Глава 13
Глава 13
Кон крајот на февруари - 1948 - низ селото се растури вест дека ќе ги соберат децата и ќе ги пратат некаде каде што е помирно. Меѓутоа, каде беше помирно и колку е далеку местото каде што е мирно, никој не знаеше да каже. Mеѓy себе се распрашуваа луѓето, па дури и тие, кои поради една или друга причина беа зајадени со селската власт, Лазо и Кузе, наоѓаа начин да им се приближат, од несакана да почнат разговор, но се враќаа дома разочарани. Само Глирови, многучеладно cемејство, една ноќ тивко го напуштија селото и се слушна глас дека се преселиле во Рупишта. Оттаму пратија вест, дека комунистите ќе ги соберат децата и ќе ги дадат во замена за топови. Ова беше доволно да загризе црвот на сомнежот.
Веста брзо се пренесе и кај надлежните власти во Костур. На советувањето што го одржа полицискиот началник со командантот на костурскиот гарнизон, градоначалникот и владиката беше одлучено cамоcтојно да не преземаат ништо, ами да ја известат за ова владата во Атина. Оттаму набрзо дојде човек, ги собра сите надлежни и кратко им објасни:
- Нејзиното Величество, кралицата Фридерики, почна да организира домови во кои ќе бидат прифаќани децата на cемејcтвата кои доброволно ќе ги дадат под заштита на државата и на Нејзиното Величество. Таквите домови ќе бидат во околината на Атина. А што се однесува за тоа дека комунистите ќе собираат деца, тоа е од интерес за владата. Нека почнат да ги собираат. И кога ќе почне акцијата, тогаш владата нив ќе ги обвини пред светот за геноцид. Така, господа. Нека ги собираат. Цел свет ќе се гнаси кога ќе слушне. А владата со помош на своите сојузници ќе знае соодветно да го искористи тоа и во државава и пред целиот свет. А кога ќе тргнат, не спречувајте ги. Нека одат...
- Ние, господине, - се јави за збор началникот - би сакале да и пренесете на владата дека на нашиот терен скоро ќе знаеме се како ќе се одвива таа комунистичка акција. Скоро точно ќе знаеме и по каде ќе поминат. Имаме наша мрежа. Многу сум задоволен, велам, многу сум задоволен, затоа што владата
донела такво решение. На комунистите им ја одземаме можноста да ја обвинуваат владата дека ги убива децата. И затоа, предлагам, во деновите кога ќе заминуваат, нашите единици да мируваат, а најмногу да мирува военото воздухопловство. Сакаат да ги тргнат од родното место, нека ги тргнат. А уште подобро ќе биде за нас ако ги префрлат отаде граница...
- Да, - го прекина владиниот претставник - тоа е логично. Нека заминат. Ние добиваме со тоа. Како што реков, нив, комунистите, за таков чин ќе ги обвини светот, а од друга страна ќе се зголеми борбениот дух на cекој наш војник зашто, знаејќи дека тие собираат деца, тој ќе се бори за да ги заштити пред се своите деца или братчиња и сестрички. И, господа, еден ден војната ќе заврши, се разбира во наша корист. И што тогаш, господа? И ние ќе сме тие што ќе одлучуваат дали ќе им дозволиме воопшто да се враќаат, а ако дозволиме, тогаш ние ќе ги диктираме условите...
Советувањето траеше до доцна во ноќта и без поговор беа прифатени сите одлуки донесени од Атина. Наредниот ден началникот и Роџерc пиеја кафе во неговиот кабинет. Роџерc внимателно ги слушаше размислувањата на началникот:
- Да, господин капетане. Имавте право кога ми велевте дека треба да им дозволиме да одат во планините. И, ете, сега тие се подготвуваат и децата да ги одведат некаде. Ако, нека ги одведат. И најпосле, капетане, тие пред се се славофонски деца, чии родители и постари браќа и сестри се борат против нас. Нема причини многу да жалиме. Нека се витосаат... И сигурно е дека еден ден ќе сакаат да дојдат да си го видат родното место, да ги посетат гробовите на своите предци. Е, тогаш ние ќе пропееме, капетане. Ние ќе одлучуваме дали тоа ќе можат да го направат и под кои услови. - Началникот за миг замолча, небаре слушаше како звучи неговиот глас и повнимателно да го погледне лицето на Роџерс каков впечаток оставаат на него неговите размисли. - Да, капетане, ќе условуваме... Ама не... Закони ќе донесеме, капетане... Ако, ако, нека се витосаат. Ако си отидат, за нив во оваа земја ќе бидат затворени не само вратите, туку и прозорците. Па и за оние што ќе останат ќе се
погрижиме да им бидат отворени сите граници, како што се сега, и тоа само во една насока - за надвор... И сега нема да им пречиме. Ќе ги однесат децата. Нека ги однесат. Ние ќе пуштаме гласови дека ќе ги продадат како робови, дека ќе направат од нив јаничари, и никогаш нема да ги видат и ќе им ги полниме главите со најцрни мисли. Никогаш мир и спокојство да немаат, ноќ неспиена и ден чемерен да имаат. Да имаат и несигурност, немоќ, загрозеност, бесперспективност и постојан страв. Тоа да е нивен ден и ноќ... Туку, како и да е... -началникот замолча, запали цигара и потоа му се обрати на Роџерс, гледајќи го в очи: - Капетане, имате ли вие деца?
- Имам, две... - воздивнувајќи одговори Роџерс.
- Каде?
-Со мајка им живеат во едно гратче во Јужна Англија.
- Значи на сигурно се и живеат во мир?
- Да... но јаc не сум на сигурно и не живеам во мир, началнику.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/i-kamenot-e-zamia/15 on October 29, 2026