Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

A Stone Too Is Soil

Глава 14

By Петре Наковски · Part 16 of 25 · About 22 minutes

Read in English

Глава 14

- Не знам, другари, - долго воздивна Лазо и гледајќи кон вратата зад која спиеја децата, замислено рече: - Не знам. Тука не ми сечи умот. Што и да речам, сигурно ќе згрешам. А вие, таму горе, другари, кој знае дали не грешите... Јас не сум толку умен да им објаснам на родителите дека треба да ги пратат децата надвор, во други држави... Децата да ги откорнеш од мајките... знаете ли вие што значи тоа? Па секој ден стигнуваат вести за загинати, за ранети, а за многу и никој ништо не знае... Само плачења и редења се слушаат... а сега, слушам од вас и децата... и тоа, како што рековте, сите деца од две до четиринаесет години? Не знам, другари, - повторуваше Лазо -не знам. Не сум умен...

- Ама, другар Лазо, - рече жената на која двајцата мажи, кои дојдоа кај Лазо заедно со неа и се обраќаа со Вера - Не станува збор за земање на децата. Нашата цел е да ги префрлиме привремено во Албанија и Југославија а можеби и во други држави. Tаму ќе живеат во топли домови, секое ќе си има свое креветче, тамy ќе учат... и кога ќе заврши борбата, ќе ги вратиме...

Ќелавиот, што седеше понастрана од Лазо, ја отвори кожената чанта, извади од неа голем бележник, сврти неколку листа:

Ете, тука - удри тој по листот - ги имам запишано децата од...

- Не е важно од каде, - го прекина Вера. - Речиси сите родители со голема радост ги запишуваат децата. Само, Лазо, треба добро да им се каже, да им се објасни. Сите ние заедно тоа ќе го направиме.

- Да го направите, - изусти Лазо. - Ако ви поверуваат, тогаш и јас ќе ги запишам моите...

- Како и ти ќе ги запишеш? Па ти треба да си првиот, бре, другар, - подвикна ќелавиот. - Ти треба да дадеш пример!

- Добро, другари, - рече Вера - утре ќе повикаме некои од родителите, оние посвесните, се разбира, и со нив најпрвин ќе поразговараме, а вечерта, Лазо, да свикаш собир... На собирот ќе зборувам јас. Туку, да прашам, зошто денес го нема со нас учителот?

- Ама, другарке Вера, оставете го вие него... Тој се здушил со старите комити и некако ми е сомнителен. Некни поминувам јас покрај училиштето и слушам како му вели Митре: “А бре, учителе, ти знаеш некоја илинденска песна? А тој: како не знам? Знам. Па тогаш, му вели Митре, зошто не ги учиш децата да пеат илинденски, комитски? Јас го викнав учителот и мy обрнав внимание, другари. Му реков да дојде на разговор кај мене... Тој не дојде. Јас сакам да го смените него. Да ни донесете некој друг... ако може, - дорече Лазо.

- Засега не може, - рече ќелавиот. - Уште недела или две и ќе оди тој на фронт. Ќе се затвори училиштето зашто децата ќе си одат, а него нема да го храните.

Лазо се стаписа. Праша:

- Зар толку брзо со децата?

- Ами што си мислиш? Ќе ја оставиме кралицата Фридерики да ги собере во логори? Не си слушнал дека тие ги собираат децата?

Утредента Лазовица, кога отиде на чешма по вода, на првите жени што ги сретна по пат им кажа за што се зборувало ноќта кај неа дома. Вечерта ни Лазо, ни Кузе не мораа да праќаат никого за да ги викне луѓето на собир. Предвреме се наполни училиштето. Зад масата покриена со црвено веленце седеа Лазо и Кузе од страните, а во средината Вера, ќелавиот маж чие име не го знаеше и Лазо и до него низок маж со подгорено лице.

Собирот го отвори Лазо и и даде збор на Вера.

