The Macedonian People's Revolutionary Struggle 1876-1912
ОСЛОБОДИТЕЛНИТЕ БОРБИ ВО ПЕРИОДОТ ОД - Part 01
ОСЛОБОДИТЕЛНИТЕ БОРБИ ВО ПЕРИОДОТ ОД
1875 ДО 1878 ГОДИНА Во втората половина, а пред се во последните децении на XIX век, борбата на македонскиот народ против турското господство многу се засили и имаше разни форми. Една од тие форми на борба беше ајдутството, кое постоеше во Македонија уште од порано. Ајдутите беа помагани од народот, зашто тие ги напаѓаа и ги убиваа најлошите негови мачители. Дејноста на ајдутите и нивната организирана соработка со народот во повеќе случаи беше таква, што може да се смета како еден вид локално организирана борба. Таква беше дејноста и соработката на прочуениот ајдутски војвода Иљо Марков од Берово, кој дејствуваше и беше познат не само во цела Македонија, туку и во странство. За својата јунаштина, народот го нарече “син на крали Марко”, “цар на Малешевијата” и сл.
Во 1862 година Иљо војвода, на чело на неколку стотици македонски доброволци, учестуваше во борбите за прогонување на турската воена посада од Белград. Руските конзули во Балканот сметаа дека Иљо војвода е способен да дигне поголем бунт во Балканот. Во тоа време дејствуваа со свои ајдутски чети војводите: Стоимен, Трајан, Чакарот, Христо Македонски, Румена војвода и др. Ајдутското движење беше посебно силно во Источна Македонија, каде што во нејзините непристапни планини наоѓаа скривалишта многу ајдутски чети.
Во седмата и осмата деценија на 19 век ширеа револуционерна агитација учителот Димитар Јанакиев – Окујли – Бисеров, некој Петко од село Сугарево, Мелничко, Спиро Џеров – Македонски од Битола и др. Првите двајца дејствуваа во Мелничко и Малешевско, а Македонски во Битолско, Леринско, Охридско и Ресенско, каде што во 1862 година подготвува една бунтовничка акција, која заврши без успех поради предавство на грчкиот митрополит во Битола. Единаесет години подоцна (1873), нешто слично се подготвуваше во Воденско, каде што според зборовите на трговецот Хаџи Ташко, една група од 15 души подготвуваше востание.
Пролетта 1873 година во Мелничко и Малешевско се појавија две ајдутски чети, кои според Верковиќ не напаѓаа мирно население “туку само изедници и особено селски кожодерци – падари и настојници на чифлиците, бидејќи тие, како Турци, на стотини начини ја мачат сиромаштијата”. Во Тиквешко, Мариовско, Прилепско, Крушевско и Кичевско, дејствуваа ајдутски чети.
За време на источната криза од 1875-1878 година, која започна со избувнувањето на востанието во Босна и Херцеговина, ајдутското движење доби такви размери, што во некои места прерасна во месни буни или востанија. Во 1876 година во Леринско, Костурско и во други области, поголеми ајдутски чети водеа борби со турската војска. Во Дебар населението тогаш се побуни поради тоа што се ширеше гласот дека тоа ќе биде оптоварено со нови даноци. Во цела Македонија се чувствуваше засилено народно вриење.
Македонците, кои тогаш се наоѓаа во соседните балкански земји, ги симпатизирале тогашните ослободителни борби на балканските народи и учествуваа во нив. Некои од нив преговараа со херцеговскиот водач Миќо Љубибратиќ со цел да се дигне востание во Македонија штом тоа се објави во Херцеговина. Други пак, како Ѓорѓи Измирлиев од Горна Џумаја, активно учествуваа во Априлското бугарско востание од 1876 година. Така тогаш Македонците ги изразуваа своите стремежи за слобода и подобар човечки живот.
РАЗЛОВЕЧКОТО ВОСТАНИЕ Слободољубието и непокорноста на македонскиот народ силно се изразија и со познатото Разловечко востание. Тоа избувнува на 21 мај 1876 година во село Разловци и го зафати реонот Пијанец, Пехчевско и некои соседни места. Востанието го организира Димитар поп Георгиев од Берово и поп Стојан од село Разловци, кој пред тоа учествуваше во еден друг заговорнички одбор, наречен “Касапско друштво” и повеќепати го предводеше народот во протестните акции против турските злодела – потурчувањето, даночните злоупотреби и др.
