ГЛАВА ЧЕТВРТА Занеме ходникот по тишината на стапалките Седеа на креветите - Part 01
ГЛАВА ЧЕТВРТА Занеме ходникот по тишината на стапалките Седеа на креветите.
Во нејзиното молчење тој читаше старо исчекување. Меѓутоа познавајќи го добро нејзиниот карактер, тој очекуваше дека целиот живот ќе го измачува со нови и нови барања. Румена беше вистинска убавица и небаре Добрин на се премолчуваше.
Одекот на грациозните чекори на дежурниот полека замираа по должината на големиот сив ходник.
- Ја слушаш ли? - го запраша Румена.
- Што? - се занесе и тој да слуша.
- Тишината на стапалките, - и гракна да се смее. - Времето продолжува да тече... Го чекаме нашето испитување. Но ниту еден од нас не може да проникне во иднината што не чека, можеби и ние нечујно ќе исчезнеме во тишината.
Румена го укоруваше поради неговата партиска припадност.
Таа го омаловажуваше и почнуваше жестоко да го напаѓа, дека тој и ја запустил младоста, со неговата ограничена совест и зошто тој на луѓето не им раскажува за неговата кариера, а тоа страшно ја мачеше до невиден бес. Слушаше како вели дека тоа очигледно му било должност, во една револуција, на секој да го стори, да даде се од себе, а по револуцијата се ќе си дојде само по себе... Страв и го стегаше срцето и ужас ја мачеше од помислата, ако останат на листата на чекање. Можеби нивните надежи некој ги избришал како со рака.
- Велиш дека ова било време без љубов? - и одвај и се оцрта нејасна насмевка кај Добрина.
- Токму така, - одговори таа. - Веќе е време да почнеш да го следиш животот. Не сум те видела да направиш молитва пред јадење, ниту молитва по јадење.
- Но, ти знаеш дека четириесет години јасно се оцртани во линијата на религијата со празнина и сега по прифатениот од на политиката и марксистичката идеологија најпрактичен е само атеизмот, а ти ме тераш на молитва. Смешно, нели?
- Тоа го тврдите вие кои посакувате да се идентификувате - државата е иста со партијата; и апаратот и сите заедно сте некој бесмртен... Инспиратори и организатори на еден систем на телесна и духовна контрола врз луѓето. Кај вас се е некако чудно; недовербата и сомневањето доаѓаат од апсолутна моќ до патолошко сомневање. И таквата власт е како причина за проникнување и прекинување на комуникацијата со обичните потреби за релаксација на душата. Власта ви е како нагон. Само во тебе таа семка некој ја откорнал, а без тој нагон си обичен наивко.
- Не, - рече тој. - Тоа е твоја оцена.
- Така е, ни останува само да се надмудруваме со глупави и празни расправии, кога знаеме дека иднината ни зависи од други.., а веруваме дека луѓето се раѓаат со својство на човечност, не со својство на партиска идеологија, - му рече и се испружи на железниот кревет, покажувајќи дека таа никогаш не се плаши од маж.
- Румено! - и се обрати питомо, без закана, - мислиш дека некој од овие иследници би можел да ме сфати? Но нашите соборци знаат дека сме тука, се разбира дека знаат. Но, знаеш што!
Носејќи ја со години низ сибирските затвори, во длабината на душата тајната желба, посакувам да се вратам кај мајка ми.
Си припомнувам, тоа беше во летото 1934 година. Измачен од безнадежноста и бесперпективната положба во која се наоѓав по завршувањето на гимназијата, се враќав дома со полна глава црни мисли. Мајка ми чекала долго и кога ме виде, откако ручекот мој од варени компири го сокрила во скришната камара, ми рече: “Оди и наручај се...” Но, кога не најдов ништо од ручекот, бидејќи помислив оти моите огладнети сестрички го изеле, постојав и не ги обвинив, а кога излегов во дворот, се чу гласот на мајка ми: “Јадеше?..” И одговорив: “Да, да јадев...” Самоубиството ми се покажа како единствен излез. Се погрижив и го најдов пиштолот на татко ми. Имаше само пет патрони. Доволен беше еден во слепоочницата. Решив тоа да го сторам во визбата. Вратата бесшумно се затвори и останав сам во бетонскиот кафез, обидувајќи се да ја совладам клаустрофобијата. Сива светлина на магливо леринско утро, сонцето одвај понекогаш ја минуваше таа тенка граница.
Цврсто ги стегав клепалата иако некаде длабоко внатре биеше чудно ѕвоно. Стравот пред вистината ме натера да си ја претставм мајка ми како ме здогледува испружен со растурен мозок. Каков удар за неа! Во семејството само јас бев машко и таа се гордееше. Ќе истраам. Како доказ го прифатив поразот на немоќта пред прстот на судбината. Во тој миг бев се, само немоќен. Се качив во собата и почнав да читам нешто од религијата, оти знаев дека тоа е вештина на живеење. Таа отвара пред човекот застрашувачко море на можности во визбите на психата. Читав за аскетизмот, кој восхитува со својот прагматизам, за фрустрираноста и сите нагласени особини на нарцизам, чувство на семоќ, а од следбениците се бара апсолутна доверба, послушност, аскетизам, сексуално воздржување, постоење, рано станување пред изгрејсонце, молитви, неупотреба на алкохол и опојни средства, а забрането е и самоубиство. Се сторив жива вода од потење, а прочитав дека тие верници поседуваат фасцинантни способности на вешти полемичари и обично проповедаат толерантност и социјална правда, но и тоа дека тие се со контролирана агресивност.
Размислував и посакав да станам даскал, па и самиот да проповедам добри работи.
На први септември 1934 година се запишав на Педагошката академија во Солун. Набрзо успешно го започнав животот како студент, но со воениот закон бев повикан на отслужување на воената обврска. По шеснаесет месеци се вратив од Атина со офицерски чин на грчката армија – антиполохагос (водник). Сe чувствував сигурен и повеќе не посакував да влезам во просторијата на замисленото злосторство. Но, ме погодуваше гневот в очи бидејќи новиот директор ме имаше испишано од натамошните студии кога разбрал дека мојот предок е од домородците. Тоа беше во времето на владеењето на Метаксас.
Кога се појавив пред него, ми се обрна со зворовите: “ А, значи, вие сте тој. за жал, драги господине, немате право...” Се вратив во Лерин со тешко срце... Што сега?
Единствениот што ме пречека беше пак тој стар пријател. Одвај го кренав погледот, го чув како ми вели: “Во Лерин утре доаѓа кралот Георгиос Втори, во обиколка на Македонија.” Се присетив на неговите зборови: “Глупости, собери се и оди напред! Тоа го бара животот...” Утредента, стокмен во својата офицерска униформа, побарав прием. Зборував кратко за самоволието на директорот.
Заклучив: “Јас отидов да и служам на татковината, а директорот настојува да бидам казнет за тоа!” Кралот погледна во писмото што го држев и праша:
“Пишувате за случајот во писмото? “ Му одговорив: “Да”.
“Оставете ми го и бидете без грижа!” Го зеде писмото и го стави на масичката до него. Ми ја подаде раката. При ракувањето ми ја стисна раката со одвај забележителна насмевка. Изгледа дека навистина можев да бидам без грижа.
Во ноќта на четврти август беше извршен државен удар. Лерин вриеше од воени и полициски патроли и тенкови. Се вршеа масовни апсења. Напнато, очекував да бидам уапсен, се до утрото. Но, не бев! Ми олесна. Тоа беше доказ дека уште не сум во црните списоци на Асфалијата (државна безбедност) како член на ОКНЕ.
Истиот ден добив и официјално известување од кабинетот на кралот, дека мојот случај е позитивно решен.
Кога се јавив кај директорот на Педагошката академија, ме пречека со широка насмевка, како да се радува што ме гледа и на неговите очи се читаше:
“Кој би помислил оти располагаш со толку големи врски!”
- Значи, таков бил патот за највисокиот знак на достоинството?
- го запраша Румена со нерешителен глас.
- Чудно, - промрморе Добрин. - Но едно е вистина, дека во моето школување намерно се всадуваше единственото прашање: непоколебливо верување во чистотата и единството на грчкиот народ, јазик и култура.
Воспитувањето ми всадуваше претстави. Секоја година на училишната парада по повод востанието против “Турците”, приказната започнуваше со грчкиот генерал кој отепал толку многу поробувачи во еден ден, та на неговиот меч треба да му се оддаде посебно признание. Сите школски книги ги величеа оние византиски кралеви кои успевале да ги задржат надвор од империјата на дивјаците од Исток.
Сите епохи имаа по некој прилог кон листата на хероите кои се бореле за чистотата на Грција.
Кога сфатив дека таквото образование единствено резултира во интелектуална ароганција и морална сиромаштија, дојдов до сознание дека во раните култури на Егејот постоело силно афроазиско влијание. Сфатив дека Александар Велики не ја распространувал на исток грчката култура, туку носел терор и несреќа. Разбрав дека Солун имал еврејска култура рамна на виенската пред да колаборираат локалните Грци за нивното истребување. Се засрамив од сознанието дека во Македонија и Тракија живеат заедници кои ги третираат како отпадници само затоа што нивниот мајчин јазик не е грчки.
Кога сето ова го осознав, јас вторпат бев несреќен човек.
ГЛАВА ПЕТТА Патиштата и планините беа полни со народ Утредента стигнаа вестите. Уште од зори во април четириесет и прва година бучеа тенковите, Германците навлегоа во Грција и грчката војска во Албанија капитулира. Асфалијата (државна безбедност) му ги предаде затворените комунисти на Гестапо, за да бидат физички ликвидирани.
Од Албанија, со многу војници, се вративме пеш до Лерин.
Училиштата не работеа. Владееше страв од апсење и убивање.
Пред војната бев назначен за даскал во селата Цакони и Биџово, во Воденско. Од Лерин си отидов, со надеж да почнам со работа. Во Цакони го поминав утрото одејќи без цел, во неред и под сонце, а потоа во суредување на регистарот на класот.
Собирав, заклучував, одвреме навреме ја подигав главата кон ходникот, кон празните слушални.
Изговарајќи ги во тишината имињата на децата, се почувствував како човек што изговара молитви. Никогаш не сум посакувал да станам даскал. Сонував да тргнам по патот на Горки, да ги истерам заблудите од себе си.
Си припомнив на прекрасниот комунист Џанис Апостолос, кога велеше: “Може, во одредени услови, да биде потребно да постапиш против сопствената волја и совест. Ако! Но останувај тоа што навистина си - дете на поробен народ, Македонец!”
- Нека те благослови семоќниот Бог, но дали си им го проповедал ова и на другите? - го прекина Румена, со некаков авторитативен глас и продолжи: - Македонското национално прашање е најголема болка на душата и на срцето на македонскиот човек, без разлика каде се наоѓа тој, тоа многупати го велеше дедо ми, - рече Румена.
- Отпрво молчев, мислев дека не треба секого да го уверувам во комунистичката идеологија, но кога настапи мрачната правда, во тие страшни времиња, срамота беше човек да седи со скрстени раце.
Прангите, смртта, заедничката надеж, стекнуваа страшна и секојдневна смисла. Но, политиката сега одново ја променија грчките “Патриоти”.
Тие беа од врвот на комунистите, на чело со Никос Захаријадис, преку Третиот пленум на ЦК и Шестиот конгрес на КПГ (Комунистичка партија на Грција), одржан во декември 1935 година и на демонстративен начин ги нападнаа демократските права на Македонците, третирајќи ја Македонија како малцинска народност на Грција, без право на самоопределување. Можеби тоа е фактот што од селско годарче стигнав до политробијаш во логорите на Берија и на Сталин во Сибир.
- Токму така, - одговори Румена. - Ти требаше уште тогаш да почнеш да го менуваш животот, а не да чуваш “мачка во вреќа”.
Грците знаат да ветуваат... Тие се вртикапи.
- Ох, прекрасно. Колку е убаво што сега ми го велиш ова, драга моја, - се насмевна и се поклони малку, небаре задоволен што барем не му ја одреди казната.
- Тогаш работите се одвиваа, малку поинаку. Патиштата и планињето беа преполни со бегалци, со војници облечени во мантили за дожд, во партали, џакети, избегани од градовите и касарните каде што Германците и нивните слуги се разбеснуваа.
Германците ги конфискуваа сите превозни средства и големи количества храна. Селата се поплавија од гладни луѓе кои продаваа дури од сопствената облека за малку пченка или грав.
Окупаторите варварски ги применија зборовите на Гебелс: “ Европа ќе умре, за да живее Германија”. Пустош и смрт насекаде. Стотици, невини луѓе од сите возрасти ги снајде ужасна бавна смрт од глад, додека масовното истребување на населението со масовни стрелања и разурнувања немаше крај.
Раководителите на КПГ и ЕАМ (Национален ослободителен фронт) вешто ги насочуваа народните маси да го истурат својот гнев против странците.
На први јуни 1941 година се донесе проглас од Шестиот пленум
- ДА СЕ ОРГАНИЗИРААТ НАРОДНИТЕ МАСИ НА НАРОДНО ВОСТАНИЕ!
Комунистите со овој проглас објавија:
“Чекајќи ја крајната цел - социјализмот, Партијата на пролетеријатот, Комунистичката партија на Грција, се бори денес за национално ослободување, а потоа, по војната, за народна демократија! “ За нас Македонците се се оставаше по победата...
- Зарем сега не ти е страв од Строгов?
- Не ми е страв од народот, - и одговори Добрин. Тој не се противеше. Знаеше колку е тврдоглава, доколку науми нешто.
Тој знаеше дека жената е многу нежна, претерано емоционално чувствителна и повредлива. Така несреќна, често Румена се навраќаше на местата од минатото, се испитуваше дали можеби можела да направи подобар избор, во што згрешила и слично.
Нејзиното однесување не се разликуваше многу.
Таа е жена полна со хумор, помалку агресивна кога зборува за позицијата на жените, и вознемирена кога зборува за жените во комунизмот и вели дека за сметка на блескавата фасада, треба да се развиваат и ценат внатрешните квалитети на животот.
Мина времето на жените накитени како новогодишни елки.
Сега таа, сепак од таква висина, спокојна, ги гледаше човечките несреќи и ту се смееше, ту сожалувачки ја нишаше главата кога ги гледаше нагиздените жени на високите раководители; но тоа беше само едно нејзино студено сожалување, кое некогаш и таа го посакуваше.
- Спиеш ли? - запраша Румена.
- Не само одвреме - навреме дремнувам.
- Јас веќе неколку ноќи не успевам да спијам добро, не знам што ми се случува... Размислувам, можеби вистински ќе живееме, можеби само ќе си претставуваме дека живееме.
Кај Румена, небаре како средство за лекување на трауматски состојби, за момент сосем се предаваше под власта на солзите и на некакви звуци од носот и грлото.
- Ама и ти си ми била некаков борец? - и рече Добрин и продолжи: - Тие твои солзи ги сметаш за предност?
- Но, треба да знаеш дека има мажи кои чувствуваат и должност да преземат нешто во врска со женските солзи... Тоа што ми го велиш ти, кога ќе умрам, ќе ти биде помалку тешко ако се сетам дека сме биле револуционери, а и тебе можеби ќе ти биде помалку тешко кога ќе се сетиш на иследниците кои немаа име.
Немаа презимиња. Сите се викаа така, Другари...
Утредента, времето се стопли, денот беше прекрасен и се беше ни живо ни мртво. На Румена и се стори бескрајно далечно доаѓањето на тоа утро. Барајќи нешто со што ќе ги исполни своите утрински часови на здодевност, таа имаше обичај да ги преместува шејовите во куферите, и со својата женска љубопитност ја гледаше прекрасната свила и нежно ја туткаше со рацете.
- Оваа е од тебе. Ти ги паметам, зборовите кога ми рече: “Што би добил за возврат ако ти пренесам една пријатна новост, Румено?” Тоа беше во Алма-Ата.
- Човек каков што сум јас, со таков карактер и скршен дух, па тој воопшто не може да се изненади од ништо, драга моја!
- Јас не заборавам ништо, тоа ме крепи, мој Добрине.
- Интересни сте како луѓе, вие комунистите, кога нашето поклонение го сметате дека ви се прави како на вистински Бог, а сте обични женомрсци. Системот на строга послушност наложувал “слепо покорување”. Но тоа важеше и за вас. Ме обзема ужас кога помислувам на ова.
Како да почувствува жежок здив зад себе кога со тивок чекор и се приближи Добрин.
- Па што сакаш да кажеш? - и се обрати Добрин со машко перчење.
Румена извади шише вотка “перцовка” и риба “саљотка” од најлонската торба и ги наполни чашите.
- Господе боже, што ти се случило? - извика Добрин вознемирен.
Пијалокот од руската вотка што ја пиеше Сталин и беше како средство за смирување, меѓу нив постојано рееше некакво потсвесно чувство дека треба да разговарат, да дискутираат.
Како да излезат од овие прифатилишта? Каде?
Добрин повеќепати ги прелистуваше делата на Ленин или беше пред телевизорот или радиото. Но, тој беше мошне искрен и чесен човек и никогаш таа не можела да си го претстави дека може да биде толку ранлив додека не дозна колку му значеше нему да слушне пофалба за тоа како комунист му отслужил на интернационализмот.
- Добрине, ние со тебе сме еден дел од светот што исчезнува...
Напиј се, алкохолот го неутрализира стравот...
Боже! Ноќеска гласот на иследникот ми се чиенеше толу близу, а ние сите врзани за синџирот, клекнувавме...
- Истраав. Овде сум. Но тоа не заврши... - охрабрен и осилен и одговори Добрин.
- Што? Не заврши? - извика Румена задушувајќи се од бес. - Сериозно ли говориш?
- Да! Можеби настаните што ќе ни нанесуваат смртен удар, ќе почнат да се навираат кога ќе излеземе од ова прифатилиште.
- Ех, мој Добрине, несоница, глад, борба - како да издржи кутрото срце? Тоа не е прнар или камен, од месо е. Тогаш значи, само за некого треба да биде благословена оваа одвратна војна? Ме обзема ужас од таквиот претрес на судбината!
Низ прозорецот блесна сонце и собата беше топла и пријатна. -Сонцето кај масоните е носител на вистината, храброста и правдата, а месечината е симбол на чиста љубов, - и рече Добрин.
ГЛАВА ШЕСТА Од Сибир во Идризово Маглата и студениот дожд над Идризово, Добрина го повратија во реалноста. Тој го привршуваше цртежот што кој знае по кој пат го повторуваше во сибирските затвори. Румена беше насликана невообичаено величествена, со гордо поставена глава на телото, прикриени, помалку сурови црти на благородното лице и над сето тоа израз на бесконечна тага. Таа изгледаше како трагична кралица.
Дури и човек како Добрина, кој малку посветуваше внимание на барањата на Румена, се почувствува некако поразен и потиштен, кога и го покажа цртежот, со нејзиниот совршен лик.
Таа се сврте кон него, лицето и пламна, небаре оган ја потфати.
Тој разочаран што пред неа ја откри тајната, се најде во прегратките на Румена.
- Значи, колку и да сум била подалеку од тебе, толку сум била подлабоко во тебе. Мил мој, дај му радост на срцето исполнето со мене. Не мачи се, живеј! Знај и земај се што можеш додека уште имаш моќ за земање од мене... Значи, не заборави дека денес ни е тринаесетата годишнина во брак, а само неколку месеци сме заедно. Ти во Сибир, јас во Полска.
Сеќавањето на ова ја натера да се насмее.
- Добрине, колку би биле среќни и ти и јас пак да сме на Вичо.
Тревата висока, начичкана со бели пупки и виолетови цвеќиња што луѓето ги викаа перуники, и некои други, синкви-светли и папрат колку што душа ти посакува... Имаше нешто слатко во воздухот таа пролет во четириесет и осмата...
Добрине, дали навистина чувствуваше колку имаш завладеано со мене?
- Да, мила јас веќе се знам, - возврати Добрин и ја префати преку половина. Се насмеаја и тетеравејќи се кинисаа кон креветот.
- Во животот јас сум безмерно дива и на мнозина им се слизнав.
Сега целата сум твоја, љубов моја. Но, никако не би можела да љубам како што те љубев. Ти знаеш дека по налог на Партијата посакуваа да ме омажат за осакатени луѓе кои и биле потребни на партијата? Ми предлагаа секакви. Но, ајде овој ден да го прославиме како празник на нашата љубов и никогаш да не го заборавиме како лош сон. На овој свет, а посебно и на оној свет, зашто тој е сега сиот во нас...
- Ништо не е вечно мила, - и рече Добрин со затворени клепки, но радоста и сјајот му се читаше на лицето.
- Ама бакнежот ти беше руски, дури небаре партиски братски бакнеж, - му рече Румена и продолжи. - Можеби од твоите вечни мечти за живеење во комунизмот, твојот живот стана отсутен од мојот дом!
- Зошто мислиш дека е руски? - низ насмевка ја праша Добрин.
- Па нели Русите бакнуваат три пати: првиот - за отецот, вториот за синот, а третиот за светиот дух. Ех, мој Добрине, бакнуваш на руски, а не знаеш за кого?
- Во далечната четириесет и осма, таму во папратот, бакнежот твој нешто ми корнеше од душата. Сега, овој твој бакнеж, ме потсети на Брежневиот бакнеж, што го прави при пречекот на луѓе од братските републики. Просто ќе го изџвака човека, а гледаше на телевизија како се бакнува царот Хаиле Селасие со Тодор Живков? Тодор му се истопори да го прегрне, но царчето не му се фрли во прегратката, како овие од нашите републики.
- Не спомнувај ги царевите, оти знаеш кај сме, туку и старите грци се бакнувале. И тоа многу. Ова сум го читал во историјата.
А Плутарх го напаѓал најголемиот антички државник Перикле, бидејќи се навикнал двапати дневно, наутро и навечер да ја бакнува својата жена!
- А ти, тоа не го правиш ни еднаш во неделата. Ех, мој Добрине црвените усни треба да се бакнуваат, бидејќи тие се за бакнување... Тука нема што да се открива некаква посебна филозофска дијалектика. Ова е моја децениска тажачка, заради неможноста да бидам бакнувана жена!
- Никогаш јас не би можел да го одгатнам тоа, признавам - рече тој.
- Па вие комунистите многу работи сте прифатиле и сте откажале не знаејќи ја суштината на нештата што на обичниот човек му ги дал господ Бог. Можеби затоа и жените ги откажувавте како “стари торби” и ги заменувавте со помлади.
Но, ние двајцата имаме болни животи, а ти си заглибил во вербата што ја нуди комунизмот... Сега имаме за што да зборуваме, оти времето полека го сее сеќавањето како низ сито, го ситни и развејува низ светлината. Кога моите родители се разведоа, за мене тоа беше поразувачки. Ја гледав својата мајка како минува низ огромна емотивна болка. Не сакам и јас да бидам повредена на тој начин...
- Тоа, од мене не очекувај го - и потврди Добрин.
- Ех, мој Добрине, те познавам, како самата себе си. Кога сама го минував времето во Полска, во ноќите, единствен човек со кого разговарав беше Господ. Многу се радував на нашата средба. Живеев и не знаев дали ти се уште ме сакаш? Го чекав часот кога ќе си наздравиме. Еден маглив ден врнеше густ снег, кога го добив твоето писмо... Што да ти кажам? Деценијата мината во прифатилиштата ме исполува уште, редица кревети, робусни звучници, смрдливи нозе како во мртвачница, уморни жени рчат на сон вратени од третата смена и мокри крпи.
Бањите полни со стрижени влакна и коси, чешми што вечно капат како расплачени очи. Кога го добив твоето писмо што завршуваше со крик, ме охрабри; по неколку месеци ќе бидеме заедно! Мене тоа како да ми шепна: “Ајде повторно да живееме”, но не така навредливо без наш дом. Тоа беше и твоја и моја обврска... Јас би колнела... Посакував убаво да ме пречекаш, посакав да ме љубиш поинаку од обичен надуенко, како партиски големец. Не сакав, веќе Партијата да биде меѓу нас. Партијата ми велеше да се откажам од тебе, оти ти си бил предавник на политичките идеали. Организацијата НОФ беше прогласена за агентурска и предавничка и беше формирана нова организација “Илинден”. Гледаш колку лесно чкрткаа-мрткаа твоите комунисти. Но, веднаш потоа втаса и големото разочарување. Партијата ми нудеше за маж еден со една нога и без два прста на десната рака. Во се личеше на вистинско животно. Имаше изразито цврсти вилици. Очите му беа крупни и крвави. Погледот му беше необично груб и беше набиен со мускули. Не знам зошто Партијата посакуваше јас да му ја ублажам несреќата од војната. Многу девојки така беа “усреќени”... Тоа беше грижа на Партијата. Во тоа време воопшто не беше битно што мислиш и што чувствуваш.
Вистина и само вистина и сурова и најстрашна вистина... Сега не сакам предолго да мислам на тоа, не сакам да знам дека можеби еден ден се ќе се измени, дури и нашите чувства, и дека по малку ќе ме боли. Но, не помислував дека љубовта која се роди во таа топла ноќ, полна со ѕвезди, ќе стивне и ќе замрзне...
Мојот свет, кој беше осветлен со живите бои на радоста, љубовта и нежноста, одеднаш се замати и се измеша со сивилото на студениот есенски ден во едно прифатилиште во Згожалец, во Полска. Ми се испомеша љубовта спрема тебе со она што ми велеа да ја имам кон Партијата на која и припаѓавме. Можеби наивно... Сакато, но и тогаш успеав да го најдам светлиот зрак на пожолтеното лисје и продолжив да живеам со спомените кон неа.
Добрин остана да лежи испружен на железниот кревет, на кој немаше место да се свртат. Не ги отвори очите, но од неговите голи гради се гледаше задоволство, а креветот чкрипеше.
Румена стана и почувствува дека ја фати едно убаво расположение.
- Си спомнуваш?
- На што?
- На првата наша брачна постела. Ех, таа бескрајна шума!
Распосланиот папрат, миризбата на пролетта. Можеби тоа не траеше предолго.
Исплакна две чаши, расече две маринирани краставички и ги наполни чашите со руска вотка.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/wanderers-talkachi-e-book-macedonian/4 на 29 октомври 2026