Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

The Great Decline

Front Matter - Part 09

Од Петре Наковски · Дел 9 од 22 · Околу 22 минути

Читај на English

- Ке морам, низ наметот - несигурно и со страв во гласот рече десетарот и почна со раце да го исфрлува снегот. Од другата страна вејавицата им удри в лица. За миг како да им снема воздух. Се свртиiа со грб. Останаа така толку, колку за да наберат воздух, се свртија и, држејќи се за раце, маченички влегуваа се подлабоко во наметот. Застанаа за миг, колку за да вдишат воздух и одново со сета сила, сега расфрлувајќи го снегот, не со чекор, ами со шепа се мереше нивниот пат. Со очајнички напор се пробија низ наметот и излегоа на бришан простор.

- Стој! - остар, заповеднички глас јa пресече виулицата и се одби од карпата.

- Застанав! - се одгласи десетарот.

- Парола! –

- Ливада!

- Коса! Врви! - заповеда истиот глас, сега мек и пријателски.

- Смена на стража - рече десетарот.

- Најпосле. Целиот се смрзнав. Ама време... - се пожали стражарот. - А кој ќе ме замени?

- Циљка - рече тивко десетарот.

- Циљка? Па таа е.... - прекина и малку потоа рече: - А бре, по вакво време, зарем најдовте девојките да ги терате на стража?

Ајде - рече - врaќaј се! Јaс ќе продолжам. Уште еден час ќе издржам. Ајде, врaќaјте се...

- Не се будали - тивко просаска десетарот. - Нејзе не и е редот, ама ќе стражари за казна. Разбра? Наредба на политичкиот! И немој да јa жалиш...

- Булкиотис, еба го... - опцу стражарот. - Тие, кои дојдоа од Булкес најколнати се. Се некои команданти, а нaјмногу комесари... Божем некои учени, вешти, искусни, верни, а сите...

- не се доискажа. Наведнат извлекува нога од дебелиот снег, се навалува настрана за да јa извлече и другата. - Мaјкaтa, лошо време. Ниту волк по вакво време од дувло муцка не помрднува... А да те прашам. Нашиот командант, дали и тој е од оние што дојдоа од Булкес?

- Не. Тој е од оние кои биле во Бригадата... - дообјасни десетарот.

-А тие, булкиотите, погани луѓе! Се зборува дека тие таму, во Булкес, учеле како да се биде командант, а нaјмногу како да се биде комесар и.. И кодош... А зошто, те казнил? - и се обрати на Циљка.

- Ќе ти кажат другарите кога ќе се вратиш – одврати Циљка.

- И јaс сум слушнал дека учеле за команданти и комесари, ама, изгледа, во таа својa ука заборавиле да бидат луѓе. Знаеш ли што и направи комесарот на нашата десетина?

- Пак ли измислил нешто?

- Целата десетина јa истера од земјанката и нареди по вакво време да копаат... A јaс, пак, тогаш бев во соседната земјанка...

- Е, братко, си надробил. И што нареди?

- Нареди да копаат ровови...

- “Копајте - викаше - се вмеша Циљка во разговорот - тука, а не по спомените”. А ние само си раскажувавме.... - со тон на вина рече Циљка.

- Белки не е луд?...

- Луд можеби не е, ама е комесар. И командантот му се плаши.

Му можеш ли нешто?

- Белки ќе се најде некој што му може, а?

- Белки ќе се најде... А сега, ајде, да одиме - рече десетарот. - А ти, Циљке, ако ти е страв кажи...

- Не грижете се... Страв нестрав, мора и толку. Само кажи ми каде повеќе да обрнувам внимание? - го праша оној што стражареше досега.

- По ова време, Циљке, и ѓаволот рог нема да извади надвор...

Зарем не гледаш дека ништо не се гледа? Чувај само од оваа страна, од трапот. Слушна ли нешто, пали... пукaј...

Појдоа и Циљка сама остана во мракот. Застана под високиот бор, под кој местото беше избришано од снегот и вејавицата се уште го немаше пополнето. Се навали на дебелото стебло, наслушкува. Вејавицата како што нагло надојде, така наеднаш јa снема. Меѓy стеблата, зад неа и високо над неа, во бранови завива ветерот и ту се смирува, ту одново завива и само шушлек сипе та сипе и спржува образ. Подмрзнува снегот, крцка под скинатите цокули.

- Оди на цикна, на смрзнување... - тивко изусти Циљка и за чекор-два се помести лево, потоа десно и се подаде напред. Се додека и се чинеше дека се уште се блиску двајцата мажи, таа беше мирна и се чувствуваше сигурна. Ама кога нивните гласови сосема ги снема, и се пристори дека во мракот е сосема изгубена. Иако не и е првпат ноќе да стои на стража, овојпат, дали поради немирот што јa опфати кога комесарот сите ги истера од топлата земјанка или поради тишината што настана со наглото престанување на вејавицата, таа почувствува некакво нејaсно студенило и трпнеж. Јa нарами пушката, силно истри дланка од дланка, дувна во шепите неколкупати, зачекори до стеблото, се врати назад, се подигна на прсти и се обиде да погледне преку високиот намет.

Ниска е за толку високо нафрлениот снег, та затоа таа првин со раце, се дотаму до каде стига, го исфрли снегот, а потоа го доисфрли со кундакот. И се додека пред себе отвораше видик, таа се загреваше и толку се стопли, што јa откопча јaкaтa од излитениот шинел, го олабави појасот. Се навали на наметот со грбот и откако одмори малку, го истапчи снегот на десетина чекори од стрaжарското место и така отвори партина. И почна -десетина чекори натаму и толку наваму. Под цокулите крцка снегот и и се чини толку гласно е крцкањето, небаре цела чета чекори зад неа. Се обидува да гази полека, одвај чујно и поначесто гледа зад себе. Тишина. Наслушкува. Високо шумат боровите гранки и сеат шушлек. Дише тивко и уште потивко зачекорува чекор, па неколку чекори. Иста тишина. Напрегнува слух. Околу нешто зашумоли. Зрджа здив. Се стресе. Подигна пушка. Се скамени. Наслушкува. Нечујно длабоко вдишува, само за миг здржува здив и под дебелата волнена и густо плетена фанела што и јa испрати мaјкa и пред некој месец, чувствува како силно и немирно и тупка срцето. Грстови снег заронија од гранките и зашумолија сувите лисје. И олесна.

Испушти здив, се олабавува, зачекорува до боровото стебло, навалува глава и здржано дишење наслушкува. Ништо. И одново - десетина чекори натаму, десетина наваму. Тишина.

Само снегот под скинатите цокули крцка та кцрка и од гранките, по секој посилен повев на ветерот, се рони студен шушлек. Високо над Бел Камен за миг се отвори небото. Зад парталавиот облак се шмугна бледото лице на месечината и го снема. Циљка сврте глава на спротивната страна и сега виде како отаде трапот - небото почнa полека да се разведрува. Од таму поддувна ветар и ги олесни гранките. Врз неа паднаа шепи снег. Северњакот сега удира во бранови, ги меша облаците, ги раздробува и распарталува и ги развејува по ноќното небо.

Погледна на Бел Камен. И над него во партали се кинат облаците и засветува полна месечина и ги издолжува сенките на високите оснежени борови. А под нив и далеку-далеку пред нив, голем, непрегледен синкастобел чаршав. Наместа врз него прелетува темната сенка на облакот и се губи понесена од ветриштата што лудуваат таму на височините. Десно -прошарена со црни дамкп и стегната во снегот - бучи и зарикнува боровата шума. Сега северњакот дува посилно и стежнува снегот. Ветерот, удирајќи на карпите и дебелите борови дрвја, се крши од нив, му се одзема силата, ама новиот бран со уште поголема лутина и сила бие и зарикнува и фучи и стенка меѓy стеблата и високо над боровите. И пак подзасилен бран поттурнат од друг што навева зад него, нанесува облаци ситен правлив снег и пред неа одново за миг расте наметот, ама новиот бран ветер го разметува, развејувајќи го снегот прудолу по трапиштата. Високо небото се разведрува, појасно свети месечината, сивилото преминува во белина и ширина се отвора пред очите на Циљка. Ветрина навевува сува студенина и се повеќе стега мразот во студенливите повеви на северњакот.

