Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Noose

Глава 10. - Животот и судот на генералите

By Стојан Кочов · Part 11 of 27 · About 9 minutes

Read in English

Глава 10. - Животот и судот на генералите

1.

Една ноќ пред пречекот на Нова година, генерал Царухас лежеше буден и околу пет часот си свари чај во едно мало ѓумче. Касна малку препечен леб (паксимад) со путер и запали цигара. Се чувствуваше уште крепок, но кршлив. И почна детелно да го препрочитува прошталното писмо од Рула. Се стркала врз дебелиот слој папрати, касајќи си го горниот дел на раката, почна да чита:

“Ме чуди, генерале, зошто не сакаше да останеш во моето срце?

Животот се живее сега, затоа што не знаеме што ќе се случи утре… Очекував да бидеш љубовник со бујна фантазија, со многу страсти и сили, а ти ката вечер на газиената ламба ги препрочитуваше пропагандите на комунистите и партиските задачи на Водачот Захаријадис; лисецу ниеден, така си го заработил и чинот генерал…, и најубвата земјанка на Грамос – земјанката на Царухас, во логорот Ликорахи на високото раководсво.

Јас сум живо суштество и ги сакам луѓето и затоа решив да се втратам меѓу нив…

Но јас сум несреќна, како и сите тие 320 млади луѓе што не донесоа од Македонија во вашиот Штаб за да не турнете денес во хаосот на неостварливото. Тука каде што владее законот на дивината.

Твојата партиска преданост, генерале, те прави многу суров. Не ми беше непознато дека тоа ми беше прва таква љубов, а можеби и последна на овој свет. Со нејзиното исчезнување се насочив кон бездната. И покрај моите големи страдања во оваа влажна земјанка ме обзема некое таинствено спокојство ако се вратам кај оние “диви момчиња”.

Но кажи ми искрено, барем еднаш, дали си ја обновил својата стара љубов со Вангелица до моето доаѓање за твоја домаќинка во земјанката на Грамос?

“Сега можеш да ‘рчиш, да зборуваш на сон и дури да се раскршиш низ целата земјанка.

Генералот се насмевна.

Иако се повеќе се подгрбавуваше, сепак упорно се трудеше да не оди подгрбавен, а остатокот од костенливата коса го чешлаше преку ќелавата глава.

Стана и се погледна во огледалото што беше закачено на едно чаталесто дрво и си рече: “Еве го стариот партиец кој се уште му се радува на секој нов ден и нов чекор кон комунизамот, а партијата знае да наградува. Сега сум генерал на славната народна армија ДСЕ.* Се виде дека подочниците му фатиле црни венци и дека му се испиле образите. Но во тој миг се случи еден чуден детаљ:

огледалото му падна и се скрши.

Иако тој беше закоравен атеист, во себе си рече: “Скршеното огледало носи седум години несреќи”.

Се сврте, го допре дрвото и чукна по него: “За среќа”, рече. “Кога среќата ти е наклонета и сакаш за неа да зборуваат, чукни по дрво.

Така злите духови нема да слушнат за што зборуваш ќе ти станат љубоморни”.

Тие зборови си ги спомна од баба си.

Некогаш се верувало дека духовите живеат во дрвјата, зашто во нив не влегува блесокот на мољњата. Но генералот си спомна и дека на луѓето што е криеле в црква од секакво зло, црквите им овозможувале засолниште, дрвото ја симболизирало сигурноста преку црквената голема врата. А сега, тој е во земјанка без врата. Се созеде и рече:

“Господова работа”.

*ДСЕ – ДАГ демократска армија на Грција.

Беше последниот ден од 1947 година. Се сети дека го очекуваше лудата ноќ кај Водачот Захаријадис и генерал Маркос – пречек на Новата 1948 година.

Тоа беше станало традиција, по секоја победа се собираа во ледената пештера, а сега беше повод дочекот на Новата 1948 година.

