Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

The Macedonian People's Revolutionary Struggle 1876-1912

ВТОРИОТ УСТАВ НА ВНАТРЕШНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА - Part 03

Од Ристо Поплазаров Крсте Битоски Глигор Тодоровски · Дел 7 од 11 · Околу 20 минути

Читај на English

И покрај тоа, Конгресот, по иницијатива на Гарванов, кој ги убедуваше делегатите дека ако се дигне востание ќе се замеша божем Европа и ќе му се дадат широки права на населението, реши пролетта 1903 година да се дигне востание.

Најголеми противници за дигање востание беа истакнатите македонски револуционери Гоце, Ѓорче, Јане и други. Тие сметаа дека Македонија уште не е готова за востание:

револуционерната подготвеност на масите не беше доволна, народот не беше доволно вооружен, а и меѓународната ситуација, исто така, беше неповолна за востание. Нормално, тие беа за востание, но за подготвено востание.

Обидите на Гоце и некои други раководители со акции на теренот да го анулираат солунското решение за востание, не успеаја. Токму во тоа време, на 4 мај 1903 година, Гоце беше убиен од турскиот аскер во село Баница – Серско и со тоа ослободителното движење беше лишено од еден од најдоследните и најавторитетни борци за слободата на Македонија.

“Петнаесет часа, пишува Димо Хаџи Димов, учесник во борбата во Баница и соработник на Гоцета, Турците не смееја од нашите куршуми да се доближат до нашите убиени. Петнаесет часа ние го гледавме мртвиот Гоце, како да е наведнат врз гробот на Македонија. И петнаесет часа ни се кинеа срцата, зошто сирак оставаше цел еден народ”.

Заслугата што останките на Гоцета се запазени и денес се наоѓаат во слободниот дел на Македонија му припаѓа пред се на М. Чаков, кој и самиот се наоѓал во четата на Гуштанов која во Баница водела борба и бил убиен и самиот Гоце. По настаните во Баница командантот на турското одделение Тефиков, инаку другаро на Гоцета од военото училиште во Софија, наредил трупот на Делчев и Гуштанов да се испратат во Сер. Меѓутоа, по наредба од Солун, тие пак биле вратени и погребени во Баница, но одделно од другите трупови. Тоа всушност овозможило да се знае точно кај бил сохранет трупот на Гоцета.

Чаков во 1906 година, доаѓајќи во овој дел на Македонија по револуционерна задача, решил (со Таската Серски) да го откопа гробот и да ги прибере останките на Делчева. Но за големо изненадување телото на Гоцета уште не било наполно “стопено”. Останките на Гуштанова му биле предадени на неговиот чичко, а поголемиот дел од гоцевите останки биле прибрани и предадени на дедо Никола Мутавчиев од Баница на чување. “Дедо Никола, му рекол Чаков, ќе направиш едно сандаче, ќе ги прибереш коските во него и, кога Господ спие, ноќта, ќе ги пренесеш и ќе ги ставиш под светиот престол на црквата. Змија јазикот ќе ти го изеде, ако освен тебе друг дознае, дека тие се коските на Гоце Делчев”.

Во 1908 година дедо Никола ги откопал и останатите коски и како и другите, ги измил, ги потопил со спирт и ги ставил во сандачето. И покрај тоа што селото по поделбата на Македонија

1912-1913 година останало под грчка власт, а и неколку пати било изгорено, останките на Гоцета биле запазени. Кога во Првата светска војна Грците биле истерани од тука, Чаков, пак со помошта на дедо Никола, во 1917 година го прибрал сандачето со Гоцевите останки и го држел кај себеси до 1923 година. На крајот останките на македонскиот апостол биле дадени на чување во канцеларијата на Здружението “Илинден” во Софија со следниов натпис:

“Ги заколнуваме поколенијата овие свети мошти да бидат погребени во столнината на независна Македонија” Борбата на македонскиот народ за слобода продолжува. Еден дел од Македонија се ослободи. И веднаш по ослободувањето поколенијата не заборавиле “светите мошти” да ги пренесат и погребат во столнината на слободната македонска држава – Скопје.

СОЛУНСКИ АТЕНТАТИ Неколку месеци по солунското решение за дигање востание, еден настан ја возбуди не само Македонија, туку и Европа.

Станува збор за солунските атентати. Тие атентати беа дело на една група македонски интелектуалци, кои се наоѓаа под влијание на анархистички идеи, а имаа формирано и терористичка група - “Гемиџии”. Тие се решија со експлозив (динамит) да извршат минирање на установи на капиталистичките држави, надевајќи се дека по таков начин ќе ја заинтересираат европската јавност за тешката положба во Македонија и ќе предизвикаат интервенција на големите сили за да се измени таа положба.

Откако добро се подготвија, на 29 април 1903 г. во Солун “Гемиџиите” ги дигнаа во воздух францускиот брод “Гвадалкивир”, Отоманската банка, Поштата, Плинарата и други згради. Некои од атентаторите загинаа, а други беа фатени, осудени на смрт, но казните им беа заменети со заточение.

Последиците од тие акции беа доста тешки - многу невини луѓе беа убиени по улиците на Солун и Битола, а многу беа и затворени. Теророт на властите стана неограничен, состојбата стануваше неснослива и се понапната. Во една таква мачна и наелектризирана атмосфера се одржуваше познатиот Смилевски конгрес, кој траеше од 2 до 7 мај 1903 година.

СМИЛЕВСКИ КОНГРЕС Според решението на Солунскиот конгрес од јануари 1903 година, дефинитивно решение за дигање востание требаше да донесат окружните конгреси. Со таква цел беше свикан Конгресот на Битолскиот револуционерен округ во село Смилево, Битолско. На Конгресот присуствуваа делегати од сите реони на округот. И тука делегатите по прашањето за востанието се поделија на две групи – оние кои беа “за” и “против”. Иако овој округ, во споредба со другите, беше најподготвен за востание, се покажа дека сепак не беше доволно подготвен, особено некои реони како што беше Прилепскиот. И покрај тоа, беше решено востание да се дигне, а за раководење беше избран Главен штаб, составен од: Даме Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев. Главниот штаб доби право да го одреди датумот на востанието, а дотогаш целиот округ требаше да ги изврши и последните подготовки за долго очекуваниот настан.

Конгресот донесе Востанички дисциплински устав во кој беа одредени правата и должностите на востаниците, на раководителите на четите и на Главниот штаб. Еве неколку точки од тој Устав.

Член 6 Востаникот е должен а) Да го пази интересот на својата татковина до последната капка крв, исполнувајќи ја дадената клетва, ж) додека е жив да го пази знамето и секој е должен да му направи скапа постела од своето сопствено тело, та дури тогаш да падне.

Текот на Востанието На 13 јули (датумите се стар стил) над село Буф, Леринско, Главниот штаб реши да се објави востанието на Илинден. Во врска со тоа на 15.VIII.1903 беше напишано Окружно со кое се известуваа централните, селските началници и народот за донесеното решение. Содржината на окружното е следнава Браќа, Најпосле дојде веќе денот што толку многу го чекавме за да се расправиме со нашиот душман.

Крвта на нашите невини загинати браќа од турската тиранија вика високо за отплата. Погазената чест на нашите мајки и сестри сака да си дојде на место!

Доста веќе толку маки, доста веќе толку срамови!

Илјада пати подобро смрт, отколку срамен и скотски живот!

Определениот ден, во кој народот од цела Македонија и Одринско ќе треба да излезе јавно со оружје в рака против душманите е 20 јули 1903 г.

Тргнете, браќа, по вашите началници на тој ден и соберете се под знамето на слободата. Упорни бидете, браќа, во борбата!

Само во упорната и долготрајната борба е нашето спасение.

Нека го благослови бог нашето праведно дело и денот на востанието.

Долу Турција! Долу тираните! Смрт на душманите!

Да живее народот! Да живее слободата! Ура!

Ве целива братски Штабот Главниот штаб испрати и едно писмо до Дирекцијата на источните железници во Солун (железниците во Турција беа во рацете на европските капиталисти) со која предупредуваше дека востанието ќе биде придружено со некои атентати по железничките пруги и за да не настрадаат невини луѓе да не се дозволи да патуваат жителите во тие денови.

ЦК во Солун со специјална декларација до големите сили и официјално ја извести Европа за причините што ја натераа Организацијата да дигне востание.

Илинденското востание започна на 20 јули (2.VIII.1903) година, на Илинден во поголемиот дел на Македонија. Најсилен замав Востанието зеде таму каде што највеќе беше подготвено – во Битолскиот револуционерен округ. Наседаке востаниците на 2.VIII. започнаа да ги прекинуваат телефонските линии и да вршат напади на беговските кули и поседи, некаде ги напаѓаа месните гарнизони, ги рушеа мастовите и сл.

Најславен настан од Илинденската епопеја, секако, беше Крушевската република. Штабот на Крушевските востаници (Горското началство) на чело со социјалистот Никола Карев, Востанието го објави со следниов проглас:

Браќа, Брзаме да ве поздравиме со востанието! Денеска цела Крушевска околија заедно со цела Македонија дигна востание и викна: Долу тиранијата! Да живее слобдата и братството меѓу македонските народности! Камбаните насекаде бијат, народот со чудна радост се прибра под знамето на слободата. Момите и невестите ги китат со цвеќиња главите и пушките на востаниците! До што Турчин се најде по патиштата и селата, се фати и е прибран како пленик залог. Насекаде пеење, радост и веселие. Гориме од нестрпливост и чекаме ноќ, за да дојдеме и да го преземеме Крушово, та заедно со целиот народ да го извикаме победоносното македонско ура! Бог и правото се со нас!

Да живее Македонија!

Штаб Никола Карев Томе Никлев Тодор Христов Потпишаа: Антиноген Хаџов, војвода Питу Гули, Иван Алабак, Андреја, Ѓурчин, Ташку Карев.

Акциите за ослободувањето на градот започнаа на Илинден, а завршија на 3 август. Со ослободувањето на Крушево Илинденската револуција забележа врвна победа, со тоа дојдоа до израз стремежите на нашиот народ за слободен и самостоен живот. Веднаш по ослободувањето на градот, се мина кон формирање револуционерна власт. Највисок орган на власта беше Советот составен од 60 души од сите народности во градот. Извршниот орган на власта беше составен од 6 члена пак од сите народности. Беа формирани и комисии, кои се грижеа за снабдувањето и исхраната, за облеката, за здравство и финансии, за одржување на редот и поредокот. Посебни грижи се водеа за утврдувањето на градот, вооружувањето и друго.

Стремежот на револуционерите да го придобијат или барем да го неутрализираат муслиманското население беше повод да се напише познатиот “Крушевски манифест”, кој по својата содржина претставува декларација за целите и задачите на крушевските револуционери и на нивните длабоко демократски сфаќања во однос уредувањето на слободата на Македонска Република. Преку него може да се види и големината и идеолошката изграденост на претседателот на Крушевската република Никола Карев.

БРАЌА ЗЕМЈАЦИ И МИЛИ КОМШИИ!

Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познаници од убавото Крушово и неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убедување, не можејќи веќе да ја трпиме тиранијата на жедните за крв и гладните за човечко месо муртати, што гледаат и нас и вас да не дотераат до нож, и нас и вас да не дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлега на пуста пустина, денеска дигнавме глава и решивме со пушка да се браниме од тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода. Вие мошне арно знаете дека ние не сме лоши луѓе, оти од мака си ја кладовме главата в торба, за да заживееме човечки или пак да умреме јуначки!

Бидејќи од дедо-предедо си живееме како браќа на оваа земја, ние ве имаме како свои и сакаме докрај да останеме свои. Ние не дигнавме пушка против вас – тоа би било срам за нас; ние не дигнавме пушка против мирниот, трудољубивиот и чесен турски народ што се преранува како нас со крвав пот – тој е наш брат и со него сме живееле и пак сакаме да живееме; ние не излеговме да колеме и да грабаме, да палиме и да крадеме – доста ни се зулумите на безбројните дерибеи по нашата сирота и окрвавена Македонија; ние не излеговме да порисјануваме и да ги бесчестиме вашите мајки и сестри, жени и ќерки: треба да знаете оти вашиот имот, вашиот живот, вашата вера и вашата чест ни се толку скапи, колку што ни се скапи нашите. Анџак, за да си завардиме имотот, животот, верата и честа ние сме зеле пушка. Ние не сме муртати на својата земја што не родила, ние не сме арамии и јанкесеџии, а револуционери под клетва да умреме за правото и за слободата; ние се бунтуваме против тиранијата и против ропството; ние се бориме и ќе се бориме против муртатите, против арамиите, против зулумќарите и јанкесеџиите, против насилниците на нашата чест и на нашата вера и против тие што ја шмукаат нашата пот и го експлоатираат нашиот труд. Од нас и од нашите села да не се плашите – никому зијан не ќе сториме. Ние не само ве имаме како свои браќа, туку и ве жалиме како свои браќа, бидејќи разбираме дека и вие сте робје како нас, робје на царот и на царските бегови, ефендии и паши, робје на богатите и на силните, робје на насилниците и на зулумќарите што ја запалија царштината од четирите страни и што не натераа нас да дигнеме глава за право, за слобода и за човечки живот. За право, за слобода и за човечки живот ве каниме и вас да дојдете заедно да водиме борба! Елате, браќа муслимани при нас да тргнеме против нашите и вашите душмани! Елате под бајракот на “Автономна Македонија”! Македонија е заедничка наша мајка и вика за помош. Елате да ги скршиме синџирите на ропството, да се куртулиме од маки и страданија и да ги пресушиме реките од крвови и солзи! Елате при нас, браќа, да си ги слееме душите и срцата и да се спасиме та ние, нашата челад и нашата пречелад да живеат мирно, да си работат спокојно и да напредуваат!...

Мили наши комшии! Како Турци, Арнаути и муслимани, разбираме, вие си мислите оти царството е ваше и оти вие не сте робје штом на царски барјак нема крст, а има ѕвезда и месечина. Оти не е така и оти грешите вие бргу ќе се сетите и ќе го разберете. Ама ако ви е намус да дојдете при нас и да се објавите против царската тиранија, ние, вашите по татковина и страданија браќа, нема да се докачиме и не ќе ве мразиме. Ние сами ќе се бориме и за вас и за нас, ако е потребно, до еден ќе умреме под бајракот за нашата и вашата слобода и за нашето и вашето право. “Слобода или смрт” е напишано на нашите чела и на нашиот крвав бајрак! Ние веќе го дигнавме тој бајрак и нема враќање. Ако и вие не имате како ваши браќа и ни го сакате доброто, ако есапите пак да живеете со нас како што сте живееле досега и ако сте верни и достојни синови на мајка Македонија, можете да ни поможите само со едно нешто – а тоа е голема помош: да не се заортачите со душманите, да не дојдете со пушка против нас и да не правите зулуми по христијанските села!

Нека ја благослови госонд бог светата борба за правото и за слободата!

Нека се живи борците за слободата и сите чесни и добри македонски синови!

Ура! За “Автономна Македонија”!” Во одговорот на Манифестот селаните од село Алданци и кметот ветија дека ќе бидат мирни и ја благословија борбата, а началникот на Крушевскиот гарнизон, кој усупеа да избега, на востаниците им го испрати следново интересно писмо:

Јунаци, Прокламацијата до моите сонародници живо ме заинтересира.

Од неа, а овие два дена и од вашите акции, разбрав, дека залудно ве сметавме за ешкии. (разбојници, б. м.)

Целта ви е голема, а борбата смислена. Напред по тој страшен и славен пат по кој сите народи се добраа до слободата.

Кога го молам мојот голем Алах да ја заштити правата страна, дозволете ми да ви испратам две молби:

1. Немојте да ме оставите гол, туку испратете ми ги алиштата што ми останаа во храбро напаѓаната и од вас преземена касарна и

2. За секоја евентуалност уништете ја меѓу нас разменетата коресподенција.

Началник на гарнизонот во Крушово Али По Крушево, по својата динамичност и револуционерен зафат се истакна Костурскиот револуционерен реон. Уште во 1902 година, во Костурско дојде познатиот врховист, полковникот Јанков со своја чета со цел да дигне востание. И покрај тоа што Јанков беше истеран од страна на околиските раководители, неговата агитација за востание доста ги вознемири духовите.

Малу време пред востанието, во мај, беше изгорено од аскерот големото село Смрдеш и се водеше познатата борба при Локвата и Вињари меѓу костурските чети и аскерот. Овие, како и други настани, придонесоа Костурскиот реон уште пред Илинден 1903 да биде во интензивна мобилна положба. Така што денот на Востанието го пречека релативно поподготвен од другите околии. Востанието во Костурско беше масовно.

Горското началство беше составено од познатите војводи Лазар Поптрајков, Чакаларов, Кљашев, Розов, а реонот беше поделен на неколку пунктови. Околу 500 востаници ги ослободија гратчето Клисура, а околу 700 востаници го ослободија гратчето Невеска. Тоа всушност беше и најкрупна победа на Востанието во овој крај. Слично на Крушево и тука беше формирана револуционерна власт.

Леринските чети ја нападнаа железничката станица кај Екшису и ја демолираа, ги прекинаа телеграфските врски, рушеа мостови и патишта. Една од најголемите борби што леринчани ја водеа беше таа при Езерцата меѓу 300 востаници и 2.000 војници. Во помош на востаниците им дојдоа и костурски чети.

Во Охридско најзначајните востанички акции се одвиваа во Горна и Долна Дебарца, Ортакол, Малесија. И тука, како и во Преспа, беа организирани збегови за прибирање на избеганото население како тој во Рашанец, каде што беше отворена и болница. Битката при Рашанец беше една од најпознатите во Илинденското востание.

Во Кичевско востаниците се обидоа да го заземат Кичево, но не успеаја. Поголеми судири со аскерот и башибозукот имаше во село Карбуница, во Копачка беше формиран збег, каде што луѓето живееја колективно итн.

Во Прилескиот реон беа забележани неколку помали востанички акции, а како најзначајна беше акцијата на Ѓорче Петров со неговата чета и борбата кај Чаништа – Мориовско, во која учествуваше и една голема Костурска чета со Лаза Поптрајков, кој беше тешко ранет.

За разлика од Битолскиот, другите револуционерни окрузи не зедоа масовно учество во Илинденското востание. Солунскиот округ беше слабо вооружен. Во овој округ беа извршени повеќе напади на железничките пруги, на турски касарни и друго. Се водеа 38 борби во кои загинаа над 100 востаници и близу 1200 војници (бројките се однесуваат за Солунскиот вилает, т.е. за Солунскиот и Серскиот револуционерен округ).

И во Скопскиот округ востанието не беше масовно. И тука, беа вршени напади на железничката пруга, а имаше и 15 судирања на четите со аскерот, во кои паднаа над 90 четници и близу 400 војници.

Во Серскиот округ Востанието започна на 14 (27) IX.1903 година, на Крстовден, без учество на масите. Четите се судрија со аскерот на повеќе места: во Неврокопско, Горноџумајско, Мелничко, Серско. По долги преговори, Окружната организација им дозволи и на врховистички чети да земаат учество во Востанието. Меѓутоа, тие чети се држеа многу лошо дури и предавнички.

ЗАДУШУВАЊЕ НА ВОСТАНИЕТО И покрај невидената самопожртвуваност и хероизам на востаниците и на народот, Востанието беше во крв задушено.

Задушувањето на Востанието, особено во Битолскиот округ, каде што беше масовно, е проследено со големи жестокости.

Аскерот и башибозукот убиваа и уништуваа неконтролирано.

Беа наполно или делумно изгорени околу 150 села, односно околу 9.850 куќи, а над 58.000 души останаа без покрив на главата. Над 2.000 невини луѓе беа убиени, голем број жени обесчестени, околу 10.000 емигрираа, затворите беа преполнети. Сето тоа зборува за крајно тешката положба во која се најде македонскиот народ по задушувањето на Востанието. Помошта што беше праќана од соседните држави, или од Европа, беше мала со оглед на големите потреби.

Востанието, таму каде што се дигна, беше масовно, народно.

Тоа беше подготвувано цели десет години од Организација и раководена од неа. Примарна улога и во подготвувањето и во раководењето на Востанието и припаѓаше на македонската интелигенција, која произлегуваше главно од редовите на македонските трговци и занаетчии. Ударната сила на Востанието беа македонските селански маси, кои го внесоа сиот свој ентусијазам во крвавата борба за национална и социјална слобода.

Илинденското востание претставува најкрупен револуционерен настан во историјата на македонскиот народ до Втората светска војна. Тоа, според зборувите на Димо Хаџи Димов, “беше еден величествен израз на сенародниот македонски копнеж за борба и слобода”. Илинденската револуција претставуваше пресвртница во историскиот процес на развитокот на македонската нација. Неговото влијание и традиција ќе бидат особено силни врз идните генерации, врз идните македонски револуционери.

Причините за неуспехот на Востанието беа повеќе: тоа не беше доволно подготвено и според тоа масовно не ја опфати цела Македонија. Меѓутоа, основната причина за неуспехот се состоеше и во тоа што македонскиот народ беше ставен во ситуација да се бори сам против Турската империја. Познато е дека српскиот, грчкиот и бугарскиот народ, борејќи се против турското господство, се ослободија благодарение и на фактот што уживаа воена и дипломатка помош од некои од големите сили, пред се од царска Русија. Кога нашиот народ се дигна на востание, царска Русија и Австро-унгарија, кој беа највеќе заинтересирани за овој дел на турската држава, застанаа сосема на страната на Турција.

Во тие трагични моменти што ги преживуваше македонскиот народ по завршување на Востанието, се случи еден крупен настан, кој ќе има извонредно големо значење за развитокот на македонската нација и култура. Тоа беше појавувањето книгата на Крсте Мисирков ЗА МАКЕДОНЦКИТЕ РАБОТИ. За среќа непријателот (врховизмот) не успеа да го уништи целото издание на книгата. Извесен број примероци беа запазени и ова дело со непреценлива вредност, беше запазено за идните генерации.

МАКЕДОНИЈА ПО ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ 1903-1912 (Д-р Глигор Тодоровски)

Надворешната јавност за востанието Неуспехот на Илинденското востание предизвика крупни последици во целокупниот натамошен живот на македонскиот народ. Последиците набргу се почувствуваа во сите области, како во општествено-политичкиот така и во економскиот живот. Репресалиите и друг вид злосторства врз македонскиот народ се надвиснаа со сета тежина: тоа се чинеше и со посебна тенденција, да се казни населението за учеството во Илинденското востание. Од друга страна, и временските услови уште повеќе ја влошуваа вонредно тешката положба на македонското население. Посебно беа тешки животните услови во Битолскиот вилает. Изгорените куќи и цели села и уништената и неприбрана летнина уште повеќе ги зголемуваше тешкотиите.

Во тие тешки дни за македонското население, прогресивните луѓе во Европа, а посебно во југословенските земји, го дигнаа гласот за помош на македонскиот народ. Уште пред завршувањето на Илинденското востание, во Париз, во октомври 1903 година, беше свикан меѓународен митинг, на кој зборуваа видни француски општественици, како што беа Францис де Пресанс, Виктор Берар, Жан Жорес, потоа англискиот општественик Еванс Ноел Бегстон, потоа Италијанците Марцини и Битарго и Белгијанецот Лоран. На митингот беше донесена резолуција, со која во името на светската јавност и совест беа осудени ѕверствата и насилствата што се вршеа во Македонија. Изнесувајќи ја тешката положба во Македонија, присутните на митингот ги повикаа големите сили да им стават крај на колежите и насилствата во Македонија и Ерменија.

Освен одржувањето митинзи низ разни градови по Европа, во Англија беа преземени и практични чекори за санирање на тешката положба во Македонија. Беше формиран Балкански комитет, кој одржа над 200 митинзи во Англија на кои се зборуваше во прилог на македонското движење за ослободување од османското владеење и се објаснуваше вистинската положба во која се наоѓаше македонскиот народ.

Кон оваа акција во Англија се придружи и англискиот кентербериски архиепископ, кој се обрнал и до англиската влада со барање за помош на Македонците. Освен акциите во овие подалечни западно-европски земји, во организирањето акции за помош на Македонците не останаа поназад и други прогресивни луѓе во другите европски земји. И во Милано, во Италија, исто така, беа одржани митинзи во прилог на востанатото население во Македонија.

По првите митинзи и акции за информирање и поттикнување на европското јавно мислење и влади, за поефикасно истапување против османскиот апсолутизам во Македонија, се премина и кон покрупни акции за прибирање парични средства и други прилози за залечување на акутните потреби на македонското население. Во оваа смисла најмногу се истакнаа англиските хуманитарни организации. Во Англија беше формиран еден специјален фонд, наменет за изгорените македонски села.