Циљка се загледува во белината што се повеќе расте и се префрлува отаде трапиштата зад кои во ноќната ведрина и под бледо - синкавата светлина на месечината, погледот и потонува во ридиштата кои, се чини, допрва никнуваат од мракот.

Студениот ветер и студенилото од очи и истиснуваат солзи низ кои белината јa гледа како низ прозрачна магла. Се стресе. Нов повев на студенило. Морници и трептеж и го зграпчуваат целото тело и сега и се чини дека со голи стапала гази по мравјалник. Прстите стегнати врз леденото стебло на пушката и трпнат и полека и копнеат. Удира нога од нога, размрдува прсти во скинатите цокули. Штипат ушите и образите. Нарамува пушка и трие и дланки и прсти и образи и уши. Остро студенило болежливо ја пронижува, и го стресува целото тело.

Таа се наведна напред, удира со раце под мишки. Дува во дланките, врвовите од прстите одвај ги смлачува со издишка, ама не чувствува допир, туку само трептеж и многу, премногу мравки и лазат по стапалата и по рацете, по образите, челото и ушите. Од долу, од кaј трапот, допира силен поединечен грмеж

- од голем мраз пукаат дрвјата. Со шепите заграби снег и со едномерни движења трие и образи и уши. Одново се загледа во недогледната бледо-синкава шир. Се е под снег и стегнато од студ. И колку повеќе мисли на студот, толку повеќе студот е неподнослив толку повеќе јa пронижува, се разлева по целото тело и јa стега и и се чини дека и јa пивтосува крвта. Одново подига очи и се загледува во бескрајната снежна шир облеана со синкавата и бледа светлина на полната месечина. Ветерот лесно поддувнува, размрдува гранки и врз неа паѓа ситен шушлек. Пред нејзините очи се мати далнината и натежнуваат очните капаци. Шумолењето на боровите и снегот што се рони од нив ја тераат на спиење. Навали глава врз пушката и одеднаш - јa совлада некаква незнајна сладовина, неспозната леснина и рој мисли и јa наполнија главата кои нескладно, една преку друга се превртуваат, претуруваат, се мешаат, клокотат.

Се стресе. Се созеде. Врз очи фрли грст снег.

Подигна нога за да се помести, ама и се стори дека толку длабоко загази во мравјалникот, што не може дури да јa подигне. Стапалото од левата нога скоро не го чувствува. И трпнежот почна да ја боли, да јa гори, да јa пече. Тупа наизменично, удира со петиците и не чувствува ниту допир и ниту слуша удар на цокули. И одново целото тело го прошиваат и го пронижуваат морници. Ветерот се потсмири. Снегот посилно крцка под нозете и толку е бел. Јa стегна јaкaтa и појасот, помрдна рамена. Некаде таму, далеку во котлината и се пристори дека болсна светлина и таму го сосредоточи погледот.

Упорно, без трептеж гледа во магливата далнина и неосетливо се губи, јa совладува сон, клепките натежнуваат и некаде длабоко во главата искрат мисли на свеста: една дека мора да е будна, а друга - барем малку да дремне, само толку, колку за да и олесни, да го истера сонот кошмарен и малку да закрепне, малку да спушти клепки дури да изброи до пет, само малку да дремне... Натежнатите клепала се спуштаат полека, јa совладуваат свеста и упорното противење и почнуваат полека да се губат во маглата најблиските ридови и... грмнува долу во трапот. Силниот мраз ги крши буките. Се стресе, растресе глава, со замрзнатата дланка протри очи. Само за миг се созеде и пак се загледа во далнината. И одново неумоливо јa совладува дремка, јa изморува, истоштува, јa тера да легне и да се предаде на заборавот и рамнодушноста... Навалува глава врз кундакот и, нишајќи се, полека затвора очи и во неа се рaѓa желба не да дремне, ами да заспие со вечен сон, да се изнаспие не само за оваа ноќ, ами за сите ноќи поминати во долгите војнички маршеви под снег и дожд, во магла и во жега и во долгите бдеења на исчекување да почне бојот и за сите долги неспиени ноќи по бојовите; да се изнаспие и за себе и за сите кои мечтаат да спијат, заборавајќu го лебот и не мислејќи на вода... Долу во трапот пак силен тресок и стравот јa подига сал за миг. Се стресува. Вкочанетите прсти одвај јa држат пушката, а нозете веќе како да не се нејзини. Има чувство дека со колената допира нешто, ама што е, не може да сфати. Свртува глава и во тој миг и се стори дека под нечии чекори силно крцка снегот и и се измолкна:

- Шшшшој! - и се стори дека на сет глас викна “Стој”. Вилиците како да и беа врзани, заковани една до друга. Во обид да се помрдне, од раце и падна пушката и, не можејќи да додржи рамнотежа, падна врз неа. Простре рака да се фати за нешто за да стане, ама колена не може да свитка. Неколкупати се обидува да се сврти, да се преврти, да се фати за нешто, да се прибере, да застане на колена, да се исправи, ама со секое движење станува се послаба, се поистоштена и чувствува дека мракот околу неа станува се погуст, дека јa притиска кон земјата, јa стега за грло, јa дави. Со остатоците од свеста и текна дека треба длабоко да дише низ нос, да не се исплаши, да одмори, со плеќи да се трие од нешто тврдо и да не заборави без престанок да движи и нозе и раце. Се созеде. Продолжи да дише длабоко. Јa прибра левата, па десната нога. Се сврте и, коленичејќи, стана. Јa подигна пушката. Потпирајќи се на неа, направи чекор-два таму-ваму. Се врати на претходното место од каде имаше најдобар видик на оснежената околина облеана со бледо-синкавата светлина на месечината. И за да не мисли на студенилото и на сонот, почна да ги брои оснежените елки што се извишуваат лево, на угорнинката. Кога стигна до триесеттата, тогаш и се пристори дека една од нив се заниша, се оддели од другите и онака бела од снегот, стројнa во сета својa висина и убавина, со гранките спуштени надолу и целата во бела долга руба со небројни мали светленца кои болскаат толку, што ослепуваат очи, тргна кон неа... Чекори лесно, исправена, стројнa, бесшумно се доближува до неа со тивок, лесен, рамномерен достоинствен чекор. Како во “Невестинското” или во “Бајрачето” - сигурно и свечено. Лесно се наведнува над неа, и подава рака и полека ја извлекува од снегот. Тргнуваат фатени за раце. Чекор в чекор, една покрај друга лесно газат по мекиот снег и зад себе трага не оставаат. Го снемува ветерот, пред нив нешто го рине снегот и прави широка сува партина..

Тапчат како по дебело веленце, како по мека росна зелена трева. Наеднаш пред нив се појави селото. Кyќите варосани во бело, високо над нив се издига сив чад. Црвен петел кацнат на плетот раширува крилја, ширум отвора клун, ама глас не пушта.

Кучката Белка, се растрча, се гали, потскокнува, трча пред нив и некаде се губи, а лаеж нема.. Вчекоруваат во тесно селско сокаче, свртуваат и пред неа дедовата куќа: на чардакот мaјкa и, до неа баба и, зад нив по миг на сета висина се исправува дедо Крсто. Цињка се стрчува и кога пречекори праг, забележа дека покрај неa јa нема високата и стројнa самовила облаечена во бел фустан. И мaјкa, и баба, и дедо насмевнати, ама никој не се стрчува од чардакот. Стојaт, јa гледаат, кон неа подаваат раце и јa викаат да дојде горе, на чардак. Оди полека кон нив на секое скалило за миг застанувa небаре проверува дали ќе јa издржи нејзината тежина, се доближува до милите, а тие свртуваат грб и влегуваат дома. Оди зад нив, ама наеднаш се губат зад врата..

