Глава 5
Глава 5
По долгото ѓупско лето, есента 1947 надојде магловита и дожделива. Луѓето, кои во текот на септември и октомври се растурија по шумите, каде имаа ископано земјанки, и таму се криеја од честите напади на владините војници и од речиси секојдневните бомбардирања, почнаа да се прибираат во своите куќи. Двете завојувани страни со првите силни есенски дождови некако се прибраа и во првите денови на ноември се помалку се слушаа митралески рафали. Единиците на ДАГ ноќе се спуштаа во ослободените села, а рано наутро, пред да пукне муграта ги запоседнуваа ридиштата. Кралската војcка се прибра во гарнизоните. Во магливите и дожделиви денови ги биеше позициите на ДАГ со топови или на јуриш ги заземаше ридиштата и тумбите што се наоѓаа поблизу до важните патишта и мостови. И кога се дознаваше дека поголеми единици на ДАГ ќе преминуваат од реонот на Вичо за Грамос, тогаш задолжително кралската војcка со камиони се префрлуваше до Беј-бунар, и, додека топовите од Четирок и Нестрам ги биеја Стените, војcката со бавен чекор, а потоа на јуриш, го заземаше ридот. Оттука како на дланка го имаше Косинцко и Карчицко Поле се до Телок. А бидејќи единиците на ДАГ најчесто се движеа по трапот што беше и граничен, тука беше концентриран минофрлачкиот оган. По ден или два, додека престануваше движењето, војcката се враќаше во касарните. Одгласи на бој доаѓаа откај Горуша и Одрето. Најмногу откај Копанче. Тоа дење. А ноќе откај Пополе. И тогаш, во мугрите, стигнуваа ранетите товарени на маски, коњи и магариња, на запрежни коли или пак на носилки и ќебиња. Тешко ранетите ги префрлаа во Албанија. Ги оставаа на една лединка отаде границата и ноќе со згаснати фарови пристигаа камиони од Корча. Лесно ранетите ги носеа во В’мбел. Оние што умираа пред да стигнат до рамнинката отаде границата - ги закопуваа cкраја од врвиците. Граѓанската војна влезе во cвојата втора година и настана време на плачење, редење и небиднина. Луѓето се разбираа со погледите, со очите. Зборовите болеа - тешко и мачно поминуваа низ грло, при cекој изговор - се стегнуваа, стежнуваа, замруваа и се залепуваа за усните. Ниту еден ден зад себе не оставаше радост. Чемерен денот, а ноќта зазоруваше во исчекување на најлоши вести од
боиштата. Добрата вест беше единствената надеж и молитва. Се повеќе млади вдовици, со по едно, две или три деца, облечени во црно, молчаливо се движеа, носејќи ја во себе темнината на денот. Од никаде да се чуе песна. Се повеќе во ноќите се собираа на намнисување и на разбуд. Во овие чемерни денови нови настани ги натераа луѓето да живнат.
- Пушти го телалот - му рече Лазо на Кузе - да ги повика мажите сред село. Да им кажеме што бараат од горе.
- Некни телалот го мобилизираа, - рече Кузе. – Ти не беше тука и не слушна како колнеа жените и стариците. Не е право...
- Што не е право? - праша Лазо.
- Не е право што ги собраа момчињата и чупите... А знаеш што велеше одговорниот за мобилизација кога му викаа дека децата се мали? Велеше: што ако се мали. Ќе пораснат... Така велеше, ќератајата.
- Кузе, ти да пазиш што зборуваш, - го искара Лазо. - Што значи, бре Кузе, ќератајата? Па ти ја пцуеш борбата, бре. Па ти го знаеш тоа или не? Добро рекол одговорниот. Ќе пораснат, сигурно ќе пораснат...
- Е, да знаеш дека јаc не им го дадов Николче мој. Дојде дома еден од другарите, го погледна Николче мој и мy рече: “Ја застани таму, до вратата?”. Го гледаше, го меркаше и рече: “Тргни со мене”. А јаc викнав: “Не! Па ти, другар, не гледаш дека е дете?” И цап јаc за крштелното. “Гледај”, му велам, “нема дури ни четиринаесет години”. A тој: “Ако де, доволно е висок”. За малку што на колена не клекнав пред него... А Николче мој во тоа време истрча надвор. Се врати дома кога си отидоа... Така, море Лазо, ќе ја прајме борбата, а? Многу се израдуваа луѓето кога слушнаа дека децата ќе им пораснат. Ќе пораснат, ама покрај мајка и татко, а не под пушка и во планињето, море Лазо... И да престанеш, барем мене да ми велиш како и што да зборувам.
Лазо не очекуваше дека Кузе така ќе зборува со него. Се чувствуваше навреден и со таков тон повтори:
- Викај ги луѓето средсело како знаеш. Ако треба удри ја и камбаната.! Разбра?
Кузе се врати уште неизлезен од дворот.
- Надвор врне, Лазо.
- Нека се соберат во сколиото. (Сколиото (сколио) – (грчки) – училиште.)
- Во сколиото, ама таму сигурно турва преку покривот.
- Па тогаш во црквата! - извика Лазо.
- Ако дојдат, - дофрли тивко Кузе.
- Што значи, ако дојдат. Еден по еден од дома да ми ги доведеш. Разбра?
- Јаc разбрав, ама дали тие ќе сакаат да разберат, - рече Кузе и излезе подигајќи си ја јаката.
Кузе ја удри камбаната како за тревога. Дедо Митре, чија куќа беше најблиску до црквата, оставајќи ја лажицата на софра, стана и погледна низ прозорецот. Викна:
- Митровице, о Митровице. Оди види што е тоа чудно биење на камбаната?
- Викаат на собрание, - рече Митровица откако се врати дома. -На собрание, велам, викаат. Кузе Гуштерот ја удри и рече ајде сите мажи на собрание.
- Зар во црквата? - се изненади Митре. - Стана и тргна накај вратата.
- Ама ти, стопану, каде со добро?
Митре покажа со главата кон портата и си ја зеде патерицата од ќошот.
- Мислиш без тебе не можат? - праша Митровица.
- Не е твое да судиш дали можат? или не можат без мене, -навреден врати Митре. - Ако задоцнам, значи ќе навратам докај Киро на разговор.
- Ајде, ајде, луѓе, - викаше Лазо - побрзајте... Добровечер, Митре. Влегувај, влегувај, ќе накиснеш!
- Што е, Лазо? - праша Митре.
- Влегувај, влегувај. Нека се соберат сите, па ќе ви кажам.
Луѓето беа навикнати веќе на повик да се собираат, па затоа и овојпат се собраа побрзо отколку што очекуваше Лазо.
Кузе, одејќи од кyќа в куќа да ги повикува луѓето, стигна меѓy последните.
Лазо појде накај царските двери, но не застана на плочата. Поп Васил седеше настрана. Во неговите очи не се гледаше ниту лична навреда, ниту оставаше впечаток дека храмот е осквернет. Лазо подигна рака и, откако гласовите се смирија, рече:
- Се собравме овде за да ви кажам дека нашата борба се повеќе се шири. Создадена е веќе слободна територија, имаме демократска влада...
- Привремена, - се слушна глас.
Лазо прекина, се подигна на прсти за да види кој го потсети и продолжи:
- Така е, другари, привремена демократска влада и наши организации. Си имаме и народен одбор и наскоро ќе си имаме
и народен суд. Вие сами, пред два месеца, го избравте за претседател на народниот одбор другарот Кузе, нели?
- Знаеме, Лазо, ама кажи, cамо за тоа ли не викна по ова време?
- Не ве викнав јаc, ами борбата вика. Таа, другари, вика и ќе вика се додека не дојде слободата... Така... Е, сега... Борбата сака жртви и помош. Од каде? Од нас, cамо од нас, другари? Треба да знаете дека сега се водат насекаде тешки борби и под многу тешки услови. На нашите борци им треба топла облека, топли волнени чорапи и... храна. И, одејќи по повикот - сите на оружје, се за победата, значи ние, ете, треба да смогнеме уште сили и да ја помогнеме борбата... Сега, како што реков, е потребна храна. Затоа, оние што имаат повеќе глави добиток, треба да дадат барем по едно.
- Аман, бре, Лазо! - викна некој што стоеше во средината. -Пред месец и пол на десет овци дадовме по две, потоа на пет пак по една... Сега и воловите ќе ни ги соберат?
- Што значи тоа, ќе ни ги соберат - викна Лазо. - Зар ќе бидеме контра, другари? Kој не сака да даде, нека не дава, но ќе го запомни народната власт и долго ќе го памети...
- Добро, Лазо, не викај, не јадосувај се, - мирно му се обрати Митре. - Ќе дадеме кој теле, кој крава-јаловица, кој вол...
- Така, токму така, Митре, - го прекина Лазо со задоволен глас.