Беровски најпрвин студираше во Русија. Во Белград се здоби со воено образование и учествуваше во борбите за изгонување на турската војска од Белград. Кога се врати во Берово, работеше како учител и ја организира борбата против големогрчката пропаганда. Затоа тој беше прогонуван од турските власти, но место да се откаже од борбата, стана уште поактивен. Заедно со поп Стојан, со своите браќа и неколку други сомисленици, започна да подготвува востание.
Во Разловци со тоа се зафати поп Стојан, а во Солун Димитар поп Георгиев – Беровски, каде што се засолна пред турските прогонства. Во подготовките на востанието учествуваа и членовите на еден таен кружок наречен “Таен револуционерен комитет” во Солун, кој беше раководен од Димитар Беровски.
Учителките Недела и ќерка и Станислава Караиванова, член на овој Комитет, го сошија востаничкото знаме, на кое врз жолто поле беше извезан темноцрвен лав без круна, со натпис “Македонија, станете да ве ослободам”.
Во текот на 1875 година, кога народот во Босна и Херцеговина се дигна на востание, македонските завереници во Солун и Пијанец со симпатии го следеа Херцеговското востание и извршија еден дел од подготовките за Разловечкото востание.
Според зборовите на Константин поп Стојанов, син на поп Стојан, Херцеговското востание “имаше силно влијание врз мислењето на робовите”. Заверениците ги забрзаа подготовките, Беровски со својот соработник Коте Крчов се префрли во Разловци и донесе еден товар оружје. Исто и разловчани купија пушки и куршуми.
Овие раководители и неколку поистакнати селани во април 1876 година се состанаа и решија Димитар Беровски, со една мала чета, да ги обиколи областите Пијанец, Малешевско, Радовишко, Струмичко, Петричко и Мелничко со цел да го повика народот да се дигне на востание. Но, во почетокот на оваа обиколка се случи нешто неочекувано.
За време на одржувањето на еден друг состанок на заверениците, дојдоа во село Разловци неколку турски чиновници со вооружена придружба, уапсија неколку селани, одредија две девојки за потурчување и им се закануваа на селаните дека ќе го изгорат селото. Заверениците, мислејќи дека нивното дело е предадено, веднаш решија и на 21 мај 1876 година го објавија востанието. Ги нападнаа дојдените турски чиновници и по неколкучасовна борба го ослободија Разловци.
Востаничкиот народ истиот ден ги изгоре тапиите, спаиските тефтери, коџабашиските рабуши и сите други списоци, во кои беа запишани даноците и другите давачки. Така тие ја изразија омразата и отпорот против турскиот стопански и општествен систем.
Истиот ден востаниците се поделија на две групи. Едната група, на чело со Цоне Спасов, остана да го чува село Разловци а другата, на чело со Беровски, со развиено знаме се упати кон Малешевијата и Берово. Последнава во село Митрашинци се судри и ги прогони турските џандари. Но, селото Разловци беше нападнато и опустошено од војска и многуброен башибозук. Востаниците и селаните, по повеќечасовна храбра борба се повлекоа во планините. Тогаш се дигнаа на востание и селаните од село Лаки. Формираа една востаничка чета на чело со Цоне Дончев, со цел да се присоединат кон другите востаници. И други села беа готови да се дигнат, но турските власти презедоа брзи мерки и го оневозможија тоа. Неколку десетици вооружени селани, кои излегоа во планините на Берово, со цел да учествуваат во востанието, поради турските акции и задоцнувањето на четата на Димитар Беровски, се вратија во своите куќи и го сокрија оружјето.
Во тек од една недела востанието се развива доста успешно, но кога пристигна многубројна турска војска и башибозук од околните градови, тоа беше задушено. Неколку десетици селани од востанатите и околни реони беа мачени и затворени во Серес, Солун, Скопје и во други места. Некои од нив како Цоне Дончев, загинаа во затворот Куршумли-ан во Скопје и во други затвори.
Востанието беше задушено, но четата на Димитар Беровски успеа да се запази во планините. Во 1877 година со новодојдени доброволци таа се зголеми до толку што од неа се формираа две ајдутски чети. Тие извршија повеќе напади против турската војска, која отстапуваше по Пијанец и Осогово од фронтовите на српско-турската и руско-турската војна, во кои учествуваа многу Македонци.
