Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Noose

Глава 12. - Војска без компас сурови пресметки меѓу комунистичките офицери - Part 01

By Стојан Кочов · Part 14 of 27 · About 21 minutes

Read in English

Глава 12. - Војска без компас: сурови пресметки меѓу комунистичките офицери

1.

Изминаа неколку дена во привремениот логор на главниот штаб и на пат сме два дена порано на фронтофската линија во месноста Батра.

Високо зад нас сонцето тонеше во амбисот меѓу два рида. Уморно се стопува на хоризонтот, тоне раскрвавено болно, се раси. Во еден миг се дигна ветар кон небото, земјата стана темна, а облаците се спуштија многу ниско – поземи.

Патот беше невидлив и сосема зашумен и на него немаше ништо друго освен гранки и суви лисја.

Јас сум млад. Имам неполни деветнаесет години. Воин сум во Маркосовата армија, во рацете на оној што ми ја крои судбината. На плеќите носам тешко бреме, но сполај му на Бога што уште сум жив, иако живеам бесмислен живот. Гледам, дождовите и развеаните снегови избришаа се; нема ни белег ни крст од моите соборци. Тие, убиени од татнежот на лудите топови, сега се во цврст вечен сон.

Душите им се слободни, но… Само патот им се наѕира низ нивната ѕвезда по кој заминаа за да не се вратат кај своите мајки…

Катаден глуво талкам по овие ридишта, изгубив сила и здив. Од рани мугри до мрак како гонет волк низ овие предели ми талка духот.

Од животот, ништо, само уплав. Размислувале: кому му припаѓат радостите на овој свет? Не знам кај да го барам одговорот!

Од изгрејсонце до зајдисонце во небосводот гледам и си останувам везден со втренчен заматен поглед; не дознавајќи ништо ни за денес ни за иднината. И лутина во мене врие, ме фаќа бес и невиден гнев. Но ме навасува и заборавот за детството, за моите другари што останаа на боиштата, за големите нешта – за моето срце, моето име и нивните имиња, нашата судбина, нашата приказна. Но уште ме крепи некаква надеж од матна љубов.

Покрај мене Леонидас ги брои молитвите за спасение; од маките, од нанесените навреди, измами, заблуди и лаги. И тој не знае кој ќе ни ја врати надежта, кој ќе ни ја каже божјата вистина за ова зло. За ова грозна вистина, потоната во крв и мрак, скриена во овие глангосани могили.

Пред нас се нишаните на непријателската војска, настрвени едни на други, се караме, се довикуваме и се нарекуваме мракоубијци.

Можеби уште оваа ноќ ќе не нападнат… Чувствувам необјснив страв.

Страв од чувство на изгубеност небаре туѓи мисли го брануваат умот мој и во длабоката неизвесност паѓам омацурен во ровот, но не по моја волја чекам мракоубиец да ме прониже со штикот. Многупати ми идеше да липам како дете. И секој ден овде вкопан во рововите;

чекам и пулам насекаде да не ми скокне некој мракоубиец.

Утредента, нова нафака, денот одново почнува да дише; живи сме.

Но ме ежи немирна болка, се си мислам на раната: дали е заздравена или незацелена. Изминаа десет дена и требаше одамна да ја одврзам, оти така ми беше препорачано. Си велам: ”Дал Бог да биде зацелена или барем струпјосана”, ама јанѕа ме јаде, ако бликне крв и ја разранам, а дедо ми велеше: “секоја надеж крие неизвесност”.

