Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Metodija Andonov-Chento

Front Matter - Part 07

Од Фиданка Танаскова · Дел 7 од 9 · Околу 21 минути

Читај на English

Пред судот беше споменувана Мировната конференција. Што се однесува до неа, тоа е една случајност. Била или не Мировната конференција, јас бев принуден да заминам поради напред изнесените причини, но, не како шпион. Во Македонија или надвор од неа каде и да бидам, секогаш имам исто видување за обединувањето, а тоа е право на самоопределување, соединување или отцепување, за да може слободно да решава по своја волја народот од сите три дела на Македонија. Но во никој случај сум немал цел за отцепување на Вардарска Македонија од Југославија и соединување со Грција.

Сметам за потребно да напоменам и тоа, ако е некој шпион, тој ќе трпи секакво понижување и нема да се откаже од функцијата што ја зазема, за да може поуспешно да ја постигне својата цел.

Друго, во текот на една и пол година откако сум во затвор, настанаа многу промени во ФНРЈ и посебно во Македонија.

Ако имав нешто во врска со шпионажа што би било исто така во врска и во поткрепа на неверните искази против мене, сепак ќе се најдеше досега некоја трага. Конкретните примери за тоа се доказ.

На крајот во пресудата е речено: казната е строга затоа што обвинетиот Ченто не покажа каење.

А како да се каам за дела кои ниту сум ги сторил, ниту сум мислел да ги сторам!

Јас сметам дека пресудата ќе беше сосема поинаква доколку: не бев ограничуван особено во мојата завршна реч, доколку беше прочитано писмото во американскиот весник “Народна волја”, и доколку беа повикани уште тројцата сведоци како најважни во делото: Трајко претседателот од селото Бешиште, Милан и Лазо од Прилеп, бидејќи беше во прашање мојот живот. А дека треба да се ценат како веродостојни моите наводи е и тоа што јас не посочив да се повикаат за сведоци мои пријатели кои ќе ме бранат, туку мои противници, за да се види материјалната вистина. Од тие шест сведоци, тројцата што дојдоа пред судот ги потврдија моите наводи. Оттука треба да се цени дека е верно и тоа што го изнесувам за сведоците кои не беа повикани.

Од сето горе изложено јас се надевам дека Врховниот суд ќе види оти во моето дело нема вина за шпионажа и дека имам право на помилување по Указот. Се надевам дека правдата ќе биде задоволена.

4 декември 1947 Скопје Учтив Методија Андонов – Ченто осуденик во Казнено-поправниот завод Скопје Жалбата на Методија Андонов - Ченто не е уважена. Врховниот суд на Македонија само го потврдува решението на скопскиот Окружен суд. Во образложението ќе биде наведено дека “Ченто е осуден за кривично дело шпионажа на ФНРЈ, па таквите лица се изземаат од указот за помилување”. Но, во образложението натаму ќе стои дека, “под зборот шпионажа не би требало да се земе едно круто, тесно толкување и да се бара изрично лицето да било судено по член 3, точка 10 од Законот за кривичните дела против народот и државата”...

Појаснување за тоа, која точка од член 3 од овој Закон се смета за дело –шпионажа Методија Андонов ќе побара и до Президиумот на Народното собрание на Југославија, но тоа негово барање никогаш не ќе стаса до означената адреса, и тој никогаш не ќе добие одговор на поставеното прашање.

По сево ова, судското досие на Ченто практично е затворено засекогаш. Според кажувањата на негови современици и директни сведоци, му било сугерирано, доколку сака да биде ослободен од казната, тогаш да упати молба за прошка; да понуди признание и покајание; да бара помилување но, со цврсто ветување дека нема да се занимава со политика...

Меѓутоа, Андонов останал доследен на својот став. Особено по неуважувањето на оние негови понудени факти и вистини наведени во жалбите, првата што ја подготвил во определениот рок по пресудата, исчудувајќи се и самиот, зашто неговата сопруга воопшто не ја поднела до судот. Причините остануваат непознати за него, иако има доста верзии околу тоа. Или, пак, втората жалба.

“Осуден сум за кривични дела, кои ниту сум ги мислел, ниту сум ги говорел ниту сум ги извршил”, ќе напише Ченто.