* * * Неколку стотици Македонци, под водство на Иљо Малешевски
– Христо Македонски и др., учестуваа во српско-турската војна од 1876 година на страната на Србите. Повеќето од нив, како и доброволците командувани од Ѓорѓи Пулевски и Ѓорѓи Антов, заедно со руски војски, војуваа против Турција за време на руско-турската војна од 1877 – 1878 година. Овие војводи и некои доброволци беа наградени со српски и руски воени ордени за храброст.
Македонските доброволечки единици учествуваа во битките, служеа како водичи и дејствуваа во тилот на турската војска. Во тие акции извонредни успеси постигна големата чета на Иљо Малешевски, која во јануари 1878 година навлезе во Североисточна Македонија и го ослободи скоро цел Пијанец со гратчето Царево Село (денешно Делчево). Во ослободувањето на Пијанец учествуваа месните ајдутски чети на Беровски и др.
Во оваа слободна област беше воспоставена народно-востаничка власт. Неа ја претставуваа месните старешински одбори, селските вооружени стражи и доброволечките одреди на Иљо Малешевски и Димитар Беровски. Слободата во Пијанец траеше до половината на март 1878 година, кога според руско-турскиот мир Пијанец и беше вратен на Турција, а македонските доброволци се префрлија во Бугарија или се вратија во своите родни места за да ја продолжат борбата за слобода.
И македонските доброволци на чело со Јаким Челопечки, Никола Алѓински и други, кои учествуваа во српско-турската војна на страната на Србија, навлегоа во Кумановско и Кривопаланечко и, користејќи ги тогашните поволни услови, го дигнаа населението на востание, кое имаше доста големи размери. Тие ги изгонија турските власти и башибозучките банди и ја ослободија Крива Паланка. Овие области останаа слободни до почетокот на јуни 1878 година, кога турската војска пак ги освои. Еден дел од македонските доброволци преминаа во Србија. Оваа востание беше помагано од Србија, со цел српската влада да го искористи за својата пропаганда, со која “докажуваше” дека тие области се “српски” и оти востаниците “бараа” присоединување на Македонија кон Србија. Сличен став (тогаш презедоа) спрема Македонија бугарските и грчките владеачки кругови.
Во тоа време во областа на Олимп грчките владеачки кругови организираа четнички акции, кои се наречени “востание во Олимп”. Овие акции имаа завојувачки цели, зашто нивните организатори бараа приклучување на Македонија кон Грција.
Извесен број луѓе од Македонија, кои тогаш се наоѓаа (како емигранти и печалбари) во Грција, без да знаат за овие завојувачки цели, учествуваа во споменатите акции, верувајќи дека се борат за слободата на Македонија. Една група македонски печалбари од Преспа, Леринско и Костурско, кои се наоѓаа во Атина, се подготвуваа и тргнаа за Македонија да дигнат востание, но нивната акција поради предавство пропадна во самиот почеток.
МАКЕДОНИЈА И РЕШЕНИЈАТА НА САНСТЕФАНСКИОТ И БЕРЛИНСКИОТ КОНГРЕС Може да се рече дека споменатите оружени акции на српските и грчките владеачки кругови беа до одредена мера реакција против Санстефанскиот договор, склучен меѓу Русија и Турција на 3 март 1878 година во Сан Стефано, близу Цариград. На сличен начин реагираа и бугарските владеачки кругови против Берлинскиот договор. Преку комитетите “Единство”, тие се трудеа да го искористат Кресненското востание за остварување на големобугарските аспирации во Македонија.
Според Санстефанскиот договор, Србија, Романија и Црна Гора требаше да се прогласат за независни држави и да се спроведат реформи во другите балкански земји на Турција. Се предвидуваше да се создаде една автономна бугарска држава, која покрај денешна Бугарија, би го опфаќала поголемиот дел од Македонија, дел од Србија, Албанија (Корча), Тракија итн.
Рускиот цар сакаше да ги претвори овие земји во свои заддунавски губернии.
Против договорот во Сан Стефано се изјасниле големите сили, пред се Англија и Австро-Унгарија, кои сметаа дека тој ги загрозува нивните интереси во Балканот и оти беше спротивен на поранешните договори постигнати меѓу Русија и другите големи сили. Некои од нив, на пример, предвидуваа Бугарија да биде под руска, а Македонија под австро-унгарска влијателна сфера. Австро-Унгарија и тогаш (1878) бараше да се создаде посебна автономна македонска област, која да биде под нејзино влијание.
Балканските држави, исто така, му се спротивставија на приклучувањето на македонските области кон планираната автономна бугарска држава. Грчката влада, преку конзулатите и митрополите во Македонија, организира испраќање протестни писма до големите сили и бараше приклучување на Македонија кон Грција. Такви акции организира и српската влада. Нив ги координираше т.н. Главен одбор во Белград, под претседателство на архимандритот Сава, кој за време на Берлинскиот конгрес замина да дејствува меѓу дипломатите во Берлин. Тогаш истапи и бугарската Егзархија. Таа организира низа акции (испраќање писма и сл) со кои се бараше остварување на т.н. “Санстефанска Бугарија”. Зад овие акции стоеја владеачките кругови во Грција, Бугарија и Србија. Тие тогаш за првпат се судрија отворено заради територијалното заграбување на Македонија. Како резултат на сите горенаведени настани, македонското прашање за првпат беше поставено пред целокупната европска дипломатија, т.е. пред Берлинскиот конгрес.
Акциите на владеачките кругови во Бугарија, Србија и Грција за разграбување на Македонија беа туѓи за македонскиот народ и другото население и осудени од нив како непријателски, зашто не водеа сметка за интересите на народот. Место ослободување, тие предвидувале разграбување и замена на турското со некое друго господство. Во мај 1878 година овој став го изнесе првиот македонски пратеник на првиот турски парламент (од 1876) Димитар Робев. Осудувајќи ги пропагандите на балканските владеачки кругови, Робев прогласи дека за Македонија е најдобро да биде независна. Во врска со тоа, тој го посети Белград и разговараше со српскиот претседател и со други, кои не се согласија со Робева и го подозираа дека сака да стане владар на Македонија. За истото прашање Робев разговараше и со рускиот пратеник во Цариград, Игнатиев. Се тврди дека Игнатиев тогаш изјавил дека “Македонија не може да им припадне ни на еден од трите главни народи на Балканскиот Полуостров”. Овие мислења не се единствени.
Пред започнувањето на Берлинскиот конгрес, руската влада за време на руско-австроунгарските преговори, водени во Виена, предложи да се создаде од Македонија и Новопазарскиот санџак посебно автономно вазално кнежевство, но Австро-Унгарија тогаш беше против тоа. Руската влада, согледувајќи ја неостварливоста на Санстефанскиот договор, се откажа од неговите поставки за создавање “Санстефанска Бугарија” уште пред Верлинскиот конгрес. Тоа дојде до израз и во нејзините преговори со англиската влада.
Во врска со Санстефанскиот договор, родоначалникот на социјализмот во Бугарија Димитар Благоев, во една своја статија објавена во Ленинова “Искра” од 1.8.1903 и во книгата “Придонес кон историјата на социјализмот во Бугарија” (Москва 1944, стр. 39), анализирајќи ја неостварливата измислица, т.е. “фикцијата” за “Сан-стефанска Бугарија”, ценејќи ги позитивните страни на руската војна против Турција (ослободување на Бугарија итн.) не заборава да истакне дека рускиот царизам со таа војна сакаше да постигне завојувачки цели. Слично становиште е искажано и во “Мала Советскаја енциклопедија”, том VII, стр. 622 (Москва 1930).
Според решенијата на Берлинскиот конгрес (13.VI. – 13.VII.1878), Романија, Црна Гора и Србија станаа независни држави, Босна и Херцеговина и беше дадена на Австро- Унгарија. Северна Бугарија стана вазално кнежевство на султанот, јужно од неа се создаде автономната област Источна Румелија итн. За другите балкански земји на Отоманската империја, Берлинскиот договор предвидуваше разни реформи.
Со 23-от член од овој договор, се предвидуваше во Македонија да се спроведат реформи одредени во т.н. Критски статут од 1866 година, со кои на земјата и се даваа извесни автономни права. Но овие реформи Портата не ги спроведе, а положбата во Македонија се влоши уште повеќе.