Со голем сомнеж и дикат ја одмотувам преврската, полека и дури со смуртени веѓи гледам. Сетилата со благост ме храбрат, ама ми се зароси челото. И, туку под третиот слој од преврската бел предиплен лист бела хартија. Тоа ме потсети на мојот побратим Стасе Донев, кога ми ја преврзуваше раната ми рече: “Тука со раната ти го обмотувам и писмото со сликата од Елена Богданова. Ти ги ставам на ова место каде што најмногу те боли. Тука нема да ги заборвиш никогаш. Запамети што ти велам?” Си велам: “О судбо моја клета…” и пак во тој блажен миг ја одмотувам сликата на Елена со блага насмевка и гледам, ни се слеаја погледите и ми се пристори како да ми вели: “Не тагувај! Не оставај никој болката да ти ја лекува! Јас сум огненосецот твој и сакам единствено јас да бидам твој лек…” Се созедов, го раздиплив писмото и којзнае кој пат го препрочитувам:

“Кога те испратив, посакв да те видам илјада пати, да те гледам вечно.

Секоја вечер, се чувствувам се помеѓепсана, се поочаена, се поизгубена. Чекам кога и јас ќе стапам во партизаните и да те најдам.

Но првпат во својот живот се чувствувам свесна за себе.

Јас нема да те заборам. Колку беше убав! Не ги заборавам твојот срамежлив поглед, твоето долгнавесто нежно детинско лице, самотијата на твоите и моите неполни осумнаесет години.

Колку беше осамен! Така и ме остави осамена среде дивата селска ливада. Има ноќи кога слушам виулици и те барам.

Не заборавај ме, оти јас никогаш тоа нема да го сторам. Ќе те барам насекаде…

Љубов моја.

Твојата Елена.

Погледнав накај изгрејсонце и реков: нема, нема да се предадам на очајот поради една убава војничка СМРТ.

2.

Помешечки се приближувавме кон висорамнината, слушавме се почести одгласи на митралези и автомати. Во еден миг излеговме токму на висорамнината меѓу Батра и Гољо Каменик, под високите букови дрвја, џарејќи се еден во друг. Очекувавме свиреж од некој намерен снајперист. Стравот не навасуваше, се плешевме дури и од своите стапалки. Од левата страна низ дрвјата се наѕира мала височинка, а на неа мравјалник од војници. Во моментот кога капетан Кацис извика:

-Ура!! Επανοτουη (напаѓајте)!

Ние сите јурнавме во секавичен напад како безбројна глутница нескротени лавови. И без да се надеваме, и без да очекуваме, со овој јуриш добивме половина битка.

Внедоапица одекнаа силни рафали, експлозии и чиниш немаат здив. Куршумите фрчат над нашите глави. Сите се најдовме во простор од вкрстена митралеска стрелба. Се втурнавме и почнавме да се пробиваме низ густежот бодлави гранки. Се слушаат силни гласови. Но во тој миг, небаре од сите страни викаа ура!. Ура! И фрлаа рачни запалливи бомби. Гласови, осакатените бараат помош, а војниците од владината војска, кои се вдадоа во бегство, пукаа во нас и не убиваа безмилосно.

Мачен поглед. Можеби некој и првпат во животот видел толку човечка крв и како се убива човек со начпарување на штик или со рафал одблизу.

Многу човечка крв. Топлиот ветар од запад предизвикуваше неспокојство и ни ја отежнуваше концентрацијата.

Бев многу млад меѓу штабните извидниците и веќе се изморив да гледам како се убива и како ме тераат да убивам за да се одбранам.

Веќе се изморив да гледам како се убива.

Покрај мене, во позиција со прстот на чаркот, беше мајор Типади.

Жилите му беа набабрени на неговото челото и му чукаа, чиниш секој миг ќе му експлодира срцето. Ми вела:

-Ова пусулче е за полковнок Гијанулис и најди го што побргу!

Ги гледав спружените тела на капидани мажи, покосени, ранети, а меѓу тие тела прескокнуваа со меч в раце и ги начпаруваа војниците што јуреа во толпата кон нас.

Јурнав низ густежот од гранки и со неверојатен инстинкт, многу брзо се најдов пред командниот штаб, но полковникот беше на првата фронтовска линија од левото крило на фронтот. Со група офицери го набљудуваше фронтот.

Го најдовме брзо со помош на неговите подофицери.