Натаму, дека по враќањето во Прилип, откако заминува од претседателската функција за него почнала економска и човечка изолација; закани дека ќе биде убиен; дека не е апсен на граница и не е шпион, најмалку на својот народ; дека не му е познато ништо и за никакви банди; дека никогаш не бил за насилства, па до тоа дека пресудата е заснована на доста неверни сведочења и обвинувања итн. итн.

Продолжуваат во Идризово дел од неговите над 3 илјади затворенички деноноќија под строг режим, и со присилна работа, впрочем, и како што “доликува” за еден осуденик од “висок ранг”. Затворските режими секаде во светот се приказна за себе, а Ченто и на својата кожа, психа и здравје најсилно ќе го почувствува тој пекол зад решетките, изолациите, изгладнетоста, оглушувањето на молбите (дури и до министер за внатрешни работи) кога му е нарушено здравјето итн. итн.

Некаде во 1955 година, се чувствува се послаб и поисцрпен. Се жали дека нешто не е во ред со неговата здравствена состојба.

Еден ден, по девет години и четири месеци издржана казна, му се соопштува дека може да замине дома. Бил изненаден, зашто тоа и не го очекувал, а веќе и не го барал, па прашал – зошто е слободен? Што е изменето? Тој е осуден на 11 години?

Меѓутоа, одлуката била дефинитивна и Ченто требало да замине од Идризово во Прилеп. Едноставно, на 4 септември 1955 година, е отпуштен и за него затворските години се завршени. Во 53. година од неговиот живот, тој е ослободен.

Но, по добивањето на решението, Методија Андонов ќе упати барање до Управникот на КПЗ – Идризово, во кое ќе побара појаснувагње – зошто во решението стои дека е пуштен од затвор условно, кога за никаков услов, или нешто слично, не му било соопштено во претходните контакти. Меѓутоа, и тука одговорот изостанал.

Методија Андонов се враќа во Прилеп. Доаѓањето и заедничкиот живот со семејството и со најблиските не биле веќе како секогаш дотогаш, кога заминувал и одново се враќал во својот роден град. Почнува да работи на прилепските полиња, да работи и како армирач, како ѕидар на некои објекти.

Кога бил на изградбата на Градската кафеана, се собирал народ среде Прилеп, за да го види поранешниот претседател како сега е умешен и во градежните работи. Но, Ченто чесно го заработувал своето парче леб и воопшто не се срамел што на таков начин го издржува своето семејство.

Во ова меѓувреме, органите на безбедноста во Прилеп го следат секој негов чекор и педантно ги бележат сите лица, кои контактираат со Ченто. Некои од нив се викани на “разговор”, а други се предупредувани и им се упатуваат закани дека, доколку продолжат каква било врска натаму, тоа не ќе биде добро за нив. Изолацијата за Методија Андонов почнува и по вторпат во неговиот роден град, и тоа по издржаните тешки затворски денови.

Здравјето и натаму се повеќе му се влошува. Неизлечливата болест го прави своето. Издржува тешка операција на стомакот, барал да биде испратен на лекување во Швајцарија, но за тоа не добил одобрување и, летото, состојбата веќе му е крајно критична.

Од 24 јули 1957 година, Методија Андонов умира од рак. На погребната поворка во Прилеп дошле многу пријатели, познајници и симпатизери, но на последното испраќање многумина и не се осмелиле да присуствуваат, од страв за евентуални последици за нив. Првиот претседател на Македонија е закопан меѓу “обичните смратници” во семејните парцели на Градските гробишта во Прилеп, каде што и денес почиваат неговите посмртни останки.

Какви се впечатоците, сеќавањата, видувањата, како на Методија Андонов, како политичар, како човек и патриот, како на претседател, кој замина од висока функција и кој и натаму беше суден и осуден, гледаат одделни негови современици, соработници, соборци, познајници. Чукнавме на повеќе врати, контактиравме со повеќемина, дел од нив сакаа да говорат, некои одбија, со покуси и подолги образложенија, некои воопшто не сакаа да им се споменат имињата, а беа расположени да помогнат вистината за Ченто да се чуе и да се запише онака како што е. За првпат по некој збор изустија ќерката и синовите на Методија Андонов, примајќи го авторот на овие редови (како и многумина други) со доза на резервираност, можеби поучени од се што ги следело во животот дотогаш.

