Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

A Stone Too Is Soil

Глава 8

By Петре Наковски · Part 9 of 25 · About 21 minutes

Read in English

Глава 8

Поп Васил му рече на Стефо:

- Удри ја камбаната... а потоа види дали учителот е во yчилиштето.

- Треба да му речам нешто, попе?

- Hе, не вели му ништо посебно. Сакам подоцна да го видам, само тоа, ништо друго.

По утринската молитва, на која најмногу се собраа жени, луѓето појдоа накај училиштето. Облечени беа во најновото што го имаа. Се собраа во дворот. Меѓу мажите, што стоеја во круг, трчаа помалите деца, а оние, поголемите, се држеа настрана.

- Ама зошто се уште ги нема другарите? – праша Лазо.

- Е, зошто ги нема... - дофрли Митре. – Или се уште не станале или допрва Киревица им го вари кафето...

Мажите се насмеаја гласно. Лазо му се обрати на Кузе:

- Оди, Кузе, и види што прават. И речи им да побрзаат.

Кузе набрзо се врати, а зад него полека се доближуваше Киро.

- Што е, Кузе? - праша Лазо.

- Чекајте нека каже Киро, - рече Кузе задишан.

- Ајде, Киро, о, Киро, побрзај - подвикна Лазо. - Што е? Каде се другарите?

Киро се поздрави со Ѓорѓи, му подаде рака на Митре. Ги погледна присутните и рече:

- Другарите, другар Лазо, си отидоа, а каде, не кажаа. Ноќе дојде некој, го извика надвор оној повисокиот, нешто му рече и

потоа си ги собраа парталите и ги снема во мракот. Жената што беше со нив само рече: “Поздрави го Лазо. Ние мораме бргу да се вратиме горе”. Така рече. А каде е тоа горе, не кажа. Ти, Лазо, можеби знаеш?

Митре се доближи до Лазо, го фати за ракавот и, тресејќи го, зборуваше зарипнато:

- Јаска да бев на твое место, Лазо, немаше да ги пуштам. Ами сега што ќе прајме? Нема да го отвориме училиштето?

Учителот влезе во кругот. Подигна рака, давајќи со тоа знак дека нешто сака да каже:

- Луѓе! Сега не се најважни другарите што си отидоа. Најважно е да го отвориме училиштето и да почне тоа да работи. Така ли е? Другар, Лазо, ајде ти или Кузе, речете некој збор за почетокот и да ги пуштиме децата внатре... Повелете.

Лазо погледна кон Кузе, а Кузе кон Лазо.

- Ајде, ајде, - ги потурна Митре - еден по еден, не срамете се...

Лазо појде накај скалите и застана на највисокото скалило. Оттаму погледна во дворот начичкан со луѓе.

- Мили луѓе! - викна тој. - Многумина од вас се прашуваа зошто го поправавме покривот на училиштето? Сега знаат, а дознаа и кога работеа. - Грлото му се стегна, се исуши. Никогаш досега не застанал пред толку народ и првпат му беше јавно да зборува. Гледаше наоколу, замавнуваше со рацете. - Јас, луѓе, не знам убаво и многу да зборувам. Тоа требаше да го направат другарите што дојдоа сношти, ама некоја итна работа ги натера да си одат. Ете, сега, штом ние се собравме тука, јас да го кажам само ова: и нам и на нашите деца нека ни е со добро првото училишно ѕвонче... а ти, даскале, наш учителе, повели, влези прв и поведи ги по себе децата. Повели ! - викна Лазо и со широк замав на раката покажа кон вратата.

Учителот застана покрај Лазо. Се ракува и потоа проговори:

