Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Wanderers

ГЛАВА ДЕСЕТТА На сон сум го читал статусот на партијата Нам ни дадоа ручек - м - Part 02

Од Стојан Кочов · Дел 9 од 26 · Околу 20 минути

Читај на English Читај на English Читај на Македонски

Еден ден, со насмевка на вратата се појави Мице Диневичин, жител на прифатилиштето “Чаир”, коњест во лицето, мошне пристоен, всушност - достоинствен борец кој секогаш зборуваше, како да држи говор. Всушност, тој навраќаше кај Сувогорци, почитувајќи го старото пријателство уште од дните на војната, но сега дискутираа повеќе околу неуспехот и тоталното распаѓање на револуцијата во Грција. Румена се помалку учествуваше во наметнатите спорни прашања и ценеше дека сето тоа и во сечии мемоари е лажно сведочење и презирање. Срцето на Румена и стана нечувствително, а мислата сосема и запре. Ценеше дека нема никаква смисла да се прават такви анализи од една загубена револуција. Но, по бурната расправија го допреа прашањето:”Зошто и по изминатите 20 години, не сме признати како борци за национални права во заедничката борба со Грците, туку само ние живееме како виновници на едно време.

- Од кого да бидеме признати? - ги запраша налутено Румена. - Од комунистите? Ете, тие се вратија во своите огништа, ние ќе талкаме по прифатилиштата.

- Од сопстевниот народ - громно одговори Мице Диневичин, даскал со двомесечен курс од времето на граѓанската војна.

- Ааа, од сопствениот народ! Не те разбрав. Што ти немаш картонче? Нас ни дадоа од Социјалното. Ете, пишува: Одбор за егејски прашања и грижа за повратниците од источните земји.

- Тоа во секоја земја можеш да го добиеш, почитувана Румено - и одговори Мице, со скриена доза на директно искажување, дека работите со нас Егејците имаат подлабоки корени.

- Ние не дојдовме во татковината да живееме во “гетата” на

“Автокоманда”, “Кисела Вода”, “Чаир”, “Ѓорче Петров”, “Три чешми” и други. За што сме се бореле ако не за Македонија?

Нели сме дел од овој народ!?

- Ех, мој Мице - се насмеа иронично Румена и продолжи: - Навистина, сега и тебе не те разбирам, но добро е што уште се силиш со тие твои револуционерни тези, како и Добрин мој.

Сполај му на господа, што и ти се уште го имаш тој револуиционерен дух. Делбите се идеолошки, а не македонски, даскале. Тоа му зборувам и на мојот Добрин. Нашата историја е претворена во делби. Делби што доаѓаа одвнатре и однадвор.

Да се потсетиме на делбите од паѓањето на Македонија под турско ропство. Турците почнале да не делат, потурчувајќи не.

Доброволно или насилно, не поделиле на муслиманизирани и на каури, односно рисјани. ХIХ и ХХ век пак се векови на србизирање, бугаризирање, грцизирање, албанизирање та се поделивме на: србомани, бугаромани, гркомани... Востанијата ни пропаѓаа пак од делбите. Дојдоа балканските војни, ја претрпевме најтрагичната делба. Од една Македонија ни создадоа четири: Вардарска, Егејска, Пиринска и еден дел не е уште крстен кај Албанците. Ја дочекавме Втората светска војна и малку воздивнавме; белким сега ќе ги пребродиме делбите?

Создадовме своја република, но пак на нишан ја држеа други -туѓи и свои. Кога кај еден дел од нас - на југ ние егејците се кренавме на востание, братот од север само со малото прсте мрдна и ја препушти низ територијата на својата родна татковина изнемоштената колона од дечиња, за да се распрска потоа низ Источна Европа. Долги години оваа татковина заборави на нив. Но сепак се сети и почна да си ги прибира своите чеда. Сега се враќаме, се разбира, но мораме да поминеме низ ходниците на затворот во Идризово за да не запишат Строговци или по канцелариите на Секретеријатот за внатрешни работи, поради безбедносни мерки. Непријателот, ако го нема, ќе го измислиме, па сега сме прогласени за граѓани од втор ред. Не само тоа, туку се поделивме на Егејци и Вардарци, а ги оставивме Пиринците да стенкаат под Пирин, а и оние што останаа во Егеј. За да бидеме посигурни во себе, ние обичните Македонци, се поделивме на подобни и неподобни -рече излегувајќи во ходникот да им свари кафе.

Од ходникот се почувстува мирис на манџи со разни вкусови, но најмногу мирисаше од Унгарците (така ги викаа, а тоа зависеше која фамилија од која држава се вратила) кои беа мајстори за готвење гулаш. Романците беа прочуени со момалигата, Полјаците по вареното зелје, Чесите повеќепати пржеа компири, а Русите катадневно вареа боршч и доста го рекламираа како најздрава храна која била општествено призната во целокупниот социјалистички лагер под мотото “здраво тело, здрава храна”. Така, катадневно се вкрстуваа вкусовите од се, освен во петок, кога сите вареа грав. Во таквите вкрстосувања се појавија нови лебарки, поагресивни од првобитните што беа донесени од разни земји, но сега напаѓаа дури и на бело видело. Жителите ставаа разни отрови, но тие беа станале толку имуни и многубројни, што повеќе од луѓето кренаа раце и во очајност ги нарекоа “руски тенкови Б-15”.

Така и ги однесоа во новите еднотипични по големина живеалишта, што ги добиваа по редослед од Одборот за Егејците.

- Добрине разочарана ти е Румена. Кај неа наполно се исцрпени идеалите. Добро е што издржа овие шест години. Лина моја поинаку мисли. Вели “шо аку поседиме уште малку на државна грижа...” - налутено згазна една лебарка која иташе да му се скрие.

- Повелете кафе, - насмеана ги нудеше Румена.

- Вие барем имате чиста вода, кај нас во “Чаир” водата од пумпата мириса на лајна, - шмркајќи од кафето, рече Мице.

- Значи и подземните води сме ги загадиле? - запраша Румена.

- Наскоро, да одиш кај генералот. Повеќе не можам во овие прифатилишта, се претворив во истребувач на лебарки, не можам, немам нерви, ги гмечам со рака и не знам зошто инаетот го истурам на тие гадинки. Мирисаш на манџи и на нафталин. Глибиме во кал, а уште морам да носам цокули. Ех, мој Добрине, толку долго не служеа ни војниците на Џингиз Хан.

- Смири се мила... Биди цврста. Ти знаеш што рекле за комунистите, дека тие се од посебна раса луѓе...

- О, Боже мили, досега не сретнав комунист и не знам навистина какви се или и тие се како нас... Не сакам само син ми Делјан да има ген од таа Каста на интриганти, самољубимци, лакташи, самоуверени, тврдоглави интернационалисти... Недај мили Боже, ќе скапе по прифатилиштата, нека остане во умот само чист Македонец, без никаква идеологија. И ти мој Добрине, тоа ќе го разбереш, но треба да мине време. Пишуваш за црвот на делбите што одамна глода во нашите души и бевме беспомошни да се организираме.

Господе, каква полза имаш да им говориш на неразбраните!?

Можам ли и јас да прашам - кој народ на светот прифаќа други да му ја одредуваат мерата на правдата, слободата, а не ние самите? Вие НОФИТИТЕ им верувавте и на КПГ и КПЈ. Ех, колку е животот чуден и превртлив! Ете ти ги твоите соборци, си ја прочитал рецензијата за твојата книга од Делиплашовски, Пешодомски и Безликоустов. Глеј првиот што пресудува: “...

Трудот на Добрин Сувогорски е промашена работа и не може да биде од полза. Поради тоа што текстот содржи и провокативни тврдења против југолсовенското раководство, предлагам трудот да не се дава на користење на пошироката читателска публика”.

Ти си неподобен, разбери! И јас сум неподобна и Делјан, се додека не дојде некоја идна кадровска револуција... О, Боже, ќе дојдат ли некогаш тие луѓе кои имаат само македонско чувство!

Можеби тогаш ќе замолкнат сите туѓи и оттуѓени наши воени барабанџии.

О, боже наш, врати ни го божјото потекло!

ГЛАВА ЕДИНАЕСЕТА Румена патува во Канада Румена патува на посета кај Фросина во Канада да ја види и да одмери како таа со години живее во тој гнил капитализам.

Едно ведро утро по појадокот, Румена отпатува за Канада во посета на својата тетка Фросина. Добрин и Делјан останаа сами, па сега таткото ги презеде сите грижи за водење на целокупното домаќинство.

- Да ми го гледаш Делјана - последната порака и беше на Румена влегувајќи во авионот.

- Па кој друг - раздразнето и одговори Добрин, емитирајќи најискрено ласкање и отпоздравувајќи со раширена дланка се до одлетувањето на авионот.

Станот беше го добиле, по чекањето од неколку години, го наместија едноставно, небаре по вкусот од минливоста и сознанијата низ железниот самоток на животот во општожитијата, железните кревети, маса и неколку столови без потпирка. Добрин се расположи во една од собите што по проектот беше наречена спална, која сега се повеќе наликуваше на општинска месна канцеларија, и направи таков распоред што се му беше на дофат; секоја книга и се друго што му беше потребно при пишувањето на веќе третата книга, но сега од областа на белетристиката, оти за првите две книги имаше добиено негативни рецензии и беше доста разочаран. Добрин мислеше дека на тој начин ќе заборави на тоа што го нарекле неподобен и постојано повторуваше за една филозофска изрека:

навредениот простува, но навредувачот никогаш, па така се стремеше да разбере се, значи да прости се, но тој реши да простува на друг, а не на себеси и неподобниот веќе почна сериозно и главно, копнежливо да сознава дека тој навистина е збунет, неизјаснет и неоспорно погубен човек; постои во него нешто скриено и штетно, објективно, очевидно, а личното неизвесно и ако така продолжи, Румена не ќе може со него да живее. Добрин небаре пропаднал од жив срам, затоа што во зборовите на Румена имало чиста вистина и таа не туку така непромислено оди кај тетка и Фросина во Канада да ја види и да одмери како таа со години живее во тој гнил капитализам.

Колку повеќе Добрин го објаснуваше својот тек на животот, толку потажно и стануваше на Румена, дури и по толку поминати години во прифатилиштата се уште од устата на стариот Добрин, благодарение на неговиот умерен здив, излегуваше омајот на староста и сомнението дека е примамен да попушти, да признае, но сега веќе понекогаш даваше и своја сопствена забелешка, меѓутоа велеше дека можеби е поединечна појава, но тој веќе беше разочаран и зборовите што и сам ги изговарал некогаш: време е другари, социјализмот да стане не суета, туку грижа на совеста, плакатите патоказ, цитатите на големите водители, духовна храна...

Му станаа празни фрази и на тој начин Добрин како да беше демобилизиран од партијата и се најде во специјалниот состав на неподобните.

И така, откако замина Румена, почна да му се шири студеното чувство, лежејќи сам на железниот кревет, со прекрстени треперливи раце на стомак, размислувајќи да се зафати со пишување роман со наслов “Прогонетиот”, оти оваа идеја ја носеше од поодамна. Во романот повеќе место посвети на тајноста и здодевноста на историското време, при што се повеќе си докажуваше самиот себеси, дека вековечните страси и страдања произлегуваат од тоа што луѓето се одредуваат, се превоспитуваат и како резултат на тоа човекот најпоследно ја губи надежта, но тој сега докажа со својата теза дека организираните социјални прифатилишта и логори се место за превоспитување на човечките желби. Сега тој се чувстува чедољубив и си признава дека порано тој не бил таков, порано тој ја сакал Партијата повеќе и од децата, што постојано и го велеше на Румена, па и затоа почетниот наслов беше “Превоспитување” на замислениот роман. Сега, имајќи добро самочувство, потпикнувајќи се потајно во неговите мисли, со дикат како низ висока папрат, без никакво стеснување, навлегуваше во суштината на нештата, небаре алајќи со прсти како слеп по најскриените патила и сознанија на душата, но еден од двајцата еминентни критичари (наречени во тоа време)

Инаковиќ во својата рецензија напиша: “На околу 250 страници, ракописот на писателот Сувогорски зборува за “Егејскиот синдром”, за геноцидот на својот егејски народ принуден на егзодус по трагичното завршување на Граѓанската војна во Грција и разгромот на народно-ослободителната борба, значи, е превосходна преокупација на овој писател со долг творечки стаж, а без некои посебни вредности во своето досегашно пишување. Евидентна е искреноста на пишувањето со патетични тонови. Сувогорски има свои мотиви, но нема свој израз. Што е најважно изразот му е изнасилен и зборува со политички речник, тука и таму дилетантски, естетски неартикулирано. Се има впечаток дека тој не е школуван писател. Неговото пишување прилега на еден писателски аматеризам, со елементи на пригодништво. Неговата талентираност е рудиментирана наоѓајќи се далеку надвор од главните развојни линии на современата македонска проза...” Се воомјази и се насмевнуваше со сето свое чисто испотено и чесно лице, но сега цврсто поверува дека е сосем демобилизиран од се и небаре се нашол во специјалниот состав на неподобните. Сочувстувачка жал и колку повеќе си го објаснуваше својот тек на животот, толку потажно му стануваше и не знаеше што е тоа што ги лекува раните кој досега му ги задал разумот. Стоеше кај железниот кревет, личејќи на исцрпен, остарен коњ, му се растрепери срцето и се запраша: “зарем може татковината да се откаже од мене...” Го совлада своето студено чувство, снеможен ги прелистуваше писмата, молбите и протестите што ги пишувал до Генералниот прокурор на СССР. Мора ли пак да зборува за тоа? Зошто не?

Вистината не треба да се избегнува. Биди спокоен Добрине, се обидуваше да земе уште еднаш аванс од надежта, како и секогаш во најкризните моменти.

Добрин ги крена рамениците, велејќи си дека работата е јасна, се облакти на прозорецот, беше рано утро, во прифатилиштето е мрачно и студено. Сонцето го огрева дури кога ќе се искачи високо на небото; си помисли на луѓето што ги остави таму, се залеа со блага насмевка и си ја припомна Румена.

Во трепезаријата, крепко спиеше Делјан, невино момче. Тоа не знаеше ништо за комунизмот што треба да настапи како втора фаза... за неподобните, но ниту за религијата, со исклучок на она што го учел од учебниците по најновата програма на насоченото образование. Но, Добрин како стар педагог и љубител на класичното школство, имаше свое категорично мислење за таквата програма и велеше дека децата можат да стант толку подготвени како идни граѓани во животот, ништо повеќе отколку да бидат како коњи за вршење слама. Тој тоа го оцени како самоволие во културата и се искривоколчија, велеше тој и се потсетуваше на неговите цврсти убедувања, сега се повеќе сакаше да навлегува во суштината на нештата, имајќи добро самочувство, да зачекори небаре одново во еден реален свет и сите нему познати социјалистички тези и задачи ги поставуваше на ревизија не чувствувајќи спрема себеси ни непријателство ни заблуденост, но ни нечија сочувствувачка жал. Тој кога по навика се будеше во полноќните часови, во осветлен стан, седеше сред куп книги од марксистичката литература и тишината, опкружен со вообразени спомени, се до самите мугри и тогаш го отвораше прозорецот за да ги слуша птиците и чекорите на минувачите. Наместо надеж, тој остарен од темпото на своите размислувања, сфати дека му остана уште трпение... Сега одамна веќе беше исклучен од Партијата, од својот животен мироглед. Неговото слабо лице на кое од исцрпеност, слабо растеше брадата, беше згрчено и бледо, небаре го имаше попримено ликот на пожолтените излитени томови што го окружуваа цел живот.

Наутро го будеше Делјана, да се подготви за на работа, но во него гледаше како на осакатена фиданка во бујниот развој на социјализмот, оти и Делјан невин, носеше можеби таква вина, но тој неоптоварен со никакви идејни мисли беше среќен по долгото чекање за вработување, што сега беше вработен преку една врска дури од Грција, кај приватникот Маноли Ѕимбров.

Добрин, за сето тоа ова боледуваше но уште не беше решен да проговори имајќи трпение дури и кога му се обраќаше Румена со најжестоки зборови: молчи, молчи, се плашиш, да не ја трогнеш револуцијата.

Конечно почна да ја признава својата немоќ да се соочи со вистината. Му се јавуваше страв од будење и страв од таење, заборав на се. Стаписано утврди дека тоа личи на епитаф и рече: ако јас не можам да ја прикажам мојата стварност, значи дека таа не постои. Ако пак таа постои, значи дека постојам и јас. Сега можам да постојам и да не постојам, да бидам и да не бидам, да сум а и да не сум тука, да сум друг и да не сум ист.

Господи! Мојата стварност стана сон. И само почна да го обзема очај, силно одбранбените механизми од неговата потсвест го изнесоа на виделина вистинскиот виновник за овие мрачни мисли; бев активен учесник, на народниот отпор против германската окупација, а потоа учествував во Граѓанската војна во Грција во редовите на демократските сили, против реакцијата и англо-американската интервенција. Тогашното раководство ме обвини за предавство, сегашното за предавство...

ПРОТЕСТ И МОЛБА ДО СВР Од Добрин Сувогорски обвинет во социјалистичкиот логор за соработник на “Интелиџенс сервис”, “Титов агент”, “Руски шпион” и “...”?

Присилен сум да потсетам дека на 23 април 1945 година, тука во Скопје, во просториите на ЦК КПМ, беше конституирано Основачко биро на НОФ за Егејска Македонија. За среќа (или несреќа) се случи, еден од тие петмина што ги удрија темелите да бидам и јас.

Со ова мое писмо протестирам и молам за заштита. Знам, против мене постојат дамнешни изјави на луѓе кои се плашеа да не им ја загрозувам кариерата и сакаа да се избават од мене.

Измислија дека сум некаков руски агент. Но тоа е само гнасна клевета што отсекогаш решително ја одбивам. Решив со ова мое писмо да протестирам и да барам заштиа и рехабилитација, не толку за мене, колку за да ги заштитам жената и синот...

Сакам да верувам, дека ќе покажете потребно разбирање и добра волја, за еден стар борец и неговото семејство да се избават од измислицата небодобни... Откако издржав пет и пол години робија во сибирските логори и четири и пол години интернација во Казахстан, како “македонски националист”, добив виза за враќање во Македонија. Во Суботица, неочекувано бев симнат од возот со моето семејство. Со затворска кола, бевме префрлени во Панчево. Тука бевме сместени во една милиционерска станица под клуч. Потоа дојде иследникот Строгов... десет денови “разговор” со мене и четири со жената. На крајот ми рече: “Добрине, не тврдиме, зошто немаме докази, но мислиме дека доаѓаш како агент...” Напразно тврдо негирав, ме навредуваше... но горко ме жегна кога во еден момент ми рече: “А бре, за оваа наша Југославија, јас би жртвувал и десетмина Сувогорци...” Чуден патриотизам, дали е само личен негов или... И уште нешто, не помалку горко -нашите курири го добија со закон достоинството на борци, јас не... Фатална грешка од моја страна оти дваесет и шест години изминаа оттогаш... Тоа е доста време... Морам да го прекинам понижувањето, јас сум син на овој народ, не на вашата власт, јас сум борец за мојот македонски народ, а за вашата власт неподобен...

Признавам: Во овој момент, со извесна горчина, се присетувам дека сум се обраќал и порано до ЦК СКМ и неговиот претседател Чемерски, но моето обраќање, ја имаше судбината на крик во пустина... Сега и тоа потсетување ме прави понижен... Останувам син на македонскиот измачен народ, а ти Строгов, можеш само да провериш, кога ќе умрам, дали сум уште жив...

Скопје, 25 март 1985 година, Добрин Сувогорски Го прочита напишаното и небаре покајнички си помисли дека политиката е сепак, можеби нашата единствена природа.

- Дали доволно верно ја изнесов суштината? - се запраша, потоа се задлаби во мислите. “Војната можеби е селективен биолошки и психолошки зафат, можеби е нужен тој зафат за секој народ...

Но, ние сме мал народ, и однесувањето на луѓето би не довело до гибел... Јас и руски шпион!? “ - повторуваше смеејќи се во глувата ноќ.

“Животот мој стана бесперспективен, бесмислен - недостоен воопшто за човек”. Си припомнуваше уште од дамните години, август 1949 година на Грамос, на предната линија на фронтот, во условите на последната решавачка битка со монархофашистите, по неговата деградација од функционер на НОФ сега во обичен војник.

“Таму сакаа да ме ликвидираат физички. Задачата му беше доверена на командантот на самостојниот баталјон, со тешко вооружување, при 10 дивизија на ДАГ, човекот-мајор се викаше Хрисостомос...” Нуркаше се до зори со уморните мисли по минатото и се присети како ја создаваше македонската азбука, првиот буквар во 1945 година негувајќи го се до 1947 година со цел да се овозможи културно и просветно издигнување на македонскиот човек; во Леринско, Воденско, Костурско. Се радуваше на десетте илјади македонски ученици. Ги слушаше како слободно пеат на македонски јазик, зборуваат. Грцизираните имиња и презимиња ги беа отфрлиле и сите си ги беа зеле своите македонски. Се присети како го уредуваше весникот

“Непокорен”, потоа го удрија мислите кога го отвори првиот курс за народни учители, велејќи им - “Вие сите тука што сте собрани ќе се подготвувате на овој курс и ќе станете народни учители...” и така му провеа низ ушите тој дамнешен долготраен аплауз, почна да ги набројува по ред новоотворените училишта; во Желево, Оровник, Штрково, Раби, Герман... и така изброи дури 87 училишта, припомнувајќи си на пустешот што го имаше оставено Метаксас. Мислите му надоаѓаа како извор што клокоти и исфрла бистра вода. Се гордееше на говорот што го одржа во Прага на 27 април 1949 година, извикувајќи на македонски јазик во чехословачкиот парламент, каде се одржуваше првиот Светски конгрес за мир во светот. Извикуваше поткрепен со ракоплескањата на присутните:

“Од името на оној дел од македонскиот народ, кој од Балканските војни наваму живее заедно со грчкиот народ, под истиот угнетувачки експлоататорски режим на буржоаско чифликсајбиската олигархија во Грција, срдечно ги поздравувам делегатите на нашето социјалистичко сонце, великиот Советски Сојуз, делегатите на херојскиот кинески народ, делегатите на демократската Шпанија и сите вас тука, делегатите на демократски и мирољубиви народи на социјалистичкиот лагер... Што и да се случи, колку жртви да се потребни, ние Македонците со херојски грчки народ ќе ја извојуваме слободата и мирот...

Да живеат слободата и мирот во целиот свет! Да живее големиот Сталин!” Во еден миг се почувствува опуштен и наполно смирен, небаре доби признание од својот народ, од светската јавност, од социјалистичката работничка класа, од сите мислители на социјалистичкиот лагер, но кога му падна в рака еден лист од купот белешки се вознемири, се обѕрна, обидувајќи се да го одбегне погледот. Но, тој со голема мака го совладуваше своето несакање и наспроти сите свои сопствени наговарaња да остане мирен за добар сон почна да чита:

“За врски со меѓународната реакција и за организирана активност во нејзина корист по член 58, точки 4 и 11 од кривичниот законик на Руската Федерација - Особое Совешчание - при Врховниот Суд на СССР реши: Се осудува Добрин Михајлович Сувогорски на десет години со одземање на личната слобода и присилна работа во Иследователние Трудовие Логора - ИТЛ - Сибир”.

Се заврти околу себе и го турна прозорецот. Но не се затвори и затоа повторно го турна силно. Суви трошки од туткал му паднаа на дланката, силата тоа го прави, рече во себе. Легна на голиот кревет и се склопчи да заспие загледан во таванот, долго медитирајќи за револуцијата која му се прикажа на сон како смртна убавица со откриени гради и разголено модро тело, негувано во логорите на ИТЛ - Варкута, но стравотно, се разбуди, кога како на јаве, му се појавија подредени во долги кожени палта, иследниците: товариш Фирсов*, товариш Пантелиев, другарот Строгов и...

* Во Москва од 4 јануари 1950 година, останал во затвор во самица под истрага на иследникот потполковникот Фирсов.

В.П, две години и пет месеци односно до крајот на месец мај

1952 година.

ГЛАВА ДВАНАЕСЕТА Како “железни луѓе” не само за тие “железни времиња”.

Туку другар Сувогорски,и за тука во југославија ни требаат,но не да бидат верни на Јосиф,туку на Јосип...

Беше убав сончев ден. Се слушаше брмчењето на пчелите.

Играчите на домино беа наседнати на триножни столчиња и со нескриено задоволство ги местеа плочките во низата. Мице Диневичин - даскалот од Долна Преспа, не го интересираше толку многу играта, колку што беше загрижен од последиците на револуционерните процеси, па со големо интересирање го следеше излагањето на магистерот Алексо Шлипоковски кој објаснуваше, каде се згрешило во опитот уште при проектирањето за вообликување на “новиот човек”. Се разбира, овој проблем небаре сите го сметаа и како нивни, бидејќи тие беа и дел од градителите на комунизмот. Но, повеќето од играчите не сакаа да си го дробат умот со такви чувствителни теории на замислената анатомија.