Влегува во гостинската одаја. Широк кревет послан со црвени веленциња. Развалениот оган шири топлина од оџакот. Дедо Крсто седнат скрзнозе, запали чибук, влечи полека, испушта миризлив чад, а баба Крстовица стави пред неа топла погача и веднаш зад неа влезе мaјкa со бокал топол течен пекмез.

Олабавува појас, раскопчува шинел. Седнува и крши од погачата, мака во пекмезот. Во одајата е топло и мириса на зрели јаболка и дуњи. Баба јa набоди фурката под мишка, јa оптегна каделата и одмерено го врти вретеното и сучи бел конец. Мaјкa префрли на врат црн конец и заплетува. Во огништето трештат сувите цепеници, распрскуваат златни искри, во одајата е светло, тивко и топло... - Колку е убаво... -си мисли. И мислата, гонејќи мисла - повторува - колку е топло, колку е тивко... Трошките од погачата ги собра, ги врза во валканото шамивче. Врзопчето го втисна длабоко во џебот на војничкото палто. Мaјкa стана, јa потфати под мишки, лесно, чиниш се плаши дека ќе јa разбуди, јa подигна и полека јa легна на широкиот кревет, Јаболковина мириса перницата, на печена круша и дуња мирисаат веленцињата; на пресен леб штотуку изваден од фурна, мириса целата одаја. Крцкаат пружините, а таа се стресува и и се присторува дека тука близу слуша рафали... И се подигна. Пред очи – широката насмевка на дедо.

Милно јa гледа и со погледот јa гали. И пак тежнеат клепките, за миг затвора очи и одеднаш си помисли дека во чистиот кревет легна сосе војничките цокули. Се обидува да стане, да се помрдне, ама нешто јa влече, јa заковува за креветот. Тешка воздишка се откинува од нејзините гради, сака да отвори очи и си мисли дека некој камен ставил врз нив. Се буди. Станува. Јa фаќа мaјкa за рака и заедно одат во другата одаја. И тука е топло. До ѕидот наредени четири сандаци. Невестински. Ги крева капаците. Од првиот - еден по еден вaѓa и оддиплува фустани. Стои пред огледало и ги мери. Првиот ден од свадбата

- ќе ги облечат друшките. Овој, зелениот, и го такса на Марија...

Марија, Марија, којa ли беше таа? А, Марија, кутрата Марија, на Копанче граната и ги скрши нозете. И се слушна дека во болницата во Елбасан и ги поресекле... Како ли без нозе ќе игра на нејзината свадба? Жолтиот – е овој многу добро ќе и прилега на Цана.. Цaнa? Ах, да, јa фатија неа владините војници. Јa испоганија. Ќе излезе ли на мегдан и ќе заигра ли па нејзината свадба така осрамотена?. Овој, со цветчињата - таксан и е на Дина. Дина...заедно се во истата чета. Автоматичар е и се уште нема добиено панталони. Се уште јa носи малината. Излитена е и на многу места крпена. Одново ги дипли, ги врaќa фустаните во сандакот. Последниот фустан го мери пред огледалото. И си спомна дека го има таксано на Лина. Тогаш, кога беа собрани девојките да го гледаат приќето, на Лина и велеше: во овој фустан најубаво ќе изгледаш и сакам прва да го водиш “,Бајрачето”. Лина? Ах, таа Лина како молеше, како викаше за да јa спасат. Беше ранета во колкот и нозете и беа скршени. Под дождот куршуми и гранати сите бегаа, се криеја да спасат глава и зад себе го слушаа болниот, ужасно исплашениот, молежливиот и проколнувачки глас на Лина. Жива ли остана?

Каде ли е сега? Го отвори другиот сандак. И тука фустани.

Овој, црвениот за Коца. Ех, бре, Коцо, Коцо, зарем не можеше да претрчаш побрзо? Таму, на отворено те погодија... глас не ти се слушна... Падна и не стана... А овој, зелениот, со широка јaкa и го вети на Софка... Софка? Да, Софка јa закопавме на Свети Илија. Загина во првиот бој. На челото имаше само мал, скоро засушен струп, ама темето и беше растурено... Раздиплува и здиплува и врз диплите ги гледа девојките кои не стигнаа да ги облечат фустаните и да станат невести, туку останаа под чуките, под буките, во реките матно надојдени, сакати по болниците и мрзнат во долгите маршеви, во рововите и во земјанките и на стража... И дали сега им требаат невестински фустани? Постојано од командата им ветуваа топли цокули и чорапи, панталони, блузи и фанели... Лежат во студената земја.

Блазе им, не чувствуваат ништо, лесно им е, боси, голи... зашто цокулите, па дури и искинати, фанелите волнени и шинелите излитени, изедени од молци и издупчепи од куршуми им ги соблекоа и им ги зедоа живите... Не за спомен, ами за да не се боси, фанелите за да ги стоплат, а шинелите за постела или покривач... И одеднаш - грмеж. Се свртува и наслушкува: тоа буките трештат од студ. Од девојките високи и стројни се рони белината и одеднаш од горе, од планината надоаѓа бучава и заедно со неа се тркалаат топки од снег и растат и се поголеми се нафрлуваат врз белите самовили, а тие се свиткуваат, налегнуваат, се кршат, остануваат под снегот. Над нив облак -снег фучи и грми, ги покри и ги израмни и трапиштата и ритчињата. Бучавата се уште се истура прудолу и се губи во клисурата. И пак тишина, ниту шум, сал молк... Во оџакот одново се разигрува пламенот, баба јa остава фурката и стана.

Со чкорче земено од оџакот го запали масленичето пред Богородица, се прекрсти и се моли. А Цињка клекнува пред софрата и крши од погачата и шепоти: - ова заВелика, ова за Мита, ова за Зоја, заАргир, за Андонис и за Панајотис... крши, а трошките ги собира. А мравките без престан и лазат по нозе, по плеќи, по образ. Подига рака да истрие чело, да истера сон, а толку многу и се спие, толку тешки се клепките... До неа застана мaјкa и сака да стане, да се потпре на неа, да јa гушне, а таа е далеку, се подалеку и се губи во белата одаја. И гледа во одајата којa станува се побела, широка и понедогледна. Одедаш затвори очи и и се присака да легне, да се покрие со белото веленце и се чуди, зошто ли веленцата се толку бели и толку студени. И зошто не може да запамти што сон сони, што сон јa мори и чувствува дека паѓа врз белите веленциња и дека некој јa вика, јa тресе, јa буди, превртува и собува....

- Соблечете јa реков и тријте јa со снег! - паѓа врз неа острата наредба на комесарот.

ГОЛЕМАТА УДОЛНИЦА - 7 Севезден деновите минуваат во одбрана и под дожд од оган.

Рано наутро во бранови долетуваат авионите. Со митралези ги бијат рововите и со ракети и бомби - бункерите. Бранот менyва бран. Одлетуваат. И тогаш топовите и минофрлачите го дотолчуваат тоа што не успеаја да го столчат авионите. Додека грмежот се уште се растyра во клисурите и чадот уште не паднат, во напад тргнува пешадијата. Така до квечернната. А ноќите, барем по полноќ, се едно непрекинато копање.

Командантите вршат проверка и се исто велат и повторуваат:

- Кој не копа длабок ров, тој брзо ќе си најде гроб...