- Деца, прво вам сакам да ви кажам неколку збора. Сакам да знаете и да запаметете дека овој ден е ваш ден. Денес вие ќе го пречекорите прагот на училиштето, а тоа е исто како да зачекорувате во нов живот. Ќе зачекорите во животот на буквите, на книгите што ќе ве пренесат во нови простори, во нов свет, но никогаш не заборавајте го овој ваш свет што е составен од вашите најблиски и вашето село со нивите, и ливадите, и кориите, и ова небо што синее над нас... И да знаете и да запаметете дека овој ден е и ден на вашите татковци, постари сестри и браќа кои сега на боиштата со оружје в рака се борат и се изборија вие да имате свое, наше, македонско училиште... во кое ќе го учите јазикот на вашите баби и дедовци, на вашите мајки и татковци и никој нема да ве кара и да ве тепа, да ве срамоти и омаловажува затоа што ќе зборувате на тој јазик. И да ви кажам... денес, ете, пред два часа, во цела Македонија удри училишното sвонче и сите македонски деца веќе седат на училишните клупи... Само ние малку задоцнивме... И кога велам сите македонски деца, мислам на оние во вардарскиот и во пиринскиот дел на Македонија... И да ви кажам уште на сите што се собравте тука дека ова е првата училишна година кога во цела Македонија, иако таа е поделена, Македончињата учат свој, наш, македонски јазик. Вие, мили деца, бидете добри ученици, умни и смели зашто од вас многу чекаат и вашите родители и Македонија зашто вие сте нејзината иднина. А таа ќе биде таква, каква што ќе ја измечтаете, каква што ќе ја иссонувате и ќе ја сакате... А јас ќе ве научам да читате и да пишувате... Потоа ќе дојде некој што знае повеќе од мене и по него друг и потоа вие ќе знаете повеќе дури и од вашите учители... А сега јас на секои три деца ќе ви поделам по еден буквар... Толку има... Еден ден секое од вас ќе има свој буквар, многу тетратки и моливи...

Учителот со раце ги покани децата да поминат покрај него и, откако им ги подели букварите, влезе во училиштето и само миг потоа излезе држејќи в рака sвонче. Го подигна високо над главата и заsвони.

Децата влегоа во училиштето, а луѓето полека-полека се разотидоа дома, возбудени од биењето на sвончето. Во дворот

останаа неколку старци. Ги мускаа чибуците, испуштаа облачиња чад, тапкаа и тропаа со патериците. Прв се оддели Митре и си ги залепи носот и мустаќите до прозорското стакло. Зад него застанаа и другите и слушаа што зборуваше учителот. Киро, низок и најпослежен, ништо не можеше да види. Се подигаше на прсти и потскокуваше. Пандето на Ленка - така го викаа старчето што стоеше пред него, се сврте и налутено му рече на Киро:

- Што се туркаш, бре, Киро, да не мислиш алва продаваат, та за тебе нема да втаса?

- Мрдни, мрдни, поганецу... И јас да видам и да слушнам, -прошепоти Киро плашејќи се да не го искара учителот. - Мрдни де, мрдни, реков - Киро ја протури главата под мишката на Пандето на Ленка и остана со широко отворена уста и насолзени очи. Учителот, одејќи меѓy клупите, ги погалуваше децата по избушавените глави и, кога се доближи до таблата, рече:

- За денес, деца, толку...

- Их, мајката! - викна Киро и возбудено го бувна по грб Пандето на Ленка. Тој потскокна и опцу, но чувствуваше безмерна среќа.

- Диии!!! - викна Киро како да скротуваше ајгар. - Што пцуеш, па нели ти реков да се помрднеш...

Николче се врати дома, ја фрли торбата во која имаше неколку грчки книги и навредено му рече на татка си:

- Тате, ништо од тоа твое калимера, јасас, парон, кир даскале. Учителот ни рече да се поздравуваме сабајле вака: добро утро. Цел ден - добар ден, а навечер - добровечер. На разделување да велиме - до видување или до гледање, а кога се среќаваме да си велиме - здраво.

Една недела подоцна старци седеа во тремот на црквата и си прикажуваа. Кажуваа за учителот. Еден од нив, удирајќи со патерицата по плочите, велеше:

- Море, каков даскал е тој, бре? Ниту зарзала, ниту паларија, ниту чевли болскливи, ниту патец на средина или настрана и коса без брилантин? А види го, бре, како е облечен? Цокули, војнички панталони и капа и појас војнички. Не! Велам дека тој не е никаков учител. Старец ќе види, добар ден, дедо, стара ќе види, добар ден, бабо... со сите е со добро утро, со добар ден, со добра вечер, што правиш, што чиниш, како си? - ќе те опита, тутун или цигара ќе те почести. И грчки не зборува и никого не кара кога слуша како си зборува наши. И децата не ги кара. А и тие, пезевенци, го слушаат, го фалат. Не ги тепа како грчките даскали што ги тепаа затоа што зборуваа македонцки... И место ние први да го поздравиме, да му се поклониме како порано -калимера, кирје... зито Елас...

Потоа влезе во црквата, запали свеќа пред иконата и, крстејќи се, рече: “Сполај ти, сполај ти, Богородице.”

