Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Metodija Andonov-Chento

Front Matter - Part 02

Од Фиданка Танаскова · Дел 2 од 9 · Околу 20 минути

Читај на English

По тие валкани изборни игри и по некои други нечесни подметнувања на Мачек, а подоцна и на Гавриловиќ, било повеќе од јасно оти “никој не ќе му подаде рака на Македончето”, како што запишал Ченто, туку дека без никаква помош мора сам да ја води и добива битката за правда и вистина, независно дали ќе бидат тоа изборни трки или други начини. Зашто, за каква и да е поддршка, секогаш платената цена била превисока, а корисноста, речиси никаква.

Очигледно било дека речиси секој од лидерите на режимот, ветувал и се додворувал на свој начин, главно за да собере и однесе гласачки поени во изборните трки, кои кога ќе бидат завршени, тогаш оделе во неврат и силните ветувања и нудените “добродетелства” за народот.

Затоа, развенчавањето со мачековци, гавриловиќи, цветковиќи и со некои други, станало неминовност, а збивањето, зајакнувањето на сопствените редови, неотстапна определба на таа силна и доста политизирана прилепска маса прогресисти и патриоти.

Како човек од еснафот, од народот, како дуќанџија, Ченто бил избиран и за претставник од страна на трговците и угостителите од Прилеп во Индустриско-трговската комора во Скопје, при што на седниците на нејзиното собрание поставувал доста “незгодни” прашања и смело и отворено истапувал против политиката што ја води комората, политика која била во полза на индустријалците и на државата, но на штета на трговците кои пак, оптоварени со глоби и давачки, своите сметки ги наплатувале и од онака сиромашниот џеб на своите муштерии.

Не можел и не го примолчал и постојаното трубење дека Кралството многу сторило за народот на Јужна Србија (односно за Македонија) кој занесен за некаква си Македонија ништо не и возвраќа на државата. “А кој го прашувал кутриот народ. Па тој бил пљачкосуван и черечен на сите начини, даночно товарен толку многу што не можел глава да крене”, рекол Ченто, кој чемерно ги примал овие режимско попувачки навреди, па еден ден, не можејќи повеќе да го издржи сето тоа, станал и на седницата на Комората, меѓу другото, рекол:

“Доста ни е од ваквите префрлувања дека сме неработници и дека државата многу повеќе ни дала отколку што зема во изминатите години. Јас ви велам – не! Нам државата многу ни зема, а ништо не ни дава, па, ајде оставете не ние самите да ја управуваме слободна Македонија. Знаејќи ја денес како изгледа, дојдете по пет и десет години и ќе видите што ќе биде од неа…”

“Каква ли дрскост било тоа. Каква ли смелост да се стане и да се проговори такво нешто”, запишале будните режимочувачи кои за овој “инцидент” и директно го информирале претседателот на Министерскиот совет и тоа со строго доверливо писмо од 8 јуни 1940 година во кое му се изложува загрижувачкиот дух на сепаратизмот: “Идејата за создавање на слободна Македонија се пробила во толкава мера што била доволна само искра (особено) младината да пламне…” Отворни стрели му се упатуваат на Ченто кој се нарекува познат автономист и сепаратист од Прилеп и огорчен противник на режимот. Меѓутоа, не можејќи да го замолчат, тие се му паметат и бележат до следното апсење, до следните полициско-затворски одисеи…

На пленумот на Трговската комора од Скопје пред 60 претставници од сите краеви на Вардарската бановина тој одново се огласува: .Зошто поднесуваме резолуции и молби.

Зошто зборуваме кога оние надлежните од Белград се покажаа неспособни да водат држава и стопанска политика кај нас, во Југославија… Нека ни дадат слободна Македонија…” Непомирлив е и натаму; па гледајќи оти управата навистина тера по свое, тој писмено се обратил до скопскиот бан барајќи да се суспендира тогашната управа во која биле само Срби, но и до изборот на нова, банот во комората да постави комесар.

Секако овие јавни истапи веќе му ја скроиле капата, и покрај другите квалификативи, неговото однесување е оценето како дрскост, и како штетно за големосрпската власт. Дежурните режимски мирочувари со загриженост ќе запишат и ќе напишат до министерот во 1940 година дека во “Прилеп веќе не се чувствува оти има Срби. Дека во јужните краеви загрижуваат активностите на комунистичко-сепаратистичките сили”.