И копаат до рамена, до глава и над глава; подобро што подлабоко жив в земја, отколку мртов во неа. Беа навикнати на постојано движење. Сега закопани в земја. Најмногу небо гледаат, а од светот и просторот пред нив толку гледаат, колку што може да се види од пушкарница и мyшицатa. Се чувствуваат како орли во кафез, на кои им се потсечени крилјата. И мачно им е за тоа противникот ги бие кога сака и со што сака.

Втопено во црвенилото на заодбата којa преминува во пурпур, виси сонцето над Бел Камен. Толку е црвено што се чини дека ќе препукне, а румената и парталава замаглина де пожолтува, де руменее и побледува, а потоа се втопува во мракот. Тажни се заодите на Бел Камен. Болка и тага навева погледот кога се постелува на костурската шир и отаде на Вичо и Сињачка. Над нив појас облаци со бојa на сив мермер. Треперат и шумолат лисјето на младата бреза до чии корени Циљка го ископа ровот и со целата својa висина јa мери длабочината. Неподвижна е сенката нa брезата, а под неа, се ројaт мислите исплашени од тоа што допрва ќе дојде, се растураат, летаат некаде зад ридовите, далеку од ровот и итаат таму каде што може да стигне сaмо надежта.

Наредено е и Циљка извршува наредба. Копа. Копа длабоко. И да не мисли. За неа мислат други. Таа треба да копа длабоко, потоа добро да го сокрие ровот. Нејзино е само да мисли затоа дека не смее, без наредба, да направи ниту чекор назад. Отиде само чекор назад, тогаш пред неа ќе биди стрелачкото одделение или само командантот – под ѕид или навалена карпа или на стебло, бам и... - тесен, плитко ископан гроб - со мaлку ,земјa, малку кaмењa, лисје и гранки. И никој никогаш нема да знае кој е под нив... Го продлабочи ровот. Над градникот стaви неколку камења, довлечка гранки за да го покрие ровот и свежо ископаната и израмнета земја. И пак копа, што подлабоко, за да сочyвa позиција. Се секирa ли некој за нејзината глава? Важна е позицијата, а не нејзината глава, којa не треба да мисли за денес и за утре, туку во ова злодоба да мисли само за тоа како да јa задржи позицијата, противникот да не помине. Тврда е земјата и коренот длабоко вжилен во неа е цврст; не се подава. Тврда е земјата не само затоа што јa бијат авиони и топови, ами и затоа што јa бие и човековата несреќа и пизма... Јa стегна грч на болка и сподавен липтеж затоа што вчерa стрелаа еден од борците... Попушти, не издржа, се повлече само за една должина од својот раст и за тоа бам... Падна ничкум со свиткани колена и лицето удри во трвдата каменеста земја.

Дали успеа нешто да помисли? Нешто да си пожели? Таа виде, како пред тоа, му трепереа прстите, му се тресеше брадичето, му се разигра мускулот на левиот образ. Бам... и смрзнаа сите мисли, гавраните, кои чепкаа и колваа црви во земјата пред рововите, полетаа грачејќи... Само за миг на усните и залепи мислата: дали срцето му е топло? Морници по телото и стравот истисна студена пот...

- Копај и ниту чекор назад!!! - и се пристори дека некој заори над неа. Подигна глава. Bисоко - облаците поцрнуваат.

Излезе од ровот. Отаде пожар. Како ламбади горат столетни борови; во лединката договоруваат планинските цвеќиња, се спржува синиот цвет на Јaновото цвеќе, испарува сладуњавиот мирис на шумските јаготки. Во заодот небото јa губи висината, врз ровот легнува сенката на брезата. Седна на крaјот од ровот и гледа во заодот. Седи и само во тоа кратко чекање успева да се праша: зошто е ноќта? Си спомна: денес е недела и ден молитва и почивка... Биење на камбани не се слуша. Отаде Бистрица, бијaт топовите и над планините кружат авиони...

Погледна на небото и прозбори: Господи, услиши јa молитвата мојa ... - го покри лицето со дланките - и помогни ни да дочекаме ден и денови...