АГИТАЦИЈА ЗА ВОСТАНИЕ ВО МАКЕДОНИЈА За разлика од грчките и српските владеачки кругови, кои протестираа против Санстефанскиот договор, Егзархијата и бугарската буржоазија, која постепено ја преземаше власта во бугарското вазално кнежевство, протестираше против Берлинскиот договор затоа што не дозволуваше да се создаде “голема Бугарија”. По склучувањето на Берлинскиот договор, бугарската буржоазија, особено нејзиниот либерален дел на чело со Стефан Стамболов, создаде “Благотворителни комитети Единство” со цел да организираат акции за измена на берлинските решенија, односно да се организираат акции со кои да се бара приклучување на Македонија кон Бугарија.
Тогаш, положбата во Македонија и особено во нејзините северни и североисточни области, стана крајно несносна поради промените и настаните што се извршија во периодот 1875 – 1878 година. Многубројни турски војски, кога одеа на фронтот, а особено кога отстапуваа од него, во неред крстосуваа низ земјата и пустошеа се што ќе најдат пред себе. Неколку десетици илјади емигранти – муаџири од соседните новоослободени земји, се насобраа во Македонија и со помошта на турските власти ги грабеа куќите, нивите, добитокот и другите имоти на нашиот народ.
Во јуни 1878 година, за време на задушувањето на востаничките акции во Кумановско, Кривопаленечко и соседните области, народот многу настрада од башибозучките банди. Идниот месец настрада народот во Мелничко, а особено во реонот Кршијак, во чии околни планини беа насобрани многубројни ајдутски и доброволечки чети, кои се подготвуваа да покренат востанички акции. Турските власти, знаејќи за нивното присуство, презедоа низа воени акции. Околу 500 - 600 души турска војска и башибозук, на чело со кајмакамот од Мелник, опустошија во Кршијакот околу 20 села и убија над 60 души.
Тогаш народот беше принуден сам да се грижи за безбедноста на својот живот и имот. Се намножија ајдутските чети. Во Охридско и Битолско дејствуваше големата чета на Стојан војвода, во Костурско, Леринско и Битолско дејствуваа четите на Стефо и поп Коста Буфски. Во Битолскиот санџак водеа борби против турските власти други три чети, под војводство на Влаот Алекси, Котула и Костадин. Тука се наоѓаа и четите на Чурко и Димитар војвода. Ајдутски чети имаше во Мариовско, Прилепско и во други области.
Летото 1878 година, ајдутското движење најсилно беше во Источна Македонија, каде што беа насобрани околу 12 ајдутски чети, засилени со новодојдени селани и доброволци – учесници во српско-турската и руско-турската војна, додека четата на Иљо Малешевски е во Ќустендилско. Меѓу овие 12 чети најпозната беше четата на Стојан Стоил Карастоилов од село Страчишта, Неврокопско. За својата разумност и храброст, тој беше уважуван од народот, а околу 12 војводи го признаваа како свој главен водач.
Овој факт претставува значајна појава во историјата на македонското ајдутство, зашто скоро секогаш ајдутските војводи дејствуваа самостојно, секој во својот реон. Со згрупирањето на овие војводи и нивните чети на чело со Стојан Карастоилов, беше создаден еден од главните предуслови за подигањето и успешното изведување на Кресненското, односно Македонското востание во 1878 година. Тие ја преставуваа раководната сила и раководството, околу кои се групираше востанатиот народ.
Во составот на 12-те чети се наоѓаа четите на Тодор Паласкарот, Коста Кукото, Кочо Љутата, Стојан Цапаревецот и др. Тие, како и некои македонски емигрантски групи во Бугарија меѓу кои беше и групата на Натанаил, агитираа за дигање востание во Македонија. За таа цел беа повикани и други војводи. Некои од повиканите, како Костадин Буфски од село Буф-Леринско, го прифатија повикот. Така во Североисточна Македонија се собраа доста голем број ајдути, доброволци и други, кои беа запознати со тогашните слободарски идеи.