За Прилеп посебно ќе нагласат оди од100 луѓе, 98 се против Србите. Доказен материјал за аларм и за лавина од остри мерки и конкретни закани. Ченто има посебно место “на топ-листата” на најбунтовните и бележитите, на неподобните и опасните, за човек кој отворено истапува и сее немир кај се поразбудената народна свест. Режимлиите правеле се само за да се “заштитат” младите од поматување на умот и од инфицирањето со национал-патриотските чувства.

Еден од многуте примери е секако оној кога властодржците и нивните истомисленици, пред крајот на 1940 година, во ФК Хајдук од Прилеп, кој инаку го формирал и го финансирал Методија Андонов, прават обид за “изборна диверзија”. Го користат неговото отсуство, свикуват набрзина собрание, избираат ново раководство и се бара целосен прекин со Ченто.

Запаметен во Прилеп останал и второавгустовскиот излет на ден Илинден во месноста Шаторов камен, кој иако бил под доушнички надзор, сепак, организаторите во целост успеале да ја остварат својата намера. На тој ден сите што се викале Илија, по стариот добар обичај, честеле за имендените, Ченто честел за својот син, а трети пак нашле трет повод за доаѓање и собирање. Кога се видело дека е насобрано доста народ, Коле Чашуле му дал збор на Методија Андонов, кој пред поголема група излетници, меѓу другото, вели:

“Не, ние не треба да му веруваме никому од страна, зашто нивните ветувања се празни и ги користат само за лични интереси. За нашата правда и слобода ние самите можеме да се избориме. Гледајте што стори Мачек, кој ветуваше федеративно уредување на Југославија и национални права за Македонците.

Каде е сега Мачек, (во тоа време потпретседател на владата на Цветковиќ) да им дозволи и на шпанските доброволци да се вратат од Франција, а кога заминуваа да се борат на фронтовите за слобода на Шпанската република тој ги поддржуваше, зашто беше во опозиција. Нашиот пат се нашите илинденци. Да живее Илинден, да живее слободна Македонија…” Од Шаторов камен, враќајќи се во Прилеп, излетниците почнуваат веќе организирано да слегуваат во градот, и така се формира колона на демонстранти, за цело време приклучувајќи и се се повеќе луѓе. Пристигнуваат на корзото каде што пред демонстрантите говори Борка Талески. Продолжувајќи натаму низ градот тие замиуваат накај монополот, извикувајќи долж патот пароли “Долу кралот и династијата”, “Да живее слободна Македонија…” Завршен говор во Тризла одржува Кузман Јосифовски, но додека се уште е пред насобраниот народ, настапуваат жандармите и војската при што дошло до тепачка со голоракиот свет.

Ченто успева и се провлекува низ масата луѓе, доаѓа дома, но полицијата, како и на некои други личности, веќе му е зад петиците. Неговата стара и болна мајка не ќе отвори на силното полициско тропање на порти, наоѓајќи изговор со нејзината болест и неможност, меѓутоа, знаејќи дека го имаат во рацете еден од главните непослушници и учесник на илинденскиот собир, тие остануваат саноќ пред влезот.

Изутрина, на излегување, Ченто е уапсен и однесен в затвор каде што веќе се доведени Борка Талески, Трајко Тарцан, Коле Чашуле, Коце Ќурчија. Зад решетките тие остануваат со недели.

Па дури и дента кога му умира мајката, Ченто одвај, со придружба на жандармите е пуштен да појде на одарот за последното зборување со својот сакан родител.

Возбудената полициска агентура ја пробдеала ноќта педантно составувајќи го извештајот за “немилиот настан”. Утредента, на 3 август 1940 година, началството на прилепската околија ќе опише и ќе запише во својот одново доверлив документ, се во детали што се случувало на Илинден, а посебно тоа, дека, организаторите заедно со критиките упатени на адреса на власта жестоко и безобѕирно го повикувале народот да му се спротивставува на режимот, да не оди војска итн. Најдебелиот крај го извлекле Талески, Курчија, Тарцан и Ченто, кои обвинението ги товари дека се огрешени од Законот за заштита на јавната безбедност и поредокот, па како такви немирници и опасни за околината се испратени во затворот на Ада Циганлија и во почетокот на септември предадени на тамошниот истражен судија. Четири седмици потоа ќе бидат префрлени во затворот во Велика Кикинда каде што ќе останат до крајот на ноември

1940 година.

Заминуваат потоа дома, но кај Ченто останува горчината за она парадно славје кога жандармите, врзан со синџири, а околу него бајонети, на очиглед на народот и на семејството го носеле на железничката станица за да го испратат во затвор во Србија.

Главоболките на властите во овој крај не само што не стивнуваат, туку тие тлеат и стануваат се поголеми. Нив особено ги предизвикуваат и главни носители се вакви и слични “националисти”, по кои непослушниот и “заведен” народ, ете, не сака веќе да зборува ниту на српски јазик, што во полицискиот извештај е оценето како “едно од најголемите зла”.

Македонската интелигенција, младите работници чаршиџиите, учениците на сите јавни места и во секоја пригода наместо српски, нормално, го зборувале македонскиот јазик. Тоа било карактеристично таму каде што противрежимското движење било и изразито присутно и имало се поголемо влијание.

Ченто во тоа време, иако има семејство со четири деца од 18 месеци до 8 години, е активен со другарите во иницирањето и во директното учество во акции кои биле отворена атака, немирење со постојаното и израз на револт и нетрпеливост кон властодршците.

Скандалот во Прилепската гимназија бил без преседан во тоа време и најочигледен пример на тврдокорноста и неотстапувањето од своите идеи и убедувања и не само од нив, независно притоа каква и колку ќе биде сурова тортурата и одмаздата.

Имено, се се случува на 8 декември 1940 година: тој ден во Народната гимназија во Прилеп вриело од народ. Околу 200 родители биле повикани на многу сериозен разговор – на наредба и закана нивните деца, гимназијалците, да не зборуваат на македонски јазик ниту дома, а за во училишните клупи не смеело да стане збор.

Ченто не ги заборавил тешките затворски дни и месеци во Прилеп, на Ада Циганлија и во Велика Кикинда, премногу му се свежи сеќавањата на се она што преживеал таму, а ете, одново влегува во силен оган и пркосно се впушта во нова битка, прифаќајќи го ставот на Месниот комитет, пренесен од Јоска Јорданоски, да настапи во Гимназијата.

СКАНДАЛОТ ВО ПРИЛЕПСКАТА ГИМНАЗИЈА Ченто: Нашите деца мора да го зборуваат својот мајчин македонски јазик Жестоки полициски контроли и тортури, затвори и логори, но Методија Андонов храбро поднесува се И уште похрабро се бори за својата идеја и за својот народ Кога директорот го отворил состанокот, тој многу загрижено, луто и со прекор што бил закана, им се обратил на родителите оти “чудни времиња” се тоа, па еве, учениците, не само дома, туку и за време на одморите, дури и на часови, меѓусебно зборуваат на некој чуден друг јазик, а не на мајчиниот српски, книжевен. И што е уште позагрижувачки, дури вршат влијание и на српските деца, кои веќе за жал, го зборуваат тукашниот јазик, делејќи се на Срби и на Македонци. Со оглед на тоа што ова било раширена појава, директорот уште еднаш апелирал до родителите, дома со учениците, да не зборуваат поинаку освен српски...

Кажал што имал да каже строгиот гимназиски раководител и кога завршил, станува Методија Андонов и пред насобраните родители, ученици, наставници и други присутни, рекол:

“Господине директоре, вие не можете да го варате тоа од нас.

Ниту вие, ниту кој било друг не може да им забрани на децата дома и овде, во Гимназијата, да не зборуваат на својот мајчин, македонски јазик. Нашите деца имаат право да зборуваат токму на него. Исто како што ниту некој друг смее да им забранува на српските деца да го говорат својот јазик. Ако ги немаме нашите политички и национални права за самостојност во една федеративна држава кои ни ги одзеде овој политички поредок, тогаш ќе дојде ден кога оваа земја нема да се вика Јужна Србија, туку тоа што е – Македонија и која ќе биде самостојна држава. Југославија има повеќе покраини со разни нации и тие единствено можат да живеат заедно со федерацијата...” Како шок, како вистински скандал одекнал тој смел настап на Методија Андонов пред насобраните родители, професори, пред писарот и доушниците во Прилепската гимназија.

“Уште додека зборував”, ќе раскажува подоцна Ченто, “полицискиот писар Миливое Матиќ веќе ги загуби нервите и почна силно да ми се дере: “Престани со политички и со антидржавни пропаганди...” Не можејќи да издржи и да дочуе се што имав да кажам, се нафрли и физички да ме нападне. Му се придружија и некои професори и србомани, па против сите нив веќе беше тешко сам да излезам на крај”.

Веднаш по овој инцидент Ченто е одведен во полицијата каде што го чекала жестока тортура. Непрекинато е тепан 12 часа.

Во тоа оргијање неколкупати губи свест, му кршат ребро, му корнат коса и кожа од главата, а по телото му нанесуваат повреди и рани, од кои не ќе може да стои на модрите стапала а од силните болки што го мачат од бубрезите не ќе може ниту да седне, ниту да прилегне.

Тепањето и сето друго малтретирање не изнудило покајување, а најмалку порекнување на што било од оној “црн арсенал”, што го рекол во еден здив во Гимназијата. Напротив, решен да истрпи се, тој само ги повторил веќе чуените барања за национални права што уште повеќе ја разбеснело, и без тоа, збеснатата полиција.

Овој скандал без преседан, добил широки димензии и Ченто одново е турнат во голема немилост кај режимот и е предаден на државниот обвинител за да подигне обвинение за сторените дела, казниви според Законот за заштита и безбедност на поредокот. Меѓутоа, за да не се случи да го искористи тоа жестоко малтретирање за лична одбрана а за напад на полицијата во идното судско соочување, на 4 јануари 1941 година одново го интернираат во Србија и тоа во Баина Башта.

Е, тогаш, ќе му ги соберат на куп и сите поранешни непослушности и гревови, паметејќи му се, а го стасува и обвининието за говорот кој своевремено го одржал во Трговско-индустриската комора кога настапува со барање да и се дозволи на Македонија да биде федерална единица во Југославија и сама да ги покрива своите расходи од сопствените приходи.

Од Баина Башта, Андонов требало да биде одведен во Белград каде што ќе му суди државниот суд. Меѓутоа, планот (само донекаде) го нарушува нападот на хитлеровска Германија, зашто на 15 април утрото кога било заземено Ужице, тој со уште тројца Германци е изведен на стрелање. Снаодливо и овојпат успеал некако да се извлече од жандармериските канџи, но само до попладнето. Имено, приоѓа кон една група луѓе за да чуе какви било новости. Меѓутоа, бидејќи доушниците и полицајците биле на секој чекор, го поткажуваат новодојдениот, му прилепуваат оти е петоколонаш, фатен е веднаш од воената полиција, вратен во касарната и прекиот суд го осудува на смрт.

Пресудата веќе била готова, а претседателот на судот, инаку потписник на најстрогата казна, си заминува со пајтон накај градот. На патот го пресретнале група видни граѓани, инаку Чентови познајници, се распрашале што станува со Андонов и на одговорот дека му е одмерена казна смрт и можеби е веќе стрелан, тие го опколиле и настојчиво го убедувале гарантирајќи му оти станува збор за чесен граѓанин, а не за петтоколонаш, па затоа молат да биде ослободен.

Претседателот на судот, веројатно веќе убеден оти со Ченто е завршено, сепак покажал добра волја и им предал куса белешка на тие упорни граѓани и пријатели во која напишал дека го ослободува тешко обвинетиот. Ченто, кој веќе бил врзан за дрво и околу него стоеле егзекуторите чекајќи да му ги врзат и очите, спасил глава во последен миг. Во тој страшен претстрелачки час дотрчале луѓето и откако капетанот го прочитал писменцето, наредил да се одврзе затвореникот, кој не можел да им поверува на сопствените очи. Па само до пред еден миг бил на работ на смртта. Восхитен од овој незаборавен гест на пријателите, тој ќе најде начин и пријателски да им се оддолжи натаму во животот.

Но ова не било крај на неговите потреси и стапици. Главата и по третпат ја извлекол, следната вечер, кога четници, преоблечени во униформи на финансиски контролори, ја нападнале куќата во која имал пристан. Ченто се спасува благодарение на чесните граѓани на Баина Башта, па таа вечер бил сместен на сигурно, кај пријатели, во блиското село Вишесава. Неколку дни потоа, на 22 април, добива објава и заминува за Македонија.

Тоа била последната од многуте пред тоа полициско-апсански епизоди, крај на еден, големосрпскиот, но за жал, почеток на друг, на бугарскиот фашистички режим, кој бргу и многу агресивно почнал да ја плете својата уценувачка пајакова мрежа, атакувајќи на повеќе активисти и граѓани и не избирајќи средства и начини како да ги оствари своите мрачни цели и планови.

Враќајќи се дома и овојпат се што му поминало преку глава, а ете, веќе е повикан на разговор, но сега во Македонскиот национален комитет и тоа по аберот на адвокатот Атанасов од Кавадарци. Не знаејќи со кого има работа, прифаќа разговор, но понудената платформа била големо разочарување за него, и уште веднаш му станува јасно какви им се намерите на тие “вредни” активисти на Комитетот. Тие му нудат кметска функција во Прилеп и соработка со бугарската власт, бидејќи, како што непрестајно ќе го убедуваат, “Македонија конечно се обедини со Бугарија”, па и се потребни луѓе како него.

Видно огорчен Ченто реагирал многу решително, одговарајќи оти како Македонец никогаш не се борел за обединување со Бугарија и е далеку од умот да се споменува такво нешто, туку дека се бори за обединета Македонија и за националните права на својот народ. По така отсечно дадениот одговор, Атанасов останал вџашен и стаписан, и тоа бил прв и последен разговор со Македонскиот национален комитет, своевиден експонент на бугарофилската политичка пресија секој на македонската територија да се изјаснува за бугарска националност.

Андонов не се приклонувал кон вакви и слични комитети, независно какви платформи имале и какви последици следеле за него самиот: “Јас одбив да соработувам со бугарската влада зашто бев Македонец. Се борев против окупаторите, за мене беше најважно обединувањето на цела Македонија, но, не со Бугарија, туку на Македонија, и добивање национални права на Македонците”, (26 април 1941).

Во Прилеп, бугарските гестаповци, агентите и началникот Цветан Могилански, претпоставиле дека Ченто ќе сака да им се одмазди на сите оние кои така жестоко го малтретирале во Гимназијата и во полицијата, а кои толкупати пред тоа го затворале, па сега му нудат одврзани раце за вратка и за расчистување на “старите сметки”. На ваквите великодушни понуди, Ченто само одмавнал со кус коментар дека тој никогаш не бил, ниту пак сега е за некаква одмаздничка вратка и секој нека си ја гледа работата, што многу го разочарало Могилански.

Конечно, пропаднал неговиот обид, по секоја цена да го врбува и да го придобие овој претставник на прилепскиот еснаф и на напредното револуционерно крило.

Интересно било секојдневието во прилепската чаршија, а бројните случки од тоа време остануваат запаметени, некои како необични, други како тажни, трети како попријатни. Така едно претпладне во Чентовиот дуќан влегува Кузман Јосифовски и кој како што си имал обичај веднаш отишол кај радиоапаратот сакајќи да ги чуе утринските вести од Радио Лондон. Во истиот миг реагирал газдата Методија Андонов, кој застанал до Кузмана и пред очи му го затворил радиоапаратот, прекорувајќи го гласно оти доаѓаат само за да слушаат музика, без притоа динар да поарчат. Кузман Јосифовски го погледнал изненаден од ваквиот однос и онака поприлично зачуден излегол надвор.

Каква услуга со тоа, всушност, му направил Ченто, Кузман ќе дознае набргу, кога му објаснил оти морал да му го затвори радиото пред очи, зашто во дуќанот биле бугарски агенти, предупредувајќи го притоа, кога ќе влегува другпат тука најпрво добро да извиди и да внимава дали се тука поткажувачите и агентите, зашто доколку тогаш го пушти радиото и двајцата ќе ги затворат. Ова појаснување од Ченто, Кузман го примил со олеснување и со благодарност.