- Сега веќе е изорано, посеано... А со што ќе ораме напролет?
Лазо истото прашање им го имаше поставено на другари од раководството и затоа сега мy беше лесно да го повтори одговорот што го слушна тамy:
- Утре, кога ќе дојде слободата, другари, нема да се мачиме да ораме со волови...
Некој одненадеж офна, друг се искашла и малку потоа Лазо мораше да го смирува собирот.
- Тишина, другари, и доста мрморење. Се разбира дека нема да ораме со волови...
- Ами со што, бре, Лазо? - праша Митре.
- Со трактори, Митре, со трактори! – свечено викна Лазо.
Митре си го начули со раката увото и праша:
- Како рече?
- Трактори... трактори, Митре...
- А што е тоа?
Лазо не ги распраша другарите од раководството што е тоа трактор и, надевајќи се дека прашањето на Митре ќе се загуби во џагорот, сакаше да продолжи со убедувањето, но Митре пак праша:
- Лазо, не кажа што е тоа трактор?
Лазо беше човек кој размислуваше со онаа логика што им е cвојствена на луѓето кои непознатото брзо умеат да го поврзат со најпознатото и блиското.
- Па, јаcно е, бре, Митре дека тоа е нешто со што се ора... Разбра?
- Ц’к, - цукна Митре со јазикот. - Јаcно е дека не е вол - гласно размислуваше дедо Митре - зашто, ако е вол, тогаш таа привремена влада нема да ни ги зема нашите волови.
Кузе, кој имал видено трактори кога пред војната аргатувал во Тесалија, објасни:
- Трактор, људје, е макина со две големи и две мали тркала и зад себе влече две или повеќе рала и за два или пет дена може да ги изора половина нивје од нашево село... Така.
Лазо, сега задоволен, мy се обрати на Митре:
- Дедо Митре, сега е јаcно, нели?
- А ги има ли нашата народна влада тие макини?
- Засега ги нема, но ќе ги има...
- А од каде, Лазо? - праша Фидан, низок збиен маж кој секогаш прашуваше, ама никогаш не сакаше да одговара. - Од каде, Лазо, да те опитам?
- Од Русија, од Русија, Фидан, - рече Лазо и во тој миг почнаа да му текнуваат одговорите што му беа дадени од луѓето од раководството.
Кузе се сврте кон оние што cтоеја зад него и, за да се пофали уште еднаш дека имал видено трактор како ора, рече:
- Тие што беа во Тесалија, беа ангелиски или френски, така ми се чини...
- Ами таа Русија, ако има толку за давање, зошто не даде досега? - праша Митре.
- Русија, дедо Митре, е далеку - рече Лазо. – Kој знае, можеби и се пуштени, можеби се на пат, ама, како што реков, Русија е многу далеку и додека да стигне тука тракторот.
Митре се сврте кон Ѓорѓи и тивко мy рече;
- Ќе ни ги изедат сите волови...
Собирот се претвори во расправија. Малкумина беа оние што не сакаа да се дадат волови, но никој од нив не рече дали сам ќе даде.
Селаните потоа се растурија по дома. Дедо Митре и Ѓорѓи навратија кај Киро, кој тие дни беше снеможен. Митре, откако мy раскажа на Киро што беше соопштено на собирот, рече:
- Море, сакам да го видам јаcка Лазо како ќе ора со тракторо...
- Кој, бре Митре, Лазо? Ами кога си го видел ти него да ора? Ете, жими очи, како да го пуљам како лежи под сенка и чека листот да пожолти за да рече дека одвај го извадил летото... Па ти, Митре знаеш дека, штом зазелени листот, Лазо почнува да се држи ем за бочината ем за крстот... Лазо ќе ора со трактор?... Да видам, нема да верувам...
Кировица, која обично не се мешаше во разговорот на мажите, не издржа и рече:
- Лазо, вошло, ќе ора... шо ве пуља... Тој годинава дрва не собра. О дворот ниту половина цепеница не донеcе, ниту рошка, на, жими кресто златен, аку мама, о земата да гл’нгосам... Некни, кога си греде од чезма, ја пуља Лазовица -крши од плето на Митрашковци, крши и пика о торбата.
- Зошчо? - праша Митре.
- Како зошчо? - се зачуди Киревица. - Пита за да му испече на Лазо, затоа... И цел вандак прачки од вртогленец (Вртогленец – во некои села во Костурско така се вика сончогледот) крена од нивата на Мелашките...
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/i-kamenot-e-zamia/6 on October 29, 2026