Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Macedonians and the Greek Civil War

II - ОСНОВНИ ЦЕЛИ НА НОФ - Part 01

Од Наум Пејов · Дел 15 од 19 · Околу 19 минути

Читај на English

II - ОСНОВНИ ЦЕЛИ НА НОФ

1. Независнот – демократија.

Англискиот империјализам со вооружената интервенција во декември 1944 година, ја згази националната независност и демократијата на нашата земја и го натури монархофашистичкиот режим на терор, насилие и уништување на народот во Грција. Македонскиот народ особено ги чувствува уништувачките големогрчки мерки и варварското физичко истребување од страна на монархофашистичка големогрчка реакција. Народноослободителниот фронт (НОФ)

како главна цел има, на чело на Македонскиот народ и во борбен сојуз со грчкиот народ, да се бори за независност и демократија во нашата земја.

Ова е борба за спасување на нашиот народ, борба за национално и физичко постоење. Ова е борба за слободен национален културен развиток, за слобода и за правата на нашиот народ во рамките на Демократска Грција.

Ослободувањето на Грција и народнодемократското разрешување на грчкото прашање, цел за која се бори грчкиот народ во редовите на сенародниот и демократскиот фронт (ЕАМ), ја претставува истовремено политиката и стремежите на НОФ. Мирот нормализацијата и слободнодемократскиот развиток на нашата земја – работи за кои се бори ЕАМ, се основни барања на НОФ.

2. Национална рамноправоност Извојувањето на националната рамноправност и признавањето на националните права на нашиот народ ја составува втората основна цел за која се бори Народноослободителниот фронт

(НОФ).

Реализирањето на националната рамноправност, му ја гарантира на нашиот народ и на другите малцинства што живеат во нашата земја, возможноста да ја сочуваат и развијат својата национална култура, јазик, училишта, сите права и обичаи и нивните национални и народни добра. Овие се демократските права кои ги бараше секој пат нашиот народ со неговата борба и за кои грчкиот народ смело се бори и ги заштитува...” Во III глава истакната е потребата од единство во борбата на грчкиот и македонскиот народ за успехот на народната револуција.

Во IV глава е разработен односот на организацијата спрема вооруужената борба на Демократската армија и народната власт, а во глава V, и последна, разработен е односот спрема народно-демократските задачи на револуцијата во Грција и се изјаснува за решавање на општествено-економските и социјалните проблеми во Грција.

Како што се гледа, акционата програма на НОФ е наполно во соодветност со барањата на демократското движење во Грција, а посебното е во тоа што ги поставува основните демократски права на Македонците како посебна националност. Впрочем, тоа е израз на настојувањата на Македонците, нивните акциони цели да бидат сместени во реалните услови на времето.

Статутот на НОФ од Егејска Македонија донесен на I Конгрес ги содржи сите начела на една општофронтовска организација, но во услови на вооружена борба и со нагласен демократски централизам што е од посебно значење. Од посебна важност е фактот што преку овие документи се еманципираше борбата на македонскиот народ.

I Конгрес на НОФ имаше, како што е природно, благопријатно влијание врз вооружената борба на македонскиот народ. Во решенијата донесени на Конгресот за наредните задачи како централна цел е поставена максимална мобилизација на сите сили во редовите на Демократската армија и во служба на вооружената борба. И навистина, организацијата НОФ ги вложи сите свои сили доследно да ја исполни таа задача. Непосредно по Конгесот беа мобилизирани нови борци, мажи и жени, членови на НОФ, во редовите на ДАГ и нивниот број достигнува до 20.000 борци и тие биваат испраќани на фронтот не само на македонска територија, туку длабоко на југ во Грција.

Меѓутоа на I Конгрес на НОФ, покрај крупните постигања, на организацијата и беше нанесен сериозен удар. Удар кој ќе го отвори патот организацијата наполно да се потчини на волјата на Захаријадис и од раководството да направи послушен инструмент уште во текот на борбата, а подоцна во емиграција, да ликвидира секаква самостојност на македонското движење.