На понудата да проговарат и да кажат толку, колку што нивното име и презиме се сврзува со Ченто, некои од соговорницита кратко одговорија (цитираме):

Лазар Мојсов, тогашен судија – поротник: - Не, немам што јас тука.

Панта Марина, тогашен претседател на Судскиот совет: - Ништо, ништо, ништо.

Цветко Узуноски – Абаз, тогашен министер за внатрешни работи. Иако не прими многу љубезно, одговорот беше кус и категоричен, а ние го запишавме буквално: - Сум се заколнал дека јавно нема да се занимавам со политика, дека нема да зборувам и не го газам тоа. Историјата е на историчарите. А бидејќи така сум решил, затоа и останувам на тој свој став... Со еден додаток чуен потоа, дека: - Нема револуција што не правела грешки и таа се уче на сопствените грешки, но кога се разгледува од било кој аспект, токму ова прашање, треба да се проникне во основното – што се добива со тоа. Ако револуцијата не ги исправи грешките, тогаш и ќе пропадне, - рече Абаз.

Меѓутоа, во оној дел што би го рекле неофицијален, неврзан разговор, Цветко Узуноски на нашите поставени прашања, во врска со случајот Методија Андонов Ченто, во врска со тогашните потези, критики, оставка, апсење, судење и затворот, рече дека треба да се разјаснат и да се дојде до вистината. – Ние сега можеме да викаме обединета Македонија, но тогаш тоа беше опасно да се спомене; Ченто сметал дека не е решено македонското прашање и затоа се залагал тоа да се интернационализира на меѓународен план. Во разговорот, оној неофицијален, ја допревме и темата околу борбата за власт во тие времиња, за огромната моќ, влијание и конечниот збор на врвните партиски личности, а во НОВ за преголемите компетенции што си ги давале себеси инструкторите на ЦК КПЈ итн., итн.

Богоја Фотев, соборец и пријател на Ченто, министер за земјоделство на Македонија, е меѓу првите, кој имаше храброст да ја открие табутемата Ченто и јавно да побара вистината за неа да се презентира пред лицето на јавноста.

- Што не натера на ваков чекор, - беше нашето прашање упатено до доста виталниот 90-годишен Богоја Фотев, кој така лесно ги носи на своите плеќи деветте децении и зачудувачки свежо говори за многу значајни периоди, личности и настани:

- Со Ченто бевме добри пријатели и го познавав многу добро, за да поверувам на неговите гревови, по кои му се случи тоа што му се случи. Уште повеќе што и судењето не беше такво какво што требаше. Па јас, од Тоде Ношпал, во миг на искреност, лично чув дека му го скроиле планот на Ченто, а Ношпал нашол луѓе во Мариовско, каде што Методија Андонов имаше толку многу пријатели и со нив, всушност, му ја наместија играта, која, знаете како кобно заврши. Уште повеќе имав основа за сомневање кога чув оти Ченто не е апсен на граница, туку дома.

Се заедно, голема ујдурма беше направена, и тоа се така добро и организирано и дотерано, па, иако Ченто беше паметен човек, успеаја да го наседнат.

- Вие паметите и други настани сврзани со него?

- Се сеќавам на оној случај со тутунот, кога при крајот на војната, во монополските магазини, беа најдени големи количества – 6 милиони килограми од овој толку важен македонски производ, што во тоа време вредеше вистинско злато. Президиумот полагаше голема надеж, зашто од добиените пари ќе решаваме многу проблеми. Меѓутоа, стаса делегација од Белград, за да го бара тутунот од нашата Република и, на заеднички одржаниот состанок, повеќето од членовите се изјаснија тутунот да остане во Македонија, меѓу нив најмногу се залагаше Ченто. Се разви бурна дискусија, но...

заклучокот беше таков, каков што сакаше Партијата, тутунот отиде во Белград, а ние останавме без пари.

- А амандманот, па плебисцитот?

- Македонството беше многу истакнувано од Андонов. Кога се водеше расправа за нашите браќа од Егејска и Пиринска Македонија, тој беше на становиште дека треба да се изврши плебисцит, да гласаат сите Македонци и да се види дали се за обединета или за разединета Македонија. Примерот со амандманот на првиот Устав, во кој бараше самоопределување до отцепување на народите беше вистинска екплозија во тоа време. Веднаш се свика состанок на Пратеничкиот клуб на Македонија. Зедов збор и јас. Реков дека Ченто избрза, зашто никој друг не поднесе таков амандман, освен ние Македонците?

