Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Macedonians and the Greek Civil War

ГЛАВА ЧЕТВРТА - ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ДЕМОКРАТСКАТА АРМИЈА

Од Наум Пејов · Дел 9 од 19 · Околу 15 минути

Читај на English

ГЛАВА ЧЕТВРТА - ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ДЕМОКРАТСКАТА АРМИЈА

1. Односот на силите спроти 1949 година Демократската армија 1948 година не успеа да ги оствари своите поставени задачи, како во однос на мобилизацијата на нови сили во своите редови, така и за реализација на планот за создавање поголем дел од слободна територија.

Во почетокот на 1949 година (30-31 јануари 1949 година)

одржан е V пленум на Централниот комитет на Комунистичката партија на Грција. На тој пленум е оценета воено-политичката ситуација во изминатата 1948 година, односот на силите и наредните задачи. Воената ситуација на V Пленум оценета е како следува:

“Во 1948 година монархофашизмот имаше општ неуспех и на воениот сектор. Американците и монархофашизмот во текот на 1948 година се подготвија сестрано да расчистат со ДАГ.

Создадоа вооружени сили (војска, национална гарда, џандармерија, МАИ, МЕА итн.), од над триста илјади души.

Овие сили ги вооружија со најдоброто вооружување кое го произведува американската воена техника. Обездомија 700.000 селани за да ја изолираат Демократската армија. Со злочинечки терор, што ги надмина и класичните примери, сакаа да го задушат народниот отпор во градовите, Развија и една добро организирана идеолошка пропаганда, остварија своја “духовна мобилизација” за да повлијаат и го скршат духот на масите.

Сите овие подготовки се одразија во паролата: во 1948 година ќе завршиме. Ова го прогласија сите – Американците, Англичаните, монархофашистите со одобрувањето и од меѓународната реакција. Но резултатите ги демантираа сите народни непријатели. Монархофашистичките, американските и англичанските генерали стратешки не успеаја на целата линија.

Не успеаја ни да задржат и да уништат макар и незнатна сила на ДАГ. Изгубија, особено на Грамос, десетици илјади од својата елита. Кон крајот на 1948 година видоа дека им се испаруваат тактичките успеси од цела година. Цакалотос, иако имаше два корпуса, изгуби на Вич. Демократската армија здраво го држи масивот на Пинд и повторно го зазеде Грамос. Во Пелопонез се создаде положба која заканува да ги сврти сите стратешки предвидувања на монархофашизмот и на целата воена ситуација во Грција...” Точно е наведеното дека Демократската армија во 1948 годниа издржа едно тешко искушение. Но точно е и тоа дека непријателот ако не успеа да го совлада отпорот на Демократската армија успеа да го осуети планот за широка мобилизација во редовите на Демократската армија – натаму успеа да и ги осуети плановите за проширување на слободната територија.

Токму поради погоре споменатите тактички и стратегиски задачи на двата спротивни табора во Грција, во текот на 1948 година се развија големи битки, какви што беа во Централна и Источна Македонија, Румелија и Пелопонез, битките на Вичо и Грамос. Местото и времето, начинот на борбите и својата тактика, секој гледаше да ја наметне. Непријателот и ја наметна на Демократската армија позиционата борба во Грамос, која, иако му нанесе големи загуби на непријателот во жива сила и во материјал, човешки жртви имаше и Демократската армија, која откако го бранеше повеќе недели, беше принудена на крајот да отстапи. Тоа беше позициона борба иако на планински терен каде не можат да дејствуваат тенкови, но затоа дејствуваше артилеријата и авијацијата, оружје со кое непријателот обилно се користеше.

Значајна победа Демократската армија забележа есента 1948 година во реонот на Малимади. Тука не само што беше одбиен нападот од единиците на атинскиот режим, туку беа разбиени две бригади и натерани во панично бегство. Меѓутоа, резултатите од оваа битка ДАГ не ги искористи за заземање на градските центри во Југозападна Македонија, во правец на Костур-Кожани, бидејќи не беа свесни за значењето на ова добиена битка.

Спроти 1949 година, атинскиот режим располагаше со добро вооружена армија од околу 200.000 души, со фанатизирана џандармерија од 50.000 души и вооружени цивили од околу 50-

60.000 души. Оваа армија располагаше со современо оружје.

Атинскиот режим успеа да формира и такви единици, кои по својата тактичка намена и состав даваа доволно гаранција дека ќе се борат. Тоа беа таканаречените единици ЛОК и единиците на џандармеријата.

Демократската армија располагаше со околу 40.000 луѓе вооружани со доволно пешадиско наоружање (според информациите на ДАГ).

Атинскиот режим успеа во доволна мера да ја контролира одбраната на градовите и сообраќајните врски така што спроти 1949 година Демократската армија не располагаше со широки можности да делува во градовите и да врши мобилизација на нови борци – беше ограничена главно на планинските терени на Источна, Централна и Западна Македонија, Епир, Румели и Пелопонез.

Од чисто воена гледна точка атинскиот режим во однос на Демократската армија имаше предност како во бројната состојба така и во вооружувањето на својата војска. Но за една револуционерна армија со востаничка иницијатива, таков однос не е страшен, ако навистина демократската армија ја развиваше во полна мера својата револуционерна суштина. Но за развојот на борбите не е доволна само оваа страна на прашањето, важни се и други моменти, особено морално-политичкиот.

Нападот од Коминформ, со познатата резолуција од 22 јуни 1948 година против КПГ, имаше директно влијание врз настаните во Грција. Отпрвин не во голема мера, но заострувањето на односите се повеќе и повеќе се храбреше непријателот, кој умееше тоа добро да го искористи. Таа криза не остана без последици и во редовите на Демократската армија. Во Резолуцијата на V Пленум на ЦК КПГ читаме дека пленумот “продискутира и за решението на Политбирото на ЦК КПГ од 15 ноември 1948 година, за десното опуртунистичко сквршнување во КПГ...” Оваа, како што после стана извесно, се однесуваше на исклучувањето на генерал Маркос и Хриса Хаџивасилиу од редовите на ЦК КПГ. Јасно е дека тоа можеше да има само негативни последици во редовите на ДАГ и демократското движење во целост, со оглед на раководната улога на генерал Маркос- врховен командант на ДАГ и претседател на Привремената демократска влада. Затоа настаните во 1949 година треба да се гледаат во светлината и на овие моменти.

Непосредните задачи кои се поставуваа пред ДАГ на споменатиот пленум од јануари 1949 година, беа следните:

“а) со ненадејни и постојани напади во целата земја да ги спречиме и парализираме во најголема можна мера подготовките на непријателот за 1949 година;

б) да ге стабилизираме и прошириме слободните територии во Северозападна Грција, заземајќи и градски центри;

в) Тесалија и Румелија имаат задача со решителна борена активност да го предизвикаат и исцрпат на својот терен нападот на непријателот во 1949 годниа и да создадат една широка слободна зона околу централен Пинд;

г) Пелопонез треба да го уништи нападот на непријателот и толку да ги развие своите сили и напади што да претставува фактички еден вистински втор фронт во заднината на непријателот, кој ќе му ги разстрои стратегиските планови и предвидувања.

д) VI и VII дивизија имаат како главна задача да ги зајакнат своите напади против непријателот, зголемувајќи го прогресивно натисокот на Солун”.

Познато е дека овие планови не се остварија, во прв ред поради тоа што Демодратската армија и во овој период, како и порано, не можеше да го реши прашањето на резервите, т.е. на широка мобилизација на нови сили. Ова всушност ги вклучува во себе сите елементи на слабостите на вооруженото востание во Грција. Тоа значи дека ова движење не го разви потребниот револуционерен замав.

Еве што за горното прашање вели резолуцијата од V Пленум на ЦК КПГ:

а) “Да ги осигуриме по области, дивизии и Главен штаб, резервите што ги предвидува планот. Било какво заостанување во тој поглед ќе ги има истите последици како и во 1948 година.

Вредноста на секој воен и политички раководител и секој наш кадар, ќе се цени на база на тоа, дали ќе задаволи на ова основна задача”.

Сите напори за една масовна мобилизација на востаничките сили не успеа и 1949 година стана година на крајна фаза на граѓанската војна во Грција, со повлекувањето на главнината од Демократската армија во источно-европските земји.

2. Поважните настани во 1949 година На основа оцената и поставените задачи на V Пленум на ЦК КПГ, се направија обиди да се развијат борбите во текот на 1949 година. Демократската армија требаше да ги осуети подготовките на непријателот, кој користејќи го опитот од 1948 година се спремаше за нови офанзиви во текот на 1949 година.

И навистина, Демократската армија во текот на зимата и раната пролет 1949 година, разви широка офанзивна активност во цела Грција.

Во текот на месец јануари единиците на ДАГ го нападнаа и го зазедоа градот Негуш во Егејска Македонија. Нападот и заземањето на Негуш беше добар успех, макар што не можеше да биде задржан од единиците на Демократската армија. Тој напад го подигна моралот на ДАГ, опадна кај непријателот. Од Негуш стапија во редовите на ДАГ нови борци, тоа беше единствениот начин на кој можеше да се врши поширока мобилизација на нови борци од територијата контролирана од непријателот.

Во текот на месец јануари беше заземено и извесно време задржано гратчето Карпениси во Румели.

Овие напади продолжија и во текот на месец февруари со нападот на Лерин. Но нападот на Лерин не само што не успеа, туку беа дадени голем број жртви од ДАГ, што претставуваше и морален удар за единиците на ДАГ на овој терен.

Со настапувањето на пролетта 1949 година почнаа наизменички напади на ДАГ и на атинскиот режим, кој постепено ја презема иницијативата во свои раце на тој начин што истовремено презема офанзива на Грамос, Источна Македонија и ја засилува офанзивата во Пелопонез и Тесалија. Пролетната офанзива на атинскиот режим во Грамос не успева да ги измести единиците на Демократската армија.

Пролетта 1949 година Привремената демократска влада презеде мировна иницијатива.

На 26 април 1949 година печатот на ДАГ го објави на првата страница под крупни наслови апелот од Привремената демократска влада до “Генералното собрание на ООН, Светскиот конгрес на приврзениците на мирот, демократите од целиот свет”. Текстот изнесен во весникот “Прос ти ники” гласеше:

“Привремената демократска влада на својата вонредна седница од 20.IV.1949 година, денот кога отпочна Светскиот конгрес на приврзаниците на мирот, го објави следниот апел:

“Минаа три години од денот кога туѓите господари заедно со монархофашистички лакеи го принудија грчкиот народ одново да ги земе пушките за да ја брани слободата и независност, за да ги брани своите права на еден мирен живот, правото да работи за своите деца и доброто на својата татковина.

Во овие три години непријателите на мирот и демократијата ги мобилизираа сите свои сили за да го уништат нашиот народен отпор. Но нашиот народ остана непобедлив. И Грција ќе живееше денеска спокојно и мирно ако ги немаше странците, оние што го потпалуваат огинот на граѓанската војна во нашето место.

Трите години што изминаа ја турнаа Грција во уште поголем глад. Десетици илјади мажи и жени ги изгубија своите животи во овој период. Привремената Демократска влада за да тури крај на оваа трагедија, многу пати предлагаше да престанат воените операции и да се постигне една демократска спогодба.

Но сите тие наши предлози секој пат се одбиваа и така во нашата земја продолжува катастрофата и крвопролитието.

Ние денеска ја пружиме нашата рака на нашите противници.

Треба да престане драмата на еден милион обездомени селани што се истерани од своите домови за да мизеруваат по градовите; треба да престане трагедијата на стотина илјади голи, гладни и напуштени деца; време е да се вратат при своите фамилии, своите домови, своите нивје, војниците кои војуваат.

Доста веќе крвопролитие во Грција. Нека згасне пожарот.

За да постигнеме мир и спокојство во Грција, готови сме да направиме најголеми отстапки. Ја правиме оваа изјава иако Демократската армија на Грција останува непобедлива и му нанесува успешни удари на својот противник. Не раководат исклучиво интересите на народот во Грција и мирот.

Ве каниме сите вас да ни помогнете во ова дело. Готови сме да ја запреме војната веднаш кога во Грција се осигури можноста секој да живее без страв од смртта, веднаш штом престанат масовните стрелања, штом се даде општа амнестија и се осигурат најелементарните демократски права на човекот и граѓанинот.

Во последно време официјални претставници од Атина говорат за нуждата во Грција да се одржат нови парламентарни избори.

Готови сме да придонесеме за едно такво мирно демократско решение на внатрешните прашање во Грција, за да престане крвопролитието, за народот да добие спокојство, за да се зајакне светскиот мир.

Слободна Грција 20. IV. 1949 година.

Привремена Демократска влада”.

Го изнесов целиот текст на овој документ за да се согледаат сите важни моменти во него.

Грчката влада во Атина категорички одби да преговара на база предлозите од страна на Привремената демократска влада. Од предлозите на Привремената демократска влада атинскиот режим направи пропагандно оружје дека тоа го чинат од слабост и ги засили своите напади против Демократската армија.

Летото 1949 година силите на атинскиот режим, по повеќемесечните борби успеаја да ги разбијат единиците на ДАГ во Пелопонез, а постепено и во Централна Грција, така што во голема мера можеа да ги сконцентрираат своите напади во Македонија, Епир и Тракија. Во јуни 1949 година нападнати беа единици на ДАГ во Пајак и Кајмакчалан и по неколку-дневни тешки борби ги исфрли од нивните положаи, голем број од кои се беа повлекле на југословенска територија. По ова своите сили ги концентрира за напад против двете главни упоришта од слободни територии – на Вич и Грамос.

Подготовките за напад на слободната територија на Вич беа очигледни.

Во една своја статија под наслов “Во една решителна супер напнатост”, објавена на 10 јуни 1949 година во печатот на ДАГ, Захаријадис меѓу другото го пишува и следното:

“На Вич се ближат големи битки. Ако монархофашизмот не сака отворено да го признае своето банкротство, тогаш е принуден да ја направи својата голема офанзива на Вич. Инаку е загубен. Ја губи војната – го губи и мирот. Во моментот кога сака да се прикаже како семоќен и победник, ќе признае дека на Вич не е способен да се измери со ДАГ. Токму затоа е принуден да дојде на Вич, го притиска политичката, војничка и моралната нужда. Затоа, сакајќи или не ќе ја испита горчливата чаша што се вика Вич”.

А во друга, пак, статија, објавена исто така во печатот на ДАГ од 6 јуни 1949 година, под наслов “На Вич непријателот нема да стапне”, Захаријадис завршува со зборовите:

“Наша парола е:

Непријателот на Ви нема да стапне.

На Вич ќе му ги скршиме крилата на Папагос. На Вич ќе ја направиме 1949 година решителна година на победата”.

Предвидувањата на Захаријадис дека непријателот на Вич ќе нападне се обистинија, но паролата не се оствари. Вич беше нападнат и заземен. Тука не беше даден ниту посериозен отпор, а поголемите жртви од ДАГ беа дадени при теснината меѓу Малото и Големото Преспанско езеро, единствен пат за отстапување кон Албанија (бидејќи на војниците и цивилите им беше забрането да се повлекуваат кон Југославија. Во Југославија се беа повлекле само тие единици, кои споменатиот премин дури да отстапат, го најдоа заземен од непријателот).

Единиците на ДАГ кои беа отстапиле од Вич, брзо беа упатени во Грамос, во очекување дека сега непријателот ќе преземе офанзива и таму. И навистина во текот на октомври непријателот презема офанзива на Грамос и ги потисна единиците на ДАГ.

Во октомври 1949 година главнината на Демократската армија се повлече во Албанија. Некои од нејзините единици од Источна Македонија и Тракија во Бугарија, а некои единици од Централна и Западна Македонија се повлекоа во Југославија уште во текот на борбите преку летото 1949 година. При крајот на 1949 година фактички во Грција останаа само мал број партизански групи од оние кои делуваа во заднината на непријателот, таканаречените групи на политичките комесари.

Така за неполни пет година Народно-ослободителното движење во Грција претрпе втор пораз и покрај натчовечките напори на демократските сили во земјата, тешките борби на борците од ДАГ и тешките маки и страданија на илјадници интернирци и затвореници по грчките острови и затвори.

Соопштението кое по повлекувањето на единиците на Демократската армија го издаде Врховниот штаб и Привремената демократска влада, меѓу другото гласеше дека Демократската армија не е победена, но се повлече само да тури крај на крвопролевањата и да придонесе земјата да крене кон мирен развиток.

Во врска со ова соопштение и исходот на граѓанската војна во Грција заслужува да се одбележи дека во Грција одамна општествените спротивности се изострени до таа мера што наложуваат општествени промени. До такви промени не дојде поради грубата воена интервенција на империјалистичките сили. Во декември 1944 година интервенираа силите на Велика Британија и ја задржаа на власт буржоаската влада која немаше никаква подршка во масите. Во текот на Граѓанската војна, кога товарот на големите издатоги со сила да се задуши герилското движење, Велика Британија не можеше да го поднесе, на сцената се појавија американските империјалисти.

Победата над Демократската армија е постигната со помошта на странство и тоа во прв ред од САД. Иако Демократската армија беше натерана на повлекување не беше совладано и демократското движење. Затоа и грчката буржоазија и солдатеска во времето кое уследи по граѓанската војна, тесно ќе се врзе зад колата на американскиот империјализам и ќе ги слоди неговите интереси. Грција беше од оние земји, кои учествуваа во војната во Кореја на страната на САД. Со САД 1953 година е потпишана воена спогодба, според која на САД им се отстапуваат воено-поморски бази. Грција е ревносна членка на Атланскиот пакт.

Цената со која грчката буржоазија ја плати помошта од странските империјалисти е губењето секаква независност и достоинство. Грција стана орудие во рацете на странските империјалисти, пред чии груби интереси ја ништи и сопствената осново.

Грција одново треба да се бори за својата независност, да го отфрли јаремот на империјализмот и воената диктатура.