За Киро велеа дека младоста и здравјето ги истрошил далеку од меѓите на родното село. Веднаш по Yрјетот, преку Србија, Австрија и Италија, тој заминал во Америка. Дома останале петмина: таткому Наќе, мајка му Дина, братот Никола, снаата Софа и пред две години доведената невеста, Мара. Пред Балканските војни таму го повлекол и братот, а тој си ја зел и Софа. По големата војна се вратил Киро, ама властите не сакале да го примат зашто носел турски пасош, а местото негово си го прибра Грција и од него побарале да се откаже од турското поданство и да бара грчко. Го викале и го шетале од канцеларија до канцеларија и се нашол некој, та го посоветувал:

- Ако не примиш грчко поданство, ќе те истераат во Бугарија како Бугарин...- И не само тебе, ами целата фамилија.

Киро се повинил и така станал грчки поданик. Му останаа дома многу кадра на кои тој на главата има фес, а на други пак, паларија - личи на Американец.

Во времето кога македонските имиња на селата и градовите со закон ги менуваа со грчки, Киро заедно со Ѓорѓи пак замина за Америка. Овојпат како грчки поданик. Три години поработи и, пред да почне биг крајзисот, како што често го оправдуваше своето враќање по големата криза, се врати дома. Ја најде само Мара и мајката Дина. Таткото Hаќе веќе една година лежеше в гроб. И кога дозна дека пак се отворија вратите на фабриките во Америка, тој пак посака да оди тамy, ама тогаш донесоа некои нови прописи и Киро меѓy првите ги почувствува. Грчкиот допрва го учеше, а ниту турски ниту англиски никој од надлежните не знаеше, па им прозбори македонски и за малку што не го натераа да пие рицинус и да јаде ренка. Не го натепаа, иако му се заканија, зашто Киро беше шетан човек и знаеше добро да отвори уста. Што им рече на англиски, никој не го разбра, но оттогаш кон него се однесуваа со некакво страхопочитување и се држеа настрана. Киро кога одеше во Костур или во Рупишта, а и во други градови, со себе го земаше Ѓорѓи, најблискиот сосед и пријател, кој толку зборуваше грчки, колку да не се загубат во градот и во ходниците на околиската управа.

Киро пари донесе и пари праќаше, ама остана без челад. И ако некој најмногу боледуваше поради тоа, тоа беше Мара. Но затоа градските жени, најмногy оние од Костур, и се восхитуваа и и завидуваа кога таа “американски”облечена, вртеше еден два круга по пазарот, а потоа - право на пошта да подигне нов пакет или чек. Ама Киревица, пред да стигне во Костур, штом зад неа остануваше Мањак, подзастануваше и скраја од патот ги собуваше опинците и валканите чорапи и обуваше тенки чорапи и чевли со високи потпетици и копчани со ремиче. Вистина, и студеше, ама на женската љубомора таа удираше со женски инает. Така таа еднаш неделно шеташе до Костур и кога попладне тргнуваше за дома, штом излегуваше од градот, чорапите и чевлите ги фрлаше в торба и исправена, со лесен еребичен чекор, боса стигнуваше дома. И го блазосуваше времето кога Киро рече дека повеќе во Америка нема да оди. По една година почина и свекрвата. Киро ја прежали и неа како и својата младост и младоста на Мара. За парите што му беа останати во една американска банка, му порача на братот Никола да му прати проект за кyќа каква што “нема во нашето и

во околните села”, најде фирма во Солун преку која купи материјал и со благослов на поп Васил и со рацете на мајсторите од Нестрам, Киро изгради кyќа од делкан камен и ја покри со френски ќерамиди. Авлии не подигна. Врз низок темел постави железна ограда и ниска врата на која по настојyвање на Мара, го стави дрвениот лост од старата кyќа. Тоа што оставаше најголем впечаток беа високите и широки чардаци од резбано дабово дрво, наместа опковано со железо. И, ете, сега, на стари години, Киро ту седнува на едниот, ту на другиот чардак кои се делат од горната влезна врата, над која е иконата на Свети Никола, и се среќаваат кај што зајдува сонцето.

Оттука, од чардаците, Киро ги гледа сите страни на светот. Наспроти сонцето - Стените - сив каменест рид, изложени од југ спрема север. Отаде е Костурско Поле, а натаму езерото. Лево Претсело - така се вика местото со сите ниви и шумата отаде нив. Натамy - Лобаницко, голема борова корија и преку неа високиот гол и карпест Мали Мади. Под него Косинец, поназапад - Лабаница. Села горени во Илинденското востание, потоа обновени. Блеска под јужното сонце белината на sидовите на куќите што се распоредени под ридјето и каменот на планината белее измиен од дождовите и испечен од сонцето. Уште поналево од Лобаницко - Трстеник, Капешчица и натаму -Билишча. Тие се отаде реката што тече под Телок и таа е меѓник - ги подели луѓето што зборуваат македонски и турски. Сега и албански. На запад - Крлевица или Кралевица - кога тука ораа подлабоко, наоѓаа скршени дебели тули и ќерамици, грнци и распарчени цевки од глина. Hатамy црквата Свети Ѓорѓи и долу, во трапот, тече реката што до Турска Нива е гранична, а оттаму до Долно Папратско ја викаат Карчицка Река. Отаде неа е Новоселени, на самоти рид, а натамy Шак и Ревани, населени со Маџири. А видикот го затвора Аљавица. На југ - Горуша. Под неа Грлени, Горно Папратско и преку нив Одрето и Орлето. Под нив Езерец и шумите со костени. Оттука сите околни села сосе шуми и ливади и лозја, се викаат Костенарија. Името им дошло од многуте костени.

Од чардаците на Киро најдобро се слушаа камбаните на околните села. Сега ретко бијат како порано. А замолкнаа во

Грлени и Горно Папратско. Бијат во Косинец и Лабаница. Но сега поинаку бијат. Брзо - кратко - испомешано. Викаат-повикуваат. Де на тревога, де на собири. Се до лани, до пред гроздоберот во Крчишта се одѕиваа одеднаш и тие беа повик дека наближуваат Маџири да пљачкосуваат. Се стрчуваа селаните, оставајќи надворешна работа, но со себе ги носеа вилите, лопатите, копачите, секирите, срповите, косите... И се бранеа. Во ушите на младите, што сега се по шумите и планињето, останаа камбаните како повик. И тогаш, кога ги мобилизираа во ДАГ, ги повикаа со гласот на камбаните. Само кај постарите и најмногу кај старците тие и сега имаат други звуци. Ги паметат по тие три тажни ѕвонења - за умрено и веселите ѕвонења - за раѓање, крштевка, венчавка... и за празници...

Кога одреди партизани поминуваат денски по ливадите кај Нова Чешма, се гледаат од чардаците на Киро. Понекогаш тој ја повикува Мара. Таа погледнува и им јавyва на сосетките. Тие на други. И жените со сепетки под мишка тргнуваа накај Свети Ѓорѓи. Знаат дека тамy ќе ја стигнат колоната. Во сепетките носеа варена пченица украсена со трнинки, јаболчиња-дивјачки, пупчиња, парчиња погача и отстрана - бокалче вино или ракија. И на оние што им личеа на нивните им даваа лепче, јаболко, круша, топли волнени чорапи, фанела, а леб и пченица им раздаваа на сите. Раздаваа за покојот на душите на загинатите и за здравје и бог да ги чува живите.

До чардаците на Киро сега не допираат sвонења на камбаните само од Горно Папратско и од Грлени. Маџирите беа избегани во Рупишта, во Мањак или во Дупјак и тука го влечеа животот што поблиску до касарните каде беа сместени и магазините пред кои секојдневно ја добиваа државната порција леб и сол. И конзервите од УНРА. Нивните камбани молчеа. Гледа Киро десно од чардаците и таму, под Горуша, ги гледа Горно Папратско, Грлени и отаде, во сивата магла, - Езерец а, високо над него Одрето и Орлето и под нив Ловраде и Сничени. Чисти - без Маџири. А околу нив - мешани. Го памти Киро времето кога замолкнаа и кога одново заsвонија камбаните во Горно Папратско и во Грлени. Тоа беше по војната на Грција со Турција. Тогаш дојдоа боси и речиси голи од отаде Белото

Море, од пустињето Маџирите. Тогаш потурчените Македонци ги истераа во Тyрција. Тогаш човек на државата го повлече јажето за да извести дека испразнетите села пак се наполнија со нови, ама за Грција тyѓи, зашто yште тогаш, уште не влезени во кyќите на тие што ги протераа во Тyрција, почнаа да ги викаат Туркофони; ги исмејyваа и ги срамотеа. Но бргу им изградија училишта, ги обновија старите цркви и ги урнаа џамиите. Жените на дојденците - Маџирите - и во Горно Папратско и во Грлени, во Ревани, во Шак, а и во селата од Пополе - Ошени, Света Hедела, Галишча, Добролишта, Четирок и некои дрyги, носеа шалвари, шарени прегачи, беа забрадени со бели шамии, пред мажите се криеја. Грчки ниту збор. Си зборуваа турски, арменски и други јазици на кои само тие им го знаеја името и коренот. За државата беа гнасни, нечисти, валкани и диви туркофони. Садеа тутун, пченка и тивки и ништо друго. Зрната на житата - велеа - не им беа познати. А есента со торби и вреќи се растураа по нивјето и ридиштата и береа горници. Правеа пекмез, најдобриот пекмез што се јадеше во Костурско. А бидејќи веќе живееја и се среќаваа и на воденица и на пазар најмногу со Македонци, брзо почнаа да го зборуваат нивниот јазик, а не јазикот на државата. Киро го памти и разговорот што го водеше со попот од Галишча. Се најдоа на пазар во Рупишта. Киро на македонски, ама попот го гледаше в очи и мy рече на турски:

- Не те разбирам, Рисјанине...

- Зар не знаеш наши?

Попот пак на турски:

- Јок...

Ѓорѓи, кој беше со Киро, му се обрати на грчки:

- Мојот пријател те прашува, како тоа ти, поп, а да не знаеш македонски?

- А прашај го дали знае грчки? - подрече Киро.

- Грчки знам, - рече попот - повеќе разбирам отколку што можам да зборувам.

Киро преку Ѓорѓи го праша:

- А како зборуваш со твоите?

- Турски, - одговори попот.

- Турски? - зачудено праша Киро. - Како, бре, попе, турски? -последните зборови Киро ги изрече на турски.

- Ти знаеш турски? - праша попот.

Дали знам турски? Како вистински Турчин - одговори Киро. -Ами, попе, ај да влеземе во кафето на по едно кафе, па ќе си поприкажеме турски. Повели, јас ќе платам.

Така Киро се запозна со поп Панајоти кој дојде од Мала Азија и кој со својата паства си зборуваше турски.

- Попе Панајоти, - прашуваше Киро - а твоите да те опитам, те разбираат ли кога им читаш в црква од црковните книги?

- Јок, бре, пријателе... Јас не разбирам, а камо ли тие.

- Како тоа не разбираш? Грчки поп, па не разбира? Па нели им читаш?

- Им читам...

- И тоа што го читаш, велиш, не го разбираш?

- Да читам знам, ама да разбирам не знам... Научив неколку страници напамет и си псалвам, се крстам и луѓето се крстат...

- Аман, бре попе Панајоти, па ти расо попско носиш и капа и да разбираш не знаеш...

Поп Панајоти се насмевна одвај забележливо и удирајќи го Киро по рамо, рече:

- Киро, ако е до расото и капата, тогаш еве ти ги, облечи ги, па да видиме дали ти ќе разбираш, а?

Киро не очекуваше таков пресврт, ама најгласно се смееше од шегата на поп Панајоти.

На одење, поп Панајоти му рече:

- А бре, Киро, шејтан ниеден, да те опитам. Поп Васил кај вас е поп, нели?

- Да!

- Па прашај го него дали тој тоа што го чита го разбира или како јас... и дали луѓето го разбираат?

- Ајде, бре, попе Панајоти, жити господ, - се прекрсти Киро - ќе разберат луѓето... Тие не разбираат што значи калимера, а камоли што им пее в црква поп Васнл... И сега ли ќе ме тераш да се смеам како пред малку?

Тогаш во Костурско се зборуваше на сите јазици што ги знаеја луѓето и никому тоа не му пречеше. Ама подоцна... Подоцна, по дванаесетина години, пак се среќаваа, ама на јавни места говорот беше друг. Турски си зборуваа само во четири очи и тивко, а македонски, и овој јазик го научи поп Панајоти, ретко и скришум... Тогаш поп Панајоти отвораше срце и кај Киро бараше мевлем за својата тага. Велеше:

- Киро, ние дојдовме оттаму, од каде што изгрева сонцето. По пат сретнавме несреќници како нас кои одеа во нашето место, а ние доаѓавме на нивното место. Убаво е ова ваше место. Зелено, со водје и кории, плодна е земјата. Нашето таму пустеникаво, ама, ете, си го сакаме и боледуваме за него. Таму ни останаа предците, таму ни остана детството и младоста. Умирачката само таму, ми се чини, ќе ми биде најдобра и најмирна. Ете, јас, заминувајќи, зедов еден камен... Под пазува го чував, го греев и

го донесов тука. Tој ми е од мојата земја... Камен, Киро, ќе речеш мртво нешто, не зборува, не се смее, не тажи и не жали... Камен со кој некој ќе те удри или ти по некого со него ќе фрлиш или ќе го поттурнеш... Камен, ама...

