бил донекаде ограничен со постоењето на ривалската влада на Шубашиќ која се уште уживала извесна поддршка од страна на западните сили. Се уште било нужно да се биде претпазлив. Дури кога овие околности се измениле, КПЈ ја реактивирала својата грижа за грчка Македонија.

2.

Грчката опција на раководството на КПГ ја опишува генералниот секретар на КПГ Никос Захаријадис во книгата на ΠΕΤΡΟΣ ΑΝΤΑΙΟΣ “ΝΙΚΟΣ ΖΑΗΑΡΙΑ∆ΗΣ – ΘΥΤΗΣ ΚΑΙ ΘΥΜΑ”, стр. 414.

Тој пишува:

”Во 1924 година, кога Захаријадис со една група партиски кадри што ги имаа завршено студиите на (КОУТВ) високата паратиска школа во Москва, се враќал од СССР во Грција, се одржа Третиот вонреден конгрес на Социјалистичката партија на Грција и на тој конгрес таа е преименувана во Комунистистичка партија на Грција (ККЕ). На тој конгрес се расчистени некои прашања од внатрешната противореченост и се прифатени не само решенијата на конгресот на Третата комунистичка интернационала, туку и оие од балканските комунистистички конференции, конкретно, на Седмата конференција на Балканската комунистистичка федерација за таканаречената ”Македонска”. И тоа ќе застане како прва ЈАМКА што беше ставена на вратот на ККЕ, од името на ”интернационалниот пролетаријат”.

Подвлекол Захаријадис, а ние Македонците Господ да не чува, не сме верувале во таквата подлост. Во тоа време за луѓето со политичка моќ се колневме во главатарот Захаријадис. Каква ретка среќа доживувавме затоа што го имавме, затоа што не водел и ни го трасирал патот до победата. За него пеевме песни и кога бевме радосни и кога бевме гневни.

Ах, колку боли денес тоа наше ЦИВИЛИЗАЦИСКО ЛИЦЕМЕРИЕ!