Но според сегашното мое гледање на работите, мислам дека тогаш Ченто не згреши.

- Што се случи потоа?

- Како што е познато, работите потоа добија сосема поинаков тек. Ченто поднесе оставка и се врати во Прилеп. На едно заседание на Народното собрание на Македонија, свикано по друг повод, излезе на говорницата Цветко Узуноски, министер за внатрешни работи, и изјави дека “народниот непријател Ченто се наоѓа во рацете на државната сигурност”. По оваа вест следуваше голем аплауз во салата на Парламентот.

На крајот, по инсценираниот судски процес, кога Ченто е осуден на тие 11 години затвор, јас навистина со жалење го примив сето тоа. Зашто беше многу честит човек, голем патриот.

- Ова ли е се од вас?

- Ние, до 1948 година мислевме дека градиме комунизам и дека ние сме војници на Партијата. Верувавме во неа. Видете го случајот со Панко Брашнаров, кој така сурово умре на Голи Оток. А во војната имаше кариеристи, неморалисти, расипани, гадови, наспроти идеалите и чесните луѓе.

Марија Андоноска – Јакимоска (ќерка на Методија Андонов)

архитект во Прилеп:

- Да се живее децении и децении со тешките и непреболни лузни, како дете, на предавник на земјата, која, мојот татко ја сакаше повеќе од се на светот, беше премногу тешко и тоа никогаш не заминува во заборав. Низ каков ли пекол минавме ние, неговото семејство...

Ете така за првпат, а се уште со доза на извесна резервираност, многу кусо проговори Марија Андоноска, и додаде: - Како ли може да се чувствува човек, какви ли траги останале во сите нас кога ни се затворале врати пред нашите очи, кога сме биле неброени пати пред непробојните ѕидови на молчењето, кога од тоа шиканирање на секој чекор не сме можеле да го добиеме она што нормално ни припаѓало. Или мајка ми, која по 25 години чекање пензија по смртта на татко ми Методија, ја доби, но, за жал, не многу време и пред нејзината смрт.

И така постојано – неизвесност, страв, борба за корка леб, за да преживееме, тоа беше нашиот живот, нашата судбина. Мајка ми остана многу горделива и непокрона, иако работеше се од утро до мрак, переше, ткаеше, садеше тутун, помагаше, само за да го прехрани нашето семејство, а потоа и да не школува, да не изведе на пат, мене и браќата Илија, Андон и Владимир.

Марија Андоноска, ни приспомнува уште еден детаљ: - По апсењето на татко ми, кога уште не знаевме што ќе се случи со него, беше извршена конфискација на мебелот, купен додека бевме во Скопје и тоа со лучни средства и со сочувани потврди.

Бев мала, а сепак, добро паметам кога дојдоа со два камиона, мислејќи којзнае што ќе кренат од куќата на Ченто, за да покажат потоа дека неправедно се збогатил... Што однесоа – кауч, неколку столчиња, масичка и тука некаде завршува списокот на спечаленото богатство, - рече меѓу другото Андоновска.

Методија Стојкоски, тогашен личен возач на претседателот на Президиумот, Ченто: - Сеќавањата за Методија Ченто никогаш нема да избледнат, бидејќи умееше од луѓето да создаде пријатели кои нема да траат еден ден или една година. Се наоѓав во неговата најнепосредна близина за сето време додека беше претседател на Президиумот. Јас бев личен возач на претседателот, но најмалку бев само тоа, бидејќи ги возев и другите. Со Ченто одевме и низ Републиката и надвор од неа, гледав како го застануваа луѓето, им приоѓаше и тој. Беше многу срдечен, сакаше секого да го сослуша и да помогне.

Инаку, во Скопје, јас и не го палев автомобилот, зашто кога ќе му понудев да го однесам дома, тој одбиваше. Живееше во центарот на градот и велеше оти нема потреба, а така да речам, го бркаше и неговиот личен чувар.Се чувствуваше слободно:

“Па ние се боревме да ги избркаме жандарите и од кого да се плашам. Посебно ако ме сака народот, тогаш навистина од кого страв и зошто чувари зошто стражи...” велеше Ченто. Инаку, скромноста и оној непосреден однос му беа најголемата човечка одлика, за разлика од некои други, кои поиаку си го наредија животот...