Беше ноќ. Во темницата на земјанката догоруваше огромната пенушка извлечена од под снегот. Генералот наслушуваше клокот на подземни води, од сите правци надоаѓаше бучава, гракање на птици, нешто севезден притаено во главата татни. Страв. Од свечено украсената пештера доаѓаше се погуст мирис на печени прасиња, јагниња и маслинки од Каламата. Генерал Царухас се вознемири кога си ги припомна и ги набројуваше сите брадести офицери: команданти и политкомесари како врескаат секојпат штом ќе ја испијат чашата вотка или рецина, но повеќе од вотката како специјалитет се пиеше само при таквите приеми кај Водачот. Па како севезден лапаат нешто:

јадат печени јариња, јадат понекоја печена кокошка, па дури и свиња цела би излезе. Од многу лапање не останува да си ги избришат мрсните бради, а од лакомото лапање на машките земјанковиди брзо им растеа мешињата, на жените бутовите и задниците.

По толкавото лапање, некои излегуваа од пештерата на воздух дури во никое време, протегајќи се, ги растеруваа снегулките што се пластеа по некокав природен редослед и разговараа за убавите жени на неколкуте генерали, а Рула отсекогаш им беше на окото и желбата секој да се истркала прудолу низ мекиот снег прегрнат со неа.

Земјанковидните беа пукнати од мерак да се прикажуваат како борци на новото општество. Оти токму тие биле првите почетни припадници на новиот сој господари на сега темничавите земјанки.

Земјанкоидните многу сакаа да се прикажуваат итри, а и од сопствената глупост прават паметник на итроштината. Своите измами ги нарекуваат слобода, од што треба да се заклучи дека се во царството на слободата и неограничените можности кон комунизмот.

Еден од земјанкоидните на високото раководство, работејќи на една подолга студија, посака да одговори: “Колку може да издржи еден народ да живее во земјанките на Грамос? Тој дојде до заклучок дека лесно се влегувало, а на излегување се чекало одвратно долго, како да чекаш на рампа да помине товарен воз. Тој установил дека темнината ти станува пријател, и тоа било природен и животен амбиент на земјанката, но не е препорачлива за човекот оти со текот на време добива некои особини на опачен крт. Другиот феномен во студијата го образложил со дополнителни анализи и го поткрепа, дека обилното консумирање на мрсна храна го оштетува мозокот.

Освен што предизвикува затнување на крвните садови, мрсната храна може сериозно да го оштети човековиот мозок, значи, големите количества масти ги намалуваат речиси сите функции на мозокот.

Но и често се случува мрсната храна да предизвика инсулинска резистенција, односно дијабетис.

Она што посебно го загрижи Водачот откако ја прочита оваа опширна студија, која дури и го исплаши, беше: прво, со оштетување на мозокот веќе се појавиле неколкумина од врвот, а такви знаци наводно покажувале и неколку генерали, од кои еден бил пратен на лекување дури во Сибир. Второ, дека од опачната болст – дијабетис се појавиле и многу млитави и поблаги во својата револуционерна дејност и трето се јави страв да не зафати и црната или магарешката кашлица.

Водачот ја нарече таквата положба дури алармантна. Тој се до последниот миг имаше голема надеж во генерал Царухас, но тој сега сам во земјанката молчи и во себе си зборува: “Сега Водачот, со план доверба, спокојно се весели во ‘пештерата’, градена до половина в земја од дебели греди, а сигурен сум дека ќе праша; каде е генерал Царухас со убавата Рула, да блесне…” Размислува за миг. Раката сама му тргна накај појасот. Го извади револверот и го доближи до слепоочницата и молчи. “Не. Не…” си рече. Тоа може да ме остави недоумрен и да се мачам, туку ги крена очите кон покривот на земјанката и гледа. Ноќ без месечина. Ала со прстите по оружјето што беше наобесено по ѕидот.

“Ми се повраќа од срам и од јад”, си рече.

Царухас се наоѓа во ранлива положба, без помош… Се плаши, ако заплаче за помош, солзите ќе му бидат заменети со иронична насмевка.

Си намниса на една средба, кога еден млад офицер поднапиен и се приближил на Рула и и рекол: “Биди дама, биди секси и не сфаќај го животот пресериозно…” Царухас долго размислуваше дали сето тоа да му го напише во едно прошталон писмо на Водачот.

“Како? И какво писмо би било тоа. Да му ја напишам вистината?

Ќе му напишам. Смирено, без навреди, човечки, но решително и неодречно, дека Рула е туѓ елемент на партијата и можеби ќе ни донесе голема штета и ја протерав… А тоа го сторив поради будност…” Загледан во митралеското окно, далеку во магливиот декемвриски студ, во сивилото, воздивнува и плаче. Тој сега е во осамена положба и неговата иднина изгледа мрачна…

Чашите беа штотуку кренати, уште неиспразнети, кога во пештерата влезе дежурниот капетан Тасос Караникас и почека момент да извести:

Συντροφε Αρχιγε (другар Главатаре).

Генерал Царухас е најден обесен во неговата земјанка, без никакви знаци на насилство.

Водачот ја доиспразни чашата со руска вотка и рече:

-Да не го напуштила убавицата Рула?

Βρε ο βλακας (бре глупавиот)??

Изигруваше тврд непоколеблив комунист.

2.

Ликорахи, 15 јануари 1948 година. Во пространа барака се одржува заседание на Воениот совет што беше закажано по крвавиот пораз од нападот на градот Коница и имаше цел да се анализираат сите воени детали од овој катастрофален пораз и неуспехот на славната Демократска армија под команда на генерал Маркос да го заземе градот Коница. Стратешката и политичката цел на партизаните беше да го урнат авторитетот на кралската влада и владината војска и паралелно со тоа да се подзголемат верата и симпатиите кон ДАГ. Но не помалку важна беше и надворешната цел:

да се убедат владите на социјалистичките земји дека ДАГ била способна да ги заземе градовите и да се задржи во нив и со тоа да се изврши притисок за признавање на новосоздадената Привремена демократска влада во планина.

За стратешките и тактичките погледи требаше да реферира началникот на штабот за воени операции на ДАГ Логотетис Георгиос

(Самаридис).

Тој во врвот на воениот штаб беше старо – ново лице во политиката, вешт на јазик, се добиваше впечаток дека е изненаден од воената практика.

Трагикомичен во улогата на изработувач на планот за напад на градот Коница. Кога зборува ништо не се разбира. Заскитан човек во воената област.

Тој беше предвреме дојден и шеткаше пред земјанката на генерал Маркос, обземен од некаков нејасен немир. Оти тој и за најмалото задоцнување на состаноците, посебно на таквото високо ниво можеше да го стави човека под лоша светлина и покрај неговите високи квалитети. Тоа му останало како навика откако работел во илегала. Но сега Логотетис се трудеше да не заборави, она што беше главно да го потенцира пред овој висок воен форум, дека во војната постојат две области и тие основни специфичности на војувањето се стратегијата и тактиката. Тие две компоненти го сочинувале единствениот и консеквентен морален систем и биле најзначајни и најстроги во историјата на реалното војување во човештвото. Така си имал запишано во белешките при проучувањето на воената теорија – посебно кога ги проучувал руските воени великани и подвизите што ги превале Суворов, Кутузов, Жуков и Ворошилов…, но не го испуштил ни Чапаев, кој најмногу го проучувал, оти ученоста на нашите генерали била речиси иста со славниот Чапаев. Значи, повторуваше Логотетис за да не заборави дека, ако се војува за победа, треба срого да бидат разработени стратегијата и тактиката.

На ѕидот висеше мото напишано со големи букви: