Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Metodija Andonov-Chento

Front Matter - Part 08

Од Фиданка Танаскова · Дел 8 од 9 · Околу 21 минути

Читај на English

Кога беше симнат од претседател и апсен не знам, но се зборуваше дека е тоа сторено бидејќи ја бранел буржоазијата, а денес ценам, дека како постар, поискусен човек во тоа време, тој бил за поумерени постапки. За жал, тогаш поголемиот дел од нас, прилепските раководни кадри, сеедно кој каде беше и дали директно, индиректно или воопшто не беше известен, а поради нашиот преголем идеализам, нашата младост и наивност, не бевме во можност да согледаме некои игри во политиката. Се на се, се чини оти во тоа време некои популарни луѓе во Македонија не беа пожелни.

Борко Темелковски – Лилјак: - Јас немав некои директни контакти со Методија Андонов Ченто, а за време на војната бевме на различни страни од боиштата во Македонија. Така што не можевме да се сретнеме дури ни тогаш кога бевме членови на првиот Иницијативен одбор за свикување на АСНОМ, формиран есента 1943 година, чиј претседател беше тој а се состоеше од само шест члена.

Го сметав за голем Македонец, за патриот и чесен човек, кој со своите сфаќања и со својот мироглед, остана еден граѓански политичар со углед, кој ја прифаќаше линијата на Партијата и во чија соработка беше многу отворен, искрен и активен, - рече на почетокот од нашата средба Борко Темелковски.

- Меѓутоа, по ослободувањето се покажа дека еден дел од луѓето, меѓу кои беше и Ченто, останале со своите гледања во, ако така можам да речам, граѓанско еснафски хоризонт. И кога револуцијата беше принудена во периодот на востановувањето на новата власт да презема поостри, а во извесни моменти и ригорозни мерки за свое зацврстување, за решавање на важни животни проблеми, сврзани со исхраната на населението, со снабдувањето на војската итн., во такви услови, морало да се посегне по извесни непопуларни мерки конфискација, оданочување на побогатите и слично. Тогаш Ченто почнал полека да се дистанцира, па некои од тие преземени мерки нему му наликувале на неправда.

- За некои мерки Ченто имал и отпор?

- Сигурно дека не значи, - вели натаму Темелковски, - оти сите мерки што ги спроведувала Републиката не биле без ексцеси.

Не. Зашто во некои моменти не можеле да се контролираат однесувањето и потезите на одделни луѓе, кои требало и кои морале да ги спроведуваат тие мерки. Затоа и се случувале ексцеси кои немале законска основа, кои не биле на линијата на револуцијата и го разгорувале чувството, дека се прави нешто што не е в ред. Тоа кај некои граѓани, а претпоставувам и кај Ченто, предизвикало своевиден отпор...

Меѓутоа, колку и да биле некои негови грешки и скршнувања од линијата на Партијата, дисонантни, не би смееле да бидат причина за конечниот раскин со него, а уште помалку да бидат повод тој да се третира како непријател, - продолжи натаму со своите сеќавања, Борко Темелковски–Лилјак. – Затоа, основно што би требало да го одржи Ченто и натаму во редовите во кои и за кои се избори; биле неговата улога што ја одигра во текот на НОВ, особено како прв претседател на АСНОМ, неговата чесност, македонскиот патриотизам и готовноста да соработува со народната власт.

- Имал и критички забелешки?

- Неговите критички забелешки што во повеќе наврати ги искажувал во однос на политичката што ја водела власта, можеле да бидат и неприфатливи, но морале да се земат како израз на чувство на еден чесен човек и како израз на несогласувањата со одделни мерки. Меѓутоа, преголемата осетливост на власта, довела до раскин со него, па денес и мене не ми е јасно – зошто? Причина за разидувањето што избило на површина биле тие негови автономистички гледања, тезата за отцепување на Македонија и за спојување со други држави, како и да се изнесе македонското прашање пред ОН.

Сите тие сознанија за Ченто, доколку биле изнесени во Политбирото, за мене барем, биле вистински кои доаѓале во Партијата од извори, за кои не сум можел да ја проверам веродостојноста, посебно (поради статусот на ОЗНА). Тоа што ни се нудеше нам, заначеше (така барем веруваме) оти е веќе проверено на компетентно место. Иако, можеби, сме имале и двоумење, некои работи се примале и болно, но сепак биле прифаќани како такви. И, неискрен е тој што ќе рече поинаку, подоцна.

- По судирот на Ченто со Партијата, членовите го прифаќале ставот на Партијата. А, ние дури сме држеле и говори, сме го споменувале името на Ченто и сме биле на линијата – да не се прифаќаат неговите ставови. И, се поради тоа што такви биле информациите кои не само што сме ги добивале, туку сме ги прифаќале како точни, како вистинити.

Што се однесува до апсењето, за мене излегува сосема јасно, барем судејќи според она што беше присутно во печатот, оти Ченто не бегал преку граница, туку е земен и одведен од дома.

Што се однесува, пак, до тврдењата кои се појавија во печатот дека Ченто е неправилно осуден, овие тврдења до сега никој не ги демантирал.

Во конечната сметка од ова временска дистанца кога се посматраат настаните, не би требало да се заборави дека Партијата дејствувала по еден болшевички, сталинистички систем. Во такво време, во таква констелација на односите, зборот на раководството бил – вистина, за сите комунисти. Па додека се имало партиска книшка, комунистот бил човек од посебен ков, непогрешлив и се што ќе направел е направено добро. Во овој момент кога ќе ја загуби книшката, тој за општеството веќе сатнува отпадник.

Значи, или си бил светец, или си бил ѓавол. Комунистот и кога требало да каже – не, тој веднаш требало да се праша – што ќе биде со него, - рече меѓу другото Борко Темелкоски-Лилјак, изнесувајќи свои сеќавања за Методија Андонов Ченто.

Димче Мире, тогашен референт за просвета на Федерална Македонија:

- Основно е народот да ја знае вистината, зар не? – беше првото прашање упатено до Димче Мире.

- Народот мора да ја знае вистината и најопасно е кога се молчи, кога не му се обелоденува, кога е излажан. Никој не треба да бега од одговорноста, каква и да е таа, - рече Димче Мире.

- Ченто е оквалификуван како непријател?

- Ченто како непријател е оквалификуван, но од оние кругови и врвови кои решавале, кои ја имале моќта, и чиј избор бил конечен. Како човек и како активист уште од стара Југославија, беше патриот каков што можела да посака Македонија.

Израснат во сиромаштија во него беше огромна желба да успее.

И успеа. Стана граѓанин од прв ред. Се што спечали во Прилеп го создаде чесно, со труд, без крадење и махинации. Тој така и во Револуцијата кога тргна остави се и замина. А отиде од уверување, како голем патриот, и кој може на тоа да приговори.

Не ги примаше работите априори и доколку се убедеше во нешто, имаше смелост да го брани тој свој став. А беше Македонец пред се. Тоа некому не му се допаѓаше. Не беше комунист. Не. Но, беше многу прогресивен, па не случајно ние, интелектуалците од Прилеп околу 35-мина го зедовме Ченто да биде наш кандидат. На изборите во 1938 година, го поддржавме како заменик на Ќиќевиќ на парламентарните избори. Какви ли не притисоци се вршени на него, меѓутоа, никој не успеа да го скрши. И затоа, не можел Методија да биде непријател. И не е.

Друго е тоа што инсистираше на своето, што упорно стоеше на своите позиции.

- Беше смел борец. Реков, и немаше сила која можеше да го исплаши. Што не сторија окупаторите да го направат свој човек, но тој не се даде никако, туку се бореше жестоко против нив. Тој и во Револуцијата појде од убедувањата и од длабоки, чисто македонски идеали. А беше работлив човек и не можеше да замисли седење со скрстени раце. Како претседател на Президиумот, на пример, тој немаше којзнае каква работа.

- А зошто?

- Па бидејќи се узурпира врвот на Партијата. Тие ќе се договореа таму и ќе дојдеа со готови решенија. Така беше и во владата. Јас бев нејзин член. Само нека може некој да заземе друго становиште. Тоа го решиле и готово – решено. Се сеќавам во поткрепа на ова, кога требаше да се формира првата македонска влада во април 1945: другарот Колишевски, сите нас кои бевме членови на Президиумот и водевме некој сектор, не викаше и ни ги соопштуваше решенијата, ако така може да се каже. Го повика и Ченто. Му рекол (тоа Ченто ми го кажа подоцна) дека тој ќе биде повторно биран за претседател на Президиумот. На тоа Ченто одговорил: “Не сакам да бидам претседател, јас не можам без работа. Затоа, сакам да бидам министер за трговија. Проблематиката добро ја познавам, сум се занимавал со неа, и во овие тешки времиња можам да придонесам за подобро снабдување на населението...” – Ми се чини дека сето тоа, - вели натаму Димче Мире, -му се бележело и му се пишувало како минус. Да, точно како минус.

- Тој имаше поинакви гледања и за некои потези, како на пример, при распишување на првиот заем (данок) во 1945 година кога им даде за право на некои прилепчани за наводно големите давачки што им биле наметнати со него, а јас мислев поинаку, и кога дојдоа во Скопје да се жалат, Ченто им даде за право, а не беше во право. Тоа јас им го реков.

Но, во секој случај, Ченто е име во нашата историја и никој не може да го збрише. И нема потреба да се брише. Секој активен борец има добри и лоши страни во својот живот. Тоа што не му чини, не му чини, но тоа што е негов плус и негов придонес на Револуцијата, на победата, тоа е неговото. И колку повеќе такви личности има, толку повеќе нацијата добива.

- Борбата против Ченто е јасна, настојувањето е од вчерашни дни (денес веќе не може така) да се оцрни, да му се припише и што треба и што не треба. И што е, и што не е негово, апсолутно не стои. Тоа се злобни јазици на злобни луѓе.

Извршувањето на делото го правеле обични луѓе, но наредбата е дадена од врвот и тоа никој не може да го избегне, - го продолжува своето кажување Димче Мире. – И тие трба да имаат кураж да излезат пред ова општество и да кажат, но да ја кажуваат вистината.

- Обвинет е при обид за бегање преку граница?

- Тоа е најсрамното нешто, - беше категоричен Мире. – Ченто како човек не беше таков, тој не бегаше од одговорноста и немаше зошто да бега од татковината, како предавник. Не можеле друго да му најдат па му ја нашле таа најмизерна лага.

Велам дека е најмизерна лага, еве зошто: Ченто беше осуден и одлежа затвор. Еден ден јас одам во Прилеп и го наоѓам како меша вар при изградбата на една зграда. Мене душата ме заболе. Па зар дојдовме до таму да ги уништуваме своите врвни, предани борци. Ако е виновен достојно, нека го заврши животот а не на тој начин. Зашто, само државата губеше.

Народот не можеше никако да го сфати тоа, а всушност, беа поени за Ченто.

- Што тука, човеку, - му реков. На тоа прашање Ченто одговори:

“Па, еве, гледаш. Станав варџија...” Откако се разболе многу тешко, по пуштањето од затворот, Ченто барал да му дозволат да се лечи во Швајцарија, но, не го пуштиле. – Ченто, ти си паметен човек, -му реков. – Остани докрај со крената глава. Нема да те пуштат и да не бараш, да не молиш да се смилуваат тие што те уништија. Тогаш ми го рече ова: “Ама какво бегање. Ти ме знаеш мене дека јас не сум така скроен. Само не можам да разберам кому толку му пречев, па сето ова да го измисли, мене да ме уништи.”

- Нема никому да му прости историјата. Никому, - вели нашиот соговорник. – Ќе си умрат тие, можеби, и самонаречени херои.

Вистинските паднаа на бојното поле. Но е многу добро да соберат кураж и човечка смелост па да излезат и да ја кажат вистината. Подобро тие, отколку историјата утре сама да им суди, - рече Димче Мире.

Коле Чашуле, судија-поротник на процесот во ноември 1946 година, кога Методија Андонов е осуден на 11 години затвор: -Методија Андонов Чентое е една од маркантните личности во предвоеното опозиционо движење во Македонија. Тоа негово место нема никава причина да биде осветлувано поинаку, одошто е вистината за него. Македонскиот народ воопшто, ниту некој пак поединечно, нема право кон таа вистина нешто да придодава или да одзема, - рече на почетокот Коле Чашуле.

- Ченто е сложена личност, контроверзна. Со темперамент кој е несекојдневен, со многу прилепско во тој темперамент. Во политичката орбита е влезен колку воден од неговата амбиција и убедување, тројно повеќе од потребата на тогашното опозиционо и ослободително движење во Прилеп да се изнајде фигура во чаршијата, којашто нема веднаш да биде маркирана, а со тоа и оневозможена, како комунист. А прилепската чаршија отсекогаш била фактор од пресудно влијание во поведението на градот. Како таков тој беше истакнат и како кандидат на Здружената опозиција и стана синоним за борбата на изборите, особено во 1938 година.

Комунистичката партија во Прилеп не само што го активира и му даваше поддршка на Ченто, ами изврши големо, а можеби пресудно, влијание во изградувањето на неговата политичка свест. И акција. Ние, тогашните студенти и комунисти со големо внимание се однесуваме кон него и со јавни симпатии.

А и тој имаше исти за нас.

- Какви се контактите и какви се релациите со Ченто во тоа време?

- Моите контакти со него, бидејќи тие години јас работев главно во Белград, студирав, беа повремени. А и разликата во годините си го правеше своето. Поблиски врски со него немав ни до 11 Октомври 1941 година, по што заминав од Прилеп и не се вратив во него до крајот на 1944 година. За тоа дека тој им се придружил на партизанските одреди научив од Манифестот на Главниот штаб кога го добивме в затвор. Признавам, неговото име за мене, и не само за мене, беше еден вид изненадување, нечекано затоа што очекувавме на чело на Главниот штаб да се најдат други личности. Меѓутоа, неговото име го примивме со симпатии.

Веднаш по ослободувањето немав подиректни контакти со него бидејќи работев во Порече. Но, откако преминав за секретар на ОК КПМ за Прилеп, а тогаш секретарот на ОК беше и секретар на Фронтот и на власта, се случи акција околу која дојде до своевиден конфликт со Ченто.

Имено, немајќи пари да ги исплатиме службениците и да ја одвиваме нормалната дејност во градот, ние, на мој предлог, решивме да свикаме народен собир, нешто како митинг, и, без репресија, јавно да побараме во таа ситуација да помогнат со пари оние кои печалеле за време на окупацијата. Всушност, се работеше за обид да се зафати, на еден своевиден начин, без сурова репресија, дел од воената печалба, - продолжи Чашуле.

Тој собир се свика во тогашната Соколана. Луѓето дојдоа.

Митингот, со самото присуство во градот, бездруго, изврши притисок на дел од повиканите, доброволно да пријават помош.

При што, пак, од своја страна, тутунарите понудија на младата македонска држава без надомест да и ја подарат целата реколта од таа година. Собирот сврши без инциденти. Неколку дни по тоа, бев известен дека е дојден Методија Андонов Ченто, дека ги има собрано таканаречените чорбаџии во “Балкан” и дека ја критикува нашата акција, што значеше дека и ги окуражува да не ја извршат ветената обврска. Млад, усвитен, каков што бев тогаш, со моите 25 години, јас го разбрав тој негов гест (без да не повика и нас) како дезавуирање на Комитетот, па побарав да дојде в Комитет или ние да отидеме таму, па лице в лице да ги расправиме работите. Ченто тоа го отфрли. Употреби не само критичи зборови за нашата акција, ами и навреди, сведувајќи ги на детинштина, партизанштина, со денешен јазик речено, на волунтаризам.

Цената за тоа, се разбира, ја платив јас. Бев сменет од функцуијата секретар на ОК КПМ и префрлен, еден вид по казна, во Скопје. Најголемиот приговор е дека народот на еден од митинзите почнал да го скандира моето име, барајќи да говорам. А тоа му пречеше можеби најмногу на Ченто. Но, крајот беше тој.

- Како да се допре вистината?

-Оттука натаму јас немав никакви контакти со него. Затоа денес кога се прават побитни, чесни и праведни напори да се отвори до крај вистината, нужно е целата работа коректно да се димензионира. Еуфоријата и емоциите тука многу не помагаат.

Фактите се тука и не е потребна нивна “доградба”.

Еве некои од нив:

За да се затвори тогаш некој, особено ако е тој претседател на АСНОМ и фигура како Методија Андонов Ченто, и покрај сите евентуални прерогативи на тогашната ОЗНА, не можело без политичка одлука и согласност на највисоките раководни тела во Македонија – Централниот комитет и неговото политвиро, раководството на Народниот Фронт, Претседателството на АСНОМ и владата на Република Македонија.

И нешто повеќе, со оглед дека Ченто, како претседател на АСНОМ, ги надрастуваше рамките на Републиката, таква одлука не можела да се смисли, камо ли пак да се изврши без согласување од највисоките раководства на Федерацијата. Во прв ред на политбирото на ЦК КПМ и лично на Тито. Оттука, сите анализи на затворањето на Ченто, па и судскиот процес, треба да бидат разгледувани најпрвин во тие координати.

Процесот немаше да биде одржан да немал безмалу унисона поддршка на сите учесници во тие раководства. Понатаму, тие морале – било нивна морална и комунистичка обврска, да бараат да бидат во тек со: апсењето, истрагата и процесот, со можност да интервенираат ако констатирале, во која и да е фаза, нерегуларности, особено ако е во прашање-монтиран процес, - вели Чашуле.

- И по толку децении, судскиот процес е енигма?

- Судиите на процесот доаѓаат, сосем како и самиот процес, како последен чин, пред кој се извршени сите претходни дејства, во кои е неотповикливо присутна широката, но и поединечната одговорност на сите кои ја донесувале одлуката или ја прифаќале со замолк. Без штогоде отпор.

Историските факти непорекливо ќе докажат дека во сеопштата манипулација, имено, судиите се исто толку жртва колку и обвинетиот. А најголема жртва е јавноста, заедно со обвинетиот.

Според нашиот соговорник, неправда е да се создава денес една нова манипулација, и овој пат со јавното мислење.

- Пред и да се утврди што и да е, мора да се каже кои се личности во македонскиот политички врв, по име и презиме, по функција биле во можност да влијаат, дали тие работеле од свои побуди или биле само извршители на заповедите на највисоките органи на Федерацијата, и воопшто дали дале и каде, во раководствата, каков и да е приговор, отпор или неслагање со апсењето и судењето на Ченто, па и со пресудата.

- Каде е запалено “зеленото светло”, чија одлука е тоа?

- Не можело тогашната ОЗНА да преземе една ваква акција спрема еден човек како што е Ченто, а да нема зелено светло, целосна слобода да изманипулира цела една игра и да монтира цел еден процес. Тоа и најнаивните нема да го поверуваат, -додава Чашуле и продолжува:

- Значи, апсењето на Ченто, теоријата за неговото бегство преку граница, процесот, пресудата, па и неговата робија – се мошне прецизно осмислени:

- политичка одлука на највисокото југословенско – па потоа македонско раководство.

Има три категории извршители во сето тоа:

Првата, оние кои ја осмислуваат, планираат, даваат директива и го контролираат извршувањето, со сите прерогативи да интервенираат во сите фази на заговорот.

Втората, непосредните извршители, органите на ОЗНА и полицијата.

Третата, оние – кои се исто така жртви на заговорот, на монтираниот процес, а кои се грижливо избирани со строго и далекусежно осмислени цели: судиите и јавното мислење, народот.

Историската наука, ако не сака одново да биде манипулирана, а со неа и јавното мислење, треба да ги отворат сите прашања и врати до вистината.

Впрочем, станува збор за рехабилитација на Ченто, но и за нешто позначајно – за рехабилитација на интегритетот на Македонија и на македонската ослободителна борба. Станува збор за годините во кои се создавале претпоставките и за некои денешни состојби, особено онаа на зависноста.

- Никој нема право да се изземе себеси, да се однесува денес како тие месеци и години да бил отсутен, да ја заобиколува вистината за своето учество во одлуките за Ченто и во сиот заговор, независно од тоа, дали тоа бил негов свесен акт или упловосан замолк, или верно подаништво коешто се граничи со слепило, - категоричен е нашиот соговорник.

- Некои од актерите во донесувањето на одлуката за апсење, процесот, затворањето на Ченто се мртви. Еден од нив, на пример, е Благоја Поповски, прилепчанец, близок пријател и комшија на Ченто, а обвинител во процесот. Тој не може ниту да дава објаснение, ниту да докажува дали бил процесот монтиран, а е еден од главните учесници.

Мртви се и некои од тогашните раководители. Но, затоа долг кон вистината е – на сите – да не молчат, да не се затскриваат зад нивното “непаметење” или замолк, кој, сметаат на тоа, ќе ги куртули од јавноста, и од одговорноста.