Го известив дека мајор Типади бара воена помош, оти целиот фронтовски сектор е во огнен обрач. Се вратив брзо со пораката од полковник Ѓанулис до мајор Типади: дека е преземена акција и треба да ја задржиме местоположбата, зашто фронтовската линија на Батра била од најголема стратегиска важност за целиот фронт на Грамос.

Полковникот разговараше по телефон со генерал – мајор Ипсилантис и во детали му соопштуваше.

“…Воените единци пред зората со ненадеен се разбиени и не сум во можност да ги организирам во противнапад. Имаме доста загуби.” Го молеше да направи се што е можно со помош на нови сили за да го спречи напредувањето на една дивизија од владината армија која со брзо темпо оди кон освојување на највисоката стратегиска кота (2.522 m), зашто тоа претставува еден од најважните пунктови.

Од тој дел има преглед кон источниот и западниот дел на фронтовската линија.

На крај му рече: Опасноста е голема, ако не се спречи нивното напредување.

Ме погледна со голем печал и се растревожи.

Тргнав низ шумата и итав што побрзо да стигнам до мајор Типади. Вревата и пукотниците стануваа се посилни. Збунет сум, ми се чини дека минувам низ пеколот. Стравот за животот е посилен од стравот од смртта. Конечно се вратив, но гледам, мајор Менелаос Типади молчи, дишејќи бавно и длабоко. Ме погледна молбено и срона неколку солзи. Ми вели: “Дај ми малку вода. Вода, те молам…” Беше погоден од силен рафал и од куршуми “дум-дум”, кои имаа разорно дејство, при излезот на раната. Веројатно беше седум часот наутро на 11 август, кога нашата единца напредуваше кон фронтовската позиција на највисоката падина на планината Грамос, близу до височинката Ќафа, Арена.

Мајорот, кој со годините ближеше на триесет и неколку, имаше лавовско срце, сега се мачеше со последните сили, ама крвта под него се имаше завирено во голема локва.

Ми ја подаде раката и ми вели:

-Не давај ме!

Ја голтна капката вода и небаре сета се претвори во солзи, ми вели:

- Јане, пази се, ти си многу млад за оваа војна.

Држеше слика од љубената и ја бакнуваше со невидена страст.

По малку време ги затвори очите, лежеше како мермерен споменик, свртен кон сонцето. Го гледав, ама ми се замати главата од жал и дури не знаев што да правам.

3.

Го барам човекот како мерило на работите. Сфатив дека веќе никој нема да помине по ова проклето место. Почнав вознемирено да барам гранки да го покријам мртовецот. Да ги спречам инсектите, лиотот, растенијата и корењата да го грицкаат неговиот труп.

Не гледам, не гледам ништо друго, освен многу ранети и осакатени живи луѓе, желни да преживеат. Веќе нема лаги, нема ни вистини, нема ни подвизи, има само сивило.

Кога оддалеку ме здогледа полковникот, посака да викне, но остана без глас кога одблизу виде дека сум многу скрбен.

Низ солзи му велам:

-Мајорот умре бестрашен и верен.

Полковникот со голема тага ја наведна главата, дојде до мене и ме прегрна изразувајќи ми сочуство.

Минавме низ рововите и се загледавме по ридовите на Грамос кон височинките Ќафа и Моро.

-Многу сакам да зборувам под ова небо и пред оваа голема легендарна планина. Пред сите војници кои тука ги оставија коските.

Умираа храбро според моите наредби. Ние партизаните сите сме без шлемови, гологлави, па ветрот ни ги вееше црните и русите коси – ми вели јадосано полковникот.

Сега војската наша отстапуваше. Полковник Ѓанулис болно ја гледаше. Погледна на часовникот и ми вели:

-Секому му е јасно дека ја загубивме битката, затоа не треба да се зборува, туку да гледаме како побрзо да се извлечеме со што помалку жртви.

Нашите војници отстапуваа и многумина беа со замотани глави и делови од телото со црвени преврски. Ранетите се потпираа еден на друг, по камењата и по дрвјата. Некои молеа, редеа на глас.