При самата спогодба меѓу КПГ и НОФ, се истакна проблемот на односите, односно местото на организацијата НОФ во револуцијата. Исто така ги видовме и настојувањата на КПГ од НОФ да направи потполно зависен орган без и најмала политичка и организациона самостојност. За да го осигураат и тоа раководителите на КП не можеа да се задоволат само со така поставените организациони и политички односи, туку сакаа, пред се организацијата да ја освојат од внатре. Да ги освојат раководствата на организацијата: Главното и окуржните, по пат на инфилтрирање во овие раководства луѓе довчерашни полемичари на идејата на НОФ. За таа цел раководителите на КПГ систематски го деградираа кадарот на НОФ. Може слободно да се рече дека за критериум во издигнувањето, и во војската и во политичката организација, не се земаше одданоста кон револуцијата, ами дали е тесно поврзан со КПГ или е идеен припадник на НОФ. Таа тенденција од раководителите на КПГ не можеше да се скрие од членството и од кадарот, затоа што често и јавно се манифестираше, доаѓаше до мали или поголеми инциденти итн.

и на тоа слично. Кај членството на НОФ земено во целост во политичките организации и во војската – отпорот на таквата политика на раководителите на КПГ беше спонтана. Не требаше некој да го поттикнува па тоа да се види. Тоа беше резултат од дотогашното искуство и историјата на лоши односи.

На Првиот конгрес на НОФ, оваа тенденција на раководителите на КПГ дојде до полн израз. Тие се погрижија да уфрлат во раководството луѓе како Малјос, Госопулос и други, кои не само што немаа ништо заедничко со НОФ и националните стремежи на македонскиот народ, ами напротив беа познати полемичари на идејата на НОФ. Од делегатите на можеше да се скрие фактот дека раководителите на КПГ сакаат да наметнат во раководството на организацијата луѓе доверливи на КПГ, а да го дезавуираат дотогашното раководство на НОФ. [6.

Главното раководство на НОФ до I Конгрес од јануари 1948 година произлезе од Политичката комисија за Егејска Македонија, но во него не беа вклучени сите членови, туку само четворица: Михаил Кирамитчиев (претседател), Паскал Митревски (секретар), Павле Раковски и Џоџо Урдов – членови и некои новокооптирани.

Слабостите на ова раководство се состоеше во тоа што не се умеа да ги собере околу себе револуционерните кадри и што немаше единство.

Израснат како антитеза на ставот на раководството на КПГ по македонското национално прашање, на НОФ како на младо револуционерно движење му беше потребна мобилизација на сите оние кадри кои цврсто стоеја на платформата на ова движење и тоа од сите реони на Егејска Македонија.

Иако имаше напори од одделни членови на ова раководство да се исправат наведените слабости, се водеше сектешка и лична политика која му нанесе многу големи штети на НОФ. Не можеше да се сфати едноставната вистина дека никој не може да се наметне со својот авторитет од простата причина што движењето се создаваше од дотогаш посебни и одвоени отпори по одделни реони во Егејска Македонија и нужно се налагаше да се почитуваат сите овие “авторитети” во едно заедничко раководство. Таквата состојба во раководството – отсуството на многу одани кадри и неединството – ги слабеше позициите на НОФ во односите со раководството на КПГ, кое и самото не беше на интернационалистичка висина.

(Павле Раковски го загрижува наведната состојба во НОФ и на една седница на раководството, во јуни 1946 година, остро му забележува на секретарот и меѓу другото го истакнува следново: “Јас не го доживеав и не го познавам костурското движење, како што го доживеав и како што го познавам движењето во Воденско. Но сега дури дознавам дека од седумдесетмина претходници на нашето движење – караорманците, како што ги викаат, ниеден не бил во нашето движење”.

Раковски се прашува дали е тоа “детска болест” и забележува дека ако не се промени кадровската политика “детската болест ќе не следи до старост”. Според белешките на Раковски кои во оригинал се наоѓаат во Институтот за национална историја – Скопје).