Истовремено, започнаа да се шират гласови, дека штом се дигне востание во Македонија, Русија ќе објави нова војна за прогонување на Турците од неа и од Балканот. Освен тоа, македонските доброволци и други знаеа дека во бугарско-македонската граница имаше посебни руски воени коњички единици, кои извесно време чекаа да добијат заповед за да влезат во Македонија. Некои руски офицери го симпатизираа македонското ослободително движење и го помагаа. Оваа агитација беше таква што и европскиот печат пишуваше за неа, а кога избувна востанието, некои европски весници очекуваа тоа да прерасне во општобалканско востание и да предизвика нова руско-турска војна. Оваа агитација изврши вонредно влијание врз македонските агитатори за востание.
Врз тоа влијаеше и агитацијата на комитетите “Единство”, кои под етикетата на “благотворителството” ги прикриваа завојувачките планови и акции на големобугарската пропаганда, водена за приклучување на Македонија кон Бугарија. Тие се зафатија со организирањето вооружени чети, кои ги испраќале од Бугарија преку Ќустендил во Северна Македонија, со цел да дигнат востание. Една од тие чети беше четата на рускиот козак Адам Калмиков. Во тие акции беше ангажиран и Охридскиот митрополит Натанаил.
Во Ќустендил, Горна Џумаја и Дупница тој формира комитети “Единство”, кои работеа како клонови на Трновскиот комитет на Стамболов. Во Ќустендил Натанаил се поврза со Иљо Малешевски и Димитар Беровски. Собираше доброволци за создавање чети итн. Но овие акции беа малу успешни.
Калмиков кога виде дека не бидува ништо, се префрли во Горноџумајско и се присоедини кон ајдутските чети, кои се наоѓаа во реонот на Кресна каде што беше Стојан Карастоилов.
Исто и Димитар Беровски се присоедини кон нив.
КРЕСНЕНСКОТО ВОСТАНИЕ Кон крајот на септември 1878 година, во Горноџумајско се одржа едно советување, во кое учествуваа над десет ајдутски војводи и други родољуби. Во него учествуваа војводите:
Стојан Карастоилов – Старчиески, Атанас Чолакот (Даскалот), Димитар поп Георгиев, Кочо Мутруков, Кочо Љутата, Тодор Паласкарот, Коста Кукото, Стојан Цапаревецот и др. На тоа советување беа разгледани можностите и подготовките за востание и се реши тоа да се објави со нападот на турскиот воен гарнизон, стациониран во селото Кресна. За таа цел беше изработен еден оперативен план. Стојан Карастоилов беше избран за воен раководител на востаничките акции, а негови помошници станаа војводите Атанас и Чолакот. Воените сили беа распоредени на неколку единици во кои беа вклучени повеќе селани.
Кога се беше готово, на 17 октомври 1878 година околу 400 ајдути и селани, под раководство на ајдутските војводи на чело со Стојан Карастоилов, ја нападнаа турската војска во Кресна.
Така започна Кресненското востание, кое подоцна така се нарече според името на местото каде што беше извршена првата и успешна востаничка акција. Борбата траеше два дена Востаниците бараа од војниците да се предадат, но тие во почетокот одбиваа, зашто верувале дека ќе им дојде помош од Мелник и од други места. Воената помош што им беше испратена беше одбиена, и по повеќечасовна борба војската, беше принудена да се предаде, така што востаниците заробија 2 офицера и 119 војници. Во борбите загина еден востаник и тројца беа ранети, а војниците имаа девет мртви и единаесет ранети. Според збворовите на современиците главната заслуга за изведувањето на оваа голема победа ја има раководителот на востанието Стојан Карастоилов.
Сето тоа имаше позитивен одглас во европскиот печат, кој со изненадување пишуваше за херојствата на македонските востаници. Успешниот почеток на востанието со одушевување беше примен од македонските селани, кои масовно се присоединуваа кон востаниците. Но поради немање оружје, тие не можеа да бидат сите искористени. Уште од првите денови на востанието, се чувствуваше голем недостиг од оружје.
И покрај тоа што востаниците уште од почетокот сретнуваа големи тешкотии, сепак востанието до почетокот на ноември успешно се ширеше и опфати доста голем простор од неколку кази (околии) на денешна Пиринска Македонија. Веднаш по објавувањето на востанието, поважни борби се водеа при ослободувањето на селата Оштава, Влахи, Грнча, Ново Село (Јениќој) и др. Таму востаниците се бореа под команда на војводите Коста Кукото, Крсто Светиврачки, дедо Ѓорѓи Гаџалот и др.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/revolutionary-struggle-mac/2 на 29 октомври 2026