Медицинската сестра им помагаше со невидена грижа. Но ме зачуди кога од грмушките излезе најстрашливиот Виорели Ѕинѕиф – хипохондрикот, кој цело време живееше во опсесивен страв од болести и секогаш ги преувеличуваше нормалните чувства на своето тело, се додека не почувствува вистинска болка, сега еве ти го Виорели зад густежот на дрвја, како од штабна лабораторија да излегол, целиот разјарен и вооружен со модерен автомат од типот “томсон”, неговите неволи беа исчезнати, чиниш го надминал стравот и оддалеку ми довикува.

-Побратиме, држи се! Ѕури во мене и продолжи: - О, колку прекрасна беше глетката. – Со чудни гестикулации на рацете растревожен расправа:

-Ги гледам шесте бурандари, со силни движења на рацете се пробиваат низ густите гранки. Се скрив зад една грмушка и внимателно ја протнав цевката низ густите гранки. Ги зедов на нишан и се сетив на зборовите што ми ги упатуваше Аријанос: “Отепај неколкумина за да станеш храбар и де не бидеш страшливец. Се разбира дека го сторив тоа, а што мислиш ти?

Бурандарите, одвај направија десетина чекори, подзапреа и ги покосив. Автоматот е од нив. А знаеш што рече комесарот пред стројот што вчера ми се подбиваше: “Ете, видовте и сами. Така се доаѓа до совршен автомат. Секој автомат добиен на овој начин, за нас партизаните на генерал Маркос, е победа!” Ете, нашите иследници не можеа да проникнат да ли си подлец или чесен човек. Точно е дека зад нив останаа месеци макотрпна работа, да докажуваат и обвинуваат дека човек, ако бара злато, тоа значи дека се спрема кон капитализмот, кон личниот живот, ама Виорели се покажа дека е невиден херој и човек верен на нашите идеали.

Сега беше сосема јасно дека Виорели за таквиот подвиг го очекуваше унапредување за извршената света задача спрема целта на маркосовата армија. Но Виорели, стана надмен по назначувањето за десетар и сега потешко се впушташе во разговори што не одеа во прилог на револуцијата.

Еден ден можеби несвсно почнуваме да се прашуваме од каде доаѓаат злото и духовната грдотија. Зошто мора грдоста наместо убавината да избива со својата грдотија и да ни го огрдува животот што го живееме во овој единствен свет на Грамос.

Можеби зад овој живот, како и зад овој свет, се крие некој друг живот, некој друг свет?

Седам и размислувам зошто Виорели станува некако погруб и помалку таинствен, се помалку чувствителен, отколку што беше, станува зол и груб.

Но колку што можам да разберам, некој му помогна да го сфати овој живот што го живееме меѓу гордоста и бесот, не верувајќи во добриот и семоќен Бог.

4.

Читаме утрински билтен изваден на шепилограф.

Прва ударна вест:

Полковник Георгиос Ѓанулис загина. Лавот од Грамос (така го викавме сите), тој јунак на демократската армија, храбро и херојски загина во една од најзначајните битки на Грамос.

Втора вест:

Врховниот командант на ДАГ, легендарниот генерал Маркос е тешко болен. Политбирото и Централниот комитет на Комунистичката партија реши да го прати во земјата на социјализмот, СССР, каде ќе му биде укажана сесрдна лекарска помош и ќе остане се додека не закрепне. Политбирото реши функцијата на генерал Маркос да ја врши генералниот секретар на Партијата Никос Захаријадис.

-Знаеш зошто? – ми вели Леонидас.

-Не

-Тука, на Грамос, семоќен Бог треба да биде еден, а некои од комунистите него разбират тоа. Нели ти се чини дека е така? – ми вели со отворена уста, небаре чека да му потврдам…

-Можеби се е од името на правдата, - му одговорив лежерно.