Единство во тоа раководство немаше како тогаш кога НОФ делуваше во несогласност но КПГ, така и после. Единство немаше дури ни меѓу секретарот и претседателот. По спогодбата со КПГ, раководителите на КПГ ги потхрануваа овие несогласоци до таа степен, што во летото 1948 година ги исклучат од раководството како “фракционери”.] Бидејќи немаше гаранција дека ќе биде изгласана предложената листа, беше потребно за кандидатите да се “проагитира”. За жал се најдоа и такви поединци од дотогашнот раководство на НОФ кои не само што не се спротивставија на оваа штетна тенденција на раководителите на КПГ, туку отворено се заложија во раководството да бидат избрани споменатите довчерашни полемичари на НОФ. На овој начин на I Конгрес на НОФ и беше нанесен сериозен удар на организацијата.

Намерите на Захаријадис и неговите истомисленици беа познати: преку уфрлување во раководството на свои луѓе, наполно да ја потчинат организацијата на НОФ на своите национално-политички цели. Овој чин е до толку повеќе за осуда што објективните военополитички услови беа поволни за НОФ да освои нови позиции, а не да ги загуби и дотогашните.

- Политичката линија за формата на борбата не им беше дала право на оценките на Захаријадис.

-Над 10.000 Македонци и Македонки се бореа во редовите на ДАГ.

- Организацијата НОФ цврсто организирана, беше неопходна политичка потрепа во борбата на Демократската армија.

- Под раководството на НОФ заднината на ДАГ и слободната територија во реоните кои ги зафаќаше НОФ, беше претворена во работилница за потребите на ДАГ.

Огромното мнозинство делегати беа вистински претставници на македонскиот народ и тие беа готови да ја поддржат секоја иницијатива која одеше на линијата да се обезбеди вистинска рамноправност на Македонците во таа борба. Но тие очекуваа иницијатива од своите раководители.

Беше време да му се каже решително “не” на Захаријадис и неговите истомисленици. Беше време не само да не се избираат во раководството на НОФ луѓе “доверливи” на раководителите на КПГ туку да се издигнат и политички и воени кадрови од редовите на оние Македонци кои ги изразуваат стремежите на македонскиот народ кој се бореше. Не смееше да се дозволи народ кој се бори, народ кој умее да даде десет, а подоцна и дваесет илјади герилци, да нема свое воено и политичко раководство. Колку таа нерешителност и тој непринципиелен компромис се покажа кобна потврдија настаните кои уследија.

Во јуни 1948 година изби и конфликтот помеѓу Коминформ и Југославија, што остави тежок печат на демократското движење во Грција. Тој конфликт имаше влијание и на односите помеѓу КПГ и НОФ. Раководителите на КПГ и порано, кога односите помеѓу КПГ и КПЈ беа добри гледаше со недоверба на НОФ, поради односите на НОФ кон НР Македонија. А сега кога дојде до конфликтот меѓу Југославија и Коминформ ги засилија своите усилби за потполно освојување на раководството на организацијата НОФ и нејзиното ставање во потполна организациона и политичка контрола и зависност. Користејќи се со здобиените позиции на I Конгрес на НОФ со избирањето во раководството на свои луѓе, раководителите на КПГ во август 1948 година свикаа пленум на Главниот одбор на НОФ, на кој го суспендираа дотогашното раководство и на чело ги поставија своите приврзеници. Тој акт заедно со целокупната политика спрема НОФ и настанатите односи со Југославија дејствуваа негативно кај македонските борци во редовите на ДАГ. Од тој момент па се до повлекувањето на Демократската армија и по тоа односите на КПГ према НОФ минаа под знакот на потполно нејзино подјармување и дискредитирање. Дури стигнаа до положба да го обвинуваат нејзиното раководство како “одговорно” за поразот во вооружената борба.

Во тој период гледаме некои спектакуларни потези кои се во спротивност со акционите потреби, а и со практиката во односот спрема Македонците, спрема НОФ и неговото раководство. Под тој знак минаа подготовките и работата на II Конгрес на НОФ, кој се одржа кон крајот на март 1949 година и работите по Конгресот и крајот на граѓанската војна.

Во весникот “Прос ти ники”, дневник на Демократската армија на Грција во бр. 12 од 27 февруари 1949 година, под наслов “Пленум на Централниот одбор на НОФ” и поднаслов “Подолу објавуваме делови од решенијата за II Конгрес на Централниот одбор на НОФ што се состана на 3 февруари 1949 година на слободниот Вич.

На пленумот присуствуваше и генералниот секретар на КПГ др.

Никос Захаријадис” меѓу другото читаме:

“5. Одлучи да се свика II Конгрес на НОФ во текот на март 1949 година. II Конгрес на НОФ ќе биде конгрес кој ќе го прокламира сенародното учество на славомакедонскиот народ во заедничката со грчкиот народ демократска борба.

Мобилизирајќи ги сите свои човечки сили, економски и духовни на македонскиот народ за неговото учество во борбата на ДАГ, ќе ги прокламира огромните придобивки на македонскиот народ на национален, политички, општествен, културен и економски план. II Конгрес ќе биде конгрес на прокламирање новите програмски начела на НОФ, начела кои се вековна желба на нашиот народ, ќе прокламира соединување на Македонија во една единствена независна, рамноправна македонска држава, во народно-демократска федерација на балканските народи, што е остварување на долгогодишните крвави борби...” Уште поспектакуларно ова беше изнесено преку радиостаницата “Слободна Грција” и при тогашната состојба на Балканот предизвика живо интересирање на јавноста и остро реагирање на атинската влада, така што Извршниот одбор на НОФ се најде принуден на 9 март да издаде посебно сооптение, кое беше објавено во бр. 23 од 10 март 1949 година во весникот “Прост ти ники” во кое помеѓу другото се вели: “Се шират гласови дека II Конгрес на НОФ се очекува да прогласи создавање на единствена македонска држава, дека таа држава ќе се приклучи кон Југославија, кон Бугарија, кон Грција или Балканската комунистичка или Демократска федерација.

Нашите непријатели секој пат го одбираат оноа што мислат дека поарно им служи.

Вистината меѓутоа , е поинаква. II Конгрес на НОФ е воен конгрес, е конгрес на натамошно покренување, а не разбивач на единството. Конгрес на организирањето на победата.

Десетици илјади мажи и жени, младинци и младинки, деца и девојки на народот се бореа со пушка во рака и во заднината за слободата, за народната демократија, за полно национално востановување на македонскиот народ. Илјадници наши деца ги дадоа своите животи во оваа борба. Да ги истераме туѓинците, да ги уништиме монархофашистичките убијци, да го обезбедиме слободен и независен живот, народната демократија.

Тоа е целта на нашиот Конгрес. Никаква непријателска клевета и разбивачко подривање не може да не отклони од оваа цел.

Нашиот народ даде се за оваа борба. И како резултат на големите жртви и заедничката победа ќе биде да се здобие со своја слобода и да го уреди својот живот, државното и општествено устројство онака како тој сака – обединат со своите браќа во пријателство, соработка и заемно помагање на сите демократски народи”.

На II Конгрес на НОФ учествуваа 700 делегати. На Конгресот присуствуваше и тогашниот генерален секретар на КПГ Никос Захаријадис и генералот Карагиорис, како претставник на Главниот штаб на Демократската армија. Двајцата одржаа говори и му оддадоа високо признание на македонскиот народ за неговото учество во вооружената борба. Од Конгресот беше усвоена прокламација во која се повикуваше македонскиот народ на натамошни напори во борбата. По однос на целите на борбата во прокламацијата се вели: “Македонскиот народ со неговата борба и жртви во досегашните придобивки го прокламира своето решение да се бори за своето национално ослободување, за реализирање на слободен национален и општествен живот онака како што тој сака”. Овој став беше изнесен и во говорот на Захаријадис и како што се гледа е прилично разводнет, а ставот за прогласувањто на “независна македонска држава” објавена пред Конгресот – беше напуштен, зашто беше пресметан само во стратегијата на нападите против Југославија.

II Конгрес не ги даде очекуваните резултати.