Некои имаат длабока сметка да молчат.

Но, ниту еден нема право од соучесник во заговорот да се преправа во невинче, коешто, ете, си ги мие рацете оставајќи вината да се премести, неправедно, антиисториски, на делот од жртвите во истава демонска монтажа и манипулација.

И, на крајот, покрај науката постои и еден друг судија – совеста.

Сосем не е случаен изборот но, останувам намерно, само на судот, во него да се сместат двајца прилепски угледни комунисти, со искажан, па и за тогашното раководство, иритантен македонски национален набој: Благоја Поповски и јас. А и да се избере трет прилепчанец кој ќе се задолжи јавно да го изрече нападот на Ченто. Осмислувачот имал јасна премисла. Тоа е денес повеќе од јасно.

Што се однесува до мене, јас мислам, а убеден сум дека сите факти недвосмислено ќе го докажуваат и докажат тоа, дека сум

– смислена жртва во целата таа монтажа. Жртва којашто е изманипулирана по линијата на најсветлото чувство на човекот

– неговата најискрена приврзаност и верба во Револуцијата и во Македонија.

За да не биде сево ова проста декларација, ќе ги наведам сите факти:

Прво, за конфликтите во врвните раководства на Македонија, во врска со Ченто, па и со политиката околу и во Македонија, за борбата за власт и престиж во тие години – јас немав безмалу накакви, никакви информации. Работев едно време во Министерството за народно здравје, како началник за општоздравствено просветување, а подоцна во Радио Скопје, како уредник.

Митската оддалеченост на тогашните раководства од нас не отворала никакви можности да бидеме штогоде информирани.

Освен така како што сакало раководството.

Коле Чашуле, судија поротник на процесот на Методија Андонов во 1946 година, во продолжението од нашиот разговор, рече: - За апсењето на Ченто, научив, дали сосема случајно, во кабинетот на Видое Смилевски-Бато, кој во тоа време одговареше за идеологијата на КПМ. Бев кај него по сосем друга работа кога тој ми рече дека дента Ченто е фатен како бега на самата граница и дека бегството имало за цел тој да се поврзе со Англичаните, со Интелиџенс сервис и лично со капетан (или мајор) Хил, задолжен тоа времеза Македонија.

- Ченто се товари со претешки обвинувања?

- За мене, млад, усвитен брзомислест, таа вест беше поразителна. Можев да разберам и наши внатрешни судири, макар што за нив во Македонија не знаев ништо, та дури и непријателства од лична природа но, никако не можев да смислам дека нашите прашања, а особено судбината на тукушто ослободената Македонија, да се поврзува со Англичаните и посебно со капетан Хил. Тие беа синоним, за мене, на силата која ја откина Егејска Македонија од нас. Не ми беше јасно како можел Ченто да се спушти на таа нискост. Но, фактот ми беше презентиран како неоспорен факт, од една од најодговорните личности во КПМ, а јас сам тогаш немав достатно опит да се загледам и зад појавната страна на работите. Во таа пригода, думам, јас категорично ги осудив сите обиди да се вовлекуваат странски сили околу нашето прашање, а најпрвин Англичаните, кои ги сметав за главни наши непријатели.

При тоа, не треба да се заборави дека тоа се години, кои, од друга страна, коинцидираат со Димитровскиот период во Бугарија. Извесно време – подоцна, а во меѓувреме не бев чул никакво сомневање во фактот дека е Ченто фатен на самата граница – бев повикан пак кај Видое Смилевски, при што тој ми рече дека тие (се подразбираше највисокото партиско раководство) ме избрале мене за еден од судиите – поротници, и ми беше повторено дека не постои никакво сомневање не само во бегството на Ченто преку граница, ами и во мотивите и врските таму, во Грција.

Во текот на подготовките за судењето учествував сосема малку, но имав контакти, приватни, затоа што бевме во иста соба на робија со Благоја Поповски, обвинителот на Јавното обвинителство, од кое не стекнав сомневање дека се работи за монтиран процес.

На судењето, кое беше јавно, присуствуваа фамилиите, граѓаните. Салата беше безмалку полна. Денес некои ме уверуваат дека тоа биле маскирани или јавни Озновци што допуштам, но јас видов и познав луѓе кои не беа тоа. Нејсе. Не ја менува вистината и целата публика да била изманипулирана.