-Велиш, можеби, или се некои сурови пресметки…

* * * Беше втората половина на август 1948 година. Битките на Грамос продолжуваа. Генерал-мајор Ипсиланти, другиот ден по паѓањето на стратегискиот пункт Батра, уште во утринските часови доби писмо од главниот командант, на 670. армиска воена дивизија на Грамос, генерал Гусијас. Во писменцето му пишуваше:

“Να συλλάβεις, να δέσεις και να στείλεις το Γίαννουλη στην έδρα” (9)

Само што го раздипли и го прочита, го обзеде неискажливо спокојство, невиден немир, зашто беше уверен дека “високото раководство” посакува да го стрела овој прославен командант. Беше во страшна дилема: да ја изврши наредбата или да не изврши?

Совеста му наложи да не ја изврши наредбата, зашто го знаел полковник Ѓанули, дека бил многу јунак и личен пријател, со кој заедно минале низ многу страшни битки. Но од друга страна, размислуваше за одговорноста поради неисполнувањето на наредбата на овој висок командант, и тоа токму тука, на фронтот. Во себе доживуваше страшен душевен судир, а тоа траеше повеќе од 15-20 минути.

Правеше нервозни кратки прошетки напред-назад, но на крајот реши: “Нема да го апсам, нема да го врзам и ниту нема да им го испорачам. И не им одговорам на едно такво писмо, па што сака нека биде! реши Ипсилантис.

Само што реши така, се смири. Другарите и неговите соработници од генералштабот, кога им пријде, го праша: “Што ти се случи?

Зошто си толку вознемирен?” Дотогаш го немаа видено таков, ни во најсложните битки.

Ипсилантис им објасни, и кога им кажа за решението што го донел, кај сите се појави задоволство на лицата.

Но Ѓанулис уште истиот ден беше заминал на посета на целата фронтовска линија, дури до најнепристапните места во месноста Ќафа. Но во тоа време политкомесарот на главниот командант Гусијас, генерал полковник Канаридис Ламброс, со една група од гарадата, го уапси и го врза полковник Ѓанулис, а неговата свршеница која беше покрај него, остана вчудена. По овој чин, како што и доликува на возрасна жена, свршеницата си ја навали главата на неговото рамо и се прилепи до него, како да бараше заштита од несреќите и непријатностите на сбојот живот. По ова го одведоа во базата на армиската дивизија 670 при Главниот штаб.

Во штабот, погледот му се судри со погледот на новоименуваниот генерал Гусијас. Ѓанулис се почувствува непријатно и осамен.

Гусијас со поглед го прашуваше зошто уште чека и зошто совеста не му дозволува да побара прошка за помилување. Полковникот се почувствува понижен пред очите на Гусијас, гледаше во него со разочарување. Гледаше во неговото сиво стаписано лице.

Беше неверојатно она што се случуваше со полковник Ѓанули од моментот кога му беше соопштено директно и ненадејно дека го чека воен суд.

Дотогашната воена кариера на Ѓанулис одеше се кон врвовите, кон генералските чинови и кон ордените за храброст. Навистина, и самиот тој не беше страшливец, чиновите вистински ги заслужи, но сега никој не знаеше што се случува и со него и со неговата свршеница.

Кога дознал, Ипсилантис рекол: “Момци, Ѓанулис веќе нема да го видиме”.

Поминаа 8-9 дена, Ипсилантис доби телефонски повик и му беше соопштено дека треба да присуствува на заседанието на Главниот штаб. Во големата барака, сите воени старешини беа пречекувани лично од Водачот Захаријадис и од неговиот политкомесар Барџиотас. Ипсилантис од беше пречекан со зборовите:

-Генерале Ипсиланти, можеш ли да ми кажеш зошто не си ја извршил наредбата на генерал Гусијас?

Генералот му одговори на Водачот:

-Која наредба, другар Нико. Тоа беше обично пусулче, а не воена наредба.