- И тој е земја, - замислено и развлечено рече Киро - дел од тебе... И тука да го фрлиш, да го закопаш во оваа земја, тој нема да остане во неа зашто од неа не е и никогаш околу него трева нема да порасне... Ќе се тркала, ќе го преместува некој, ќе го поттурнува... се си има свој корен и до коренот треба да се држи...

- Така, Киро... нас не откорнаа и мир во душите и срцата немаме и, иако оваа ваша земја е питома и мирна, јас во неа се чувствувам туѓинец... Туѓинец се чувствувам и во оваа држава зашто во неа немам свој камен... јас мислам само на камењата што ги оставив таму, таму - преку Бело Море...

Старите ги разликуваа и вкусот на водата и нежноста на утринскиот ветар. Повеќе во осама и во долги ноќни разговори им течеше времето, намнисувајќи за тоа што остана зад нив и подраго им беше тоа отколку утрешниот ден и времињата што допрва доаѓаа. А младите, тие, кои веќе ја соблекле грчката униформа и на новите живеалишта закопале понекој од својот род, полека почнаа да пуштаат корен. Киро не еднаш, во разговор со Ѓорѓи, велеше:

Кога некаде ќе закопаш некој свој најблизок, тогаш почнуваш местото да го чувствуваш како свое...

Така и овие местото каде почнаа да ги закопуваат своите најблиски почнаа да го чувствуваат како свое. Иако немили и недраги тие се повеќе ги мразеа луѓето со кои судбината ги одреди заедно да живеат. Луѓето што во овие предели на Македонија беа донесени на службување од островите и од јужните делови на Грција во честите посети и разговори со повлијателните Маџири често им велеа:

Мајка Грција ве донесе од пеколот и ви даде покрив над глава и земја. Таа е ваша. Ќе знаете ли да ја чувате - ќе ја имате. А

можете да имате и повеќе, ако овие, словенските варвари, ги протерате...

И штотуку заврши војната и се растури ЕЛАС, почнаа полека да излегуваат Маџирите од атарите на живеалиштата и да посегаат по шумите на македонските села. Сечеа немилосрдно и, пред да го кутнат дрвото, викаа:

Песе, Вулгаре! (Песе Byлгаре! (грчки) – Падни, простаку! (Така ги викале во Грција Македонците, вулгаре-погрдно име за Mакедонците)) - Се жалеа луѓето кај власта, власта ветуваше, а Маџирите сечеа, и пролеттаа четириесет и шестата со запрежни коли, со магариња, маски и коњи и со пушки и италијански гранати тргнаа по костурските села да грабат. Напаѓаа во зорите или во време кога луѓето беа на работа. Во оние села во кои наидуваа на отпор и слушаа понекој рафал, отстапуваа и го чекаа мигот кога во нив влегуваа казнените одреди на жандармеријата. Тогаш и тие по нив... А кога по шумите и планините и сред село се слушаше “Во борба, во борба, во борба, македонски народе...” ги напуштија селата. Пак со торбите и вреќите го фатија патот кон исток, ама не отидоа подалеку од Костур и Рупишта и околните поголеми села во кои имаше мали жандармериски или воени гарнизони. Вистина е, не сите. Многу од нив тргнаа по истиот пат што водеше во планините и шумите и се бореа против владините војски од ист ров и гинеа заедно со Макдонците... Киро ги знаеше и луѓето и нивните семејства и нивните рожби што загинаа на Горуша, на Копанче, Мали Мади и отаде Аљавица. Но кај него остана горчливиот вкус на разочарувањето што дојде со пљачкосугвањата и погромите и имаше кај него мигови кога се сомневаше во паролите за братството и единството што се почесто се слушаа од устите на Лазо и Кузе и во ветувањата на оние што шетаа по селата и вестеа за тоа какво ќе биде тоа утре што допрва треба да биде донесено. А во меѓувреме до неговите чардаци се погромко допираа пукотниците и грмежите од Горуша и Аљавица. Над Орлето и Одрето се почесто се гледаше како одеднаш од земјата се издигаа сиви и црни облаци, а дури тогаш кога се појавуваа втори и трети, допираа глуви и тапи грмежи кои повеќе личеа на длабоко стенкање...