Првите летци против фашизмот, против Хитлер и против бугарските окупаторски власти во Прилеп се фрлени на Петровден, во јули 1941 година, и истиот ден Ченто е затворен, заедно со браќата Никола и Благоја Попоски, Вера Ацева и Борка Модерното. И само благодарение на тоа што калфите на Ченто – Јоска и Борка Јорданоски навреме им сториле абер дека полицијата ги бара под дрво и под камен насекаде, Кузман Јосифовски и Мирче Ацев успеале да куртулат од апсење. По ова, Кузман, Мирче, Борка и Тарцан, заминуваат во илегала.

Кога побарала Василка Андонова одговор од властите зошто е уапсен Методија, кого до вчера го затворале Србите, а денес тоа го прават и Бугарите, и било речено оти е тој водач на комунистите кои се лоши луѓе, со лоши идеи, па затоа и е зад решетки... По неколкудневните затворски испитувања и малтретирања, Ченто и другарите се пуштени на слобода освен Аспарух Јосифовски, кого го мачеле за да изнудат признание – каде се крие братот Кузман.

Во тоа окупаторско време напредните младинци, граѓаните, илегалците и комунистите се повеќе се организираат, а нивната акција од ден на ден конспиративно се шири во градот под Марковите Кули. Наближува Илинден и кога допираат вестите оти Бугарите подготвуваат илинденска прослава китејќи се со туѓи заслуги, личности и настани, во анот на Ченто веќе забрзано се испишуваат транспаренти за слобода, за демократија, за тоа дека илинденците се Македонци, а не Бугари итн. Меѓутоа, дежурните агенти ја провалиле акцијата, предаден е Јоска Јорданоски, кој дознавајќи го тоа навреме, по своите канали, се скрива и оттогаш со уште неколкумина другари заминуваат во илегала, со што и овој список постојано се шири со нови, значајни имиња и борци.

Во Прилеп станува се помасовно и посилно јадрото на отпорот против окупаторскиот режим и акциите сврзани со подготовките за оруженото востание неговиот скорашен почеток.

На 11 Октомври 1941 година, на овој голем ден за историјата, одекнуваат слободарските истрели, се огласува првата пушка во Македонија. Пламнува Прилеп, пламнува октомври, почнува востанието и оружените акции.

Во ова време Ченто не учествува директно во тие акции околу нападот на Участакот од страна на прилепските партизани, но во есенските дни, во зимските месеци и потоа ги помага борците и испраќа пари за храна, снаоѓајќи се тоа да го чини на најразлични начини и по низа тајни канали и врски.

За таквите акции во 1942 година одново е провален и затворен со калфата Борка Јорданоски, додека неговиот ортак Крумен Волнароски успева некако да се спаси па потоа и тој да замине во илегала. Непријателските власти наоѓаат некаков повод, прават претрес во куќата на Ченто, го пронаоѓаат Уставот на Советскиот Сојуз и тоа е нов “несоборлив” доказен материјал за “опасниот елемент” за кого веќе нема место во Прилеп па затоа и ќе биде однесен во битолските зандани.

И по се она што се случувало околу него, Методија Андонов малку ќе минува дома, меѓу своите. Веќе во првите месеци на есента тој одново се наоѓа на списокот на опасните противници на бугарскиот режим, а поводот е ист, како и претходниот – ги помага партизаните. Меѓутоа, сега казната е тешка. Ставен е на списокот на групата што ќе биде стрелана кај Дабница, а го спасува единствено случајноста, што за време на апсењето не е во градот. Со оглед на тоа што при секоја акција на комунистите веќе е осомничуван и затворан, тој често заминувал надвор од Прилеп, по набавка на производи за компанијата за која работи.

Бргу се расчуло за големото дабничко злосторство, па така, Ченто речиси цел месец и половина се задржува низ разни места на тиквешкиот крај. Оттаму заминува за Скопје, каде што се среќава со Кузман Јосифовски, при што овој виден активист му предлага веднаш да оди во партизани. На Ченто пред очи му излегуваат опасните репресалии што одмазднички ги вршат жандармите над семејствата на партизаните. И, што да се стори? Како да се заштитат сопругата и четирите деца, мисла постојано присутна кај него.