- Вие, народе, мене ме знаете и знаете дека јас сите вас ве познавам. Речиси сум била кај сите. Има ли некоја куќа во која

не сум била? Мислам дека нема во ова и во десетици други села кpај чија софра јас не сум седела и не сум јадела во чија постела не сум спиела. Јас ви ги знам и децата и на многу им ги знам и имињата. Е, денес дојдовме за да поприкажуваме за вашите, сакам да речам за нашите деца... Ве молам, таму вие до вратата, тишина, ве молам... Вие сами гледате дека секој ден нашата слободна територија е бомбардирана, дека и вашето село беше бомбардирано и - таа се наведна до увото на Лазо и тивко го праша: колку деца загинаа, Лазо? - и, да, и од бомбардирања седум деца загинаа само во вашето село, а знам дека има многу болни и нема за нив ни лекар ни лекови. По шуми се криете кога има напади, ноќе не спиете, бдеејќи над мирот на вашите деца. Вашите деца се изложени на смртна опасност... Утре, сакам да речам со доаѓањето на пролетта, атинската влада ќе почне голема офанзива против нашата демократска армија. Многу авиони и уште повеќе топови ќе бијат по нас и по вас! Што ќе правите тогаш? Ќе гледате како ќе ви гинат децата? Народе! Нашата демократска влада многу размислуваше како да ги заштити децата. Другарите толку размислуваа што по цели ноќи око не затвораа од грижи и главите, на, како тапани им натекуваа од многу гајлиња и размислување. И решено е, народе, децата да ги пратиме по државите, по демократските држави. Тие таму ќе имаат се што ќе посакаат...

- Ти случајно да не си била тамy, та знаеш? – викна некоја жена откај прозорецот.

- Не. Јас не сyм била, ама другарот што седи до мене бил и тој најдобро ќе ви каже. Стани, другар, и кажи им на луѓето.

Ќелавиот го извади тефтерот, го отвори:

- Тука имам запишано се што видов таму. Децата ќе живеат заедно во големи домови ќе спијат секое во одделно креветче послано со бели чаршафи. Трипати дневно ќе јадат. За сабајле ќе јадат леб со сирење и маст, мармалад и пекмез. До обед ќе учат на училиште. Сите ќе бидат писмени и кога ќе се сретнете ќе видите колку учени ќе бидат. За обед ќе имаат супа, па печено пиле или јагне... Јаболко или чоколада... По обед задолжително ќе спијат, а по спиење ќе одат на прошетки, ќе

шетаат по ливади, по шуми, ќе играат топка, ќе се забавуваат, ќе пливаат во топла вода. А портокали и бонбони ќе јадат колку што ќе им сака душа. А да не зборувам за млекото и медот... Богати се тие држави... толку богати што и бишките ги хранат со портокали... Така... И во театро ќе одат и во кинематографо. Еве, јас тука имам донесено неколку кадра од кои можете да видите во какви ресторани ќе јадат нашите деца... Ќе ги служат лакеи, облечени во бело. Еве на ова кадро се гледа... Гледате? – тој високо ги подигна картоните на кои беа залепени неколку слики. - Е, штом видовте, можете да бидете мирни и за сонот и јадењето на вашите деца. Толку од мене...

Киро, кој дома имаше цел куп списанија, донесени од Америка и често ги разгледуваше, мрдајќи со мустаќите до увото на Ѓорѓи, шепотеше:

- А, бре, баго мајте, тој кадрата ги има скинато од американски журнали!

Ѓорѓи се сврти, си ја покри устата со дланката и рече:

Молчи, Киро, и никој за ова да не слушне. Молчи, ако не сакаш на стари години да кршиш камен... Молчи...

- Јас да ви кажам, луѓе, - се слушна гласот на Вера - да имав деца, прва ќе ги пратев да живеат во еден таков pај. Воопшто да не мислите, туку да ги запишете децата. Сите деца од две до четиринаесет години да ги запишете. Ние на Лазо мy кажавме како треба да се прави тоа. А сега ќе ви кажам и вам. На секои дваесет деца треба да има по една одговорна. Вие сами ќе си ја изберете. Нејзината задача пред вас, и пред партијата, и пред борбата, ќе биде секогаш и секаде да ги чува децата. Во други села избраа вдовици што имаат деца сирачиња, чии мажи загинаа во борбата... Такви да изберте и вие... Аха, за малку ќе заборавев. Другарот што седи од оваа страна, деновиве скришум беше во Атина. Скришум ги виде логорите во кои кралицата Фридерики ги држи сосила грабнатите деца. Тој таму, како што ми рече, видел страшни работи. Ајде, другар, кажи им на луѓето што си видел?