Водачот го погледна право во очи. Ипсилантис знаеше дека таквиот поглед значи недоверба. Водачот не беше задоволен од одговорот, со строг тон му рече:

-Тоа беше наредба, а не пусулче! Срамота, генерале! Премногу сте брз и премногу далеку отидовте со своите амбиции. Вашата тврдоглавост би можеле да ве чини... Не играјте си со нас како маче и куче. Ние сме поизвестени за некои работи отколку што мислите, - и продолжи втренчено да гледа во генералот. Во тој миг им пристапи генерал Гусијас. Низок, доста здебелен човек на четириесеттина години. Имаше ќелаво теме и тркалезна глава. Беше облечен во нова гене-ралска униформа. Гледајќи во Ипсилантис, усните на Гусијас се искривија во презривна и прекорна насмевка.

Му рече:

-Многу зборувате, Ипсилантис, а и самиот знаете дека треба и да се молчи.

* * * На враќање од заседанието заедно со штабниот офицер на разузнавачката служба Георгиос Фуркиотис, ја дозна и вистината за извршената егзекуција над полковник Ѓанулис и внимателно до зборче му ја опиша, а Ипсилантис (ΑΛΕΧΗΣ ΡΟΣΙΟΣ – Υψιλάντης) ја запиша до зборче:

Η δολοφονία τον Γιαννου’λι και η θεία δίκη. Και τωρα, ας ιδου’µε τον επίλογο της δολοφονίας τον Γιαννου’λι στις 20 Αάγ ου’στον 1948 όπος µου τον αφηγήθηκε µάρτυρσς ο α ξιωµατικός πγηροφοριών της 670 Μονάδας ο Γιώργος Φουρκιώτ ης. (10) “Σε µια µετακίνηση τον Επιτελίου της Μονάδας σε µια στ άση, ο θησέας Σαρή (ασφαλώς Σαρή τον Γου’σια τον εριξ ε µια πιστολιά απο πισω, και ο λεβέντης ο Γιανουλης ο έπεσε αι µοφυρτος… Τότε, συνχι’ζει ο Φουρκώτης, λέ στον Επίτροπο της Μονάδας Κναφαρίδη Λάµπρο, τι είναι αυτά Λαµπρο, που γίνοντ… Παψ ε, χαζέ – µου λει ο Λαµπρος – θα φας και συ το κεφάλι σου…” 9 Да го уапсиш, да го врзеш и да го испратиш Γίαννουλη во базата на Главниот штаб.

10 “Во една преселба на штабот на армиската девизија 670, при една починка, Тисеос Сарис (секако по наредба на Гусијас) му упати еден истрел одзади и блиску и јунакот Ѓанулис панда облеан во крв...

Тогаш, продолжува Фуркиотис, му велам на политкомесарот на армиската дивизија Канакаридис Ламброс: “Што се тие работи, Ламбро? Што ни се случуваат токму нам, на борците? Тој ми одговори: ”Молчи, будала, оти да не си ја изедеш главата и ти...” Глава 13. Факти и валкани цели КОБНАТА 1948 година –факти и валкани цели... КПГ, од македонското крепко и вековно семјство, на Македонците им создаде политичко семејство – го распарчи и ја обездети македонската куќа.

Раководството на КПГ, акцијата за евакуирање на децата – чедособирството, ја мотивираше и ја образложуваше со потребата за спасување на децата од ужасите на војната, нотоа би требало да следува по молбено барање на нивните родители.

Што значи тоа? Тоа значи дека оваа акција на КПГ со помош на македонските организации НОФ и АФЖ е чисти факти и валкани цели.

За да се добие реална и објективна претстава за општата политика на Грција за трајно уништување на Македонците, треба да се каже дека е иста без оглед на политичката физиономија на режимот (монархистички, републикански, либерално-демократски, авторитарен). Сега КПГ, сакајќи да се ослободи од секаква одговорност за таквото незаконско чедособирство – кое претставуваше геноциден зафат, за да успее акцијата требаше да ги убеди родителите да ја прифатат одлуката. Така и сега, како и за многу важни прашања, КПГ го активира проблемот преку НОФ и АФЖ да организираат широка политичка акција меѓу населението, која резултираше со молбено барање на родителите за евакуција на децата. Но набргу се виде дека хуманоста не била единствениот мотив, туку дека КПГ и военото раководство на ДАГ имале цел со овие деца да го решаваат проблемот со борбените резерви на ДАГ, зашто на тој начин беше можно да анражира нивните родители во борбените воени ресурси, откако се покажа дека до 1948 година КПГ, како водач на Граѓанската војна, не успеа да го реши проблемот со мобилизацијата на нови борци низ цела Грција.

“Цената што добрите луѓе ја плаќаат за тоа што не учествуваат во јавните случувања е таа што со нив владеат расипани луѓе”, рекол Платон

1.

Веќе беше средината на март, течеа подготовките за собирање на децата, но жените на кои мажите им беа во Америка и Австралија немаа добиено изим да ги отуѓуваат своите деца.

Таа последна ноќ никој не знаеше што се криеше во душата на Лина Богданова. Тој ден беше пристојно облечена и оставаше впечаток на ревносна личност, сигурна во себе. Таа му беше верна, приврзана и чесна на својот Ламбро кој сега беше на печалба во Америка. Но сега мораше да биде внимателна.

-Важно е нашите мажи да речат “да” или “не”, ги даваме децата или не ги даваме, - им даваше одговор на афежистките.

-Зар има нешто посвето, зар има нешто помило, да ти биде чедото кај тебе, срцето да не ти вене?

-Ве молиме... Како без да знае стопанот, мојот Ламбро, јас некому да му ги дадам децата и да шетам како улава? Тогаша зошто ги родивме?... За Партијата?

Таа има право, викаа и молеа сите средовечни жени.

Лина тоа им го велеше отворено на сите афежистки:

-Извините, може моите прашања ви се чинат дрски, ама така е...

Подобро нека умрат со нас тука, отколку низ Европа. Јас единствено сакам децата што сум ги родила да ми останат дома. Ова што го прават комуниститите и вие афежистките е систематско уништување на нашите корени.

Богданова беше многу, многу огорчена кон афежистките кога една од нив и рече:

-Лино, што треба да значи ова? – студено ја гледаше.

-Ние и Комунистичката партија се бориме за доброто утре. Мислам дека ние Македонците треба да бидеме на првата линија и да дадеме се од себе, со тоа ќe постигнеме слобода за македонскиот народ.

Богданова и одговори:

-Мене и на сите овие луѓе со години не ни изгледаше така и не сакам да ги слушам тие приказни.

-Не веруваш во Партијата?

-Ние Македонците во оваа војна не знаеме до каде треба да одиме за да си го најдеме местото каде што припаѓаме. Па и зошто да верувам? Да изигруваме победници и жртви. Да ви ги дадам децата.

Кој е тој и каков е тој народ што ги жртвува своите деца?!

Моите дедовци, баби и сите разумни луѓе одгледувале деца, а ние сега требало да и ги дадеме на Партијата.

Татко ми велеше: за нашиот напатен македонски народ – ДЕТЕТО Е СТОЛБ НА СЕМЕЈСТВОТО, АКО САКАМЕ ДА ОПСТАНЕМЕ НА ОВИЕ НАШИ ПРАДЕДОВИ ОГНИШТА! – и одговори Лина отсечно.

-Вразуми се! – и викаше афежистката Донка на Лина.

2.

Таа кобна мартовска ноќ, откако се стивна вревата по селските улици, Лина размислуваше како да ги спаси своите деца. Ја запали газената ламба и седна покрај постелата на своите деца и ги гледаше и ги слушаше отчукувањата на часовникот.

“Три е часот”, си рече сама. Уште е темница.

Да побегне во ноќта заедно со нив, ама не знае каде ќе наиде на некоја стража и можеби ќе ги погубат.

Какво време дојде, човек да не се плаши од смртта, туку од злото што не најде...

Не е сигурна... Таа се сепнува. Прави таговни движења. Оди кон иконата на света Богородица и се прекрстува, и ја моли за спасение...

Мислите во глава и кружеа по иста патека и таа издвои само две: