Macedonians and the Greek Civil War
Front Matter - Part 02
Постојат непобитни докази дека Зервас соработува со окупаторот, но Англичаните не само што не дозволуваат тој да биде истиснат од единиците на ЕЛАС, туку и го помагаа, како што ја помагаа и ПАО [ПАО (Панеладики апелевтеротики органосис – Сегрчка ослободителна организација) беше националистичка организација, која во почетокот се претставуваше како ослободителна. Но за разлика од ЕДЕС и ЕККА, кои имаа герилски единици, таа такви немаше. Но, нејзините членови имаа задача герилското движење на ЕЛАС да го подриват од внатре. Кога дојде до провала на тие настојувања, ПАО отворено се изјасни против партизанското движење во земјата и организира вооружени чети во служба на окупаторот. Вооружените формации на ПАО беа од голема помош на германскиот окупатор, особено при отстапувањето есента 1944 година и против нив во завршната фаза на германската окупација, ЕЛАС водеше огорчени борби.] Емигранската влада, со седиште во Каиро, презеде драконски мерки од грчките единици кои се бореа во составот на сојузничките армии да ги елиминира приврзениците на ЕАМ.
Според тоа не требаше да се има доверба во другата стана.
Напротив, требаше да бидат преземени сите потребни мерки за јакнење на сопствените оружени сили и обезбедување на позиции според подршката во масите и придонесот во борбата.
Спогодбата во Плака, како и оние во Либан и Казерта, не беа никаков одраз на соодносот на силите. Противниците, меѓутоа, не се придржаваа и на тие спогодби, со цел да ги прошират своите позиции. Опирајќи се на правата кои произлегуваа од горните спогодби, англиската команда издаде наредба не само да не се нападнат Германците во Атина, туку и по нивното отстапување да не се нападнат нити квинслиншките баталјони на безбедноста (квинслиншки формации). Доследен на тие спогодби – ЕЛАС не презеде операции иако при отстапувањето на Германците на 12 октомври 1944 година се навоѓаше во околината на Атина. Во Атина по повлекувањето на Германците дојдоа англиски единици, а потоа и владата.
Англиската команда и претседателот на владата Георгиос Папандреу почнаа систематски да ги кршат и онака неповолните спогодби со ЕАМ – ЕЛАС очигледно инсистирајќи да се разоружи ЕЛАС, пред да се разоружат другите вооружени формации. Паралелно со овој притисок врз ЕЛАС, забрзано се вршеа подготовки за формирање и вооружување нови единици од десничарски елементи, ги забрануваат манифестациите на ЕАМ, дури и пукаа на манифестантите.
На 29 ноември 1944 година министрите од коалицијата на ЕАМ во владата прават последни напори да се избегне судирот и поднесуваат целосен предлог за спроведувањето на спогодбата во Либан. Но, на апелите од министрите на ЕАМ Папандреу и овој пат се оглуши.
На 1 декември 1944 година Скоби (командата на англиските единици) објави заповед со која бараше припадниците на ЕЛАС да го предадат оружјето. А во исто време Папандреу изјавуваше: “Не може да се прифати предлогот на министрите на ЕАМ за истовремено разоружување на сите доброволни единици и формирање на единствена формација”. Истата вечер т.е. на 1 декември 1944 година доцна во ноќта министрите на ЕАМ поднесоа оставка и борбите пламнаа.
Главниот штаб на ЕЛАС се реорганизира во Централен комитет на ЕЛАС и со проглас до народот на Атина и Пиреја стапи во акција. Паралелно на 3 декември се организира сенароден митинг, но полицијата пука во манифестантите и убива и ранува повеќе лица.
Следеа триесет и три крвави денови во Атина, познати под името “Дедемвриски настани од 1944 година”.
Борбите прекратија во началото на јануари, а на 12 февруари беше потпишана спогодбата во Варкиза (Види го прилогот “Спогодбата во Варкиза”). Исходот на борбите во Атина и спогодбата во Варкиа не само што не го решија судирот туку затоа што на задоволителен начин не го решија основното прашање поради кое дојде со судрување значеа увод во една нова граѓанска војна. До судрување дојде поради тоа што привремената влада на Папандреу бараше веднаш да се разоружат единиците на ЕЛАС, формациите што дојдоа од Средниот исток да добијат полна воена опрема. Судирот во декември ова прашање го реши на штета на ЕЛАС.
Членот шести од спогодбата во Варкиза гласеше:
“Демобилизација.
Веднаш по публикувањето на оваа спогодба воените сили на отпорот да бидат демобилисани, а особено на ЕЛАС, како регуларниот така и резрвниот, ЕЛАН и националната милиција.
Демобилизацијата и предавањето на оружјето треба да стане согласно подробностите на протоколот составен од експертите на комисиите...” Навистина во оваа спогодба постоеја и одредби кои ветуваа демократски развиток, но тоа се покажа празно ветување.
Непобитно е утрвдено дека десницата и Англичаните сакаа да го наведат народноослободителното движење и конкретно единиците на ЕЛАС на вооружени инциденти и тоа уше веднаш по истерувањето на окупаторот од земјата, за да им послужи како повод веднаш да го разоружаат.
За да се здогледа таа намера на Англичаните не требаше никаква политичка мудрост. Меѓутоа, политичка мудрост требаше за да се одреди стратегијата и тактиката во таа ситуација. Англичаните се плашеа од судирање во цела Грција.
Но токму тоа, од што се плашеа им помогна со својот став раководството на КПГ. Борбата беше ограничена само во Атина и по тие борби се согласи со условите неприфатливи за демократското движење, со спогодбата во Варкиза. Затоа што оваа спогодба значеше само легална позиција на владата во Атина во која повеќе немаше претставници на ЕАМ, да ја продолжи фактички војната против демократските сили.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/macedonians-and-the-greek-civil-war-macedonian/2 на 29 октомври 2026