Глава 20
Глава 20
Поп Васил не остана со мажите на мегданот пред црквата. Папсан, се врати дома. Го соблече расото, слезе во ќералот и оттаму се врати држејќи в раце сандаче. Ја отвори мусандрата, почепка во ќошот и оттаму извади едно тризаб клученце. Го отклучи сандачето. Со полата ја избриша правта од дебелата книга и, откако си ја стави на колена, ја преврте и ја отвори последната страница. Со моливот што беше врзан со опута за дрвената корица, запиша:
“Илјада деветстотини четириесет и осмо господово лето, месец март, ден дваесет и петти. Педесет и четири дечки со три жени заминаа попладнето. На зајдисонце влегоа во Албанија. Во селото останаа малечките до две годици...”
На трепките се собира, трепери, се превртува, нависнува солза. Дави и стега.
Поп Васил го спушти моливот. Го рашири Светото писмо и, вртејќи ги листовите, испрекинато ту од себе, ту читајќи, велеше едно преку друго:
- Врви, врви, народе мој, за миг сал влези во одаи мрачни дур не помине гневот... а вие, небеса, слушајте, а ти, земјо, отвори уши... си отидоа дечките и местото плаче... пусти се куќите и срцата се празни... појот на птиците го снема, секнаа извиците радосни, не шуму шума... ќе тагуваат полјанките, ќе овене лозата и највеселите виното со солзи ќе го пијат... о, земјо измачена, о, растурена од виор, без утеха останата...
Префрлуваше поп Васил страници од Светото писмо и заедно со нив докрај недоречени мисли... Ја затвори Библијата и облакти на неа, челото си го спушти врз дланките. И врз него натажена болка, горчевина и чемер...
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/i-kamenot-e-zamia/22 on October 29, 2026