Конгресот се одржуваше во напрегната и политичка и воена атмосфера. Вршена е и натаму мобилизација на нови сили и во редовите на Демократската армија се регрутираа малолетници, жени и стари, во тој однос се премина дури и дозволената граница, бидејќи и најопшта мобилизација на Македонците не можеше да го реши прашањето на потребните резерви на Демократската армија.

Покрај тоа, по Конгресот продолжи и се засилија неоснованите напади против Југославија и врз Македонците – борци и раководители на НОФ кои се спротивставуваа на таквата политика или не се вклучуваа во нападите против НР Македонија и воопшто Југославија. Раководството на КПГ отиде толку далеку во тој однос што и оние раководители на НОФ кои потклекнаа на притисокот и се вклучија во тие напади против раководителите на НР Македонија и Југославија, по повлекувањето на Демократската армија во Албанија ги обвини како виновници за поразот и ги изложи на понижување!

Во овој период формирана е Комунистичка организација за Егејска Македонија – КОЕМ. Но, се настојуваше раководството да се користи како оружје во рацете на тогашните раководители на КПГ. Тоа се гледа и од таму што, покрај ЦК КПГ и раководството на КОЕМ побрза да донесе резолуција против група раководители на НОФ, а фактички се изјаснуваше против НР Македонија и Југославија и на груб начин се изопачуваше вистината, така како што му конвенираше на Захаријадис. (На овој начин Захаријадис успеа да го разбие и онака ослабнатото единство во потесното раководство на НОФ, што имаше големо негативно влијание меѓу борците).

Искреноста, пак, на потезите на Захаријадис во 1949 година може да се процени кога ќе се види неговиот однос и практика кон македонската емиграција во источните земји.

Кога Демократската армија се повлече, беа ликвидирани и НОФ и КОЕМ.

Подоцна беше формирана организацијата “Илинден”. Меѓутоа, по кусо време и таа беше расформирана.

Се поставува прашањето: зашто Македонците во емиграција беа лишени од своите организации? Може ли еден народ да се бори за свои национални права без своја сопствена национална организација!

ГЛАВА ОСМА - ПРИЛОГОТ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА Македонскиот народ од Егејска Македонија, поради тешкото минато под власта на грчките шовинисти и денационализатори, сфаќајќи ја војната со сојузничките сили против фашизмот како ослободителна, зеде активно учество и поднесе тешки жртви.

Откако беше изневерен во своите очекување: по победата над фашистичките окупатори да добие и своја слобода, раководен од својата ослободителна организација беше способен да им се спротивстави на истребувачките мерки на властодршците од Атина, кои, заземајќи ја власта по спогодбата во Варкиза во февруари 1945 година, воведоа нечуен масовен терор над демократските сили во земјата и над Македонците посебно.

За да се заштитат животите на голоракото население уште во текот на 1945 година беа исфрлени партизански единици на НОФ. Овие вооружени единици фактички беа јадрото на вооружените единици на Демократската армија.

Половината од ефективите на Демократската армија за целото време на граѓанската војна во Грција беа Македонци.

Македонците-партизани и партизанки во редовите на ДАГ не се бореа само на теренот на Егејска Македонија, туку и длабоко на југ од Грција до самата околина на Атина.

Со сопствени сили Македонците партизани создадоа слободни територии долж цела Егејска Македонија од албанската граница на запад до Тракија на Исток. За целото време на граѓанската војна, практички долж Егејска Македонија се протегаше линијата на фронтот. Слободните територии во Егејска Македонија поради географската положба како заднина на Демократската армија, беа претворени во воени работилници, каде старо и младо, машко и женско беше ставено исклучиво во служба за потребите на Демократската армија.

За учеството на Македонците во вооружената борба во Грција, еве што говорат грчките раководители на движењето:

“4. Прилогот на Славомакедонката.

Одделно место во големата борба заземаат Славомакедонките, херојските жени на славомакедонскиот народ кои со години тешко се тероризирани од фашистичката тиранија. Со уште поголемо зло и бес ги подгонија Славомакедонките фашистите од новата окупација, но Славомакедонката стои гордо и се бори, организирана во својот Антифашистички фронт – АФЖ.

Прва во целата земја паѓа од куршумите на новата окупација, Ирина Гинова, хероињата и миленичката на целиот славомакедонски народ и на цела Грција Мирка, и со својот пример го отвори патот на борбата. Со нажежани железа полицијата ги гореше двата борци: Катина и Аспасија Срезови, за да им извлече податоци, но тие умераат без уста да отворат ... Масовна е борбата на Славомакедонката. На илјади Славомакедонки, ценени колони на борбата, тргнаа од Вич за Грамос, пешачејки со денови товарени во пламенот на огинот.

3.500 Славомакедонки работеа во изведувањето на фортификационите објекти на Вич под дожд од гранати и го направија бастион на слободата.

(Во објаснението на грчки воопште не се спомнува дека Мирка е била истакната раководител на НОФ ами стои: “Ирини Гини.

Млада учителка која беше осудена од вонредниот воен суд и екзекутира во Јаница, пред плебисцитот заедно со уште шест осудени. Беше првата жена екзекутирана во поновата грчка историја. Пресудата и екзекуцијата ја следеја и многу други.”)

Го носат големиот товар на нашата борба со трпеливост и сила, секој ден ги бомбардираат нивните села, многу села напуштија зашто станаа мета на непријателската артилерија; сите домашни се на фронтот и таа нема ниту минута за одмор, и покрај сето тоа, има и други како стариот борец мајка на Јованка Мијанова, која има 6 синови и 1 керка во Демократската армија, а и самата дење и ноќе работи за борбата како млада невеста.

Карактеристични се и давачките што ги даваат за војската, го делат парчето леб, и го даруваат на Демократската армија – својот добиток, житото, својот чеиз. “Се за борбата затоа што се ќе ни донесе победата” велат тие на своите конференции.

Достојна е Славомакедонката борец и голем е нејзиниот придонес на полето на народната власт. Во Костур до последните избори во 53 народни одбори имаше 78 жени, во 15 народни судови 53 жени, 2 жени во Околискиот одбор и една во Окружниот суд, во своето решително-мнозинство Славомакедонки.

На тој начин со својата крв и борба Славомакедонките и целиот славомакедонски народ си го извојуваа правото по ослободувањето да живеат онака како тие сакаат, создавајќи својата независна државна егзистенција. [Одломка од рефератот на секретарот на Сегрчкиот сојуз на жените Рула Кукулу, одржан на Конференцијата на Сојузот од 1-3 март 1949 година.] Еве што во тоа време велеше и самиот Захаријадис и неговите соработници:

“Македонскиот народ, особено во реонот на Вич, во борбата даде она што имаше и немаше и стана вистинска жртва. Ги даде своите деца, своите ќерки, целиот свој имот. Оваа натчовечка жртва предизвика и извесни тешкотии и треба да ги надминеме.

Овие тешкотии произлегуваат од војната, од пренапрегнатоста на силите. Тоа се тешкотии на војната. Но покрај нив, имаме и други, субјективни, што ги наголемуваат и ни создаваат нови пречки. Народот овде дава се што има за борбата. Но борецот или интендантот стига до терор и тоа го разбива единството.

...Народот има и други тешкотии. Едно од тие е мобилизацијата на девојките. Сите разбирате дека никој од нас не ја гледа оваа работа со добро око. Не е правилно да ги испраќаме девојките да се осакатуваат. Не е природно, ниту е човечно, но ете таква една мерка се покажа како нужна, ни ја наложи врховниот интерес на нашите два народи, ни ја наложи борбата. Оваа мерка, поради големото незадоволство многу ја искористи и непријателот. Но во борбата за слобода треба да дадеме се.

Само низ таква призма македонскиот народ треба да ја гледа погорната мерка. Да извлече нова храброст и својата болка да ја потчини на интересот на борбата.

Други тешкотии се гладот, бомбардирањата, страдањата, студот итн...” [Од говорот на Захаријадис на II Конгрес на НОФ на Егејска Македонија, објавен во дневниот весник на Демократската армија “Прос ти ники” од 30 март 1949 год.] На II Конгрес на НОФ говореше и претставникот на Демокраската армија генералот Костас Караѓорѓис, кој меѓу другото го рече и следново: