Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

A Stone Too Is Soil

Глава 11

By Петре Наковски · Part 13 of 25 · About 9 minutes

Read in English

Глава 11

На собирот решија лецата да не учат денски.

- Доста е - рече Лазо - да научат засега да читаат и да пишуваат. Нека ја дочекаат победата со тоа, а по неа ќе го научат сето друго, така ли е, даскале? По зајдисонце да се собираат во училиштето...

Hекој од средината на училницата дофрли:

- По мрак ли?

Главите и очите се свртија кон учителот. Гледаа во него и од него очекуваа одговор. Коле застана до Лазо.

- Доста ќе ни се четири газиени ламби. Договорете се, луѓе, како ќе си го држите редот. За да не се гледа надвор светлина, на прозорците ќе обесиме черги. И тие треба да се соберат. Надвор ќе има мрак, ама тука ќе има светлина.

- Така е, учителе, - викна Митре. - Да не си мислат дека ќе ги оставиме децата слепи. И по мрак нека учат...

Кога излегоа, надвор врнеше снег. Митре лошо го одмери чекорот, се слизна и пред себе го подбра Кузе. Тој замавна со рацете и падна во скутот на Митре.

- Их, бре, Кузе, - прошепоти Митре - што си влечко. Мрдни, бати умо плиток. Зар не можеше со чело да удриш в земја? -Митре, триејќи си го крстот, одвај стана и заклинка накај дома. На прагот го пречекаа снаата и внукот Кире. Тресејќи го снегот, Митре велеше: - Бре, бре, ама врне... како да сака да не прекрие!

Снаата му помогна да се собуе. Tој седна покрај огнот и тивко и рече на Митревица:

- Ете, и зимата дојде, а синовите и ќерките ги нема и ги нема... Коста и Кољо се уморија, - воздивна длабоко - уште две

вдовици и сираци... Со Коста и со Кољо - досега девет убиени од нашето село.

Митревица стана, го отвори долапчето, го зеде шишето со масло и со растреперени раце го запали масленичето. Бледа светлина го осветли лицето на Богородица. Во одајата влезе снаата и вџасено праша:

- За кого?

- Коста и Кољо се уморие... - изусти тивко свекрвата. - Бог да ги прости и нека им е лесна земјата... - Митревица се прекрсти неколкупати и и се обрати на снаата: - Невесто, дечките прибери ги... Доста си играат со снегот. Прибери ги...

Софка излезе на чардакот и викна:

- Кире, Ленче, Коста, доста играње. Дојдете дома, бргу! А Кире, каде е Кире? - праша таа кога Ленче и Коста, тупајќи и тресејќи го снегот, влегоа дома.

- Кире се стрча со другите деца накај црквата - рече Ленче. -Ване на Кировци рече дека дојдоа наши војници...

- Само да ми дојде дома... - се налути Софка.

Митре ја испи чашката топла ракија и праша:

- Невеcто, ќе вечераме?

- Ќе вечераме, татко, ама Кире го нема.

- Коста, - му се обрати Митре на внукот. – Пушти еден глас од чардакот. Нека си дојди. Доста му е играње.

Коста викна неколкупати и, без да чека дали ќе го слушне гласот на Кире, се втрча внатре.

- Дедо, - му се обрати Ленка. - Да одам јаc да го побарам?

- Не, не оди, сам ќе си дојде... Ајде, невесто, пушти ја софрата.

Митре се прекрсти, го скрши лебот и стави по едно парче пред секого. Јадеа молкома.

- Митре, о, Митре, - во дворот се слушна гласот на Кузе. - Дома си, бре, Митре?

Софка брзо стана и излезе на чардакот. Не забави таму и, кога се врати во одајата, рече:

- Татко, Кузе и десетина војници чекаат во дворот...

- Не кревајте ја софрата, - рече Митре и излезе.

Одајата се наполни со студенило. Киревица и Софка со метлите го бришеа снегот од шинелите на војниците. Тие тапкаа улирајќи нога од нога и еден по еден влегуваа во одајата. Оружјето го потпираа на sидот, си ги соблекуваа шинелите и си ги собуваа валканите цокули. Мирис на испотени машки тела, водени чорапи и немиени нозе. Зад последниот влезе Кире, носејќи на рамо митралез. Имаше румено лице и разгорени очи.

- Малечок, - му се обрати еден од војниците на ДАГ - потпри го тука - и, галејќи го по образот, го поучи: - Со такви играчки никогаш да не играш. А на училиште како учиш?

Кире се удри со дланка по челото и викна:

- Ленче! Бргу! Доцниме!

- Каде, пак? - го праша мајка му.

- На училиште, мамо.

- Сега, ноќе, бре, синко, на училиште? Назад!

Митре и рече на снаата:

- Невесто, така е. Од денес децата на училиште ќе одат ноќе. Така е подобро. Hоќе нема да можат да долетаат авионите... Затоа ќе учат ноќе... Кире, синко, оди. И ти, Ленче...

- А јаc? - плачливо праша Коста.

Ти доврши ја вечерата, седни таму, до баба ти, и расти, - му рече дедо Митре.

- Прибери го ти, а јаc да и помогнам на невестата да ги нахраниме луѓето, - рече Митревица и излезе од одајата.

Борците изнаседнаа околу огништето. Митре фрли неколку дрвца во огнот, го потсили пламенот на ламбата и, кога се осветли одајата, виде дека меѓy мажите седеа две девојки. Едната веќе спиеше, а другата, седната малку понастрана, си го крпеше шинелот. Митре се наведна до оној што беше најблиску до него и тивко го праша, покажувајќи кон девојките:

- Наши се?

Десетарот потврдно мрдна со главата.

- Од деси, ма, чупо? - не издржа Митре.

Девојката го скина со заби конецот, го стави шинелот настрана и, без да погледне во дедо Митре, одвај чујно прошепоти:

- Од Мокрени, дедо, ако знаеш каде е.

- Знам, како да не знам. Под Клисура, во котлината, нели?

- Си бил?

- По сите околни села... Со Чакаларов, - подвлече Митре.

Во одајата влегоа Митревица и Софка. Ја наместија софрата. Ставија голема тепсија со качамак, грне млеко и цел пешник леб.

- Повелете, на вечера, - покажа Митре. - Јадете на здравје. Разбудете ја чупата, - покажа Митре кон девојката.

Митревица седеше отстрана и гледаше со натажено лице. Мислеше на cвојот син Глигор. Има ли да јаде? Го врне ли? Облечен ли е? Го прибира ли и него така некоја мајка, како јаcка овие? се прашуваше Митревица и скришум си ги бришеше солзите.

Откај Горуша се слушна топовски татнеж. Десетарот за миг излезе на чардакот. Кога се врати, Митре праша:

- А вам, кој ви е војвода?

- Сега, дедо, нема војводи... сега има команданти.

- А? - рече Митре и, покажувајќи на капата на десетарот, праша: - И затоа, пуља, знак на капите немате... Ние, чендо, кога се биеме, немаме ни такви машинки, ни мртолези, ама имаме малинкерки и бумби...

- Кога беше тоа?

- О илинденцкото, чендо, о илинденцкото, - подвикна Митре.

Топовски грмеж пак допре.

- Шчукате? - се одгласи од ќошот Митревица. - Топои грме, топои... А вие немате... Ќе ве испоморе, бре ченда, со топојте...

Еден од борците кој слушаше, ама ништо не разбираше, праша на грчки:

- Ти леи и грија? (Ти леи и грија? (грчки) - Што вели бабата?)

- Вели дека треба да имаме топови, - му одговори запрашаниот.

- Речи и, - продолжи на грчки - да дојде утре со нас за да им го кажеме ова на оние во Главниот штаб.

Кога тоа што беше речено, го пренесе на македонски, Митревица просаска:

- А, бре, зар лошо ви веља?

- Не јадосувај се, мајче, тој не го вели тоа од инает, туку од мака. Пред некој ден ни го пратија во десетината. Грк е, од Тесалија.

- И од таму дојдоа? - праша Митре.

- И од таму и од други места.

Митре го запали чибукот, почепка во оганот и развлечено рече:

- По илинденцкото ни гредее од Грција... андарти. И со ними се биеме. Тие ќе плуснеа ту лево, ту десно и џом... Кокошари, а не борци. За колење и палење и пцуење - први. На! им одеше од Митре Влао. Кога му го слушаа името, трчаница по Населицата. Тогаш ја молеа панаијата, а кога не наидуваа на комити, по селата наши само Панаија пцуеја... И овој, штом дома ми влезе, по очите го познав дека не е наш... Тие доста наш збор да слушнат и уши начулуваат. Имавме фатено еден... од Крит беше. Ние го опитваме, тој се прави глув. Митре Влао ја извади камата и трас едното, уво. Море и глас пушти и почна да слуша... Го пуштивме дома. Му рековме, ако дојде уште еднаш во нашите места, ќе го вратиме без глава... По дванаесеттата се појави во нашите места и правеше зулум... А јаcка слушам некои ве викаат андарти... Кога го слушнав тоа, си реков: ајде, пак почна старото. Штом излегоа по планињето андарти, си реков, тешко нам... И зажалив што остарев... Андарти... Андарти, бре, чендо, тоа беше најголемата чума за овие места... И како се согласивте да го носите тоа име, а? А не ми рече кој ви е војвода...

Митре стана. Излезе. По малку се врати и му даде знак на десетарот да излезе со него. Влегоа во соседната одаја.

- Да те опитам, чендо, нешто?

- Опитај ме, дедо.

- Од каде си ?

- Од Кономлади.

- Уф, бре, како ти е името, што не ми кажа порано? Па ти сосем си наше дете. Како те крстиле, рече?

- Јане.

- Да си жив, Јане. - Митре ја подотвори вратата и, откако виде дека зад неа нема никој, ги допре мустаќите до неговото уво и прошепоти: - И јаcка имам син партизан. Глигор син ми се вика. Не си слушнал?

- Не, не сум слушнал.

- Му реков кога го собраа: чувај се, синко., и слушај ги војводите... А ти ми велиш дека немате војводи. Kој знае кого слуша син ми Глигор... Наведни, се наведни се да те опитам. Ами за што се борите, бре чендо Јане?

- За демократија, дедо, за демократија.

- За демократија, велиш?

- За демократија... - повтори Јане.

- Ами, да те опитам јаcка тебе. Ами, ако вие, наши деци, македонцки деци, се борите за демократија, тогаш кој ќе се бори за Македонија, бре?

Јане остана вчудовиден, а Митре го гледаше право в очи и во тој поглед се чинеше се скамени прашањето.

- Не знаеш... Да имавте војводи, - настојуваше Митре - ќе знаеше... Ајде да влеземе кај другите...

Кога влегоа во одајата, освен Митревица и една од девојките, сите други спиеја.