ГЛАВА ЧЕТВРТА Занеме ходникот по тишината на стапалките Седеа на креветите - Part 02
- Давај по руски! Да се напијам за оваа моја тажачка...
И туку одеднаш силно загрме звучникот.
“Внимание! Внимание! Се моли Добрин Сувогорски да се јави кај иследникот Строгов, во павиљонот број еден, соба број два.” Објавувањето се повторуваше неколку пати. Румена, слушајќи го внимателно престана да се смее и со гола рака замавна по огледалото. Од тоа почувствува некакво задоволство и почна по зидовите да пишува пароли што ги беше слушала низ револуцијата и прифатилиштата.
Сега се слушаше само одот на домарот кој забрзано доаѓаше кон нив.
Румена, слушајќи го одот на домарот се присети на зборовите од долгогодишната робијашка Зосја Полоцкаја: “... Знаеш ли како убиваат иследниците? Со насмевка! Жртвата и не се сомнева дека и се приближува смртта. Со неа разговараат, се смеат, божем животот е прекрасна работа. И одеднаш - истрел.
И човекот повеќе го нема. Кога велам истрел што не убива одеднаш...” ГЛАВА СЕДМА Конечно во татковината...
Строгов иако подучен од манирите својствени на иследниците, малку се збуни кога им се сретнаа погледите. Сувогорски, опуштен застана, како искусен “виновник” и внимателно ги следеше движењата на Строгов.
- Конечно во татковината. - Строгов се загледа настрана, се насмевна иронично и продолжи. - По таа ваша пирова победа.
- Да - потврди Добрин навредено, со благо чувство на револт.
- Па, ете, Добрине, ред е... И во тој момент влезе редарот - офицер без да чека одобрение. Потајно му ја соопшти веста за нервниот напад што го имала Румена.
Строгов, возбуден, излезе барајќи од Добрина извинување за момент. Во ходникот се сновеа разни луѓе но лекарот со двете сестри тукушто излегуваше од собата број тринаесет во павиљонот четири. Лекарот веднаш му соопшти дека Румена сега “мирува”.
- И дадовме двојна доза седатив. Политичка хистерија, не е страшно, се потсмевнаа и ги разменија погледите со Строгов, и се врати кај Сувогорски со војничка строгост, но ушите му беа црвени и полека почна пак со истите зборови:
- Па, ете Добрине, можам да ти посакам добредојде во татковината. Ти, како што знам, доаѓаш од Сибирските логори - ЛТЛ (Исправитељние Трудовие лагарја) (работни логори за превоспитување). “Ну, как думаете товариш Сувогорски правиљно јас сказал?” (Но, што мислите другар Сувогорски, исправно изговорив).
Сувогорски се вчудовиде од правилниот изговор на руски и се осмели да го праша: - Ви харашо говорите руски, товариш Строгов. (Вие добро зборувате руски, другар Строгов).
Строгов, со својот висок воен чин, почувствува дека не треба на Сувогорски да му дозволи таква блискост и отсечно му одговори:
- Работата ми наложува, - и му даде на знаење на Сувогорски дека треба да почне да му се исповеда, како што е вообичаено пред таков иследник, а не да поставува прашања.
- Па, нас група Македонци, како што знаете не осудија за врски со меѓународната реакција и за организирана активност во нејзина корист, по член 58, точка 4 и 11 од кривичниот законик на Руската федерација (Особое Совештание - при Врховниот суд на СССР) реши: Мене ме осудија на десет години со одземање на личната слобода и со лична работа во Исправитељние Трудовие Лагерја, а бев борец на Демократската Армија на Грција, за национална слобода на македонскиот народ. А уште тогаш се запрашав како можев да го прекршам Рускиот законик во Македонија под Грција? Но, правдата беше на страната на посилниот како што вели Крилов:
“Силниј свегда побеждает без сиљного.” (Силниот секогаш го победува послабиот).
Строгов се погрижи да го посочи да му раскаже повеќе за режимот и устројството во логорите, оти сето тоа му беше уште од поодамна познато, но тој повеќе се интересираше за режимот.
- Добрине, повеќе кажи ми за рускиот режим, - му рече Строгов.
- Па режимите во Социјалистичкиот логор се исти.
- Од каде знаеш какви се кај нас? - го запраша.
Добрин малку се сепна, но брзо се поправи и рече:
- Мислам на целиот Источен блок. И продолжи. - Знаете во социјализмот, затворите и логорите се полоши од капиталистичките.
- Зарем можете да дадете таква оценка? - го запраша Строгов.
- Па имам доволно искуство - му одговори отсечно.
- Тогаш седни и опиши ми ги, ама се по ред. Се што се случуваше таму.
Сувогорски се подзамисли малку, како да посакуваше да го праша: “Зошто ти треба тоа нешто? Не дај боже и ти да почнеш да градиш такви во Македонија. Зарем јас треба да бидам тој што ја пренесува таа технологија? Јас, се борев за друго, а сега треба да бидам нешто измислено суштество и со тоа ќе треба да знаат овие иследници да ги мачат луѓето... А, кој луѓе ќе бидат тие? Значи барате нешто невозможно, - и си го фати лицето со двете раце.
Строгов се намурти и се уште седеше зад работната маса, мрачен, само злобно се насмеа.
- Време е да си ја признаеме сопствената историја и на нештата не треба да им се дава големо значење. Луѓето повеќе ги заштитуваат документите отколку вистината, оти последната секогаш е релативна, - му одговори Сувогорски.
- Какви размислувања?! Се знае дека тоа е најверојатно поради грижа на совеста, - отсечно му одговори Строгов кој најчесто ги употребуваше изразите “веројатно” и “евентуално”.
- Јас го велам она што го знам и постојано имам добра воља да раскажувам за она што не одржуваше нас, затворениците, - рече Сувогорски.
- Што е тоа? - љубопитно запраша Строгов.
- Мислам дека мозокот игра голема рамнотежа на човекот. Како што велеше мојот пријател, белокосиот Ерменец Кандикјан невропсхијитар - специјалист за парапсихологија: “Стресовите се основа за заболување”. Тој не научи да ги толкуваме треперењата на одделни органи на телото.
- Како? - извика Строгов.
- Жолчката ако ти заигра ќе си направиш задоволство на душата. Или ако утробата од левата страна ти заигра, во логорот ќе добиеш полесна работа.
Строгов достоинствено молчеше, потоа рече:
- Како, како?!
- Па ете, - продолжи Сувогорски. - Тилот ако ти заигра поради некоја лоша вест, ќе се чувствуваш болен, но по кратко време ќе се израдуваш.
- Ако е тоа некаква наука, ајде погоди - мене ми заигра десната рака!
Сувогорски, без да се двоуми му одговори:
- Десната рака носи добивка, но ако десниот лак ти заигра тогаш со некој упорен човек ќе дојдеш во судир но, набргу ќе го убедиш.
Строгов, навален на меката фотелја, покажа непотребна одважност и рече:
- Сум слушал за сонот, дека нешто претскажува, но јас како офицер и атеист на тие глупости не верувам, - рече наивно но уште совладан од љубопитноста сакаше да дознае што повеќе од оваа школа на сибирските затвори и продолжи: - Јас неодамна сонував како седам на балкон, - срамежливо рече плашејќи се да стане предмет на испитување.
- На Балкон? Седењето на Балкон, мојот пријател Кандикјан го толкуваше како да седите на богатство, но постои опасност од краткотраен успех, немате многу изгледи за успех, немате многу сигурност на сегашната функција, чувајте се од непријателот.
- И? Слушам!
- Само папокот ако ви заигра ќе ви укажат голема чест и од полза ќе ви биде. Румена некни сонувала багрем, а тоа е некоја несреќа на повидок, како што велеше Ерменецот Кандикјан.
- Значи, сте запомниле се од вашиот пријател Ерменец и најверојатно тоа е долг список од такви треперења.
- Тешко се забораваат некои работи ако добро се вгнездат во сопственото скривалиште. Како можам да го заборавам тоа што се случи во 1947 година во Грамос. Од Главниот штаб, како претставник од НОФ ги посетив нашите борци кој по братството и единството меѓу нас и Грците ги бевме пратиле да се борат во длабината на Грција. Таму сретнав едно голобрадо момче кое со својата надворешност беше предвремено остарено и физички и духовно, и покрај тоа што беше детиште во вистинска смисла на зборот. Лицето му беше лесно издолжено и никако не прилегаше на овчарче, туку како старец низ чија глава поминале безброј тешки доживувања...
Шепнувајќи ми рече: “Јас не сум дојден тука да се борам за величините на Грција и Грците, јас сум тргнат да умрам за мојата мајка Македонија. Заради Грција јас не го оставив стадото овци и не ја грабнав карабината, ранецот и патроните, јас не страдам сега за славата на Грција, туку само за Македонија! Нека ми суди Господ ако грешам...
Некни се откажав од заклетвата, која гласеше “Јас, син на народот на Елада и борец на ДАГ, се колнам дека ќе се борам со пушка в рака и ќе ја пролеам мојата крв, ако треба и мојот живот за да ја обезбедам и поддржам националаната слобода и гранична неповредливост на мојата Елада... Ако се покажам неверен и со лошиот однос ја погазам клетвата, над мене нека падне неумоливата рака на татковината Елада и нека бидам најстрого казнет...”
- Значи, вие од НОФ сте ги праќале нашите луѓе да се борат долу во Грција, не во Македонија за да си ги бранат своите огништа?! - го запраша вчудовиден Строгов.
- Да. Но, тоа ќе се види. Што друго можев јас да направам, слушајќи ги пламените зборови на голобрадото момче. Останав восхитен од неговата искрена љубов, од одност кон Македонија и се што е македонско.
- Патот до вистината е тежок, опасен и неизвесен... - одговори со тивок глас Сувогорски.
- И? Што е вистината?
- Вистината е дека “братството и единството” го договорија во Белград во октомври 1946 година КПЈ (Иван Караиванов) и КПГ (Јанис Иојанидис) и потоа бевме повикани кај секретарот на ЦК КПМ кој ни го рече следново:
“Вие сега ќе одите долу. Раководител на вашата борба ќе биде КПГ. ЛИНИЈАТА НА КПГ Е ИСПРАВНА... Да имате доверба во неа. Борете се со сите расположливи средства против шовинизмот, сепаратизмот и локалните тенденции...”
- Ти веќе почна да чепкаш по нашите државни тајни!?
- Не туку луѓето ја бараат вистината.
- Тоа не е вистина! Обични измислици! - извика Строгов. Ги стави рацете одназад и почна нервозно да се шета низ просторијата.
- А судбината на сите тие луѓе?
- А вашите неуспеси? Јас, ти реков зошто сум заинтересиран.
Вие сте тие од НОФ кои агитиравте кај луѓето дека таа е револуција и го повикувавте народот “Сега или никогаш” и му велевте дека борбата е продолжение на славниот Илинден. И сега поради вашиот неуспех ќе ја фрлате вината на други... Јас ти реков за што сум заинтересиран!
- Значи, нашата судбина е да се судиме сами, а не да ги осудуваме оние кои не турнаа во таа војна...
Сувогорски воздивна, посакувјќи да го заборави своето минато како затвореник, но... и другите исто така да го заборават. И судбината да го заборави.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/wanderers-talkachi-e-book-macedonian/5 на 29 октомври 2026