Човекот стана, се искашла и со низок, зарипнат глас го почна раскажувањето:

- Мачно е да се зборува за тоа што го видов. Во тие логори има деца од цела Грција. И од нашите места. Ги имаат облечено како војници. Секаде одат построени и гладни. Ги учат да ги шпионираат своите родители и браќа и сестри, шпиони прават од нив. Јаничари прават од нив, полоши и од тие што беа турски јаничари. И ги учат да не ги сакаат демократите, а комунистите да ги бесат и да ги колат, а тие што не слушаат ги тепаат, во апс ги клаваат, леб и вода не им даваат. А сакате ли да знаете што прават со девојчињата? Ќе ви кажам што прават. На Американците, на арапите и на црнците им ги даваат за да ги поганат. Тоа им прават! Сакате ли и вашите деца таква судбина да имаат? Ако не сакате, тогаш да ги запишете да одат таму, во демократските држави... Јас и таму бев. Другарот не кажа дека во државите нашите деца ќе имаат играчки. Секое девојче ќе има по една или две кукли, и тоа такви што зборуваат. Сте слушнале ли за такви кукли? Не сте слушнале, нели? Ќе бидат облечени во нови облеки, нема да одат боси и со опинци, ами сите ќе се обуени во топли чевли... Тоа што децата ќе одат таму, тоа значи дека ќе се спасат и да знаете за се треба да сте и благодарни на нашата партија и само во неа да се колнете!

Лазо, кој досега седеше со челото навалено на дланките, стана, му пријде на Кузе и му шепотеше нешто на уво. Кузе одречно подигаше глава, мижејќи и подигајќи си ги веќите.

- Не, бре, Лазо, јас ништо нема да речам! - слушнаа оние што седеа најблиску. - Не, не велам, де... - повтори Кузе.

Вера, не чекајќи, продолжи со претходниот тон:

- И да бидете среќни затоа што нашата демократска влада и партијата, и покрај тешките борби што се водат, постојано мислат и на децата. Затоа, не отфрлувајте ја подадената рака на партијата. Таа, партијата, мисли за вас и за вашите деца... Другар Лазо, - му се обрати таа на Лазо - утре продолжете го собирот. Изберете три одговорни жени и списокот на децата да

ни го доставите што побрзо. А вам, луѓе, ви благодарам што дојдовте и затоа што се разбравме. Собирот е завршен.

Сенки го напуштија училиштето и сенки се движеа по селските сокачиња. Молкома, со рацете стегнати на градите, се вpаќаа мајките дома. Липаа и колнеа.

Киро, одејќи меѓу Ѓорѓи и Митре, како да џвакаше сува смоква, зборуваше :

- Вистина ви велам... кадрата се од американски журнали. Дојдете дома, ќе видите. И не им верувам јас на другарите, јас што немам деца. Ами камо да имав. Некако со дебели конци шијат... овие...

- Веруваш или не веруваш, - го прекина Ѓорѓи - решиле да ги соберат и ќе ги соберат. И кој знае каде ќе ги одведат.

- Каде и да ги одведат, - се вмеша Митре - загубата е наша. А тие, другарите, демек, ниту мака ќе мачат ниту товар ќе носат. Се ми се чини, дека зад сето ова нешто друго се крие, ама умот ми е танок и не знам што се крие. Ама се крие... јас тоа ви го велам. Слушнавте? Со портокали бишките ги хранеле... да видиш, па да не веруваш...

- А зошто да не веруваш и во тоа? - праша Киро. - Поверувавме во се што ни рече партијата? Поверувавме. И зошто сега да не и веруваме кога ни вели дека таму и бишките ги гојат со портокали? Дојдовме до таму за да веруваме дека се што лета се јаде. Јас, ти, Митре, и ти, Ѓорѓи, можеби не веруваме дека гавранот се јаде, ама Лазо и Кузе Гуштерот од името на партијата би го изеле сосе пердуви.

Одеа некое време молкома. Се слушаше само тропањето на патерицата на Митре. На раздрумот, зад црквата застанаа. Киро му подаде рака на Митре велејќи мy:

- Што ќе правиш, Митре? Ќе ги дадеш ли внуците?

- Што ќе прават сите, тоа ќе правам и јас, Киро. Да беше син ми тука, заедно ќе мислевме, а вака јас сам треба да мислам. Да не ги дадам, можеби ќе згрешам... да ги дадам, можеби пак ќе згрешам... Како да реши човек? Што да правиме? Туку сега, ете, мене вака ми сече умот: каде сите, таму нека бидат и моите внуци. А дека местото наше ќе онеме, тоа е сигурно, браќа...

Утредента, вечерта, пак се собраа на собир. Лазо претседаваше:

- Да избереме прво одговорни. Потоа, кој како сака ќе ги запишува децата, мислам, кај една од трите жени. Сношти другарите од раководството објаснија се. Да не повторуваме пак. Само да кажам дека тие треба да се вдовици, да имаат деца сираци или да се од семејства од кои повеќе луѓе има на боиштата или по затворите. Така, нели?

Митре, кој овојпат седеше во првиот ред, тропна со патерицата.

- Јас да кажам. Што мислите, луѓе, една од жените да е Костовица? Сама остана со четирите сираци. Нека оди таа. Што велите?

- Да оди, - се слушнаа неколку женски гласови.

Кољовичка, - викна некој од средината на училницата. - И таа е вдовица. И бремена е... да оди.

Млада е... - рече Кузе. - Млада е и се плашам дали ќе може да гледа дваесетина деца... Така, луѓе. Јас како што избројав, ако избереме три жени, на секоја ќе и дојдат по дваесетина, нели. Шеесет деца имаме. Ако заминуваат сите, се разбира.

- Зошто да не може? Ќе може... И бремена е. Што ќе прави тука со доенчето? Нека оди таму во државите, - дофрли Јановица.

- Уште една жена, а потоа да почнеме да ги запишуваме децата, - замоли Лазо.

- Олга, Олга Јованова... Вистина, таа е млада, најмлада, ама таа нема со кого да остане. Мајка и е умрена, сестрата е на Грамос, помалата сестра ако оди, таа самичка ќе си остане. Нека оди...

Џагорот што настана меѓy луѓето го натера Лазо да подвикне за да ги смири.

Не расправајте се, луѓе! Ако некој сака нешто да каже, нека се јави, а не така, како на пазар!

- Добро, нека оди, - почна Петровица без да побара збор. Олга, жени, што знае од деца? Па таа ниту има родено, ниту има доено, ниту има повиено, ниту пелени има фатено, а камо да испери, да мие, да чешла, да крпи, да чува и дење и ноќе, а што ќе прави ако некое детенце се разболи, да не дај господ? Не, жени. Јас велам дека таа е премногу млада за да чува толку дечки... Знам, чупата е добра, умна, чиста, работлива, знае и да пери, и да меси, и да готви, ама млада е за да чува... Што е право, право е... И за неа тоа е тешко, нели? Од мене, толку.

- Има право Петровица, - рече Мара Каљковска. - Јас, жими господ, се плашам дека таа ќе може... Не, нема да може...

- А, бре, жени, - стана Кузе, покажувајќи со рацете на жените. -Шо ве пуља нетокмy и зошчо сте толку неумни, а? Мене како шо ми рече Вера...

Каљковска не го трпеше Кузе и мy се вдаде:

- Ти, Кузе, доста изломоти заедно со Вера!...

Кузе како да не слушна ништо, продолжи:

- ... како што ми рече мене Вера, тамy о државите дечките ќе ги чуваат учени људје, а овие, нашите, демек, само ќе гледаат да не залута некое дете и заедно да се држат... Имајте, велам, yм на yм немојте да и пречите на партијата да го прави своето. Така ли е, другар Лазо?

Вие, другарите, малкy да се приберите и доста да си играте со туѓи деца... Ги собраа младинците и чупите? Ги собраа. Ги собраа поголемите? Ги собраа. Каква пушка какви стапови може да носи, бре, Лазо, лигавко, Кољче на Гулевци? Дете на четиринаесет години ти рече да го соберат. Било високо. Ами какво да биде? Како тебе, бре, Лазо? Што не отиде ти, што не нарами ти пушка? Остана покрај полата на женати и со првото (Со првото - се мисли на народноослободителната војна пpоив Италијанците и Геpманците (во текот на Втората светска војна.) и сега. Партијата та партијата... Ја направивте фурнаџиска лопата. Сврти ја така, ќе прибере, сврти ја вака ќе собере и само бере, - го доискажа Каљковска својот гнев.

- Доста, Маро! - подвикна Кузе. - Доста да те слушаме како фрлаш отров на борбата!

- Отров да ви се стори луканчето што го изедовте сношти со другарите, ајљази едни! И виното што го зедовте од црквата, отров да ви се стори и аир, да даде господ, да не видите...

Мара Каљковска беше позната по колнењата. Додека да ја исплукаше првата клетва потоа како да отвораше леа по која без престан тече матна вода.

Собирите, доколку се одржyваа со луѓе од раководството завршуваа навидум мирно. Меѓутоа, без нив - завршуваа со караница. И најчеста причина беше мудрувањето на Кузе. Скарани, навредени и налутени, се разотидоа. Дури наредниот ден, по тешко преспаната ноќ, по меѓусебните убедувања и долгите колебања, се согласија трите предложени да бидат прифатени за одговорни. На истиот собир извршија и распоред на семејствата и во текот на неделата ги запишаа децата. Така, ете, кога жените се сpеќаваа на чешма, веќе не велеа децата на тие и тие, ами децата на Костовица, децата на Коловичка или на Олга.

Во зимските февруарски студени попладниња и квечерини, собрани во себе, со стегнати грла, поболени гради од длабоки воздишки, со очите поцрвенети и полни со солзи, одеа

бесшумно кај жените во чии раце, и под чии очи наскоро требаше да се најдат децата.

И престанаа гребените да влачат волна и кадела врз кадела да белее; престана на фурка да се снова основа, на чекрек да се преде предено, на разбој да се ткае. Плетеа чорапи и фанели, токмеа пљачки, ги отвораа невестинските сандаци и, раздиплувајќи, токмени промени одбираа.

Hоќе, скришум од окото на Лазо и Кузе, за да не ги поткажат на новите власти, кои веќе имаа отворено затвори во Нивици и Дреново, одеа кај поп Васил за да ги благослови златните и сребрени обетки и синџирчиња и герданите од мониста што како амајлии ќе им ги дадат на децата.

- Моето внуче има само осум месеци, Костовице... А јаска, ме пулиш, стара сум... госпу ме заборави... Да ти го дадам, внучето, земи го... сираче, посираче од него нема. Ни татко ни мајка... Кузе, аир и од челад да не види, и мајка му и татко му ги прати на Грамос... Млади се, - рече тој - господ да дај јазикот да му се исуши, глув и нем да остани цел живот, - колнеше бабата Мијалица - ги пушти таму и ги нема... Пред Василица ми рекоа, тие таму се убија, загинаа... Му велам и на Лазо и на Кузе, запишете го и внучето... во бој загинаа и татко му и мајка му... Не, велат тие, не може, малечко е... Шо ќе прави ако јаска умбра? Кажи мy ти... можеби тебе ќе те послушаат?...

- Јаска кај тебе, Олго, ги запишав моите дечки. И Панде и Генче... Ги знаеш. Генчето, Олго, е кротко... Сака да го погали човек по главичката, да го земе на скут... Две и половина годинки има. Да не го оставиш неисчешлано. Да пулиш да не фати вошки. Те заколнувам, Олга, во коските на мајка ти, жими Ристос златен. За тебе ќе се молам секој ден. Пред Богородица ламбади, а не сфешчи, ќе палам... Да ми ги чуваш... Што друго да кажам ? Да не заборавиш дека татко им е в затвор... и во неговите маки те заколнувам, Олго. Ти таму ќе си му и мајка и

татко и поголема сестра. И нежно треба со Генчето, нежно, милно, кротко, со добро и со топло... Така... Утре пак ќе наминам. Да си поприкажваме за да знаеш...

Ристе, Костовице, ми е најмалечкото. Знаеш, болникаво и слабичко ми е. И не јаде. Не дека е разгалено детето... не е галено. И, ако, не е срамота, ете, тука, - жената од пазувата извади врзано шамиче - тука, во крпчето има еден флорин. Жити господ, не брани се, не дигај раце, немој да ме заколнуваш. Жити децата и очите, земи го... можеби ќе затреба... продај го и прихранувај го и дооблекувај го потопло. Hоќе се отскрива... Причувај го, се поти... и малку да му пристуди, грло го фаќа... Покривај го и причувај го да не му се водени чорапчињата. А флоринот земи го... Што, нема да го земеш? Не? Ами со што ќе му докупиш нешто за прихранување, за дооблекување? Кој знае кога ќе се вратите... кој знае кога ќе си ги видиме дечките... А јас, кутрата, си мислев, ајде, да одам да ја замолам Костовица, флорин да и дадам, а ти, Костовице, ме срамотиш со тоа што не сакаш да го земеш флоринот... Добро, ќе си го вратам дома, ама да знаеш дека секој ден ќе се молам за тебе. Костовице, да не се разболиш... очите да ти се здрави за да ни ги пулиш и чуваш децата... нозете да ти се здрави за да одиш по нив и пред нив за да не се загубат некаде... рацете да ти се здрави за да ги погалуваш, да ги лулаш ако затреба, да ги кренеш на рака, да ги гушнеш и да ги подржиш во скут, ноќе да ги покриваш, да ги миеш и да ги држиш за рака... ако се разболиш, тогаш кој ќе ни ги гледа и кој ќе ни ги чува?

Цана моја ноќе се буди и се плаши. Немој да ја оставиш сама. Пред спиење сака да ја погалам, да и кажувам приказни, да и пеам. Ќе можеш ти да го правиш тоа? - загрижено прашуваше Колевица. - Везден оди Цанчето мое по мене и кој знае дали ќе навикне таму без мене... И сама не јаде. Така ја научи баба и и сама лажица не фаќа. Да ја храниш и да не ја караш. Кога е карана, многу плаче. И сама не може да се облекува. Да и

помогнеш да се облекува и да ја миеш... Така си ја навикнавме... Е, сега, цел товар врз тебе ќе падне... Та не е само едно? Многу се... ама те молам, не оставај ја Цана моја сама да се мачи... помагај додека не навикне, учи ја... и не оставај ја да се јадосува многу и да плаче... Таква си е, плачлива... Ќе те слуша, сигурно ќе те слуша... И кога ќе пуштиш книга, клај во неа некој збор повеќе за Цанчето мое, клај мила, барем еден збор повеќе...

- Од моите дечки зор нема да видиш. Само да имаат да јадат. Послушни и работливи. Знаеш дека ние сме сиромашни. Корка леб и троа сирење, доста е и за цел ден. Така се научени... Е, дека се малку немирни, што да им правам, таква им е крвта. За работа - први... Поголемиот е малку кавгаџија.. што да му правам, таква му е крвта, како дедо му. И не дели ги од другите и понекогаш погали ги, види да не фатат вошки... косата можеш да им ја истрижиш до гола кожа. Подобро така. Пљачки многу немам да им дадам. По едно кошулче и по едни чорапи. Немаат чевли. Опинци ќе им обујам. Што да правам. Ќе се скинат, па, што да правам, нека поодат боси... зар тука не одат боси? Им велам секој ден по два-три пати да те слушаат, да ти имаат пошта. А на големата чупа и реков вака: ти имаш дванаесет години, чендо. Да запрегнеш ракави и да помагаш во се што ќе ти рече Костовица или другите жени што ќе ве чуваат. Ако ти рече да периш, да плетиш, да крпиш, да ги облекуваш помалите, па ако затреба и да ги бришиш, ти, чендо, велам јас, без поговор, да слушаш како што ме слушаш мене... Таму, Костовице, ако затреба да меси, Линка моја знае и да меси, и да сучи и да печи. Ја научи мајка, ја научи да работи таа... Работлива е и послушна, и молчалива, и срамежлива... Ако направи нешто што не треба, немој пред другите да ја искараш. Таа нема да ти каже, ама ќе се мачи... од малечка е таква, не трпи никој да ја срамоти...

- Кај тебе се запишани сите четири мои... Најмногу ќе те молам за Маре. Има две и пол годинки. Сестра и ќе ја чува, ќе ја храни, ќе ја мие и ќе ја облекува, ама и ти доглелувај,

поучувај... И да не и ја посечеш косата... Сакам да и расте. Што убава руса плетенка сега има... чудо едно. Нека ја носи... Не знам дали е така, ама Кузе Гуштерот вели дека таму ќе прават и кадра. Да ми пратиш едно големо кадро од моите, ама да се кадросани сите четири. Маре да е прва и зад неа Ставре и Васе и меѓу нив Ристанка. Јас за секое имам подготвено торбиче и сите пљачички ги имам средено. Ставре ќе го носи јадењето. Ќе им дадам и едно веленце... да се покриваат. Добри се дечките мои... Мака нема да имаш. Само погледнувај дали се најадени, дали се чисти. И да им кажуваш приказни. А Ристанка сака многу да пее. Знае таа многу песни... Да си одам... А не знаеш кога ќе тргнете? Не знаеш, велиш? Да одам, да си поседам со нив... да ги испогалам... да се изнарадувам... топлината моја да им ја дадам...

- Со Ленка наша треба само со добар збор. Такво е девојчето. Да се исчешла не може... ја остави сама да јаде, нема да дојаде. И кога спие, сака покрај неа да има некој. Ако се разбуди ноќе, плаче од страв... што знам, некој уплав има од лоши соништа или кој знае што е... инакy е мирничка, зборлеста. Сака да слуша приказни. Така ја навикна дедо. Што да ти кажам друго? Дека ми е тешко? На која мајка и е лесно да го оддели детето? Две запишав... Дома ќе ми остане ова што го имам во скутот... Уф, ете, кисло е ... да одам, да го преповијам...