Василе Десоски, фотограф, интерниран заедно со Андонов во бугарските логори, кој со своите сеќавања за Ченто се враќа децении назад: - Го знам од чаршијата како многу честит и пргав, како човек со авторитет кој несебично им помагаше на сиромашните и им ги отпишуваше долговите на оние кои немаа да платат. А добро е позната и неговата помош на партизаните.

Заедно поминатите денови во логорот во Чучулигово во Бугарија, ги паметам многу добро. Ченто беше здрав, спортист, и работеше повеќе од сите нас на железничката линија и во тешките каменокршачки отвори. Се сеќавам кога не ослободија, во Софија имавме малку време и влеговме во една антикварница, Ченто купи книга за Миладиновци која ја читавме натаму по патот за Прилеп. И не можам да не спомнам дека идејата за Македонија не го напушти никогаш. Тој во неа и за неа ги даде сите свои идеали и им се предаде целосно, не штедејќи се...

Димитар Алексиевски Пекар, раководител на Второто одделение на Оперативната зона на УДБА. (Името на Пекар, повеќемина наши соговорници го доведуваа во директна врска со апсењето на Ченто во Прилеп, па оттаму и беше логично да се чуе мислењето и на Димитар Алексиевски.):

- При навраќањето на сите настани од минатото, пожелно е да се гледа во контекст на тогашното време, на настаните и фактите врз кои се правени одредени чекори. Во конкретниот случај, кога е во прашање Ченто, должен сум да кажам, дека јас лично, иако ме споменуваат, не сум учествувал во неговото апсење.За тоа не сум имал и потреба. Во тоа време јас бев раководител на Второто одделение на оперативната зона на македонската УДБА. Од наши луѓе, врз основа на сознанијата со кои располагавме, за некои контакти и подготовки за бегање на Ченто во Америка преку Грција, беше издаден налог за негово апсење. За целиот случај имаше посебна документација која беше подготвена од надлежните служби. Пред да се изврши ова апсење а и потоа, специјални комисии, меѓу кои имаше и една сојузна, вршеа проверка на сите доказни материјали. Сето тоа значи дека ништо случајно не е правено, и за се имало причини и поводи.

- Каде е всушност апсен Ченто?

- Апсењето на Ченто од луѓето на УДБА е извршено во Прилеп, и тоа во неговиот дом. Јас не се сеќавам точно каде бев, но знам дека во Прилеп не присуствував, бидејќи за тоа немаше ни потреба.

Веднаш по апсењето, Ченто од нашата страна, од Службата на УДБА, беше пренесен во Скопје. Потоа постапката ја водеа истражните органи со кои нашата служба немаше никакви контакти. Практично со тоа заврши постапката која беше во надлежноста на УДБА. Оваа работа од апсењето до предавањето на истражните органи на Ченто траеше многу кратко.

Но, се сеќавам дека во случајот Ченто имаше документи врз кои ние, како одговорни и задолжени за овие работи во тоа време, ја извршивме поставената задача. Потоа траеше процесот за кој знаете како заврши, - рече на крајот Димитар Алексиевски- Пекар.

Киро Поп Атанасоски, занаетчија долги години во прилепската чаршија: - Преку глава ми поминаа многу провокации по апсењето на Ченто и тоа наседаке околу мене, поточно околу нас, но јас си ја гледав работата. Факт е дека Ченто за време на сите режими пркосно го истакнуваше своето национално битие, кое и на крајот скапо го чинеше. Немилиот настан во Гимназијата во Прилеп во 1940 година не заминува во заборав.

Да се има храброст пред тој аудиториум, пред тие фанатици и во тоа време да се каже тоа што го кажа Ченто, беше навистина невидено и нечуено. Тепањето, малтретирањето и затворот не го поколебаа... Инаку што се однесува до заминувањето преку граница, ако сакаше да оди сите мариовци му беа пријатели.

Тие ќе го пренесеа без никој и никаде да чуе и види...

Благој Чонески – Чоната, претседател на Општинскиот одбор на борците од Прилеп, меѓу другото, ни рече: - Беше решителен, храбар човек, кој во партизаните отиде од убедување, и неговото излегување на 42-годишна возраст беше голем поттик за што побројно заминување на прилепчани во редовите на НОБ. Тој беше во стројот на бригадите на многудневните тешки маршеви од Дебарца кон Егејскиот дел на Македонија, натаму кон Козјак и Куманово...

Цветан Стефановски, пензионер, ни раскажа еден интересен детаљ кој заслужува да биде забележан: - Бев во Кавадаречко на служба, вели Стефановски, кога летото 1946 дојде наредба:

Бидете подготвени, утре Ченто ќе бега преку граница... Само тоа и ништо повеќе. А јас претходниот ден го видов, работеше нешто пред дуќанот, во чаршијата. Значи, сценариото било напишано и добро однапред се знаеше се што ќе се случува со Методија Андонов.

На судењето во Скопје присуствувала и Сава Кантарџиева од Охрид, која приспомнувајќи се на доста моменти, изрази желба да проговори за и околу атмосферата присутна на процесот во Окружниот суд: - Првиот ден кога очекувавме да влезе обвинетиот, дојде една група, главно помлади, од кои повеќето беа жени. Меѓу нив на клупите се најдовме и ние, дел од роднините. Новодојдените изгледаше како да пристигнуваат организирано.

Кога почна судењето, ми падна во очи преголемата смиреност на Ченто за време на читањето на обвиненијата и кога одговареше на некои прашања. Мошне чудно беше тоа, зашто тој беше познат како доста темпераментна, а овде како да гледавме сосема друга личност. Што ли стана со него? Какви ли промени настанаа и зошто? Толку пати се прашував и тоа навистина не ми беше јасно, а се сеќавам дека се бранеше само повремено. Рече оти не мислел да бега и оти не е фатен на граница... присутните – публиката, само што ќе изустеше Ченто, толку гласно се смееја, што тоа страшно нервираше и го одвлекуваше вниманието од распитот, а можам да сфатам како се чувстуваше обвинетиот.

- Во вечерните часови, вели Кантарџиева, по завршувањето на процесот, тргнавме со сопругата на Ченто кај еден пријател за таму да ја минеме ноќта. По патот, гласно ги коментиравме впечатоците од судењето, па негодувавме и сл. Кога не престигна некој во темнината и грубо ни се закани да престанеме да зборуваме оти веднаш ќе мора да тргнеме по него. Овој непознат, а сепак препознатлив укор, навистина успеа да не замолчи и да не исплаши. Повеќе не изустивме ниту збор – вели Кантарџиева.

Милан Самакоски сограѓанец, адвокат во пензија:

- Го видов како дете, го доживеав како остарен човек. Од 1923 година беше во редовите на оние што се бореа за ослободување на Македонија и тој континуитет го одржа до смртта. Немирлив беше ниту со големосрпската, ниту со големобугарската и со никој друг режим и полиција, кои така безочно се пресметуваа со македонските револуционери, со остатоците од комитите, убивајќи ги најсвирепо, фрлајќи ги низ прозорците, наместувајќи им несреќни случаи. Во тоа тешко и опасно време, на мегданот за слобода на Македонија во овој крај беше и Ченто, кој влезе со голем елан и авторитет, како неуморен борец и агитатор на слободољубивите и прогресивни идеи.

-Го нарекуваат тврдоглав, како го познававте вие?

- Да, читам од некои што пишуваат, а и други што даваа изјави па го квалификуваа како тврдоглав, како човек со кого потешко се излегувало на крај. Ништо понеточно не е кажано за еден чесен Македонец, принципиелен, и целосно предаден на идејата, за борба против окупаторите и тешката поделба на Македонија. Тоа што некои го сметаат за тврдоглавост, всушност, е цврсто застанување и останување на своите убедувања.

Ченто секогаш беше со нас, со студентската група која го револуционизираше народот, а неговиот дуќан добро познат центар. Тој не престана да помага никогаш. И на луѓето и на партизаните во кои замина кога веќе беше во поодминати години. И, на крајот, стана прв претседател на првата слободна, по толку векови Македонија. А јас, и сто животи да имам, нема да поверувам оти бегал непријателски, шпионски, како што така тешко го оквалификуваа...

Вера Ацева: - Чентовите застапувања за правата и интересите на македонскиот народ се познати. Познато е и тоа дека како граѓански политичар, иако не беше комунист, тој соработуваше со нас, со членовите на Партијата, во чии редови стапи за време на НОВ. Беше човек со свое јас и него го убедуваа само фактите а не дисциплината и вербализмот...